Culture Matters Series Archives - Page 2 of 20 - Europe House

СВЕТСКИ ДЕН НА КУКЛАРСТВОТO: ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА УМЕТНОСТА НА РАСКАЖУВАЊЕ ПРИКАЗНИ ПРЕКУ КУКЛИ

Кукларството е посебен вид на драмска уметност. Некои го нарекуваат и занает токму поради изработката на куклите и нивната употреба во куклениот театар. Кукларството со векови останува да биде автентичен културен и уметнички израз, а продолжува да напредува во различни форми. Постојат оние веќе познати традиционални рачни кукли и софистицирани марионети, но денес станува многу актуелно и т.н. дигитално куклено играње. Во него, визуелно, преку платно, се прикажуваат интерактивни куклени претстави низ анимирани проекции што комбинираат технологии како 3Д-мапирање, виртуелна реалност и движења проследени со сензори. Оваа модерна форма на кукларство создава нови можности за раскажување приказни и ја проширува улогата на кукларството во современата уметност и театарот воопшто. Секоја година на 21 март, кукларите и сите уметници/ентузијасти ширум светот го слават Светскиот ден на кукларството, ден посветен на една од најстарите и највозбудливите форми на раскажување приказни. Идејата зад прославата на овој настан е, пред сѐ, да се препознае занаетот и да се истакне неговата динамична форма што постојано се развива и се приспособува на современите текови.

 

Потеклото на Светскиот ден на кукларството

Светскиот ден на кукларството е основан во 2003 година од страна на УНИМА, односно Светската унија на марионети (Union Internationale de la Marionnette), организација основана во 1929 година, чија главна цел е промоција на кукларството како уметнички и едукативен медиум. Идејата за овој ден ја предложил иранскиот куклар Џавад Золфагари (Javad Zolfaghari), кој сакал дa oддаде признание за придонесот на кукларството во глобалната култура. Иницијативата била прифатена ширум светот и оттогаш 21 март претставува годишна прослава на оваа уникатна уметничка форма.

Куклената игра датира илјадници години и е составен дел од традициите на раскажување приказни (storytelling) низ културите и цивилизациите. Некои од најраните записи за куклена игра доаѓаат од стариот Египет, каде што куклите се користеле во религиозни церемонии, но и за забава, најчесто како критика и сатира на актуелната политичка состојба. Во Азија, земјите како Индија, Индонезија и Кина имаат долга традиција на изработка на кукли и куклен театар. На пример, куклениот театар вајанг бебер користи растегливи листови хартија, на кои се исцртани сцени од различни приказни познати од Истокот – меѓу кои и најпознатите индиски епови: „Махабхарата“ и „Рамајана“, а потоа преку овие листови низ сенки се изведува театарската куклена претстава. Наместо традиционални кукли, раскажувачот (даланг) ги одмотува и ги прикажува илустрациите додека ја раскажува приказната, придружена со традиционална музика од гамелан оркестар. Оваа форма на куклен театар датира од 13 век и претставува значаен дел од индонезиското културно наследство, признаено од УНЕСКО како нематеријално културно богатство. Денес, вајанг бебер останува важен медиум за пренесување на митолошки и историски наративи, возобновувајќи ја древната уметност на раскажување приказни.

Иако вајанг бебер во Индонезија користи хартија за визуелно раскажување на епски приказни, во Индија, поточно во Раџастан, традиционалната уметност на куклениот театар – катпутли (kathputli) нуди поинаков, но еднакво магичен пристап кон куклениот театар. Како марионета со конци, таа се управува со една единствена нишка што минува од горниот дел на куклата и се контролира од кукларите. Зборот „путли“ значи кукла, додека „катпутли“ означува кукла целосно изработена од дрво. Иако основниот материјал е дрвото, овие кукли често се изработуваат и од памучен текстил и метална жица, за да овозможат дополнителна стабилност и подвижност. Во 1662 година на европското поднебје, конкретно во Англија, куклените претстави биле широко користени и за забава и за образование, при што ликовите како палавиот г. Панч и неговата сопруга Џуди станале фигури – икони на новото време.

