Europe House ja поддржува културата и го отстапува местото на иницијативите и поединците да ги искажат своите светогледи. Culture Matter Series е рубрика која живее во импулсот на современите актуелни теми. Преку подкастот и блогот отвораме серија прашања и разговори со кои се занимава уметноста и се стремиме да придонесеме кон прогресот во културниот живот. Очекувајте многу различни теми, аспекти и иницијативи.
Пишувањето поезија е засадување семе во отворена рана.
(Беи Дао, лауреат на СВП, 2015 )
Кога палестинскиот поет Махмуд Дарвиш го доби „Златниот венец“ на СВП во 2007 година, на прес-конференцијата му беше дофрлено провокативно прашање кое тој го дочека со тишина во очите: „Како се чувствувате сега, кога засадивте дрво во истиот парк во кој дрво има засадено и вашиот ‘непријател’, израелскиот поет Јехуда Амихај?“ Следуваше драмски нережиран молк по кој тој смирено одговори: „Има многу песни од Амихај кои и самиот би ги потпишал како свои, а веројатно и Амихај би го рекол истото за некои мои песни доколку беше жив. А, на крајот на краиштата, видел ли некој некогаш едно дрво да убие друго дрво.“
Се сеќавам на една долга прошетка на северот од трепетливата Калифорнија, низ длабоките шуми со џиновски црвени секвои, во кои сите стебла беа исповрзани едни со други преку долгите разгранети корења по кои газеа дивите животни и уморните туристи кои секогаш гледаа нагоре кон врвовите на дрвјата што како стрелки за задолжителен правец покажуваа кон авионите со кои тие посакуваа да се вратат дома, во сигурноста на препознатливите ѕидови, гласови и рутини. Би сакал да верувам дека во Паркот на поезијата во Струга е така, дека дрвјата си пренесуваат спокој под земјата на ист начин како што над земјата тоа го прават осамените славеи во потрага по песна која би ја скратила ноќта или би го најавила будењето на болните во најблиската болница.
Но, може ли поетот да убие друг поет?
Може преку украсни зборови и сеприсутни фалби, може ако го држи поетот близу до себе закован како змеј-летало в подрум, лажејќи го дека нема ветер на небото, дека авионите сѐ уште фрлаат бомби над градовите и гробовите, дека не е безбедно време за летање, дека тоа што го напишал е ремек-дело и сигурно ќе стане лектира, само ако останат луѓе што ќе читаат поезија.
Да се убие сомнежот на поетот е несомнено убиство на поезијата.
Британскиот поет и актуелен кралски лауреат Сајмон Армитаџ вели дека отсекогаш ги замислувал поетите како голмани на книжевниот свет, како последна линија на одбраната.
Поетите се навидум невидливи и никој не им го мери истрчаното растојание низ терените на историјата, но секој нивен грешен чекор може да биде кобен и документиран во архивата на повторливите грешки кои не доведуваат до пронајдоци. Поети биле и Сталин, и Мао Ѕетунг и Караџиќ, кои пишувале поезија и се грижеле за исчезнувањето на поинаквите мисли и чекори, кои порачувале епски фалби од своите послушници и епигони на тапиот поетски глас. Поезијата е најдоследна и најопасна кога ги сведочи вистините кои го издржуваат снајперот на актуелноста. Поезијата е како лузна од внатрешната страна на јазикот.
Секое семе, пред да се засади, треба да се оддели од толпата, од грстот во згрчената дланка на припадноста. Во крвта на поетот тече генот на отсутноста и самоста, а фестивалите треба да се славење на заедничката одвоеност. Поетот не припаѓа на семејното стебло на моќта, како што и книгата не припаѓа на рафтовите, иако ја носи нивната прав во себе. Книгите, подредени на рафтовите по некоја азбучна или димензионална логика, се како полуживи тела во воени кампови, чиј живот започнува со извлекување надвор од темниците на тесните простори. Отсекогаш повеќе ме привлекува оној празен простор помеѓу две книги на рафтовите во библиотеките, тој жив кратер кој како неозначена патека ме носи до прашањето: „Каде е таа книга? Кој ја чита и каков живот сега таа живее? Дали стои отворена на иста страница со денови, раскрилена како птица во аголот од детски цртеж, чекајќи ветер или крадец?“
Кога пред десетина години стоев пред Sидот на плачот во Ерусалим, погледнав кон своите дланки, а потоа и нагоре без да барам апсолутен одговор за вечните светови. Забележав дека недостига еден камен во ѕидот. Во таа празнина мирно стоеше еден гулаб. Каменот ѝ отстапи простор на птицата.
Малите пукнатини во ѕидот како да се ширеа од жештината и да им отвораа простор на изречените молитви кои се вѕидуваа како зборовни фосили во границите меѓу два камења, меѓу две верувања. Гледав во птицата која не бараше дрво, туку тишина.
Марк Шагал во 1911 година ја насликал „Поетот со птиците“, во која поетот лежи под дрвото, гледајќи кон белите птици и кон цутовите кои како мали пукнатини го најавуваат срамежливото небо како неиспишана страница меѓу згуснатите гранки. Засадените дрвја стареат и ги надживуваат поетите и војните, ги надраснуваат покривите и стануваат симбол за моќта на кревкоста. „И ѕвездите и дрвјата во цут: и трајната постојаност и екстремната кревкост — ни предочуваат исто чувство за вечност“, вели философката Симон Вејл.
Годинава во Паркот на поезијата дрво ќе засади Влада Урошевиќ. Какво ќе биде неговото дрво: со корења кон отворените прозорци, дрво во чија мов лежат мали деца и ги гледаат модрите балони што пролетуваат над него? Дрво чии корења ќе поминат низ подземниот густеж и ќе поразговараат со дрвјата на Адонис или на Ив Бонфоа кои тој ги има вдомено во македонскиот јазик, или со она на Блаже Конески или Матеја Матевски, корења што можеби ќе стасаат до дрвјата околу гробовите на Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Богомил Ѓузел и останатите поети и поетеси чии семиња се засадени во воздухот на македонскиот јазик што како откинато летало патува над отворените рани на светот?
* * *
На погребот на Радован Павловски бевме дваесетина луѓе, и дождот кој земјата ја претвори во кал, отежнувајќи ни ги чекорите кои и онака тегобно ни се придвижуваа како при преминување на некоја железна река. На периферијата од гробиштата, телото на Радован Павловски полека влезе во земјата како семе од кое никнува ново време.
Годинава, на Саемот на книгата во очи ми падна „Ветерната приказна“, една прекрасна книга – прво како предмет, а потоа, за среќа, и содржински ми ги оправда високите очекувања.
Со оглед на тоа што како човештво си го живееме сечењето на планетарната гранка на којашто седиме, има многу книги за деца што се занимаваат со оваа тематика. Меѓутоа, оваа книга со толкава суптилност и вештина ги пренесува најважните еколошки пораки до децата, поканувајќи ги да ѝ се придружат во авантурата на Верта, девојчето кое тргнува да го врати ветерот и да го спаси својот свет од замирање, што едноставно плени.
„Ветерната приказна“ е дело на Ника Гавровска со илустрации на Наташа Андонова и е издание на малата издавачка куќа „Гаврош“, во сопственост на Ника. Бидејќи Ника со години е дел од издавачката сцена – како уредник, дизајнер, автор…, а е и издавач со специјализирано издавачко образование, разврзавме муабет на авторско-издавачко-детско-еколошки теми, сите важни за нашата иднина.
Ника, ти си една од двајцата во Македонија за кои имам слушнато дека студирале издаваштво. Како дојде до таа одлука и какво искуство ти беа постдипломските?
Многу, многу одамна, сакав да студирам драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. И додека чекав да се отвори класа, а за да не си го арчам времето, се запишав на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и почнав со студиите по Француски јазик и книжевност, а наместо јазик под Б, одбрав предмети од катедрата за Историја на уметност т.е. византиска уметност. Имав фантастични професори, луѓе кои ми го променија животниот пат: Калиопа Петрушевска, Илинка Митрева, Елисавета Поповска, Драги Михајловски, Анета Серафимова, а подоцна и Владимир Мартиновски и Лидија Капушевска-Дракулевска… Кога го открив книжевниот превод не сакав да го напуштам. Од оваа перспектива гледам дека тој афинитет кон мешаниот дискурс, амалгамот од текст и слика бил присутен и за време на студиите. Јас немав дилема дека сакам да се занимавам со книжевност/текст/раскажување, ама во тој период ни оддалеку немав идеја дека ќе се занимавам со издаваштво. Можеби токму тој креативен процес во преведувањето, читањето и препрочитувањето, пишувањето и препишувањето е налик уредничката и редакторската работа. Едновремено, додека бев студент, моите родители го водеа бифето на Мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија, и во тој период тој простор вдоми многу настани од сферата на културата. Во тој амбиент, функционираше книжарницата на „Или-Или“, а Игор Исаковски редовно правеше промоции на проектите од неговата издавачка куќа „Блесок“. Тие спомени за мене се бесценети зашто тогаш за првпат имав можност да ѕирнам зад завесите на една издавачка куќа. Можеби токму тоа било некој прв импулс.
