euhouse, Author at Europe House - Page 11 of 13

Викторија, Магдалена и Емилија од „Преплет“: Секој треба да има универзален пристап до квалитетно образование

Денес постојат многу начини на кои што може да се дојде до информација па дури и да се научи некоја вештина. Неформалното образование е сè позастапено и тоа е одлично сè додека сериозно се пристапува кон него, велат младите инспиративни жени кои се дел од проектот „Future of Europe“.

Поттикнати од идејата да создадат концептуална продавница и дизајн студио што ќе прерасне во инспиративно место што ќе нè потсетува дека малите работи го прават моментот голем,  Викторија Ланговска Хајредин и Магдалена Аврамовска во 2013 година го основале студиото со впечатливо име – „Преплет“. Сакале да создадат место каде секој ќе може да го пронајде совршениот и уникатен подарок за себе или за некој близок. Пет години подоцна како  дизајнер/проект менаџер во работата им се приклучува и Емилија Ланговска. Овие три млади и успешни жени се креативни, истрајни, незапирливи. Предводени од мотото „Малите нешта го прваат моментот голем“, тие сметаат дека квалитетното учење е една од клучните младински европски цели.

– Секој треба да има универзален пристап до квалитетно образование. Така младите ќе се развијат во одговорни личности и преку нивното вклучување во општествените движења ќе се пронајдат себеси обезбедувајќи сопствен и просперитет на општеството во кое се наоѓаат – велат тие.

Викторија е дипломиран дизајнер на ентериер, Магдалена е дипломиран графички дизајнер, а Емилија е магистер по архитектура и дизајн.

– „Преплет“ како идеја се роди уште во студентските денови кога јас и Магдалена започнавме заедно да изработуваме плетен накит и други модни додатоци. Преплетувањето на конците ни беше асоцијација на сите идеи, техники и креации кои се спојуваат, преплетуваат во едно и формираат најразлични производи. Оттаму и произлезе името „Преплет“ – раскажува Викторија.

 

Во изминатите години низ студиото поминале илјадници креативни пораки и фрази, без разлика дали потоа биле аплицирани на производи, споделени на социјални мрежи или, пак, разменети со најразлични соработници. Производите на рафтовите постојано се менуваат, а ќе видите постери, шолји, нотеси, тефтери, перничиња, тематски комплети, торби, лампи и уште многу други нешта. Според Магдалена, секој производ носи одредена порака која соодветно ја вметнуваат и од дизајнерски и од симболичен аспект. Тоа е нивниот препознатлив знак кој го имаат уште од почетокот кога почнале да го градат брендот.

 

– Секој што поседува производ на „Преплет“ се поврзува со пораката на свој, индивидуален начин и со тоа производите имаат многу поголемо значење и симболика. Токму затоа пораките ни се главниот двигател при креирањето на производите и приказната која ја градиме со секоја колекција – објаснува Магдалена.

 

Студиото „Преплет“ е дел од проектот Future of Europe што Europe House Скопје го организира во „Ист Гејт Мол“. Младите инспиративни жени се благодарни што добиле уште една можност да ја презентираат својата работа во која имаат вложено огромна љубов и труд. За проектот тие го избраа токму квалитетното учење (Quality learning) како една од младинските европски цели. Тие сметаат дека со квалитетно учење се прошируваат видиците и се отвораат хоризонтите. Колку поквалитно и темелно се пристапува на одреден проблем, толку појасна слика може да се направи за тоа што би требало да се промени и на кој начин да се постигне тоа.

 

– „Со ова сознание секогаш сме еден чекор поблиску до целта. Денес постојат многу начиниза да да се дојде до информација па дури и да се научи некоја вештина. Неформалното образование е сè позастапено и тоа е одлично сè додека сериозно се пристапува кон него.“ – дополнува Емилија.

 

Изминатите години почнале да соработуваат и со други помали креативни студија и дизајнери. Така се овозможува пласман и на нивните производи, од друга страна се надополнува целосното искуство на купувачите. Во последниот период се фокусирани на нивниот најнов проект – „Подаромат“.

