Новости Archives - Page 6 of 13 - Europe House

Европска недела на мобилност раздвижи илјадници граѓани низ земјата

Kачи се на велосипед и намали го загадувањето!

Oваа година, Europe House, ја одбележа Европската недела на мобилност, повикувајќи илјадници луѓе од сите возрасти да учествуваат во активности што придонесуваат за алтернативни транспортни решенија. Почнувајќи од 16, па сѐ до 22 септември, агендата што ја подготви Europe House за оваа кампања актуализираше интересни настани и различни спортски активности во повеќе градови низ нашата земја. Истовремено, кампањата вклучуваше работилници, панел-дискусии и изложби од повеќе сфери на културниот и интелектуалниот живот.

Што претставува Европската недела на мобилност?

Европската недела на мобилност е водечка кампања иницирана од Европската комисија со главна цел – подигнување на свеста за одржлива урбана средина и поттикнување на здрав начин на живот. Кампањата промовира користење на алтернативни превозни средства, како што се велосипедите, јавниот превоз и други транспортни решенија што интелигентно ќе придонесат кон заштита на животната средина и ќе го намалат загадувањето во градовите. Впрочем, со оваа недела на мобилност се поттикнува едно поинакво однесување кон сиот транспортен систем. Примарната цел на кампањата е да се даде приоритет на алтернативниот превоз, односно да се охрабрат луѓето повеќе да пешачат и да возат велосипеди и притоа да го одбегнуваат пасивниот транспорт со автомобили, што има штетно влијание врз градскиот пејзаж и животната средина.

Зошто треба да се користи алтернативен транспорт?

Активниот алтернативен транспорт (пешачење, возење велосипед и користење на јавен превоз) нуди мноштво придобивки, како за животната средина, така и за општата благосостојба кај луѓето. Прво, ги намалува емисиите на стакленички гасови, придонесувајќи за почист воздух и поздрава планета; дополнително, го ублажува сообраќајниот метеж и загадувањето на воздухот што произлегува од издувните гасови на автомобилите. Покрај тоа, овие начини на патување поттикнуваат физичка активност, што резултира со зголемена кондиција, намален стрес и подобрено ментално здравје кај поединците. Истовремено, со практикувањето на алтернативен транспорт се воспоставува силно чувство на заедништво, луѓето почнуваат да се социјализираат едни со други, а едно обично возење до работа или училиште може да прерасне во прекрасна дружба. Во суштината, одбирањето на активен транспорт не само што ја заштитува нашата животна средина и природата туку и го подигнува квалитетот на животот на поединците и ја зацврстува заедницата.

Што се случуваше во Битола?

Европската недела на мобилност во Битола почна со планинарска прошетка низ Националниот парк „Пелистер“, а потоа продолжи заедно со Здружението на граѓани за заштита и унапредување на животната средина „Еко-логик“ во паркот на шеталиштето во Битола. Таму беше организирана работилница за бојадисување и механичко поправање велосипеди, каде што учесниците научија како да ги поправаат и да ги декорираат своите велосипеди.

Што се случуваше во Велес?

Велес беше домаќин на неколку настани по повод одбележувањето на Eвропската недела на мобилност. Во соработка со Европската недела на спортот (од 23 до 30 септември) се организираше турнир во пинг-понг. Потоа, Денот без автомобили во Велес беше одлична шанса да се популаризира велосипедизмот како алтернативно превозно средство, а младите ученици од основното училиште „Маца Овчарова“ имаа можност да се приклучат на вело-трката и да се забавуваат со различни игри во рамките на настанот. Неделата на мобилност ја збогати и уште еден настан, панел-дискусијата „Заедно за подобро утре“, која ја организираше Општина Велес заедно со Здружението на лица со церебрална парализа – Велес. Во Europe House Велес, во организација на Здружението на граѓани „Велес Бајкинг“, се одржа уметничка поставка каде што беа изложени велосипедска опрема и голем број велосипедски достигнувања за време на една декада од нивното постоење.

Што се случуваше Скопје?

Во главниот град се одржа велосипедската трка на скејтерскиот полигон кај Олимпискиот базен, во соработка со „Еко-логик“, а по повод Европската недела на мобилност. Истовремено, голем број дечиња беа дел од уште едно прекрасно случување во Градскиот парк исполнет со многу авантури, интересни спортски активности и уметност. Овој културно-уметнички спој во комбинација со традиционалниот вело-родео натпревар беше успешен настан исполнет со голем број предизвици и на кој присуствуваа љубопитни граѓани од најразлични возрасти.