Постдипломските за издаваштво во Лориен, Бретања беа овозможени со стипендија од Француската влада. Главниот корпус предмети беа од типот: француска и франкофонски книжевности, превод, типографија и ликовно обликување, авторски права, уредничка политика итн.., а повеќето предавачи вклучени во образовниот процес беа луѓе од светот на издаваштвото. Од тој аспект, искуството беше незаменливо поради тоа што имавме ексклузивна можност да поминеме низ сите алки од синџирот на издавачката индустрија, а и поради тоа што како група бевме спој на луѓе од различни места во светот – секој беше дојден со сопствениот багаж од својот контекст што дополнително ја збогати размената на искуства.
А, времето поминато во Бретања на крајбрежјето на океанот, пределот на ветерниците, несомнено оставило свој печат на опустошениот пејзаж од почетокот на „Ветерната приказна“.
Во секој случај, Франција е една од земјите кои се колевка на современото издаваштво во Европа. И од тој аспект, привилегијата на студирањето токму таму беше преносот на систематизираните знаења за издаваштвото, кое кај нив функционира како совршено разработен и дефиниран систем.
Лориен, Бретања (фотографија од архивата на Ника)
И, потоа, се врати во Македонија. Колку од знаењето што го стекна е применливо тука?
Применливо дефинитивно не е. Затоа што работите тука ни одблизу не наликуваат на тој амбиент таму. Ајде да појдеме од тоа дека ние немаме дистрибуција. Немаме агенти за авторски права и правници кои се занимаваат само со таа област, па сè уште постои сива зона на што-кој-како. Потоа, зад секоја книжарница стои одредена издавачка куќа, значи немаме независни книжарници и сè дури тоа е така ние имаме проблем. Франција е како Левијатан од издавачи. Пазарот е многу поголем, во и надвор од неа, а и читателската култура е на многу високо ниво. За време на студиите неслучајно избрав пракса во мала издавачка куќа ФЛБЛ (FLBLB) во Поатје, оти бев свесна дека ќе се вратам тука и сакав да направам реална паралела со издавачка куќа кај нас, во случајот, со „Или-Или“.
Сепак, применливо не е, дури понекогаш мислам дека и е недостаток. Ниедни студии не можат да те опремат за овој див амбиент тука, каде треба да научиш како да се бориш против ветерници. Да не се лажеме, фрустрации и проблеми имаат и издавачите во Франција, не станува збор за идеализирање на тоа таму, едноставно амбиентот е стимулативен, додека оваа наша стихија како жив песок те вовлекува да потонеш, заедно со секоја добра иницијатива, каква што беше онаа за Агенцијата за книга. Не знам, можеби тоа ќе биде улогата на „Гаврош“, да даде стимул и верба дека можеме да го промениме нашиот пејзаж. Нѐ чека работа.
Кога и како ти се роди идејата за „Гаврош“? И зошто баш „Гаврош“?
На „Гаврош“ му требаше време да созрее и како идеја, но и јас да се почувствувам подготвена да се нафатам на таа авантура. Инаку, името „Гаврош“ нема никаква врска со моето презиме😊. Секој што го читал романот „Клетници“ од Виктор Иго не може a да не го памети ликот на Гаврош, парискиот гамен, кој не само што е симбол на заборавените деца од улица, оние коишто секојдневно ги игнорираме, туку е и симбол и жртва на Француската револуција. И, се разбира, тука е и основната идеја дека издавачката куќа ќе се занимава со детска книжевност.
Изданијата на „Гаврош“ на Саемот на книгата 2023
Изданијата на „Гаврош“ од естетска гледна точка се книги што би посакал да ги има секој библиофил. Како успеваш да најдеш средства за нив и дали е самоодржливо твоето издаваштво?
Во формирањето на „Гаврош“ си поставив критериуми од кои решив дека нема да отстапам. Кога станува збор за книгите за деца, ниеден избор не е случаен. А книжевноста за деца е онаа која го поттикнува секојдневниот ритуал кој се остварува меѓу читачот и детето, читателот во зародиш. Сликовницата, тој квадратен предмет е оној што го овозможува преминот во светот на фикцијата.
Изданијата на „Гаврош“ не се пркос на електронските изданија, кои се тука, ќе постојат и ние не можеме да избегаме од нив. Тие се повеќе одговор на масовната продукција каде што се стимулира и симулира еден тотален дисреспект на читателското око.
А каде се наоѓаат финансии? Јас секоја година конкурирам во Министерството за култура и во Град Скопје. Меѓутоа, ние не можеме да се потпреме само на таа поддршка и голем дел од овие изданија се самофинансирани. Затоа што сметам дека тоа е единствената можност да ја реализираш сопствената визија – колку што можеш, колку што ти држи чергата…
„Бел“ (фотографија и скица)
Одвај чекам да поразговараме за „Ветерната приказна“, која беше и повод за овој разговор. Но, пред тоа, кажи ми збор-два за другите книги што ги имаш напишано и кои ти се најдрагите изданија на „Гаврош“?
„Бел“ е љубовна приказна меѓу детето Бел и Месечината, којашто еден ден ќе го здогледа во паркот и ќе тргне по него и практично никогаш повеќе нема да го напушти. Ќе го набљудува и оддалеку. На некој начин е приказна за неприкосновената љубов каква што е мајчинската.
И во „Бамбино“ е видлив твојот родителски порив за пишување на приказната.
Можеби, „Бамбино“ навистина има врска со раѓањето на син ми Никита, кога ми стана јасно дека нашата навидум еманципирана средина сепак има одредени очекувања од машкото дете. Дека сѐ уште постои поделба како и во родителскиот пристап, така и во околината. Па така, „Бамбино“ стана приказна за односот меѓу таткото Брада и малиот Бамбино и строгите татковски очекувања дека во даден момент тој треба да престане да биде дете и да го подготви да стане „маж“. За среќа, Брада ќе се разбуди од длабокиот сон на тагата пред да биде доцна.
Во „Бамбино“ ја обработуваш и темата за смртта на мајката, тема која во нашава презаштитнички настроена современост пред децата често се одбегнува или се ублажува…
Првото издание на „Гаврош“ е мојата најдрага сликовница – „Сигрид и ноќта“, на шведскиот автор Јонс Мелгрен, во која основната тема е загубата и тагата по загубата. На промоцијата во Скопје во тогаш постоечката „Менада“ имаше реакции од публиката токму за ова што го зборуваш, дека нашиот менталитет, нашата култура е таква што практично ние тие теми ги одолговлекуваме, ги заобиколуваме, го заштитуваме колку што можеме повеќе детето. Дури ни јас не се сеќавам дека сум била на погреб како дете. Одговорот на Јонс беше дека во нордиските земји тие не само што не ја избегнуваат таа тема, туку се обидуваат колку што е можно повеќе да биде застапена во книжевноста за деца. Зарем нема деца кои не загубиле некого? Макар тоа да е и милениче. И тогаш кога детето се чувствува осамено во својата несреќа, мисли дека само нему му се случува вакво нешто, тогаш во својата книга ќе открие и препознае дека и некој друг поминува низ истото и тоа е неверојатна утеха.
П.С. Во „Бамбино“ не е нагласено дека мајката е почината, туку дека заминала. За мене беше важно нејзиното отсуство и неможноста да го заштити своето дете од строгиот татко. Колку што таа беше присутна во „Бел“ и секогаш е тука за него, дури и од сенка, тука ме водеше стравот од тоа, а што без „мене“ кога двајцата ќе бидат препуштени еден на друг. Се разбира, не појдов од тоа да го осудам Брада за неговата суровост, само да ја разберам. 🙂
„Ветерната приказна“
„Ветерната приказна“😊. Ова е една прекрасна книга, како предмет, но и книга со моќна приказна преку која децата заедно со Верта на еден волшебен начин ги откриваат еколошките предизвици на нашето време и начинот на кој можеме да се соочиме со нив како индивидуалци и како колектив. Како течеше целиот процес на креирање на книгата, која е дел од еден поголем проект, именуван The Ways of The Heroes?
