рак на дојка Archives - Europe House

Розов октомври во Europe House Струга: Лични приказни, поддршка и свесност за ракот на дојка

Октомври е месец посветен на зголемување на свесноста за ракот на дојка, како и за важноста на раното откривање и превенцијата. Но, октомври отвора можност и да разговораме за теми за кои не се зборува доволно често – стравот, неизвесноста, искуствата од лекувањето и поддршката што им е потребна на жените и нивните семејства.

Токму таков искрен и отворен разговор се случи во Europe House Струга на настанот „Розов октомври“, организиран во соработка со Општина Струга и Црвениот крст – Струга.

Преку личните сведоштва на неколку храбри жени, присутните имаа можност да слушнат за различните искуства со болеста и предизвиците што таа ги носи со себе. Моника Матоска, која веќе пет години е #cancerfree, беше една од нив. Таа ја сподели приказната за својата лична борба со ракот на дојката – од соочувањето со дијагнозата и процесот на лекување, до животот по надминување на болеста.

Слушнавме и интимни сведоштва за тоа како изгледа загубата на блиска личност, кои ја отвориja димензијата за болката и тагата што ги носи оваа борба и кај членовите на семејствата.

За психолошките предизвици со кои се соочуваат пациентите и нивните семејства, разговаравме со психотерапевтката Арта Пошка Ќоку. Во фокусот беа стравот и неизвесноста, но и значењето на психолошката поддршка во текот на лекувањето и закрепнувањето.

Настанот беше збогатен и со тематска изложба на Флора Шазимани и Христијан Милошески, кои преку своите дела понудија свое уметничко толкување на предизвиците и издржливоста на жените кои се соочиле со ракот на дојка.

Разговорот беше искрен и емотивен, но пред сè важен потсетник дека никој не треба да поминува низ вакво искуство сам.

Подигнувањето на свесноста подразбира и охрабрување за редовни здравствени прегледи, информирање за превенцијата и раното откривање, како и создавање заедница во која жените ќе се чувствуваат слушнати и поддржани.

Свесноста ја поттикнуваме во октомври. Поддршката ја даваме во текот на целата година.

Subscribe To our newsletter!