Што се случуваше во Крива Паланка?

Во просториите на Europe House Крива Паланка се одржа панел-дискусија, каде што младите разговараа за еколошки теми и се запознаа со начините на кои можат да дејствуваат во подобрувањето на животната средина преку алтернативните форми на мобилност. На овој настан се надоврза уште една панел-дискусија во организација на КК Крива Паланка, со професорката Џенифер Хофман од Центарот за лидерство во спортот при Универзитетот во Вашингтон, и Надица Јовановиќ, за важноста на тимската работа и лидерските вештини стекнати преку спортот. Европската недела на мобилност во Крива Паланка се затвори со Фамилијарната авантуристичка зелена прошетка во шумата Стара Вада.

Што се случуваше во Кратово?

 Нема нешто помедитативно од истражување на градот преку велосипед. Во сончевото септемвриско утро, кратовската младина ја одбележа Европската недела на мобилност, возејќи велосипеди низ улиците на градот, низ тесните сокачиња на калдрмата. Уште еднаш се докажа дека не постои посигурна и позелена алтернатива за транспорт за извршување на основните потреби: одење на училиште, работа, средби со друштвото и прошетки низ градот.

Што се случуваше во Струмица?

Струмица, по третпат, и оваа година прослави прекрасен настан: Ден без автомобили – Парада за нулта емисија на штетни гасови, по повод Европската недела на мобилност. Струмичани, а особено младите од Струмица се доказ дека алтернативниот транспорт во голем дел може да го замени превозот со автомобили и со тоа да се поттикне поголема свесност за крупните климатски прашања – одржување на чиста и зелена околина.

Што се слулуваше во Дојран?

По првпат оваа година Дојран беше дел од Европската недела на мобилност и заедно со уште 43 земји во Европа и светот стана дел од глобалната недела на урбана мобилност. Младите од Дојран се вклучија во промоција на велосипедот како алтернативно средство за превоз, со цел да се подигне свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.

Големиот одѕив за сите овие активности покажа дека луѓето навистина се интересираат да пронајдат алтернативен превоз, односно да најдат превоз што нема да има трајни негативни последици на животната средина. Европската недела на мобилност продолжува во Европска недела на спортот, каде што ќе се стави акцент на физичкото и психичкото здравје на младите, преку различни активности, забава, рекреативни спортски настани, како и панел-дискусии, чија главна цел е подобрување и продуховување на менталниот и физичкиот состав на луѓето.

Оваа кампања беше вистинска шанса да се испробаат алтернативните сообраќајни мерки во урбаниот простор на градот и да се истражат новите можности за нивно користење во подобрувањето на квалитетот на животната средина. Секогаш можат да се пронајдат практични решенија што ќе придонесат за решавањето на клучните прашања за градската инфраструктура; меѓу кои најбитниот проблем на денешницата – загадувањето на воздухот. Со учеството во овие настани се подигнува свеста за еколошките предизвици со кои се соочува светот денес, а граѓаните ќе можат самите да заклучат дека, навистина, со изборот на алтернативен превоз значително може да се подобри состојбата на сообраќајот и околината.

Доротеа Огненовска

Митската авантура: Скопските шумски суштества и како да ги пронајдеш!

Денес, заедно со 10 млади истражувачи бевме во незаборавна забавно-едукативна авантура низ зелените предели во Скопскиот градски парк!

Учесниците со помош на специјална рачно изработена „Митска мапа“ и „Магичен прирачник“, неколку сетови на специјално дизајнирани карти, токени, тајни насоки, загатки, кодови и предизвици, креираа една целина и создаваа волшебни приказни.

Оваа невообичаена авантура по повод „Европски денови на наследството 2023“ ја креиравме заедно со HAEMUS ,Млад истражувач и Storytelling Skopje , а беше предводена од археологот м-р Василка Димитровска.

Со нетрпение ја очекуваме и интерпретациската обука: Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот туризам.

May be an image of 3 people, people studying and book

May be an image of 2 people

May be an image of 1 person, map and text

May be an image of 1 person

Архитектонски конкурс: „Скопје на новата генерација“

Обликувај ја иднината на Скопје и остави свој белег

Преглед

Одбележувајќи 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Europe House со гордост го објавува архитектонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“. Ги покануваме младите архитекти и урбанисти да донесат свежи идеи што ќе го трансформираат Скопје во поинклузивен и попристапен град. Овој конкурс е повеќе од натпревар за најдобар дизајн; тој е мисија да се подобрат запоставените простори и да се направи градот подобар за сите.