„Ветерната приказна“, како приказната за Верта и нејзиниот дедо во светот без ветер и китот Гра е приказна која живееше во мене многу одамна, долго пред постоењето на „Гаврош“. Проектот „The Ways of The Heroes“ е мозаик од седум партнери, а предводник е Македонскиот народен театар. Кога беше одобрен од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија, се договоривме дека работата ќе оди верижно. Идејата на партнерите од Србија „Ехо Анимато“, беше да се снимат 12 кратки документарни филмови за 12 поединци, по двајца од секоја од шесте земји – поединци кои прават промени на микроплан, кои можат да инспирираат и во чии дела и јас и ти би можеле да се препознаеме. Процесот на селекција беше долг, снимањето траеше цела година и јас и Наташа Андонова сфативме дека не можеме да чекаме да завршат, па тргнавме полека да го конструираме светот на фикцијата.
Илустрации од „Ветерната приказна“
Ама низ приказната има и изјави од снимените видеа…
Да. Со Наташа појдовме од тоа да го изградиме светот на „Ветерната приказна“, а потоа во него ги внесувавме 12-те ликови. И беше многу ризично – дали овие луѓе кои постојат во реалниот свет ќе успеат да го вдишат светот на фикцијата и дали ќе функционираат во светот на Верта, дали ќе успеат, секој на свој начин да ѝ помогнат во нејзината авантура…
Процесот беше обратен и беше прашање на експеримент. Практично, јас се запознав со моите ликови кога излегоа кратките документарни филмови, и тогаш ги внесов нивните цитати во приказните. Потоа, откако излезе книгата, за време на промоциите на изданијата во сите партнерски земји, и кога ги запознав овие ликови од фикцијата во живо тоа беше тотално надреално искуство. Јас живеев со нивните видеоинсерти додека ја пишував приказната, а кога ги запознав вистинските Кристина, Силво, Елмедина… не можев а да не ги перципирам како ликови од приказната.
А како тие се доживеаја себеси како ликови од приказната полна со „мит и магија“?
Многу, многу интересно. И со сите има по некоја интересна анегдота. На пример, шивачката Маја Модријан од Словенија, илустраторката Наташа реши да ја претстави со фустан со милион фиоки. И кога Маја ја доби книгата, вчудоневидена нè праша „од каде знаевте дека имам опсесија со фиоки“ за потоа да ни испрати фотографии од нејзината колекција на мали фиоки. Силво Рожман од Словенија пак, којшто ѝ го дава јаболчето што на крајот ќе го спаси светот на Верта, дојде на промоцијата со неговиот сок од јаболка и верувајте дека тоа беше најубавиот сок што во животот го имам пробано. И така натака…
Колкав предизвик беше „Ветерната приказна“ за илустраторката, а и од уреднички аспект?
Наташа Андонова направи повеќе од триста цртежи во јаглен техника, на различни хартии. Нејзиното ателје во еден момент беше преплавено од хартии. Овие цртежи потоа ги скениравме еден по еден, ги чистевме дигитално еден по еден и тоа беше можеби најмачниот дел од работата. Ризикот се состоеше во тоа како јагленот ќе се однесува на хартијата за печатење по дигиталниот пренос и затоа многу внимателно ја биравме и хартијата на којашто требаше да биде испечатена книгата. Првенствено идејата беше приказната да се печати на многу поголем формат и книгата да има многу помалку страници, но откако „забегавме“ – и јас со приказната, и Наташа со илустрациите што го следеа дејството, форматот мораше да се смали.
Настрана од пишувањето на приказната, најубавиот дел беше создавањето на книгата. Создавањето на една илустрирана книга се случува токму во моментот кога се спојуваат сликата и текстот на страниците. Практично кога се прави преломот. Имено, јас уживам во тој процес многу повеќе отколку во пишувањето на приказната и се чувствувам најкомотно, исто како да се наоѓам во студио за монтажа. Токму тука се создава ритамот на раскажувањето, вербално и визуелно и тука се раѓа магијата на книгата.
А од аспект на уредништво, ова беше на ниво на докторат, затоа што изданието е преведено и на сите партнерски јазици. Проблемот се состоеше во тоа што проектот „Патишатата на хероите“ е пишуван две години пред почетокот на пандемијата и никој ни насон не можеше да предвиди колку ќе порасне цената на хартијата. Па затоа, додека работев со петмина преведувачи паралелно, книгата се преведе на српски, словенечки, грчки, италијански и босански, меѓутоа испечативме многу помали тиражи од предвидените, симболични тиражи.
Страници од „Ветерната приказна“
Една од важните теми во книгата, настрана од еколошките, е темата на заборавот. Зошто ѝ даде особено место и кои се другите теми што тебе ти се важни, а кои можеби толку не доаѓаат до израз?
Во голема мера, „Бел“, па и „Бамбино“ и „Ветерната“ се приказни коишто кружат околу стравовите. И ако треба да го лоцирам основниот генератор за овие приказни, тоа се моите основни лични стравови.
Во релацијата меѓу Верта и дедо ѝ е вплотена таа интимна тема, темата на заборавот, на деменцијата. Неименуваниот дедо секој ден заборава сè повеќе. Оттука, основниот мотив на Верта да тргне во потрага по ветерот е од многу лична природа.
Се разбира, стравот од заборав ја подразбира борбата да се сочуваат спомените. Често, спомените се единствената утеха за загубата и стануваат тајно прибежиште во кое одиме секојпат кога реалноста станува неподнослива.
Од еколошка гледна точка, кои ти се најголемите стравови?
Ми се чини како заблуда дека најмрачните стравови околу уништувањето на оваа планета сѐ уште да ги врзуваме за некоја далечна иднина. За жал тие ги живееме и денес, скриени зад сечиј несовесен потег. Вистината е дека два дена несобраното ѓубре во главниот град среде лето беше краток трејлер за можното сценарио за една еколошка катастрофа во нашето зацементирано и урбанизирано легло. Ми се чини дека основниот проблем е сфаќање на одредени состојби здраво за готово. Пандемијата ги разбуди моите најдлабоки стравови, ама ја разбуди и мојата фантазија. Никогаш не сум мислела дека носењето на маска ќе ми понуди удобност. А сепак, светот на Верта без ветер исполнет со магла, го живееме речиси секоја зима, по неколку денови, а некогаш и подолго.
Ние возрасните ај што ги ставаме работите под тепих, ама од друга страна, се плашам дека на децата, уште не влезени како што треба во светот, им накалемуваме преголем товар дека е нивна задача да ги средуваат еколошките проблеми што упорно ги натрупуваме.
Товар или мисија, зависи како ќе го именуваме. Секоја генерација со своето бреме. Можеби бремето на оваа генерација што доаѓа е, имено, да се износи со консеквенциите од нашето несовесно делување. Така што, тоа може да биде и мотивација за многу млади луѓе. Подигањето на свеста околу тие прашања не мислам дека е товар, туку можеби најголемиот дар што можеме да им го дадеме. Практично, еден од главните предизвици на „Ветерната приказна“ од самиот почеток беше како овие теми кои можат да бидат товар или бреме, да ги адаптираме на начин на којшто приказната ќе ја разбуди свеста, без да се наметне дидактика по секоја цена – немој вака, зошто така… Затоа што, преку метафората за отсуството на ветерот и она патување низ светот, колку и да е бајковит и нереален оној свет на Верта, може да се види широката слика – дека сечењето на една шума не го засега само ветерниот залив, го засега целиот свет, дека постои поврзаност помеѓу сè.
И, за крај, уште едно прашање за една приказна што некако прерано заврши. Што се случи со твојата кафе-книжарница „Гаврош“?
Понекогаш, за судбината на некои проекти постои и факторот на forcemajeure. Еден незавршен проект на „Гаврош“, делумно неуспешен заради почетокот на пандемијата, беше кафе-книжарницата „Гаврош“, што функционираше многу кратко, само една година, и беше обид за книжарница специјализирана само за илустрирана книжевност, со предност на детската книжевност. Во моментот не бев подготвена да се износам сосема со таа приказна, а почетокот на пандемијата практично си го направи своето, па поради неизвесноста на ситуацијата бев принудена да се повлечам од просторот. Меѓутоа, тоа не е завршен проект, туку проект ставен на пауза и се надевам дека во некоја блиска иднина ќе може да му се вратам.
