Новости Archives - Page 2 of 15 - Europe House

„RAVEL: Unravel” музички перформанс на Herzel – современа интерпретација на музиката на Морис Равел во Струга

Што се случува кога музиката на Морис Равел ќе биде интерпретирана од перспектива на артист кој работи во областа на современата електронска музика?

Токму такво доживување ни понуди Александар Гроздановски – Herzel кој во Паркот на поезијата во Струга, го претстави „RAVEL: Unravel“, несекојдневен музички перформанс што ја смести музиката на еден од највлијателните композитори на 20 век во современ контекст.

Музиката на Равел повеќе од еден век ги надминува границите на класичната музика. Неговите композиции се препознатливи по прецизноста, богатата звучна палета и смелите идеи што и денес инспирираат музичари од различни жанрови ширум светот. Токму овие карактеристики беа појдовна точка за новото читање на неговото дело.

„RAVEL: Unravel“ не беше ниту класичен концерт, ниту електронски сет. Поврзувајќи ја композицијата на Равел со современата електронска продукција, Herzel создаде ново звучно искуство, отворајќи нов простор за слушање и доживување на Равел.

 

Настанот се реализираше во соработка со Drim Short Film Festival, а беше поддржан од Францускиот институт Скопје, Аgence Consulaire Bitola и почесната конзулка Калиопа Стилиновиќ, и Alliance Française de Bitola.

Перформансот беше дел од заедничката заложба француското културно наследство да се претстави пред нова публика преку современи уметнички форми – овозможувајќи музиката на Равел, создадена пред повеќе од еден век, повторно да прозвучи од една поинаква и свежа перспектива.

Од стара маица до нова приказна: Wear Your Art ги спои креативноста и одржливоста

Што ако старата маица стане платно за нова приказна?

Токму тоа беше водечката идеја зад креативната поп-ап работилница Wear Your Art – Носи ја својата уметност, која Europe House Strumica ја организираше во соработка со Гнездо од Кочани, Томислав и Симон. На работилницата, старите маици добија сосема нов живот – наместо да завршат како отпад, ги претворивме во уникатни парчиња облека.

Со помош на текстилни бои и специјално подготвени шаблони, учесниците создаваа свои дизајни инспирирани од некои од најзагрозените животински видови во нашата држава и на Балканот – балканскиот рис, белоглавиот мршојадец, кадравиот пеликан, речната видра, кафеавата мечка и балканската дивокоза.

Секој отпечаток беше повеќе од уметност – беше потсетник дека креативноста може да биде моќен начин да зборуваме за одржливоста и заштитата на природата, но и да ги претвориме во практика.

А потребата за вакви идеи е голема. Во светски рамки, секоја година околу 92 милиони тони текстилен отпад завршува во депонија. Голем дел од облеката што ја фрламе може повторно да добие живот – како ново парче, со нова намена или нова приказна.

Wear Your Art покажа дека одржливоста не мора да биде само сериозна тема за разговор. Таа може да биде креативна, забавна и лична – нешто што започнува со лична одлука и носи наш личен печат.

„Сликај и поврзи се“ – една композиција, различни уметнички интерпретации

Што се случува кога една иста композиција ќе ја погледнат различни очи? – Се појавуваат различни приказни, со различни бои, перспективи и уметнички израз.

Меѓу боите, формите и разговорите, Europe House Bitola создаде простор за дружење, слободно изразување и откривање на сопствениот креативен поглед преку работилницата „Сликај и поврзи се“ (Paint and Connect).

Учесниците имаа можност да истражуваат различни начини на визуелно изразување, да експериментираат со стилови и техники и, пред сè, да уживаат во пријатна и опуштена атмосфера.

Посебниот предизвик на работилницата беше да се тргне од една заедничка композиција поставена во просторот, која секој учесник ја преточи на платно на свој начин. Инспирирани од кубизмот, експресионизмот, поп-артот, надреализмот и апстракцијата, учесниците создадоа различни интерпретации на истата сцена – секоја со свој стил, перспектива и личен печат.

Различни стилови и погледи – една заедничка композиција.

А можеби токму тоа беше и најубавата порака на работилницата: дека понекогаш не е потребно да ја промениме сликата пред нас. Доволно е само да погледнеме од друг агол.

From Peaks to Paws – од стари алпинистички јажиња до нови поводници за кучиња

Понекогаш, од нешто старо и дотраено може да создадеме нешто корисно, убаво и со нова приказна.

