Новости Archives - Page 3 of 12 - Europe House

Мајска Сесија – музичка временска машина по повод #EuropeDay2024

Дали сте подготвени за мајска сесија? Но, овој пат не испитна, туку музичка и патувачка!

Централниот настан е закажан за 22 мај, од 20 часот, на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ќе претставува автентично музичко патување низ историјата на домашната рок и поп-антологија. На концертот, со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“, старите познати рефрени ќе бидат изведени од актуелните изведувачи „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, „Sethsat“ со Марија Каева и „Ретро кабаре“, кои ќе свират свои аранжмани на песните, како одговор на едно друго време. Концертот е најавен како севкупно мултимедијално искуство, низ кое како домаќин публиката ќе ја води познатиот радиоводител Драган Б. Костиќ. Освен музичкиот спој на старото и новото во формат на „радиошоу во живо“, за публиката ќе бидат достапни и други содржини на платото на УКИМ – мини-саем на книги, поп-ап продавница за винили и штандови со храна и пијалоци.

Другите Јуроп хаус од мрежата ќе бидат домаќини на богати културни настани, не само во своите градови туку и пошироко во регионот. Во Битола, програмата под мотото „Ние сме тука, кај си ти?“ почна на 9 мај со осветлување на Саат-кулата, а ќе заврши на 18 мај со изложба и настап на грчкиот диџеј Архитект во Пациото на Музејот во Битола. Во Струга, на 30 мај, под мотото „Слушај природа!“ се планира целодневна програма што вклучува откривање на нов мурал во градот, проследено со музичко-светлосен перформанс во струшкиот Парк на поезијата. Во организација на Јуроп хаус Крива Паланка, настани се планираат и во Кратово и Куманово, а главните активности ќе се случуваат на 20 мај со цртање мурал во пиксел формат „Прозорот на единството“, како и концерт на групата „Фолтин“. На 28 мај, Јуроп хаус Струмица ќе го претстави биодиверзитетот на регионот преку изложба во Дојран, а на 30 мај во Гевгелија планиран е и „Концерт рок-симфонија“ во изведба на Битолскиот камерен оркестар. Јуроп хаус Велес е домаќин на интересен настан на 27 мај, кога ќе се промовираат локални винарници од вардарскиот регион и вина на земји-членки на Европската унија, нудејќи дегустации, жива музика и промоција на традициите и иновациите во семејни винарници.
Подетални информации за сите настани можат да се најдат на официјалните социјални канали на Јуроп хаус.

 

 

Студентска уметничка пролет

Прослава на енергијата и младешката моќ преку универзалниот јазик на уметноста. Во периодот од 11 до 26 април ќе ја истражиме богатата таписерија на музиката, литературата, филмот..преку студентскиот креативен дух.
Овој интердисциплинарен пристап и спој на различни уметнички факултети ќе ги претстави многуте облици на уметничката форма. За прв пат креираме патување низ институциите во кое студентите и професорите ќе ни ги доближат видовите на уметничко творештво на интегриран начин. Да се препуштиме на убавината, сетилата и емоциите на уметноста како главен двигател која не познава граници и да го доживееме креативниот студентски импулс.
Придружете ни се да ги обликуваме и збогатиме нашите перспективи во овие пролетни денови:
*11/04 (13:00ч)
Предавање на проф. д-р Ристо Солунчев „Уметничкото дело како празник“ (Сала за седници – ФлФ)
*13/04 (19:00ч)
Отворање на изложба со дела на студенти од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) + Звучна инсталација на студентите од Факултетот за музичка уметност (Сули ан – ФЛУ)
*15/04
(14:00ч) Предавање на Јулијана Деспотоска
„Музикотерапија“ (Сала за седници – ФлФ)
(17:00ч) Предавање на проф. д-р Вангел Ноневски „Ремикс култура/уметност и нови медиуми” (Концертна сала на ФМУ)
(15:00ч) Предавање на проф. д-р Мира Беќар „Музичките жанрови и општествените класи“ (Галерија ФЛУ)
*18/04 (14:00ч)
Отворање на инсталацијата „Скриени дела и спомени – откривање“ на студентите од Факултетот за ликовни уметности (Aула ФлФ)
*19/04
(20:00ч) Концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност (Академска сцена ФДУ)
(21:30ч) „Требаше да имаме текст“ – испит по предметот Актерска игра 4 на студентите на отсекот Драмски актери во класата на проф. д р Сузана Киранџиска и вон. проф. д-р. Кристина Леловац (Академска сцена ФДУ)
(22:30ч) ДЏ сет на Јован Вуковиќ #SupportLocalArtists (Бифе на ФДУ)
*23/04 Прослава на Светскиот ден на книгата и на авторското право
(18:00ч) Предавање за Шекспир на Н.Е. Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ (Aула ФлФ)
(19:00ч) Предавање за Сервантес на Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија (Aула ФлФ)
*25/04 (20:00ч)
Кино на отворено
„Тага“, режија: Тина Величковиќ
„Лена и Владимир“, режија: Игор Алексов (Технички кампус – УКИМ)
*26/04
(14:00ч) Предавање на д-р Гоце Наумов „Стратиграфија на музиката: предисториски основи на ритамот“ (Сала за седници – ФлФ)
(20:00ч) Поетско-музичка вечер по повод Светскиот ден на џезот (Бифе на ФДУ)