Зошто да учествувате?

  • За да го разубавите Скопје: Конкурсот ви дава можност да внесете нов живот во старите и заборавени градски делови.
  • За да освоите парични награди: Не само што ќе придонесете за архитектурата на градот туку и ќе имате шанса да освоите до 1.500 евра.
  • За да стекнете признание: Група експерти од врвни универзитети и организации ќе го разгледаат вашиот предлог, што ќе ви даде можност да добиете професионално признание.

Кој ќе оценува?

Предлозите ќе ги оценуваат експерти од престижни образовни институции, како што се Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), МИТ Универзитетот, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Сите предлози ќе бидат анонимни, со што се обезбедува фер и еднаква можност за сите учесници.

Важни датуми:

  • Почеток на конкурсот: 4 септември 2023 година
  • Краен рок за доставување на предлозите: 22 октомври 2023 година
  • Краен рок за поставување прашања: 18 септември 2023 година (одговорите ќе бидат објавени на 25 септември)
  • Церемонија на доделување награди и изложба: 13 ноември 2023 година

 

Како да учествувате:

Ако имате прашања во врска со конкурсот, можете да ги доставите преку е-пошта на адресата competition@europehouse.mk до 18 септември, а одговорите ќе бидат објавени на 25 септември. Повеќе информации има во упатството за конкурсот што може да се преземе на македонски, албански и англиски јазик под овој текст.

Придружете ни се!

Не пропуштајте ја шансата да станете дел од иднината на Скопје. Ајде заедно да го направиме Скопје место што следните генерации со гордост ќе го нарекуваат свој дом. Регистрирајте се сега и дозволете вашите идеи да го обликуваат градот.

Насоки за пријавување

Locations for Competition

Шаблон за опис

B2 Template

Прашања и одговори

Конкурсот е затворен

Фокусираме на „Меѓународниот ден на младите“!

Како го одбележавме „Светскиот ден на младите“?

Гласот на младите, местото на новата генерација и Светскиот ден на младите – комбинација која еруптираше со многу енергија, креативност, вештини, знаења и различности.

Започнавме со квиз на Europe House Скопје кој ве води каде ако не на најпознатиот фестивал за млади „Здраво млади“!? 5  добитници со својот пријател ќе одат на фестивалот кој се одржува по 12ти пат!

Скејтавме во Крива Паланка во име на Street културата! Скејт, мурали и Dj сет! Europe House Крива Паланка ги распосла своите вештини низ повеќе локации кои им се омилени на младите во регионот, а соодветно на тоа и секое место имаше свое катче: Скејт катче, DJ катче, Мурал катче, Chill-out зона.

А кога сме кај ѕtreet културата продолживме во Велес каде хип хопот има значајна улога во културата на младата генерација. Затоа Europe House Велес, беше организатор на музичката работилница „Beats” учејќи за процесот на создавање музика. И секако младите имаа прилика да уживаат и во звуците на голем број локални музички артисти на концерт под мотото „Empower The Next Gen – Las Veles Vol.1”.

Europe House Струмица и Центар за истражување и анализи НОВУС и Црвен крст Струмица ги здружија идеите под една иницијатива Strumica YOUth Festival!

150 млади од различни држави меѓу кои и  Италија, Полска, Грција и Романија имаа можност да присуствуваат на диџејски сетови, работилници за танц, артивизам, фотографски сесии и сето то низ многу забава!

Пред да се стемни“, се одржа изложба на фотографии од уметницата Софија Чотирбок со автентично аудио-визуелно искуство во Europe House Битола. Подоцна во денот, во битолската чаршија одекна музика од фестивалот на алтернативна музика „SMOTRA” затоа што секогаш ги поддржуваме младите локални уметници!

Од алтернативна сцена и скејтбординг култура низ улиците на Крива Паланка до украинска уметност во Битола, онлајн квизови, работилници низ Велес и музички фестивал во Струмица, Меѓународниот ден на младите оваа година личеше на национален празник! Мрежата на Europe House како главен организатор на оваа прослава, беше иницијатор на серија активности низ различни градови, кои ја истакнаа енергијата и креативноста на помладата генерација.