Од друга страна, кукларството во Африка често служело за ритуални цели. Во Јужноафриканската Република, куклениот театар се развивал како дел од уметничките движења против апартхејдот, каде што кукларите ги користеле куклите за да ја потенцираат политичката и социјалната заднина на земјата. Покрај тоа, застрашувачките маски и куклите играле клучна улога во религиозните церемонии и ритуали посветени на божествата. Мали е познат по своите куклени фестивали, каде што куклите се користат во церемонии и настапи инспирирани од митологијата. Во Буркина Фасо, традиционалните куклени претстави се дел од фолклорните приказни и често вклучуваат големи, шарени маски. Во Нигерија има долга историја на кукларство, особено меѓу народите Јоруба, каде што куклите се користат во религиозни и културни церемонии.

Кукларството е повеќе од само забава

Традиционалното куклено играње игра значајна улога во зачувувањето на фолклорот и историските наративи. Многу култури користат марионети за да им пренесат митови и легенди на новите генерации и истовремено приказните да служат како и морална-дидактичка основа за младите. Во конфликтните зони, куклената игра е алатка за ширење на свеста и за лекување трауми. Куклите се широко користени во училниците за да ги ангажираат децата. Преку нив, тие учеле јазици, историја, па дури и наука преку интерактивно раскажување приказни. Едукативните телевизиски програми како „Улицата Сезам“ (Sesame Street) покажаа како кукларството ефективно може да ја научи младата публика да се справува со своите емоциите и да ги развие своите социјалните вештини. Куклите, т.н. мапети (the Muppets) на Џим Хенсон, биле некогаш наменети за деца, но сега американската телевизиска станица Еј-би-си повторно почна да ги емитува новите епизоди што се наменети исклучиво за возрасната публика.

И покрај подемот на модерната забава, кукларството продолжува да напредува. Тоа е жива уметничка форма што ги капсулира историјата и културата на различни народи и ги пренесува од генерација на генерација. Куклите им даваат глас и ги охрабруваат оние што се изразуваат потешко. На тој начин создаваат простор за слободно изразување на емоциите и стравовите, а потоа и простор за споделување идеи. Тие служат како посредници меѓу имагинацијата и реалноста. Без разлика дали се користат во традиционалниот театар или како современи интерактивни уметнички перформанси, куклите остануваат моќно средство за комуникација, алатка за поттикнување на едукативен дијалог и емпатија, што всушност ги прави безвременски раскажувачи на приказни и (и)стории.

Низ историјата, кукларството било користено и како медиум за исмевање на актуелната политичка сцена и општествениот поредок. Затоа што куклите не се „вистински“, преку нив можат да се хиперболизираат и да се нагласат карикатурите на познатите луѓе од општеството, а први на мета се политичките фигури, кон кои понекогаш се насочуваат и најострите критики. Куклите се исто така одлична алатка во психолошката терапија. Терапијата заснована на кукли им помага на поединците да се изразат на начини на кои може да им биде тешко во секојдневните нормални човечки интеракции. Светскиот ден на кукларството се одбележува така што голем број драмски уметници од куклениот театар, заедно со културните организации ширум светот организираат театарски претстави на одредена тематика. Многу театарски центри за изведувачки уметности се домаќини на специјални претстави што прикажуваат различни стилови на куклена игра. Сè додека има приказни за раскажување, кукларството ќе продолжи да биде живописна и возбудлива уметничка форма.

Доротеа Огненовка

СВЕТСКИОТ ДЕН НА МАТЕМАТИКАТА ИЛИ ДЕНОТ НА БРОЈОТ ПИ

Математиката е универзалниот јазик на човештвото. Секоја година, на 14 март, светот го слави Светскиот ден на математиката, или уште познат и прославен како Денот на Пи. Идејата за прославување на Денот на Пи првпат се појавила во 1988 година кога физичарот Лери Шо (Larry Shaw) го организирал првото официјално одбележување на овој ден во Експлораториум, музејот за технологија и наука во Сан Франциско. Речиси триесет години подоцна, во 2019 година, УНЕСКО официјално го прогласи 14 март за Светски ден на математиката, бидејќи овој датум го одразува првото приближување, односно апроксимација на π (3,14).

Што претставува бројот Пи?