 

– Овој проект го започнавме пред неколку месеци и вклучува брза и лесна продажба на нашите производи и пакувања во посебни машини кои го носат името „Подаромат“. Целта ни е да поставиме „Подаромати“ на повеќе локации и на крајниот купувач покрај решавање на проблем, да му овозможиме лесно и забавно искуство – вели Викторија.

Марко Пејчиновски, маратонец: Пливањето е еден од благословите во мојот живот!

Во денешно време повеќе од кога било имаме луѓе кои се борат со депресија или имаат анксиозност итн. и не мислам дека се обрнува доволно внимание на тоа. Имам почувствувано и знам колку е тоа сериозно – вели 16-годишниот охриѓанец, кој е дел од изложбата Future of Europe

На свои 12 години го направи првиот свој голем подвиг – исплива 25 км, тргнувајќи од Св. Наум Охридски до градското пристаниште во Охрид. Оттогаш не застана. Марко Пејчиновски (16) е инспирација за сите. Момче со челична волја на која многу повозрасни можат да му позавидат. Иако има некроза на едната нога, тој е неуморлив и секогаш е подготвен за нов предизвик – преку своите подвизи да ја крева свеста за многу наши маргинализирани граѓани, деца и возрасни. Неговиот последен предизвик беше четвртото препливување летово на релација Струга – Св.Наум (30 км), со времетраење од 9 часа и 26 минути.

Уживам во пливањето

Марко е дел од проектот „Европски младински цели“ и од изложбата Future of Europe, што се состои од портрети на 12 инспиративни млади луѓе кои се истакнуваат во одредена дејност. Нивните портрети што ги создаде уметникот Зоран Кардула и нивните куси приказни се изложени на изложбата во East Gate во Скопје.

Пливањето е повеќе од спорт за мене. Кога размислувам за работите што ме прават среќен, пливањето една од нив. Уживам во пливањето, уживам во самостојноста што ја имам кога пливам. Пливањето го гледам како еден од благословите во мојот живот! Се одлучив на долги патеки, бидејќи не можам да пливам со нозете, другите луѓе кои пливаат на кратки патеки се многу побрзи од мене и не можам да се натпреварувам со нив и затоа се одлучив на соло маратони – објаснува Марко, кој во новата учебна година ќе биде трета година во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Да се обрне повеќе внимание на менталното здравје

Менталното здравје и благосостојбата се европските младински цели кои смета дека се најважни и најдобро го окарактеризираат.

– Отсекогаш сум ја гледал психичката страна сериозно. Мислам дека во денешно време повеќе од кога било имаме луѓе кои се борат со депресија или имаат анксиозност итн. и не мислам дека се обрнува доволно внимание на тоа. Имам почувствувано и знам колку е тоа сериозно. Затоа верувам дека е време да се обрне повеќе внимание на менталното здравје.– вели големиот херој.

Се радува што е дел од проектот Future of Europe и посакува да има што повеќе такви во иднина.

На прашањето што би сакал да постигне со пливањето, вели дека најголема желба му е да ги преплива сите релации поврзани со Охридското Езеро и да биде најмлад меѓу пливачите што се обиделе.

Него го води следната мисла:

Без разлика колку е тешка ситуацијата во која се наоѓаш, секогаш постои светлина на крајот од тунелот. Се надевам дека ќе бидам една од личностите што може да донесе промена.

Opening of Ohrid Summer Festival

EU evening at the OHRID SUMMER FESTIVAL  in the Church of Saint Sophia was a great opportunity to highlight the talent of Duo di Prague, Czech artists – cellist Ivan Vokác and violinist Leos Cepicky. The festival is once again a confirmation of the richness and diversity of the common European cultural heritage.

