Што ако старата маица стане платно за нова приказна?
Токму тоа беше водечката идеја зад креативната поп-ап работилница Wear Your Art – Носи ја својата уметност, која Europe House Strumica ја организираше во соработка со Гнездо од Кочани, Томислав и Симон. На работилницата, старите маици добија сосема нов живот – наместо да завршат како отпад, ги претворивме во уникатни парчиња облека.
Со помош на текстилни бои и специјално подготвени шаблони, учесниците создаваа свои дизајни инспирирани од некои од најзагрозените животински видови во нашата држава и на Балканот – балканскиот рис, белоглавиот мршојадец, кадравиот пеликан, речната видра, кафеавата мечка и балканската дивокоза.
Секој отпечаток беше повеќе од уметност – беше потсетник дека креативноста може да биде моќен начин да зборуваме за одржливоста и заштитата на природата, но и да ги претвориме во практика.
А потребата за вакви идеи е голема. Во светски рамки, секоја година околу 92 милиони тони текстилен отпад завршува во депонија. Голем дел од облеката што ја фрламе може повторно да добие живот – како ново парче, со нова намена или нова приказна.
Wear Your Art покажа дека одржливоста не мора да биде само сериозна тема за разговор. Таа може да биде креативна, забавна и лична – нешто што започнува со лична одлука и носи наш личен печат.