ЈУРОП ХАУС СКОПЈЕ ГО ПРОСЛАВИ СВОЈОТ 4 РОДЕНДЕН СО АРХИТЕКТОНСКИ КОНКУРС

Јуроп хаус Скопје ја одбележа својата четврта годишнина со спој на наследството и визијата за иднината, одржувајќи изложба и церемонија на доделување награди за конкурсот за архитектонски и урбанистички дизајн „Скопје на новата генерација“. На овој настан беше прикажан талентот на младите архитекти кои придонесуваат за урбаниот развој на Скопје.
На натпреварот пристигнаа 12 пријави од 24 млади архитекти, а секој од нив претстави планови за обнова на различни локации во градот. Првата награда ја доби „Лотос за неа“ (“Lotus 4 Her”) на Антонио Грујевски за фонтаната „Лотос“ во Градски парк Скопје. Втората награда ја добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова за „Реимагинирање на боените бранови“ (“Reimagining Colorwaves”), за кејот „Димитар Влахов“ покрај реката Вардар. Третата награда им припадна на Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска за нивниот проект „СпајнХ“ (“SpineX”), наменет за ревитализација на улицата „Пластичарска“.

Настанот се одржа во зградата на Централната пошта во Скопје, место со значително историско значење, што „Europa Nostra“ го стави на листата на седумте најзагрозени културни споменици во Европа. На 26 јули, датум што се совпаѓа со 60-годишнината од разорниот земјотрес во Скопје, „Европа Ностра“, во соработка со Институтот на Европската инвестициска банка, го сврте вниманието кон итната потреба за реставрација на зградата. Ова чувство се одрази и во забелешките на евроамбасадорот Дејвид Гир, нагласувајќи ја важноста за итна акција со цел да се зачува оваа историска градба.

„Денес стоиме овде во Пошта, веројатно најзначајниот пример на бруталистичка уметност; естетика што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Да се потсетиме на културното наследство што треба да се заштити и негува. Денес, Пошта сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне. Сепак, Пошта, да ги употребиме зборовите на Сартр, не прифаќа пораз! Ниту ние. Решивме да го одбележиме четвртиот роденден на Europe House токму тука. На Денот на ослободувањето на Скопје.“, истакна амбасадорот Гир.

Во нејзиниот говор, министерката за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска, му се заблагодари на амбасадорот Гир и истакна дека “Ова значајна пригода, на Јуроп хаус Скопје од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура.” Таа додаде дека овој конкурс оди чекор напред и го премостува минатото со аспирациите за иднината.