Велес – вистинскa дестинација за сите љубители на архитектурата и културата. Секој агол на Велес, секоја улица, сокаче или зграда е последица на умешна градителска вештина и уметнички споj, каде што се остварува хармонична синергија помеѓу старото, традиционално и новото, модерно време. Стариот дел на градот дава одеци на древните времиња со своите камени куќи, дрвени балкони и автентични улички. Овие градби го креираат раскажувачкиот наратив на градот и се задолжителен елемент од неговата културна традиција.
Градот се распространува по долината на реката Вардар во Велешката Клисура на одлична географска положба, што е причина Велес да биде крстопат на меѓународни и железнички патишта, односно еден од поглавните наши транзитни центри со светот. Постоењето на градот Велес го детектираме уште во вториот век пр.н.е., кога градот функционирал како античка населба источно од она што денес претставува современ и модерен Велес. Велес добива повеќе имиња низ текот на историјата. Некогаш бил познат како Вила Зора, некогаш како Ќупурли, меѓу кои е и најпознатото име „Титов Велес“[1], а за време на преселбата на Словените на Балканот градот го добива името „В лес“, со значење „в шума“, поради густите шуми што се наоѓале во околината на градот. Според славистичките антрополози, ридовите по текот на Вардар биле населени од сточари, кои верувале во богот на стадата Велес и оттука можеме да претпоставиме дека и македонскиот град добива именување според еден од боговите на словенската митологија.[2]
Шетајќи низ улиците на Велес, ќе се запознаеме со богатството на архитектурното наследство на градот – од величествените цркви и манастири, како Свети Пантелејмон и Богородица, до живописните градби зачинети со неоренесансни и неокласични елементи. Уличките, сите тесни и широки, си носат своја специфична убавина и забележливо е дека се изградени со однапред испланирана инфраструктура и дизајн. Градот го почитува своето историско наследство и го восприема како извор на инспирација за новите генерации. Секој камен и секоја линија на архитектурата во Велес сведочи за векови на преоди и интересни приказни што го сочинуваат наративното ткиво на градскиот етос.
Уште од античкиот период се забележува архитектурниот потенцијал на градот Велес. Територијата на Велес и околината влегувале во составот на пајонската држава и тука бил сместен најголемиот пајонски град Вила Зора[3]. Исто така, не можеме а да не го споменеме древниот римско-пајонски град Стоби, за кој ни е познато дека заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период, поради неговата географска поставеност, каде што минувале главните патишта што ги сврзувале областите Дунав со средоземните земји од античкиот период. Подоцна, во периодот на 18 век била изградена Саат-кулата и со својата специфична архитектура и камена градба станала амблемот на градот Велес.
Фотографија на Велес од раниот дваесетти век
Во минатиот век, Велес бил дом на многу први почетоци, меѓу кои и првиот македонски театар, изградена била првата гимназија и првото музичко училиште, како и првиот музеј. Сепак, Велес со својата архитектура не му капитулира на минатото, туку доживува модернистичка трансформација и во последната декада градот добива нова урбанистичка димензија со уникатните и модерни архитектонски градби. Новите згради и куќи, со својата современа елеганција и авангарден дизајн, го обележуваат преминот во 21 век, а оваа синтеза на старото и новото, на класичното и модерното, го прави Велес еден од најинтересните и најуникатните градови во регионот.
Уште неколку интересни градби што го спојуваат традиционалното и новото време
Спомен-костурница на загинатите борци во НОВ од Велес и од велешката околина
Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ – интересна и мошне современа градба за љубителите на театарот и културата
Народниот музеј – објект со специфична градска архитектура што го чини градот Велес поинаков од сите други градови. Во центарот на градот, музејот е седиште на велешката историја и култура. Музејот располага со вредни експонати од историско, археолошко и етнолошко значење. Во музејот може да се погледне етнолошкото одделение во кое се изложени раскошни градски и селски носии, како и ентериери преуредени да ѝ прилегаат на старата велешка архитектура.
Велес е познат и како Градот на Рацин. Денес, во негова чест е реставрирана и отворена како музеј за посета „Спомен-куќата на Кочо Рацин“ со оригинални ракописи и други спомени од неговиот живот и неговото дело.
Старите бисери на Велес
Специфичната градска архитектура најмногу може да се долови преку комплексот на куќи, т.н. „Варналиите“. Комплексот „Варналиите“ претставува комплекс на архитектонски градби градени кон крајот на 19 век и поради нивното културно и историско наследство тие се третираат како куќи-споменици и се под заштита на државата.
Тука спаѓаат куќите на Паунови, Тренчови и Прнарови (фото горе), изградени во 1868 година, потоа куќата на Шукареви изградена во 1927 година и куќата на Ѓоргови (фото долу) изградени во 1930 година во центарот на Велес според европскиот модел на градска куќа од тој временски период.
Како што потврдивме, градот е карактеристичен по својата типична велешка и староградска архитектура за која сведочи неколкувековната историска традиција. Велес, градот на архитектурна елеганција и уникатност, покажува дека минатото и иднината можат да се испреплетат и да добијат автентичен изглед. Од една страна, ги имаме црквите, античкиот Стоби, комплексот куќи со специфична модерна архитектура, а од друга страна, топлата атмосфера, полните кафулињата и рестораните, каде што се слуша џагорот на велешани, кои уживаат во дружење и разговори, го исполнуваат духот на градот. Не пропуштајте ја можноста да го истражите овој прекрасен град и да се изгубите во неговата архитектурна прегратка!
Доротеа Огненовска
[1] Македонската режисерка Теона Стругар Митевска ќе направи филм именуван според овој град – „Јас сум од Титов Велес“ (2008).
[2] Едно од поважните божества од словенската митологија. Велес бил бог на земјата, облаците, водите и подземниот свет.
[4] Во овој театар настапила првата глумица, учителката Тенка А. Коларова, со популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“ во 1875 година.
Градот со многу имиња: Манастирски град, Градот на клавирите, Градот на конзулите, Градот на Широк сокак, Хераклеја… Постојат повеќе приказни и легенди околу настанувањето на зборот Битола и консеквентното именување на градот. Етимолошкото потекло на зборот Битола доаѓа од старословенскиот збор обител[1], чие значење упатува на средновековниот назив на монашки заедници и манастири. Градот под планината Пелистер изобилува со богато културно и историско наследство, имајќи предвид дека претставува административен, културен, индустриски и образовно-научен центар.
Османлиска разгледница на Битола од 1902 година на која е прикажана реката Драгор.
Секое мало сокаче, уличка, секое скриено дуќанче на Битола исцртува величествен мозаик на една историска приказна. Градот е поставен на најславниот римски пат, Вија Игнација, а патописните записи од 15 век на Евлија Челебија говорат за богатата цивилизација и космополитскиот дух на градот Битола уште векови наназад пред неговата модернизација. Гледано историски наназад, голем дел од конзуларните претставништва во земјата се наоѓале токму во овој град, додека денес Битола располага со тринаесет конзуларни претставништва со чија помош ги придобива европскиот дух и културата. Оттука, Битола го добива својот дипломатскиот атрибут „Градот на конзулите“ – уште еден од неколкуте називи на градот.
Градот располагал со многу школи, меѓу кои и познатата воена академија, која ја посетувал славниот основач на Турската Република, Кемал Ататурк. Во историскиот период на крајот од 19 век населението на Битола непрестајно се зголемувало и паралелно се проширувала индустриската дејност со отворање на различни фабрики, дуќани и занаетчиски работилници. Истовремено, во овој период се развива фотографската дејност благодарение на првите снимени фотографии и филмови на браќата Манаки, основоположниците на балканската кинематографска дејност. Колоритноста на Битола најмногу доаѓа до израз за време на престижниот меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки“, кој се одржува секоја година и истовремено е првиот светски фестивал посветен на визуелното уметничко творештво на кинематографите.
