Irena Hristov, Author at Europe House - Page 2 of 4

Врсничкото насилство не се победува со молчење: Работилница за булинг во Europe House Велес

Како изгледа булингот од различни перспективи? И што се случува кога ќе ги смениме улогите и ќе се ставиме во позицијата на другиот?

По повод Светскиот ден на менталното здравје, средношколците во Europe House Велес преку интерактивната игра „Spectrum of Impact“ (Спектар на влијание) ги истражуваа различните улоги во ситуации на врсничко насилство.

Под водство на психолозите од Altera Kognicija, учениците од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес анализираа различни сценарија и разговараа за улогата на оној што врши насилство, за болката на оној што го трпи, но и за одговорноста на оние што набљудуваат.

„Она што ја направи оваа средба посебна беше енергијата на учениците, нивната отвореност, подготвеноста да размислуваат, да се стават во туѓа позиција и да согледаат дека зад секоја постапка стои човек, а зад секоја групна ситуација – односи, влијанија и избори“, истакна психологот Иле Махлијанов.

На младите учесници им поставивме едно прашање: „Што се крие зад булингот?“ Нивните кратки одговори потсетија дека булингот не е секогаш очигледен. Зад навидум безопасна шега, молчење или ситуација во која никој не реагира може да се крие туѓа болка што останува незабележана.

Работилницата потсети дека булингот не е проблем само на оној што го доживува, туку и предизвик за целата заедница. Молчењето на сведоците може да му овозможи на насилството да продолжи, додека еден глас на поддршка може да биде првиот чекор кон промена. Наместо да бидеме неми набљудувачи, можеме да избереме да го препознаеме насилството, да реагираме и да им дадеме поддршка на оние на кои им е потребна.

Серијата работилници ќе продолжи и во наредниот период, со вклучување различни групи ученици и организации. Преку нив, младите ќе добијат простор не само да разговараат за важни теми, туку и подобро да ги разберат туѓите чувства и перспективи, да поттикнат позитивна промена и да придонесат кон превенција на булингот.

Врсничкото насилство не се победува со молчење, туку со храброст, разбирање, емпатија и заедништво.

Еднакви на стартот, еднакви во спортот: Europe House и Women Power Cup на Скопскиот маратон

Спортот не е само простор за натпревар, туку и простор за еднакви можности, самодоверба и инклузивност.

Токму со таа идеја, Europe House ги здружи силите со Women Power Cup и се приклучи на 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон преку иницијативата „Носи ја промената“ (Wear the Change) – заедно со жените и девојките кои спортуваат, се натпреваруваат, инспирираат и постојано ги поместуваат своите граници.

Заедничкиот маратонски настап беше дел од активностите со кои Europe House ја одбележа Европската недела на спортот, која започна на 23 септември и донесе низа спортски активности и иницијативи низ целата земја, со порака дека спортот е за сите – без оглед на возраста, полот или способностите.

Повеќе од трка

За да се истрча маратон, потребни се издржливост, дисциплина и упорност. Но, спортувањето не започнува на стартната линија. Тоа е здрава навика, посветеност, рутина и личен избор спортот да стане дел од секојдневието.

Нашиот Europe House тим и спортистките од Women Power Cup од Кочани, со заедничкото учество на Скопскиот маратон, испратија силна порака за поголема инклузивност и родова еднаквост во спортот. Сакавме да охрабриме што повеќе девојки и жени да го откријат спортот како простор за личен развој, поврзување и нови достигнувања.

Women Power Cup ја донесе енергијата на женскиот спорт, движењето и женската сила – на теренот, но и во општеството. А преку „Носи ја промената“ – иницијатива на Делегацијата на Европската Унија и Europe House мрежата – се отвора простор за разговор, нови идеи и промена кон поголема родова еднаквост.

Преку спорт до еднаквост

На најголемиот спортски настан во земјата, во маратонската, полумаратонската и штафетната трка „ЕУ за спорт“, годинава учествуваа рекордни 15.050 натпреварувачи од 63 земји. Од натпреварувачите кои ја завршија маратонската трка, 77 беа жени, наспроти 518 мажи.

Овие бројки покажуваат дека пред жените во спортот сè уште стојат предизвици, но и дека секое учество придонесува кон поголема видливост и поголеми можности.

Зашто во маратонот, како и во секоја друга спортска дисциплина, секој чекор е важен. А промената се случува тогаш кога ќе одлучиме да продолжиме да чекориме напред.

