Колумни Archives - Page 2 of 3 - Europe House

Да оставаме еколошки отпечаток!

Europe House во соработка со Умно.мк  ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Технологијата има огромен потенцијал за промена на човечкото однесување, особено кога станува збор за мобилност и одржливи практики. Преку дигитални решенија, компаниите и индивидуалците можат да го редефинираат начинот на кој патуваат, префрлајќи се на поеколошки форми на транспорт. Со примена на иновации, како оние вклучени во мобилните апликации, луѓето можат да бидат охрабрени да пешачат, да возат велосипед или да користат јавен транспорт. Ваквиот пристап не само што ги поттикнува поединците на физичка активност туку и директно влијае врз намалувањето на емисиите на CO2.

Но, влијанието на технологијата не завршува тука. Компаниите сега користат алатки кои им помагаат да бидат поопштествено одговорни, со тоа што поттикнуваат позитивни практики кај своите вработени, а воедно и го следат својот еколошки отпечаток.

Кога ќе се навратам на патот што го изминавме со Challenger, не можам, а да не се запрашам колку всушност напредувавме. Од една обична идеја за мотивација на луѓето да вежбаат до создавање софтвер кој денеска ги охрабрува компаниите да се вклучат во одржливи практики. Идејата започна како инспирација за одржлива мобилност, но со текот на времето прерасна во нешто многу поголемо – алатка за корпоративна општествена одговорност.

Ja искористивме технологијата за да ги мотивираме луѓето да вежбаат и да ги наградиме симболично за тоа. Но, додека го развивавме проектот, сфативме дека имаме можност да направиме нешто многу посериозно и позначајно – да поттикнеме промени во однесувањето кои ќе придонесат кон подобра животна средина.

Иако на прва рака се чини дека ваква иновативна алатка која ги наградува своите корисници кои одбираат да пешачат и да возат велосипед е одличен мотиватор, сепак, забележавме дека корисниците не беа многу заинтересирани за користење на наградите, а истовремено постојат малку компании спремни да одвојат дел од своите маркетинг-буџети.

Кога иновација се соочува со пазарните потреби, тогаш производите и услугите мора да се менуваат. Со текот на времето еволуиравме во платформа што им овозможува на компаниите да создаваат натпревари кои ги промовираат одржливите навики на вработените. Сега, компаниите можат да следат колку „зелени километри“ се изодени или извозени, колку CO2 емисии се заштедени и да ги наградуваат оние вработени што најмногу придонесуваат. На овој начин се создава корпоративна култура која ги поддржува целите на одржлив развој, но и заедничко чувство на одговорност меѓу вработените.

Технологијата сè повеќе станува основа за корпоративната општествена одговорност. Софтверските алатки овозможуваат компаниите не само да го следат својот еколошки отпечаток, туку и да преземаат активни чекори за намалување на влијанието врз животната средина. Овие дигитални решенија им помагаат на компаниите да создадат иницијативи кои ќе ги мотивираат нивните вработени и ќе ја поттикнат тимската работа.

Технологијата овозможува компаниите да бидат транспарентни, одговорни и да ги покажат резултатите од своите заложби. Ова е клучно во денешно време кога компаниите се оценуваат не само според нивната профитабилност, туку и според нивниот придонес кон општеството.

Како што расте платформата, нашата цел е да го прошириме нашето влијание и да продолжиме да ја адаптираме на потребите на компаниите и заедниците. Секој нов чекор е нова можност за учење и развој. Важно е да продолжиме да негуваме иновации, тимска енергија и посветеност кон одржливоста и тоа сите заедно чекор по чекор. Верувам дека нашето искуство ќе инспирира многу ентузијасти и компании да размислуваат повеќе како со примената на новите технологии можеме и да ја заштитиме нашата планета.

Пишува: Олга Рајчиќ, основач на платформата Challenger

Ден на млади – што сакам да бидам кога ќе пораснам?

Според ОН, млади се сите луѓе што имаат до 24 години. Бидејќи имам 26, кога го прочитав тоа, веднаш се почувствував стара. Истовремено ми дојде и одредено олеснување бидејќи сега конечно можам да им ја препуштам одговорноста на „новите генерации“. Како што според ОН навлегов во староста, се чувствувам сè пооддалечена од иднината. Таа не е моја, таа е во рацете на „младите“. На крајот на денот, ним ќе им остане светот. Малку себично, но што има врска? Од друга страна, според СЗО, уште сум млада бидејќи границата е до 29 години, а во државава млада можам да сум и до 40. Изгледа младоста не е во бројките, туку во нешто малку поразлично – духот, можеби?

Секако ја разбирам идејата на Денот за млади, кој е суштински за да се поттикне разноликост, да се започнат дискусии и да се овозможи размена на идеи меѓу луѓето без разлика на нивната возраст. Ова важи и за конкурсите, работилниците, настаните, размените меѓу студенти и сите можности за развој и уважување на новите, млади генерации. Целта? Да се создаде подобар и поотворен свет. Сепак, постојат одредени контроверзни точки поврзани со овие иницијативи, како и со самиот ден.

Прво, каков е тој подобар и поотворен свет? Според чии идеи ќе го градиме?

