Europe House Strumica Archives - Europe House

„Жетва без нејзиното име” во Europe House Струмица: Разговор за руралните жени и нивниот невидлив труд

Над 38.000 жени во Северна Македонија се регистрирани како земјоделки, но многу од нив немаат еднаков пристап до финансиска сигурност, породилно отсуство, здравствено осигурување и социјална заштита. Овие предизвици беа во фокусот на вчерашната панел-дискусија „Жетва без нејзиното име: Руралните жени и невидливиот труд”, одржана во Europe House Струмица.

Настанот беше организиран како дел од кампањата „Носи ја промената” (Wear the Change), иницирана од Делегацијата на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ, обединети во #TeamEurope. Дискусијата отвори простор за разговор за системските и институционалните пречки, но и за предрасудите и нееднаквостите што го ограничуваат пристапот на жените во руралните средини до нивните права.

Жените земјоделки учествуваат во производството на храна и руралната економија, а истовремено најчесто се грижат и за домот. Сепак, нивниот труд и придонес често остануваат надвор од формалните економски и институционални рамки. Посебно загрижувачки е пристапот до имот и земјиште: во 2021 година, само 4,1% од жените во руралните области биле евидентирани како сопственички на имот, додека на национално ниво земја поседуваат само 12% од жените.

Разговорот ги опфати причините за овие нееднаквости, вклучувајќи ги практиките поврзани со наследувањето. Иако ќерките имаат законско право да наследуваат, често се откажуваат од својот дел во корист на браќата. На тоа влијаат долгогодишни традиции и очекувањето дека по бракот ќерката ќе „припадне на друго семејство”.

Во дискусијата учествуваа Вероника Јоана Чолка, заменик-шефица на мисијата на Амбасадата на Романија, Лејла Рајкова, застапничка за правата на руралните жени и локалното земјоделство, и Лилјана Јоновски, вонредна професорка на Факултетот во Кичево и експертка за вклучување на жените во јавниот живот, со фокус на руралните средини. Разговорот го модерираше Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“ – Скопје.

Панелистките ги разгледаа предизвиците со кои се соочуваат жените што живеат и работат во руралните средини, спроведувањето на законите и достапните механизми за поддршка. Беше отворена и перспективата на Романија, како земја со значително учество на работната сила во земјоделството, како и прашањето за улогата на Европската Унија во унапредувањето на правата на руралните жени.

Во разговорот беа опфатени и општествените и културните пречки што опстојуваат покрај законските рамки, како и начините на кои институциите и заедниците можат да придонесат за еднакви можности. По панелот, во прашања и одговори се вклучи и публиката.

Главната порака од дискусијата беше дека придонесот на жените земјоделки мора да биде препознаен и проследен со еднакви права и сигурност. Обезбедувањето пристап до имот, здравствено и социјално осигурување и права поврзани со работата претставуваат важен чекор кон поправедно и одржливо општество.

Преку караванот „Носи ја промената”, Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на ЕУ и мрежата на Europe House продолжуваат да отвораат јавни разговори за родовата еднаквост и правата на жените низ земјата.

„Засади надеж“: Инклузивна градина во Кочани, симбол на солидарноста и грижата едни за други

Во Кочани засадивме повеќе од цвеќиња. Создадовме нов простор за дружење, заедништво и грижа, во кој секое растение носи порака за прифаќање, еднаквост и почит.

Во рамки на иницијативата „Засади надеж“ (Planting Hope), Europe House Strumica, во партнерство со ЗОИ Кочани, ги обедини учениците од ОУ „Никола Карев“ и лицата со посебни потреби, членови на ЗОИ, во инклузивна еколошка работилница. Заедно засадивме цвеќиња и зеленило во училишниот двор, а саксиите ги украсивме со пораки за пријателство, надеж, еднаквост и меѓусебно почитување.

Така се роди Инклузивната градина – мало зелено катче кое ќе расте заедно со заедницата и ќе нè потсетува дека секој човек заслужува поддршка, еднакви можности и простор во кој може да се развива и да придонесува. Секое засадено растение стана симбол на солидарноста, заедничките вредности, љубовта.

„Засади надеж“ е дел од иницијативата Green Up, која поттикнува еколошка свест и поубави, позелени заедници преку мали, но значајни чекори. Зашто промените не почнуваат само со она што го засадуваме, туку и со начинот на кој се грижиме едни за други.