Леона Јариќ, режисерка: Квалитетното образование е чекор напред за целото човештво

Само со филмот сите наши сетила се засегнати и накострешени, само со филмот влегуваш во друг универзум и се поврзуваш со ликови, живееш, дишеш со нив, занемарувајќи го фактот што другата страна на огледалото е имагинарна – вели младата режисерка, која е дел од изложбата Future of Europe отворена во East Gate, како дел од поголемиот проект „Европски младински цели“

Филмот ме фасцинира од мала. За мене е врвна уметност. Чудо! Само со филмот сите наши сетила се засегнати и накострешени, само со филмот влегуваш во друг универзум и се поврзуваш со ликови, живееш, дишеш со нив, занемарувајќи го фактот што другата страна на огледалото е имагинарна. Понекогаш се прашувам дали филмот е уметност или наука?! Постојат толку многу размислувања, правила, досетки, трикови и формули што го прават магичен. – вели 18-годишната Леона Јариќ од Скопје, која годинава матурираше во гимназијата „Никола Карев“.

 

Оваа млада вљубеничка во седмата уметност, која има снимено неколку кратки филмови (Келија, Промо, Lust for Life). Таа е една од 12-те млади инспиративни луѓе вклучени во проектот „Европски младински цели“, односно во изложбата Future of Europe поставена во East Gate во Скопје, во која секој од учесниците се претставува со свој портрет изработен од уметникот Зоран Кардула. Секој од учесниците избира по една од младинските европски цели, коишто најмногу го опишуваат или според кои се водат во животот.

Квалитетното образование е чекор напред за човештвото

За Леона, квалитетното вработување и образование се основни цели што ги поддржува.

-Јас се залагам за квалитетно учење за сите, за достапни и информации и конструктивен дијалог. Откако сфатив колкава дупка имаме во нашиот образовен систем и колку постор за подобрување постои, веднаш почнав да се залагам за промени во образованието. Во првата прилика што ја имав поднесов листа од барања до тогашната министерка за образование, во рамките на реалното шоу „Нови херои“, за корекција на образовниот систем, која ќе овозможи секој да ги избира самостојно предметите што сака да ги учи, со што посериозно се насочуваме кон она што би било наша идна професија. Сметам дека квалитетното образование е чекор напред за целото човештво. Доколку сите се познаваме самите, нашата историја, јазик, ги почитуваме нашите достигнувања на национално и светско ниво, развиваме толеранција, почит и разбирање, учиме од она што било пред нас, светот би бил едно попријатно место за живеење – вели Јариќ.

Според неа, друга важна цел е достапноста на информациите и конструктивниот дијалог, кои се единствениот начин со кој би можеле да ги развиваме идеите и решенијата, да ги „разбираме ситуациите подобро и појасно преку постоење на медуиуми на кои им веруваме, кои даваат веродостојни информации и даваат можност за изразување вистинити и чесни ставови и простор за конструктивен и продуктивен дијалог“.

-И да не ја заборавам уметноста, без неа не може! – категорична е Леона.

Ме интересираат помрачни приказни

Таа споделува дека ù било задоволство што била дел од изложбата Future of Europe.

-Како претставник на одредени цели се трудев да се претставам во најдобро светло и тоа е секогаш интересена игра. Мислам дека е добро што се остваруваат вакви проекти и дека треба да продолжат со полн погон, поамбициозно и посилно секоја година!

 Како филмот станал нејзина љубов?

-Претпоставувам дека за мене пресудно беше гледањето филмови. По илјадници филмови на ден, само нови цедеа во плеерот, цртани додека да заспијам и воодушевувањето од сите тие светови што ги гледав. Еден ден, додека читав еден мој текст, ми текна дека сè што ми треба е камера или телефон и дека и јас можам да го визуелизирам напишаното, и така, сфатив дека сакам да правам филмови. – вели таа.

За неа, надреални случувања, фантазија, научна фантастика, драма, брутален реализам се теми што ја интересираат да се зафати со одредена тема. Од сè може да излезе приказна, но повеќе ја интересираат помрачните и тешки страни, секогаш ги гледала приказните во филмовите и авантурите како приказни кои ликовите си ги измислувале за да избегаат од реалноста, дури и во најреалните случувања.

Нејзиниот филм „Промо“ беше прогласен за најдобар на конкурсот #GreenFilm  што го организира Europe House Скопје со цел да ги мотивира младите да снимаат филмови поврзани со прашањата за животната средина.

Леона би сакала да го продолжи образованието во странство и периодов аплицира на факултети за филмска уметност во Германија, Италија, САД…

-Ако останам овде, ќе пробам да го разбијам сивилото и да ги размачкам боите на филмското платно на начин кој ù прилега на мојата посебност. – завршува таа.