Се чувствувам како да постои одредена романтизација на младоста и некое чудно верување дека младите интуитивно ја насетуваат далечната иднина. Како млада жена (според СЗО, но не според ОН), сето тоа малку ме збунува. Бидејќи не живееме во митолошка приказна или клише роман, треба да се има предвид дека не секогаш младото е добро, динамично и полно со живост, а старото – пасивно и лошо. Не може да се генерализира и сите млади да се стават под еден чадор. На пример, годиниве во светот видовме како некои „нови“ бранови во развиени европски држави се фиксираат на прилично конзервативни вредности. Со други зборови, ако дојдат група млади луѓе и зборуваат дека фашизмот е супер, дали ќе ги послушаме само затоа што се млади и водени од „новиот“ дух? Секој има различна претстава за концептите на младо и старо која зависи од личните идеи за тоа каков треба да биде светот. Нагласувам – не сите млади, ниту пак стари, се исти. Затоа, сметам дека таквата поделба не помага за создавање на утопијата која се продава со идејата за „младост“.

Но кога сме кај продажбата и кога некои луѓе се лупаат в гради мислејќи дека се борат за младите, да се запрашаме дали воопшто се преземаат релевантни чекори за интегрирање на младите во општеството или, пак, сето тоа е продавање костими и маски?

Статистики покажуваат дека мал процент млади луѓе вистински учествуваат во носењето важни општествени одлуки. Дискриминацијата сè уште постои и ретки се примери некој млад човек да биде препознаен по квалитетите и да му се даде несебична шанса да расте и да напредува во својата сфера. Исто така, многу компетентни млади продолжуваат да бидат игнорирани само поради нивната возраст за сметка на „стари“ некомпетентни луѓе кои се сериозно сфатени. Сето  ова е дополнително зажарено со тоа што општеството постојано дава контрадикторни пораки, нешто како правилата на свињите во „Животинска фарма“. Па така, иако светот на младите им ја префрла одговорноста за иднината, сепак, истовремено ни вели дека сме неспособни, неискусни, наивни, импулсивни и во суштина диви животни. Само денес имав четири такви коментари од различни луѓе, а ништо не реков пред да ги добијам (може требаше да врескам?).

Како да се очекува да има компетентни и зрели млади луѓе кога општеството (особено нашето) постојано ги инфантилизира и понижува, кога не е спремно да ја чуе нивната перспектива? Зошто едно општество сака да им ја префрли одговорноста на група луѓе кои ги смета за неискусни и некомпетентни? Кога ќе ни се смачи постојано да правиме поделби по возраст, пол, раса, етничка припадност само за миг некои луѓе да си го  задржат прстот врз контролното копче и привидната моќ?

Секогаш е жално кога ќе видиш како некој постар „успешен“ човек те гледа со прекор и ти прави сопки наместо да ти даде реална конструктивна критика или, пак, едноставна човечка поддршка. Затоа, за Денот на млади, посакувам вистински да се видиме едни со други и да ги забележиме нештата што нè поврзуваат, а не да се толкуваме преку површноста и да си наметнуваме разлики. Поентата е да постојат меѓусебна почит и поддршка дури и кога ќе се тргне завесата и ќе си заминат камерите. Сметам дека и младите треба да ги поддржуваат старите, зошто да не? Или така ќе се скршат некои невидливи граници на моќ?

Секако, не е сè црно и постојат луѓе кои навистина помагаат и насочуваат. Обично тие луѓе поддршката ја даваат секому и тоа несебично, со верба во иднината и со многу љубов. Кога ќе остарам, сакам да сум како нив.

Како станав Ајронмен

Europe House во соработка со Умно.мк  ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Хоби по дефиниција е рекреативна активност што некој ја прави доброволно и редовно за свое задоволство или релаксација. Тоа придонесува за сопствената слика за себе и претставува дел од нечиј идентитет. Мислам дека на секој човек во ова време, полно со предизвици, притисоци, изместени вредности, му треба некој издувен вентил, каде што може да се опушти и за миг да заборави на сите мисли, одлуки, неодговорени прашања, проблеми, хоби каде што ќе биде во некој изолиран свет, надвор од сите овие погоренаведени работи.

За мене, спортот, трчањето на почетокот беше токму тоа, релаксација и задоволство. Уживав два-три пати неделно да излезам на кеј, да истрчам некој километар, без смарт-часовник за мерење време, должина, темпо. Но, кога си поставив цел да истрчам маратон во 2015 година, работите почнаа да се менуваат. Почнав да трчам повеќе, по тренинг-програма, со смарт-часовник. Почна времето да ми станува предизвик, се стремев да трчам и побрзо и подолго. (Не)свесно се навлеков на целиот процес и си реков – истрчај го само овој маратон, вложи се на тренинг за да ти биде полесно на трка (сепак се 42 километри) и по маратонот, врати се на трчањето како релаксација.

