Europe House Bitola Archives - Europe House

Приказна за земјата, паметењето и заедништвото: филмот „Земјиште“ премиерно во Прилеп и Битола

Со поддршка од Europe House Bitola, а во соработка со Атриум, пред битолската и прилепската публика премиерно беше прикажан партиципативниот филм „Земјиште“, создаден преку колективен авторски процес. Премиерните проекции, одржани на Камената бина во Прилеп на 26 август и на малото плато пред Офицерскиот дом во Битола на 27 август, на присутните им понудија едно поинакво филмско доживување.

Филмот отвора размислувања за земјата – како концепт, симбол и простор надвор од јасно определено време – но и за човекот, како привремен дел од нејзиниот континуитет.

По проекциите следеа отворени и инспиративни разговори меѓу колективот што стои зад филмот и публиката. Се разговараше за идејните рамки од кои тргнал процесот на создавање, начинот на кој филмот бил сниман и приказните и одлуките што стојат зад она што го гледаме на екранот. Дискусијата ги отвори и прашањата што произлегуваат од самото филмско дело – од сцените и постапките на ликовите до начинот на кој визуелниот јазик ја гради приказната.

За филмот

Едно наследено, исцрпено парче земја ја носи тивката меморија на пет жени кои со години се враќаат за да копаат, да јадат и да си заминат, повторувајќи ритуал што одамна ја загубил смислата, но не и формата.

Рутината се урива кога една од нив го продава својот дел од имотот, верувајќи дека на тој начин се ослободува, а всушност тивко го поместува темелот врз кој се потпира нивното заедништво.

Авторски тим

Играат: Јасна Весиќ, Татјана Јовановска, Христина Србиноска, Софија Кутлешовска, Ана Тамбура

Асистенти на сет: Андреа Гроздановска и Михаил Спасевски

Режија и монтажа: Ивана Мирчевска
Сценарио: Калија Киселички
Камера: Исток Чаповски
Анимација: Ивана Мирчевска
Дизајн на звук: Марко Рикалоски
Продуцент: Дино Чупевски

Од грижата за себе до активното учество во заедницата: Меѓународниот ден на младите во Кривогаштани и Прилеп

Europe House Bitola го одбележа Меѓународниот ден на младите со две различни активности, на две различни локации, но со една заедничка цел – младите да се чувствуваат добро со себе, да бидат поврзани со другите и да знаат дека нивниот глас е важен.

Во соработка со Урбано гнездо, во Младинскиот центар – Кривогаштани се одржа работилницата за ментално здравје „Меѓу мислата и чувството“, водена од Марија Аџиоска Дунимаглоски, лиценциран психолог и основач на Психолошкиот центар „Раст и развој“. Работилницата отвори простор за разговор за внатрешниот свет на младите и понуди практични начини за постигнување посмирен ум, подобра регулација на емоциите и поздрав однос кон себе.

Од грижата за сопствената благосостојба до активното учество во заедницата – одбележувањето продолжи во Прилеп, каде што Europe House Bitola го поддржа локалниот Младински Совет Прилеп во реализацијата на формалниот и неформалниот дел од настанот.

Преку модерирана панел-дискусија, младите имаа можност да дознаат повеќе за локалните младински иницијативи, да разменат идеи и искуства и директно да се вклучат во разговорот за прашањата што ги засегаат.

По дискусијата, вечерта продолжи во поопуштено издание – со пинг-понг, дружење и DJ сет на Emily Nas.

Двете активности уште еднаш покажаа дека на младите им се потребни различни, но подеднакво важни можности – за разговор и саморефлексија, за дружење и забава, но и за активно учество и придонес во заедницата.

Затоа сме тука – да придонесеме кон заедница во која секој млад човек може да се чувствува поврзано, поддржано и слободно да го развива и остварува својот потенцијал.

„Сликај и поврзи се“ – една композиција, различни уметнички интерпретации

Што се случува кога една иста композиција ќе ја погледнат различни очи? – Се појавуваат различни приказни, со различни бои, перспективи и уметнички израз.

Меѓу боите, формите и разговорите, Europe House Bitola создаде простор за дружење, слободно изразување и откривање на сопствениот креативен поглед преку работилницата „Сликај и поврзи се“ (Paint and Connect).

Учесниците имаа можност да истражуваат различни начини на визуелно изразување, да експериментираат со стилови и техники и, пред сè, да уживаат во пријатна и опуштена атмосфера.

Посебниот предизвик на работилницата беше да се тргне од една заедничка композиција поставена во просторот, која секој учесник ја преточи на платно на свој начин. Инспирирани од кубизмот, експресионизмот, поп-артот, надреализмот и апстракцијата, учесниците создадоа различни интерпретации на истата сцена – секоја со свој стил, перспектива и личен печат.

Различни стилови и погледи – една заедничка композиција.

А можеби токму тоа беше и најубавата порака на работилницата: дека понекогаш не е потребно да ја промениме сликата пред нас. Доволно е само да погледнеме од друг агол.

Subscribe To our newsletter!