Токму тоа го покажавме на креативната upcycling работилница „From Peaks to Paws“ (Од планинските врвови до шепите) која Europe House Skopje ја организираше на Средно Водно, во соработка со Алпинистички клуб Скопје и ЈП Лајка – Скопје.

Секое алпинистичко јаже има свој животен век. Кога повеќе не е безбедно за користење при качување, најчесто станува отпад. Но, неговата приказна не мора да заврши тука.

На работилницата, јажињата што ја завршија својата мисија на карпите добија нова намена – како цврсти и шарени поводници за кучињата згрижени во ЈП Лајка.

Преку креативна работа и практични вештини, учесниците покажаа дека циркуларната економија не мора да остане само идеја или концепт. Таа може да започне со нешто што веќе го имаме, малку креативност и желба да му дадеме нова вредност на нешто што инаку би завршило како отпад.

А најубавиот дел од приказната дојде на крајот – учесниците изработија вкупно 53 поводници, а кучињата од Лајка имаа можност лично да си го одберат својот нов поводник.

Со секое изработено парче придонесовме кон намалување на отпадот, претворивме стар материјал во нешто корисно, и овозможивме подобра грижа за згрижените животни.

Благодарност до сите што кроеја, плетеа, учеа, донираа и споделија дел од своето време и знаење.

Затоа што циркуларната економија може да започне и со мали промени. Во случајов – со неколку стари јажиња и идеја да им дадеме нов живот и нова намена.

Canvas Conversations: една поинаква летна вечер во Велес исполнета со уметност, инспирација и добро вино

По втор пат во Europe House Veles ги споивме платното, боите, локалното вино и доброто друштво во една поинаква летна вечер, исполнета со креативност, разговори и нови искуства.

На Canvas Conversations Vol. 2, секој учесник имаше простор да експериментира, да создава и да го пронајде својот израз, без разлика дали првпат држи четка во рака или веќе има искуство со сликање. Низ процесот на сликање ги водеше уметничката Елена Димова, која им помогна на учесниците своите идеи да ги претворат во сопствени уметнички дела.

Вечерта ја збогати и Old School Winery, мала семејна винарија од Велес, која ги претстави своите две нови вина и ја сподели приказната зад нивното создавање – уште еден начин локалните приказни да станат дел од нашите заеднички искуства.

Но, Canvas Conversations не беше само за сликање или дегустација. Беше вечер за дружење, споделување идеи и создавање нешто заедно. За моментите кога се опуштаме, пробуваме нешто ново и си дозволуваме да го изразиме својот креативен потенцијал.

Затоа што креативноста не е резервирана само за уметниците. Таа е за секој што е подготвен да проба, да создава и да ужива во процесот.

Canvas Conversations ни покажа дека понекогаш најубавите приказни започнуваат со празно платно, чаша вино и добро друштво.

 

Кога модата раскажува историја: традицијата и идентитетот на Полошкиот регион

Што може да ни каже модата за историјата, традицијата и идентитетот на еден регион? Одговорите ги откривме преку изложбата „Историјата на полошката мода“, поставена во Europe House Tetovo.

Преку автентични приказни и модни елементи од различни историски периоди, изложбата ја следи еволуцијата на модата во Полошкиот регион и покажува како облеката и традиционалните елементи стануваат дел од културниот идентитет и наследство.

Зад изложбата стои младиот Арѓенд Османи, чија посветена работа придонесува кон истражување, зачувување и промоција на културното наследство на Полошкиот Регион. Неговата иницијатива покажува дека младите имаат важна улога во откривањето на локалните приказни и нивното доближување до новите генерации.

„Историјата на полошката мода“ нè потсети дека секој традиционален елемент носи своја приказна – за времето, луѓето и местото од кое потекнува.

Магија на Црн Дрим: Пловен мини концерт ги обедини музиката и заедницата

Црн Дрим во Струга стана сцена за едно поинакво музичко доживување. Во рамки на иницијативата „Пловен концерт – На Дрим“, локални музичари од различни етнички заедници одржаа 40-минутен концерт од пловни објекти, претворајќи ја реката во уникатен простор за културен настан.

Иницијативата, чиј идеен творец е Коста Костоски, има за цел да создаде нова платформа за промоција на локалните музичари, истовремено поттикнувајќи креативна соработка, интеркултурно поврзување и поинакво доживување на јавниот простор. Концертот се одвиваше во периодот од зајдисонце до вечерните часови, создавајќи препознатлива атмосфера што привлече голем број посетители долж бреговите на Црн Дрим.