Преку својата целогодишна иницијатива „Носи ја промената“ и учеството во Скопскиот маратон, Europe House уште еднаш порача: да бидеме активни, да ги поддржуваме жените во спортот и да создаваме простор во кој секој има можност да учествува, да се натпреварува и да напредува.

Вклучи се и ти. Направи чекор понатаму. Носи ја промената.

GEN Z SPEAKS: Како младите го менуваат современиот јазик во дигиталната ера

Јазикот постојано се менува, а секоја нова генерација внесува свои зборови, изрази и начини на комуникација. Од сленг и мемиња до гласовни пораки, кратенки и мешање јазици во една реченица – дали ова значи „пропаѓање“ на јазикот или е доказ дека тој е жива материја што постојано се развива?

Токму ова прашање беше во фокусот на GEN Z SPEAKS, студентска панел-дискусија што се одржа во Europe House Skopje во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на јазиците. Разговаравме за тоа како младите, под влијание на социјалните медиуми и дигиталната комуникација, го менуваат начинот на кој зборуваме, пишуваме и се поврзуваме.

Разговаравме за јазикот, онаков каков што навистина го користиме денес – жив, променлив и постојано под влијаније на новите генерации.

Под модераторство на д-р Анета Наумоска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, во дискусијата учествуваа четворица студенти, секој претставувајќи еден од четирите јазици: Лука Ѓошевски (англиски), Георгиј Вучикиќ (италијански), Ангела Наумовска (германски) и Магдалена Стојановска (француски). Разговорот се одвиваше на македонски јазик, со автентични примери од сите четири јазици.

Од изрази што потекнуваат од интернет-културата до зборови и фрази што од онлајн просторот преминуваат во секојдневниот говор, дискусијата покажа дека дигиталната комуникација не го менува само начинот на кој се изразуваме, туку и самите јазици што ги користиме.

Но, наместо новите јазични навики да ги гледаме како невнимание кон јазикот, можеме да ги разбереме и како израз на креативноста и потребата на младите да комуницираат на свој начин. Една од клучните пораки на GEN Z SPEAKS беше дека добрата комуникација не значи само познавање на правилата, туку и разбирање на контекстот – да знаеме кога да ги следиме, кога да го приспособиме стилот и кога свесно да отстапиме од нив.

Зашто јазикот не е статичен систем. Тој живее, се менува и се развива заедно со луѓето што го зборуваат.

„Вавилон – Нова генерација” 2026: Прогласени победниците на конкурсот за најдобар студентски превод

На Европскиот ден на јазиците, во Europe House Скопје, вчера беше доделена наградата „Вавилон – Нова генерација“ за најдобар студентски превод за 2026 година, во организација на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, во партнерство со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Свеченоста ги обедини младите преведувачи од новата генерација со истакнати претставници на книжевниот и академскиот свет, означувајќи го финалето на годинашниот конкурс, посветен на промовирањето на книжевниот превод и јазичната разновидност.

Дами и господа, најдобар млад преведувач за 2026 е…

Добитничка на првата награда е Ивана Јаковова, за преводот на расказот “Night in Tunisia“ („Ноќ во Тунис”) од Нил Џордан, од англиски на македонски јазик. Жирито, составено од етаблирани преведувачи, универзитетски професори и писатели, го оцени нејзиниот превод како особено успешен во поглед на јазичната прецизност и креативноста, со доследно зачувување на авторскиот израз и стил.

Наградата ѝ ја врачи амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, а опфаќа реализација на студиски престој за нејзино професионално усовршување во областа на преведувањето, како и објавување на победничкиот превод во Годишниот зборник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Ова признание претставува значаен чекор во нејзиниот преведувачки развој, но и можност и понатаму да ја истражува сложеноста на јазиците.

Покрај главната награда, жирито додели и две почесни признанија. Првото почесно признание ѝ припадна на Марија Нестороска за преводот на расказот „Lo scialle andaluso“ („Човекот со очила“) од Елза Моранте, од италијански на македонски јазик. Признанието ѝ го врачи проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Второто почесно признание го поделија Мартин Георгиев и Теодор Тасевски, за нивните преводи на расказот „Night in Tunisia“ („Ноќ во Тунис”) од Нил Џордан, од англиски на македонски јазик.