Дотогаш ја чека премиерата на нејзиниот нов филм Lust for Life што ќе биде прикажан на претстојниот Drim Short Festival во Струга.

Western Balkans Youth Orchestra

The Youth Orchestra of the Western Balkans was founded in 2019 as a platform for the cooperation of young professional musicians from 6 countries of the Western Balkans.
“Through culture, we aim to unite the youth of the Western Balkans” – Desar Suleimani, Artistic Director of WBYO – Western Balkans Youth Orchestra.

Dance Team Fusion winners in Spain

At the European competition for modern dances in Lloret de Mar, Spain, Dance Team Fusion from Kumanovo won the 1st place for the best dance performance.

Dance Team Fusion are regularly part of the activities of Europe House Kriva Palanka.

Елизабета Баковска и Сашо Димоски: Ако не ги архивираме ние нашите сеќавања и приказни – кој?!

Разговара: Наташа Атанасова

За време на Саемот на книгата годинава, фотокнигата „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски, ја доби наградата на Македонската асоцијација на издавачи за најкреативно издание меѓу двата саема. Можноста за време на саемот да ја држам в раце, ме привлече да се нурнам во неа.

Соочувањето со смртта на мајката и напливот на сеќавања, размислувања и емоции од и за животот што ги носи тоа кај Баковска, споено со визуелната интерпретација на тие емоции преку фотографиите на Димоски е неповторливо искуство.

А кога човек ќе има вакво естетско доживување, природно му доаѓа да го сподели. Ова интервју со двајцата автори произлезе токму од тој порив.

Од создавањето на текстовите до издавањето на книгата „Во главата пишувам расказ“ поминаа три години. Колку време ја развивавте идејата, па концептот, па договорот за тоа во која форма ќе биде книгата?

Е.Б.: Во времето кога ги пишував расказите, тие еден по еден излегуваа на Фејсбук, но кога го заокружив целиот циклус, ги повлеков оттаму. Токму тогаш, Сашо размислуваше за неговата магистерска и се договоривме тие да му бидат текстуална предлошка, на којашто ќе надоврзе фотографии. Потоа следуваше период во кој тој размислуваше и обмислуваше кои фотографии и како да ги поврзе со текстовите. На крај дојдовме до овој производ за кој велиме дека е фотокнига, иако станува збор за некој хибриден жанр тежок за дефинирање.

С.Д.: Во суштина е фотокнига, затоа што доминира фотографијата, меѓутоа не е чист жанр поради литерарниот дел. Кога размислував за темата за магистерската, целта ми беше да ја избегнам стереотипната изложба и така се роди идејата за овој вид книга што кај нас е многу малку застапен – фотокниги направиле Драги Неделчевски, Боро Рудиќ и уште по некој автор… Денес, времето дозволува мешање на жанрови и родови, на разни уметности и штета што немаше можност во книгата да се стави и музика или мириси – ќе се добиеше поинаква димензија. Иако, и како такви, фотокнигите од овој тип денес се сметаат за еден врвен уметнички производ.

Бети, од каде потребата, ама и храброста јавно на Фејсбук да ги објавуваш овие толку лични минијатури во периодот непосредно пред и по смртта на мајка ти?

Е.Б.: Веќе ја имам раскажано приказната за тоа како настана книгата. Мајка ми беше тешко болна во Битола и десетина дена пред да почине добив повик дека ситуацијата е критична и јас од работа се качив во кола и директно отидов во Битола. Не зедов со мене лаптоп, бев само со мобилен телефон. Првпат повторно живеев во станот во којшто сум живеела пред 30 години. И така, почнаа да навираат некои сеќавања и размислувања и пишувањето ме спаси. Едноставно, морав да напишам за да се разбудам пак, да останам доволно ментално силна тие денови за да се соочам, да ја преживеам нејзината смрт.

Сепак, Фејсбук е медиум каде што објавуваш и веднаш добиваш реакции…

Е.Б.: Мислам дека тоа објавување беше доста несвесно од моја страна. Повеќе беше потреба нешто да напишам, наместо да приопштам нешто на другите. Не ни размислував дали некој тоа ќе го прочита и како ќе го доживее.