Конкурсот „Скопје на новата генерација“ го оценуваше жири од 5 члена од сите пет архитектонски факултети во Скопје, (Меѓународен Балкански универзитет, Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), Универзитетот МИТ, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје). Проф. д-р Бојан Карнаков, во име на жирито објасни дека: „Главната цел на конкурсот е да инспирира иновативни идеи за архитектонски и урбан дизајн што би го зајакнале чувството на заедница во јавните простори на делови од градот врежани во колективната меморија на Скопје; младите архитекти до 35-годишна возраст требаше да се фокусираат на повторно осмислување и/или преуредување на овие делови од градот, со цел да се создаде одржлива и инклузивна средина“.

Победничкиот проект „Лотос за неа“ (“Lotus 4 Her”), изработен од младиот архитект Антонио Грујевски, претставува визионерски пејзаж и реставраторски проект чија цел е зајакнување на зелената одржливост во урбаното ткиво на Скопје, притоа оддавајќи почит на жените-архитекти, пионери во областа, кои одиграа клучна улога во обновата на постземјотресно Скопје во 1963 година. Во својот поздравен говор, Грујевски рече: “За еден месец сме во 2024, а сите политичари и дел од нашите колеги сеуште зборуваат за Скопје 2014. Светот се движи напред. Европа се движи напред. Имаме предизвици со климатските промени, со енергетската независност и со загадувањето. Ова се предизвици на кои што мораме да се фокусираме, и да се придружиме кон визиите на Европската Унија.”

Изложбата во Централна Пошта ќе биде отворена за јавноста во наредните три дена, од вторник до четврток, од 12:00 до 15:00 часот.

Дипломатски добротворен базар.

Вчера се одржа дипломатски добротворен базар во организација на Dobredojde Macedonia Welcome Centre, а под патронство на Амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир.
Базарот се одржa по повод Светскиот ден на децата, а собраните средства ќе бидат наменети за децата и лицата со попреченост во рамки на програмата „Тимјани„ од националната стратегија за деинституционализација.

May be an image of 5 people and dirndl

May be an image of 5 people, sushi and crowd

May be an image of 1 person, table, crowd and text

Europe House мрежата преку COP28 Warm-up активностите ги акцентираше климатските обврски

Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP28) започна со будење на колективната и индивидуалната свест за климатска акција. Конференцијата се одржува во најжешката година забележана во историјата, а влијанијата на климатската криза се вистински предизвик врз човечкиот живот и егзистенцијата ширум светот.

Europe House мрежата преку COP28 Warm-up активностите ги акцентираше климатските обврски, превенцијата и транзицијата кон подобра и климатски неутрална иднина.
Првиот настан се одржа во Europe House Veles каде заедно со младите се говореше на тема #foodsecurity. Младите се запознаа со важноста на правичниот пристап до храна, трансформацијата на системот за исхрана како и отпадот кој потоа се создава.

Продолживме во Europe House Kriva Palanka co фокус на #LandUse и практиките за менаџирање со земјиште, урбаното и руралното планирање и улогата на младите во адресирање на предизвиците со климатските промени.

Tретата активност ја презема Europe House Strumica дискутирајќи за #ОдржливоЗемјоделство. Во рамките на работилницата, се наведе практичното истражување и контрола на квалитетот на почвата и водата, кои се клучни фактори за органско производство на храна.

За крај, во Europe House Bitola присутните се запознаа со богатиот биодиверзитет во нашата земја, значењето и важноста на истиот и иницијативите поддржани од Европската Унија како Natura 2000 MK и CITES. Во рамките на работилницата се реализираше теренско истражување со интерактивната апликација iNaturalist, преку која младите имаат можност да ги запознаваат, изучуваат и мапираат видовите кои нѐ опркужуваат и активно да се вклучат во движењето за спас на нашата флора и фауна.

 

 

Трет книжевен клуб за деца (Book Club Europe House Kids)!