КУМАНОВО И ОХРИД ВО ДИЈАЛОГ СО МЛАДИТЕ: ПРОДОЛЖУВА ИНИЦИЈАТИВАТА НА EUROPE HOUSE СКОПЈЕ СО ЛОКАЛНАТА МЛАДИНА

Во петок, Europe House Скопје беше организатор на уште два настана од низата дијалози со локалните младински совети, од кои едниот беше во Куманово, а другиот во Охрид. Овие настани го одбележаа шестиот и седмиот по ред дијалог со локалната младина, по успешните настани во Битола, Шуто Оризари, Градско, Велес и Валандово, чија цел е да им се даде простор на младите да влијаат во процесите на донесување одлуки на локално ниво.

Во Куманово, во дијалозите учествуваше амбасадорот на Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија, а во меѓувреме идеите на младите од Охрид имаше можност да ги слушне Нивес Тигањ, амбасадорката на Хрватска.

Под чадорот #TeamEurope, дијалозите во Куманово и Охрид имаа цел да го зајакнат капацитетот на гласот на младите, поттикнувајќи средина која негува младинско учество и активно граѓанство во демократските општества. Дијалозите поттикнаа дебати околу младинскиот активизам, нивното локално учество, грижата за животната средина и функционалноста и влијанието на локалните младински совети.

Двата града служеа како платформа каде што на младинските претставници им се даде можност да придонесуваат во локалните политики. Овие иницијативи, предводени од Europe House Скопје, го поттикнуваат активното вклучување на младите во јавниот живот во овие општини.

По дијалозите со младите следуваа и состаноци на амбасадорите co градоначалниците од општините и општинските претставници. На овие состаноци амбасадорите на градоначалниците и општинските претставници им ги пренесоа клучните грижи и точки што ги иницираше локалната младина во дијалозите. Сесиите завршија со конструктивни дискусии и преглед на општите акциски планови за решавање на иницираните прашања.

Целта на оваа иницијатива на #TeamEurope е да продолжи да го крева гласот на младите, поттикнувајќи иднина каде што секој глас и секоја идеја се важни.

АКТИВНОСТИТЕ ПОВРЗАНИ СО „ДЕНОТ НА ЕВРОПА 2023“ ПРОДОЛЖУВААТ СО МЛАДИНСКИ ДИСКУСИИ И ВО ВАЛАНДОВО

Вчера се одржа новата сесија од серијата дискусии посветени на локалната младина низ општините. Домаќин на овој настан беше Општина Валандово, а на него учествуваа Софија Филипиду, амбасадорка на Република Грција, млади активисти од општината, млади амбасадори, како и претставници од Europe House Скопје и Струмица.

Дискусијата ги истакна младинските перспективи, потреби и предизвици, обезбедувајќи платформа за локалната младина директно да комуницира со носителите на одлуки. Разговорот беше поделен на две сесии и опфати неформален брифинг со младите, како и средба со градоначалникот на Валандово.

Во првата сесија, младите учесници одговорија на низа прашања, како што се младинскиот активизам, локалното учество, еколошките предизвици и интеракцијата со локалните институции со младите од општината. Во завршниот дел од настанот, амбасадорката Софија Филипиду оствари средба и со градоначалникот Перо Костадинов. На средбата се разговараше за точките што ги иницираше локалната младина, по што следуваа заклучоци од дијалозите од страна на амбасадорот во конструктивната дискусија со градоначалникот.

Овој настан ја одразува посветеноста на иницијативата на Европската делегација во Република Северна Македонија за промовирање на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво, а со тоа да придонесува во градењето на подемократско општество. Слични настани Europe House организираше и во Шуто Оризари и Битола, а се планираат и во други општини, како Градско, Куманово, Охрид итн.

ВЕЛЕС Е ДОМАЌИН НА ПЕТТОTO ИЗДАНИЕ НА ДИЈАЛОЗИТЕ СО ЛОКАЛНИТЕ МЛАДИНСКИ СОВЕТИ ОРГАНИЗИРАНИ ОД #TEAMEUROPE

Вчера, во Велес, се одржа петтиот по ред дијалог со локалните младински совети, кои имаат цел поттикнување на младински ангажман и активно учество на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво.

Предлозите на младите од Велес варираа од трансформирање на Велес во модерен град преполн со културни настани и спортски активности, до залагање за почист град инспириран од јапонските модели за одржливост. Исто така, тие ја истакнаа нивната желба да го кренат својот глас во обликувањето на локалните политики, нагласувајќи ја нивната посветеност да бидат водечка сила на градот.

Надоврзувајќи се на успехот на четирите претходни настани одржани во Битола, Шуто Оризари, Валандово и Градско, вчерашниот настан во Велес само ја продолжи низата успешни дијалози што ја зајакнуваат позицијата на младите и им даваат можност да биде слушнат нивниот глас.

