Каде можеш да студираш во Европа? Како да аплицираш за стипендија? Кои се условите за упис и колку чини студентскиот живот во странство? Одговорите на овие и многу други прашања младите ги побараа на Саемот за студирање во странство за 2026 (Study Abroad Fair Skopje 2026), кој се одржа на 7 и 8 ноември во Skopje City Mall.
По саемите „Study Opportunities in the EU“, организирани во октомври во Europe House Битола и Europe House Тетово, настанот во Скопје привлече голем број средношколци и студенти, како и родители, заинтересирани за продолжување на образованието во странство.
Во соработка со Студентарија и со поддршка на Europe House Скопје, на едно место беа претставени можностите за студирање во повеќе европски земји – Грција, Бугарија, Унгарија, Чешка, Италија, Франција и Германија.
Посетителите можеа директно да разговараат со претставници на странски универзитети и факултети, да проследат информативни презентации и сесии, и да дознаат повеќе за студиските програми, условите за упис, можностите за стипендии, и трошоците за студирање.
Study Abroad Fair Skopje 2026 им овозможи на младите да добијат информации од прва рака, да постават прашања и да добијат корисни насоки, да ги споредат достапните студиски програми и да донесат информирани одлуки за својата иднина.
Студирањето во странство не е само можност за стекнување диплома. Тоа е и искуство што носи нови знаења, познанства, самостојност и пошироки перспективи. А секоја голема одлука полесно се носи кога имаш пристап до вистинските информации.
Преку ваквите иницијативи, Europe House продолжува да ги поврзува младите со образовните можности во Европската Унија и пошироко, поттикнувајќи ги активно да ги следат своите академски интереси и да ги претвораат своите амбиции во конкретни планови.














