euhouse, Author at Europe House - Page 7 of 18

Од хоби во пандемија до кожарски занает со потенцијал

По прележан ковид, некаде кон крајот на летото господово 2021, едно попладне скролајќи на „Фејсбук“ без никаква причина, ми излезе реклама: „Како да направиш рачно паричник од кожа“. Веднаш го кликнав линкот, сосема несвесен за „последиците“… Се отвори страница со некои основни, почетни чекори како се изработува еден паричник. Се изначитав на англиски, имаше и фотографии од процесот на изработка и си помислив: „Ова e добар вентил за ново хоби. Имам парчиња кожа во дуќан кај татко ми, кој е тапетар веќе 35 години. Ќе се обидам…“

Првиот модел што го изработив беше предизвик да видам колку сум способен за овој занает. Успешно го изработив, криво-лево што велиме ние во Ресен, но сепак ми беше голема мотивацијата да продолжам понатаму. Инаку, тапацирањето ни е семеен занает со кој се занимавам скоро 20 години, од тинејџерските денови го почнав со татко ми и сè уште го работиме заедно…

Вака започна мојата приказна за рачна изработка на паричници, торбички, ранци и други модни додатоци од кожа. Деновите што следуваа беа целосно исполнети со пребарување по интернет, гледање видеа, потрага за набавка на кожа, алати и сè што е потребно за изработка на паричници… Во нашата земја немаше и сè уште нема од каде да се купат овие нешта и морав да ги нарачувам од странските земји. Кожа, пак, успеав да најдам во Куманово, кај луѓе што работеле во кожарницте… Желбата и мотивацијата за работа растеа секој ден, сè повеќе… Случајно најдов и курсеви од професионалци каде што се објаснува секој чекор за изработка на паричници. Го совладав успешно и стекнав нови знаења околу процесот.

Овој занает ми го исполнува слободното време, секој момент го користам за да изработам некој нов модел на паричник, торбичка, приврзок…. По две години поминати со овој занает, се чувствувам поисполнет од кога било досега. Покрај тоа што ми прерасна како додаток во семејниот буџет, стекнав и многу нови пријателства кои ги одржувам. Новите пријатели, пак, ме препорачуваат на нивни пријатели. Сè уште го креирам мојот бренд на квалитетни изработени парчиња и го промовирам на социјалните мрежи како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ и се надевам дека во иднина ќе прерасне во препознатлив и ценет бренд на квалитет, не само кај нас, туку и во светот.

Пласманот на моите производи е онлајн, на социјалните мрежи, повеќе од една година функционирам вака и луѓето веќе почнаа да ја препознаваат квалитетната рачна изработка од природна кожа. Искрено се надевам дека и во иднина клиентите ќе можат да го видат и почувствуваат производот во сопствени раце пред да го купат во некоја продавница или на некој базар за ракотворби.

Поддршката на малите занаети е многу важна, а јас ја имам, пред сè, од семејството, пријателите и новите клиенти кои се задоволни од производот што ќе го купат. Секојдневно добивам позитивни коментари и критики за моите производи. Засега сум задоволен од тоа како пошироката јавност реагира на нив.

Ги охрабрувам сите што имаат замисла за некој занает, да не губат време и премногу да размислуваат како ќе биде, дали ќе успеат… Веднаш да почнат да го работат она што најмногу ги исполнува и ги прави среќни, а тоа што ќе го изработат, да го направат посветено и со многу внимание. Тогаш успехот сам ќе дојдe.

Прв базар на мали еколошки бизниси во нашата земја

Заедно со “Yes for Less” го организиравме првиот базар на мали еколошки бизниси во нашата земја!

Настанот не беше само обичен базар, ова беше и можност за дружба и запознавање со еко заедницата која освен поединци вклучува и бизниси кои иако мали, постојано и несебично го даваат својот придонес за поодржлива иднина.

May be an image of 3 people and text that says 'APRIL 22 APRIL APRIL APR". sor MPRIL APRIL 22 APRIL APRIL 22 22 APRIL 22'

Одржлива мода и аксесоари, природна козметика, нега и лична хигиена, предмети за домот, беа само дел од производите кои посетителите можеа да ги најдат на базарот.

May be an image of matchbook and text

Изговорите дека еколошките алтернативи не постојат или е тешко да се најдат после овој базар не се веќе оправдување. Се гледаме во некои други слични настани од овој карактер!

