Blog Archives - Page 5 of 7 - Europe House

„Имам желба, имам проблем, сега треба да направам нешто“

Во навидум далечната 2016 година, еко-свесни граѓани на чело со Balkan River Defense се здружија со цел да ги заштитат балканските реки од непотребните хидроцентрали. Тие организираа симболична акција – 35 дневна тура со кајак низ 23 загрозени реки на Балканот, од Сава Бохињка во Словенија, до Вјоса во Албанија. Документарецот „Неоштетените“ ја следи еко турата од перспективата на Рок Розман – познат словенечки кајакар, поранешен олимпиец и човекот кој стои зад овој креативен еко протест. Негова е и идејата за филмот, а зад камерите се Миха Авгуштин, Рожле Брегар и Матиц Облак.

Балканот има најголем број слободни реки на континентот, поради што е познат и по симпатичниот надимак „синото срце на Европа.“ Но, како што Розман патува од држава во држава со својот кајак, поминувајќи разни бајковити пејсажи, така разговара со дел од локалните жители кои даваат подлабока и сирова перспектива за состојбата на природните реки. 50-минутниот документарец вади на површина една горка вистина – дека „европското сино срце“ се побавно чука. Алчноста и пасивноста на надлежните институции и непотребните хидроцентрали ги уништуваат овие диви реки, а со тоа го оштетуваат биодиверзитетот и животот на локалните населенија.  Храбро и без пардон, филмот го крши митот дека браните се добри за животната средина и освестува за загрижувачката бројка на планирани хидроцентрали на Балканот – проекти кои се нелегални и кои би биле строго забранети во земјите од каде доаѓаат нивните странски инвеститори.  

Снимајќи ги кајакарските авантури на Розман, „Неоштетените“ ги открива и скриените природни богатства на Балканот. Кинематографијата која изобилува со силни бои и забавени дронски снимки дава совршена можност да се види овој мистичен полуостров од поширок и пошарен агол. Но, контрастот меѓу кадрите од идиличните реки кои сè уште слободно течат и браните кои како цементни монструми го јадат пејсажот не може, а да не предизвика длабоко разочарување или гнев. А некако магично, и покрај сè, во документарецот преовладуваат оптимизам и добри вибрации. Ова најмногу се должи на позитивната енергија која ја носат активистите и на миксот од модерна и етно музика која преовладува во филмот.

Од друга страна, пак, фокусот врз дружбата може да го отргне гледачот од сржта на проблемот – заштита на дивите реки. Затоа како „маани“ на филмот би ги издвоила сувопарните интервјуа и недостатокот на темелно истражување. Обичните граѓанини и еколошки лаици би излегле многу позагрижени од киносалите доколку во документарецот се вклучат повеќе статистики и истражувања, како и посериозни интервјуа со жителите и релевантни експерти. 

Сепак, „Неоштетените“ има огромна историска и општествена важност за Балканот па, вреди да се погледне. Во него се дава уникатен приказ на еколошка ангажираност во време на длабока корупција и рамнодушност каде и покрај сè, активстите носат страст на лицата која инспирира. Пркоста и одлучноста на Розман, огласени преку мотото „Имам желба, имам проблем, сега треба да направам нешто“ се суштински за времето во кое живееме. Па, иако филмот не е врвно уметничко дело, тој е совршена лекција за храброст и креативна еколошка акција. 

Филипа Сара Попова, Гледај.мк

Како до еколошки и енергетски исплатливи фасадни реновации?

Вовед во фасадни реновации

Многу од зградите кај нас потекнуваат од минатиот век кога се градело брзо и евтино, како природните ресурси да се бесконечни, а бетонот да е вечен. Со првите пукнатини на нивните фасади дојдоа и првите сомнежи дека оваа прагматична архитектура можеби и не е толку трајна како што претходните генерации се надеваа.

Децении подоцна, во пикот на оваа еколошка и енергетска криза, веќе знаеме дека за да загрееме или оладиме еден неизолиран објект треба да потрошиме барем 20% повеќе енергија. Колку повеќе енергија трошиме, толку повеќе ја загадуваме планетата, но и толку повеќе растат нашите сметки.

Архитектурата треба се менуваат во тек со технологијата и развојот на општеството, па така зградите кои повеќе не се ефикасни треба или да ги срушиме или да ги поправиме.

За рушење на постоечките и градење на нови згради ни требаат многу повеќе пари, време, сурови ресурси и енергија. Дополнително процесот ќе ослободи толку многу јаглеродни емисии во воздухот што на новиот објект ќе му требаат децении да ја поврати штетата од неговото градење.

Реновацијата честопати е финансиски подостапна и позелена алтернатива, бидејќи прави големи заштеди преку рециклирање на елементите кои се уште се во добра состојба. Впрочем, ако сакаме да ја подобриме ефикасноста на една постоечка зграда потребно е да ја унапредиме само нејзината надворешна обвивка – фасадата, прозорците и кровот.

Соодветна термална изолација ги намалува потребите за греење дури до 70%, зависно од постоечката состојба на објектот и методор на реновација / извор: ЕУ директорат за Енергија; фото: www.isowall.co.za

Нивоа на фасадни интервенции

Минимална енергетска реновација подразбираа барем инсталација на прозорци со двојно стакло и термална изолација на постоечките ѕидови и кровови. Овој слој ја дефинира енергетската ефикасност на објектот – колку подебела и поквалитетна изолација, толку се поголеми придобивките.

Сепак и овие реновации  се сериозна финансиска инвестиција, но доколку гледаме на долгорочен план само со намалување на сметките за греење и струја обично успеваме да ги повратиме парите во период од 8 до 15 гoдини.  Со новите покачени цени за греење, веројатно би си ја вратиле инвестицијата уште побрзо.

Но, кога веќе ги подигнуваме скелињата и ги инвестираме парите најисплатливо е да направиме колку што е можно повеќе во еден залак.

Ова може да значи инвестирање во поквалитени и потрајни материјали, кои ќе гарантираат подолг живот на новата фасада. Исто така можеме да се фокусираме на алтернативи кои се базираат на природни ресурси и лесно можат да се рециклираат, или пак да инвестираме во зелен кров или зелени ѕидови кои истовремено и изолираат и го прочистуваат воздухот.

Процесот на фасадна реконструкција е одлична прилика за унапредување на постоечката архитектура или додавање екстензии, кои можат и да ни помогнат во финансирањето на самиот проект. Со подигнување на квалитетот на живеењето во овие згради се зголемува и нивната вредност на маркетот при продавање или издавање.

Интересен пример се и станбените згради каде има можност за додавање на плус катови. Сопствениците можат да изградат нови, екстра станови, а со нивната продажба да си ја повратат оригиналната инвестиција за фасадната реновација.

Фази на фасадна реновација

Фасадна реновација на објект во н. Пролет во Скопје / фото пред – google.com/maps; потоа: porta3.mk
  1. Анализа на постоечката состојба

Најпрвин правиме дијагноза на зградата. Дали таа има сериозни штети: пукнатини, знаци на влага, ’рѓа или присуство на азбест? Кои се можни решенија и колку се тие исплатливи? Кои материјали се достапни, колку се тие трајни и дали се штетни за околината?

Во оваа фаза експертот доаѓа на терен и ја проценува состојбата на постоечката градба, преку визуелна документација и одредени тестови
  1. Демонтажа и чистење

Во оваа фаза целата фасада се соголува и демонтира. Ова значи вадење на сѐ: олуци, огради и подови на тераси, прагови, цигли или малтер. Останува носечката структура која се мие со млазови и се проценува колку  таа е здрава и стабилна.