Центарот на Битола
Град како никој друг
Многу градови, села пројдов, Како тебе Битола, нигде не најдов. – Ајри Демировски (1927 – 2009), Битола, мој роден крај
Хронотопот на Битола го среќаваме во многу песни, раскази, стории, во модерната музика и уметност, а најмногу впечаток ни остава битолската архитектура, која предизвикува безвремено чувство на естетски вознес кај посетителите и туристите ширум светот. Покрај архитектурата, во Битола се наоѓаат многу музеи, галерии, театри, што го претставуваат културниот пулс на градот. Еден интересен податок за градот е тоа дека во повоениот период во Битола биле избројани 1.500 клавири во сопствеништво на битолските семејства, што подоцна ќе стане инспирација за ново именување на градот како „Градот на клавирите“. Поседување клавир во овој временски период значело поседување богатство, бидејќи клавирот бил симбол за имашливост и висок статус.
Ако направиме една прошетка низ Битола…
Ритамот на градот најмногу може да се почувствува при амбиенталните прошетки на Широк сокак, некогашно корзо, а сега една од најпрометните улици кај нас. Оваа улица ја красат колоритни дуќани, бутици, некогашни занаетчиски продавници, пекарници, а сега и кафулиња и ресторани налепени во приземјата на старите архитектонски градби останати од предвоениот период. Живописните куќи, камените мостови и цветните балкони совршено се спојуваат со современите кафетерии, галерии и ресторани. Широк сокак неслучајно е најпозната амбиентална улица во Битола, која романтично го доловува духот на градскиот етос.
Широк сокак некогаш…
…и денес.
Повеќе од 130 објекти во Битола се под заштита на државата и се сметаат за историско и (мулти)културно наследство на градот. Покрај Широк сокак, во Битола можат да се посетат и други знаменитости, меѓу кои и битолската Саат-кула, зад која се крие фантастична легенда за нејзиното создавање. Имено, станува збор за процесот на градење на кулата во периодот помеѓу 16 и 17 век, кога со доаѓањето на османлиските власти во градот, Турците собрале над 60.000 јајца од околните села и направиле смеса од малтер со којашто ги ѕидале ѕидовите на кулата.
Потем, во градот изобилуваат и голем број цркви и џамии (Јени џамија, Исак џамија, Ајдар-кади џамија) поради различните верски припадности на населението. Тука е и безистенот, односно покриениот пазар во центарот на градот во кој изобилуваат најразлични дуќани и продавници, како и Старата битолска чаршија, која се смета за дамарот на градот и вклучува околу 900 дуќани.
Кога правиме прошетка во Битола не можеме да го заборавиме античкиот локалитет Хераклеја, некогашниот антички град посветен на грчкиот херој Херкул, основан во четвртиот век пр.н.е. од страна на Филип Втори. Со секој изминат чекор во Хераклеја Линкестис можеме да почувствуваме како историјата станува жива, да го почувствуваме нејзиното дишење кога ги оживува спомениците на минатото, амфитеатарот, термалните бањи и уникатните мозаици. Можеме да ја проследиме историјата на археолошкото наоѓалиште – од древна грчка колонија, римска провинција до византиска културна грамада и да ја потврдиме дека Хераклеја ги носи митските остатоци од времето. Некогашните тесни улички денес се божествен печат за историјата на еден народ и историјата на една цивилизација. Сите овие прекрасни знаменитости го одразуваат многувековниот процес на развој и изградба на она што денес претставува модерна Битола.
Археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис
Битола ја краси и познатата градба-споменик на Офицерскиот дом или уште позната како Сарајот на Абдулах Керим-паша од турско време – како едно од најголемите архитектонски обележја на битолската и македонската архитектура воопшто. Неодамна, просторот на Офицерскиот дом стана домаќин на Europe House и отвори многубројни перспективи и услови за младите поединци, кои отсега ќе имаат можност да го развијат својот креативен потенцијал и да бидат дел од дискусијата за клучните теми и прашања на Европската унија. Во следна прилика, посетете го просторот на Europe House Битола и запознајте го младиот тим на Europe House, со кој ќе можете да се инспирирате за мултикултурните теми на денешницата и да продискутирате за актуелните настани во нашата земја и во светот – или, накратко, дојдете да уживате во креативната енергија што ја нуди просторот на Europe House Битола.
Europe House Битола
Универзалната раскрсница на времето
Градот Битола низ времето бил сведок на големи историски пресврти, војни, поделби и реставрации, но никогаш не престанал да биде исполнет со културни и историски сокровишта на многувековната традиција. Битола е дом на различни религии, култури и јазици, на голем број културни настани, дом на првата жена-фармацевтка на овие простори, Рајна Алексова (1882 – 1959), на првиот Македонец-алпинист кој се искачил на Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато (1953 – 1989), дом на браќата Влатко и Горан Стефановски, дом на Кирил Македонски, Јонче Христовски, Драги Михајловски, дом на многу креативни луѓе кои оставиле траен печат во македонската културна и научна традиција.
Битола денес не ги крие своите млади таленти, чии интереси се движат во насока на визуелните уметности (веб и класични), моден дизајн, внатрешен дизајн, архитектура, книжевност, филм итн. Уметничкиот порив не замира во новите генерации на младите битолчани, кои мошне умешно знаат да го доловат духот на својот град во нивните инвентивни креации. Битолската авангарда е исполнета со свежи идеи на млади и креативни умови, чии аспирации и имагинации го сочинуваат мозаикот на новата, модерна слика на Битола.
Од античкиот период до современоста, Битола претставува вистинска универзална раскрсница на времето. Тука, на едно место, можат да се најдат слоеви од различни идентитети и цивилизации што заемно се испреплетуваат во еден безвремен амалгам на историја, уметност и култура.
Доротеа Огненовска
[1] Зборот обител со текот на времето го губи гласот „о“ и станува она што денес го нарекуваме Битола. Овој збор сѐ уште можеме да го сретнеме во хрватскиот јазик, но со друго значење. Според приказните на Марко Цепенков, како и оние на старото население околу битолскиот крај, се раскажува за постоењето на голем број цркви во околината на Битолското Поле, што подоцна станува причина градот да биде нарекуван Манастир. За сите овие трансформации на топонимскиот назив постојат физички докази (Битолската плоча од 1015 година) од средниот век што упатуваат на постоењето на името на градот.
Младите го држат клучот за нашата иднина, а нивниот ангажман со уметноста, вклучувајќи ги музиката и книжевноста, игра главна улога во обликувањето на нивните сознанија и перспективи за реалниот свет и истовремено во обликувањето на судбината на Европа. Уметничката експресија е моќна алатка преку која младите ги изразуваат своите ставови за светот што е во постојано движење. Уметничките изрази веќе долго време се медиум за општествено размислување, а врската на актуелната генерација со уметноста, книжевноста и музиката обезбедува нишка преку која тие љубопитно ги откриваат универзалните прашања.
Младите и современите уметнички медиуми
Денешната младина сè повеќе се поврзува со различни форми на уметност и музика поради широката достапност на дигиталните платформи и социјалните медиуми. Тие ги користат овие медиуми за да ги изразат своите ставови, знаења, чувства и грижи за светот што ги опкружува. Нивниот допир со светот е динамичен, брз и променлив. Книжевноста, музиката и визуелната уметност служат како моќни алатки за пренесување пораки, стимулирање на критичкото размислување, поттикнувајќи интелектуални разговори како што се сегашните актуелни теми за иднината и промените на животната средина. Со вклучувањето во овие уметнички медиуми, младите поединци стануваат активни учесници во обликувањето на интелектуалното ткиво што подоцна ќе прерасне во критички извор на новата генерација.
„Музичари или Концерт на младите“ (1595) од Караваџо
Интересот на младите длабоко понира во различни уметнички медиуми, создавајќи длабока врска што ги обликува нивните идентитети, перспективи и аспирации. Од визуелна уметност и литература до музика и филм, уметничките изрази служат како ескапизам за младите да ја истражуваат својата креативност, да ги изразат своите мисли и со тоа да им се овозможи слободно придвижување и маневрирање со светот. Преку уметничките медиуми, младите наоѓаат патишта за самоизразување, како и платформи за предизвикување на општествени норми, критичко размислување и застапување за општествени промени. Имајќи предвид дека се наоѓаме во епоха на невиден технолошки напредок, дигиталниот пејзаж дополнително го засилува ангажманот на младите со различните уметнички медиуми, овозможувајќи им да се поврзат и да ги споделат своите идеи и мислења на глобално ниво. Со искористувањето на моќта на уметничките медиуми, младите продолжуваат да ги обликуваат сопствените наративи, да ја редефинираат сликата на културата и да поттикнуваат чувство на обединување што го засилува нивниот стремеж за поинклузивна и поавтентична иднина.
