Како да ги надминеме родовите бариери во науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) и да создадеме повеќе можности за девојките и жените во дигиталниот свет? Овие прашања беа во фокусот на панел-дискусијата „Кој ја кодира иднината? Девојките во СТЕМ“ – дел од кампањата и националниот караван „Носи ја промената“ (Wear the Change), иницирани од Europe House и Делегацијата на Европската Унија.
Дискусијата, одржана во кампусот на техничките факултети во Скопје, ги отвори прашањата за родовиот јаз, стереотипите и институционалните пречки, но и за потребата од еднаков пристап до образованието, професионалниот развој и лидерските позиции во технолошкиот сектор.
Иако жените сочинуваат околу 70% од дипломираните студенти во природните науки и математиката во Северна Македонија, а повеќе од половина од истражувачите се жени, нивното учество во технолошките професии останува значително помало. Околу 33% од дипломираните во областа на информатичко-комуникациските технологии се жени, а во ИТ-секторот тие сочинуваат помалку од една четвртина од работната сила. Недостигот од поддршка и видливи женски примери, како и чувството дека не припаѓаат во овие области, сè уште влијаат врз образовните и професионалните избори на девојките.
На панелот учествуваа амбасадорот на Шведска, Н.Е. Ола Сулстрем, Маријана Иловска Златановски, извршна директорка за дигитални иновации во Intertec.co и директорка за партнерства во Women in Tech North Macedonia, проф. д-р Ана Поцева Пановска од Фармацевтскиот факултет при УКИМ и проф. д-р Невенка Китева Роглева од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ. Дискусијата ја модерираше Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“ – Скопје.
Проф. д-р Ана Поцева Пановска, носителка на првиот патент на УКИМ во областа на медицинската хемија за хибридни молекули со потенцијал за третман на Алцхајмеровата болест, зборуваше за трансформацијата на фармацијата и зголеменото учество на жените во оваа област. „Денес, повеќе од 90% од студентите на нашиот факултет се девојки. Оваа промена покажува што се случува кога на жените ќе им се отворат можностите за образование и професионален развој”, посочи проф. д-р Поцева Пановска.
Маријана Иловска Златановски, како претставник на Women in Tech North Macedonia, се осврна на порастот на бројот на жени во технологијата и на предизвиците поврзани со нивното учество на лидерски позиции. Но, иако бројот на жени во технолошкиот сектор расте, сè уште е потребно да се отстранат бариерите што го ограничуваат нивното напредување и лидерско учество. „Се радувам што денес работиме на надминување на тие бариери и охрабрување на девојките да преземаат поголема иницијатива. Дефинитивно има прогрес, но има уште многу да се работи”, нагласи таа.
Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстрем, посочи дека напредокот на Шведска во СТЕМ е резултат на долгорочни инвестиции во образованието, истражувањето и иновациите.
„Успехот на Шведска во СТЕМ не се случи преку ноќ. Тој е резултат на генерациски инвестиции во образованието, истражувањето, иновациите и луѓето. Мојата порака до носителите на одлуки во Северна Македонија е да го направат истото: да инвестираат повеќе во образованието, во СТЕМ и, пред сè, во младите. Верувам дека иднината на оваа земја, на регионот и на светот во голема мера зависи од младата жена која денес има 20 години, која се прашува што следува и одлучува по кој пат ќе тргне”, истакна шведскиот амбасадор Сулстрем.
Од своја страна, проф. д-р Невенка Китева Роглева го сподели искуството од својата кариера во енергетиката, област во која традиционално доминираат мажите. Таа нагласи дека знаењето, интересот и квалитетното образование се поважни од родовите стереотипи, а поддршката од семејството и наставниците може да биде пресудна за девојките да се охрабрат да ги следат своите интереси во науката и технологијата.
Кога девојките и жените немаат еднакви можности да го развијат својот потенцијал, општеството губи таленти, идеи, можности за иновации и поефикасни решенија. Затоа, надминувањето на родовиот јаз во СТЕМ бара повеќе од разговори и дискусија – потребни се континуирана поддршка, видливи примери и еднакви можности за образование, напредување и лидерство.









































































