Europe House Archives - Europe House

Вистина или лажна вест: Europe House ги повикува младите да ја испробаат „ESCAPE FAKE”

Можеш ли да препознаеш што е вистина, а што е лага на интернет? Escape Fake, интерактивна игра со проширена реалност преку која младите учат да препознаваат лажни вести, манипулирани фотографии и дезинформации, сега е достапна и на македонски и албански јазик. Играта е бесплатна, може да се игра на мобилни телефони и таблети, а покрај двата јазика е достапна и на осум други европски јазици.

Во време кога дезинформациите и содржините создадени со вештачка интелигенција стануваат сè потешки за препознавање, Europe House мрежата ги повикува младите да ги тестираат своите вештини за критичко размислување преку игра. Наместо традиционални предавања, Escape Fake нуди интерактивно искуство во кое играчите истражуваат сомнителни информации, решаваат загатки и откриваат како дигиталните содржини можат да бидат манипулирани за да влијаат врз нашите ставови и одлуки.

Како дел од Деновите на медиумска писменост 2026, од 26 до 30 октомври Europe House организира интерактивни работилници за средношколци, на кои учениците имаат можност да ја испробаат играта и преку практични примери да научат како да препознаваат дезинформации.

Развиена во Европската Унија со поддршка на програмата Креативна Европа, Escape Fake ги води играчите низ интерактивно патување во светот на дезинформациите. Со помош на Хана, етички хакер и историчар, играчите истражуваат две мисии. Во „Музеј на дезинформации” откриваат историски фалсификати, манипулирани фотографии и „дипфејк” содржини, додека во „Ситуација во автобусот” истражуваат вирална лажна приказна, проверуваат извори и учат да препознаваат фишинг, сомнителни профили на интернет и дигитални манипулации.

Во рамки на работилниците, учениците учествуваат и во дискусии и практични вежби преку кои искуството од играта го поврзуваат со секојдневните ситуации на социјалните мрежи. Целта е младите да се охрабрат да ги преиспитуваат информациите што ги гледаат на интернет, да ги проверуваат изворите пред да споделат содржина и да развиваат вештини за носење информирани одлуки во дигиталниот свет.

Преку оваа иницијатива, Europe House и Делегацијата на Европската Унија сакаат да покажат дека учењето за медиумската писменост може да биде интересно, интерактивно и достапно за сите. Препознавањето на дезинформациите не е само корисна вештина, туку и важен дел од одговорното учество во дигиталниот свет.

Подготвен си да ги разоткриеш лажните вести? Europe House ги повикува младите, учениците и сите заинтересирани да ја испробаат „Escape Fake”, да ги тестираат своите знаења и преку игра да откријат како да се заштитат од дезинформации и манипулации на интернет.

„Escape Fake” е бесплатна и достапна за сите заинтересирани. Преземете ја апликацијата и започнете со играта.

 

Младите играа во Скопје…

…и во Струмица

А се играше и во Струга

…и во Велес

„Студентите ја креираат агендата“ – серијата дијалози со евроамбасадорот започна на УКИМ

Денес, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, се сретна со студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) во рамките на првото издание на „Студентите ја креираат агендата“ – серија универзитетски дијалози во која младите самите ги избираат темите за кои сакаат да разговараат.

Оваа иницијатива, организирана од Делегацијата на Европската унија и Europe House, во партнерство со Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и Студентарија, ги става студентите во центарот на разговорите за нивната иднина. Целта е да им се отвори простор да ги постават своите прашања, да ги споделат своите искуства и директно да разговараат со евроамбасадорот за своите очекувања и приоритети.

Студентите самите ги предложија и избраа темите за дискусија, а активно го насочуваа и текот на разговорот, преземајќи ја на тој начин иницијативата во свои раце. Тие покренаа прашања поврзани со евроинтеграциите на земјата, владеењето на правото, можностите за младите и нивната улога во обликувањето на иднината на земјата.

Амбасадорот Рокас ја истакна важноста на обновената доверба, политичката посветеност и континуираните реформи – особено во насока на зајакнување на независноста и ефективноста на институциите – како клучни чекори за напредок на европскиот пат на земјата.