Но, се случи токму спротивното. По првиот маратон, добив нова желба, да трчам на маратонот во Њујорк, па потоа во Лондон, Берлин, Чикаго, Токио, Бостон, да ги комплетирам сите шест најголеми маратони во светот (предизвик на секој маратонец), да го подобрам времето од маратон во маратон. Тоа значеше повеќе време, вложување, опрема, притисок… помалку слободно време за себе. Почна хобито да зазема друга димензија. Повеќе хобито не беше хоби. Тренинзите станаа дел од мојот секојдневен живот, почнав да се борам со организирање на времето, кога ќе постигнам сè: да тренирам, да одам на работа, да се гледам со пријателите, да одморам… Но, добив друга сатисфакција што ме исполнува, ме прави среќен, ме прави свој.
Откако завршија шесте маратони, си реков доста е, опушти се, уживај во трчањето, како на почеток, без трка со времето. Но, не можев, трчањето и себенадминувањето станаа дел од мене. Тоа ме прави среќен, тоа ме исполнува. Тоа сум јас. Како софтверски инженер, работам полно работно време, а тренинзите ми одземаа околу 4 часа дневно и некогаш немав време за ништо друго.

Страшната трагедија во мојата фамилија, тагата и разочарувањето го убија она што ме правеше среќен и исполнет. Трчав без желба, трчав зашто мислев дека морав да трчам. Стигна повредата што ме оттргна од трчањето цели шест месеци. Во ист момент бев разочаран дека не можам да трчам, не можам да го правам тоа што ме исполнува, а од друга страна, како да го посакував тоа. Чудно е да се објасни. И си реков, кога ќе трчам повторно, тоа ќе биде дефинитивно многу помалку, неколку километри и без часовник.

Првиот месец без трчање помина, но почнав да се губам себеси, сфатив дека морам нешто да спортувам, нешто да правам и така почнав да одам на пливање. По неколку дена си реков, кога ќе помине повредата, кога ќе можам да трчам повторно, да се пријавам на „Ајронмен“ (3,8 пливање, 180 км возење велосипед, 42,2 трчање). И така, повторно влегов во истата замка, наместо да тренирам помалку, се вложив многу многу повеќе.

Секој ден бев поуморен, но секој ден поисполнет, посреќен, позадоволен од себе. Но тренинзите за „Ајронмен“ бараат многу повеќе време и реков – еден „Ајронмен“ и толку. Но, не испадна така. По првиот „Ајронмен“ минатата година, пред некој ден го направив и вториот, и тоа со најдобро македонско време. На целната линија бев преплавен од емоции. Среќен, задоволен, горд, реализиран, опкружен со прекрасни луѓе. Сфатив дека припаѓам овде, и припаѓам на групата луѓе на која хобито и е многу повеќе од хоби, луѓе што сакаат предизвици и не се плашат да се соочат со нив, луѓе што се тркаат со времето и со себеси. Усогласувањето на работата со тренинзите и приватниот живот ми се сè уште предизвик, но тоа е предизвик кој свесно го преземам.

Но, доколку некој ме праша дали хобито треба да остане хоби или многу повеќе, не знам што би одговорил. Само знам дека мене спортот ме направи подобра верзија од себеси и ме однесе на места каде што не верував дека ќе стигнам.

Пишува: Атанас Наумов, софтверски инженер

Ако не јас, кој? Ако не сега, кога?

Europe House во соработка со Умно.мк  ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Сите наидуваме на клише изреки кои ги кажуваме со потсмев и невистини, но всушност најчесто клишеата се жива вистина. Но кога станува збор за одговорност и преземање акција, нема поточна изрека од онаа во насловот на оваа колумна.

Да го ставиме ова во контекст на заштита на животната средина: индивидуална одговорност има секој од нас, цело време, секаде. И тоа без разлика дали станува збор за пазарење, седење по дома и гледање филмови, дружење со пријателите или, пак, фрлање ѓубре. Но зошто повеќето од нас немаат еколошки навики, свесно и одговорно секојдневно функционирање?

Е сега, морам малку да ја раширам темата за да дојдам до заклучокот на крај.

Со текот на времето научив дека подемот на масовното производство и „развојот на економијата“ се започнати со погрешни вредности, а тоа се парите и профитот. На почетокот на 20 век се порачуваат пропаганди кои ги мамат големите маси луѓе да веруваат дека одреден производ им е неопходен и дека ќе им го направи животот полесен и подобар, без многу етика и морал. Најпознат во тоа е Едвард Бернејс, внук на познатиот психолог Сигмунд Фројд, кој ја користи психологијата на човекот за да продаде производ. Се враќаме повторно на психологијата, односно зошто возам автомобил, а не велосипед, зошто не селектирам, зошто не пазарам рефус?

За да го сфатиме ова, треба да разбереме дека човечкиот мозок функционира на линија на помал отпор. Тоа е негов механизам за преживување, негова цел е да ја намали енергијата потребна да се реши некој проблем, а да ги зголеми наградите (уживањето).

Да го кажеме тоа понародски: завршуваш со работа, дома нема ручек, а не си стигнал навреме да испазариш на пазарче, па да зготвиш сам. Да се испланираат оброците, потребни се време и енергија за планирање. Додека, пак, пазарењето во супермаркет и нарачувањето храна е полесно, или некои милуваат да кажат – попрактично и бара помалку напор. Мозокот, барајќи да зачува енергија, те поттикнува кон полесната опција. Не е најстрашното тоа што немаш ручек. Но сите овие навики имаат многу негативно влијание врз животната средина: супермаркетите ја поттикнуваат масовната потрошувачка и се главен причинител за згаснување на локалните, микропроизводители на храна. Понатаму, освен што е економски неисплатливо, купувањето готова храна прави да имаме многу повеќе ѓубре во кантата, и тоа од пакување/кутии кои се за една употреба и не се рециклираат. Да, оние тенки пластики не се рециклираат и затоа ЕУ веќе ги забрани за секаква употреба. За крај, непланското пазарење храна резултира со поголеми количини отпад од храна.

