Како европската поддршка придонесува за развојот на локалните бизниси? Одговорот го побаравме во срцето на тиквешкиот вински регион, во Винаријата Дане Хермес (Dane Hermes Wine Estate) во Неготино, која ја посетивме заедно со учениците од ОСУ „Јовче Тесличков“ – Велес.
За време на оваа едукативна посета, организирана од Europe House Велес како дел од серијата Wine Discovery Challenge, сопственикот на винаријата, Дане Јованов, им го претстави на средношколците процесот на производство на вино и начинот на кој функционира една винарија.
Оваа семејна винарија е меѓу локалните бизниси што добиле директна поддршка преку ИПАРД програмата 2021–2027 „Европски можности за македонското земјоделство и руралниот развој“, која им овозможува на земјоделските производители и претпријатијата да инвестираат во модернизација, подобрување на производството и проширување на своите капацитети.
Посетата им даде можност на учениците одблизу да видат како функционира еден семеен бизнис и како европската поддршка може да придонесе за неговиот развој. Но, учењето не заврши тука.
Поделени во тимови, учениците добија предизвик да размислуваат како вистински претприемачи: да осмислат нов безалкохолен производ од грозје, со сопствен концепт, брендирање и стратегија за пласман на пазарот.
Резултатот беа три креативни идеи: пилинг за тело од грозје, гумени бонбони од грозје и чипс од грозје. Тие покажаа дека еден традиционален земјоделски производ може да добие нова вредност и примена кога ќе се спојат знаењето, креативноста и претприемачкиот дух.
Оваа посета покажа дека европската поддршка за локалниот развој не значи само модернизација на производството и нови инвестиции. Таа придонесува и за поврзување на образованието со реалниот бизнис-сектор, овозможувајќи им на младите да учат од искуството на локалните производители, да размислуваат претприемачки и да ги претвораат своите идеи во можни нови производи.












































