Blog Archives - Page 6 of 7 - Europe House

За едно „Вселенско момче“, ни ѕвездите не се далеку

Кон „Вселенско момче“ во режија на Оливер Перо, сценарио на Есебио Лареа и Оливер Перо, кинематографија на Томас Рентир.

Во последните неколку години сведоци сме на еден „нов“ бран комерцијални филмови кои содржат доза носталгија за 80-тите години од минатиот век. Од светски популарната серија „Чудни нешта“ и филмската адаптација на романот на Стивен Кинг, „Тоа“ чие дејство е токму во тој период, па и уште еден хит на Нетфликс, „Сексуално образование“ кој намерно внесува стилски елементи од таа ера. Трендот како да се провлекува и низ независната сцена што дава можност на нови филмаџии да експериментираат со овој пристап за да внесат свежина во приказни кои инаку би се сметале за „веќе видени“. Пример за таков филм е „Вселенско момче“, деби на белгискиот режисер Оливер Перо кој веќе се закитил со главната награда на минатогодишниот Интернационален Детски и Младински Фестивал во Бусан.

Младиот протагонист во ова компактно 100 минутно „патување до космосот“ е 11-годишниот Џим (Басил Грунбергер со особено енергетична изведба) на кој му се случува огромна промена во животот. Неговиот самохран татко и идол (Јаник Ренер) не само што се подготвува за пат во вселената, туку и одлучува да се преселат во друг град за да биде поблиску до обсерваторијата во која ќе работи. Џим истовремено е возбуден поради новата авантура, но и малку исплашен поради тоа што ќе треба да се навикне на ново училиште каде не познава никого. Шансата да се докаже пред татко му и неговиот втор идол, Џозеф Китнигер (светски рекордер во скокање со падобран) доаѓа многу брзо кога е ставен во тим со болежливата соученичка Ема (Албан Масон, одлична во својата емотивна, но сепак зрела глума) за учество во училишниот научен натпревар. Но, светот не е така розов како што Џим сака да верува – нивниот проект е мета на напад од ривалска група на натпреварот, а промените во реалниот живот и тегобите кои тој ги носи со себе се повеќе се чувствуваат.

Иако е маркетиран како филм за деца и младинци, суштината на „Вселенско момче“ е многу подлабока што го прави ова филмско остварување соодветно за лица од 7 до 77 години. Сценариото на Есебио Лареа и Оливер Перо внимателно и суптилно кружи околу теми како задушувањето на децата кои се воспитуваат во „стаклено ѕвоно“, штетите кои се нанесуваат на детската психа од кажување лаги „за нивно добро“ и детската меланхолија која е најчесто предизвикана од грешките на родителите и луѓето на кои тие се огледуваат. Централниот конфликт околу воннаставната активност ја потенцира отуѓеноста на учениците од возрасните, но во исто време ефикасно ја прикажува гледната точка на самите воспитувачи кои прават сè за доброто на своите чеда/ученици. Режијата дозволува сите сериозни и егзистенцијални прашања да се проследени со доза невиност, духовитост и забавна атмосфера за никогаш да не се премине во територија на сериозна контемплација која децата тешко би ја „свариле“.

Ноншалантната привлечност на филмот може да се спореди со стилот на Вес Андерсон, но и со легендарниот филм „И.Т.“ од кој режисерот дефинитивно зема инспирација за неколку духовити сцени. Временското „закотвување“ на филмот во 1986 година го засилува ефектот на музиката компонирана од “The Penelopes”, што создава чувство на топлина и посакувана носталгија кон некое магично, но комплицирано минато. „Вселенско момче“ можеби не е најоригиналниот европски филм на сите времиња, но дефинитивно е едно симпатично љубовно писмо до слатко-горчливите тешкотии на патот од дете во млад човек.

Петра Бранковска

Ајде да зборуваме за социјалната нееднаквост во борбата против брзата мода

Самата природа на брзата мода значи дека намалувањето на отпадот, плаќањето фер плата на работниците и гаранцијата дека во процесот не се уништува планетата се речиси невозможни подвизи. Тоа е бизнис модел изграден на брзина, а не на етички практики. Но, ако брзата мода не може да биде добра, тогаш се поставува прашањето: Дали ни треба воопшто? Дали е одговорност на компаниите да прават облека на фер начин или наша одговорност е да купуваме помалку?

Сакам да зборувам за модата, обожавам да зборувам за одржливоста. Сум пишувала многупати дека одржливите навики го опфаќаат нашето целокупно живеење, а не само нашите модни избори. Но, не можам и не сакам да бидам слепа пред фактот дека живееме во капиталистичко општество водено од консумеризам, општество во кое социјалните разлики на населението растат од ден во ден, а јазот во примањата се зголемува експоненцијално.

Сакам да бидам реална – нашата облека и каде ја купуваме – тоа отсекогаш било класно прашање. Облеката е симбол на богатство и статус и сè почесто прашањето на модните избори се меша со идеологијата. Кога ќе се пофали некој колку многу парчиња од брендови за брза мода купил за малку пари, всушност вели: „Имам други приоритети освен да трошам повеќе за одржливо изработени парчиња што би ми биле инвестиција“. Кога носиме етички и одржливо произведена облека како да носиме и етикета: „Се гордеам со мојата принципиелност и сакам луѓето да го знаат тоа“. Јазот се продлабочува, а решението се чини бега сè подалеку на хоризонтот.

Мода и сиромаштија

Брзата мода е непрекинато растечко присуство во земјите од првиот свет од 90-тите. На прв поглед, потрошувачите купуваат евтини и модерни облеки за мал дел од цената на врвните брендови. Но, под површината, сиромашните работници во земјите во развој се еден вид модерни робови кои работат во нестандардни и честопати опасни услови, за минимална плата. Овие синџири на снабдување покажуваат директна врска помеѓу брзата мода и сиромаштијата.

Многу компании за брза мода, како што се Forever 21 и H&M, добиваат нови пратки облека секој ден, додека Topshop нуди 400 стилови неделно. Овие брендови се способни да произведуваат облека со голема брзина, бидејќи тие не се во интеракција со производството, туку прават аутсорсинг на фирми во земјите во развој. Овие фирми потоа го склучуваат производството со поддоговори на нерегистрирани добавувачи кои работат без никакви владини регулативи. Ова значи дека брендовите не се законски обврзани да обезбедат безбедни работни услови. Овој процес ги искористува оние кои веќе се на дното на сиромаштија и токму поради тоа повеќе луѓе треба да бидат свесни за процесите зад нивните евтини парчиња облека од брзата мода.

За да ја илустрирам дополнително нееднаквата распределба на заработката во синџирот на брзата мода, главниот извршен директор на една голема модна компанија за само четири дена заработува исто онолку пари колку што една текстилна работничка во Бангладеш ќе заработи во целиот нејзин работен век.

Различни стартни позиции

На другиот крај на палетата е етичката мода, која се чини станува „помодерна“, а нејзините цени стануваат повисоки. Веќе зборував за тоа дали одржливата мода е навистина поскапа од брзата (и иако стојам зад тој текст, чувствувам дека е потребно да се прошири разговорот на таа тема. Етички произведената облека трае подолго, но ова е бескорисен аргумент за повеќето од нас кои не можат да си дозволат пар панталони од 100 евра (околу 6.000 денари).

Лесно е да се префрлите на поскапи, а поетички брендови кога разликата помеѓу кошула од 2.000 и 3.000 денари навистина не ви значи многу. Што се случува со оние кои, и покрај нивните напори да бидат повеќе еколошки свесни, едноставно не можат да си ги дозволат повеќето стилски етички брендови кои постојат како алтернативи на брзата мода? Повеќето луѓе од работничката класа кои купуваат од брендови за брза мода секако веќе ја носат таа облека долги години. Зарем тоа не е доволно?

Работниците во фабриките на брендовите за брза мода ја прават облеката по толку евтини цени бидејќи немаат алтернатива. Тие се од посиромашна демографија во споредба со привилегираниот свет и им требаат пари. Како активист за етичка мода, ги прозивам големите брендови барајќи одговор на прашањето #којјаправимојатаоблека? со намера да побарам транспарентност од нив за условите во кои работат овие работници. Но, што ако, кога купувам брза мода, го правам тоа затоа што тоа е она што можам да си го дозволам? Ако повеќето луѓе од работничката класа дознаат кој недоволно платен работник во некој регион во развој ја направил нивната облека, практичното прашање овде е: Кога и самите се едвај добро платени, што навистина можат да направат за да помогнат?

Целата премиса на брзата мода е да можете брзо да купите облека, да изгледате добро и да стекнете самодоверба додека трошите што е можно помалку. Сепак, секогаш кога разговараме за брзата мода, зборуваме за трендови и инфлуенсери и никогаш не го спомнуваме фактот дека најголемата причина зошто луѓето сè уште купуваат брза мода е врзана за големината на нивните џебови. Разговараме за економскиот диспаритет и за тоа колку луѓе ширум светот заработуваат под минималната плата. Сепак, не можеме да видиме дека патот од таму до купувањето евтина брза мода е прилично прав и непопречен.

Етичката дилема на одржливоста

Во одржливата модна заедница владее консензус дека добро, етички, одржливо, еколошки изработената облека е подобра. Па, зошто некој не би ја сакал? Дали помислуваме дека можеби причината е затоа што не можат да си ја дозволат? Дали станува форма на современ класизам? Ова е лесна замка во која паѓаат добронамерните луѓе. Треба да бидеме свесни дека за некои луѓе, сè што можат да си дозволат е брза мода и тоа е пропратен ефект од циклусот на сиромаштија и ниски приходи во светот денеска. Да погледнеме подалеку од онлајн активизмот и хаштазите на Instagram, и да согледаме дека постојат и други причини во реалниот свет поради кои луѓето можеби ќе сакаат да купат брза мода, освен следењето на модните трендови. Да го осознаеме фактот дека многу луѓе сè уште купуваат брза мода бидејќи не можат да си дозволат побавна мода. Да осознаеме дека не секој е финансиски способен да направи подобар избор. Сме зборувале за предностите на купувањето облека од втора рака како одржлива алтернатива, но не треба да забораваме дека во тие продавници ќе најдеме два типа на клиенти: луѓе кои можат да си дозволат нова облека и луѓе кои немаат избор. Првите или од сентиментални или еколошки причини купуваат од втора рака по избор, а вторите, токму затоа што немаат избор.