Тука би сакала да потенцирам еден факт, дали знаете дека развиените земји имаат поголемо количество на отпад отколку неразвиените? Со други зборови, луѓето што имаат повеќе финансиски средства повеќе купуваат, а со тоа и повеќе одлагаат ѓубре. Во Германија едно лице во просек произведува, или фрла, 620 кг отпад. И тука спаѓа сѐ, и селектиран и неселектиран отпад. Додека, пак, кај нас, тоа изнесува 450 кг по жител.

Повторно ќе се навратам на навиките: студиите покажуваат дека на богатиот човек му е полесно да си купи нов фен за коса наместо да го поправи стариот. Помалку напор прави оној што сам си влегува во автомобил и оди на работа отколку секојдневно да се договара со комшијата или колегата кога да се чекаат и да одат заедно в град.

Промената започнува со освестување. Треба да бидеме свесни и ќе знаеме дека нашето пазарење нова облека секој месец во нискобуџетните продавници на долг рок нѐ чини многу повеќе (затоа што тие облеки не траат долго, се оштетуваат и се фрлаат), а со 3-4 квалитетни парчиња облека можеме и подобро да изгледаме, и повеќе време да имаме за други активности затоа што не шетаме по продавници. Дури тогаш ќе почнеме да размислуваме поинаку и ќе отвориме можност за стекнување нови еконавики.

Е тука за повеќето работи е клучен функционален систем. Досега зборував за одговорноста на индивидуите, но за да ја зачуваме планетата, мора да има симбиоза. Тоа најдобро функционира со освестени индивидуи кои придонесуваат за развој и добро функционирање на системот. Едноставно едно без друго не може. Под систем се подразбираат државата, градот и општините, јавните претпријатија и училиштата, но и системот кој го имаме и во најблиската околина, а тоа се нашите пријатели и семејство.

Лично мое мислење е дека нам сѐ уште ни се блиски одржливите навики, не треба да „измислуваме топла вода“, доволно е да погледнеме што прават нашите родители или баба и дедо, иако тоа го прават од економски причини, тоа се добри практики на одговорно однесување кон планетата. Баба ми правеше многу рецепти со дршки од зеленчуци – од пити до чорби. Другата баба цело време фрлаше ѓубре во една кеса која потоа ја миеше, а и кантата си ја миеше, за да не купува кеси и да заштеди некој денар. Дедо ми, пак, не се симна од велосипед, „Понито“ уште седи во подрум и може да се вози. Моите дома чуваат работи од кога бев мала затоа што „ќе се најде некогаш“. И ете, денес моите деца носат неколку маички и си играат со моите играчки.

Преку вакви практики, здружени може да влијаеме врз системот. Само ако има доволно велосипеди на улиците, градоначалниците ќе имаат приоритет да прават велопатеки, а не булевари. Клучното е да не се откажеме затоа што е тешко и нема услови за тоа. Да не дозволиме да го избереме полесниот начин. Туку да бидеме сигурни во нашите акции, во тоа што го правиме дека е правилно и одговорно. Понатаму, секој на свој начин да проба да го подобри системот – дали е тоа преку разговор со најблиските, политичка активност или можеби отворање некој бизнис за да се реши одреден проблем.

Затоа, пред да го обвиниме системот дека не работи, прво да се преиспитаме себеси. Или како што рекле старите: ако можеш да направиш добро, не прави лошо. Одговорноста е твоја да направиш напор бидејќи тоа е вистинската одлука. А времето е дојдено бидејќи ја прочита ова колумна докрај.

-Мила Јовановска, комуниколог, екоактивист

Драган Б. Костиќ: Музиката е како глина, може да се обликува според сопствениот интелект и талент

Europe House во соработка со Умно.мк  ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Пишува: Драган Б. Костиќ, радионовинар и диџеј

Како и сè друго во светот, и музиката има свои циклични патишта и движејќи се по нив, се менува со општествените, културните, политичките, геополитичките состојби во дадени периоди. Особено со напредокот на технологијата што силно влијае врз промените што стануваат сè подинамични и побрзи, што дури обичниот човек не ги забележува, а ги прифаќа како неминовност. Од доминантните големи оркестри во четириесеттите и педесеттите години на минатиот век, со исклучителни инструменталисти и врвни пејачи, преку рокенролот во раните педесетти години, кој црпејќи влијанија од традиционалните вредности на блузот, џезот, европските музички одгласи донесени од татковините на новокреираните Американци, се создаваа неверојатни хибриди што се вткајуваа во традициите на многу земји. Надградувајќи се и менувајќи се.
Европа во одреден период талкаше зад тие промени, иако имаше извонредни музички урнеци во медитеранскиот мелозвук, во француската сансона, сè до појавата на бумот на британскиот бит, создаван врз сопствените традиционални музички вредности и увезеното прекуокеанско влијание на блузот, џезот, ритам и блузот. Битлс-експлозијата беше еквивалент на истата предизвикана од Елвис Присли во САД, еден неочекувано плоден излез за младите од двете страни на Атлантикот.