Студентска резиденција за книжевен превод во Струга

Како дел од конкурсот „Вавилон – Нова генерација“, и годинава се одржа студентска резиденција за книжевен превод, посветена на унапредување на преведувачките вештини, предводена од искусни ментори. Од 23 до 25 април, во Струга, учесниците работеа со Сања Михајловиќ Костадиновска, Ели Пујовска и Душко Крстевски, кои преку внимателно осмислена програма од работилници и менторски сесии им помогнаа да ги усовршат различните аспекти на преведувачкиот занает.

Резиденцијата им понуди на студентите можност за практична и професионална надградба надвор од универзитетските предавални, поттикнувајќи ги да истражуваат нови зборовни кованици, раскажувачки стилови и културни контексти. Покрај стекнувањето нови знаења и искуства, средбите создадоа простор и за нови пријателства и можности за идна соработка.

По завршувањето на резиденцијата, кандидатите добија задача да преведат расказ од еден од 24-те официјални јазици на Европската Унија, во рамки на својата јазична комбинација, кој сè уште не бил преведен на локалните јазици. Со своите завршени преводи, анонимно конкурираа за наградата за најдобар студентски превод.

Вавилон: Различни јазици, заеднички простор за книжевноста

Конкурсот и студентската резиденција „Вавилон – Нова генерација“ се засноваат на идејата за соработка, меѓукултурно поврзување и книжевна размена. Инспирирани од митот за Вавилонската кула, во кој јазичната разновидност се појавува истовремено како благослов и како пречка за разбирање, тие ја истакнуваат улогата на преведувањето како мост меѓу јазиците и културите.

Преку конкурсот, студентите имаат можност да преведуваат досега непреведени книжевни дела, и истовремено да придонесат кон зачувувањето и збогатувањето на јазичното наследство. На тој начин, „Вавилон“ ги поддржува младите преведувачи, го поттикнува квалитетот на книжевниот превод и отвора простор европската книжевност да допре до поширок круг читатели.

Новиот циклус на конкурсот „Вавилон – Нова генерација“ ќе биде отворен за пријавување во текот на раната пролет 2027 година, со што ќе продолжи поддршката за младите преведувачи и нивниот придонес кон поврзувањето на јазиците и културите.

Од органски отпад до обновлива енергија: Со поддршка од ЕУ до успешна локална приказна

Како органскиот отпад може да се претвори во ресурс, а одржливите практики да придонесат за заштита на животната средина и развој на локалната заедница?

Во рамки на серијата „Истражување на локалните успешни приказни“ (EU Support – Local Change), организирана од Europe House Тетово, со група студенти по бизнис-економија и прехранбена технологија ја посетивме фабриката Везе Шари во Требош, во Полошкиот регион. Имавме можност одблизу да го проследиме процесот на собирање, обработка и пакување свежи јајца, но особено нè привлече начинот на кој органскиот отпад се искористува за производство на обновлива енергија.

Во капацитетите на „Електро Шари“ функционира биогасна централа во која се произведуваат електрична и топлинска енергија. Во оваа прва биогасна електрана од ваков вид во земјава, реализирана со поддршка на Европската Унија, кокошкините нуспроизводи и биоотпадот се користат за производство на електрична енергија, со капацитет од 8 GWh годишно.

Остатокот од отпадот се користи за производство на органско ѓубриво. На тој начин, отпадот станува ресурс, а производството се поврзува со практики за поефикасно искористување на суровините и намалување на влијанието врз животната средина.

Ваквите примери покажуваат како иновативните решенија и инвестициите во одржливи технологии можат да придонесат за поодговорно управување со ресурсите и развој на циркуларната економија. Со тоа се создаваат конкретни придобивки за заедницата и се отвораат можности за позелен и поодржлив локален развој.

Преку серијата „Истражување на локалните успешни приказни“, Europe House Тетово им овозможува на студентите да се запознаат со локални бизнис проекти и иницијативи низ Полошкиот регион и да ги поврзат знаењата од студиите со практиката. Посетите откриваат конкретни примери за тоа како иновациите и одржливите решенија можат да поттикнат позитивни промени на локално ниво, вклучително и преку поддршката од Европската Унија.

Европска ноќ на истражувачи 2026: Од роботика до ботаника – науката ги отвори вратите за сите

Од роботика, вештачка интелигенција и обновливи извори на енергија до астрономија, ботаника и научни експерименти – Европската ноќ на истражувачите 2026 на 25 септември понуди повеќе од 85 интерактивни активности, претворајќи ги Скопје, Битола, Штип, Охрид и други градови во места за истражување, учење и откривање.

