Македонска каменица Archives - Europe House

Светски ден на детето: Минибаскет турнир со хумана димензија во Македонска Каменица

По повод Светскиот ден на детето, се дружевме во Македонска Каменица, каде што Europe House Велес и Europe House Струмица го поддржаа Минибаскет караванот – проект посветен на најмладите кошаркари, организиран во соработка со Кошаркарската федерација и локалните партнери.

Кошаркарскиот терен во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ се претвори во место исполнето со позитивна енергија и тимски дух, каде што се сретнаа млади кошаркарски тимови од целата земја.

Покрај возбудливите натпревари, подготвивме и посебно Europe House катче, каде што најмладите можеа да ги испробаат своите вештини преку мини спортски предизвици, слободни фрлања и други забавни активности.

Но, овојпат игравме и за една поголема цел – да споделиме радост и со оние на кои им е најпотребна. Во соработка со Црвен крст – Делчево, организиравме хуманитарна иницијатива во која ги поканивме децата доброволно да донираат зачувани играчки. Секоја играчка беше спакувана како подарок, со лична порака од детето што ја подарува. Овие мали подароци потоа беа донирани на деца од ранливи категории. На тој начин, најмладите покажаа дека кошарката не е само игра и натпреварување, туку и простор каде се развива емпатијата и чувството за заедништво.

Со оваа иницијатива сакавме кај младите спортисти да ги поттикнеме солидарноста, грижата и меѓусебната поддршка. Зашто секое дете заслужува детство исполнето со игра, радост, пријателства и можности. А понекогаш, најубавиот начин да ја споделиме таа радост е да подариме дел од сопствената.

Subscribe To our newsletter!