Ова ги изостава работниците од средната класа кои имаат избор, но се вртат кон брзата мода за да бидат стилски облечени, а сепак да поминат евтино. За овие луѓе за кои верувам дека го сочинуваат мнозинството купувачи на брза мода, ни требаат нови начини да ја пренесеме пораката. Можеби треба да ги охрабруваме луѓето да купуваат само работи што навистина ги сакаат и бидејќи знаат дека ќе ги носат многу, а не само бидејќи се евтини и достапни. Можеби треба повеќе да се фокусираме на важноста на рециклирањето на облеката и текстилот, како и разменување или донирање на веќе носената облека во добротворни цели.

Ова е важно, за да не продолжиме да ги игнорираме „мртвите агли“ во општеството во кое живееме и да бидеме поодговорни како членови на заедницата. Тоа често ќе значи соочување со фактот дека во некои (или повеќе) аспекти сме привилегирани, а колку е поголема привилегијата, толку се побројни тие „мртви агли“. Ако не ги разбираме целосно причините за купувањето брза мода, како можеме да се надеваме дека ќе им го покажеме подобриот пат на поголем број луѓе? За почеток, сметам дека треба да продолжиме да прашуваме #којјаправимојатаоблека? без разлика дали станува збор за парче од 200, 2.000 или 20.000 денари, бидејќи верувам дека поголемата транспарентност ќе помогне да се намали јазот и да се доближат стартните позиции.

Автор: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

Ана Јовановска: Треба да смислиме поинаков формат за онлајн-изложби

Разговараше: Наташа Атанасова

Ана Јовановска е млад уметник/жена-уметник/уметница/уметничка од Куманово. Нејзиното портфолио на самостојни и групни проекти е за восхит и почит, уште повеќе, имајќи го предвид нивото на квалитет на тоа што го работи. Ана прави премногу и не зборува многу, па затоа секој муабет со неа има тежина и е задоволство кога ќе се случи. Па макар бил и виртуелен, како овој.

Дали и како ти се менува сфаќањето на уметноста и нејзината смисла со текот на годините?

Па, полека преминав од истражување на проблемите кои се појавуваат внатре во сликата и што ја сочинува и ја прави една слика, кон нејзино просторно разгледување и разградување и кон истражување на проблемите надвор од неа – творење земајќи ги предвид општествените околности во кои се создава едно уметничко дело и неговиот однос со тие околности.

А како ти влијае пандемијава, во текот на која се соочуваме со големи промени во прикажувањето и восприемањето на уметноста?

Пред почетокот на пандемијата, бев на дневна релација Куманово-Скопје-Куманово. Со почетокот на социјалното дистанцирање, почнав да работам од дома. Новата распределба на времето ми остави простор и сили да се посветам повеќе на моето уметничко истражување и создавање.

Вистина е дека повеќе изложби и прикажувања од последниве две години не сум имала досега. Ама… тоа се должи на принудното нагло префрлање на сиот физички изложбен простор во виртуелниот свет. Имајќи го ова на ум, би рекла дека квантитетот не значи успех, а со тоа, ниту решение за восприемањето на уметноста. Овој начин на прикажување, од една страна, понуди поголема видливост и достапност на тековните уметнички реализации, но од друга страна стана еден погоден самоодржлив систем на профитерство на грбот на културата во криза. И во други прилики го имам напоменато ова: треба да се смисли и испроба поинаков формат за онлајн-изложбите. Бесцелно е да се обидуваме со истите стратегии. Со текот на времето, како испробуваме и учиме, се надевам, ќе смислиме нов начин за ова да го направиме успешно.

Глас, буква, збор, јазик, говор, слика, апстракција – поврзаноста на овие поими те интересира уште откога знам за тебе. Релацијата индивидуа – колектив – идентитет одново и одново преку нив ја имаш истражувано на изложбите „Од текст до апстракција“, „Words“, „Буквата за себе и човекот“, „Littera Аbstracta“, „Бесконечен свиток“… Можеш ли да ја опишеш оваа врска во нашиот контекст?

Јазикот со постоечка граматичка структура, синтакса и систем на симболи е чисто човекова придобивка. Тој ги опфаќа сите сфери на човековото постоење и неговото разбирање на светот. Јазикот може да ги обликува и може да ги преобликува и нашите сеќавања, па дури и колективната меморија. Личната или колективната меморија реинтерпретирана од позиција на моќ може да има длабоки импликации кои создаваат лажни спомени или пристрасност.

На пример, со оглед на тоа што македонскиот јазик е поделен по род, ни открива низа пропусти кои се пројавуваат во општествените структури. И, не само во нашите. Алгоритмот на Google Translate во отсуство на заменски придавки речениците ги преведува во присвојност на машки род. За некои именки како „актер“, постојат изведенки како „актерка“, но за „шеф“ не постојат. Дали сум јас „уметник“, „жена-уметник“, „уметничка“ или „уметница“? Сите овие именки се користат наизменично за опишување на оваа професија.

Понатаму, тука се дијалектот како основа за дискриминација, јазикот како средство за говор на омраза, кирилицата како писмо во изумирање истискано на маргините… многу теми поврзани со јазикот што постојано ме интересираат.

Со твојата изложба „Plastic“ и со книгата „Me, We“ експлицитно се занимаваш со женските прашања. Што значи денес да се биде феминист(ка)?

Имам чувство дека одредени „замисли“ и поп-културата неуморно работат на обезначување на тој збор и негово одделување од намерата. Па така, денес, чинам, е passé да се биде феминистка или феминист. Навидум, можеби и изгледа дека таквата определба е непотребна, судејќи според досегашниов напредок, но во тоа не спаѓа и реалноста на сегашново балканско постоење.

Сакаш да експериментираш и да испробуваш нови техники, „кои ќе извадат од делото нешто поразлично на површина и во преден план“. Последно впечатливо нешто ми беше твојата инсталација „Оази“ со објекти направени од природни материјали, пластични кукли и  епоксидна смола, кои зборуваат за односот човек-природа. Каков е твојот однос кон природата?

„Оази“ е дело кое беше создадено во репетитивни фази од средината на март 2020 година до почетокот на 2021 година. Во тој период, како своевиден механизам на справување со новонастанатата ситуација, се случи едновремено светско свртување кон природата и интоспекцијата, па го забележавме подемот на cottage core, реактуелизирање на традиционалните отуѓени уметнички изрази (плетење, везење, керамика, отсликување…) и повикот за премин во одржлив начин на живеење.

Фазите на „Оази“ се состоеја од одгледување, негување и собирање на растенија во сите сезони, избор, сушење и пресување на растенијата на подолго време, преработка на стари пластични кукли, организирање и позиционирање на елементите во калапи, леење со епоксидна смола, проследено со период на зацврстување и конечно, неколкукратно рачно полирање на финалните објекти. Значи, еден долгорочен проект кој бараше трпеливост и планирање. Ми беше важно да користам неискористени, отфрлени, но достапни материјали кои ќе добијат нов живот, нова цел, преку нивното рециклирање.

Долгорочноста на процесот ми овозможи да се доближам до природата и да го внесам природното во вештачкото. Односно, да создадам еден спој на органско и артифициелно, природа и култура и да ги третирам природните материјали не како ресурси чија конечност е премин/претворање во културното, туку како дел од него.

Минатата година излезе од печат твојата книга „Pismo.docx“, во коавторство во Бранислав Лукиќ Лука. За мене беше едно WOW – поради концептот и естетиката на книгата како предмет, поради сопоставеноста на вашите уметнички стилови но и на возраста и ставовите кон животот и уметноста и ми се чини најмногу поради искреноста и отвореноста карактеристична за личните преписки кои сте се охрабриле да ги извадите на виделина. Имаш ли реакции од други за тоа како ја доживеале книгата, затоа што не е баш WOW видливоста на реакции по медиумите?

„Писмо.docx“ е резултат на еден долгорочен, акумулирачки проект од година и пол (2017-2018) неформална пишана кореспонденција со размена на илустрации помеѓу мене и Лука. Тој е уметник и писател од БИХ, кого го запознав на една уметничка резиденција и имавме желба да го одржиме контактот, а притоа да создадеме нешто заедничко, нешто за нас ново и поинакво. Промоцијата на книгата беше во вид изложба и се одржа во Уметничката галерија при НУ Музеј – Куманово во 2020-та. Тоа време, повеќе медиуми објавија за книгата, имав интервјуа, а луѓето кои ми се блиски си купија примерок и го пофалија концептот, особено спојот на два јазика…

Сепак, за вистинскиот прием на книгата не можам да проценам, бидејќи кај нас писателскиот свет е одделен од уметничкиот, си има свои кругови и постои во посебен дискурс. Пред оваа книга, имав работено само на уметнички книги. Тешко е да дојдеш до видливост, а со тоа и вистинска критика во свет во кој владеат други правила. Се надевам дека ќе успееме да ја реиздадеме книгата и во БИХ во периодот што следува и дека ќе наидеме на поентузијастичен прием.

Имаш ли чувство дека уметничките кругови кај нас се мали и тесни и дека ти треба широчина? Размислуваш ли да смениш средина, да отидеш барем привремено да твориш во некоја друга земја?

Нашата културна сцена е мала, но попогубно и за уметниците и за општеството е тоа што е централизирана. Среќна сум што, покрај прекаријатноста на професијава (читај: вокација), заедно со моите проекти и нивните реализации во изложби и работилници, прошетав и мојата пракса ја развивав во повеќе средини: Франција, Германија, Кипар, Турција, Шкотска, САД, земјите од Балканот… Моментално, претпазливо продолжувам да аплицирам, бидејќи тековната кризна ситуација носи со себе и дополнителни логистички проблеми и непредвидливости.

Годинава, наградата „Денес“ за млад визуелен уметник, која ќе ти овозможеше двомесечен престој во Њујорк, за малку ти се лизна од раце. Каков е општо твојот став кон наградите?

За наградата „Денес“ годинава во финалниот избор бевме една многу квалитетна екипа од четири уметнички. Сите се знаевме од претходно преку дружба или преку проекти. Уште еднаш сакам да упатам честитки до добитничката на наградата и, воедно, ги охрабрувам сите уметници и културни работници да аплицираат на повици за награди во земјава и во странство. Не секогаш ќе се добие, но искуството е незаменливо, бидејќи во тој процес на креирање се создаваат конекции и пријателства, се учи по нешто ново, се инспирира и се развива идејата за делото под различни влијанија и поинакви услови.

