преведувач Archives - Europe House

Владимир Јанковски: Ако нема страст за другиот нема ни култура

Разговараше: Наташа Атанасова

Владимир Јанковски е човек што ја дише книжевноста. Долгогодишен уредник во македонското издаваштво, познавач на книжевните состојби во земјава, во регионот, па и во светот и преведувач кој на македонски има преведено еден куп книги од многу значајни автори.

Владимир е човек со особен интерес ја истражува темата на градот, сака да продира длабоко во релациите меѓу луѓето и меѓу луѓето и градовите. И човек кој секогаш има безброј прашања за сè и сите околу него.

Неговото назначување за амбасадор на наградата за млади преведувачи „Вавилон“ оваа година беше поводот за овој разговор, кој љубопитно прошета низ повеќето негови полиња на работа и на интерес.

Оваа година беше назначен за амбасадор на Наградата на Делегацијата на ЕУ за млад преведувач  „Вавилон“. Што значи за тебе оваа нова, амбасадорска улога, Владимир?

Наградата на ЕУ за млад преведувач „Вавилон“ е исклучително важна иницијатива. За мала култура како нашата, преводите се начин да се биде во дослух со другите култури, со меѓународната книжевна продукција. Ние како книжевна и културна средина сме осудени на превод. И тоа е добро. Тоа ни овозможува да знаеме многу повеќе за другите отколку што тие знаат за нас. Во нашата земја се преведуваат и објавуваат многу книги, слободно можеме да кажеме дека ги следиме, пред сè, европските трендови. Но, никогаш не е доволно. Во светот постојано се појавуваат нови книги, нови книжевни имиња, нови тенденции. Многу е важно да се следат книжевните текови со постојана поддршка на издавачите. Културата, по дефиниција, е доближување до другиот, дијалог, разбирање. Ако нема страст за другиот нема ни култура. Во тој меѓукултурен дијалог, преведувачите имаат клучна улога. Затоа постојано треба да се истакнува нивната работа и да се сензибилизира јавноста за важноста на преводот и преведувачите. Преведувачите мора да имаат системска поддршка за подобро извршување на својата работа. Исклучително е важно да се создаваат и поддржуваат младите преведувачи, кои треба да бидат иднината на преведувачката активност кај нас. Добар преведувач се гради со години. На почетокот е значајно формалното образование, а потоа на преведувачите треба да им се даде можност да работат. Да преведуваат конкретни дела, да имаат можност тоа што го превеле да го објават, да се унапредуваат соочувајќи се со јавноста и со судот на јавноста. Во иницијативата за наградата „Вавилон“ на убав начин е комбинирана потребата за зголемување на видливоста на улогата на преведувачите, професионалната поддршка за младите преведувачи и валоризацијата на трудот на младите преведувачи. Затоа, за мене оваа улога е исклучителна. Ќе имам можност да им помогнам малку на моите помлади колеги преведувачи, со тимот на Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ) ќе понудиме дополнителни обуки, работилници и консултации за младите преведувачи, а на крајот сето тоа ќе се заокружи со доделувањето на наградата „Вавилон“. Особено ми е мило што во амбасадорската улога ги наследувам Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски, кои се одлични писатели и преведувачи.

Имаш преведено повеќе од 30 книги од значајни светски и регионални автори, меѓу кои се Атвуд, Сонтаг, Угрешиќ, Каракаш… Преведуваш од хрватски и од англиски јазик. Кој превод ти има зададено најголеми преведувачки маки и дали тој ти е воедно и најдрагиот?

Не можам конкретно да кажам кој превод ми создал најголеми преведувачки маки, зашто се обидувам на секој превод да му пристапам од авторски аспект. Секој текст во себе крие некакви загатки и стапици за преведувачот. Од моето искуство можам да кажам дека многу често кога некој текст додека сум го читал во оригинал ми се чинел лесен за превод се случувало при преводот да се појават многу повеќе проблеми отколку што тоа се чинело на почетокот. Преводот често е поминување низ минско поле од навидум нерешливи јазични бомби. Ако во еден јазичен систем нештата изгледаат јасни, прецизни и едноставни, тоа не значи дека таквата јасност, прецизност и едноставност лесно ќе биде пренесена во друг јазичен систем. Преведувањето ме има научено секогаш да бидам сомничав кон себе, а претпазлив кон текстот. Да го третирам делото како да е мое, да се обидам да го пресоздадам на македонски јазик како јас да сум го пишувал на македонски јазик. Преведувањето е многу благородна активност зашто првенствено си посветен на текстот на другиот, на книжевноста и гласот на авторот. Со тоа се даваш себеси за нечиј друг текст. А не за својот, на пример, што е случајот кога пишуваш сопствени дела. Затоа и одговорноста при преведувањето е поголема отколку при пишувањето.

Имаш ли преведувачка рутина? Како изгледа периодот кога преведуваш некоја книга, кој обично трае со месеци? И како тоа се испреплетува со твоето пишување?

Немам преведувачка рутина. Го читам текстот и размислувам за книгата не само додека ја преведувам, туку и додека ги правам другите мои активности. Понекогаш некаква грешка или решение за текстот може да се појави на најнеочекувани места – додека возам велосипед, готвам или се туширам. Тоа го дава одговорот на второто прашање – како преводот се испреплетува со пишувањето. Се испреплетува на многу начини. Преку лексиката, зашто при преведувањето се случува да пронајдам збор во македонскиот јазик кој сум го подзаборавил или ретко го употребувам. Преку некој поглед за стварноста и за животот на некој од ликовите. Преку решенија на авторот што се однесуваат на стилот, кои претходно не сум ги познавал. Преведувањето, исто како и читањето и пишувањето, е процес во кој постојано ги учиш техниките на пишување, модалитетите и начините што ти стојат на располагање како најсоодветно да го кажеш она што сакаш да го кажеш.