Демонтажа на фасада и крајниот резултат / фото: македонски блогови
  1. Структурални репарации

Доколку структурата е многу стара или не е квалитетно изведена таа ќе има штети на плочите од терасите, надвратниците, гредите, или ѕидовите, во форма на пукнатини, ронење или влага на бетонот.

Поправка на бетон и арматура е една посебно комплицирана процедура за која е потребно големо техничко знаење. Но, во секоја ситуација или буџет можат да се изведат одредени интервенции и подобрувања.

Поправка на бетон и арматура / фото: ceresit.sk
  1. Хидро и термо изолација + прозорци

Откако структурата е поправена, таа мора целосно да се изолира за да биде отпорна на топлина и влага.

Водата е најголемиот непријател на бетонот, доколку навлезе во неговата структура предизвикува ’рѓа и распаѓање, што во краен случај штети и на статиката на тој носечки елемент. Затоа целата конструкција мора да се обвије со водоотпорна мембрана како ЕПДМ, битумена или други хидроизолации.

Хидроизолацијата е особено важна на крововите и тераси, а најголемиот предизвик е изолирањето на ќошовите и спојките со ѕидовите /  фото лево битумена хидроизолација: podovi.org; десно хирдоизолација од течна гума: clcl.ru

Потоа се поставува термалната изолација како континуирана обвивка без многу прекини или топлотни мостови. Треба да ги покриеме цели ѕидови и цели кровови, а на отворите да поставиме двослојни стакла меѓу кои има посебни гасови кои спречуваат загревање или ладење.

Стиропорот е најчестиот избор за термална изолација поради ниската цена, но истовремено е и многу штетен за околина. Можеме да одбереме и материјали од природни ресурси како камена или стаклената волна кои не се траат повеќе и можат да се рециклираат / фото лево фасада со камена волна: koffkindom.ru ; десно фасада со стиропот: izdelavafasade.si

5. Зарвшен слој

Дури и при изборот на крајниот фасаден слој треба да размислуваме на одржливи, квалитетни и незапаливи материјали кои ќе ја гарантираат трајноста на целата градба. Тука имаме опција да бираме помеѓу малтер, дрво, метал, камен или различни композитни решенија.

Во ова фаза се изведуваат и сите останати фасадни елементи како огради, олуци, плочки на тераси и сл.

Овој завршен процес е многу важен бидејќи го дава крајниот естетски ефект на зградата, преку кој таа комуницира со урбаниот контекст и со своите корисници.

Реновирана фасада во Скопје / фото: www.porta3.mk

Автор: Ноеми Чаусидис, МАРХ

Дина Дума: За проблемите на младите треба отворено да се дискутира

Разговараше: Наташа Атанасова

За многумина од нас, кои сме родени во преддигиталната доба, не е баш јасно што значи да се биде млад во денешното дигитално општество. Освен ако немате тинејџер дома, можете само да си правите претпоставки. Минатата година, појавувањето на филмот „Сестри“ на сите ни даде можност да ѕирнеме во реалноста на младите денес, во која виртуелните случки можат да бидат прашање на живот или смрт.

Додека филмот деновиве освои уште една награда, за најдобар филм во категоријата од 11 до 19 години на Меѓународниот филмски јуниорски фестивал во Стокхолм, со Дина Дума разговаравме за прашањата што ги отвори и за она што како општество ни претстои за справувањето со проблемите со кои се соочуваат младите во нивните најранливи тинејџерски години.

Уште во 2017 година најавуваше дека го подготвуваш твојот прв долгометражен филм. Тежок ли беше патот до неговата реализација, имајќи предвид дека филмот е една од најскапите и најкомплексните уметности?

За да се создаде едно филмско дело најчесто е потребно околу пет години, посебно кога станува збор за дебитантски филм во земја каде што филмот и културата не се развиени. Од идеја до реализација и финален продукт патот е навистина непредвидлив. Сценариото за филмот го пишував од 2016 година, за кон крајот на 2019 година да се случи снимањето. Кога си дебитант не е едноставно да се стигне до буџет и најчесто филмовите на дебитантите во нашата земја се снимаат со ниски буџети. Но, од друга страна, во последните неколку години Агенцијата за филм поддржува дебитантски проекти, што не беше случај порано.

Во многу наврати кажуваш дека идејата за „Сестри“ ти е од вистински настан од твоите средношколски денови. Кога реши дека треба да ја ставиш на хартија и да ја преточиш во сценарио? Колку време траеше тој процес на пишување и допишување?

Уште кога дипломирав знаев дека мојот прв долгометражен игран филм ќе ја обработува токму оваа тема, инспирирана од вистински настани од моите средношколски денови. Кратко по дипломирањето почнав да го осмислувам филмот и приказната за филмот „Сестри“, а сценариото го развивав и пишував три години.

Какви подготовки му претходеа на снимањето на филмот, особено во поглед на дефинирањето на визуелниот јазик и работата со младите глумци кои не се глумци по професија?

За да се подготви еден филм за снимање потребни се околу девет месеци, некогаш и повеќе. За мене најважен беше кастингот како дел од процесот на подготовки, кој траеше околу 6 месеци. Беше важно да ги најдеме вистинските ликови кои ќе соодветствуваат на карактерите од филмот.

Откако кастингот заврши и девојките беа кастирани, започнавме со проби кои ми беа клучни во креирањето и финализирањето на приказната. Важно ми беше преку заеднички проби заедно со Миа и Антонија да ги најдеме и да ги креираме ликовите на Маја и Јана.  Уште додека го пишував сценариото знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап кој сметав дека му е потребен на филмот.

Во подготовките на филмот со кинематограферот Наум Доксевски се посветивме за да го пронајдеме визуелниот начин да ја раскажеме оваа приказна. За мене беше најважно камерата секогаш да го следи главниот лик и да ја долови емотивната состојба – камерата да ја следи актерската игра, а не обратно.

Откривањето на сексуалноста, желбата за припадност на група, бунтовноста, желбата за одење отаде границите и правењето опасни работи… „Сестри“ покажува како сите овие теми поврзани со тинејџерските години добиваат нова тежина и комплексност кога ќе се спојат со присуството на социјалните мрежи. Каде го гледаш безбедниот пат за сите генерации млади чиј живот денес може да се уништи со клик?

Новите генерации се родени со социјалните медиуми и за нив еден лајк може да значи сè и за да добијат еден „лајк“ или „фолоувер“ спремни се да отидат далеку. Тие се опседнати со тој свет, а ние постарите не обрнуваме доволно внимание на овој проблем, затоа што не сме ни свесни колку многу им значи и колку овој виртуелен свет е нивна реалност.

Драго ми е што „Сестри“ стана еден мост кој ги поврзува генерациите и ги отвара овие прашања, но за жал младите кај нас не се опремени со алатки и знаења за тоа како да се справат со врсничкото насилство и траумите кои остануваат. Дополнително, ни образовниот систем не е подготвен да се справи со овој проблем. Не само што не е подготвен, туку системот комплетно ја игнорира оваа ситуација и најчесто придонесува за друштвеното исклучување на жртвите на врсничкото насилство и „slut-shaming“.

Проблемот со врсничкото насилство е нешто што го има од градинка па сè до домовите за стари лица. Но во тинејџерските години кога децата како ларви излегуваат од своите кожурци за да се претворат во пеперутки, тоа знае да им ги исече крилјата, па и да ги убие. Како е можно за оваа опасност да не се разговара и да не се бараат системски решенија?