Европа како да се прероди, но како своевидна копија на британскиот музички бум. Од друга страна, низ сите популарни периоди се развиваше раниот рокенрол, претворајќи се во посодржинска форма позната како рок, а која почна да се облагородува со непрегледната река талентирани музичари. Тие ја кренаа хибридната можност на многу повисоко ниво на врзување на класичните европски вредности, класичната музика со сета агресија на моќниот ритмичен рок-инструментариум, креирајќи низа нови трендови кои содржински хетерогено се движеа низ времето.

До ова сегашно, кое под наплив на нетипични музички структури предизвикани, пред сè, од хип-хоп културата, не ретко создава квазимодо-креатури. Вредноста на музичката содржина почна драстично да опаѓа, таа не претставува генерално некој особен предизвик, станува инструмент за најплитка забава, без вредност и молскавична минливост. Без нови силни авторитетни личности што ќе предизвикаат нова река млади таленти. Новото време и неговата технологија се креатори на таквата безлична музичка структура која не е способна да биде почитуван двигател како коректор на општествени збиднувања. Бидејќи музиката не е исклучително само забава. Информираноста и едукацијата преку неа се битните фактори за нови предизвици, на нови музички едукатори, но кај нас не им се оддава некое позначајно внимание. Какви ученици, такви и идни професори од нив!

Неодамнешната музичка „Мајска сесија“ под покровителство и организација на Јуроп хаус Скопје покажа еден можен интересен пат, ајде нека е и првично патека по која може да се движи предизвикувачки едукативниот начин на дејствување. Каде во заштита на традиционалните вредности, кои не се само дел од минатото, туку можат да станат и основа за градба на идни содржини, покажа кавер форма како спој на генерации, времиња, подзаборавени вредности.

Пред сè, зачувување на македонското музичко наследство предадено од сегашните генерации за некои идни. Присутноста на платото на УКИМ, пред безмалку двеилјадна публика, кај многумина веројатно ја предизвика мислата дека убавото, доброто, квалитетното не минува, не замира, трае! Добрите одгласи на учесниците и публиката можеби ќе ги предизвикаат луѓето од Јуроп хаус, ќе ги инспирираат за нова испитна сесија на иста (или друга) локација, со други учесници. Успешната мајска секција покажа како треба да се работи со најискрена намера за унапредување на македонската (и севкупна) музичка култура, со императив. Не уништувај го старото, туку гради го новото врз цврстите темели.

Музиката е како глина, може да се обликува според сопствениот интелект и талентот кој сплотен со други такви може да креира и несонувани продукти. Затоа не смее да се заборави аксиомата дека ова што го знаеме е само капка, а преостанатото – море!

Репрезентативноста е многу важна!

Europe House Скопје во соработка со Умно.мк  ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Пишува: Алмира Фасљии Муарем, активистка за правата на Ромките

Репрезентативноста е многу важна. Доколку се прашувате зошто, одговорот е едноставен – на сите ни требаат позитивни примери за да нѐ претставуваат во најдоброто можно светло пред другите. Таков пример се државните репрезентации, кои преку врвни спортистки нѐ претставуваат на светско ниво и ја красат нашата татковина со освоените медали.

Репрезентативноста е многу важна. Таков пример се просветните работнички, кои со помош на својата работа им го осветлуваат патот на илјадници ученици, но и голем број од нив да ја изберат професорската работа како пример за нивната идна професија само затоа што овие професори им биле херои додека растеле во училишните клупи.

Репрезентативноста е многу важна. Таков пример се и здравствените работнички, чија професионалност спасува животи и го ублажува трнливиот пат кој го поминуваат пациентите и нивните најблиски. Токму на тој начин голем број млади ученички ја одбираат оваа професија, само затоа што виделе успешен пример.

Репрезентативноста е важна и во сите други професии кои можеби за човечкото око изгледаат како нетипични за да ги работи една жена. Такви примери се професиите кои се поврзани со транспорт, па така може да се пофалиме со жени возачи на автобуси, такси, пилоти… Такви примери се и жените што работат во невладиниот сектор, кои гласно говорот за неправдата со која се соочува одредена заедница или жена. Така гласот за борба за еднаквост се шири во сите сфери на живеење и може да се забележат позитивни промени и наративи кога некој се соочува со дискриминација и неправда.

Кога сме кај дискриминацијата, не може а да не се спомене ромската заедница. Заедница која со години се соочува со голем број проблеми при пристап до основните човекови права. Сите сведочиме за тоа како Општина Шуто Оризари, како најголема општина во која живее ромско население, но и општина во која има голем број жени кои се во репродуктивен период, долги години се соочуваше со недостиг на матичен гинеколог. Па така, во период од 10 години оваа општина подолго време се соочуваше со недостиг на гинеколог отколку што имаше достапни гинеколошки услуги од матичен гинеколог.