Не сум сигурна колку можам да го одбранам постоечкиот концепт на победник со награда во областа на уметноста и културата доколку темата не е зададена, а условите се произволно дефинирани, што некогаш знае да се случи. Но, сепак, тоа е воспоставена практика која функционира, го потврдува и официјализира дотогашниот труд и постои за добро. Тоа е можност која не треба да се испушти.

Последен предизвик ти беше процесот на правење сопствена хартија, нешто што во работилница го споделуваше со уште помлади од тебе, со средношколци. Ти се допадна ли таа улога на учител, условно кажано? Сметаш ли дека знаењето, вештините, искуството доволно патуваат меѓу генерациите во нашава средина?

Така е, во последниве неколку години, поинтензивно ја вклучувам и едукацијата како дел од мојата уметничка пракса. Не само што ми се допаѓа и уживам во таа улога на ментор (без разлика дали тоа ќе биде нешто практично или пак нешто теоретско), туку и сметам дека тоа е еден вид наша должност – уметничка, па и општочовечка.

Инаку, последнава работилница за која зборуваме и која ја водев, беше дел од еден огромен проект под името „Допирот“, дел од „Ние сме тука: идни екологии“ куриран од Ана Франговска од НГМ во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“. На нејзина покана, решив со учесниците да споделам самонаучена екотехника на рециклирање и правење хартија, со којашто, најверојатно, тие не би имале прилика да дојдат во контакт и да ја научат без процесот на trial and error. На мое задоволство, младите учесници покажаа заинтересираност и посветеност. Иако верувам дека нема да го стават правењето хартија на својот дневен ред, идејата зад ваквите работилници и предавања е проширување на перспективите и запознавање со нови изводливи опции за одржливо постоење. За жал, врската, не само помеѓу генерациите, како што велиш, туку и преносот на знаења преку различни дисциплини е сè уште некаде во иднината. Се надевам, поблиска. Работиме на тоа.

Секој ден, од „8 до 4“ си во светот на маркетингот. Па, многу ме интересира: дали сметаш дека маркетингот повеќе ќари од уметноста и уметниците или обратно?

Ќарењето е обострано, иако не во иста мера. Нема добар дизајн, а да не ги следи правилата на класичната уметничка визуелизација. Нив, во најголем број случаи, уметноста ги нуди инстинктивно, а дизајнот ги восприема и применува практично. Нема добра кампања, а да е површна во идејата и материјализацијата, односно доколку она мисловното кое е предмет во современата уметност и излегува од рамките на проблемот на визуелното не се примени заедно со применетоста на дизајнот.

Од друга страна, ефективноста во извршувањето и палетата на дигитални алатки кои се развиени примарно за итноста на маркетингот, многу добро ни се наоѓаат во реализирањето на уметнички дела, кои нема само да бидат дигитални или дигитализирани, туку ќе се поврзат со ововременоста и ќе станат достапни за поголем број луѓе.

Фото: Сони Романов

Дали одржливата мода навистина е поскапа од брзата мода?

Едно од прашањата што најчесто ги добивам кога се разговара за одржливата мода е – Зошто се парчињата толку скапи? На прв поглед, објаснувањата и аргументите се повеќе од јасни, но кога ќе ја погледнеме подлабоко поголемата слика, неизбежно се поставува прашањето – Што е скапо? И дали одржливата мода навистина е поскапа од брзата мода?

Прво нешто што секогаш им го кажувам на луѓето кои само што тргнале на нивното одржливо модно патување е  – најодржливата облека е онаа што веќе ја имате во вашиот плакар! Ако сакате да додадете нешто во вашата гардероба или да ги размрдате комбинациите, сепак можете да го искористите максимумот од она што е веќе произведено. Позајмувајте или разменувајте со пријатели, разгледувајте низ вашите локални продавници за облека од втора рака или размислете за алтернативни начини, како изнајмување.

Но, што кога сакате нешто ново? Реалноста е дека термините како „свесно“, „еко“ или „одржливо“ не значат ништо сами по себе бидејќи термините не се регулирани од никаква трета страна. Тогаш, што значи „одржлива мода“? Одржливата мода во суштина се однесува на облека и додатоци што се произведуваат и/или до кои се пристапува на еколошки и општествено одговорен начин. Причината поради која зборот „пристапува“ е во дефиницијата за одржлива мода е бидејќи терминот не треба да се ограничува на правење или купување нови работи. Иако маркетинг кампањите за одржливост нè наведуваат да веруваме дека можеме да си го купиме патот до одржливост, тоа не е толку едноставно. Да, можеме да избереме да купуваме на поодржлив начин, но вклучувањето во одржливата мода не бара задолжително купување ништо ново.

Зошто евтината брза мода всушност скапо се плаќа?

Моделот за брза мода е изграден врз бесконечен циклус на прекумерно производство и прекумерна потрошувачка. Евтините цени од брендовите за брза мода се овозможени само затоа што овие брендови произведуваат во огромни количини. Иако компаниите не прават многу профит од секое парче облека, можат да профитираат стотици милиони, па дури и милијарди, бидејќи произведуваат толку многу. Дури и кога некои брендови за брза мода почнуваат да вклучуваат (мал) процент од рециклирани и органски материјали во нивните колекции, ова ниво на производство никогаш не може да биде одржливо. И, бидејќи брендовите за брза мода произведуваат во толку големи количини, можат да преговараат со фабриките за намалување на цените. Овие преговори ги потиснуваат платите на работниците и ги одржуваат безбедносните стандарди на работното место многу ниски.

Знам дека статистичките податоци не се најомиленото нешто за модните вљубеници, но дозволете да ви приложам неколку за да ја претставам појасно сликата за модната индустрија денес:

  • Се предвидува дека модната индустрија ќе истроши 25% до 30% од преостанатиот светски јаглероден буџет до 2050 година со сегашните стапки на раст.
  • 93 милијарди кубни метри вода и 98 милиони тони необновливи ресурси се експлоатираат секоја година за производство на текстил. Да, секоја година.
  • Облеката направена од синтетички влакна е одговорна за дури 35% од глобалното загадување со микропластика.
  • Текстилот е четвртата по големина „причина за притисок врз животната средина“ во ЕУ, според истражувањето на Европската агенција за животна средина.
  • Текстил во количина што ја собира во еден камион за ѓубре завршува на депонија или се согорува секоја секунда.

Дали бавната мода навистина е поскапа?

Едноставните, јасни, видливи и опипливи одговори на прашањето зошто една кошула, на пример, произведена по начелата на бавната, одржлива мода, е поскапа од кошула на бренд за брза мода, се следните:

  • Подобриот квалитет има повисока цена
  • Поскапо е да се произведува количински помалку
  • Одржливото работење значи праведни и фер плати за сите засегнати
  • Занаетчиските и рачни изработки бараат повеќе време и човечки вештини
  • Цената на органските, сертифицираните ткаенини, алтернативните и рециклирани материјали доаѓаат со висока цена

Тука доѓа на ред промената на нашата перспектива за она што е „скапо“. Навиките на купување се сменија многу низ годините, а голем удел во тоа играше достапноста на новата облека. Модата навистина беше статусен симбол во децениите пред индустриската револуција. Добро скроената облека беше идентитет на богатите. И иако правењето облека беше поевтино, купувањето облека од масовно производство стана поудобно. Модата беше исто така најисплатлив начин за учество во општеството.

Денес, брзата мода и социјалните мрежи нè натераа да веруваме дека е нормално да купуваме 52 микросезони годишно. Социјалните медиуми имаат огромна улога кога станува збор за прекумерната потрошувачка и културата на влијание. Тоа ја поттикнува стигмата околу повторното носење облека откако еднаш ќе се сподели на интернет. Што е уште полошо, овие ултрабрзи модни брендови ни го испраа мозокот да мислиме дека е во ред да носиме нешто еднаш, а потоа да го фрлиме затоа што не чинело доволно за да го цениме.

Дали одржливата облека треба да стане евтина?

Додека луксузната одржлива облека (која понекогаш е дури и рачно изработена) е прилично скапа, не сметам дека е неразумно некои брендови да наплаќаат 2.000 денари за маичка. Мојата логика е дека не можам (сега веќе и не сакам) да купам 5 маички од 2.000 денари, како што би ги купила кога би биле (и до 10 пати) поевтини, како оние во продавница за брза мода. Но, бидејќи свесно купувам една нова маичка годишно, маичка која знам дека добро ми стои, дека е квалитетна и ќе издржи многу перења, дека можам да ја комбинирам на многу начини, дека е од материјали пријатни за околината, дека сите луѓе во процесот на нејзиното производство биле фер платени и дека со нејзиното купување поддржувам локален бизнис, тогаш 2.000 денари за едно навистина добро парче облека ми звучи како паметен избор. Ова е мајндсетот на бавната мода што го усвоив и со кој општеството треба повеќе да се запознае.

Мојот одговор е: Не, облеката не треба да биде толку евтина како што е сега. Хипотетички, ако одржливите брендови станат евтини како „нормалните“, тогаш луѓето сè уште би ја купувале истата количина облека како што прават сега, и веројатно ќе ја фрлат по неколку носења бидејќи им станала здодевна. Правејќи ги работите толку евтини како што се сега, создаваме и поттикнуваме „општество на отфрлање“.

Ако нешто чини малку повеќе (како порано), луѓето повеќе би се грижеле за работите кои ги поседуваат. Затоа што сега, ако парчето облека е скинато или има неисправен патент, се чини полесно е да го купиме/нарачаме ново, отколку да го поправиме. Порано, без масовното производство што го имаме сега, облеката беше поскапа. Нашите баби и дедовци купуваа облека и ја носеа со децении. Но, сега не сакаме да бидеме „демоде“.

Иако одржливата облека треба да стане подостапна за повеќе луѓе, цените не треба да се спуштат на цените на брзата мода. Запомнете дека одржливоста не е сè или ништо. Направете што можете во рамките на вашите можности. Сигурна сум дека не ви требаат стотици парчиња облека во плакарот.

https://www.instagram.com/p/CUf2A77M5ZJ/

Да ја направиме одржливата мода поинклузивна

Се согласувам дека некои брендови се прескапи, па колку и да штеди некој, нема да може да си ги дозволи. Сега, овие брендови навистина треба да станат поевтини ако сакаме да ја направиме одржливата мода поинклузивна. Зголемената побарувачка е навистина единствениот начин да се направи етичката облека подостапна за повеќе луѓе.