Настанот се одржа во соработка со Општина Велес и амбасадата на Кралството на Шведска. Во дијалогот имаше ценети учесници, меѓу кои и амбасадорката на Кралството на Шведска, г-ѓа Ами Ларсон Џаин, Вероника Гијовска, младата европска амбасадорка, членови на локалниот младински совет на Велес, како и млади активисти од градот.

Овие настани го промовираат учеството на младите во процесите на донесување одлуки, ангажирајќи ги во критички дискусии за теми како што се младинскиот активизам, локалното учество, еколошките предизвици и интеракцијата со локалните институции. Дијалогот беше поставен како неформален брифинг проследен со серија прашања упатени кон младите, овозможувајќи динамична интеракција помеѓу учесниците.

Вчерашниот настан е доказ за посветеноста на #TeamEurope за поттикнување на активно младинско граѓанство во демократско општество и ја одразува посветеноста на иницијативата на европската делегација за промовирање на младинско учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво.

Europe House, Амбасадата на Шведска и Општина Велес упатуваат благодарност до сите млади учесници за нивниот непроценлив придонес. Со нетрпение ги очекуваме следните дијалози и позитивното влијание што тие ќе го имаат во создавањето на поинклузивно и подемократско општество.

Warm-up Cinedays 2023 (Европско патувачко кино под отворено небо)


 

Дебар, парк пред Центарот за култура во Дебар, 9 – 10 јуни 2023 година

петок, 9 јуни 2023 година

20:30 часот

Краток МК филм: СОЛО МОД (Solo Mode), режија: Тамара Котевска, 30 мин

21:00 часот

УЛИШТЕ (HIVE) 

(84 мин, Косово, Швајцарија, Албанија, Северна Македонија, 2021)

Дејствие: Како и многу други жени на Косово, Фахрије е една од оние кои се надеваат дека ќе добијат вести за својот сопруг, кој сè уште се води за исчезнат и тоа седум години по завршувањето на војната. Од вдовиците не се очекува да работат, но таа мора да се грижи за своето семејство и да се здружи заедно со други вдовици со цел да започне бизнис за производство на ајвар. Ова го прави без разлика на тоа што заедницата веќе ја осудува што се осмелила да вози. Филмот е инспириран од вистинската приказна на Фахрије Хоти.

Награди: САНДЕНС 2021 награда од жири за најдобар игран филм, награда од публика за најдобар филм и режија

Разговор со Валдета Исмаили, актерка

Тема: мајчинската љубов, жените и нивната улога во патријархалното општество

Модератор: Арсим Лесковица, филмолог, Кинотека на Северна Македонија

Трејлер:

 

Сабота, 10 јуни 2023 година

20:30 часот

Краток МК филм: ЖИВОТОТ ВО МЕУР (Living in a bubble), режија: Никола Дрвошанов, 8 мин

21:00 часот

ВЕРА СОНУВА ЗА МОРЕТО (VERA DREAMS OF THE SEA) 

(82 мин, Косово, Албанија, Северна Македонија, 2021)

Дејствие: Вера е средовечна толкувачка на знаковен јазик, чиј што живот е нарушен поради самоубиството на нејзиниот сопруг, а која треба да се соочи со суровата реалност бидејќи им противречи на длабоко всадените родови прашања на нашето време. 

Награди: ВЕНЕЦИЈА 2021 номинација за најдобар игран филм – “Orizzonti” селекција, Филмски фестивал во Токио 2021 Гран при

Разговор со Муесин Мифтари, филмолог

Тема: самоубиство во семејството, родови прашања 

Модератор: Арсим Лесковица, филмолог, Кинотека на Северна Македонија

Трејлер:

 


 

 

Велес, Амфитеатар, Парк на младите, 16 – 17 јуни 2023 година

петок, 16 јуни 2023 година

20:30 часот

Краток МК филм: СИНИОТ ЧАС (Blue Hour), режисер Ана Јакимска, 19 мин

21:00 часот

УШТЕ ЕДНА ТУРА (ANOTHER ROUND) 

(117 мин., Данска, Шведска, Холандија, 2020)

Дејствие: Мартин е учител во средно училиште кој се чувствува стар и уморен. Неговите ученици и нивните родители сакаат тој да прекинe за да им se зголеми просекот. Охрабрени од теоријата на промили, Мартин и неговите тројца колеги започнуваат експеримент за да го одржат постојаното влијание на алкохолот во секојдневниот живот. На почетокот, резултатот е позитивен. Класот на Мартин сега е поинаков, а проектот се промовира во вистинска академска студија со прибирањето на резултатите. Полека, но сигурно, алкохолот ги олабавува четворицата пријатели и нивното опкружување. Резултатите се подобруваат, и тие почнуваат вистински да го чувствуваат животот. Како што предметите влегуваат внатре, експериментот за некои напредува, а за други излегува од колосек. Станува сè појасно дека алкохолот може да доведе до големи резултати во светската историја, но дека секоја смелост може да има и последици.