Иако филмот предизвика реакции и испровоцира дискусија, сепак мојот впечаток е дека не допре до надлежните институции. Или можеби и допре, но повторно се молчи. За жал образовните институции не преземаат ништо за да се справат со овој проблем.

„Табуто е начин на живот навлезен длабоко во македонскиот менталитет“ – велиш во едно интервју. Како да излеземе од оваа наша перверзна комфорна зона?

За оваа промена ќе биде потребно време, но мислам дека првиот чекор до овие промени е отворена дискусија за проблемите, наместо стигматизирање и осуда.

Твојот нов проект, филм со работен наслов „Skateboarding is not for girls“ влезе во програмата „Резиденс“ на Канскиот филмски фестивал. Според насловот, би рекла дека продолжуваш да истражуваш слични теми како во „Сестри“…

Точно е, сè уште не сум спремна да го напуштам раскажувачкиот свет на тинејџерите. Сметам дека има уште што да се каже и придонесе на оваа тема. Не смеам да откривам премногу детали, во мај ќе биде ексклузивно презентиран пред филмските професионалци на Канскиот филмски фестивал.

Можеш ли да наброиш неколку филмови кои ти биле инспирација и кои би им ги препорачала на родителите на тинејџери да ги гледаат заедно со своите деца?

„Kids“, „Water Lilies“, „Skate kitchen“, „Hearthstone“, „Fish Tank“, „Never Rarely Sometimes Always“.

По целиот успех на „Сестри“, размислуваш ли што би сакала да постигнеш во иднина? Можеби не како освојување на некоја нова (поголема) награда, туку како влијание, промена на општеството, нешто што знаеш дека е реално достижно?

Со моите филмови сакам да провоцирам, сакам да отворам прашања кои не се досега дискутирани во нашето општество и се стигматизирани. Сметам дека ние уметниците ја имаме оваа обврска, особено кога живееме во релативно младо општество како нашето.

Бизарна семејна драма + префинет физички хорор = „Титан“

Како би изгледало кога луѓето би се однесувале како деструктивни машини? Кои се границите на сексуалната наклонетост и постојат ли јасно дефинирани родови улоги? До каде би одел еден родител за да не го изгуби своето дете? Жулија Докурно на бизарен, но многу вешт начин ги истражува овие прашања во филмот „Титан“, добитникот на Златна палма за 2021 година. По успехот на нејзиното првенче „Сирово“ од 2016, режисерката уште еднаш докажа дека е мајсторка за префинет физички хорор со оваа крајно необична приказна, што ако паднела во погрешни раце, резултатот лесно би можел да биде катастрофален.

Чудноста се насетува уште во првите сцени кога по сообраќајна несреќа, малата Алексија се здобива со тешка повреда на главата. Оттогаш таа е осудена на живот со плочка од титан во черепот и видлива лузна над увото – потсетник дека е различна и дека никогаш нема да живее нормално. Возрасната Алексија (Агат Русел) работи како танчарка на јавни изложби на моторни возила, а од нејзините изведби јасно се гледа дека нејзината врска со автомобилите е посебна. Толку посебна што може да има сексуални односи со нив, па дури и да остане бремена. Протагонистката повеќе се однесува како машина отколку како девојка и таа е целосно отуѓена од човештвото, се однесува деструктивно и механички, што евентуално доведува до низа непотребни убиства. Сега веќе позната како опасен сериски убиец, „титанката“ нема друг избор освен целосно да си го смени родовиот идентитет и да се претстави како одамна изгубениот син на капетанот на противпожарна станица, Винсент (Винсент Лондон).

Оттука па натаму дејството се претвора во нетипична семејна драма. „Нетипична“ зашто е проткаена со вознемирувачки сцени на физички хорор кои прикажуваат истекување црн исцедок од телото, прикривање на бременоста и женственоста со насилно обвивање завои, обид за абортус со остра шнола и слично. Семејната драма, пак, се состои во односот помеѓу Винсент и Алексија, која за него е позната како Адриен. Капетанот е подготвен да замижи пред сите очигледни знаци дека  неговиот „син“ е нешто сосема трето, само за да не го изгуби своето дете повторно. Иако неговата посесивност ја гуши антихероината, сепак успева да разбуди некаква емоција кај неа, па така и таа во него го пронаоѓа она што не ни знаела дека ѝ недостига: татковска фигура. Но неизбежноста да се обелодени вистината постојано расте и ескалира со провокативен танц, брутална смрт и раѓање нова надеж.

За да ја раскаже оваа уникатна идеја, Докурно изгледа се водела според принципот „тимот што победува, не се менува“, па ја одбрала генерално истата екипа со која работела на „Сирово“. Впечатливата кинематографија, збогатена со интензивни бои и крупни кадри од тело во агонија или во еротски занес, повторно е дело на Рубен Импенс. И Џим Вилијамс е едно од имињата што се повторуваат, па може да се забележи веќе познатиот пристап кон музиката и нејзиното отсликување на внатрешната состојба на ликовите. Краток, но забележителен настап има и актерката Гаранс Марилиер, која публиката исто така ја запозна во претходното филмско остварување на режисерката како канибалистката Жустин.

Сите овие испробани елементи придонесуваат за успешноста на финалниот продукт, но она што му обезбедува висока позиција меѓу филмовите од овој жанр е блескавото деби на Агат Русел. Нејзината глума е цврста и уверлива и умешно ја доловува суровата трансформација низ која поминува протагонистката. Винсент Лондон, пак, успева да постигне одличен баланс меѓу грубата и грижливата страна на неговиот лик, што му овозможува да се поврзе со гледачите и да ги освои нивните симпатии. Оваа актерска комбинација функционира солидно, иако на прв поглед предизвикува доза сомнеж.

„Титан“ дефинитивно не е филм за сечиј вкус. Може да биде предмет на потсмев, чудење и восхит истовремено, а може и да ги разгневи закоравените обожаватели на Кроненберговата естетика. Во секој случај, несомнено заслужува десетка за оригиналноста и за обидот да ги прошири хоризонтите што ги опфаќа овој озлогласен хорор поджанр.

Марија Лукаревска, Гледај.мк

Брза vs. одржлива мода: Зошто ова е феминистичко прашање?

Модата и феминизмот треба да бидат дел од истиот разговор. Изборот на брза наспроти одржлива мода недвосмислено е феминистичко прашање, бидејќи тоа е избор меѓу систем кој главно се потпира на обезмоќување и искористување на текстилните работнички наспроти систем што овозможува и поттикнува промена кон поголем еколошки интегритет и социјално-економска правда.

Модата е индустрија која во голема мера е наменета за жените и истовремено жените се оние кои ја „хранат“. Затоа, не треба да изненадува фактот дека тие исто така сочинуваат голем дел од синџирот на снабдување. 80% од работниците во конфекциии се жени (до 90% во земјите каде што текстилната индустријата е најголем работодавец). Меѓутоа, неповрзаноста меѓу статистиката и реалноста на овие жени е прашање на етичност и еднаквост. Одржливата мода обезбедува позитивно влијание врз планетата, но исто така и врз жените вклучени во модната индустрија – ова е местото каде што станува феминистичко прашање. Бидејќи модата се користи како алатка за зајакнување на жените кои купуваат облека, време е да ги омоќи и жените кои ја произведуваат таа облека.