Има една работа што многу луѓе ја забораваат. Кога нарачувате онлајн или одите во продавница за брза мода и купувате 10 производи на нив, трошите доста пари. Но, бидејќи сте купиле толку многу облека, секое парче не изгледа толку лошо. Дури кога ќе го погледнете подобро или ќе почнете да го носите и перете, излегуваат на површина сите маани и недостатоци.

Не заборавајте дека не се работи само за купување етички и одржливо изработена облека. Се работи за купување помалку и одржување на тоа што веќе го имаме. Затоа, наместо да имате гардероба исполнета со евтина облека (од која половина не ја ни носите), поседувајте помала колекција која е квалитетна и која навистина ја сакате.

Автор: Александра Спасеска (https://www.instagram.com/aleksandrina_vezilka/?hl=en)

Илустрација: Моника Стојановска (https://www.instagram.com/_moooki/?hl=en)

Филип Димевски: Културата кај нас е свет за себе

Разговараше: Наташа Атанасова

Како читател не е затворен во една книжевна епоха или жанр, го интересира сè и сешто. Ги сака Буковски, Булгаков, Борхес, Гомбрович, Капушќињски, Атвуд, Јерговиќ, Твардох…, ама ако мора да издвои само еден од авторите што ги има издадено, тоа би бил Витолд Гомбрович. „Оти Гомбрович не следи некакви жанрови, туку ги создава, оти возбудува со сарказмот, иронијата, ги сведува „големите“ прашања на човештвото на некој навидум мал, ништовен настан, извртувајќи го и играјќи си со него, притоа релативизирајќи го на само нему својствен начин, дрзок и бескомпромисен“, вели Филип Димевски, основач на издавачката куќа „Бегемот“.

Иако прашањето за омилениот автор беше „бонус“, фино легнува како увертира на разговорот со него за тоа што го интересира како издавач и како размислува како креатор на активности на нашата културна сцена.

Како реши дека сакаш да се занимаваш со издавачка дејност? Какви ти беа почетоците тогаш, а како гледаш на тоа од денешно растојание? Донесе ли правилна одлука?

Издавачката дејност е тесно поврзана со мојата професија, филолог и преведувач сум по струка, па за време на студиите некако спонтано пред мене се испречи голема литература што во тоа време не беше објавена. Природно ми дојде да размислувам во насока да отворам издавачка куќа, едноставно сакав да се занимавам со тоа. Така, скромните почетоци на „Бегемот“ беа во 2009 година, во првите неколку години чекоревме бавно, објавувавме по 3-4 книги годишно, но со текот на времето се отвораа пред нас нови и нови книжевности, некои истражени, некои што допрва сакавме да ги истражиме.

Особено нѐ интригираа, условно кажано, помалите книжевности, како полската и чешката, како и поавангардните автори од поголемите книжевности. Во меѓувреме се отворија повеќе можности за издаваштвото, па на мое огромно задоволство успеавме да објавиме некои култни автори на македонски јазик, како Борхес, Гомбрович, Вајлд, Манро, Атвуд, Булгаков и др.

Од денешна перспектива гледано, да, секако, мислам дека донесов правилна одлука. Како не би била правилна кога успевам да ги спојам задоволството и работата?!

Во „Бегемот“ со години градите и надградувате едиции со издржан уреднички концепт. Имате ли во глава идеја за некоја нова едиција, која ви се крчка, но на која сè уште не  ѝ дошло времето?

Секогаш има нешто во позадина што го чека својот момент да се појави, но се трудиме да не останеме само на идеја. Во последниве три години почнавме да осмислуваме и веќе да реализираме две нови едиции: „Перископ“ и „Плочка“.

„Перископ“ е едиција што се занимава главно со есеистика, досега брои три изданија од сериозни автори (Чеслав Милош, Марта Нусбаум, Данило Коцевски), а еве да најавам дека многу скоро, во текот на ноември, ќе има уште две нови изданија од двајца многу значајни автори за светската литература. Интересно е да се види и есеистичката страна на одредени славни автори што главно се познати по своите белетристички дела. Токму тоа е еден од концептите за оваа едиција.

„Плочка“ е исто така една од поновите едиции, донекаде монографска, донекаде есеистичка едиција, којашто се занимава главно со урбаната тематика. Оваа едиција досега брои четири изданија: „Урбани легенди“ од Васко Марковски, монографското издание „Астални проекции“ за поетско-книжевниот настан што го одбележа Скопје во изминативе години како еден урбан феномен во градот, како и двете изданија од Томислав Османли – „Медиумот што недостасува“ и најновото издание „Стрип – деветтата уметност“, тематски и теориски многу ангажирано дело што се занимава со теоријата на стрипот од светски рамки до она што е најважно за нас: стрипот во македонскиот контекст, низ историјата до денес.

Може ли издавач со уредничка политика како вашата да порасне во средина како нашата?

Да порасне, да, но до кои размери, не знам. Веројатно не може да порасне до размери како издавачите со комерцијална уредничка политика, но оние издавачи со слична политика како „Бегемот“ имаат и поголеми амбиции за влијание во културата, преку организирање разни книжевни и културни настани, како и преку публицистика на културна тематика, со реакција кон осмислувањето на културните политики од државата. Тоа се издавачите што индиректно и директно ја креираат „живата“ култура, така што во таа смисла сметам дека може да се постигне поголем резултат. Една среќна околност за државата е што поголемиот дел од сите овие луѓе сето тоа го прават само од желба, па затоа и е феномен во средина како нашата да имаме толку активна култура, а притоа државата да не мрдне со малиот прст.

Во вашите изданија влегуваат дела од прогресивни, нестандардни, критички настроени, „тешки“ писатели. Имаат ли кај нас ваквите автори публика која би ги читала и купила овие дела за нивното издавање да биде одржливо и без некаква надворешна поддршка?

За големите авторите секогаш ќе има одредена публика што ќе се интересира, но за жал таа публика е прилично ограничена. Се работи за некомерцијални автори, но автори што оставиле силен белег во светската книжевност. Оттука, верувам дека интересот за ваквите автори секогаш ќе биде помал поради нивната комплексност и ангажираност, но и континуиран. Сепак, кога не би постоела поддршка од надворешни фондови, општо издаваштвото би било неодржливо, барем она на издавачите што се занимаваат со поалтернативна книжевност.

Можно ли е креирање на оригинална, независна, пркосна издавачка политика која нема да се „покорува“ на политиките на оние кои го спонзорираат издаваштвото?

Во денешново време и во овие услови, издавачите главно ги кројат издавачките програми според политиките на спонзорите. Сѐ помалку оригиналност, а сѐ повеќе сервилност во пристапот кон финансиерите. Сепак, мислам дека има мал број издавачи што се обидуваат да најдат баланс во сево ова, што на некој начин успеваат да го задржат својот идентитет притоа користејќи ги фондовите што се на располагање. Така што, можна е оригинална издавачка политика, но колку е независна, тоа е веќе друго прашање.

Мојот впечаток е дека денес кај нас се издаваат книги повеќе од кога и да е. Каква е ситуацијата на вагата на која од едната страна е квантитетот, а од другата квалитетот на книгите?

Вистина е дека никогаш не се издавале повеќе книги од сега. Изборот е квантитативно голем, но сепак е квалитативно мал. Факт е дека секојдневно се појавуваат десетици нови книги, преводи и домашна книжевност, но голем дел од тоа е сработено експресно, брзоплето. Искрено, не верувам во фабричкото производство на книги, сметам дека тоа треба да биде порафиниран и потрпелив процес. Така, нешто што е набрзина направено неминовно ќе го натежне тасот на неквалитетот на вагата. Но, веројатно секаде и секогаш било така, постојат и добри и лоши издавачи, но порафинираните читатели секако имаат добар избор.

Нашата културна сцена изминатите години ја збогативте со проектот „Очудувања“ и со фестивалот „АртАреа“. А со „Буква“ си создадовте и свој простор, место кое стана центар на многу културни настани. По повеќе од половина година, колку сте задоволни од тоа што го направивте – во секоја смисла: и во поглед на опстанокот, на содржините и на влијанието во општеството?

Низ годиниве (веќе пет), фестивалот „АртАреа“ успеа да си пронајде своја публика. Уште од самиот почеток, концептот на фестивалот беше да ги вкрсти различните културни гранки, примарно преку книжевноста, но и преку другите културни медиуми, како филмот, илустрацијата, фотографијата, стрипот итн. Многу ми е драго што на фестивалот посетители и учесници се главно млади луѓе. Тоа ми дава право да размислувам во насока дека програмата и самиот фестивал врши влијание врз младите, дека кај нив остава некаков естетски и духовен впечаток.

Истото се однесува и на „Буква“. Практично, „Буква“ на некој начин е „дете“ на „АртАреа“, размислувањата за „Буква“ всушност се директна инспирација од фестивалот „АртАреа“ и желбата да организираме секојдневен фестивал „на мало“. Сепак, за ваквите места како „Буква“ едноставно не верувам дека некогаш би можело да има полош период од овој, пандемискиов, и опстанокот е многу тежок. За жал, „Буква“ е принудена наскоро да оди во „зимски сон“, па се надеваме дека на пролет повторно ќе се разбуди, верувам дека со уште поактивна и попозитивна енергија.

Како би ја опишал културата во нашата земја, сфатена како културна индустрија? Колку е таа одраз на државните културни политики?

Културата во нашата земја би ја опишал како „свет за себе“. На некој начин, секој влече на своја страна, но тоа е она што е потребно за живата, секојдневната, приземјена култура, онаа што гравитира помеѓу нас без некој особен повод. За мене навистина е енигма како може да имаме релативно квалитетна културна сцена без никаква организираност на државните културни политики, кои со години (отсекогаш?) биле максимално запоставени. Културата без системска организираност и соработка помеѓу државата и независниот културен сектор – едноставно не можам да замислам да биде на подобро ниво од ова што е сега. Ниво што, ќе повторам, мислам дека е високо, имајќи ја предвид тоталната незаинтересираност на државните институции за младата, живата, авангардната култура. Исто така, останува помислата (за жал само помисла) што би можеле да направиме, ако барем малку има системска поддршка од државата. Овде не мислам само на финансискиот дел од поддршката, туку повеќе на желбата за соработка и искористувањето на државните капацитети за културни цели. Оттука произлегува дека имаме голем број културотворци, од секоја културна сфера, и истрајни се, жедни се да ја изразат својата страст, но државните културни политики упорно и упорно изостануваат. А не треба многу, треба само да се „отворат“ кон младите.