Три земји, една планина: „Балкан без граници“ повторно ги собра планинарите на Беласица

На Беласица, кај врвот Тумба (Тромеѓе), повторно се сретнаа љубителите на планината од Северна Македонија, Бугарија и Грција, во рамки на 26. издание на традиционалниот меѓународен планинарски собир „Балкан без граници“, во организација на Планинарското друштво „Ентузијаст“ од Струмица.

Како и секоја година, учесниците заедно се искачија до врвот Тумба, на 1.881 метар надморска височина – место каде што се среќаваат границите на трите соседни држави. Врвот со својата симболика потсетува дека природата и спортот можат да бидат простор за средба, размена и соработка, без оглед на границите.

Заедничкото искачување, дружењето и времето поминато во природа уште еднаш покажаа дека планините не нè разделуваат – тие нè поврзуваат.

Europe House Strumica со задоволство го поддржа настанот, кој повеќе од две децении го промовира планинарењето и пријателството, создава можности за нови средби и ги поврзува луѓето од регионот.

Од стара маица до нова приказна: Wear Your Art ги спои креативноста и одржливоста

Што ако старата маица стане платно за нова приказна?

Токму тоа беше водечката идеја зад креативната поп-ап работилница Wear Your Art – Носи ја својата уметност, која Europe House Strumica ја организираше во соработка со Гнездо од Кочани, Томислав и Симон. На работилницата, старите маици добија сосема нов живот – наместо да завршат како отпад, ги претворивме во уникатни парчиња облека.

Со помош на текстилни бои и специјално подготвени шаблони, учесниците создаваа свои дизајни инспирирани од некои од најзагрозените животински видови во нашата држава и на Балканот – балканскиот рис, белоглавиот мршојадец, кадравиот пеликан, речната видра, кафеавата мечка и балканската дивокоза.

Секој отпечаток беше повеќе од уметност – беше потсетник дека креативноста може да биде моќен начин да зборуваме за одржливоста и заштитата на природата, но и да ги претвориме во практика.

А потребата за вакви идеи е голема. Во светски рамки, секоја година околу 92 милиони тони текстилен отпад завршува во депонија. Голем дел од облеката што ја фрламе може повторно да добие живот – како ново парче, со нова намена или нова приказна.

Wear Your Art покажа дека одржливоста не мора да биде само сериозна тема за разговор. Таа може да биде креативна, забавна и лична – нешто што започнува со лична одлука и носи наш личен печат.

Грижата за пчелите е грижа за природата – учиме за одржливо пчеларство и заштита на биодиверзитетот

Еден ден исполнет со нови знаења, практични искуства и инспирација за тоа како сите можеме да придонесеме за заштита на пчелите и биодиверзитетот.

Во рамки на работилницата организирана од Europe House Strumica, jа посетивме пчеларската фарма и апи-тераписки центар Алчинов во регионот на Гевгелија, каде што се запознавме со традицијата на пчеларството и важноста на пчелите за природата и одржливоста.

Одблизу ги запознавме пчелните семејства, научивме како пчеларите се грижат за кошниците и зошто пчелите се клучни за зачувување на биодиверзитетот.

Ја посетивме и апи-комората, каде што го почувствувавме светот на пчелите, вдишувавме природен воздух од кошниците и се запознавме со различни пчелни производи.

И најважно, научивме дека грижата за пчелите е грижа за природата и за нашата одржлива иднина.

Пчелите се едни од најважните чувари на природната рамнотежа. Тие го овозможуваат опрашувањето на голем дел од растенијата и придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот и храната што секојдневно ја имаме на нашите трпези.

Но, денес, тие се соочуваат со сè поголеми предизвици – климатските промени, губењето на природните живеалишта и прекумерната употреба на пестициди претставуваат сериозна закана за нивниот опстанок.

Затоа е важно да ги препознаеме и поддржиме луѓето кои секојдневно, преку одржливо пчеларство, работат на нивната заштита и зачувување на природната рамнотежа.

,,Човек неусетно се троши” – изложба автопортрети на Тони Попов во Europe House Струмица

Во Europe House Струмица беше отворена изложбата  на автопортрети ,,Човек неусетно се троши” на уметникот Тони Попов.
Изложбата ја организира здружението за култура „Транзен“. Тони Попов е уметник што твори во повеќе медиуми. Повремено пишува сценарија за краток филм, раскази и поезија. Со сликарство професионално се занимава од 2011 година. Во јули 2020 година, во Охрид, Попов ја започна летната сликарска школа за деца „Пробај уметност“, а од минатата година е член на ДЛУБ.
Subscribe To our newsletter!