Од роботика, вештачка интелигенција и обновливи извори на енергија до астрономија, ботаника и научни експерименти – Европската ноќ на истражувачите 2026 на 25 септември понуди повеќе од 85 интерактивни активности, претворајќи ги Скопје, Битола, Штип, Охрид и други градови во места за истражување, учење и откривање.
Европската ноќ на истражувачите е дел од европска иницијатива што ја приближува науката до јавноста, отворајќи можности за непосредни средби со истражувачите и запознавање со нивната работа. Годинава, преку работилници, научни демонстрации, изложби, јавни предавања, посети на лаборатории и интерактивни игри, посетителите имаа можност да поставуваат прашања, да експериментираат и да откриваат како научните истражувања влијаат врз секојдневниот живот.
Во поддршка на целата иницијатива се вклучи и мрежата на Europe House, која преку своите центри низ земјата отвори дополнителни можности младите и пошироката јавност да го откриваат светот на науката и да го доживеат на еден поинаков, интерактивен начин.
Настаните се реализираа во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, поддржан од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и акциите „Марија Склодовска-Кири“ (MSCA). Проектот го координира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), а во него се вклучени и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) и Македонското еколошко друштво (МЕД), заедно со други партнери.
Скопје: Од роботика и вештачка интелигенција до ботаника и астрономија
Во Скопје, факултетите на УКИМ ги отворија своите лаборатории и училници за посетителите, нудејќи им можност да ѕирнат во светот на современите истражувања.
На Техничкиот кампус, Машинскиот факултет ги претстави можностите на мехатрониката, индустриската роботика, автоматизацијата и производното инженерство. Преку работилници и демонстрации, посетителите се запознаа и со индустрискиот дизајн, моторните возила, инженерските материјали и технологиите на заварување. Изложбата Project Hub ги стави во фокус студентските проекти и креативните инженерски решенија, додека ЕУ катчето ја претстави европската поддршка за науката и иновациите во инженерството.
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја доближи науката за енергетиката и современите дигитални технологии до јавноста. Меѓу темите беа производството на електрична енергија од обновливи извори, технологиите Power-to-X, машинското учење и компјутерските архитектури. На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), пак, фокусот беше ставен на дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста, преку панел-дискусија и содржини посветени на истражувачките и иновациските проекти.
Љубопитните посетители можеа да ги истражуваат и природните науки. Природно-математичкиот факултет (ПМФ) овозможи посети на Ботаничката градина, Лабораторијата за креативна математика и Сеизмолошката опсерваторија, како и запознавање со геопросторните платформи Google Maps, Google Earth Pro и QGIS. Науката за податоците и нивната примена во деловниот свет беше претставена преку интерактивната работилница на Економскиот факултет, „Нарушувањата можат да бидат забавни – Откриј што кријат бројките со бизнис аналитика“.
Битола: науката низ времето, уметноста и ѕвезденото небо
Битола беше едно од средиштата на годинашното издание, со богата програма на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), во соработка со КОЛОРС. Активностите започнаа на 24 септември во Bliss Mall, каде што посетителите учествуваа во научен лов на богатство. Беа доделени и сертификати на околу 40 средношколци и нивните ментори за творбите на тема „Метаморфоза“, изработени во рамки на конкурсот „Корени и крилја“.
Централниот настан на 25 септември се одржа во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Посебно место во програмата имаше омажот за д-р Анастас Коцарев, македонски научник и пионер во радиологијата и онкологијата, познат и по соработката со Марија Кири. Потсетувањето на неговото научно наследство беше можност да се истакне значењето на истражувачите чии откритија го отвораат патот за новите генерации.
И Europe House Битола се приклучи кон програмата, поканувајќи ги посетителите да го откријат универзумот од поинаква перспектива. Преку набљудување со телескоп, учесниците имаа можност да дознаат како астрономите ги проучуваат небесните тела, прават прецизни мерења и откриваат далечни светови. Една средба со ѕвезденото небо беше доволна за да се поттикнат нови прашања и да се разбуди интересот за астрономијата.
Штип: отворени лаборатории и наука под ѕвездите
Во Штип, Универзитетот „Гоце Делчев“ ги отвори своите лаборатории за средношколците и сите заинтересирани граѓани. Посетителите имаа можност да се запознаат со истражувачката работа и преку презентациите на универзитетските професори да дознаат повеќе за различните научни области.
Програмата опфати и дебати и стручни предавања, а заврши со мултимедијалниот настан „Уметност и наука под ѕвездите“, одржан во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Спојот на науката и уметноста понуди поинаков начин на доживување на истражувањето, покажувајќи дека љубопитноста може да биде поттикната и преку креативноста.
Охрид: конференции, работилници, набљудувања и експерименти
Во Охрид, Европската ноќ на истражувачите се одбележа и преку научни конференции и интерактивни работилници. На 25 и 26 септември се одржаа конференциите на Друштвото на хемичарите и технолозите на Македонија, како и на Друштвото на физичарите на Македонија, со отворена постер-сесија, демонстрациски експерименти и интерактивни активности за учениците. Во Хидробиолошкиот завод, пак, работилницата „Живите организми и нивната животна средина“ им овозможи на учесниците преку лабораториски активности и набљудување под микроскоп да го истражуваат светот на водните живеалишта и да откријат како условите во водата влијаат врз живите организми и нивното приспособување кон околината.
Велес: кога науката станува истрага
Во Europe House Велес, науката ја претворивме во вистинска истрага. Три тима, три научни мистерии и една мисија: да откриеме што навистина се случило.
Во соработка со СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино, младите истражувачи анализираа докази, експериментираа со хемија, биологија и физика, ги поврзуваа трагите и чекор по чекор стигнаа до конечното решение.
Во оваа необична научна истрага, професорите имаа улога на ментори, водејќи ги младите истражувачи низ експериментите и поттикнувајќи ја нивната љубопитност, тимска работа и желба за истражување.
Струмица: науката како игра и тимски предизвик
Кон Европската ноќ на истражувачите се приклучи и Europe House Струмица, организирајќи научно корзо заедно со основните и средните училишта од Струмица. Научните станици ги претставија средношколците и нивните ментори, кои преку експерименти им овозможија на посетителите одблиску да видат како научните принципи функционираат во практика.
За оние што сакаа дополнителен предизвик, следуваше Escape Room: „Лабораторијата на лудиот научник“. Младите научници, поделени во тимови, ги тестираа својата логика, брзина и способност за соработка, обидувајќи се да ги решат загатките и да излезат од лабораторијата.
Науката е за сите
Од првите чекори во светот на роботиката до набљудувањето на далечните ѕвезди, Европската ноќ на истражувачите покажа дека науката не поставува граници според возраста, знаењето или професијата. Таа е простор за прашања, експериментирање, размена на идеи и откривање на нешта што можеби досега ни изгледале недостижни.
Со бесплатни активности отворени за сите, Европската ноќ на истражувачите им понуди на учениците, родителите, наставниците, истражувачите и претприемачите можност да се сретнат со науката на непосреден и забавен начин. Истовремено, потсетувањето на научното наследство и претставувањето на современите истражувања испрати силна порака за значењето на науката во градењето на општеството.
Зашто науката не е само нешто што се учи од учебник – таа е нешто што се истражува, доживува и споделува. А секое ново откритие започнува со љубопитност и едно поставено прашање.

