Какво влијание има целата културно-општествена ситуација врз младите? Колку и вие при создавањето на тоа што го создавате сте во допир со младите, размислувате на нив и/или ги вклучувате?

Прашањево делумно го одговорив погоре зборувајќи околу фестивалот „АртАреа“. Вклучувањето и културниот капацитет на младите беа главниот поттик за да се организира фестивалот. Убедени сме дека има многу, и допрва ќе има, квалитетни млади творци од разни културни сфери. Затоа активно вклучуваме млади луѓе, особено оние што немаат или немале каде да се изразат. Низ годиниве на фестивалот учествуваа десетици млади творци, дали со свој дебитантски филм, дали со изложба на фотографии, графики, стрипови, дали со свое книжевно или анимирано дело, а и во самата организација на фестивалот, којашто е повеќе спонтана, така што фестивалот постојано е во допир со младите и искрено нѐ радува тоа.

„Градиме култура во која се чита од проодување до бастун.“ – стои на вашата веб-страница. Успешни ли се овие ваши напори во целокупниот општествен контекст? Народ со ваква (не)читачка младина – треба ли да се грижи за својата иднина? 

Низ годините се трудевме да ја прошириме издавачката програма, па така во издание на Бегемот веќе може да се најдат одреден број книги за најмладата публика, од врвни писатели и илустратори, па сѐ до книги за најстарата генерација читатели. Нашата цел е да немаме ограничување на возраста, за нас е најважно да издаваме квалитетни изданија и читателите од секоја возраст да може да си пронајдат дела по свој вкус. Дали се успешни нашите напори – искрено не знам, не би знаел како да го утврдам тоа, можеби некој однадвор подобро ќе го согледа тоа? Дефинитивно загрижувачки се (не)читачките навики на младината, но еве повторно овде се испречува системскиот проблем, односно незаинтересираноста на државата запоставувајќи го овој проблем и кроејќи ги погрешните лектирни планови и нејасни политики. Но, во овој проблем исто така имаат сериозен удел и самите издавачи, односно со неквалитетот што им го нудат на младите, со тоа убивајќи ја желбата за читање кај нив.

Насловна фотографија: Зоран Шекеров

 

Румена Бужаровска: Не постои прогрес без самокритика

Разговараше: Наташа Атанасова

Писателка, преведувачка и професорка. Активистка, феминистка и оптимистка. Отворена, директна и полна со хумор. Би се занимавала само со пишување, да не е тоа невозможна мисија. Си го сака книжевниот превод, ама смета дека е крајно неисплатлив, без никаква поддршка од државата и дека затоа преведувачите добиваат третман и на амали. Работи како професорка по книжевност и превод на Катедрата за англиски и константно се надградува, така што тоа ѝ помага и во пишувањето. Румена Бужаровска е пример за жена која со сите сили се труди работите што ѝ се јасни да ги направи јавни, а ова интервју кое настана како дел од нејзината соработка со Europe House на проектот Вавилон, е уште еден придонес во таа насока.

Како изгледа твојот творечки процес, т.е. создавањето и комплетирањето на еден расказ од празен екран до испечатени страници меѓу корици?

Не пишувам често и не пишувам секој ден. Творечкиот процес е долг… тој тлее, мора да се инспирирате, мора да научите некои работи, да направите некои истражувања за да напишете нешто. Прво размислувам, набљудувам, правам концепт, правам скици и потоа седнувам да пишувам. Мразам да губам време на бесцелно пишување, па потоа да се мачам од тоа што сум го напишала да извадам нешто што е добро или не е добро. Дури кога ми е спремен расказот во главата седнувам и за релативно кратко време ги завршувам работите. Ама после правам ревизија, со која си го подобрувам текстот. Во Македонија немаме многу силна уредничка култура, каде што всушност писателите подложат на сериозно уредување на секоја реченица – и содржински, и структурно, па сега, преведувајќи ги сопствените раскази, сфаќам дека преводот многу ми помага сама да си го направам тоа на моите текстови.

Твоите раскази изобилуваат со хумор, а и докторираше на истата тема. Со хуморот, од една страна, може на безболен начин да се плесне вистината в очи, а од друга, човек ќе се насмее, ќе му олесни од тежината на секојдневието… Постои ли граница од каде што смешното престанува да биде смешно и станува горчливо?

Многу е битно кој го произведува хуморот и која е неговата „жртва“. Хуморот би требало да има критичка функција и да се користи како алатка за да се подријат некои веќе воспоставени односи на моќ. Ако исмеваните во хуморот се тие што во општеството и онака немаат моќ, тогаш хуморот не би рекла дека е горчлив, туку невкусен. И така, имаме многу расистички, шовинистички хумор… Па, кај нас луѓето се смеат само ако се каже „пе*ер“ или „пи*ка“ на сцена. Толку се репресирани во општеството, што за нив сексот е табу, хомосексуалноста е табу, женскоста е табу… Меѓутоа, исто така гледаме и многу етничко-шовинистички вицеви на сметка на Албанците, Ромите. Така што тие ха-ха вицеви од страна, коишто ги исмеваат послабите се анахрони, остатоци од ригидно минато.

Многу често луѓето се исмеваат со тоа што кажуваат дека едниов бил политички коректен, а другиот политички некоректен хумор, што нема врска. Не, вториов не е политички некоректен хумор, тој е простачки. Ама често овие изрази од страна на тие некои сè уште постоечки елити се употребуваат, всушност, за да ги подријат процесите на еманципација и на разбирање.

Ти си и феминистка-активистка и често велиш дека си оптимистка. На полето на правата на жените, според тоа како се одвиваат работите во светот (Полска, Алабама, Авганистан…), што мораме да правиме за да не зачекориме кон дистописка иднина како од „Приказна на робинката“ на Атвуд?

Свесно ги одбивам вестите за тоа што се случува во Авганистан, затоа што не можам ништо да направам и само се чувствувам безнадежно. А ако не сум оптимист, би била паразит – ништо не би правела, зашто, нели, ништо не функционира, светот не е добро место за живеење, секогаш било лошо… Можеби очекуваме пребрз прогрес, иако тој и онака е брз. Пред сто години жените немале право на глас, не сме смееле да носиме пантолони, не сме смееле да се разведуваме, не сме имале право на сопствените тела… Сè уште немаме право на сопствените тела и во Европа, еве во Полска, сè уште тоа право се обидуваат да ни го одземат, меѓутоа никогаш не се зборувало толку за овие теми, никогаш не била толку висока свеста. Денес жените кои се во своите рани 20-ти години се многу посвесни за своите права и каде се границите помеѓу пристојното и непристојното однесување. Порано немавме имиња за некои феномени, а сега имаме mansplaining или мажјаснување, manspreading имаше предлог да се преведе како окурпација, работиме на превод на manterrupting, gaslighting… Кога се зборува за овие работи, знаеме дека станува збор за феномени што им се случуваат на сите, а не како порано да се прашуваме дали нешто не е во ред со нас. Затоа, не верувам дека туку-така ќе ги изгубиме стекнатите права.

Твоите раскази заживеаја на театарските штици во Скопје, во Љубљана, во Белград. Неодамна гостуваше на Фестивалот на светската книжевност во Загреб. Книгите ти се преведуваат на многу јазици, а најново видовме дека „Мојот маж“ ќе излезе во Франција во издание на „Галимар“. Се пишува, се зборува, се отвораат дискусии на темите за кои пишуваш, меѓутоа само во еден затворен интелектуален круг. Има ли начин да се допре до обичниот човек, кој не ни размислува дека нерамноправноста е неправедна?

Книжевноста никогаш не допирала до некои огромни народни маси, и не случајно тиражите се мали. Секогаш постоела една клучна мала група луѓе кои ги правеле промените во општеството и културата. Книжевноста е само дел од целиот тој процес.

Е, сега, друго е прашањето колку нашата држава има стратегија за поддржување на културата. Пари за култура никогаш нема, сè што правиме ние од културниот сектор е некако панк, сè е про боно, се чини дека независните културни работници како најмногу да се борат со ветерници. Стварно им се воодушевувам како успеваат да врзат крај со крај и како имаат стимул да ги прават тие работи оти како никој да не се грижи за нив.

И, уште нешто – велиш дека дознаваат само луѓето во интелектуалната јавност. А и овие вести што стигнуваат до тебе, стигнуваат заради Фејсбук, затоа што сум ги објавила јас или мојот издавач. Ако ние не го направиме тоа, буквално нема ни да се дознае. Сите од културата користиме друштвени мрежи како начин да ѝ соопштиме на јавноста што сме направиле, затоа што не постои друг механизам, иако на моменти ни е непријатно да го правиме тоа. Друштвените мрежи станаа главен гласник, лажните вести се шират лесно а и владата базира свои одлуки на тоа што го гледа на Фејсбук, а не врз основа на истражувања, анкети или некое знаење… Многу се дилетантски тие односи кај нас, ама тоа е – млада држава, младо општество, некако на погрешна нога имаме застанато со корупцијата и никако да се средиме.

Да, корупцијата. Заедно со нискиот стандард ѝ даваат ветер во грб на летаргијата која ги иселува луѓето од земјава. Тоа е темата и на твојата последна збирка „Не одам никаде“. Ако те прашаат младите дали вреди да се остане тука, што би им кажала?

Би им кажала дека е убаво да шетаат и да видат како функционираат работите надвор. Убаво би било после да се вратат тука и да ги искористат тие искуства. Македонија е прекрасна земја, Скопје е прекрасен град, но секојпат кога ќе излезете надвор гледате како некои работи можат подобро да функционираат. Меѓутоа, да им препорачаш на луѓе што немаат пари да патуваат е многу неодговорно. Некогаш кога ќе ги прашам студентите за тоа, гледам дека голем дел од нив не излегле од државата зашто економски се загрозени. И нормално, ги фаќа летаргија, ги фаќа очај и мислат дека животот некаде другаде е подобар. И го разбирам јас тоа, затоа што и миграциите се многу нормална работа. Проблемот е кога тоа се случува и таму каде што не треба или не мора – има многу луѓе кои имаат услови за функционирање, но постојано некој друг им е крив за нешто и станува мода да се заминува „од оваа дупка“. Додека луѓето се тука, би сакала да се поодговорни кон средината, сите да си ја работат својата работа максимално посветено и професионално и да не мислат дека оваа земја не ги заслужува.