Етичката, одржлива мода е едно решение за многуте феминистички прашања во текстилната индустрија. Како што повеќе потрошувачи добиваат увид во животите на текстилните работнички, се овозможува да се гледа на брзата мода како на нешто „за еднократна употреба“ и да се променат навиките кон поодржлива алтернатива. Етичките модни брендови ги поддржуваат и акцентираат луѓето во синџирот на снабдување, а не профитот.

Цената на брзата мода

Брзата мода следи три прилично атрактивни нишки – голема брзина, разновидност и ниска цена. Сепак, она што повеќето луѓе не го сфаќаат е дека негативните последици на овој систем во голема мера ги сносат женските работници во текстилните фабрики. Овие работнички, особено во земјите во развој, се платени по произведено парче, добиваат многу ниски плати и не добиваат надомест за прекувремена работа, боледување или породилно отсуство. Сепак, жените сè уште избираат да работат во конфекции и текстилната индустрија, бидејќи тоа е побезбедна и попочитувана опција за оние кои немаат голем избор. Недостатокот на опции за сиромашните и необразованите, заедно со потребата да се заработи за живот е несреќна комбинација на причини зошто жените продолжуваат да се мачат по 100 часа или повеќе неделно. Способноста на овие жени да заработат приход и да бидат финансиски независни е огромен социјален стабилизатор. Сепак, практично е невозможно кога работничките во Бангладеш заработуваат приближно 63 американски долари месечно, што е далеку од доволно за да ги покријат нивните основни потреби.

За жал, секојдневната реалност на жените кои работат во фабриките за брза мода во сиромашните земји вклучува и лоши работни услови, сексуално вознемирување и физичко малтретирање.

Итна потреба од транспарентност

Статистиката докажува дека жените во трудоинтензивните индустрии, како што е текстилната, заработуваат значително помалку од мажите. 80% од работниците во фабриките за облека во земјите во развој се жени, а сопствениците на фабрики ја користат нееднаквата положба на жените во општеството со тоа што им плаќаат помалку со мала можност за унапредување, иако нивните способности раскажуваат поинаква приказна.

Големите модни брендови веруваат дека создаваат работни места и ја зајакнуваат економијата на земјите во развој преку аутсорсинг на нивното производство на облека. Иако е делумно точно, ниските конкурентни минимални плати во овие земји повеќе им користат на модните конгломерати отколку што им помагаат на нивните економии за возврат. Многу промени се случија по инцидентот во Рана Плаза, за да се подобри благосостојбата на овие работници.

Меѓутоа, аутсорсирањето на производството на облека без редовни проверки е токму она што води до модерно ропство. Кога жените не заработуваат за живот, тие не можат да инвестираат во својата кариера, образование и семејство. Во основа, брзата мода е феминистичко прашање бидејќи ги држи овие девојки и жени заробени во маѓепсан круг.

Феминистичкиот пристап кон модата бара соодветни плати, безбедни работни услови, здравствена заштита и работна средина без сексуално вознемирување, родови разлики во платите и дискриминација. За да се случи ова, потребно ни е брендовите да бидат одговорни и да бидат транспарентни за нивниот синџир на снабдување.

Кога повеќето модни брендови би биле транспарентни, потрошувачите ќе можат да видат како нивните пари директно влијаат на животот на жените кои работат на нивната облека. Да се ​​има феминистичка совест е повеќе од носење маички со феминистички пораки произведени во услови на модерно ропство.

Кога потрошувачите купуваат облека од етички брендови, тие наведуваат дека ги поддржуваат жените кои заработуваат за живот и работат на пристојни  работни места. Тие ги поддржуваат нивните аспирации да бидат финансиски независни и да ги издржуваат своите семејства без да се соочат со тешките околности со кои се соочуваат сега. Ова се жени кои поддржуваат други жени, а иронијата е што судбината на просечната 20-годишна жена во текстилната индустрија почива на куповната моќ на друга 20-годишна жена.

Што можеш да направиш ТИ за феминизмот во модата?

Опстојувањето на брзата мода е и еколошко прашање. Производството е исклучително штетно за нашиот природен свет. Модната индустрија произведува 5% од глобалните емисии на стакленички гасови (Business Insider 2019) и е трет најголем потрошувач на вода во производството (по индустријата за нафта и хартија). Огромни количини облека завршуваат на депонија секоја година, од кои 350.000 тони само во ОК (ClothesAid). Кога купуваме од овие компании за брза мода, им порачуваме да продолжат со овие методи кои предизвикуваат деградација на животната средина. Но, дали знаевте дека жените во земјите во развој исто така имаат најголема веројатност да бидат погодени од климатските промени? Правејќи поодржлив избор со нашата облека, помагаме да се заштитат најранливите жени во светот (BBC 2018).

Јасно е дека движењето кон одржливи модни практики е инхерентно феминистичко прашање. Со почитување на етичките и одржливите методи на производство, ние не само што ѝ помагаме на нашата животна средина, туку помагаме и да ја ублажиме експлоатацијата со која се соочуваат повеќето жени вработени во текстилните фабрики. Обезбедувањето плати за пристоен живот, безбедни работни услови и ублажување на деградацијата на животната средина се начини на кои можеме да помогнеме да ги омоќиме жените кои толку напорно работат за да ја направат нашата облека.

Што може да направи секој од нас?

Информирајте се за вистината зад брзата мода

Бидете храбри и откријте ја вистинската цена зад маичка од бренд на брзата мода што чини помалку од 100 денари.

Префрлете се на етичка, одржлива мода како феминистички потег

Наспроти брендовите за брза мода има се повеќе одржливи, етички брендови кои целосно ја менуваат играта. Нивната облека ја изработуваат текстилни  работнички на кои им се платени фер плати и гарантирани добри услови за работа. Овие брендови се исто така транспарентни за нивниот синџир на снабдување и вршат редовни проверки.

Прашајте ги брендовите #КојЈаПравиМојатаОблека

Овој хаштаг е особено популарен за време на Неделата на Модната револуција , но треба да ја користиме секоја прилика да побараме одговорност од брендовите за брза мода во текот на целата година.

Прашувајќи ги #WhoMadeMyClothes #КојЈаПравиМојатаОблека, вие им давате шанса да бидат транспарентни за нивниот синџир на снабдување и, доколку не се, да почнат да воведуваат промени.

Автор: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

Женска еманципација преку правење ајвар

Кон „Улиште“ во режија и сценарио на Блерта Башоли, кинематографија на Алекс Блум.

Kако последица од војната во Косово после повеќе од 20 години од крајот на ужасниот конфликт, околу 1650 луѓе сè уште се сметаат за исчезнати, а 300 тела не можат да бидат идентификувани. Траумата која населението сè уште ја носи на грб нема набргу да исчезне, но процесот на закрепнување започнал токму кај оние кои останале сами да се грижат за растргнатите домаќинства – жените. Првиот долгометражен филм на режисерката Блерта Башоли (како и првиот косовски филм кој влезе во оскаровската трка за номинацијата – филм од неанглиско говорно подрачје) се фокусира на една вистинска, приморана трансформација на домаќинка во глава на семејството која пркоси на сите правила „запечатени“ во косовскиот патријархат – преку навидум невиниот акт на правење ајвар.