Додека пишуваш и преведуваш во ист период, дали се случува стилот или идеите на авторот што го преведуваш да ти повлијаат?

Како што кажав погоре, да. Секако. Но, за разлика од некои писатели кои не сакаат „влијанија“, јас не се плашам од влијанијата. Влијанијата на другите писатели можат само да помогнат во моето пишување. Како што и влијанијата на филмот, музиката, театарот, сликарството можат да помогнат при пишувањето. На пример, често кога пишувам одредена сцена, се обидувам да ја напишам и како сценарио за филм. Значи, малку соголена на ниво на книжевни описи, со малку повеќе дијалози, со малку поголема свесност за визуелниот аспект, за сценичноста. И потоа од таа верзија да научам нешто за сцената претворена во литературен текст. А стилот на другите автори – за стилот отсекогаш сум размислувал како за алатка на писателот. Како нешто што авторот го користи за да го напише она што планирал да го напише. Како и кај занаетчиите и работниците, колку повеќе алатки имаш на располагање, толку полесно и попрецизно ќе го изработиш замисленото.

Кои се твоите книжевни предизвици периодов? Со што се занимаваш – што читаш, што преведуваш, (за) што пишуваш?

Преведувам два тинејџерски романи од една ирска писателка. Ја читам книгата „Нема мапа за удавените; морски Аушвиц“ од албанскиот писател Аријан Лека.

А што те возбудува? Кој бил последниот автор што те воодушевил? И зошто?

Последно воодушевување ми беше Карл Уве Кнаусгор со серијалот од четири книги „Во есен“, „Во зима“, „Во пролет“ и „Во лето“. Ме воодушеви зашто Канусгор е мајстор од ништо, поточно од сè, да создава литература. Интензивна и зашеметувачка литература, иако на прв поглед се чини дека зборува за сосема банални нешта.

„Треба да се прифати хаотичноста на животот. Неговата несреденост, неговите нерамнини, нелогичности, немарности. Тоа дека сè што сме направиле едноставно не може да се стави во некаква целина. Зашто целината често е само прокрустова постела од која пресекуваме голем број додатоци или издолжуваме детали за да го зголемиме нивното значење.“

„Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски

Кај нас, дали поради тоа што сме мала средина или поради нешто друго, луѓето што се занимаваат со книжевност, а и со другите уметности, неретко знаат да се расплинат, па да бидат професори, писатели, преведувачи, издавачи, уредници, критичари… Како гледаш на овој феномен? Што позитивно, а што негативно произлегува од ова во поглед на нашата книжевна сцена и на нашата книжевност, воопшто?

Тоа расплинување е нормално зашто луѓето што се занимаваат со книжевност не можат да живеат само од својата книжевност. Позитивното од тој феномен е што тоа ти овозможува малку да ја смениш својата улога, да излезеш од чевлите кои ти се најудобни, да ја смениш перспективата за важноста и нужноста на она со кое се занимаваш. Твојата писателска работа да ја ставиш во перспектива на твојата друга работа. Негативното е тоа што голем број од писателите се прекарни работници, немаат егзистенцијална сигурност и не можат толку посветено и квалитетно да се занимаваат со нивната првична активност. Ако нашето општество дојде до ситуација во која пишувањето ќе биде приватна професија, која нема да има некакво порелевантно и посуштинско значење надвор од таа приватност, тогаш квалитетот на нашата книжевна сцена и нашата книжевност ќе опаѓа, а литературата ќе станува невидлива и нерелевантна.

Низ твоите романи градот е секогаш рамо до рамо со главните ликови. Релациите меѓу луѓето се поставени на исто рамниште со релациите меѓу човекот и градот / луѓето и градовите. Можеби ќе звучи премногу антропоцентрички, меѓутоа дали му фали на Скопје од луѓето што живеат во него една таква почит, како кон човек?

Да, секако. Скопје во овој момент е град кој чудно, нелогично и малку насилно бабри. Ќе видиме што од тоа бабрење ќе произлезе – дали ќе се распрсне во лицето на своите жители или ќе се развие во нешто поубаво од тоа што е сега.

Ја имаш ли прифатено „хаотичноста на животот, неговата несреденост, неговите нерамнини, нелогичности, немарности“? И колку во тоа може да помогне „брусењето на мислите, на однесувањето, на зборовите, на живеењето“?

Животот е хаотичен, несреден, полн со нерамнини, нелогичности, немарности. Многу често литературата се обидува сите тие нешта да ги среди, космизира, на тој начин што ги бруси мислите, од однесувањата создава ликови, модели и архетипови, од хаотичноста на животот приказни со почеток, конфликт, заплет, драма, расплет, епифании… создава значење од сето тоа што животот постојано го продуцира. Значи, литературата може да помогне. Таа често е и внатрешен глас на кохезијата која е во потрага по заокруженост, но и надворешна формирана целина на смислата.

Конкурс за најдобар млад преведувач 2022

Делегацијата на Европската Унија во Скопје во соработка со Здружението за преведувачи и толкувачи ЗПРТ со задоволство го објавува конкурсот за најдобар млад преведувач 2022. Повеќе детали во продолжение:

Subscribe To our newsletter!