 

Posted in Некатегоризирано

Марко Трпески: Давам тригер за влез во книжевни светови

Разговараше: Наташа Атанасова

Марко Трпески е наш млад дизајнер, чие име можеби не го знаете, но затоа книга со негови корици сигурно сте држеле в раце. Кориците што ги дизајнира тој имаат еден „марковски“ печат што е тешко да не се забележи и кога еднаш ќе станете свесни за него, понатаму редовно ќе ги препознавате новите книги на кои Марко им ја скроил облеката.

Големо задоволство ми е што во рубриката #КуќаЦелСвет, која ја правиме во соработка со „Блен.мк“, гостин ни е токму тој. Неговиот најнов проект Shuffleism, кој всушност е ветување дека 365 дена по ред ќе објавува свои дизајни-коментари, беше поводот за ова интервју, во кое разговаравме и за дизајнот на корици, и за односот кон трендовите и вештачката интелигенција, за ланската „Метафора 1“ и новите „Метафора 2“ и „Ние, чувари на приказната“, кои треба да излезат до крајот на годината. Сè на сè, одлична можност да го запознаете Марко и како уметник (дизајнер и писател), и како човек.

Марко, имаш завршено маркетинг. Како дојде до тоа патот да те одведе кон дизајнот, па плус тоа да го споиш со книгите и да станеш навистина плоден дизајнер на корици?

Марко, имаш завршено маркетинг. Како дојде до тоа патот да те одведе кон дизајнот, па плус тоа да го споиш со книгите и да станеш навистина плоден дизајнер на корици?

Во мојот случај прво беше цртеж, па реч, па грижливо одржување на редот во скромната библиотека на мајка ми проследено со гласна желба и јас еден ден да напишам книга. Следуваа неброени прошетки низ страниците на нејзините книги, смела констатација дека на тие страници им недостасуваат „слики“, па повторно цртеж како клуч од засолниште низ најтешките поглавја на мојот живот, сè до моментот кога решив тие слики да ги претворам во концепти и да разберам како тие концепти функционираат низ призма на психологијата на потрошувачите и понудувачите и сето тоа да биде „креативно“. Најсоодветно место за овој подвиг ми се гледаше катедрата по Маркетинг. Потоа (тогаш велев случајно) следуваше стипендија на академијата за графички дизајн во „Семос“ за стрип-табла, која за малку ќе останеше во фиока. Потоа следуваше и соработката со „Антолог“ и можноста да придонесам на каков било начин за книжевноста кај нас. Романтична приказна, нели! 😊

ПОРТФОЛИОТО НА МАРКО

Денес работиш како фриленс-дизајнер, што е навистина смело, со оглед на тоа што сам треба да се грижиш за целиот процес, од наоѓање работа до наплата и плаќање придонеси… Што позитивно ти нуди ваквиот начин на работа, што се имаш определено за него?

Да, веќе речиси десет години функционирам како фриленсер, т.е. уште кога духот на времето сè уште се колнеше во концептот на „сигурна работа“. А јас, пак, многу рано во животот научив дека сигурноста е привид, молчешкум договорена општествена илузија. Сфатив и дека стремежот кон неа најчесто има мазохистичка природа, затоа што единствено изгледен и сигурен е самиот крај, па понесен од оваа идеја и синхроницитетите кои ја следеа, сите сили ги насочив кон процесот, т.е. кон сето она што е некаде измеѓу почетокот и крајот и решив да уживам во работата во сите искачувања и падови, подвизи и грешки. Уживајќи во возбудата која ја носи љубовта кон тоа што го работиш, речиси несвесно ја прифаќаш можноста да ги запознаеш сите свои димензии, што е огромен бенефит. А само по себе е и можност одново и одново секојдневно да учиш што суштински значи одговорноста. Мене концептот на „фриленс“ ме научи и времето да го гледам низ малку поинаква призма, а ми овозможи и да не се претворам во машина која безпоговорно ќе произведува во рамките на некој тренд.

Како ти тече процесот на дизајн на корица на една книга и колку си задоволен од размерот на вложеното време и креативност, заработката и сатисфакцијата по една издизајнирана корица?

Секој дизајн-процес, без разлика дали е тоа корица или друг материјал, мора да биде искрен, затоа што тоа е единствен одговор на довербата која клиентот ти ја дава на дланка. Втората намирница во мојот дизајн-процес е интуицијата. Да се слуша интуицијата значи и да се слуша сублимиран код испратен од сите сознанија и свесни и несвесни кои сме ги акумулирале со текот на времето. Најчесто, мое е само прецизно да ја артикулирам. Рационализацијата се обидувам да ја оставам за крај за да се изостри, прецизира и доведе до максимумот во соодветното време и простор.