Музика: безвременски израз на младешки дух
Иако музиката и уметноста ја делат заедничката цел на уметничко изразување, тие сепак нудат различни гледишта за креативна експресија. Музиката, преку својата аудитивна природа, поседува моќ да предизвикува емоции и да создаде заедничко афективно искуство помеѓу слушателите. Може да послужи како катализатор за колективна акција, обединувајќи различни поединци под една заедничка кауза. Низ историјата, особено во 20 и 21 век, музиката видно се издвојува од другите уметности и се покажува како моќна сила способна да изврши големо влијание врз промените во светот.
Така, можеме да ја земеме џез-музиката, со своите живописни ритми и импровизирачката природа и да ја поврземе со енергијата и динамичниот дух на младите. Вкоренет во афроамериканската култура, џезот како жанр влегува во новите модерни хибридни жанрови што стануваат сѐ повеќе дел од креативниот идентитет на младите генерации. Способноста на жанрот да се адаптира и да иновира ја одразува суштината на младоста, односно го одразува тој аспект на поместување на границите и прифаќање на промените. Имагинацијата на младите слушатели оди чекор подалеку кога нивните интереси во музиката почнуваат да надминуваат какви било жанровски определби и не се плашат да експериментираат со музичкиот репертоар што е моментално понуден на сцената. Уметноста, но поконкретно музиката отсекогаш била стожерната алатка за експресија кај младите и токму со експериментирањето денешните музички автори стануваат сѐ поблиски до својата публика и отвораат теми што тангираат лични или колективни идеолошки ставови. За разлика од музиката во минатото, современата музика е во постојан чекор со модерните трендови и служи како средство за емоционално ослободување, поттикнувајќи чувство на припадност и емпатија кај младите кои наоѓаат утеха во стиховите и мелодиите на песните.
Музиката надминува секакви возрасни, родови, идеолошки и етнички граници, а нејзиното влијание најмногу може да се следи низ објективот на помладите генерации. Таков пример имаме со најпознатиот англиски рок-бенд, „Битлс“, кој се појави како културен феномен во шеесеттите години на минатиот век, оставајќи неизбришлива трага во општеството. „Битлс“[1] и другите влијателни уметници од нивното време ја искористија својата платформа за да ги предизвикаат општествените норми и да ја подигнат свеста за важни прашања, како што се граѓанските права, војната и зачувувањето на животната средина. Меѓутоа, ефектот на „Битлс“ не престана да се шири и во поновите музички форми и во музиките на младите артисти. Кога ќе се споредат денешните актуелни песни со оние од минатото, ќе се увиди дека денешната музика алудира на аспектите од современото општество, односно е креирана во контекст и во постојан флукс. Музиката, денес, негува едно прекрасно чувство на заедништво, нуди медиум за самоизразување и служи како водич за младите поединци додека се обидуваат да го најдат своето место во модерната доба.
Денешната младина, преку нивниот ангажман со музиката, книжевноста и уметноста, активно го обликуваат своето разбирање за светот и влијаат во обликувањето на иднината. Динамичноста на музиката се идентификува со младешкиот дух на новите генерации и на тој начин ја доловува суштината на нивната креативна енергија и го поттикнува индивидуалното изразување без никакви ограничувања. Понатаму, спротивставените патишта на изразување обезбедени од музиката и уметноста им овозможуваат на младите поединци да се вклучат во еколошките прашања од различни перспективи. Како чувари на иднината, од големо значење е младите да продолжат да го истражуваат безвременото знаење што го нуди уметноста и да не престанат да експериментираат користејќи ја својата креативност за да инспирираат позитивни промени во светот. Со тоа, тие ја имаат моќта да ја трансформираат нашата колективна иднина и да изградат одржлив свет за генерациите што доаѓаат.
Доротеа Огненовска
[1] Нивната музика не само што ги освои срцата на милиони луѓе туку стана и средство за општествени и политички промени. Песните како „Imagine“ од Џон Ленон станаа химни на мирот, залагајќи се за свет ослободен од сите поделби и (воени) конфликти. Нивната музика стана собирен крик за една генерација, која копнее за промени, истовремено инспирирајќи активизам за обликување на колективната свест на младите.
Работната недела ја завршивме во посетата #EUwithYou на Крушево – шармантниот и историски град сместен во живописните предели на нашата земја, а годинава и прогласен за Град на Културата!
Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува највисокиот град на Балканот. Додека талкате низ улиците на овој планински скапоцен камен, ќе откриете место богато со култура, глетки кои одземаат здив и топло гостопримство.
Започнете го вашето патување во срцето на Крушево, каде што главниот плоштад, ве чека со својата уникатна атмосфера. Плоштадот е опкружен со традиционални камени куќи кои се симбиоза на влашката (епирската) и мијачката (галичката) архитектура и симпатични кафулиња, совршени за уживање во шолја турско кафе и во вкусните локални слатки (локуми, пуслици/целуфки, слатко од аронија).
Вљубениците во историјата ќе уживаат во истражувањето на наследството на градот. Не пропуштајте го Музејот на Никола Мартиноски, големиот македонски сликар.
Посетете го Мечкин Камен, каде се наоѓа и полетувалиштето за сите љубители на летањето со параглајдери.
Љубителите на природата ќе бидат маѓепсани од недопрените предели околу Крушево. Врзете ги планинарските чизми и тргнете на патување низ планината Баба, која нуди плејада на патеки за сите нивоа на вештини. Потопете се во спокојството на шумите, вдишете го свежиот планински воздух и уживајте во спокојството на недопрената дивина.
Ниту една посета на Крушево не би била целосна без уживање во локалната кујна. Искусете ги традиционалните македонски јадења како тавче гравче, ајвар и пастрмајлија. Градот е познат и по одличното вино, па не заборавајте да го поврзете вашиот оброк со чаша локално произведено вино.
Зад секое сокаче Крушево крие уште една нова приказна! Затоа испланирајте го Вашиот следен викенд во Крушево.
Живко Грозданоски: Чест е да се биде повикан на некои патувања
Годинава во најтесниот круг за наградата Роман на годината влегоа четири романи, меѓу кои и „Писмо за Глорија“ на Живко Грозданоски. Читајќи ја, сфаќав дека со оваа книга Живко прави голем исчекор во пишувањето и особено воочлив ми беше неговиот напредок како писател. Но, колку што бев позитивно изненадена од стилот, структурата и содржината на романот, во исто време толку и се чудев за своевидниот молк за книгата во јавноста. Пишувајќи автофикција и играјќи си со приказните и со измислиците, вистината и лагата, по долгата „подготовка“, Живко во оваа книга ни ја открива и дијагнозата што ја добил пред шест и пол години, прашањата што таа му ги отворила и начинот на кој „Глорија“ му го сменила животот – теми за кои сметам дека и тоа како вреди јавно да се разговара.
Интересно е што в раце држиме автофикциска книга од македонски автор, по не многу време откако Нобеловата награда за литература минатата година ја доби Ани Ерно и со тоа во светот и во соседството почна наголемо да се зборува за овој жанр. Имаше ли предзнаења за автофикцијата пред да почнеш да пишуваш или пишувајќи ги истражуваше нејзините специфики?
Контурите на поимот „автофикција“ се поматни од оние на поимот „роман“. Иако „автофикција“ е релативно стар збор, првпат спомнат во седумдесеттите, посебниот интерес за него, ми се чини, е од пред четири-пет години, додека нобеловата награда за Ени Арно од лани само дополнително го популаризираше зборот. Но, би рекол дека многумина од нас имаа искуство со автофикција уште пред да почнеме овој „жанр“ да го нарекуваме така: „Куфер за тројца“ (2014), на пример, е исто така автофикција – во голема мера и таа збирка од три новели е инспирирана од мои автобиографски приказни. Така што, можам да речам дека имав искуство со автофикција кога го пишував „Писмо за Глорија“. А имав и некои „предзнаења“ и обѕири – еден добар текст на оваа тема објавен е на Гардијан, на пример. Конкретно за пишувањето на „Писмо за Глорија“ силен импулс ми даде „автобиографијата“ – во наводници автобиографија – на Куци, „Сцени од провинциски живот“. Особено неговата сјајна самоиронија. Куци, патем, вели дека секоја автобиографија е фикција, и секоја фикција е автобиографија.