Фахрије (Јилка Гаши, најсилната алка на филмот чија изведба е ненаметливо моќна) се наоѓа во многу незавидна позиција. Таа ја дели семејната куќа со свекорот кој е инвалид, се грижи за домаќинството, децата и волонтира во женски центар, но нема никакви приходи откако сопругот е прогласен за исчезнат (нешто што ги обединува скоро сите жени во малото место на живеење). Нејзиниот проблем не е воопшто едноставен – од неа не се очекува да заработува (таа сепак е практично вдовица), ниту пак да вози, затоа што тоа е машка работа, но пари за живот нема. Малите приходи кои свекорот ги носи од продавање мед од домашните пчели кои ги одгледуваат не се доволни за покривање на основните потреби, а опцијата Фахрије формално да се вработи практично не постои поради изразената нееднаквост помеѓу мажите и жените.

Тука започнува борбата на Фахрије за подобра иднина не само за себе, туку и за сите жени околу неа. Приказната можеби е стара колку и модерното време – жена успева да се пробие во машки свет преку сите препреки кои ѝ ги поставува општеството, па е до некаде лесно да се критикува „неоригиналноста“ на сценариото од тематски аспект. Блерта Башоли за среќа не ја компромитира женската перспектива – одлучноста и напорот коишто Фахрије ги прикажува се секогаш во прв план во сите 84 минути од филмот. Таа, и покрај омаловажувањето и навредите кои секојдневно ги добива, ефикасно ги мобилизира жените во формација која макотрпно прави ајвар со цел да се пласира во супермаркет за продажба. Сцените кои се фокусираат токму на тој процес зрачат со топлина и чувства на обединетост, па успешно се избегнуваат „ефтините“ трикови на форсирана емпатија кон трагедијата која ги сплотила.

Сивата и монотона палета на филмот е несомнено дизајнирана да ја засили атмосферата на „дистопија“ во која живее Косовското население, но силниот контраст со црвените пиперки кои жените деноноќно ги лупат како да има друга порака – крв, пот, солзи, успех. Бавното темпо кои некои можеби ќе го интерпретираат како недостиг на одлучна режисерска палка е спротивното – реалистична, можеби дури и  класична студија на карактер кој инспирира едно скршено општество кон суштинска промена.

Петра Бранковска

Гледај.мк (mkc.mk)

Петар Андоновски: Квир литературата е она што сум јас

Разговараше: Наташа Атанасова

Со Петар Андоновски, за мене Пеце, се знаеме речиси пола живот. Од факултетските денови, кога речиси секој ден бевме заедно, до денес, кога се гледаме поретко отколку што сакаме, муабетите ни течат како никогаш да не прекинале. И, еве, по вторпат, тие лично-книжевни муабети ги правиме во официјална форма на интервју. Овојпат, за рубриката #CultureMatters во соработка со Europe House – Скопје.

Претходен пат кога правевме интервју имавме по 32 години, а сега и двајцата наполнивме 35. Ја поминавме границата на ЕУ за „млади луѓе“ и официјално не сме веќе млади :). Како си ги доживуваш годините?

Мислам дека 35 ми е нова пресвртница во животот. Ако некој просек на живеење е 70 години, ова е втората половина од мојот живот и чувствувам дека нешто се менува во мене. Некои промени што можеби и порано сум сакал да ги направам, мислам дека сега им е времето. На пример, годинава сакам да си ја одбележам со патување низ северна Индија, кое ќе трае цел месец. Европа некако почнува да ми станува досадна. Доста ја патувам професионално, па приватно сакам повеќе да патувам во поегзотични земји – Индија ми е прва на список, сакам повторно да му се вратам на Египет, сакам да одам во Непал, Тибет, Јордан, Мароко…

Понатаму, сфаќам дека сè помалку луѓе ми се потребни во животот, ми се намалува списокот со „пријатели“, сè помалку имам желба да си го трошам времето на непотребни работи. И кога читам книга, ако книгата не чини, повеќе го немам она чувство дека треба да ја читам до крај, туку ја прекинувам и ја фрлам затоа што има толку многу книги што стварно заслужуваат да им се посвети и време и внимание и да се троши време на лоша книга едноставно – нема потреба! Некако своето време многу повеќе си го сакам од претходно и повеќе знам да си го почитувам.

Те плашат ли физичките промени што ги носат годините?

Од физичкото воопшто не се плашам. Со годините, некои работи што ми биле незамисливи да ги правам во младоста, ги правам сега. На пример, лани се тетовирав, сега дури направив и една естетска интервенција 😊.

Европската награда за книжевност ја доби пред две години, во екот на пандемијата. Супер награда во несупер период. Успеа ли да реализираш сè што носи таа со себе?

И покрај тоа што наградата ме фати во доста лош период со пандемијата, единственото што мене и на другите добитници ни беше скратено беше патувањето во Брисел на церемонијата. Инаку, сè друго си течеше најнормално и уште се реализираат работи во врска со неа. На пример, Европската награда ми го донесе англискиот превод, францускиот кој треба сега во март да излезе, италијанскиот… така што, да, многу е важна таа награда, особено за нас кои доаѓаме од овие мали јазици, кои се тешко преводливи и имаме книжевност за која нема некој огромен интерес во Европа. Не сме им интересни и егзотични, ама таа награда колку-толку пробудува интерес кај издавачите.

Особено сум задоволен од англискиот издавач, затоа што книгата „Страв од варвари“ супер поминува таму – не само што одлично се продава, туку имаше и 4-5 осврти во медиумите за неа. А целта, секако, не е само да се преведе и да се објави, работата е книгата да допре до што повеќе луѓе и да видиш дека некого го заинтересирала, а не дека завршила во некој магацин и фаќа прашина по рафтови.

Смени ли наградата нешто кај тебе лично? И како те гледаат колегите откако ја доби – имаш забележано промени?

Првпат откако добив финансиска награда, можам да кажам дека живеам од пишување. Не може да се живее само од тоа, ама наградата многу ми го олесни животот.

Што се однесува до колегите, не знам, не чувствувам некоја промена. Со сите сум си во исти односи како и претходно – и со оние со кои сум бил во добри, и со тие со кои сум бил во лоши. Не знам, можеби има нешто што забележувам, ама односите ми се тие.

„Лето во кое те нема“, твојот последен роман, беше најавен како првиот квир роман од наш автор. Факт ли е тоа? И чувствуваш ли нешто како „конечно свој на своето“ или, едноставно, тоа ти беше уште една тема за истражување?

Некако, откако го напишав „Лето“, сфатив дека всушност квир литературата е она што сум јас и дека треба во тој правец да се движам. Мислам дека тоа и читателите го забележаа, дека „Лето во кое те нема“ е мојот најискрен роман. А и следниот роман кој планирам да го пишувам ќе биде исто така со квир тематика.

А тоа дека е прв квир роман го објавуваа повеќе читателите. Мислам дека научно не е истражено, но не е ни битно дали е прв, втор или трет… битно е дека ваков тип на литература и тоа како ѝ беше потребна на нашата книжевност. Особено кога раснев, кога се осознавав и себеси и светот околу мене, мислам дека на квир луѓето во Македонија многу полесно ќе им беше доколку имаа повеќе пристап до квир литература. Во тоа време за многу работи не се зборуваше, не се знаеја. Така што, од тој аспект е многу важно и се надевам дека конечно и во основно и во средно ќе се воведе барем по една квир книга во лектирата.