Бројот Пи (π) е математичка константа која го претставува односот меѓу обемот и дијаметарот на една кружница. Пи е ирационален број, што значи дека неговите децимали се бесконечни, никогаш не завршуваат и не се повторуваат; со други зборови, не следат никаков предвидлив образец. Оваа карактеристика го прави Пи еден од најфасцинантните броеви во математиката. Најчесто се користи приближната вредност 3,14159, но досега се пресметани над билион негови децимали со помош на компјутер. Датумот 14 март е избран поради неговата сличност со првите три цифри на бројот Пи (π), приближно 3,14. Оваа математичка константа претставува суштински елемент во многу научни дисциплини и е симбол на бесконечноста и мистеријата на математиката.

Историјата на бројот Пи датира од античките цивилизации. Египќаните и Вавилонците користеле различни приближни вредности за константата, а грчкиот математичар Архимед бил првиот кој преку геометриски методи успеал да се доближи до неговата точна вредност. Подоцна, низ вековите, различни математичари од повеќе култури продолжиле да го проучуваат и да го прошируваат нашето разбирање за оваа константа. Пи се појавува во многу формули во геометријата, тригонометријата и математичката анализа. Научниците го користат Пи во многу различни области на науката и инженерството: во тригонометријата, да ги пресметаат орбитите на планетите и сателитите, да ги разберат својствата на светлината и звукот, во електромагнетизмот (равенките на Максвел), во термодинамиката и механиката на флуиди, при дизајнирање мостови и механички структури, но и при изградба на згради. Пи наоѓа практична примена и во економијата и статистиката (при анализа на финансиски пазари), во биологијата и медицината ( моделирање на биолошки циклуси и ритми, како што се срцевите отчукувања и скенирање со магнетна резонанса), а мошне интересно, Пи се појавува и во употреба во секојдневниот живот: кај ГПС и навигациските системи, како и во мерење на брзината и движењето на возилата.

Во книжевноста и уметноста бројот Пи (π) често се користи како симбол на бесконечноста, ирационалноста и вечната потрага по скриените вистини на универзумот. Еден од најпознатите примери во филмската уметност е филмот „Πи“ (Pi) на Дарен Аронофски од 1998 година. Филмот е психолошки трилер кој ја следи приказната на Макс Коен, генијален, но параноичен математичар кој верува дека сè во универзумот може да се објасни преку броеви и математички шеми. Неговата опсесија да ја пронајде тајната нумеричка формула што го опишува светот е клучен дел од неговите истражувања за бројот Пи. Во филмот, бројот Пи служи како симбол на хаосот и човечката потрага по совршената форма во природата. Освен во филмот на Аронофски, бројот Пи е инспирација за многу уметници и писатели.

Во поезијата постои посебен жанр таканаречен „пи поезија” (pi poetry), каде што бројот на букви во секој збор ја следи низата од цифрите на Пи, а додека во визуелната уметност Пи често се користи во апстрактни и геометриски дела за да ја прикаже дихотомијата меѓу хаосот и космосот во природата. Познат е и романот „Life of Pi“ (2001) на канадскиот автор Јан Мартел, кој преку ликот на младиот чувар во зоолошката градина Пи ја отсликува човековата истрајност низ врската помеѓу човекот и природата, при што Пи ќе биде „заглавен“ на бродот со дивиот тигар, Ричард Паркер.

Интересни факти за бројот Пи

  1. Бројот Пи е ирационален, што значи дека неговите децимали не следат никаква повторувачка шема.
  2. Во 2019 година научници пресметале 31,4 билиони децимали на π со помош на суперкомпјутер.
  3. Алберт Ајнштајн е роден на 14 март – Денот на бројот Пи!
  4. Некои луѓе се натпреваруваат во меморирање што повеќе децимали на π – додека светскиот рекорд засега надминува 70.000 децимали.
  5. Архимед бил првиот кој развил метод за пресметување на π со употреба на многуаголници.

Зошто математиката е важна?

