LCOY2026 Archives - Europe House

LCOY2026: Младите бараат поголемо учество во климатските одлуки

Младите не треба само да бидат консултирани, туку активно да учествуваат во креирањето на климатските политики и одлуките што ја засегаат нивната иднина! – Токму ова беше главната порака од дво-дневната Младинска климатска конференција – LCOY2026, која се одржа во Europe House Скопје.

Организирана од младинската организација Kolektiv Z, LCOY2026 обедини повеќе од 50 млади луѓе – студенти, активисти и млади лидери – заедно со експерти и претставници на институциите и граѓанскиот сектор, со заедничка цел: да се отворат повеќе можности за суштинско, континуирано и структурирано учество на младите во носењето одлуки за климатските политики.

Преку дискусии, предавања и размена на мислења со претставници на Делегацијата на Европската Унија, УНДП,УНИЦЕФ,Министерството за животна средина и просторно планирање и организацијата Еко-свест, учесниците разговараа за актуелните климатски предизвици и за потребата младите да бидат вклучени во креирањето на решенијата. Во фокусот беше и воспоставувањето механизми што ќе овозможат нивното учество да не остане само повремен придонес, туку да стане составен дел од процесите на одлучување.

Конференцијата резултираше со моќна младинска изјава во која се изразени решеноста, очекувањата и барањата на генерацијата што не сака нејзиниот глас да остане на маргините:

„Нашата иднина не е предмет на преговори. Нашата земја не е на продажба. Нашите гласови ќе продолжат да се организираат, да пружаат отпор и повторно да градат праведно општество што го заслужуваме ние и идните генерации.“

Веруваме дека активното учество на младите во креирањето на климатските политики е и повеќе од неопходно, затоа што новите генерации се тие кои ќе живеат со последиците од денешните одлуки. Нивните ставови, идеи и барања треба да се земат предвид и да бидат дел од решенијата за создавање поодржлива иднина.

LCOY (Local Conference of Youth) 2026 е дел од меѓународната мрежа на младински климатски конференции што се организираат во различни земји под покровителство на YOUNGO – официјалната младинска заедница на конституенти на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC). Овие конференции ги поврзуваат младите активисти и студентите со научните, државните и бизнис лидерите, овозможувајќи им да ги надградат своите знаења и капацитети и да подготват национални младински декларации. Нивните пораки и препораки потоа се внесуваат во пошироките меѓународни климатски процеси и преговори, како што е глобалната Конференција на ОН за климатски промени (COP).

Subscribe To our newsletter!