„Можеш да избегаш од сè: и од градот, и од земјата, и од континентот, и од луѓето ќе избегаш, но – како да избегаш од прогонот на твоето сопствено тело, кое тргнало против тебе?“
„Писмо за Глорија“, стр. 119
Автофикцијата се занимава со раскажувачко истражување на „граничните ситуации“ во животот на обичниот човек. А во „Писмо за Глорија“ и ти пишуваш за овие гранични ситуации…
Моето разбирање за изразот „гранична ситуација“ е поконкретно: се поистоветува со сфаќањето на Јасперс – тоа се екстремни настани што водат до драматична промена на нечиј светоглед по пат на искусување неискажливи чувства и душевни состојби. Затоа, би рекол дека интересите на автофикцијата како жанр се многу пошироки од конкретните доживувања на граничните ситуации. Тоа од една страна. Од друга, граничните ситуации не можат да бидат тема на конкретен жанр, затоа што се занимаваат со неискажливи состојби. Но, иако се неискажливи, човек чувствува потреба одново и одново да ги искаже. Тоа се случувало и со Достоевски, и со неговите искуства при епилептичните напади.
„Писмо за Глорија“ е едно длабоко и бавно четиво, кое ѝ пркоси на брзата денешница со наслов „немам време“ и поднаслов „немам фокус“. Пишувајќи ја твојата медитативна и интроспективна проза, имаше ли замислен, идеален читател? Или, едноставно, таа произлезе од желбата да се искористи исцелителната моќ на пишувањето, без да размислуваш кому се обраќаш?
Книгата само условно би ја нарекол „интроспектив проза“: тоа е пред сè фикција. Оној што ја врши интроспекцијата е пред сè лик (и наратор) – што прво се инспирира од мојата животна приказна, а потоа откачува. Инаку, да, имав свој замислен читател, но – на прв поглед – не му бев особено наклонет. Во книгата се цитира Гомбрович: „Јас пишувам против, а не за читателот.“ Но тоа е, секако, игра. Замислениот читател на раскажувачот му е потребен како скапоцена „точка на отпор“, како оној камен од кој ракот се трие за да се ослободи од стариот оклоп, што во случајов е старата приказна. Но, од друга страна, тој читател е и жив човек што се поведува на патување, а тоа водење треба да биде и одговорно кон него, но и пред сè со верба во него. А тоа што голем број од ликовите во книгата се живи личности ме наведе на тоа сериозно да го преиспитувам начинот на кој сите тие се спомнати во романот. Така што, не знаев, но и донекаде знаев кому се обраќам и со кого комуницирам. Терапевтската моќ на пишувањето е важна, но во суштина не е најважна – тоа би било себично.
„Мора да го запишам ова“, си вели по секоја нова коинциденција, по секое ново мало заокружување на приказната, но чуму тоа собирање белешки, во суштина? Има ли некаква смисла во тој порив, зошто да се храни, кому би му било грижа за неговите лични случајности? Па дури и да ги прекодираовие белешки во некаков ракопис, којзнае колку хаотична приказна би било тоа: зошто некој би се занимавал со неговиот личен хаос?
„Писмо за Глорија“, стр. 146
Зошто реши да раскажуваш во трето лице еднина, а не во прво?
„Писмо за Глорија“ е книга што во голема мера е инспирирана од мојата лична животна приказна. Но, тоа е далеку од мојата лична приказна, и пред сè од тоа како јас неа ја доживувам: „Писмо за Глорија“ е фикција, која мојата животна приказна ја користи само како подлошка: има некои клучни „скршнувања“, претерувања, драматизирања… Мислам дека e многу тешко, ако не и сосем невозможно, во прво лице еднина да пишуваш приказна што ќе биде инспирирана од твојата лична приказна, и тоа „да го протнеш“ како фикција. Иако се обидов во прво лице, брзо се откажав: се чувствував лажно. Не пишувам автобиографија, си реков. И го побарав вистинскиот глас. Го барав сè додека не дојдов до „Укинат театар“ од Булат Окуџава, а потоа и до „Џозеф Антон“ од Салман Ружди, и пред сè до „Сцени од провинциски живот“ од Џон М. Куци. Да, ова е тоа, си реков. Видов колку се забавувал пишувајќи Куци. Колку се дистанцира, често со хумор, од себеси. Па почнав и јас да се забавувам.
Деновиве, возејќи се во автобус ме полазуваат морници помислувајќи на сцената со канцерогенскиот коментар и мултипласклеротичната суптилност со која ја откриваш дијагнозата на Ж., на тој-јас, што е, сепак, ти. По повеќе години чување на болеста подалеку од јавноста, преку романот ја откриваш на сите. Дојде ли со оваа исповедност некакво олеснување? И, да, како си – и душевно и телесно сега откако се ослободи од тежината на чувањето?
Несомнено дојде до олеснување, до некој вид ослободување. Но, тоа олеснување го чувствувам само како мало навестување на едно друго, поголемо ослободување што допрва доаѓа. Овој разговор сега, на пример, исто така го доживувам како една од станиците на патот од тоа поголемо ослободување, и благодарен сум ти. Постои стигма кон многу автоимуни состојби (и кон болестите воопшто, јасно); колективното ниво на свест е ниско.
Јас сум, за среќа, добро. Телесно сум добро: само на левото око се јавува повремена заматеност, а имав и болки на десната рака (за среќа, сега многу поретко). Уморот, исто знае да биде напорен, да ја малтретира психата. Како и да е, состојбата може да биде и „полоша“, но може да е и „подобра“: еден инспиративен пример за тоа е виолончелистот Боб Кафаро.
Често се сеќавам на Апостол Павле, кој благодари за болеста, за која вели дека е „трн“ што го потсетува на вистинскиот пат. Нешто како лед-диода што покажува дека не е спуштена рачната, или дека нема доволно гориво. Интересен е и односот на Достоевски кон болеста. Можам да кажам (брутално упростувајќи) дека поради ова ми се случи препуштање и длабоко мистично искуство („Глорија“) што од корен ми го промени светогледот, начинот на кој гледам на себеси, на оние околу мене, на животот, на смртта… Сега во себе имам една благодарност, една самодоверба, една љубов кон другите за која порано не знаев. Ми се случува и за миг да изгубам трпение, но главно имам прифаќање на нештата, и една луда, манијакална верба во силата и во добрината на другите, во нивната моќ со љубов и со кротост да учествуваат во обликување на околината. Главно сум благодарен за секој нов ден, со возбуда и со љубопитност го посматрам светот наоколу. Како да бев еден човек до 30 години, како да сум друг сега. Имам и епизоди на слабост и на нетрпеливост, јасно, но почесто со зазор помислувам: „еј, да не ми се случеше ова, ќе си останев – и тоа којзнае до кога! – истиот: неинициран преживувач, снаоѓач, сомничав и исплашен, несвесен за вистинската природа, своја и на луѓето, која е љубов, светлина. Често помрачена, од гордост и од малодушност, но сепак, во суштина светлина, радост. Затоа имам разбирање и милост за личните слабости и за слабостите на другите. И често помислувам и на Пјер Паоло Пазолини, на првите стихови од една негова песна: “Solo l’amare, solo il conoscere conta…”. Само да се љуби, само да се спознава вреди.
Во романот ја споменуваш и коментираш Сонтаг, една од моите омилени мислителки, која трипати во животот се борела со ракот и која во есејот „Болеста како метафора“ вели дека дискурсите за болестите треба да се исчистат од сите метафори. Ти сметаш дека тоа, всушност, не е можно. И, да, ние луѓето не можеме без тоа апстрактно и метафорично разбирање на сè што ни се случува, па така и на болестите. Дали Глорија е победоносната метафора во твојот случај?
😊 Да, точно е дека не можеме без апстрактно и метафорично разбирање. Тоа е вткаено во нашиот јазик и во нашиот начин на размислување до тој степен што каков било „обид“ за „требење“ на метафорите би бил крајно смешен. На пример, во твоево прашање велиш дека Сонтаг „се борела“ со рак. 😊 Има конкретни истражувања, од кои произлегува дека најчесто не е пожелно пациентите да го гледаат соочувањето со здравствениот предизвик како „борба“, како „војна“. Затоа што борбата исцрпува, а војната е ужасна. Но, има и други начини да се гледа на здравствените предизвици, на сите предизвици. На пример, се предлага „патувањето“ како метафора. И психијатарот Ирвин Јалом, во книгата „Дарот на терапијата“ предлага терапевтот и неговиот клиент да бидат „fellow travelers” – „сопатници“. А победоносната метафора во мојот случај е – пловидбата. „По природниот тек на нештата“. Тоа е она што периодов, целата оваа година (а и претходно, позадински), целосно ми ги обзема вниманието и сосредоточеноста. Со исклучок на некои „екскурзии“, како патувањето до саемот на книгата во Лајпциг, или ова интервју, на пример – но и тие екскурзии си имаат своја конкретна и јасна цел, токму по тој тек.