Преку илустрираните приказни, најмалите се запознаа со најмилата „Лисичка плетачка“ и ги открија шумските тајни. Во духот на есента, сувите лисја, шалчињата и ракавичките послужија како одлични реквизити кои ја збогатија рaботилницата предводена од Ана Голејшка Џикова.

May be an image of 3 people, child, people studying and book
May be an image of 4 people, child and people studying

Керамичка ликовна работилница на тема ”Екологија”

По повод 3 Декември- Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ПOУ „Маца Ѓеорѓиева Овчарова“, во просториите на Europe House Veles организираше керамичка ликовна работилница на тема ”Екологија” од инклузивен карактер за ученици со попречености од посебните основни училишта и ученици од редовните основни училишта во Велес.

Истовремено eвроамбасадорот Дејвид Гир оствари средба и со граѓанските здруженија на лица со посебни потреби: Мобилност-Велес, Мобилност-Кавадарци, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености-Велес , Порака-Неготино и Попи-Велес, дискутирајќи за предизвиците и потенцијалните решенија со кои тие се соочуваат.

Со успешно трасирање на патот на оваа значајна културно уметничка традиција, преку бројни креативни детски дела се обидовме да упатиме важна порака дека секој месец стоиме заедно за да ја препознаеме и славиме силата, издржливоста и уникатните таленти на лицата со попреченост.

Да ги срушиме бариерите, да го поттикнеме разбирањето и да создадеме свет во кој блескаат сечии способности.

 

May be an image of 7 people

May be an image of 9 people, people studying, table and crowd

May be an image of 3 people, people studying and gingerbread cookie

Трудови од архитектонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“

Лотос за неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје

Автор: Антонио Грујевски (добитник на првата награда )

Наслов на проект: Лотос за неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје

Локација – Фонтана „Лотосов цвет“ во Градски парк – Скопје

 

Авторско образложение:

„Лотос за неа“ е проект за визионерски пејзаж и реставрација со цел да ја зајакне зелената одржливост во рамките на урбаното ткиво на Скопје, истовремено оддавајќи почит кон пионерите жени-архитекти кои играле клучна улога во реконструкцијата на Скопје по земјотресот во 1963 година. Проектот ја претставува трансформацијата на клучниот простор во Градскиот парк во Скопје во една динамична и одржлива оаза.

Во свет што сè повеќе е посветен на грижа кон животната средина, согласно шесте цели на ЕУ за животната средина, „Лотос за неа“ применува одржлива филозофија. Носи иновативни, еколошки решенија за просторот што беспрекорно ја интегрираат модерната технологија со природата и создаваат хомогени, зелени оази.

Преку вметнување на обновливи извори на енергија, ефикасно управување со водата, еколошки материјали, бујна вегетација и решение за заштита на пчелната популација во паркот, проектот овозможува поодржлива иднина за граѓаните на Скопје и за идните генерации.

Во име на историјата, „Лотос за неа“ искажува искрена почит кон жените кои одиграле клучна улога во повторната изградба на Скопје преку спомен-парк со дрва како сведоштво за нивната сила и отпорност, нудејќи мирно место за размислување и сеќавање.

Проектот има цел да ја комбинира историјата со природата. Една од главните цели е да се реставрира фонтаната „Лотосов цвет“, дизајнирана од почитуваната архитектка Мирјана Милановиќ-Волињец, со што би го добила оригиналниот изглед, како и дел од изгубеното лотосово езерце, што ја инспирирала визијата на авторот. Понатаму, од клучно значење е реставрацијата на оригиналната подна декорација преку користење на еколошки материјали и инклузивни дизајнерски решенија. Оригиналната просторна организација е надградена со нови, модерни кабини со УСБ-Ц соларни полначи и ЛЕД-осветлување.

„Лотос за неа“ содржи образовна компонента наменета за јакнење на следната генерација со знаења околу одржливи практики и свест за животната средина. Тоа претставува визионерски напор, преку кој се спојува минатото со иднината, историјата со одржливоста, уметноста со образованието. Проектот треба да претставува одржлива оаза и наследство за идните генерации.