Да се биде дел од заедница која претставува малцинство во нашата држава и заедница која сѐ уште има тешкотии при остварување на своите права е голем предизвик, одговорност, но и мотивација за мене. Како млада и амбициозна Ромка, секогаш се стремев за правда и еднаквост во сите полиња за ромската заедница во нашата држава. Патот не секогаш беше лесен, особено кога се соочував со фактот дека ромската заедница сѐ уште нема целосен пристап до образование, домување, вработување, здравство и репродуктивна слобода. Тоа што е мотив за рушење на сите бариери за непречено уживање на основните човекови права и слободи е емпатијата кон сопствениот народ, желбата сите Ромки да бидат еманципирани и информирани за нивното право на образование и вработување, но особено правото да одлучуваат сами за себе и правото за грижа на своето репродуктивно здравје. Токму овој мотив е причина за мојот повеќегодишен активизам за директна работа со самата заедница. Тука морам да го напоменам и моето работно искуство во невладиниот сектор, односно во невладината организација ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, која повеќе од 18 години нуди бесплатни гинеколошки услуги, информации и едукации за ромското население во Општина Шуто Оризари преку Младинскиот центар „Сакам да знам“, а токму преку мојот ангажман се олеснува поврзаноста и пристапот на организацијата со ромската заедница. Најдобар пример за тоа се и искуствата на сите досегашни посетители на нашиот Младински центар, кој многу често претставува мост за градење доверба кон другите граѓани и институции.

Ова е доказ за тоа колку е важно да се има успешен репрезентативен модел насекаде околу нас. На тој начин се гради доверба и се рушат стереотипите и предрасудите, а малцинствата кои со години живеат на маргините на општеството добиваат можност да си ги остваруваат своите права. Исто така, репрезентативноста е важна поради непобедливиот факт дека довербата се гради токму кога ќе се забележи некој што ни е близок. Затоа е важно во сите професии, во сите институции и на сите места каде што се носат одлуки да се има репрезентативен модел за таа проблематика. Затоа што само Ромка може најдобро да ги разбере проблемите со кои се соочува нејзината заедница и токму поради тоа е важно да биде вклучена во процесите на носење одлуки.

Не плашете се да чувствувате, да доживувате, да дишете и да се радувате

Europe House во соработка со Умно.мк ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат

Пишува: Радмила Живановиќ, психолог-гешталт психотерапевт, Психотерапика

Менталното здравје е индивидуална и колективна одговорност. Она што го чувствувам лесно се прелева и влијае врз она што ќе го доживееш ти. Ние сме многу поповрзани отколку што можеби ќе дознаеме во овој краток живот… Многу попотребни и многу побитни. Менталното здравје како трансгенерациско патување го дефинира и озвучува полето во кое сите ние суштествуваме, чувствуваме, растеме, живееме и умираме. Тоа е цивилизациска придобивка на човечкиот род, но и на општествата во кои живееме, колективна инвестиција која се одржува и менува единствено низ системите на поддршка, валидизација и разбирање. Да се биде ментално здрав, значи да се пронајде начинот за неутрализација и процесирање на сите токсични деривати на живеењето: ниската самодоверба, чувството на немоќ, девалвацијата, очајот, невидливоста, пропаѓањето, зависта, срамот, вината. Затоа, менталното здравје бара многу повеќе меѓусебна доверба, стабилност, признание, можности и слобода да го правиме она што ни е најпотребно и она што е автентично наше. Сепак, малкумина успеваат да го искусат на овој начин во рамките на својот живот. Менталното здравје еродира и се фрагментизира под неодржливата и неиздржлива војна во арената на социјалните медиуми, под силното празнење на сите потиснати нагони, потреби и емоции. Сите сме дел од ова модерно ропство, од оваа егзибиција на некаквиси елити, од оваа поларизација на моите и твоите, на нашите и вашите. Едните – сиротите обременети со барањата да бидат постојано видени, слушнати и сакани, а другите – надмоќните спремни во секој момент да делат знаење, мудрост, вистина и благосостојба за другите. Но, секој длабоко несигурен за сопствените постигнувања, за сопствената сила и влијание, се чувствува како натрапник во сопствената реалност и на сопствениот успех.

Живееме во ера на длабока заспаност, по инерција се лепиме со сите содржини што ни даваат некаква смисла. Се движиме како кукла со тромото дрвено тело, која двапати ги осигурила конците на кукларот, а внатре сонува и дрско го чува само за себе тој наивен слободен свет. Механизмите на себеказнување, себеобвинување, деградирање, намалување и очајот се дел од нашето секојдневие. Ние не смееме да се израдуваме без да имаме милион причини, не смееме да се опуштиме и да бидеме задоволни без претходно на мал милиони начини да умреме во име на капитализмот и квазилиберализмот. Стануваме робови на сопствената празнина, која ја глорифицираме до тој степен што таа станува недостижна, а ние мали за да ја исполниме. Гладно гледаме во она што не сме наместо да погледнеме кај сме и кои сме.

Страв ни е да кажеме кои сме, страв ни е да кажеме и кои не сме. Во нас постојано орбитира стравот дека никој нема да сака да биде со нас, дека ќе бидеме исклучени, заборавени, оставени да си пресудиме самите, таа одамна искусена осаменост која ја еродира секоја клетка на жилавост. Тоа не е илузија. Ние навистина се плашиме да припаднеме, да се предадеме, да бидеме со некого, да растеме со некого. Не е секој непријател, но не е секој ниту пријател. Очајот и откажувањето демнеат хранети од тие постојани чувства на немоќ, заменливост, неважност, бесмисленост… Се сведовме на основни потреби, од кои едната, најсилната, е потребата да се заштитиме од животот.