Тој се осврна и на можностите што ги нуди ЕУ, меѓу кои и програмата „Еразмус+“, охрабрувајќи ги младите да стекнуваат меѓународно искуство, знаењето да го вратат дома и да преземат поактивна улога во јавниот живот, придонесувајќи за позитивни промени и создавање подобри можности за идните генерации.

„Навистина уживав во денешната средба со студентите на УКИМ во Скопје. Претставуваше освежување да се чујат нивните прашања, идеи и грижи, и да се оствари толку отворена и искрена размена на мислења. Младите имаат многу што да кажат за својата иднина, а ние треба да ги сослушаме. Ваквите разговори нè зближуваат и ни помагаат да создадеме подобра иднина. Но, не станува збор само за слушање. Младите треба да имаат вистински глас и во донесувањето одлуки што влијаат врз нивните животи и врз иднината на нивната земја“, изјави евроамбасадорот Рокас.

Средбата на УКИМ е прва од серијата посети што евроамбасадорот ќе ги оствари на универзитетите низ земјата во рамки на иницијативата „Студентите ја креираат агендата“ (Students Set the Agenda). Целта е непосредно да се слушнат ставовите на младите за европската иднина на Северна Македонија и за улогата што сакаат да ја имаат во нејзиното обликување.

Овој серијал е во организација на Делегацијата на Европската Унија и Europe House, во партнерство со универзитетите во Северна Македонија и „Студентарија“ – најголемата студентска платформа предводена од млади. Во текот на академската година, студентите од целата земја ќе имаат можност да ги стават своите приоритети на агендата на евроамбасадорот.

Еднакви на стартот, еднакви во спортот: Europe House и Women Power Cup на Скопскиот маратон

Спортот не е само простор за натпревар, туку и простор за еднакви можности, самодоверба и инклузивност.

Токму со таа идеја, Europe House ги здружи силите со Women Power Cup и се приклучи на 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон преку иницијативата „Носи ја промената“ (Wear the Change) – заедно со жените и девојките кои спортуваат, се натпреваруваат, инспирираат и постојано ги поместуваат своите граници.

Заедничкиот маратонски настап беше дел од активностите со кои Europe House ја одбележа Европската недела на спортот, која започна на 23 септември и донесе низа спортски активности и иницијативи низ целата земја, со порака дека спортот е за сите – без оглед на возраста, полот или способностите.

Повеќе од трка

За да се истрча маратон, потребни се издржливост, дисциплина и упорност. Но, спортувањето не започнува на стартната линија. Тоа е здрава навика, посветеност, рутина и личен избор спортот да стане дел од секојдневието.

Нашиот Europe House тим и спортистките од Women Power Cup од Кочани, со заедничкото учество на Скопскиот маратон, испратија силна порака за поголема инклузивност и родова еднаквост во спортот. Сакавме да охрабриме што повеќе девојки и жени да го откријат спортот како простор за личен развој, поврзување и нови достигнувања.

Women Power Cup ја донесе енергијата на женскиот спорт, движењето и женската сила – на теренот, но и во општеството. А преку „Носи ја промената“ – иницијатива на Делегацијата на Европската Унија и Europe House мрежата – се отвора простор за разговор, нови идеи и промена кон поголема родова еднаквост.

Преку спорт до еднаквост

На најголемиот спортски настан во земјата, во маратонската, полумаратонската и штафетната трка „ЕУ за спорт“, годинава учествуваа рекордни 15.050 натпреварувачи од 63 земји. Од натпреварувачите кои ја завршија маратонската трка, 77 беа жени, наспроти 518 мажи.

Овие бројки покажуваат дека пред жените во спортот сè уште стојат предизвици, но и дека секое учество придонесува кон поголема видливост и поголеми можности.

Зашто во маратонот, како и во секоја друга спортска дисциплина, секој чекор е важен. А промената се случува тогаш кога ќе одлучиме да продолжиме да чекориме напред.

Преку својата целогодишна иницијатива „Носи ја промената“ и учеството во Скопскиот маратон, Europe House уште еднаш порача: да бидеме активни, да ги поддржуваме жените во спортот и да создаваме простор во кој секој има можност да учествува, да се натпреварува и да напредува.

Вклучи се и ти. Направи чекор понатаму. Носи ја промената.

Subscribe To our newsletter!