 

 

Цели:

Главната визија на проектот е да се создаде подинамична, одржлива и инклузивна урбана средина што ги одразува духот и отпорноста на скопското минато преку изградба на одржлива иднина и додадена вредност за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година.

Зелена одржливост: создавање на хармонична рамнотежа помеѓу урбанистичкиот развој и заштита на природата преку заживување на постојните зелени простори, вметнување на обновливи извори на енергија, енергетски ефикасно осветлување и спроведување на одржливо управување со дождовна вода и отпад заради намалување на влијанието врз животната средина.

Историско признание: „Лотос за неа“ ќе служи како признание за извонредните архитектки кои придонеле во реконструкцијата на градот по земјотресот во 1963 година.

Вклучување на јавноста: Вклучување на локалната заедница и посетителите на паркот во одржливи практики. Едукативни програми, мурали и работилници за урбани фарми ќе негуваат подлабоко разбирање околу важноста на зелените простори во урбани средини.

Места за собирање на заедницата: „Лотос за неа“ нуди разновидни инклузивни простори за собирање на заедницата, настани на отворено, како и релаксација, преку што се негува чувство на припадност и прогресивен дух на заедницата.                                                                                                                                                                                           

 

 

 

 

 

 

 

Автор: Антонио Грујевски


 

Преосмислување на брановите во боја

Автори: Даниела Василева, Сара Велеска, Сара Трајкова

Наслов на проект: Reimagining Colorwaves (Преосмислување на брановите во боја) (добитницина втората награда )

Локација – Кеј „Димитар Влахов“ на реката Вардар (од зградата на МАНУ до бензинската пумпа на „Макпетрол“)

 

 

Авторско образложение:

Вгнездена помеѓу реката Вардар и административниот и културен дел од центарот на градот, оваа локација е позната по своето административно и културно значење, поради легендарната зграда на МКЦ како симбол на културна и општествена енергија и каде што се одржани безброј настани и собири. Во денешно време, местото ја задржува својата мирна атмосфера и служи како врска помеѓу луѓето и нивниот работен простор и живее само во одреден период во текот на денот. Сепак, неговиот потенцијал како динамичен и просперитетен центар е опиплив поради блискоста со центарот на градот и неговиот прекрасен поглед од брегот на реката.

Во обид да се вдахне нов живот во овој динамичен урбан простор, предлагаме сериозна интервенција по должината на улицата покрај брегот на реката, интервенција што ќе го заштити нејзиното историско значење, а истовремено ќе навести нова ера на енергија и намена. Нашата визија е да се зајакне овој простор преку додавање појаси во боја што ја симболизираат транзицијата од минатото кон иднината. Овие појаси во боја ќе бидат исткаени во улицата и беспрекорно ќе се интегрираат во околината.

 

Хоризонтално гледано, ја делиме улицата на две посебни зони, каде што секоја ќе има посебна намена, истовремено зачувувајќи ја суштината на културните и административните институции што го дефинираат просторот. Првиот дел од улицата, веднаш до легендарната зграда на МКЦ, се замислува како динамичен простор за култура и дружење. Тука, уличниот пејзаж ќе биде дизајниран да ги привлекува луѓето и ќе овозможува интерактивна средина.

Оттука почнуваат трите појаси што се движат по должина на улицата. Еден од појасите се движи вертикално и формира различни простори за дружење и искусување на просторот. Дел од него се и клупите за седење, места за игра и качување, бар за интеракција, како и видиковец што нуди поглед кон реката и спротивната страна. Можно сценарио во овој дел е опцијата за улична уметност, мурали и уметнички инсталации што оддаваат почит на богатата културна историја на просторот и поттикнуваат креативност.

Вториот дел од улицата, што ги сервисира корисниците на административните згради, ќе нуди соодветна атмосфера за работа и соработка. Овој сегмент ќе даде приоритет на функционалноста и ефикасноста преку: работни зони дизајнирани за да ги задоволат потребите на административниот кадар, станици за кафе и киосци за потребите на луѓето кои работат тука.