Мора да се дојде до вистинската метафора, многу зависи од тоа. Но, ако „војна“ е погрешна, штетна метафора, кои се вистинските?
Долго ќе си го поставува тоа прашање, а потоа ќе ја сретне Глорија, и неговиот живот ќе почне да плови по она што тој ќе го нарекува Природниот тек на нештата. Значи, можеби „пловидба“ е подобра метафора од „војна“?
„Писмо за Глорија“, стр. 122
Во книгата „Не умирам“ („The Undying“), авторката Ен Бојер, која го опишува своето искуство со ракот на дојка, вели дека секоја сериозна болест доаѓа со нов речник на зборови. Кои се најважните зборови што влегоа во твојот речник по добивањето на дијагнозата?
Да, и книгата „Ранетиот раскажувач“ од Артур В. Френк почнува со приказна за личност која вели дека откако ѝ бил дијагностициран некаков синдром морала „да научи да мисли поинаку“. А тоа го подразбира и „инструментот“ за мислење, т.е. јазикот. И кај мене се случи истото: кај мене влегоа не само нови зборови и изрази, туку цел еден систем, нов светоглед. За почеток, за да се сфати мојот искрен однос кон оваа состојба – МС се смета за „состојба“: тоа е посоодветно од „болест“ – треба да се има на ум една вистина што мислам дека ја имам прочитано во суфи-приказна: „суфи е да гледаш како наближува неволја, и да се радуваш“. Ова е тешко сфатливо, но тешко сфатливи се и оние зборови на Исус: „љубете ги непријателите свои“. Да се има хронична состојба може да биде и некој вид повик – да се биде посветен на некои вакви, можеби необични, „наивни“ вистини. А тоа, самото по себе, за мене е радост, возбуда. Можеби звучи лудо, но интуицијата ми вели дека чест е да се биде повикан на некои вакви, ретки патувања.
Клучните зборови што влегоа во мојот „нов речник“ се „љубопитност“ и „можности“ (наспроти „предрасуда“), потоа и (радикална) „ремисија“, па „заедништво“, и уште повеќе „служење“, „верба“, „благодарност“, „радост“, „љубов“, „прошка“ „препуштање“… Ако Ен Бојер спомнува „нов речник“, а Артур В. Френк вели дека „Ранетиот раскажувач“ е негов „прибор да преживување“, за мене „по природниот тек на нештата“ и сите изрази во него ги доживувам како мапа, како светилник. Како штит и меч. Или, мојот нов „оперативен систем“.
Твојот благодарен (и благороден, би додала) пристап кон работите беше видлив изминативе години. Во тој контекст, сакам да ја споменам честитката за Влада Урошевиќ при освојувањето на наградата Роман на годината, во чиј најтесен круг беше и „Глорија“. Од една страна, целосно ми е разбирлив таквиот однос со оглед на тоа на тоа какво великаниште е Урошевиќ, но од друга страна, како сите на момент да нè збунува таа искреност, како да не сме навикнати на неа…
Искрено, мене ме изненади изненаденоста на другите. А многу спонтано ми дојде таа радост за наградата на Урошевиќ, и едноставно сакав да го споделам тоа. Ја имав прочитано неговата „Вистинита, но не многу веројатна приказна…“, и го објавив моето мислење. А тоа дека не сме навикнати на таков гест… тоа е можеби така затоа што почесто навикнати сме на гордост – во најразлични облици. И тоа е така насекаде, не само „кај нас“. Затоа мене, заради мојата лична добросостојба клучно ми е да зборувам и да пишувам за – и пред сè по – она што го нарекувам „по природниот тек на нештата“. Тоа е мојот „кохерентен свет“, во кој се кријат „безброј можности“, како што вели Јасперс: свет што настанува откако (по искусувањето на неописливите чувства) човек ќе успее да спои „рефлексија, имагинација и формативна мисла“. Ова можеби не е сосема јасно, но… сè во свое време. 😊
Помина половина година од објавувањето на „Писмо за Глорија“. Каков е твојот однос кон твоето дело со текот на времето? Живееш ли уште со него во мислите?
Ова прашање ме потсетува на книжевната средба со Георги Господинов во Лајпциг пред некоја недела. Откако го допишал „Засолниште во времето“, романот во кој една од централните теми е деменцијата, авторот бил да се види со некој пријател невролог, и му се пожалил дека се плаши дека ги има сите симптоми на деменција. Неврологот му рекол дека тоа е очекувано: тој е сè уште внатре во ликот, и ќе му треба малку време за да си дојде на себе. И ова не е ништо ново, но многу ме потсети на мојата моментална состојба: и јас како сè уште да не сум излезен од Ж. А тој е во голема мера „негативец“. На едно место нараторот за него вели „Сè што можеше да погреши – сè погреши, секаде каде што можеше да не успее – секаде не успеа.“ Се смеев кога го пишував ова, а штом човек може да напише нешто слично во книга инспирирана од личната приказна, тој очигледно има извесна самодоверба. Но, јас верувам дека емпатијата, позитивна или негативна, е принципот по кој функционира општеството, а човекот е поводливо суштество, па ризик е да се сочувствува со „лоша“ слика за себе, и логично е да треба време потоа „да се излезе“ од тоа. Но, трезвено се посматрам. И гледам како доаѓаат фини нешта.
Пишува: Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница
Самото суштествување подразбира творење, креирање, оживување на нешто. Во процесот на креирање на културата накитот претставува еден вид систем од наследени форми изразени преку симболи, со чија помош луѓето комуницираат, опстануваат и го развиваат своето значење и знаење за светот, но и за својот живот.
Накитот е безвремен симбол на идентитетот, статусот и митологијата во човековата култура. Уште од камено време, па сѐ до денес, накитот игра значајна улога во материјалната и духовната ориентација на човекот. Ова навраќање во каменото време кај архаичниот човек е само компарација и потсетување на репродукцијата на првобитниот чин во повторувањето на еден митски примерок или дејствие, т.н. накит-украс-китење. Заземањето на територијата на телото, со цел да се накити или да се искористи како простор, преку самиот чин на ритуалното украсување со дадената форма придонесува самата форма да стане реалност.
Преку чинот на ритуалното украсување накитот го претвора хаосот во космос, давајќи суштина, дефиниција и меморија за одредена реалност.
Накитот служи како центар на надворешната сила, припишувајќи ги значењето и искуството преку симболиката, потеклото или самиот материјал. Накитот е буквално алка или синџир во создавањето на културата преку верувањата, култот, значењето и обичаите кои ги поврзуваат предметот и личноста. Луѓето ги полнат своите ковчези со бисери, срца, потковици и детелинки, создавајќи материјален спомен за нивното постоење, а самиот страв од заборавање или „вечниот“ потсетник е тоа што нè тера да се украсуваме со сентиментални вредности.
Најскапоцената вредност на накитот е во неговата емотивна и чувствителна поврзаност која ја надминува неговата парична вредност. Всушност, накитот добиен преку наследството што го носиме на нашето тело ја носи тежината на нашата историја и нашите корени. Негувањето на наследениот накит истовремено значи и предавање или пренесување на дел од традицијата на идните генерации. Споделувањето на традицијата и културата е многу повеќе од линеарна и хронолошка активност, преку визуализирање на културата како мрежа и традицијата како нешто што активно се пренесува и циркулира низ таа мрежа.
Во денешната технолошка револуција промените во материјалниот свет одразуваат промена во состојбата на духот и свеста и затоа е важно да одржуваме рамнотежа помеѓу материјалното и духовното и истовремено да ја негуваме сентименталната вредност и чувствата кои нè поврзуваат со нашите корени и наследство.
Се раѓаме со злато и со буква. Со бурмите ја ветуваме љубовта, на вратот ги нижеме медалите, на рацете ги ставаме амајлиите, а спомените за корените филигрански се извезени на обетките, кои пак го одекнуваат моменталниот звук на постоењето – животот.
-Марија Милошевска, етнолог и мултимедијална уметница