Што би им одговорила на тие што велат дека со твоите раскази придонесуваш за зајакнување на стереотипите и лошата слика на Западот и светот за Балканот како варварски и заостанат?

Па ако сакаат да се пишуваат памфлети во коишто Македонците ќе бидат големи херои – да имаме Скопје 2014 книжевност! Не постои никаков прогрес без самокритика, а баш ми е гајле како ме гледа Европа. Тоа е и поентата на мојата последна книга. Така што, ние писателите не постоиме за да бидеме маскоти, за да ја прикажеме Македонија во некое светло како да е оаза на просперитетот. Книжевноста не го прави тоа, ниту пак го прави добриот филм. Тие што мислат така не читаат книги, не гледаат филмови и не знаат што е уметност.

За време на Саемот на книгата, по вторпат ја доби награда за автор на годината на Македонската асоцијација на издавачи. На целиот интернационален успех, дали продолжуваат да ти значат домашните награди?

Со Лана Басташиќ баш тоа го зборуваме – колку е убаво да се добие некоја награда, оти многу често крупните награди не ги добиваат авторки. Кога ќе видите државните награди колку многу ги добиваат мажи, а колку жени – огромна е дискрепанцата! Така што, убаво е кога ќе ти дадат признание. Баш вчера ја погледнав наградата и сфатив дека се насмевнав кога ја видов и си реков: еј, ми значи ова. Сакам да функционирам во оваа средина и сакам да комуницирам со македонската читателка публика, меѓутоа сепак интернационалниот успех ми го донесе признанието, оти „Мојот маж“ ја објавив тука пред седум години.

Наоѓаш ли време за читање и што читаш повеќе – тоа што сакаш или тоа што мораш?

За жал, повеќе читам баш тоа што морам. На пример, овие денови постојано читам дипломски. Ама еве, дечките од „Бегемот“ ми ја подарија „Империјата“ од Капушќињски, кого Светлана Алексиевич го читала, а јас неа ја обожавам, и тоа го читам во моментов. Пред некое време го исчитав графичкото романче „Везење“ од Маржан Сатрапи и многу ќеф ми направи. А и во последно време многу задоволство наоѓам во графичките романи: „Плати па клати“, „Персеполис“, „Ерусалим“… Забележувам дека ме опуштаат, имам чувство дека читам нешто многу паметно а не е толку густо и „захтевно“. А, да, и слушам доста поткасти со кои си го исполнувам времето додека вршам некои досадни обврски по дома или кога возам.

Фотографии: Лилика Стрезоска

Разбиваме митови: Најчести заблуди за купувањето облека од втора рака

Одржливата мода не е ограничена само на купување облека од еколошки свесни брендови, туку голем дел од целата философија подразбира учење како да го продолжите животот на парчињата облека кои веќе ги поседувате и да придонесете кон намалување на прекумерното производство на нова облека што никој нема да ја облече. 73% од произведената облека во моментов патува кон депонија или ќе биде спалена, а 95% од таа облека може да биде реуптребена или рециклирана. Што може да направиме за да се смени ова?

Сосема е природно да сакате да се подновите или да внесете нешто ново и возбудливо во вашата гардероба. Тоа не мора да значи поход кон продавниците за нова облека каде најчесто ќе најдете брендови за брза мода. Разменувањето облека, купувањето облека од втора рака (second-hand) и поправањето на облеката што веќе ја имаме се основните начини да си ја исполните желбата за нешто ново, без да „предизвикате“ повеќе отпад. Процесот на барање низ вашиот плакар за да одлучите што сакате да размените исто така помага да се направи увид во работите што ги сакате да ги чувате и носите.

Купувањето од втора рака ја пренасочува облеката да не заврши на депонија и ја намалува потребата за нова облека – со купувањето на едно веќе сакано (носено) парче облека се намалува неговиот јаглероден, отпаден и воден отпечаток за 82%!

Промените не се секогаш лесни за прифаќање и многу е веројатно дека модните ентузијасти меѓу вас верувале дека да се изгледа стилски значи да се биде тренди – да се купуваат нови парчиња облека со секој нов тренд. Повеќето од вас можеби и никогаш не купиле нешто од втора рака, ниту пак биле во некаква second hand продавница. Но, никогаш не е доцна да се усвојат нови добри навики, па со оглед на тоа дека септември е месецот на (кревање свесност за) облека од втора рака, придружете ми се во разбивањето на најчестите митови за купувањето облека од втора рака. Да се биде еколошки свесен и да се поддржува одржливата мода пред сѐ значи да се биде едуциран и информиран, па внимателно прибирајте ги информациите.

Станува збор за нашите потрошувачки навики и раскинување на кругот на импулсивно купување на парче веднаш штом пристигне новата колекција во продавниците на брендовите за брза мода (а прават по 52 колекции годишно!) Откако ќе го сфатите влијанието што го имате, откако ќе сфатите како некако сте престанале да ја цените убавата, добро изработена облека што била веќе сакана (pre-loved), била поправена или подарена, промената можеби нема да биде најлесна, но ќе биде добра – и за вас, и за планетата Земја.

МИТ#1 Нема да најдам ништо добро во продавница за облека од втора рака

Купувањето од втора рака е уметност сама за себе и целосно разбирам дека на прв поглед може да ви се чини  како ништо да не е „добро“. Реалноста е дека повеќето продавници од втора рака не изгледаат како бутиците и продавниците на веќе познатите големи синџири за брза мода. Додека некои продавници за облека од втора рака може да изгледаат како магацини, има продавници и платформи каде внимателно се избираат парчињата по разни категории и посебно се изложуваат парчиња што се винтиџ или со исклучително добар квалитет. Надминете ги предрасудите и нурнете се во нешто ново! Се сеќавам кога првпат сум однела некого во продавница за облека од втора рака и најчесто ми кажувале: „Па ти ги наоѓаш веднаш убавите парчиња!“. Прашање е само кога ќе го изострите окото и ќе почнете да ги откривате скриените богатства. Треба само да „набилдате“ истрајност да ги најдете парчињата што ќе одговараат на вашиот стил.

 

МИТ #2 – Купувањето од втора рака е комплицирано

Купувањето од втора рака не е толку тешко и комплицирано како што можеби изгледа. Откако ќе ја сфатите идејата и ќе направите јасен план, всушност е прилично лесно. Првото нешто што треба да направите е да пронајдете неколку добри места и да се држите до нив некое време. Познавањето на видовите парчиња и квалитетот на облеката што ја добиваат продавниците е добар показател дека сте почнале да го откривате вашиот талент за купување од втора рака.

Друг совет е да се ослободите од фрустрацијата кога не наоѓате нешто: пазарењето од втора рака е уметност, а наоѓањето парче е вистинска награда. Толку сме навикнати постојано да купуваме, потоа премногу се фрустрираме кога заминуваме со празни раце. Реалноста е: подобро е внимателно да ја избираме нашата гардероба, отколку да се задоволиме со „можеби“ парчиња.

 

МИТ #3 – Нема да најдам интересни парчиња

Продавниците за винтиџ и облека од втора рака се веројатно најдобрите места за да најдете навистина уникатни парчиња. Парчиња од друга ера, од друга земја, од друга приказна, кои ќе дојдат и ќе додадат малку je ne sais quoi во вашата сегашна гардероба. Овие уникатни парчиња не само што ќе додадат „зачин“ во вашата гардероба, туку може да најдете и ретки парчиња што тешко се наоѓаат, а кои нивните претходни сопственици едноставно повеќе не ги носат. Тоа е веројатно една од најголемите награди при купување од втора рака: пронаоѓање на уникатно парче што ќе се истакне во нашата гардероба и поради кое ќе чувствуваме гордост што сме откриле такво богатство.

МИТ #4 – Нехигиенски е да се купува од втора рака

Некои луѓе не ја сакаат идејата за купување од втора рака, само затоа што облеката претходно била нечија. Реалноста е дека кога купувате нова облека, парчињата доаѓаат од производствените единици, а потоа поминуваат низ многу раце пред да стигнат до нас. Кога купувате од втора рака, облеката не само што била испрана, туку најчесто поминува и низ процес на дезинфекција. Освен ако не мислите дека јадеме во нови, штотуку отпакувани чинии секојпат кога одиме во ресторан, купувањето од втора рака не е понехигиенско од сите други активности кои редовно ги правиме.

 

МИТ #5 – Тешко е да ја направиш гардеробата навистина твоја

Купувањето облека што била претходно нечија не значи дека купувате гардероба на други луѓе. Всушност, ви помага подобро да го дефинирате вашиот вкус и да го направите секое парче ваше. Веќе саканата облека раскажува приказни, а давањето уште една шанса и втор живот само ќе ја направат нивната приказна уште поуникатна.

Вклучувајќи ги во вашата гардероба, им нудите на вашите second-hand парчиња нова средина, нова шанса да бидат во хармонија со вашиот стил и сегашните парчиња. Ќе научите да ја совладате уметноста на комбинирање старо и ново, винтиџ и модерно. Ќе научите да ја прифатите уникатната, персонализирана гардероба.

 

МИТ #7 – Можеби ќе заштедам, но нема да изгледам стилски

Уште не сум запзнала некој што ја совладал уметноста на купување од втора рака и не изгледал стилски. Има нешто во винтиџ парчињата што ќе привлече внимание и ќе ги натера луѓето да прашаат „Каде го најде тоа?“, на што со гордост ќе можете да одговорите „Винтиџ е“. Така, го добивате најдоброто од двата света: и стил, и заштеда!

 

МИТ #8 – Купувањето од втора рака е за оние кои не можат да си дозволат нова облека

Ова е можеби најчестиот мит што го слушам кај нас – впечатокот дека да се купува од втора рака значи дека лицето не може да се дозволи да купува нова облека. Покрај фактот дека се заштедува финансиски да купуваме од втора рака, тука би сакала да ја парафразирам коосновачката на Fashion Revlution, Орсола де Кастро, дека „кога купуваме од втора рака, не значи дека не можеме да си дозволиме (финансиски) да купиме нова, туку дека не можеме да си дозволиме (еко-свесно) да ја фрламе таа што веќе постои.