С.Д.: Фејсбук не е медиум, Фејсбук е само платформа – медиумот е Бети 😊

Е.Б.: Да, тој тоа стално го вели, а јас не знам дали 100% се согласувам со него… Фејсбук овозможува веднаш да се добие фидбек од публиката, ама мене во тоа време ми беше погоден само за изразување на моменталната емоција. Мајка ми беше во едната просторија, веќе не е свесна, јас сама во другата просторија, немам со кого да разговарам и тоа што во моментот ми доаѓа како слика, како емоција, морам да го канализирам, да излезе од мене за да имам место за следната, за другото нешто што ќе го донесе другиот ден.

На Фејсбук пишував по еднаш дневно, некогаш двапати… И почнаа да ми пишуваат во инбокс луѓе со кои не сум комуницирала, за да ми кажат дека се препознаваат во тоа што го пишував. Таа емоција почна да допира до многумина и тогаш сфатив дека во неа има нешто универзално со коешто луѓето можат да се поврзат. Така, продолжив сè до еден момент кога реков: завршувам. И тоа беше симболично, на четириесеттиот ден од смртта на мајка ми.

Сашо, како ги доживуваше расказите на Бети? Ти имаше нешто пратено претходно или прво ги читаше на Фејсбук? И каков беше процесот на создавање на твојот дел од книгата?

С.Д.: Секој еден расказ првично го читав таму, на Фејсбук. Потоа ги добив собрани во Ворд документ и ми кажа направи што сакаш со нив 😊.

Нашата авторска соработка почна во 2015 година, со „Варварите сè уште пишуваат поезија“, каде што јас ја направив насловната страница и неколку илустрации во книгата. Потоа беше „Последните голтки“, збирка раскази со мои фотографии и промоција на книгата со еднодневна изложба од тие фотографии. И ова е, всушност, третиот дел од соработката, оној најчистиот, во кој се обидовме да видиме дали можеме да направиме нешто заедно.

И кога ги презедов расказите ги читав, ги остават да отстојат, да ги заборавам, па пак ги читав и така неколку пати. Во суштина, се трудев да ги визуализирам, односно од напишаното да си создадам сопствени траги и да одам по нив размислувајќи која фотографија каде да ја ставам.

Во книгата споив фотографии од мојата архива, од триесетина години, и фотографии од личната домашна архива на Бети, каде што се фотографирани баба ѝ, дедо ѝ и мајка ѝ како малечка. Нејзините текстови се експресивни, но и документарни, ја документираат состојбата на духот во самиот момент, па овие фотографии беа неопходни за потврдување на документарноста.

За книгата е многу размислувано. Од изборот на фотографиите, до тоа каде да се стави колор, каде црно-бела фотографија, каде фотографија на две страници за да се направи некоја синкопа, да ни се даде време да се одмориме или да се создаде дополнителен удар. Taa e, а можеби и може да се нарече, на некој начин, филм низ фотографии. Така, покрај оние фотографии што се „сериозни“, напати може да се сретнат и „козерски“ фотографии кои го разбиваат црнилото за кое станува збор. Генерално, фотографиите се работени со разна техника и технологија, но тоа воопшто не е важно. Важно е само фотографијата да ја следи приказната.

Колку од тоа беше интуитивно – ја гледаш фотографијата, ти буди одредена емоција и велиш „тоа е тоа“?

С.Д.: Многу е интуитивно. Рудолф Арнхајм, кој е психолог, има една книга што се вика „Визуелно размислување“, каде што го објаснува процесот на создавање на сликите во мозокот. Ние не создаваме чиста слика, туку некакви контури и во одреден момент, побудени од нешто, ги повикуваме. И, всушност, тука е таа интерпретација или визуелно прераскажување – значи, фотографијата може да нема никаква врска со текстот што е внатре, меѓутоа има врска со емоцијата што ја предизвикала.

Внатре има само една серија фотографии снимени наменски, а тоа е серијата од Бети со квадратот на Малевич.