Во тој тинејџерски период младите се најранливи, тогаш ја осознаваат својата сексуалност и ако сфатиш дека таа е поразлична од општоприфатената, тоа знае да те убие во поим…

Знае и тоа како. Знаеш, кога читаш гледаш дека не си сам, не си единствен и чувството е многу поинакво. Колку и да ги олеснува тие работи интернетот, сепак мислам дека моќта што ја има книгата не може да ја замени ништо. За тоа колку ни се важни книгите кажува и тоа дека кога и да сака некој да даде одредена тежина на својата кариера, дали е фолк-пејачка или спортист, политичар, секогаш пишуваат автобиографија, книга.

Мислиш ли дека во денешно време постои инфлација на книгата? Кога бевме помлади, некако повеќе ги ценевме. Денес сè ни е предостапно, продукцијата на книги е преголема и книгата добива третман на уште еден предмет – предмет на купувачка желба. Не ја губи ли книгата така својата вредност?

Мислам дека книгите никогаш не биле подостапни како сега и колку да зборуваме ние дали сме или не сме читачка нација, последниве пет години толку многу книжарници се отворија и сите тие опстојуваат, а тоа само кажува дека книги се купуваат. А и како некој што повеќе од 10 години работи во продажба на книги, можам слободно да кажам дека сме луѓе кои купуваат книги. А дали се читаат и какви книги се читаат, тоа е веќе поинаков проблем.

Но, не само што секој може да си дозволи да купи книга, туку секој може да си дозволи и да објави книга. Дури и голем дел од издавачите се водат според тоа – ако некој сам си финансира, зошто да не го објават. Така што, тука се губат секаков тип на критериуми.

Но, интересно е што денес книгите кои имаат книжевна вредност не значи дека по секоја цена ќе се продаваат. Не е доволно само да напишеш добра книга, туку треба да имаш и добра приказна околу тоа – сè е битно, сè продава. Денес продава и тоа колку авторот е застапен на социјалните мрежи, продава и корицата. Мислам дека дури и самиот квалитет на книгата е најмалку битен за продажба од сето ова.

Како го доживуваш присуството на социјалните мрежи како позната личност? Дали ти е задоволство, канал за „продажба“ или товар?

И книжевноста е веќе шоу-бизнис, така што сè што правиме ние писателите, правиме во сопствена корист или штета. Мислам дека социјалните мрежи се многу важни и многу поважни од останатите медиуми, затоа што кога ќе објавите книга и кога ќе објавите за тоа на некоја мрежа, за еден саат голем број луѓе знаат. Ако не објавите, како да не излегла книгата, како да не постои.

Јас едноставно ја имам прифатено нивната моќ. Кога го објавив првиот роман се водев од тоа дека е подобро да имам 50 квалитетни читатели, отколку 5.000 неквалитетни. Но, со тек на време, покрај тие 50, потребни ти се и други 5.000 кои ќе го купат романот, затоа што од 50 не се живее. Така што, пополека, сакал или не, стануваш дел од тој шоу-бизнис и почнуваш да го правиш тоа што го сакаат луѓето.

Си ги читаш ли одново книгите?

Не, откога ќе излезат никогаш не ги читам пак. Но, додека пишувам ми е многу битно тоа да ми се допаѓа како читател. Тоа е моето мерило за тоа дали сум направил нешто добро или не.

Додека се подготвував за разговорот земав да си ги разлистувам твоите книги и го видов цитатот од Ацо Караманов на првиот роман (Гледајте, моите очи имаат блесок на вашите лакирани чевли), па си помислив: што правиш со поезијата? Почна со поезија и те мислевме поет ќе бидеш, а денес изгледа дека имаш раскрстено со поезијата…

Не само што престанав да пишувам поезија, туку престанав и да читам, што ми е многу жал. Поезијата отсекогаш била доминантен вид во македонската книжевност, секогаш сме имале подобри поети од прозаисти, но мислам дека за првпат ситуацијата е поинаква. Поезијата почна премногу да се експлоатира, стана инстант. Она што го вика Силвија Плат во едно интервју: „Сакам да пишувам роман затоа што многу тривијални работи што не можам да ги внесам во поезијата, како на пример четка за заби, можам во романот.“ А денеска во поезијата, особено во македонската, има толку многу четки за заби, што единствено им недостигаат забите.

Неодамна излезе од печат збирката раскази „Нешто ќе се случи, ќе видиш“, од грчкиот писател Христос Иконому, во твој превод. Не сум ја читала. Ќе ми ја препорачаш?

Пред неколку години, сосема случајно, не се ни сеќавам веќе во кој грчки весник или списание беше, налетав на еден расказ. По подолго време тоа беше книга на грчки што целосно ја исчитав и посакав да ја преведам. Можеби на нашите читатели одредени работи ќе им бидат тешки за да ги сфатат, особено ако не се упатени во грчката криза и што значи таа, но од друга страна расказите се толку убави што не можете да не сочувствувате и со ликовите и со сето тоа. На моменти се многу ксенофобични или шовинистички, ама тоа е всушност грчкото општество, тоа се ликовите и реалноста. Христос Иконому ми е многу близок по сензибилитет. Многу од расказите посакав јас да ги имав напишано, а за многу почувствував како јас да сум ги напишал.

Муабетов требаше да го правиме за твојот роденден и во кафана, ама работите излегоа поинаку… Сепак, ми останаа прашањата за твојата блискост со кафаната, за тоа дали го гледаше филмот „Тома“, дали те допре таа негова „поетика на кафаната“… Значи, за крај, еден „кафански“ муабет 😊

Кафаната е место каде што се чувствувам најубаво, најмногу јас, најлагодно. Кафаната ми е место каде што воопшто немам грижа на совест и кога се смеам, и кога плачам, и кога пеам. Кафаната е место каде што ми е дозволено да правам сè и каде што утредента не очекувам никој да ми замери за тоа. Во суштина, не сакам воопшто кафулиња и не се сеќавам кога последен пат сум пиел надвор кафе и секогаш кога треба да излезам, тоа е во кафана.

Ама не сакам да е само кафана кафана, туку треба да има музика. И не каква било музика, туку, се разбира дека треба да има музика „а ла Тома“. Јас си го сакам и си го почитувам Тома, „Два смо двета различита“ особено ме погодува. А филмот како филм не ме допре нешто, ја почувствував комерцијалата, типичен филм правен со цел да се допадне секому.

ЗА ОЗЕЛЕНЕТАТА АРХИТЕКТУРА

Архитектурата претставува промислена просторна интервенција со функција и естетика. На неа влијае целокупното општество од аспект на економија, социjализација, животна средина, историја, уметност, инженерството итн. Визијата на еден архитект е скоро невозможно да се аплицира во целост поради комплексната зависнот од системот, каде влегуваат и погрешните влијанија на политиката.

НАШЕ ВРЕМЕ

XXI век треба да претставува време во кое човештвото ќе се обиде да постигне симбиоза на сопствениот технолошки развој со животната средина. Рамнотежата или одмереноста на постапките претставува цивилизациска мудрост од која не треба да се отстапи и покрај притисокот на погрешно разбраниот капитализам. Од тука борбата на глобалната идеја за подобра животна средина станува заедничка на сите земјани. За истата ќе е потребно трпение и константна трансформација на индустријата и градот – како место за живеење.

Архитектурата како многустрана професија која го дефинира обликуваниот свет во кој живееме, тежнее кон смели и храбри идеи, но архитектот како значаен чинител многу малку ја поседува моќта да ја реализира истата без разбирањето на заедницата за важноста на процесите и моралот и етиката кај инвеститорите.