Математиката е една од најзначајните и највлијателни науки во човечката историја. Светскиот ден на математиката се одбележува на различни начини низ целиот свет. Училиштата и универзитетите организираат натпревари или предавања за да ги поттикнат младите да ја истражуваат оваа дисциплина. Во секоја сфера од животот, без разлика на професијата, математиката ја наоѓа својата практична примена. Може да се рече дека бесконечниот потенцијал на науката е да ги содржи сите други науки во себе и истовремено да биде дел, т.е. конструкт на секоја поединечна наука што постои во светот. Благодарение на математиката, се буди логичкиот начин на размислување, кој нѐ учи на критичко размислување и решавање проблеми, а нѐ поттикнува и на аналитички пристап кон различни предизвици. Таа ни помага да ја разбереме сложеноста на светот околу нас и без неа современите достигнувања во инженерството, медицината, физиката, информатиката и многу други области би биле незамисливи. Истражувањата покажуваат дека математичката писменост е клучен фактор за успех во 21 век бидејќи го надградува и го поттикнува логичкото расудување и разбирање на проблемите. Затоа, нејзината важност не се согледува само во формулите и равенките, туку и во секојдневниот живот, каде што ни помага да донесуваме подобри одлуки и да го разбереме светот подетално. Математичките модели се користат за да се предвидат временските услови, да се дизајнираат авиони и да се развијат нови лекови. Во секојдневниот живот математиката ни помага да управуваме со нашите финансии, да готвиме, да патуваме и да донесуваме промислени одлуки, додека во уметноста и музиката математичките принципи се користат за да се создадат хармонични композиции и визуелно впечатливи дизајни.

Светскиот ден на математиката е потсетник за убавината и моќта на математиката. Тој е ден кога го славиме универзалниот јазик на науката и неговиот придонес кон нашето разбирање на светот. Во денешниот свет математиката е основа за сите други науки и таа продолжува да расте со развојот на вештачката интелигенција. Светскиот ден на математиката ги поттикнува младите луѓе да се заинтересираат повеќе за оваа дисциплина и да ја препознаат нејзината убавина и практична примена. Овој ден, 14 март, е официјално признание за улогата на математиката во нашето секојдневно постоење и нејзиниот придонес кон човечкиот напредок.

Доротеа Огненовска

Ѕ. Георгиевски и К. Богоева: Роман на годината е награда поголема од сите нас

Интервјуто го подготвивме во соработка со блогот за култура Блен.мк, како дел од рубриката #CultureMatters.
Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Наградата Роман на годината секоја година во март го привлекува вниманието на јавноста. Во текот на неколку недели, сите го следиме стеснувањето на кругот и избирањето на најдобриот роман за претходната година. Ова е најзначајната книжевна награда во нашата земја, која нашата книжевна сцена ја прави да држи цивилизациски чекор со светот.

Во пресрет на доделувањето на наградата по 26-ти пат, разговаравме со двајцата луѓе кои низ годините станаа прва асоцијација за Роман на годината – Ѕвездан Георгиевски, некогашен уредник на културната рубрика во „Утрински весник“ а денес директор на Фондацијата „Славко Јаневски“ и Катерина Богоева, новинарка за култура во „Утрински весник“, дел од Фондацијата и редовен член на жири-комисијата за наградата во изминатите години.

Како почна приказната на наградата Роман на годината?

Ѕ.Г.: Во 90-те години бев еден од сопствениците на радиото „Канал 4“ и на дневна основа го следев белградското култно радио „Б92“. И така, се запознав со Веран Матиќ, кој тогаш беше шеф на радиото. Се зазборувавме и тој ми вели: многу е важно медиумот да излезе од себе, да не остане само медиум. Тие објавуваа книги, правеа настани, организираа протести и концерти, печатеа плакати… И мене таа приказна дека медиумот треба да излезе од себе ми се врза в глава, па кога станав уредник на културната рубрика во „Утрински“ посакав да правиме нешто што е надвор од весникот. Идејата прво беше да бираме Книга на годината, но потоа по совет на Димитар Башевски, решивме да бираме Роман на годината.

За разлика од денес, романот тогаш беше прилично во дефанзива и се плашев дека ќе стигнат само неколку романи, а и дека ќе нè прогласат за копија на Ниновата награда. Ама размислив малку и решив дека тоа е тоа. Потоа одредивме наградата да биде највисоката локална парична награда, 120 илјади денари или четири илјади марки, кои тогаш вредеа повеќе од четири илјади евра денес.