Оваа интервенција има цел да создаде хармонична рамнотежа помеѓу културата и администрацијата преку зголемување на привлечноста на овој урбан простор.

 

Автори: Даниела Василева, Сара Велеска, Сара Трајкова

 


Автори: Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска

Наслов на проект: SpineX (добитници на третата награда )

Локација –  булевар „Никола Карев“ (Пластичарска учица)

 

Авторско образложение:

Изборот на локацијата за овој конкурентен проект да биде булеварот „Никола Карев“, познат во колективната меморија како „пластичарска улица“, се јавува поради фактот што таа претставува традиционална трговска улица полна со мали занаетчиски и трговски единици. Многу луѓе ја посетуваат оваа локација за да купат конкретни производи и тие најчесто доаѓаат со автомобил, што носи со себе неколку проблеми што го намалуваат вкупниот квалитет на понудата.

Основната идеја за оваа улица, преку нашиот архитектонски и урбанистички пристап, потекна како резултат на револт кон државата и нејзиниот третман кон улицата, и покрај фактот што таа неодамна е реконструирана. Затоа што не постои можност или иницијатива за решавање на хаотичните услови и проблеми што се дел од модерната верзија на „Пластичарска“, нашето решение е таа да се подигне на ново ниво – улица за велосипеди и пешаци изградена како заоблена лесна структура во вид на мост, направена од скелетен систем со челични држачи, обложени со бетон и скулптурална форма. Таа ќе содржи и ќе поврзе различни содржини за друштвени активности и инклузија за сите луѓе. Овој „лесен“ скелетен систем е придружен со цилиндрични бетонски „кули“ што ќе служат како вертикални врски до нивото на улицата, со што овозможува структурна стабилност и зајакнување.

Целта е да се решат голем број проблеми со кои се соочува оваа локација, првично поради модерниот начин на живот и зголемениот број возила во градот, особено на оваа улица. Ова директно ја намалува безбедноста на пешаците, со оглед на тоа што нема соодветни пешачки премини и несоодветното преминување на необележани делови од патот е редовна појава. Автомобилите се паркираат на тротоарите и нема посебни велосипедски патеки или безбедни коридори или активности за лица со попреченост. Поради тоа, нашето решение нуди безбеден коридор за пешаци и велосипедисти, безбеден премин од едната страна од булеварот на другата преку неколку платформи со скали и лифтови и долги рампи за велосипеди на крајот од патеката.

Друга карактеристика поврзана со овој дел од градот е дека речиси сите постојни капацитети се отворени до одредено време и потоа се затвораат, со што улицата станува целосно неатрактивна и не нуди други поволности за да привлече повеќе посетители и да заживее околината. Затоа нашиот проект вклучува голем број на друштвени и културно-забавни активности, како што се амфитеатар за мали културни настани, изложбени панели на отворено, мали отворени комерцијални и занаетчиски единици што ќе им дадат можност на локалните занаетчии да ги прикажат нивните традиционални рачни занаети од регионот. Оваа пешачка улица исто така вклучува неколку места за релаксација и рекреација, како и отворени работни места во форма на линеарни клупи, лежалки, маси, столови, јавни тоалети и места каде што посетителите можат да купат храна и пијалаци.

Еден од најзначајните квалитети што го постигнавме со ова решение е збогатувањето со ниско и високо зеленило, што моментално го нема на постојната локација. Тоа е придружено со амбиентални водни површини и детски реквизити за забава и вклученост на најмладите. За да се постигне енергетска ефикасност на ова решение, вклучени се посебни кружни соларни панели на секоја од кулите, за да се акумулира и да се користи соларна енергија за функционирање на сите капацитети и за осветлувањето на пешачкиот мост.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Автори: Натали Велеска, Ален Цветковски, Дона Митровска

Subscribe To our newsletter!