Награди: ОСКАР 2021 за најдобар странски филм 

Разговор со Марија Лукаревска, филмски критичар

Тема: Алкохол, пријателство, експеримент

Модератор: Петра Бранковска, Гледај.мк

Трејлер:

 

Сабота, 17 јуни 2023 година

20:30 часот

Краток МК филм: Ист (Same), режисер Ферди Јајаи, 9.30 мин.

21:00 часот

НАЈЛОШАТА ЛИЧНОСТ НА СВЕТОТ (THE WORST PERSON IN THE WORLD) (128 мин., Норвешка, Франција, Шведска, Данска, 2021 г.)

Дејствие: Хроники од четири години од животот на младата жена Џули која се движи низ немирните води на нејзиниот љубовен живот и се бори да го пронајде својот пат во кариерата, што ја наведува пореално да погледне која, навистина, е таа самата.

Награди: ОСКАР 2022 номинација за најдобар странски филм и номинација за оригинално сценарио

Разговор со Алек Василевски, филмолог, Кинотека на Северна Македонија

Тема: Љубов, кариера, пронаоѓање на вистинското „јас“

Модератор: Петра Бранковска, Гледај.мк

Трејлер:

 


 

 

Битола, Europe House (плато на „Офицерски дом“, 22 – 23 јуни 2023 година

петок, 23 јуни 2023 година

20:30 часот

Краток МК филм: ПРОБЛЕМОТ НА ТИНА (Tina’s Problem), режисер Радован Петровиќ, 15 мин.

21:00 часот

ФАБИЈАН: ОДЕЈЌИ НАКАЈ КУЧИЊАТА (FABIAN: GOING TO THE DOGS

(176 мин., Германија, 2021 г.)

Дејствие: Берлин, 1931 година. Опкружување кое се наоѓа помеѓу кираџиите и подземјето, каде што борделите се ателјеа за уметници, нацистите викаат на цел глас за злоупотреба на улиците, а Бабелсберг сонува за тоа да продуцира „психолошко кино“. Животот се случува, општеството ферментира и кородира. Сè додека сè уште има работа, Јакоб Фабијан, кој има докторат по германски студии, пишува реклами преку ден а навечер и ги посетува чудните установи во градот заедно со Стефан Лабуд. Додека неговиот пријател – кој подоцна признава дека не успеал „во темите на животот и професијата“ – е љубител на комунизмот и сексот, Фабијан останува трезен и оддалечен. Без навистина да верува во тоа, тој ја чека „победата на пристојноста“. Неговата љубов кон Корнелија е единственото нешто што го тера да се сомнева во неговиот ироничен фатализам. Таа станува зрак на надеж во неговото пропаѓачко постоење.

Награди: Берлински филмски фестивал 2021 номинација за ЗЛАТНА МЕЧКА 

Разговор со Елена Ристевска, Контракадар

Тема: Ефектот на кородирачките општества врз човечкиот живот

Модератор: Бојан Станиќ, Контракадар

Трејлер:

 

Сабота, 24 јуни 2023 година

20:30 часот

Краток МК филм: ПЕРИКИ (Wigs), режисер Ангела Димеска, 14 мин.

21:00 часот

ЈАС СУМ ТВОЈОТ ЧОВЕК (I’M YOUR MAN) 

(108 мин., Германија, 2021 г.)

Дејствие: Со цел да обезбеди финансиските средства за целите на истражување за потребите на своите студии, една научничка ја прифаќа понудата да учествува во еден несекојдневен експеримент: таа треба да живее три недели со хуманоиден робот кој е создаден за да ја направи среќна.

Награди: 2021 Берлински филмски фестивал номинација за ЗЛАТНА МЕЧКА и СРЕБРЕНА МЕЧКА за најдобра женска улога

Разговор со Благица Димитрова, Контракадар

Тема: Животни аспирации, вештачка интелигенција, среќа

Модератор: Бојан Станиќ

Трејлер:

 

Subscribe To our newsletter!