Europe House Tetovo Archives - Europe House

Од идеја до одржлив бизнис – 700 Accelerator Hub отвора нови можности за локалните стартапи

Како се создаваат можности за младите претприемачи и како добрите идеи се претвораат во одржливи бизниси? Во рамки на серијата „Истражување на локалните успешни приказни“ (EU Support – Local Change), организирана од Europe House Тетово, заедно со група средношколци го посетивме 700 Accelerator Hub, сместен во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (SEEU) во Тетово.

Отворен во декември 2024 година во рамки на SEEU TechPark, 700 Accelerator Hub е основан со поддршка на Европската Унија преку проектот „ЕУ за економски раст“ (EU4EG), кофинансиран од ЕУ и Владата на Германија. Тој претставува значаен простор за развој на стартапи, претприемништво и иновации во Полошкиот регион, нудејќи можности што ги поврзуваат локалните таленти со знаење, менторство и деловни контакти.

Hub-от е насочен кон поддршка на младите и жените претприемачи, како и на стартапи во рана фаза, особено оние што развиваат технолошки, дигитални и зелени решенија. Преку својата програма, тој нуди 12-неделна обука, менторска поддршка и можности за вмрежување, а стартапите имаат потенцијал да добијат и коинвестиции.

700 Accelerator Hub е средина во која идеите се разменуваат и надградуваат, се поттикнува соработката, а иновативните решенија добиваат поддршка за да прераснат во одржливи бизнис-приказни.

Во рамките на серијата EU Support – Local Change, Europe House Тетово заедно со младите од регионот ги истражува успешните локални иницијативи и конкретните резултати од европската поддршка насочена кон одржлив економски раст.

#EUSupportLocalChange

Истражување на можностите за студирање во ЕУ: од стипендии до студентски размени

Саемите за можности за студирање во ЕУ (Study Opportunities in the EU), организирани во Europe House Битола и Europe House Тетово, им овозможија на младите одблизу да ги истражат образовните програми во Европа, отворајќи им нови академски хоризонти и инспиративни разговори за иднината!

Овие еднодневни настани во рамки на Erasmus Days 2026, ги поврзаа идните студенти со претставници на амбасади и образовни институции, кои споделија практични информации за стипендии, студентски размени и програми за академска мобилност.

Europe House Битола: Твојата можност за студирање во Европа започнува тука!

Саемот во Europe House Битола ги обедини претставниците на амбасадите на Франција, Австрија, Германија, Грција и Бугарија, претставници на програмата Еразмус+ и локални академски институции. Покрај информациите за студиските програми и можностите за финансиска поддршка, младите имаа можност да слушнат и искуства од свои врсници кои веќе студирале во странство.

Разговорите им помогнаа на младите посетители директно да се запознаат со чекорите потребни за продолжување на образованието во некоја од европските земји. Но, академското знаење не е единствената придобивка. Студирањето во странство отвора простор за запознавање со нови култури, создавање пријателства, и стекнување вештини и искуства што остануваат за цел живот.

Europe House Тетово: Следните чекори кон европско академско искуство

Во Europe House Тетово, саемот ги доближи европските студиски програми до младите од Полошкиот регион. Претставници на амбасадите на Бугарија, Франција, Германија, Италија и Шведска, заедно со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, ја претставија широката палета можности што им се достапни на идните студенти од Северна Македонија.

Настанот ги охрабри младите да поставуваат прашања, да ги истражат можностите за стипендии и студентски размени, но и да размислат како студирањето во некоја од земјите на ЕУ може да влијае врз нивниот академски и личен развој.

Од академки амбиции до конкретни планови

Саемите за можности за студирање во ЕУ имаа за цел да ги поттикнат младите да размислуваат надвор од познатите граници, да поставуваат прашања и да истражат како студирањето во друга европска земја може да ја обликува нивната иднина. Преку вакви иницијативи, мрежата на Europe House придонесува младите информирано да ги направат следните чекори кон своите академски цели и да ги претворат амбициите во конкретни планови.

Понекогаш, патот до европски универзитет започнува со еден разговор што отвора сосема нов свет на можности.

 

Од органски отпад до обновлива енергија: Со поддршка од ЕУ до успешна локална приказна

Како органскиот отпад може да се претвори во ресурс, а одржливите практики да придонесат за заштита на животната средина и развој на локалната заедница?