 

Автор: Александра Спасеска (https://www.instagram.com/aleksandrina_vezilka/)

Илустрација: Моника Стојановска (https://www.instagram.com/_moooki/)

Дејан Дуковски: Пишувам ТВ серија во која Југославија сè уште постои

Разговара: Наташа Атанасова

Да се чита Дејан Дуковски значи да се осети моќта на зборовите во форма на реплики со сета сила по своја кожа. Да се гледа Дејан Дуковски значи да се навлезе во читањето на една драма која на сите им е пред врата ама низ клучалката успеал да ја (у)види само тој. Да се разговара со Дејан Дуковски значи едноставно да се разговара. Со сета леснотија на непосредноста и со сета убавина на мислите што одлетуваат и некогаш се враќаат, а некогаш залутуваат.

Една реплика од „Друга страна“ вели: Имам дилема. Дилемата ми е дали треба да имам дилема. Како стоиш со дилемите? Која е најголемата дилема што те мачи денес?

Да, дилеми, стално имам многу дилеми. Тоа е оној хамлетовски момент, неодлучноста. Се може и вака и така. Некој период живеев во Хамбург и во Копенхаген, па Париз и цело време имав дилема што би правел, што би било ако бев тука. Што ќе беше да беше… Ако тргнев по улицата десно, а не лево… Генерално, преку глава од дилеми… Оваа последнава година ако некоја дилема ми беше во глава, тоа беше што правиме сега – ако преживееме, театриве не работат, нема претстави, нема ангажмани, хонорари… Така што, почнав да работам една телевизиска серија, со продукција во Белград, на една стара идеја што многу години ми се врти низ глава… тоа е дека Југославија не се распаднала и дека денеска е многу моќна, многу богата и клучно влијателна земја во ЕУ. Сè е реалистично, сè се случува денес, ама не е моментот дека се случува во една земја која што веќе не постои… Сценариото го почнавме со мојот пријател и талентиран млад режисер Георги Унковски и се надевам, иако сè уште не е сосема извесна продукцијата, дека овој проект ќе го истуркаме до крај…

Зборот ми беше, минатава година ја реши таа моја дилема во врска со театрите, и иако имам пишувано сценарија за филм, пишувам и за телевизија. Тоа е она… кога се затвораат театрите во Англија во време на Шекспир, тој почнува да пишува сонети… Ма, имам јас и многу други дилеми…

Ја разреши ли конечно дилемата за останувањето во Македонија?

Да, тука сум и идејата ми е да останам. Ама се разбира дека сакам често да работам и наваму-натаму. Сакам да работам со луѓе што ги знам и знам дека сакам да работам. Еве сега договараме еден проект во Нови Сад. „Дух“ го пишував за СНП во Нови Сад и претставата во режија на Александар Поповски, уште се игра таму. Сега пак договараме со Ацо еден нов проект со овој театар… Нови Сад следната година ќе биде европска престолнина на културата и се радувам на оваа можност. Со Ацо имавме одлично искуство со СНП и… добро е да работиме пак заедно. Разговараме за некаква нова мутација на стари вампиризми…

Пишуваше многу за насилството и војните. На површината на светот, како на лице на тинејџер туку некаде ќе се воспали и ќе пукне некоја нова „бубулица“, од која ќе тече гној, ќе тече крв… Ќе пораснеме ли некогаш, ќе созрееме ли?

Па не знам… Насилно беше времето…. Кога ја пишував „Буре“ на почетокот на 90-тите, тоа беше оној период пред да почне војната во Југославија, ама беше јасно дека нешто ќе се случи. Постоеше некаква тензија, се осеќаше, во воздух лебдеше тоа дека ќе пукне. Како ќе пукне, што ќе пукне, кај ќе пукне, кој… – не му беше јасно на никој, ама имаше тензија и јас тоа го регистрирав како потенцијално добра драмска материја. Иако драмата не зборува конкретно за војна, таа тензија ја има во секоја сцена од текстот, нешто се распаѓа, некаков систем на вредности се распаѓа. Текстот го носи тој набој на моментот и очигледно го фати духот на тоа време. „ММЕ“ е текст кој го пишував после, откако почна да се случува тоа од што се плашевме. Иако и овој текст не е текст кој директно се занимава со ужасите на војната, има во него некаква апокалиптична визија. Во таа смисла и „Друга страна“ е текст со некаква постапокалиптична атмосфера. „Празен град“ на еден друг духовит начин исто така се занимава со апсурдот на балканските воени конфликти… Мислам дека ниеден автор не може да остане имун на времето во коешто живее и на она што се случува, дури и во најбуквална политичка смисла. Уметноста, генерално, не може да остане имуна на светот во кој што живееме и она што го детерминира нашиот контекст на постоење, на размислување, на дилеми, стравови, надежи…

Кога нешто работам или пишувам, се обидувам точно да го регистрирам контекстот на стварноста која ја живееме. Очигледно е дека нашава стварност изобилува со разни неразрешени конфликти… Многу идеи и сфаќања се недозреани или недоволно изживеани и уште не се поставени сите работи на свое место. Драмата како жанр, во принцип, се базира на конфликт, бара некаква криза. Така што, ние сме добро тло за драма.

Уште нешто од твоите драми што е сè уште силно присутно, тоа е политичката параноја. Големата брзина на стоење. Таа параноја кај нас никако да намали, политичарите само додаваат на гаста на поделбите и ние никако да мрднеме напред…

Кај нас, да речам на Балканот, прилично многу работи од минатото не се затворени како што треба, не се прележани некои детски болести што мора да се прележат. Сè уште нè оптоваруваат проблеми коишто требало одамна да се решат и да бидат и останат само дел од историјата. Системот на вредности што требало да се воспостави пред многу години, уште се обидуваме да го поставиме. Место по рецепт, мериме некако од око… Од друга страна, луѓето овде имаат свои специфични карактеристики и менталитет, можеби одредена доза на патријархалност и тврдокорност или примитивност и необразованост, ама се и полни со животна страст и радост, непосредност, топлина и разни други бакрачи… Автентични нешта што нè прават посебни и ако ме прашаш мене, прекрасни на еден наш начин…

Сите ние коишто живееме тука на Балканот, а ги знаеме неговите болести и ги трпиме болките од нив, како да сме во еден садомазохистички однос со него.

Да, ама па од друга страна тука има и многу работи во коишто човек може да се заљуби, што може да ги сака. Кога го читам Андриќ или кога ги гледам филмовите на Кустурица… точно го гледаш тој дух којшто во суштина е непокорен и див, и ваков и таков, ама слободен. Кога пишувам, јас никогаш не бегам од тоа што сме – напротив, секогаш ги барам заедничките именители на автентичното, нашето. Не пијам чај во пет попладне, ама после многу пиење, шкембе чорба добро ми доаѓа во пет… или шест, ако работи или да работеше Бристол…

Ние сме прилично дружељубиви, прилично зависиме еден од друг, сакаме луѓе. Има тука некаква топлина кај луѓето, некоја потреба да се комуницира, да се помогне, да се споделат разни чувства. Има една непосредност во таа смисла, па и широко срце за многу работи. Еве, овде во Галичник, галичкиве куќи кога ќе ги видиш се големи, правени се за голема фамилија… за тој момент на заедништво. И тоа е автентична архитектура што се изучува на многу факултети. Ретко во што си сам овде… и во добро и во лошо. А, има цел овој регион, и една природна бистрост, виспреност, луцидност и смисла за хумор, како нешто што е најдобар лек против еден куп проблеми, да не речам, сра*а.

Моментално си во Галичник. Забележуваш ли кај тебе разлика во размислувањето, во мислите, кога си во град и кога си таму, во планина?

Па, нормално. Тука има нешто што го нема во град – имаш мир и воздух. Не само што нема толку закрчени улици и ѓубре, хаос и гужва, самава природа ти дава една поразлична позитивна енергија. Стално сум се прашувал како толку уметници низ векови се инспирираа од природата? Има нешто, си викам. Ние во Скопје заборавивме како изгледа плаво небо. Зелени бои скоро и да нема. Воздух, има делумно. Паркинг и време ни случајно… Тука го има тој луксуз, има и простор и време… Едноставно, има нешто, природата инспирира, дава една друга медитативност. Да не спомнам дека Галичник е сепак град, пред градот…

Во Галичник втора година по ред има филмски фестивал. Ќе бидне ли и театарски? 

Да, фестивалот беше прилично добар годинава. Непретенциозно, ама многу убаво. Имаше и убави луѓе и убави журки. Мислам дека овој фестивал ќе се развива позитивно и убаво ќе порасне. Има тука една стара кино сала, со оние стари балкони, ложи, ама не е функционална затоа што треба да се реконструира. Како деца по неколку пати ги гледавме сите филмови што доаѓаа… Мораме да ја реконструираме. И ако најдеме средства да се спаси тоа старо кино во Галичник, може ќе има и театар. Некогаш и Народно позориште гостувало во Галичник…

Доаѓаат ли таму млади луѓе?

За жал, многу помалку од кога растев јас, кога имаше многу повеќе живи, активни куќи.

Колку често се дружиш со помлади од тебе, колку разговараш со нив? Има ли разлики во тоа како размислуваат денес младите, а како твојата генерација во времето кога почнуваше да пишуваш?

Колку јас да се осеќам или доживувам млад, нормално дека времето ги  менува работите. Кога си млад, ти лета паметот, мислиш дека од тебе почнува светот, ама не е баш така. Ама па тоа е убавината на младоста.  Иначе, волим све што воле млади… Сакам да се дружам со млади луѓе. Млади, без обѕир на годините… Мене, додуша, отсекогаш ми биле интересни постарите. А денес некако, како поминуваат годините, жал ми е оти имам чувство дека се изгуби линкот меѓу генерациите. Како некои генерациски мудрости да останаа непренесени… Изгубени во транзиција. Во Скопје кога бев клинец, кога почнавме да излегуваме на некои места како Зизи Топ, Ван Гог, Мондријан… таму одеа и по  десетина, дваесет години постари луѓе. Тој меѓугенерациски спој мислам дека е доста важен, а кај нас како да се направи рез, се изгуби шармот на пренесување на искуство на помладите. Низ разни градови имам по едно или две места кои се прилично мои, како што во Скопје ми е „Лајка“, и денеска кога ќе отидам во некое од нив, многу луѓе ќе ги видиш на истите столови, па дошле и некои нови деца ама битно има повеќе генерации на луѓе излезени на исто место.