Вложеното време, креативност и заработката најчесто не се за на иста вага во оваа професија, поготово не на нашиот пазар. Веројатно затоа што идејата за професијата се продава со некаков сертификат за технички вештини и со квоти на заработка спакувани во светкавата хартија на трендот, но никако не е за жалење. Сатисфакцијата, патем, е неизмерна! Замислете можност да бидете вие оној кој ќе даде тригер за влез во световите на канонските автори.

 

Корици на книги дизајнирани од Марко Трпески

Графичкиот дизајн подразбира да се биде во чекор со времето. Каков е твојот однос кон модата при дизајнирањето? И дали користењето на вештачката интелигенција (ВИ) ја гледаш како минлива мода или како неодминлива иднина?

Веројатно ќе се согласиме дека графичкиот дизајн е применета современа уметност, што само по себе подразбира одговорност во чии рамки графичкиот дизајн треба да одговори на потребите целната група. Додека модата и трендот нужно не подразбираат современост, туку се првенствено статистички алатки, а во дизајнот претставуваат и согласност заради прифаќање и најчесто лесна материјална исплатливост со неминовни нусефекти како што се униформираност и неинвентивност.

Неодминлива сегашност, би рекол за ВИ, иако самиот концепт ми се чини дека е предвремено роден (понуден на широко користење) случајно или намерно – оценете сами. Mногу недоречености и недостатоци се врзани со ВИ, поготово во поглед на графичкиот дизајн и уметноста. На пример, голем нејзин недостаток е немањето етичка норма ниту регулатива од каде алгоритмите учат (тужби и случаи еден куп), непочитувањето на авторските права, неможноста да се направи ресет. Но со самото тоа што е вештачка не може да биде виновна ниту за тековните, ниту за импликациите кои претпоставувам дека следуваат. А тука се и нашите одговорности, т.е. во равенството неодминлив е и човековиот фактор и начинот на кој тој ја користи ВИ. Имено, наместо алатка за олеснување на работата од дискусиите и моето искуство гледам дека има некоја тенденција да се претвори во инкубатор за оние кои не можат да постават јасна граница помеѓу продукцијата и репродукцијата. Најсимптоматично ми е што без размислување оној кој задал команда се именува како автор на делото.

Извадоци од „Метафора“ од Марко Трпески

Минатата година ја издаде твојата прва авторска книга „Метафора“, која е спој на ликовната и книжевната уметност. Дали таа настана како резултат на своевиден увид дека дизајнот повеќе не може да ти биде единствен канал на (креативно) изразување?

Па, во суштина, дизајнот ми е само доминантен израз, но не и единствен начин на креативно изразување. Имам јас неколку хобија, кои во голема мера служат како автотерапија, т.е. интимен монолог пред огледалото на творбата а и на сепството. На пример, тука е пишаниот збор уште пред „Метафора“, макрофотографијата, наивното макетарство, од пред некое време и обработката на дрво итн. Технички, „Метафора“ настана по увидот дека фиоките и фолдерите во моето опкружување стануваат пренаселени од неприкажани приказни, а таа беше зачната во рамките на концепт и не морав многу да интервенирам, само ги построив илустрациите и текстуалните минијатури, што беше последна заповед на мојот авторитет над нив и им дозволив да живеат меѓу читателите и толкувачите.

„Метафора“ ја гледам како твој сублимиран поглед на современите состојби – оние на умот, на перцепцијата, на реалноста и времето во кое живееме, преточен и низ визуелен, и низ книжевен медиум. Поглед низ маглата на сонот (некогаш на таа пред заспивање, на таа при расонување или, едноставно, преку маглата на заспаноста). А сонот е игрив и надреалистичен и полн симболи кои ни кажуваат многу, само ако сакаме да ги слушнеме. Како ти се чини ова мое доживување на книгата?

Уживам во различните доживувања на „Метафора“, тие се нејзина суштина и животна енергија. Токму тоа е и нејзината цел – да жонглира со перцепциите на читателот, да осцилира помеѓу сонот и јавето, помеѓу свесното и несвесното. Инаку, да, „Метафора“ е паноптикум на симболите на духот од времето кои мене ми се чинеа релевантни за напомена, истовремено и лаичка интуитивна психологизација на духот на времето. Има тука многу слоеви, т.е, за секој кој ќе се осмели по малку.

Илустрации од новата „Метафора 2“, која треба да излезе од печат до крајот на годинава

Дел од страниците на „Ние, чувари на приказната“, замислена како интерактивна книга во која читателот ќе го напише својот текст до илустрациите.