Оваа фотографија како да е концептуална визуелна порака што ги заокружува сите останати.

С.Д.: Квадратот го привлекува вниманието, тој е точка на интерес. Мултиплицирањето на фотографиите со квадратот на таа страница е мала визуелна игра, ама кој како сака нека толкува. Фотографот направил добра фотографија само ако успеал да предизвика некаква емоција кај гледачот. Фотографијата може да биде технички сјајна, ама ако нема емоција – целосно безлична.

Е.Б.: Знаеш како, кога ќе ни починат родителите, тоа е крај на едно време, крај на еден дел од нашите животи. Веќе не сме ничии деца, во тој момент се менуваме, стануваме поинакви и мислам дека Сашо сакаше таа промена да ја фати на моето лице. Јас, во дворот на битолската долна гимназија, кој се гледа од балконот на станот на моите во Битола и во кој растевме како деца, фотографирана по смртта на мајка ми.

Какви емоции будат фотографиите покрај твоите раскази кога ја отвораш книгата? Како ги доживуваш?

Е.Б.: Баш така, како крај на една ера, крај на едно време во кое сме живееле сите ние, децата на некоја градската средна класа од еден претходен систем. И сега кога нашите родители починале, тоа време не постои повеќе, завршило. И ние какви што сме биле со нив, повеќе не сме такви.

Во вториот дел од книгата веќе има една нишка на новото, на „зеленилцето“, на децата што доаѓаат да ги заменат родителите и на цикличноста на животот…

Е.Б.: Формално гледано, ние сме нечии деца, нечии родители. Меѓутоа, тие улоги во животот постојано се преиспитуваат, затоа што секогаш доаѓа момент кога ние им стануваме родители на нашите родители, а деца на нашите деца. Се менуваат односите на моќта – кој одлучува во име на другиот, кој треба да слуша, кој обезбедува финансиска поткрепа, кој за кого се грижи… Таков е животот! И таа промена е тука некаде, и во текстовите и во фотографиите.

Мислам дека кај нас, можеби и поради сите општествени промени што ни се случуваат како општество, има суштинска потреба на послободен, уметнички начин да се архивираат нашите сеќавања, семејните приказни, нашата култура. И тоа не на државно ниво, не како системска култура, туку лично – личните, семејни, културни производи. Во неколку од раскасчињата го спомнувам и дедо ми, таткото на мајка ми, и дел од нејзината животна приказна. Од првиот момент ме водеше мислата дека тоа мора да се напише и да се објави како книга, затоа што ако не архивирам јас – кој?! И во книгата имам напишано дека името на некој човек се памети три плус три генерации максимум и потоа доаѓа заборавот. А сеќавањата се премногу скапоцени и премногу посебни за да ги баталиме. Тој што може да архивира ќе архивира и треба да архивира, за да остави нешто за понатаму.

Како дојде до идејата сите раскази да почнуваат со насловот, односно со истата, силна реченица „Во главата пишувам расказ“?

Е.Б.: Почнав со таа мисла – немам каде да напишам, па „во главата пишувам расказ“ и потоа тоа прерасна во рефрен, даваше вовед дека новиот текст е продолжение на истата приказна и некако ги сврза сите.

С.Д.: И ритмиката е тука.

Е.Б.: Да, даде ритам. Имаше луѓе што ми велеа зошто го повторуваш секогаш истото, меѓутоа пишувајќи на Фејсбук мене оваа реченица ми доаѓаше како вирутелна предлошка. Почна доста несвесно и потоа веќе го даде и го одржуваше ритамот на пишувањето.

Мене одлично ми функционира низ целата книга.

С.Д.:: Да, и мене таа реченица, наслов, референца, што и да е, ми помогна за самото подредување на фотографиите. Веќе имав еден однапред подготвен ритам, „Во главата пишувам расказ“, кој знам дека се повторува 64 пати и потоа требаше да се најдат другите ритми за да се добие внатрешниот ритам на целата книга. И Роберт Јанкуловски фино има напишано во предговорот: кога овие фотографии би биле ставени една до една на некоја изложба, не би функционирале. И самите раскази, доколку би се ставиле во некое книже, би биле само некакви кратки цртички. А вака, се компатибилни едни со други и прават комплексна нарација.