Европската ноќ на истражувачите е дел од европска иницијатива што ја приближува науката до јавноста, отворајќи можности за непосредни средби со истражувачите и запознавање со нивната работа. Годинава, преку работилници, научни демонстрации, изложби, јавни предавања, посети на лаборатории и интерактивни игри, посетителите имаа можност да поставуваат прашања, да експериментираат и да откриваат како научните истражувања влијаат врз секојдневниот живот.

Во поддршка на целата иницијатива се вклучи и мрежата на Europe House, која преку своите центри низ земјата отвори дополнителни можности младите и пошироката јавност да го откриваат светот на науката и да го доживеат на еден поинаков, интерактивен начин.

Настаните се реализираа во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, поддржан од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и акциите „Марија Склодовска-Кири“ (MSCA). Проектот го координира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), а во него се вклучени и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) и Македонското еколошко друштво (МЕД), заедно со други партнери.

Скопје: Од роботика и вештачка интелигенција до ботаника и астрономија

Во Скопје, факултетите на УКИМ ги отворија своите лаборатории и училници за посетителите, нудејќи им можност да ѕирнат во светот на современите истражувања.

На Техничкиот кампус, Машинскиот факултет ги претстави можностите на мехатрониката, индустриската роботика, автоматизацијата и производното инженерство. Преку работилници и демонстрации, посетителите се запознаа и со индустрискиот дизајн, моторните возила, инженерските материјали и технологиите на заварување. Изложбата Project Hub ги стави во фокус студентските проекти и креативните инженерски решенија, додека ЕУ катчето ја претстави европската поддршка за науката и иновациите во инженерството.

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја доближи науката за енергетиката и современите дигитални технологии до јавноста. Меѓу темите беа производството на електрична енергија од обновливи извори, технологиите Power-to-X, машинското учење и компјутерските архитектури. На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), пак, фокусот беше ставен на дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста, преку панел-дискусија и содржини посветени на истражувачките и иновациските проекти.

Љубопитните посетители можеа да ги истражуваат и природните науки. Природно-математичкиот факултет (ПМФ) овозможи посети на Ботаничката градина, Лабораторијата за креативна математика и Сеизмолошката опсерваторија, како и запознавање со геопросторните платформи Google Maps, Google Earth Pro и QGIS. Науката за податоците и нивната примена во деловниот свет беше претставена преку интерактивната работилница на Економскиот факултет, „Нарушувањата можат да бидат забавни – Откриј што кријат бројките со бизнис аналитика“.

Битола: науката низ времето, уметноста и ѕвезденото небо

Битола беше едно од средиштата на годинашното издание, со богата програма на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), во соработка со КОЛОРС. Активностите започнаа на 24 септември во Bliss Mall, каде што посетителите учествуваа во научен лов на богатство. Беа доделени и сертификати на околу 40 средношколци и нивните ментори за творбите на тема „Метаморфоза“, изработени во рамки на конкурсот „Корени и крилја“.

Централниот настан на 25 септември се одржа во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Посебно место во програмата имаше омажот за д-р Анастас Коцарев, македонски научник и пионер во радиологијата и онкологијата, познат и по соработката со Марија Кири. Потсетувањето на неговото научно наследство беше можност да се истакне значењето на истражувачите чии откритија го отвораат патот за новите генерации.

И Europe House Битола се приклучи кон програмата, поканувајќи ги посетителите да го откријат универзумот од поинаква перспектива. Преку набљудување со телескоп, учесниците имаа можност да дознаат како астрономите ги проучуваат небесните тела, прават прецизни мерења и откриваат далечни светови. Една средба со ѕвезденото небо беше доволна за да се поттикнат нови прашања и да се разбуди интересот за астрономијата.

 

Штип: отворени лаборатории и наука под ѕвездите

Во Штип, Универзитетот „Гоце Делчев“ ги отвори своите лаборатории за средношколците и сите заинтересирани граѓани. Посетителите имаа можност да се запознаат со истражувачката работа и преку презентациите на универзитетските професори да дознаат повеќе за различните научни области.

