За жал, немаме планета Б - Europe House

29 Mar

BACK

За жал, немаме планета Б

За жал, немаме планета Б

По завршувањето на многубројните проекти, со завршувањето на грантовите и предавањето на завршните извештаи, речиси 50% од проектните решенија, новите сознанија и предлозите завршуваат во кабинетите на истражувачите и во фиоките и архивите на институциите.

Пишува: д-р Анита Грозданов, редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Секојдневниот живот и трката за негово унапредување и олеснување носат многу нови технолошки решенија и предизвици кои се придружени и со многу негативни последици. За жал, последиците многу пати се такви што оставаат трајни нарушувања на природната рамнотежа која сериозно се заканува на нашата планета во повеќе сектори. Климатски промени, намалени/или комплетно испразнети природни извори на многу суровини, загадени океани и мориња, загадена животна средина…

Сведоци сме на многубројни конференции, усвоени и потпишани многубројни стратегии и декларации на меѓународно и на национално ниво за регулирање и контрола на сите загадувачи, емисии и имисии во сите медиуми, на сите ресурси. Во рамките на големите истражувачки програми (HORIZON, LIFE) се изработени огромен број проекти со иста крајна цел: „Чиста и безбедна животна средина“ и „Одржлив развој, одржливо живеење“. Навистина, од сите тие проекти добиени се прекрасни и високоефикасни решенија и модели кои доколку се имплементираат, со сигурност ќе овозможат почиста животна средина, поубава и побезбедна иднина на нашата планета Земја.

За жал, по завршувањето на многубројните проекти, со завршувањето на грантовите и предавањето на завршните извештаи, речиси 50% од проектните решенија, новите сознанија и предлозите завршуваат во кабинетите на истражувачите и во фиоките и архивите на институциите.

Идеите, активностите и борбата за „чиста и безбедна животна средина“ и „одржлив развој и одржливо живеење“ се дел од програмите и агендите на сите политичари, на државно и на локално ниво. Особено во предизборните кампањи, кога сите тие идеи и политики се силно пропагирани и објаснувани во сите и со сите маркетиншки средства. Ветувањата се безрезервни и безусловни само за да се освојат посакуваните функции и позиции. Целата борба и сите тие силни заложби завршуваат со усвојувањето на функцијата и седнувањето во удобните кабинети и фотелји.

За жал, активната борба за „чиста и безбедна животна средина“ и „одржлив развој, одржливо живеење“ завршува тука и многубројните замисли стануваат бавни, млаки, дел од говорите кои и понатаму ќе ги држат говорниците на разни собири и конференции, или пак дел од опозициските движења на секое ниво.

Големите кризи и катастрофи, на локално и на меѓународно ниво (пандемијата на ковид-19, енергетската криза со војната во Украина, земјотресите во пошироки појаси на Земјата) секогаш го потсетуваат човекот на некои од грешките (нездравото живеење и нарушеното светско здравје на луѓето, лошата распределба на превласта на главните енергенти за сите животни активности – од електричната енергија преку горивата дури до храната, лошото менаџирање на градењето на градовите и урбаните средини). Бидејќи екосистемските услуги главно се сметаат за економско опкружување, тие немаат цена и поради тоа се прекумерно искористени и деградирани, состојба што понекогаш се нарекува „заедничка трагедија“. Последиците од сите нив, за целата планета Земја и целото човештво се катастрофални.

Општествените нарушувања како војна, криминал и корупција ги одземаат ресурсите од оние области што претставуваат најголеми човечки потреби, го оштетуваат капацитетот на општествата за правење планови за иднината и во принцип се закануваат на благосостојбата на човекот и на животната средина.

Исцрпувањето на природните ресурси, вклучувајќи ја и свежата вода, ја зголемува веројатноста за „војна за ресурси“. Овој аспект на одржливоста се нарекува еколошка безбедност и создава јасна потреба за глобална еколошка согласност за управување со ресурсите како што се водоносните слоеви и реките што ги пречекоруваат политичките граници, и за заштита на заедничките глобални системи како океаните и атмосферата.

За жал, сите луѓе – функционери од највисоко до најниско ниво (на меѓународно и на локално ниво) стануваат дел од системската бирократија. Функцијата се искористува за да се стане дел од власта која ќе управува со ресурсите (многумина јавно или затскриено стануваат и сопственици на ресурсите), дел од структурите кои ќе ги контролираат ресурсите и емисиите/имисиите на локално, регионално и меѓународно ниво.

Бидејќи, ЗА ЖАЛ, НЕМАМЕ ПЛАНЕТА Б, останува онаа најосновната, но најсуштинска задача и активност на сите нас. Колку и да звучи дека сме во 21 век и дека тоа е веќе во голема мера завршена работа, мислам дека не е и дека сè уште е отворена за интензивна работа. Мораме да работиме на СВЕСТА на сите нас, луѓето, од најмалите до највозрасните, да се менуваме и усогласуваме за подобра и почиста животна средина. Конечно, сè што ќе научиме и ќе стекнеме ново знаење и искуство – да го применуваме од истиот момент. Покрај другите знаења, сите млади генерации треба да имаат важни предмети за изградување на нивната свест за чиста животна средина. Политичарите и функционерите да ја остават и да ја тргнат алчноста од ресурсите и енергентите на човештвото. Светските лидери да ги остават воените пресметки и военото профитерство во историјата и да ги насочат своите идеи и сили во трките чија цел е да се постигне и обезбеди подобра и почиста животна средина.

Сеопфатно заснованите стратегии за повеќе одржливи општествени системи вклучуваат: развиено образование и политичка еманципација на жените, особено во земјите во развој; поголемо почитување на општествените права, еднаквост помеѓу богатите и сиромашните, како во внатрешноста така и помеѓу државите; и меѓугенерациска еднаквост.

Повторно и повторно може да звучи утопистички, или професорски, но тоа мора да биде така. Ако не се случи тоа, ако децата и учениците растат без изградена свест каде да ја фрлат амбалажата од кроасанот и сендвичот, лименката или шишето од сокот, ако политичарите ја практицираат власта само за брзо богатење преку остварување процент од сопствеништво на ресурсите на енергентите (централите на фотоволтаици, ветерници, мали хидроцентрали) – тогаш филмовите и апокалиптичните сценарија од фантастичните филмови полека ќе стануваат реалност – ЗА ЖАЛ, НЕМАМЕ ПЛАНЕТА Б.

–  д-р Анита Грозданов, редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Subscribe To our newsletter!