За жал, ние немаме резервен живот! Овој живот ни е еден и единствен. Многумина зборуваат за човечката неповторливост, оригиналност, посебност и различност, а и многумина веруваат во можностите дека и покрај сè, успеваме да се разбереме, да се воодушевиме, да се промениме, да се вљубиме во другиот. Кога ќе погледнеш во сопствениот живот, што гледаш? Ајде сега погледни повторно, а што е она што избегнуваш да го видиш? Само преку прифаќање и разбирање на себеси, ќе стигнеме и до другиот. Енергијата на живеењето е ограничена, ние немаме неисцрпен извор. Добри сме сè додека пиеме од сопствениот извор, кога понекогаш им даваме и на другите да се напијат, кога понекогаш бараме и ние од нив. Многу полесна е живејачката кога имаме некој покрај нас, а кој не го сфаќаме за загарантиран, туку гледаме во неговата/нејзината одлука да го дели овој пат со нас. Животот секако се крши и не трае вечно и за многу од нас ќе зависи дали ќе одлучиме да останеме загледани во скршениот свет или, пак, ќе успееме да живееме со тој свет и да градиме со она што го имаме. Раната е простор за поврзување и разбирање, сила која нè осмислува и ни дава значење, како што животот е простор за значајни движења и чувствување и користење на силата и единственоста на секој од нас. Не плашете се да чувствувате, да доживувате, да дишете и да се радувате. Сè е тоа и за нас, луѓето!

Нема машки и женски професии, важни се истрајноста и доследноста  

Пишува: Љупка Вртева, инженерка на годината 2023 во Словенија

Europe House во соработка со Умно.мк ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат.

Колку се важни образовниот процес и независноста на образованието од државата и политиката? Онолку колку што се вредни сите луѓе што ја напуштиле својата држава и со својот потенцијал создаваат општо добро за друга држава.

Колку е важно државата да го препознае и да го негува потенцијалот кај децата во основното и во средното училиште, па дури и за времетраењето на студиите? Онолку колку да може да ги задржи тие умни глави за да придонесат кон напредок на својата држава и животот на населението.

Искрено посакувам секој што ќе го прочита овој текст да се обиде сам да одговори на овие две прашања и да се запраша што може да направи за да придонесе кон тоа да не биде потребно генерациите што доаѓаат да одговараат на истите прашања. Да ги одговориме денес и да се впуштиме во акција со која ќе промениме нешто.

Во време на општествена деградација, особено културна и уништен образовен систем во околината во која живеев, јас добив крилја и првпат отпатував – од дома, од Македонија. Моите вредности беа во целосна спротивност со оние што ги имаше мојата родна земја Македонија или, пак, само одредени луѓе околу мене. Имав повеќе лоши отколку добри искуства со луѓе што требаше да бидат мој или наш најголем пример и водач во тоа време во нашиот живот – нашите учители. Во тие времиња-невремиња бев жедна за правда и знаење. Бев бунтовник. Сакав да бидам тоа што сум, а не тоа што се обидоа да направат од мене. Затоа и се одлучив да побегнам од тоа што не сакав да бидам. Од тоа што не го поддржував и не го почитував.

Потекнувам од семејство каде што денот почнуваше и завршуваше со уметност и претприемништво. Различни области, а толку хармонични. Но, јас сакав да бидам поразлична. Дури и мајка ми се шегуваше на моја сметка и на социјалните мрежи напиша: „На шест години сакаше да биде балерина, но никој од нас не знаеше дека има план Б.“

Да бидеш различен во овој свет не е ни малку едноставно. Уште помалку за девојките и жените. Сè уште постојат стереотипи што ги обесхрабруваат младите девојки и жените и ги оддалечуваат од нивните соништа и желби. Јас сакав да бидам и бев различна. Одлучив да заминам од Македонија и да се запишам на Машински факултет во Љубљана, кој во тоа време се сметаше за еден од потешките факултети меѓу Словенците, каде што студираа претежно мажи. Желбата ме носеше напред, желбата беше моето гориво и поттик за да стигнам до знаење и со тоа знаење позитивно да влијаам врз околината во која сакам да живеам. На патот до знаењето, до додипломските и постдипломските студии на Машинскиот факултет, ништо не ме спречи, ниту словенечкиот јазик ниту ретката болест, а уште помалку спомените од Македонија. Кога нашата цел е небесната шир, тогаш немаме потреба од присила и ограничувања. Тогаш, имаме доволно енергија да полетаме.

Можам да истакнам дека инженерската професија не се состои само од техничко знаење. Инженерската професија е исклучително комплексна. Не можеш да бидеш добар и успешен инженер, а да ги немаш основните компоненти во себе, како што се етика и морал. Знаењето го добиваме со учење, искуство и истражување врз основа на морални начела и вредности што влијаат врз нашите одлуки.