Програмата опфати и дебати и стручни предавања, а заврши со мултимедијалниот настан „Уметност и наука под ѕвездите“, одржан во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Спојот на науката и уметноста понуди поинаков начин на доживување на истражувањето, покажувајќи дека љубопитноста може да биде поттикната и преку креативноста.

Охрид: конференции, работилници, набљудувања и експерименти

Во Охрид, Европската ноќ на истражувачите се одбележа и преку научни конференции и интерактивни работилници. На 25 и 26 септември се одржаа конференциите на Друштвото на хемичарите и технолозите на Македонија, како и на Друштвото на физичарите на Македонија, со отворена постер-сесија, демонстрациски експерименти и интерактивни активности за учениците. Во Хидробиолошкиот завод, пак, работилницата „Живите организми и нивната животна средина“ им овозможи на учесниците преку лабораториски активности и набљудување под микроскоп да го истражуваат светот на водните живеалишта и да откријат како условите во водата влијаат врз живите организми и нивното приспособување кон околината.

Велес: кога науката станува истрага

Во Europe House Велес, науката ја претворивме во вистинска истрага. Три тима, три научни мистерии и една мисија: да откриеме што навистина се случило.

Во соработка со СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино, младите истражувачи анализираа докази, експериментираа со хемија, биологија и физика, ги поврзуваа трагите и чекор по чекор стигнаа до конечното решение.

Во оваа необична научна истрага, професорите имаа улога на ментори, водејќи ги младите истражувачи низ експериментите и поттикнувајќи ја нивната љубопитност, тимска работа и желба за истражување.

Струмица: науката како игра и тимски предизвик

Кон Европската ноќ на истражувачите се приклучи и Europe House Струмица, организирајќи научно корзо заедно со основните и средните училишта од Струмица. Научните станици ги претставија средношколците и нивните ментори, кои преку експерименти им овозможија на посетителите одблиску да видат како научните принципи функционираат во практика.

За оние што сакаа дополнителен предизвик, следуваше Escape Room: „Лабораторијата на лудиот научник“. Младите научници, поделени во тимови, ги тестираа својата логика, брзина и способност за соработка, обидувајќи се да ги решат загатките и да излезат од лабораторијата.

Науката е за сите

Од првите чекори во светот на роботиката до набљудувањето на далечните ѕвезди, Европската ноќ на истражувачите покажа дека науката не поставува граници според возраста, знаењето или професијата. Таа е простор за прашања, експериментирање, размена на идеи и откривање на нешта што можеби досега ни изгледале недостижни.

Со бесплатни активности отворени за сите, Европската ноќ на истражувачите им понуди на учениците, родителите, наставниците, истражувачите и претприемачите можност да се сретнат со науката на непосреден и забавен начин. Истовремено, потсетувањето на научното наследство и претставувањето на современите истражувања испрати силна порака за значењето на науката во градењето на општеството.

Зашто науката не е само нешто што се учи од учебник – таа е нешто што се истражува, доживува и споделува. А секое ново откритие започнува со љубопитност и едно поставено прашање.

 

„Засади надеж“: Инклузивна градина во Кочани, симбол на солидарноста и грижата едни за други

Во Кочани засадивме повеќе од цвеќиња. Создадовме нов простор за дружење, заедништво и грижа, во кој секое растение носи порака за прифаќање, еднаквост и почит.

Во рамки на иницијативата „Засади надеж“ (Planting Hope), Europe House Strumica, во партнерство со ЗОИ Кочани, ги обедини учениците од ОУ „Никола Карев“ и лицата со посебни потреби, членови на ЗОИ, во инклузивна еколошка работилница. Заедно засадивме цвеќиња и зеленило во училишниот двор, а саксиите ги украсивме со пораки за пријателство, надеж, еднаквост и меѓусебно почитување.

Така се роди Инклузивната градина – мало зелено катче кое ќе расте заедно со заедницата и ќе нè потсетува дека секој човек заслужува поддршка, еднакви можности и простор во кој може да се развива и да придонесува. Секое засадено растение стана симбол на солидарноста, заедничките вредности, љубовта.

„Засади надеж“ е дел од иницијативата Green Up, која поттикнува еколошка свест и поубави, позелени заедници преку мали, но значајни чекори. Зашто промените не почнуваат само со она што го засадуваме, туку и со начинот на кој се грижиме едни за други.