Паметната архитектура во последните децении се перцепира единствено како интеграција на технолошките инженерски достигнувања каде софтверските решенија треба да обезбедат слика од научно-фантастичните филмови. Во нив често е присутно сивилото и недостатокот на природата во оригиналната своја појавност која се заменува со модифицирани пристапи. Можните сценарија се воочени како опасност и од тука започнува  борбата пред се на граѓанските организации кои се повеќе се прифаќаат и од официјалните власти низ светот. Затоа напредноста како термин треба да се дефинира поинаку каде достигнувањето на рамнотежата во просторот ќе е примат, а не зависноста од технологијата до ниво на губење на чувството за припадност на човекот во природниот свет.

ГРАДИТЕЛСКА СИМБИОЗА

Архитектурата уште во минатото, од почетоците на големите цивилизации размислувала за симбиозата со пејсажот. Таа го интегрирала зеленилото во себе како паралела на рајската градина (нешто убаво), од каде сме дошле според верувањата и религиозните убедувања и во која повторно стремиме да се најдеме во задгробниот живот. Не постои уметничка претстава на рајот без ливади, дрвја, богат земјоделски и градинарски род, вода и богат животински свет. Затоа некои сметаат дека рајот веќе бил на земјата (богатата природа).

Најстари познати архитектонски делувања во симбиоза со природатата се Вавилонските градини. Тие се првите кровни градини во историјата. Често во архитектурата кога се интегрира зеленилото над објектот се вели – да се врати тоа што е одземено од природата. Тоа значи површината што ја зафатил објектот, да се врати на планетата преку пејсажно делување над истиот. Таа мисла има длабока филозофска поткрепеност, но истовремено е целосно функционална и корисна.

Претстава на вавилонските висечки градини
Претстава на вавилонските висечки градини

Зелените кровни градини придонесуваат кон подобрување на перформансите на објектите и се од корист на животната средина. Тие се одличен изолатор, кој во зима ја задржува топлината, додека во лето свежината во објектот, што ги прави енергетски помалку зависни. Го подобруваат квалитетот на воздухот произведувајќи кислород, со што микролокациските услови стануваат поквалитетни. Ја задржуваат прашината и честиците, создаваат живеалиште за инсектите и привлекуваат птици чие црцорење влијае позитивно на општотo расположение, кое е потценето како процес на лекување или одржување на доброто здравје. Кровната градина создава дополнителен јавен простор и му помага на градот во борбата за чист воздух, додека архитектурата станува естетски богата и функционално посодржајна.

Градскиот трговски центар во Скопје како паралела

 

Дилемите околу зелените кровни градини се највеќе финансиски, но тука е и стравот од прокиснување т.е од лошата изведба. Користа од нив е далекусежно поголема отколку игнорирањето на решливите технички проблеми.

ВИДОВИ ЗЕЛЕНИ ПОКРИВИ

Кровните градини како завршна покривка на објектот содржат повеќе слоеви: конструктивен дел, заштитни слоеви за водонепропустливост, топлинска изолација, дренажен слој, супстрат и растенија. Според обемноста и видот на растителниот свет кој се внесува на кровниот простор тие се делат на екстензивни, полуинтезивни и интензивни.

Екстензивните градини бараат најмалку одржување бидејќи инкорпорираат растенија кои се посамостојни, не развиваат големи коренови системи и успеваат во плитка почва (супстрат) помеѓу 5 – 10см.

Полуинтезивната кровна градина, овозможува засадување на растенија кои успеваат во почва до 20 cm, додека интензивните градини веќе формираат услови за поголеми садници, создавајќи погодности скоро како во природата. Пресекот на супстратот е најмалку половина метро, со што се зголемува изборот на различни растенија кои дозволуват поголема проектантска креативност.

Но зелениот кров не секогаш значи дека градината треба да биде хоризонтално интегрирана веднаш над завршните слоеви. Поекономичната варијанта се изведува над прооден кров преку внесување на вертикално зеленило засадено во мобилни саксии и жардињери. Впрочем, интеграцијата на зеленилото во архитектурата може да се постигне и на ѕидовите или да се води над терасите и балконите.

ДОМАШНИ ИСКУСТВА

 

Кај нас, зелените кровни градини и останатите форми на озеленета архитектура сé уште се во зародиш. Објектите над кои се реализирани вакви интервенции во Скопје се неколку десетици вклучувајќи ги и оние за индивидуално домување.

Позначајни и видливи кровни градини се сегментната интервенција над Градскиот Трговски Центар, Градинката Нова, Халк Банка, Про кредит Банка, Паркингот спроти Соравија центарот и од скоро Домот на градежници (Кочо Рацин).

Она на кое мора да се посвети поголемо внимание е архитектонското обликување на кровните градини. Тоа се однесува особено на интервенцијата на ГТЦ, каде е употребен несоодветен проектантски пристап. Тој не се надоврзува на архитектонскиот јазик на објектот (употреба на материјали, дизајн и просторна организација). Другиот проблем е што не се третира целиот објект, туку во сегмент што не дозволува комплетна слика која доликува на еден таков објект.

Кровната градина над дел од ГТЦ Скопје

ПОТЕНЦИЈАЛ

Како во главниот град, така и во државата до пред 2 децении имашеодличен потенцијал за интеграција на зелените кровни градини, бидејќи станбената архитектура во изминатиот половина век создаваше рамни и проодни кровни тераси. Погрешниот урбанизам дозволи нивно затворање, деградирање и надградување, додека новите објекти почнаа да го вметнуваат мансардниот кров како можност за поголема заработка.

Последните години, ветувачки е пробивот на инвеститори со поголема свест и разбирање за современите текови отворајќи простор за ваквите интервенции. Она кон кое треба да се стремиме е враќањето на проодните тераси во урбанизмот, преку тоа и во архитектурата, охрабрување на градителите, а зошто не и субвенционирање на зелените градини?!

Филип Конески

Зоран Кардула: Врската меѓу графичкиот дизајн и поп-културата е нераскинлива

Разговараше: Наташа Атанасова

Со повеќе твои лични проекти изминативе години се трудеше да покажеш дека на просториве на коишто живееме има долга традиција на добар дизајн – во делот на архитектурата и на графичкиот дизајн. Како би ја опишал денешната ситуација со дизајнот кај нас?

Личните проекти кои навистина се многу, долго ги осмислувам, анализирам, но и брзо ги реализирам. Она што го работам е мој поглед на работите, а по реакциите и повратните информации ценам дека сум завршил добра работа. Потврда за ова ми е дека најчесто тоа се непрофитабилни проекти кои ги работам за своја душа, а сепак постојано добивам понуди за соработка во поголем дел од познати светски компании и брендови. Ние навистина имаме многу квалитетни дизајнери кои соработуваат со познати светски брендови што е доказ дека на овие простори вирее добар дизајн.

Од друга страна, во ова хаотично и брзо време често се случува да се бара дизајн од денес за утре и кусокот на време резултира со многу комерцијален и не толку креативен и квалитетен дизајн. Искрено, нема потреба од толку брзање, за сè има време ако се има добра соработка и организација.

Дизајнираш толку многу работи – за себе, за пријатели, за клиенти… Дали во секоја една работа, на кој било проект успеваш да се внесеш целосно, да внесеш во него парче од себе или, сепак, големиот обем на работа знае да си го земе својот данок и понекогаш да се почувствуваш како да „штанцаш“?

