Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, ги презентираше главните наоди од Извештајот на Европската комисија за проширување за 2026 година пред претставници на граѓанските организации во Europe House Тетово и Europe House Скопје. По презентацијата следуваше отворена дискусија за напредокот на земјата на патот кон членство во ЕУ, клучните реформски приоритети и следните чекори во пристапниот процес.
Наместо традиционален конференциски формат, оваа отворена дискусија им овозможи на претставниците на граѓанскиот сектор да ги споделат своите ставови, да разменат мислења за напредокот на земјата, тековните предизвици и приоритетите во процесот на пристапување кон ЕУ.
Овие две средби го означија почетокот на караванот во рамки на кој амбасадорот Рокас ќе го претстави Извештајот пред претставници на локалните граѓански организации низ земјата, преку посети на Europe House центрите во различни градови.
Караванот има за цел да поттикне отворен дијалог, да го зајакне учеството на локалните граѓански организации во процесот на пристапување кон ЕУ и да ги доближи клучните наоди од Извештајот до заедниците низ Северна Македонија.
Пакетот за проширување за 2026 година и Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија се достапни тука.