И каде сум денес? Денес летам во околината каде што знаењето, трудот и истрајноста се главни вредности и се од државен интерес. Живеам во држава каде што не е важно чии сте, на која политичка партија ѝ припаѓате или од каде доаѓате. Живеам во држава каде што луѓето ме прифатија, ме почитуваат и го ценат моето знаење. Словенија го докажа тоа со доделувањето на признанието „Инженерка на годината 2023“.

И откако го добив ова престижно признание, се прашувам: „Можеме ли да бидеме повеќе од она што сме денес?“ Се разбира. Сите ние можеме да бидеме пример за младите, за новите генерации. Да им покажеме дека со своето знаење и страст можат да создадат подобро утре за нив и за генерациите што доаѓаат. Таа страст ги поттикнува луѓето да креираат, истражуваат и да развиваат нови идеи, производи или процеси. Кога постои страст кон иновации, во нас расте и желбата да го менуваме светот, да го подобриме постојното или да креираме нешто ново.

Верувам дека споделувањето лични искуства и инспиративни приказни е клучно за поттикнување на младите девојки и жени да ги следат своите желби и соништа.

Можеме да бидеме свои. Можеме да бидеме мотиватори. Всушност, тоа е и мојата задача откако го добив престижното признание „Инженерка на годината 2023“, да им ги пренесам својата енергија и своето размислување на младите девојки и да им кажам дека не постојат машки и женски професии, да им порачам дека за да го остварат својот сон, најважни се само личните желби и стремежи, истрајноста и доследноста.

Секоја девојка ќе биде благодарна сама на себе што се одлучила да влезе во светот на науката, технологијата, инженерството и математиката. Гласно сакам да им порачам дека секоја е способна, секоја може сè, секоја има крилја, само треба да полета!

И уште нешто од мојот рецепт: „Бидете свои, бидете различни. Секогаш и насекаде!

 

 

*Сите ставови во рубриката „Надреден знак“ се авторски.

Домника Кардула: Благодарам што постоиш

– Она кога деветгодишната аутистична ќерка ќе ти каже: „Мамо, дојди!“, а тебе ти звучи како да ти ја раскажала „Војна и мир“. Ова е мој твит од 2016 година.

Еден од многуте примери што ми потврдија дека се разликувам од другите мајки што имаат деца со типичен развој и дека мене радост ќе ми приредува еден нов збор, работи и активности кои за другите се вообичаени и не ги забележуваат, затоа што се подразбираат, а мене ми се чини како моето дете да искачило врв на планина. Ерато отвори еден нов свет за мене и за моето семејство.

Родителите на децата со атипичен развој минуваат низ неколку фази од моментот на осознавањето дека детето има проблем до моментот на прифаќањето на состојбата, но има и родители што остануваат заглавени некаде помеѓу. Да се бориш со состојбата на своето дете и истовремено со нефункционалниот и дискриминаторски систем е исцрпувачко!

Во моментите кога сфативме дека Ерато е во спектарот, сфативме дека во нашата земја генерално многу малку се знае и се зборува за аутизмот! Многу прашања, малку одговори!

Не прифаќам дека моето дете е помалку важно и нема да дозволам некој да го третира како такво!

Како семејство знаевме дека ние сме нејзиниот глас и дека тој глас ќе сакаме да се чуе, без илузии дека ќе направиме чуда, но ќе ја анимираме јавноста и ќе ја потсетуваме државата на нејзините обврски, заедно со сите други родители што сакаат да бидат слушнати и сакаат да направат промени.

Јас, мојот сопруг и постарата ќерка станавме активисти за правата на децата со аутизам и правата на сите деца/лица со атипичен развој. Аргументирано посочуваме кои и каде се проблемите со кои се соочува оваа популација, проблеми кои се нивно секојдневие.

Влегувањето во образовниот систем, кое беше особено тешко, ја покажа вистинската слика на нашето општество, која беше поразителна, едноставно родители оставени сами на себе и на своите материјални можности. Тогаш се соочивме и со луѓе што немаа ни малку разбирање, луѓе лишени од каква било емпатија, луѓе вчудовидени дека ние воопшто се осмелуваме да го запишеме во редовна настава нашето дете и така ги доведеме нивните деца во контакт со едно „такво“ дете.

Тешки моменти за родител и во такви ситуации не може и не смее човек да остане нем! Од моментите кога почна нашата борба досега се имаат случено одредени чекори кон прифаќање и подобрување на одредени услови, но далеку од доволно. Системот би бил комотен кога не би имало активисти кои му го нарушуваат комфорот, но тоа би значело дека системот функционира по право и пропис, што секако кај нас не е случај.

Ако јас како родител и малку имам придонесено во будењето на свеста и особено ако сум помогнала барем на еден родител да ја прифати состојбата на своето дете, ќе биде радост за мене.

Ерато е седумнаесетгодишна девојка. Таа сè уште се радува на чоколадо, посета на маркет и прошетка во парк. Кога ја гледам нејзината радост, нејзината искреност, нејзините секогаш љубопитни очи, помислувам дека воопшто не е фер да се обидуваме да ја внесеме во нашиот свет. Светот на лицата со аутизам е свет искрен, свет без љубомора и завист, сосема спротивен од нашиот!

Ерато нè направи подобри луѓе во секој поглед, ни отвори нови хоризонти, ни даде едно сосема ново гледање на животот, нови моменти на радост и благодарам што e наша.

Subscribe To our newsletter!