Вака книгата нуди и многу начини на читање. Јас прво ги читав текстовите, па потоа само ги разгледував фотографиите, па произволно се задржував или шарав низ текстовите и фотографиите напред-назад… и си создавав трети слики во главата.

С.Д.: Оваа книга првично беше направена како мапа. Мапата се состои од 64 листови со секој од расказите, на кои можеш да си ставиш твоја фотографија и така секој може да си изгради сопствена приказна. Иако тоа е поинтерактивен концепт, сепак со книгата истото може да се прави во главата, што, пак, од друга страна, е многу поубаво.

Е.Б.: Да, медиумот ни беше едно од основните прашања. Иако целава оваа замисла почна на Фејсбук, желбата и на двајцата ни беше крајниот производ да биде класична книга, материјален производ што читателот ќе сака да го има дома, па ќе му се навраќа и секојпат ќе открие во него нешто ново. Мислам дека тоа беше и начин да покажеме дека книгата е жива! Дека дигиталното време не ја убива книгата, дека дигиталниот текст никогаш ја нема истата сентиментална вредност како тој во книгата. Истото е и со фотографијата, човек никогаш не може на истиот начин да се поврзе со фотографија што ја гледа на екран, како со испечатена фотографија што може да ја допре.

Оливера Ќорвезировска во предговорот вели дека си „патентирала една наративна постапка со капсулирање на вистината“. Како би се чувствувала кога и други автори би го користеле твојот „патент“ за капсулирање на својата вистина во исти вакви животни периоди на соочување со смртта на родител/близок?

Е.Б.: Секој може да пишува и да го земе ова како некаков модел, со тоа што универзалното искуство претпоставувам дека ќе биде исто. Сврзното ткиво, секако, ќе биде поинакво. Во расказите има многу сеќавања, референци, цитати на музика, на книги, на филмови со коишто јас сум растела, нешто што ми оставило впечаток, нешто што ми се допаднало… Сепак, во суштина, најбитно е дека човек треба да биде искрен. И можеби силата на ова пишување е токму во искреноста. Додека пишував, тоа беше порив кој беше посилен од мене, без намера со тоа што ќе го напишам да му се допаднам некому.

Сега зборуваме за книгата, ама и генерално мислам дека во пишувањето и во другите уметности основата на секое добро дело е искреноста на авторот – авторот има потреба да каже нешто, сака да го каже тоа и не создава со цел да се додвори на публиката, критичарите или да импресионира колега. Едноставно, суштината мора да биде тој порив, нешто што човек не може да го потисне и, секако, авторот треба да ги владее алатките на својот занает за тоа да може да го спакува професионално. Ете, дојдовме до некој вид рецепт за уметничко дело 😊.

Ја доживувате ли книгава како животно дело?

С.Д.: Рано ни е за животно дело 😊.

Е.Д.: По оваа книга веќе не можеме да се вратиме на тоа што сме го правеле претходно. Ако кажеме дека е животно дело, треба да ставиме точка и да се пензионираме. Затоа, можеби не е животно дело, меѓутоа е одредница која носи голема одговорност. Барем јас ја чувствувам така, дека она што ќе дојде по неа треба да биде многу подобро.

С.Д.: Апсолутно е таква обврска. Што се однесува до тоа колку е добро делото, ќе каже времето. Ние сме научени авторите и делата пребргу да ги прогласуваме за нешто, а во суштина без разлика дали е литература или фотографија, тоа што сме го направиле треба некој да го верифицира. А тоа не може да се направи сега, мора подоцна!

Насловна фотографија: Денис Јагџи © 2022

Останатите фотографии: Домашна архива на Е.Б. и лична архива на С.Д.

YEA at Exit Festival in Novi Sad

YEAs are back at the EXIT Festival!

​And the Young European Ambassadors will join the festival to present their Network and engage attendees in their many activities at the Petrovaradin Fortress.

Did you know? ​EXIT is an award-winning summer music festival that takes place every year in Novi Sad, Serbia.

 

Subscribe To our newsletter!