Годинава подготвуваш да издадеш уште две книги – „Метафора 2“ и „Ние, чувари на приказната“. Ќе ни откриеш по нешто за секоја од нив?

Па да, полека но сигурно влегувам во фаза на финални подготовки на двете книги. „Метафора 2“ останува во препознатлив манир, со архетипски вињетки и текстуални минијатури, овојпат од пред огледалата, затоа што метафората го одржува колективното свесно во живот. Додека „Ние, чувари на приказната“ е сосем поинаков концепт, тоа е еден вид игра во книга, книга чија суштина е да се испишува одново и одново во соработка со читателот. „Ние, чуварите на приказната“ треба да претставува една работна тетратка за сонувачи, со знаци покрај патот на мечтите, со знаци и симболи кои ќе бидат препуштени на слободно толкување на оној кој ќе се осмели да ја допишува книгата чија манирска одредница повторно е надреализмот.

Дел од SHUFFLEISM, проектот-ветување со дизајни-коментари.

Твојот креативен и критички настроен ум блеска и во новиот проект „Shuffleism“, кој на Инстаграм го опишуваш како „Logos not Logic“ и „специјализирана продавница за АРТфактите на нашето постоење“. Проектот, засега, се состои од визуелни коментари на разно-разни маркетинг појави. Како се роди и каква е твојата слика за него?

Shuffleism e креативен предизвик, ветување, критика, каталог. Ветување дека 365 дена ќе се обидувам секојдневно да создавам слики од навидум случајна мешавина на искористени рециклирани дребулии (симболично комплекси), неслучајно понесен од актуелностите со манир повторно во рамките на метафоричното и надреалното, ветување дека погончето за симболи ќе создаде каталог од АРТфакти кои, како што милувам да кажам, ја калибрирале мојата призма на светоглед во соодветниот простор-време, ветување кое ќе ме одржува во креативен и критички ангажиран набој и мене, а и оние кои ќе му дадат можност на Shuffleism.

БОНУС ПРАШАЊЕ: Кои ти се најомилените корици што ги имаш дизајнирано?

Не би издвојувал, вели некој непретенциозен глас. Другиот почнува да си набројува и тоа ретроспективно, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ – Владимир Јанковски, „Телото во кое треба да се живее“ – Петар Андоновски (наградена на овогодинешниот Саем на книгата), серијалот на Франц Кафка во издание на „Антолог“, серијалот на Меша Селимовиќ исто во издание на „Антолог“, „Глад“ – Џамал Уариачи, „Гласот на господарот“ и „Киберијада“ – Станислав Лем … ќе продолжам да набројувам во себе 😊.

Омилените корици на Марко

Доделување на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“

Во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, установа со исклучителна важност за културата и образованието, ризница на уметнички и научни остварувања, свечено се одржа јубилејното 10-то доделување на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“.

May be an image of 2 people and text

Наградата ја доби Благоја Јовановски за дел на превод на делото од англиски јазик „Волшебникот“ од Колм Тојбин, ирски автор.

Амбиентот, целосно адаптиран да прилега на манифестацијата, го охрабри евроамбасадорот Дејвид Гир накратко да се обрати на македонски јазик пред присутните, потенцирајќи ја исклучителната важност на литературата и културната размена. Свое обраќање имаше и претседателот на организациониот одбор на наградата „Вавилон“, Милан Дамјаноски.

May be an image of table, lighting, indoors and text that says 'BARCELONE ACANTILADO'

Пред официјалниот старт на настанот, Амбасадор ја искористи можноста да се запознае со работата на институцијата и македонското културно наследство. Настанот се заокружи со проекција на краток документарен филм во чест на 80-годишнината од првиот училиштен час по македонски јазик.

 

Јазикот, неговите капацитети и визуелната моќ!

Денешната работилница за графити „Графити на кирилица“ раководена од илустраторот Dreadpen ја посетија 15 млади ентузијасти.

Алтернативната улична култура и убавината на македонската азбука беа одличен спој да младите се запознаат со светот на графитите, процесот на оформување и различните техники.

Вистинското уметничко дело го оставивме за крај – ја исцртавме клупата во современ стил како што и прилега на Europe House – Местото на новата генерација.

May be an image of 7 people, child, people studying and table

May be an image of textMay be an image of 1 person, street and text

Изложба на најдобрите логоа од некогашна Југославија во Europe Houe Битола

Europe House Bitola претстави изложба посветена на графичкиот дизајн препознатлив за некогашна Југославија. yugo.logo е дело на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ.

Изложбата ја сочинуваат 460 логоа создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски.