И така стартувавме во 1999 година. Таа прва година стигна дваесет и еден роман, од кои три беа дисквалификувани оти беа постари изданија и се бираше од осумнаесет. Оттогаш до денес остана распишувањето на конкурсот да биде на 15 декември и да трае до 15 јануари, а соопштувањето на добитникот на 15 март. Идејата беше во овој период во културната рубрика да се држи тензијата и цело време да имаме материјал за објавување – извадоците од секој од романите, книгите што влегуваат во следниот круг…

Кога ги утврдивте правилата за гласање за наградата да бидат такви какви што се денес?

Ѕ.Г.: Првата и втората година имавме дискусии за книгите и сфатив дека на тој начин претседателот на жири-комисијата или некој еминентен член имаа големо влијание на гласањето на други членови, кои имајќи ја предвид нивната големина, се согласуваа со нив и реков од следната година нема дискусии. И така, од третото доделување до ден-денешен, од првиот до последниот круг правиме ливчиња и се гласа тајно. Дискусии има само за тие книги што отпаѓаат откако ќе отпаднат и на крај, откако ќе се изгласа победникот.

Низ годините, некои членови на жирито, како Ташко Георгиевски или Гане Тодоровски, се бунеа против тој начин на гласање, но не дадов тоа да се смени.

Исто така, уште на првото жирирање, кога Петре М. Андреевски беше во комисија, ги гледа книгите и вика: тука нема роман на годината. И измислив дека во Правилникот стоело дека мора да се додели наградата, па седнав утредента, го направив Правилникот и ставив во него дека наградата мора да се додели. Со него многу расправавме околу тоа што е моја теза – ако на Градски стадион има трки на сто метри, може победниците се далеку од европскиот или светскиот рекорд, ама победиле тука. Не мора секоја година во Македонија да има ремек-дело, тоа го нема ни во Франција, ама во таа конкуренција жирито ќе избере кој е најдобриот и тоа е тоа.

К.Б.: Факт е дека членовите на жири-комисијата генерално се задоволни од начинот на гласање. Јас сум тринаесетта година по ред во жири и континуитетот покажува дека  начинот на гласање е вистински и праведен.

Во жири-комисијата влегува еден член од организацијата и еден е претходниот добитник на наградата. Како се прави изборот на останатите членови?

К.Б.: Ние се договараме за тоа кои ќе бидат останатите членови, со тоа што сакаме да бидат од различни генерации и од различни естетски провениенции, да не се блиски меѓу себе и да немаат вкусови што се поклопуваат, како и да нема конфликт на интереси, затоа што сме мала средина.

Ѕ.Г.: Многу е битно тој што е во жири да ја следи продукцијата и, секако, да се избегнува конфликтот на интереси. Се трудиме и мислам дека сме успешни во тоа да нема никаква дамка на наградата и многу сум среќен поради тоа.

Прашањето за тоа дали некое дело е роман или не и дали треба да влезе во конкуренција за наградата, отсекогаш се појавувало во јавноста. Каков е ставот на наградата Роман на годината во однос на тоа?

Ѕ.Г.: Кај нас во најтесен избор имаат влезено многу дела кои се необични, како „Бледи сенки, далечни гласови“ на Дурацовски, на пример. Јас немам никаква намера да влегувам во теориски расправи за тоа што е а што не е роман. Ако издавачот или авторот смета дека тоа е роман, тогаш тоа е роман и делото влегува во конкуренција. Ако некој член на жирито смета дека не е, не гласа за него и тоа е.

Во тој контекст, во 2019 година направивме трибина за „Улица“ на Славко Јаневски, затоа што е објавена во 1950 година како повест, а „Село зад седумте јасени“ се смета за првиот македонски роман а е објавен во 1952 година. Зарем „Смрт во Венеција“ или „Старецот и морето“ не се романи? А „Улица“ е поголема од вториов, на пример, и нашата идеја тогаш беше да го прогласиме „Улица“ за прв македонски роман.

Во тој контекст, тука е и „проблемот“ со жанровските романи, со романите за деца…

Ѕ.Г.: Знам дека кај жирито е тешко еден роман за деца да победи во конкуренцијата на „сериозните“. Но, еве, хипотетички, што ако ни се случи „Малиот принц“, ќе го фрлиме? Не, не е наградата за „сериозни“ романи па да ги исфрламе детските, љубовните, младинските… Роман на годината е отворено поле за сите.