Настапија Коста Костоски, Андреј Нически, Артан Жута, Бојан Крстиновски, Алмир Бајрамоски, Давид Поповски, Александра, Менда Шеи, Владимир Мојсовски и Томислав Нестороски.Како поддржувач на локални иницијативи што ги поврзуваат културата, заедницата и јавниот простор, Europe House Struga беше организатор на овој настан, кој понуди нов начин за доживување на музиката и дополнително ја збогати летната културна понуда во градот.

Во реализацијата на концертот значајна улога имаше Спортскиот клуб Solaris, кој ја обезбеди целокупната логистика на вода, додека поддршката од Општина Струга и АД ЕСМ – Подружница ХЕЦ „Црн Дрим“ овозможи реката да стане сцена за едно автентично музичко искуство.

Пловниот концерт на Дрим претставува пример како природното наследство, локалната креативност и меѓусебната соработка можат да создадат културен настан што истовремено ја афирмира локалната музичка сцена, го збогатува туристичкото искуство во Струга и ја промовира реката Црн Дрим како простор за современи културни содржини.

Грижата за пчелите е грижа за природата – учиме за одржливо пчеларство и заштита на биодиверзитетот

Еден ден исполнет со нови знаења, практични искуства и инспирација за тоа како сите можеме да придонесеме за заштита на пчелите и биодиверзитетот.

Во рамки на работилницата организирана од Europe House Strumica, jа посетивме пчеларската фарма и апи-тераписки центар Алчинов во регионот на Гевгелија, каде што се запознавме со традицијата на пчеларството и важноста на пчелите за природата и одржливоста.

Одблизу ги запознавме пчелните семејства, научивме како пчеларите се грижат за кошниците и зошто пчелите се клучни за зачувување на биодиверзитетот.

Ја посетивме и апи-комората, каде што го почувствувавме светот на пчелите, вдишувавме природен воздух од кошниците и се запознавме со различни пчелни производи.

И најважно, научивме дека грижата за пчелите е грижа за природата и за нашата одржлива иднина.

Пчелите се едни од најважните чувари на природната рамнотежа. Тие го овозможуваат опрашувањето на голем дел од растенијата и придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот и храната што секојдневно ја имаме на нашите трпези.

Но, денес, тие се соочуваат со сè поголеми предизвици – климатските промени, губењето на природните живеалишта и прекумерната употреба на пестициди претставуваат сериозна закана за нивниот опстанок.

Затоа е важно да ги препознаеме и поддржиме луѓето кои секојдневно, преку одржливо пчеларство, работат на нивната заштита и зачувување на природната рамнотежа.

„ПРАЗНОТО СТОЛЧЕ“ ВО ТЕТОВО ЈА ОТВОРИ ДЕБАТАТА ЗА ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИКАТА

Како дел од националниот караван „Носи ја промената“ (Wear the Change), инициран од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на Европската Унија (Team Europe) и мрежата на Јуроп хаус, на вчера во Јуроп хаус Тетово се одржа панел-дискусијата „Празното столче: Жените во политиката“.

Настанот ја отвори темата за недоволната застапеност на жените на позициите на политичко одлучување и јазот помеѓу законските решенија и нивната примена во практиката. И покрај квотата од најмалку 40 проценти жени на изборните листи, во актуелната Влада има само три министерки, додека само четири од вкупно 81 општина се предводени од градоначалнички.

Во панелот, модериран од Андреа Угриноска, извршна директорка на „Тииит! Инк.“, учествуваа пратеничката Моника Зајкова, амбасадорката на Холандија, Н.Е. Озлем Џанел, и амбасадорката на Германија, Н.Е. Петра Дрекслер. Тие ги споделија своите лични и професионални искуства, како и европските практики за поголемо учество на жените во политичкиот живот.

Во дискусијата беше нагласено дека квотите сами по себе не се доволни доколку жените немаат реален пристап до раководни позиции и процесите на одлучување. Панелистките зборуваа и за значењето на поддршката од семејството, менторите и сојузниците, но и за потребата жените да веруваат во сопствената способност да предводат.

Настанот предизвика голем интерес кај локалната публика, а во интерактивната дискусија се вклучија студенти, млади луѓе и активисти. Главната порака беше дека празното столче не е резултат на недостаток на способни жени, туку на системи и општествени пречки кои сè уште не им овозможуваат еднаков пристап до политичката моќ.

Караванот „Носи ја промената“ продолжува низ повеќе градови во државата, отворајќи јавни разговори за родовата еднаквост, граѓанското учество и еднаквата застапеност во процесите на одлучување.

Subscribe To our newsletter!