Целта на yugo.logo е да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци со цел да им послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори.

May be an image of 6 people, crowd and text May be an image of 5 people and text May be an image of ‎3 people and ‎text that says '‎KocTaAиH e ட mилow KиpиK tu ии и اء‎'‎‎

Работилницата за роботика и основи на #STEM за најмалите

Во Europe House Крива Паланка се дружевме со малите љубопитни умови на работилницата за роботика и основи на #STEM за најмалите.

Дигиталниот свет е многу повеќе од користење интернет и читање дигитални книги, тој ги опфаќа роботиката, изработката на различен хардвер, практично користење на софтвер и многу повеќе.

Со комбинација на коцки-сложувалки, роботски хардвер и едноставна софтверска околина работевме на градење технички, дигитални, но и животни вештини како што се самодоверба и тимска работа.

May be an image of 9 people, people studying and text

May be an image of 10 people, people studying and text

May be an image of 9 people, people studying and text

Дали една жена смее да биде насмеана?

Блазе тебе што имаш време за себе. Лесно ти е тебе со таа професија. Децата ти се сега малку пораснати, па можеш да излезеш да спортуваш. Таква си ти од мала, амбициозна. Не мислиш дека живееш пребрзо? Не купувај карго-велосипед, како ќе возиш две деца на него, немаш ни 50 кила. Маунтинбајк?! Немој, чувај ги рацете, па ти си пијанист.

Колку луѓе на светов, толку изговори. Уште толку повеќе право да се анализира туѓиот живот, да се создава мистика од нечија среќа. Зашто насмеан човек во нашето секојдневие е како марсовец кој го изгубил патот до дома.

Дали една жена смее да биде насмеана? Дали една жена професионалец во својата област, сопруга или штотуку реализирана како мајка смее да продолжи да живее слободно? Дали е нормално таа да биде среќна, задоволна со себе, привлечна? Дали нејзиниот партнер го одобрува тоа?

Кога во едно семејство постои љубов, тоа значи дека јас ја љубам среќата на мојот партнер, но и тој мојата. Постои време кое е само за мене или само за него, па постои време кое е заедничко. Тој, впрочем, и се вљубил во мене токму поради тоа што сум, поради мојата пргавост, бунтовност, постојаната потреба да се обидувам да ги менувам нештата кои се горчина во општеството. Зошто тој ист човек би посакал да станам нешто поинакво? Тоа е почитта за која нема потреба да се зборува, но таа се чувствува. Токму таква слобода и почит заслужува секој човек.

Спортот за мене е слобода. Дружбата со велосипедот подразбира бескрајни разговори во тишина силно гушната од природата, со секој нов ден понекој мал освоен предизвик. Токму тоа „мое време“ ме прави подобар родител, зашто кога јас сум насмеана, тоа значи дека и моите деца се смеат.

Луѓето што ги среќавам и местата на кои ме води велосипедот ме навраќаат кон убавината на наједноставните нешта во животот. Кон свеста за значењето на сопствениот мир и здравје, љубовта во сите нејзини можни облици преточени во секој мал детаљ на природата и примерот кој децата го гледаат и растат впивајќи ги позитивните човечки особини, да се биде упорен, истраен, да се сака и да се вложува во средината која е нашиот дом.

Натпреварите, пак, особено оние надвор од Македонија, патеки кои значат непознати предизвици, исклучително тешки моменти во кои се вложуваме до последниот атом сила помеѓу луѓе со кои сме ривали на патеката, но иако не се познаваме, се грижиме еден за друг, си посакуваме среќа за безбедно да ја преминеме финиш-линијата. Вредности кои како исконски нишки се преплетуваат низ мотивот и пораките на спортскиот дух. Токму спортот и уметноста и сите нивни етички начела се светлината во тунелот за менување на нашата стварност, за надминување на омразата и зависта и сите девијации кои ни го пресретнуваат денот.

Велосипедизмот ме направи свесна за силата која ја поседувам и ми овозможи тие искуства да ги преточам во инспирација за други. Спортувањето ме одведе до исклучителни луѓе со кои ја делиме истата страст и со кои заеднички, многу далеку од материјалниот свет, создаваме од ништо – нешто. Да, туркаме напред и покрај сета завист што ни се сервира на патот затоа што веруваме дека да се биде свесен за сопствената среќа, значи да се жнее убавина и за другите луѓе.

Една жена смее да биде насмеана. Таа мора да се смее секое ново утро, со целото свое срце.

 

Дуња Иванова

септември, 2023

Subscribe To our newsletter!