Во рамки на серијата „Истражување на локалните успешни приказни“ (EU Support – Local Change), организирана од Europe House Тетово, со група студенти по бизнис-економија и прехранбена технологија ја посетивме фабриката Везе Шари во Требош, во Полошкиот регион. Имавме можност одблизу да го проследиме процесот на собирање, обработка и пакување свежи јајца, но особено нè привлече начинот на кој органскиот отпад се искористува за производство на обновлива енергија.

Во капацитетите на „Електро Шари“ функционира биогасна централа во која се произведуваат електрична и топлинска енергија. Во оваа прва биогасна електрана од ваков вид во земјава, реализирана со поддршка на Европската Унија, кокошкините нуспроизводи и биоотпадот се користат за производство на електрична енергија, со капацитет од 8 GWh годишно.

Остатокот од отпадот се користи за производство на органско ѓубриво. На тој начин, отпадот станува ресурс, а производството се поврзува со практики за поефикасно искористување на суровините и намалување на влијанието врз животната средина.

Ваквите примери покажуваат како иновативните решенија и инвестициите во одржливи технологии можат да придонесат за поодговорно управување со ресурсите и развој на циркуларната економија. Со тоа се создаваат конкретни придобивки за заедницата и се отвораат можности за позелен и поодржлив локален развој.

Преку серијата „Истражување на локалните успешни приказни“, Europe House Тетово им овозможува на студентите да се запознаат со локални бизнис проекти и иницијативи низ Полошкиот регион и да ги поврзат знаењата од студиите со практиката. Посетите откриваат конкретни примери за тоа како иновациите и одржливите решенија можат да поттикнат позитивни промени на локално ниво, вклучително и преку поддршката од Европската Унија.

Healing Hike – чекор поблиску до природата и наследството на Шар Планина

Ден на Шар Планина што беше многу повеќе од обично пешачење.

Од Сидолскиот камен, преку бачилата во Шипковица, па сè до Гури и Лопеве, Healing Hike (Планинарење за благосостојба) ни понуди можност да се оддалечиме од градскиот метеж, да забавиме и да се поврземе со природата, локалната заедница и богатото наследство на Шар Планина.

Пешачењето започна од Сидолскиот камен, а патеката продолжи кон бачилата во Шипковица. Таму, локалниот водич и професор Неџбедин Халити сподели приказни и интересни информации за историјата, традицијата и значењето на бачилата, како и за ботаничката градина.

Патот продолжи кон Каменот на Кравите, а секој чекор отвораше нов поглед кон планината и нејзиниот пејзаж.

Но, Healing Hike немаше за цел само да се помине патеката.  Вистинската цел беше поврзување – со природата, со локалните приказни и со луѓето околу нас. За моментите во кои ќе застанеме, ќе погледнеме наоколу и ќе го доживееме местото со сите негови слоеви – природни, културни и човечки.

Токму преку ваквите искуства ги градиме и негуваме вредностите што нè поврзуваат: заедништво, грижа за природата и почитување на културното наследство.

Затоа што понекогаш, за да се вратиме поблиску до себе, доволно е да направиме неколку чекори поблиску до природата.

Healing Hike беше организиран од Europe House Tetovo, UNSHMT и Планинарскиот клуб Тетова, со поддршка од Општина Тетово.

Кога модата раскажува историја: традицијата и идентитетот на Полошкиот регион

Што може да ни каже модата за историјата, традицијата и идентитетот на еден регион? Одговорите ги откривме преку изложбата „Историјата на полошката мода“, поставена во Europe House Tetovo.

Преку автентични приказни и модни елементи од различни историски периоди, изложбата ја следи еволуцијата на модата во Полошкиот регион и покажува како облеката и традиционалните елементи стануваат дел од културниот идентитет и наследство.

Зад изложбата стои младиот Арѓенд Османи, чија посветена работа придонесува кон истражување, зачувување и промоција на културното наследство на Полошкиот Регион. Неговата иницијатива покажува дека младите имаат важна улога во откривањето на локалните приказни и нивното доближување до новите генерации.

„Историјата на полошката мода“ нè потсети дека секој традиционален елемент носи своја приказна – за времето, луѓето и местото од кое потекнува.

Subscribe To our newsletter!