Многу сакам и стално кога имам шанса ги слушам приказните, гачките на постарите луѓе, сеќавањата што ги памтат. Дури ги бркам тие што мислам дека памтат некои работи, што мене ме интересираат… Сенките на заборавените предци… Многу работи се забораваат, остануваат во воздух, како приказни, а тоа се убави искуства од кои најмногу може и треба да научиш. Луѓето не се многу различни од деновиве и пред години… Чувствата од стара Грција па до денес, не се многу променети… формата се менува, а емоциите, надежите, соништата се останати истите.

Во едно интервју велеше дека планираш, па многу ме интересира дали успеа да го реализираш планот: дали си купи коњ 😊?

Не, ама треба. А може и едно магаре вака за постари години 😊.

Паметен шопинг: Како ѝ помагаш на Земјата со твоите модни избори?

Во време кога сме соочени со последиците од климатската криза и секој природен ресурс е важен повеќе од кога било, одржливоста веќе не е прашање на избор или животен стил, туку на совесност и граѓанска одговорност кон планетата Земја.

За еден производ да го освои потрошувачот, веќе не е доволно да биде добар. Купувачите сакат многу повеќе од квалитет – честопати бараат и поддржуваат производи и брендови кои имаат слични вредности со нивните. Ова се чини е очигледно. Зошто би поддржувале бренд со нашата куповна моќ, ако не се согласуваме со неговите општествени и еколошки вредности? Соочени со климатската криза, чии последици веќе се чувствуваат насекаде низ светот и дојдоа до сечиј праг, оние кои навистина се грижат, се подготвени да ги согледаат последиците на купувачките навики.

Можеби помислувате, како моето самоизразување преку модата придонесува за поодржлива иднина? Модата е една од највлијателните индустрии во однос на социјалните и политичките влијанија. Во целиот свет, потрошувачите купуваат околу 80 милиони нови парчиња облека секоја година, според документарецот The True Cost. Ова исто така значи дека денес, ние како потрошувачи купуваме 400 проценти повеќе облека отколку пред 20 години! Големината на модната потрошувачка и производство денес има значителен ефект врз нашата планета и заедниците во неа. Имаме тенденција да купуваме повеќе облека затоа што имаме тенденција лесно да се ослободуваме од облеката што веќе ја поседуваме.

Твојата моќ како потрошувач

Модната индустрија е еден од најголемите виновници во поглед на загадувањето на животната средина. Според Агенцијата за заштита на животната средина на САД, 26 милијарди текстил завршуваат на депонија секоја година. Да бидеме реални, ниту ваквите фрапантни бројки нема да ги спречат повеќето луѓе преку ноќ да се свртат кон брендови и дизајнери кои негуваат одржливи практики. Голем дел не се подготвени ни да се откажат од купувањето од брендови на брза мода. Но, многу луѓе сакаат да направат промена на подобро. Да ја парафразирам Ен Мари Боне, која ова оригинално го има кажано за нула отпад напорите: Не ни требаат неколкумина кои совршено практикуваат одржлива мода. Ни требаат милиони кои го прават тоа несовршено.

Д-р Мет Џонсон, професот на Меѓународната бизнис школа Халт и основач на блогот за невромаркетинг Pop Neuro, вели: „Има сѐ повеќе докази дека потрошувачите се под влијание на напорите за одржливост на брендовите кои ги избрале и се подготвени да платат повеќе за производи од бренд за кој веруваат дека е одржлив, отколку за бренд кој не е“.

Вредноста за парите и леснотијата во купувањето остануваат одлучувачки фактори во донесувањето одлука дали нештото ќе биде купено, но одржливста станува сѐ позначаен фактор. Резултатите од истражување од 2019 година што го предводеше Hotwire, покажаа дека 47% од интернет корисниците ширум светот прекинале да користат услуги и/или производи од бренд(ови) чии вредности се косат со нивните. Заштитата на животната средина котира највисоко на листата со причини. Можеби на прв поглед одржливата мода не делува како примамлив бизнис модел, но немањето еколошки одржлив аспект на бизнисот, денеска може да ве исфрли од работа.

Кога купуваме парче гардероба, моден додаток или обувки од одржлив бренд, ние плаќаме многу повеќе од производ – ја плаќаме целата еко-социо-економска приказна околу него, директно учествуваме во поддршката на практики во кои веруваме, на тој начин инвестирајќи во нивната, но и во својата иднина.

Како да препознаеш вистински одржливи брендови?

За да можеме да бараме отчетност од брендовите и да процениме колкави и колку искрени се всушност нивните напори да ги сменат своите практики во „позелени“, треба да знаеме што е реално потребно за да се случи тоа.

Агенцијата за заштита на животната средина на САД како напори за одржливост на еден бизнис ги смета создавањето и одржувањето на услови во кои луѓето и природата можат да коегзистираат во продуктивна хармонија, со цел да ги поддржат сегашните и идните генерации.

Имплементирањето на одржливоста во бизнисот може да биде тежок залак за голтање. Многу брендови сметаат дека се премногу мали за да можат да бидат 100% одржливи и да го соопштат тоа без сомнеж и со гордост. Во никој случај не го охрабрувам greenwashing како „метод“ за учество во одржливата реалност, но верувам дека секој поеднец и бизнис може да направи и најмали промени во насока на транспарентност и одржливо работење.

За да може еден моден бренд да се квалификува како одржлив и етички, мора да работи со материјали и практики што не се штетни за животната средина, вработените да бидат соодветно платени, односно да биде вреднуван нивниот труд и да се почитувани нивните човекови и работнички права, и брендот во своето работење да го минимизира јаглеродниот отпечаток, користејќи обновливи извори на енергија.

Дополнителни „поени“ се добиваат со користење на локални суровини и работна сила, како и со спроведување на ефикасни филантропски и општествено одговорни практики, како донации во добротворни цели и вработување лица од социјално ранливи категории или лица со различна способност. И секако, да се биде транспарентен во сите овие процеси.

Вредност наспроти цена во модните избори

Сигурно сте се прашале: зошто е одржливата мода толку скапа? Се разбира дека имате право да го прашате тоа и треба да добиете транспарентен одговор.

Кога размислуваме за одржлив живот, важно е да се разбере вистинската цена на предметите што ги купуваме. Кога ќе ја погледнете етикетата со цена, разбирливо е  да бидете збунети или фрапирани од, понекогаш, драматичната разлика во цената помеѓу брзата и одржливата мода.

За жал, иако одржливо изработените предмети стануваат сѐ попопуларни, тие не се стандард во производството. Во ова интензивно капиталистичко општество, повеќето бизниси преземаат чекори за да се осигураат дека можат брзо да произведат конкурентни производи и да ја зголемат продажбата. Она што не се гледа во таа цена е влијанието врз животната средина или луѓето во синџирот на снабдување – од земјоделците до шивачите и работниците во фабриките.

Правењето отстапки за да се намалат трошоците може да вклучува користење на детски труд и плаќање мизерни плати на работниците во фабриките. Всушност, модната индустрија насочува повеќе пари кон подгревање на модерното ропство од која било друга индустрија, покрај технолошката.

Брзото производство на облека е исто така еден од примарните придонесувачи на глобалното загадување. Модната индустрија е одговорна за 10 проценти од светските емисии на јаглерод, што е повеќе од емисиите од сите меѓународни летови заедно! Брзата мода, исто така, произведува 20 проценти од глобалната отпадна вода, што во најголем дел е предизвикана од токсични текстилни бои. Оваа боја се пробива во екосистемите, а микровлакната од неодржливи ткаенини (како полиестер) ги загадуваат нашите води уште повеќе.

Правењето отстапки од фер работењето им овозможува на бизнисите брзо да направат многу предмети и да продаваат повеќе по пониска цена. Алтернативата – да се има одржлив синџир на снабдување – значи да се произведува помалку и да се продава по повисока цена. Огромна штета стои зад цената на неетички направените предмети. Мораме да се запрашаме: Ако некоја компанија ги експлоатира луѓето и планетата за да обезбеди ниски цени и брза заработка, дали облеката е навистина поевтина? Можеби е, ако гледаме само во паричникот, но трајните влијанија врз животната средина и општеството се непроценливо скапи.

Ќе бидам искрена, некои брендови за одржлива облека се неверојатно скапи, и ова ме спречува да купувам многу работи по целосна цена. Меѓутоа, бидејќи долго време ја следам модната индустрија, можам да ви ветам дека кога купувате од одржливи брендови, вашите пари одат за фер плати за вработените, за етички пристап кон снабдувањето со суровини, а неретко и во добротворни цели и/или иницијативи за промовирање и помагање на одржливоста во поширок поглед. Ова е причината зошто се обидувам да пазарам од одржливи компании/брендови/поединци секогаш кога можам, така што ако сакам да купам нешто ново, знам каде да одам прво.

Исто така, се обидувам да не ги споредувам цените на брзата мода со трошоците за одржливо изработени производи, бидејќи критериумите не се исти. Познавањето на вистинската цена зад предметите всушност ме охрабри да избегнам купување нови. Во најголем дел, се држам до купување од втора рака, разменување и пренамена. Веќе има многу отпад од облека и производи во депониите, и сметам дека е подобро да ја користам повторно и да ја пренаменам пред да купам нова. Плус, ми заштедува многу пари!

Зошто се важни твоите модни избори?

Не смееме да заборавиме дека одржливоста како вредност е еден вид модна изјава, покрај тоа што е еколошка и економска. Вашиот моден избор може да направи големо влијание врз многу животи – од луѓето вклучени во целиот процес на производство до луѓето околу вас. Секој од нас влијае врз средината, па со секое парче што го носите на вас, вие испраќате порака, давате потврда, давате поддршка.

Модата е многу повеќе од само облека, сѐ повеќе овој термин се поврзува со транспарентност, човековите права и општествената одговорност. Модата е искуство и моќна форма на самоизразување што е важно за позиционирање на нашите лични вредности и како се гледаме себеси во општеството. Може да има приказна зад секоја кошула, фустан, торба или додаток што ги носиме.

Начинот на кој се изразуваме преку модата може да обезбеди влијателна платформа за да доведе до промени кон повеќе етички и одржливи практики во синџирите на снабдување. Самоизразувањето преку модата еволуираше во нешто поголемо-избор и начин на живот.

Автор: Александра Спасеска
Илустрација: Моника Стојановска

Subscribe To our newsletter!