Работам многу, некогаш и премногу, но најважно е што во тоа уживам. Ја сакам мојата професија, па и кога не работам – работам. Истражувам, гледам дизајни на мои колеги, гледам што е актуелно итн. Секогаш се обидувам моите предлози кои ги нудам на клиентите да бидат најдоброто што во тој момент можам да го сработам. Комплетно се внесувам и до најмалата ситница. Моите клиенти секогаш добиваат многу предлози (колегите велат и премногу), но поради тоа не дозволувам многу клиентот да се меша во мојот дизајн. Сакам крајниот производ да биде сепак мој дизајн. Ова не поминува секогаш и се случува да резултира со губење финансии, но мене тоа не ми е пресудно.

И покрај мојата голема продуктивност никогаш не би прифатил нешто како штанцање, не би направил нешто ако не сум 100% сигурен дека тоа е најдоброто од мене во тој момент. Имам една успешна формула до која се држам во организација на времето за работа: тоа секогаш ми е поделено 50% во работа за клиент и 50% работа за мои лични проекти и ова формула ми функционира.

Како гледаш на односот меѓу графичкиот дизајн и поп-културата?

Во ова време на доминација на социјалните медиуми, поп-културата зазема значајна улога во целото наше живеење. Секогаш се тука и ставовите и различните толкувања за тоа дали поп-културата е добра или е лоша, но факт е дека е тука. Најзначајни категории од поп културата се филмот, забавата, музиката, видеоигрите, политиката и модата, а во сите тие области графичкиот дизајн игра значајна улога, така што врската меѓу нив е нераскинлива.

Последниве години професијата графички дизајнер стана особено привлечна за младите. Тоа е нормално, имајќи предвид дека огромен дел од нашите животи ги минуваме пред визуелни средства за комуникација. Како некој што предава на академија за графички дизајн, кои делови од твоето знаење и искуство најмногу се трудеше да им ги пренесеш на студентите? Што е тоа што не може да се најде на туторијали на Јутуб, на пример?

Веќе пет години предавам илустрација и Илустратор и гледам дека од година во година оваа професија е сè попривлечна и младите се гледаат како дел од неа. На студентите прво настојувам да им ја пренесам љубовта кон оваа професија, затоа што секој може да научи сè, но многу е важно тоа да го сака. Потоа, низ целиот процес на учење сакам на студентите да им го пренесам и моето искуство, а го има доволно – речиси 20 години во „Публицис“, една од најдобрите агенции кај нас, каде што имав среќа да работам со одлични колеги и каде што научив многу. Тоа искуство што се стекнува во агенција треба секој дизајнер да го помине. И, секако, настојувам да го извлечам најдоброто од студентите.

Туторијали има многу, но особено на почетокот на предавањата или барем додека не стигнат до некоја фаза кога добро го познаваат софтверот за дизајн, не им дозволувам да ги гледаат. Бидејќи кога не го познаваат добро софтверот знаат да им се направат фрустрации и да се нервираат, а нема потреба од тоа.

Исто така, одбив да предавам онлајн, зашто сметам дека тоа што го предавам треба да биде со физичко присуство. Сакам да гледам како работат, кога грешат, како грешат и сето тоа да го решиме заедно.

Периодов беше тешко сето ова да се изведе, но успеавме и навистина одлично поминаа предавањата и имавме многу успешни студенти. Да, тие учат од мене, но и јас од нив.

Со оглед на тоа што имаш можност за непосреден меѓугенерациски дијалог, какви се твоите впечатоци за младите денес – и во однос на посветеноста за правење квалитетни работи и во однос на желбата за менување на светот?

Генерално, убаво е кога се работи со млади, се чувствува таа младешка енергија. Младите се доста креативни. Многу ми се допаѓа што се свои и кога нешто не им се допаѓа тоа отворено го кажуваат. Сепак, им недостасува трпение, но со работа и искуство верувам дека ќе го стекнат. Младите се движечка сила и секогаш им треба малку ветер во грб за да го постигнат тоа што го сакаат и секако, да го движат светот кон подобро.

Активизмот ти тече низ вените подолго време. За сите подзаспани а освестени луѓе кои се демотивирани сметајќи дека „џабе се трудиш, тука ништо не можеш да смениш“, можеш ли да споделиш едно твое активистичко залагање кое го сметаш за најуспешно, со кое знаеш дека навистина си сменил нешто на подобро?

И јас, и моето цело семејство сме активисти. Не би бил доколку мислам дека нема да се променат нештата. Во што и да сум учествувал како активист не било за џабе, а искрено сум горд на тоа.

Најдраг ми е успехот или, подобро кажано, поместувањето на границите во свесноста и прифаќањето на лицата со аутизам, односно генерално на лицата со атипичен развој. Таков проект ми беше „Гуш и бац“, кој беше посветен на мојата ќерка со аутизам. Проектот се состоеше од илустрирани зборови на Ерато. Во него учествуваа 33 уметници и дизајнери кои илустрираа по еден до два зборови на јазикот на Ерато – таа си користи свој јазик, кој е за сите освен за неа и за нас, нејзините блиски, е чуден јазик. Проектот несомнено ја подигна свеста за постоењето и прифаќањето на аутизмот, а беше и од хуманитарен карактер и средствата кои беа собрани послужија за неколкумесечни стручни третмани на осум дечиња со аутизам. Овој е само еден од проектите во кој сум учествувал, а ги има многу кога станува збор за правата на сите маргинализирани групи и верувам дека имало позитивно влијание во прифаќањето на различностите по било кој основ. Работите се поместени, но секако треба уште многу работа.

Периодов беше особено актуелен со дизајнот на часовникот на Своч по повод 30 години независност на Северна Македонија. Дали идејата во него да го споиш јубилејот со ликот на Дениција, со сета тежина и метафоричност што ја носат стиховите „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата Македонска Држава“ беше целосно твоја? И, да, како колекционер на многу работи, имаш ли ти еден од тие триесет часовници?

Идејата за часовникот Своч по повод 30 години независност е проект на „Божиновски“. Мене ми се обратија да бидам првиот дизајнер од кај нас кој ќе го изработи дизајнот. Имав комплетна слобода околу дизајнот и се одлучив за нешто препознатливо за мене, а тоа се жените кои ги цртам и илустрирам. Сакав тоа да преставува силна и борбена жена со бои кои дискретно асоцираат на нашите национални бои. Името Дениција дојде спонтано низ разговор со Игор и така проектот доби една целина. Јас сè уште не сум сопственик на оваа лимитирана серија, но договорено е со Своч да добијам еден, зашто нели, вообичаено е дизајнерот да добие свој примерок од она што го работи.

„Денес изгледаш убаво!“, насловот на последната твоја изложба во новиот „Ист гејт мол“, е порака што луѓето сакаат да стигне до нив. Понекогаш таа не треба ни да се изговори, доволно е очите да ја кажат кога ќе те погледнат. Имаме ли како луѓе лице да ги погледнеме сите луѓе во очи?

Преубав проект. Уште во моментот кога ја дискутиравме идејата знаев дека ќе бидам дел од него. Навистина нема ништо поубаво од насмеани очи. Мојата ќерка Ерато е дел од проектот. Таа е слабо вербална, но нејзините насмеани очи секогаш ме прават среќен и тогаш како ништо друго да не е важно. Одлична изложба со многу убави пораки од учесниците, поставена на фреквентно место и се надевам дека пораката ќе стигне до многу луѓе кои ја виделе. Со заеднички сили, отворени умови и срца да ја пренесеме пораката за прифаќање и почитување. Што би рекла Ерато на нејзиниот јазик: „кајн пм’п“ – граници не постојат!

Насловна фотографија: Антонио Станков

Subscribe To our newsletter!