„На слатко во Дворче“: од рецептите на бабите до рацете на младите – различни генерации, исти познати вкусови

Сливи, смокви, дуњи и семејни рецепти што се пренесуваат од генерација на генерација – слаткото е многу повеќе од вкус што нè потсетува на детството. Тоа е дел од нашата традиција и гостопримство, мал гест на внимание за гостинот што влегува во нашиот дом.

Токму оваа традиција ја оживеавме во познатото Дворче на Europe House Veles, каде што рецептите на бабите преминаа во рацете на младите. Заедно со учениците од СОУ „Коле Неделковски“ – Велес, подготвивме 100 теглички домашно слатко, потсетувајќи се дека најубавите рецепти не се пренесуваат само преку точни мерки, туку и преку заедничка подготовка, искуството на постарите и малите тајни што се учат помагајќи во кујната.

Но, секоја тегличка доби и своја приказна. Учениците од Економска насока при ОСУ „Јовче Тесличков“ ја презедоа креативната задача да осмислат оригинална етикета за слаткото. Од првичната идеја и изборот на визуелните елементи до финалниот дизајн, нивната креативност стана дел од секоја од 100-те теглички.

Со дегустација во друштво на најблиските и звуците на Hot Jazz Orchestra, Дворче се претвори во место за средба на различни генерации, вкусови и креативни идеи.

„На слатко во Дворче“ уште еднаш нè потсети дека традицијата не е само нешто што го наследуваме, туку и нешто што го создаваме и негуваме заедно. А најубаво се чува токму тогаш кога ја споделуваме.

 

Кафе со амбасадори во Струмица – дијалог за земјоделството, руралниот развој и европската иднина

Во Јуроп хаус Струмица вчера се одржа новото издание на „Кафе со амбасадори“, кој овој пат беше посветен на темата „Земјоделство и рурален развој“, со учество на амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, и амбасадорката на Кралството Холандија, Н.Е. Узлем Џанел.

Заедно со земјоделците, академските и претставниците од невладиниот сектор од регионот, настанот отвори дискусија за значењето на земјоделството во современите европски економии, искуствата на Германија и Холандија, како и можностите што европската интеграција ги носи за земјоделците и руралните средини во Северна Македонија.

Струмица, како еден од најзначајните земјоделски региони во земјата, е природно место за разговор за сектор кој не претставува само економска дејност, туку е и важен дел од локалниот идентитет, традицијата и секојдневниот живот.

Во рамки на дискусијата, посебно внимание беше посветено на Заедничката земјоделска политика на Европската Унија (CAP) и на нејзиното практично значење за земјоделците. Се разговараше за тоа како европските земјоделски политики влијаат врз производството, поддршката за земјоделците, стандардите за животна средина и развојот на руралните заедници, како и за тоа што вклучувањето во овој систем би значело за малите и средните земјоделски производители во Северна Македонија.

Амбасадорките ги споделија искуствата на Германија и Холандија во справувањето со еден од најголемите предизвици на современото земјоделство – како да се одржи висока продуктивност, а истовремено да се заштитат почвата, водата, биодиверзитетот и животната средина.

Разговорот ги опфати и предизвиците поврзани со одржливото земјоделство, климатските промени и потребата за приспособување кон новите услови, без притоа да се намали конкурентноста. Иновациите и иднината на земјоделството, исто така, зазедоа важно место во разговорот. Беа разгледани искуствата со прецизното земјоделство, стакленичките технологии, дигитализацијата, истражувањето и земјоделските задруги, како модели кои можат да придонесат кон поголема ефикасност и поодржливо производство.

Посебно внимание беше посветено и на потенцијалот на Струмичкиот регион, кој располага со плодна почва, силна традиција во градинарското производство и добра позиционираност кон регионалните пазари. Во разговорот беше истакната важноста овие предности да се надградат со повеќе знаење, технологии, соработка и пристап до европски можности за развој.

Преку искуствата на Германија и Холандија, учесниците имаа можност да слушнат како европските политики се применуваат во пракса, и какви можности, промени и одговорности  отвораат за земјоделците и руралните заедници. Настанот заврши со разговор за иднината на земјоделството во земјата, преку примена на иновации, одржливи практики, подобра организација и користење на европските инструменти за поддршка.

„Кафе со амбасадори“ е дел од активностите на Јуроп хаус, насочени кон отворање простор за дијалог за европските политики, искуства и вредности и нивното практично значење за граѓаните и локалните заедници низ Северна Македонија.

Subscribe To our newsletter!