Низ годините преку наградата Роман на годината се афирмираа многу млади писатели и тоа, се чини, придонесе да се цени повеќе, нели?  

К. Б.: Во периодот на нашата транзиција, кога згаснуваше „Утрински весник“ и Роман на годината премина во Фондацијата „Славко Јаневски“, не сакајќи ги поддржавме младите автори кои на некој начин добија самопотврда и самодоверба, а денес се успешни и преведувани. Тука се Петар Андоновски и Давор Стојановски, кои се последни кои ја добија наградата од „Утрински“ и Фросина Пармаковска, првата на којашто наградата ѝ ја додели Фондацијата. Наградата долги години е поттик за многу млади автори, затоа што гледаат дека не ја добиваат само старите и големите потврдени имиња, нешто што апсолутно важеше во еден период во Македонија и ги обесхрабруваше младите.

Ѕ.Г.: Значи, наградата во 2005 година ја доби Пајо Авировиќ за дебитантскиот роман „Џахиз и истребувачите на кучиња“, а пред него во 2002 и Гоце Смилевски за „Разговор со Спиноза“. Гоце Смилевски ја доби во конкуренција со Петре М. Андреевски, Луан Старова, Атанас Вангелов, Коле Чашуле. Наградата е за роман, не е за дело, не е за човек.

Преглед на сите добитници и финалисти за наградата Роман на годината ТУКА

А како се менуваше застапеноста на жените во наградата низ годините – како во учеството во жири-комисиите, така и меѓу наградените?

Ѕ.Г.: На почетокот во „Утрински“ вработените беа пола мажи, пола жени, ама петте главни луѓе беа мажи. Исто беше и со жири-комисиите, првите години беа само мажи. Интересно беше во 2004 година, кога во најтесниот избор влегоа само три романа и сите три на женски автори: „Скриена камера“ на Лидија Димковска, „Каменот од твојот ден“ на Јагода Михајлова-Георгиева и „Куклите на Росица“ од Оливера Николова. Јас тогаш во „Глобус“ пишував за напливот на литература од жени и дали Јасна Котеска или Елизабета Шелева со кои разговарав за тоа, некоја од нив ми рече дека тоа се вика миграција на пари – кога со еден издаден роман се купува плац на Водно, тука се мажите; кога за да издадеш роман треба и да платиш, на сцена настапиле жените, а мажите заминале онаму каде што се парите, во ИТ на пример.

Кога ќе видиш дека денес речиси сите се жени во комисијата и дека повеќе од половина добитници на наградата низ годините се жени, преку целиот процес овие 25 години може да се анализира што се случувало на книжевната сцена.

К.Б.: Тоа убаво се гледаше и на јубилејот по повод 25 години Роман на годината што го имавме лани, кога на прославата во Драмски театар ги изложивме кориците на наградените романи низ годините и до секоја поставивме портрет од авторот и кој бил во комисија таа година. Тие полици сега стојат во Комерцијална банка, нашиот најголем спонзор.

Од покровителство на „Утрински весник“ и МПМ, наградата премина во Фондацијата „Славко Јаневски“. Што доби, а што изгуби Роман на годината при таа транзиција и како оди денес финансирањето?

Ѕ.Г.: Јас сум многу горд на таа награда, бидејќи ја сметам за мое чедо, иако во суштина тоа и не е баш точно, затоа што ниту давав пари за наградата, а и цела редакција се организираше, сите бевме тука. Кога се затвори „Утрински“ барав чаре како да ја спасиме наградата и Манчо Митевски, стар новинар, ја даде идејата да направиме фондација. Бидејќи „Роман на годината“ е генеричко име, фондацијата ја нарековме „Славко Јаневски“ по авторот на првиот македонски роман. И ќерка му на Славко, Јана, која живее и тука и во Брисел, веднаш прифати.

Денес „Комерцијална банка“ е генерален покровител и дава 5.000 евра на годишно ниво, со кои ги покриваме наградата, хонорарите за жири-комисијата и статуетката. Од Министерството за култура даваат околу 2.000 евра, со тоа што со нив секогаш е проблематично во кој период ќе ги исплатат. Но, „Комерцијална банка“ се навистина сигурен партнер, кој ја има препознаено наградата, досега се задоволни и го почитуваат целосно нашиот начин на презентација, доаѓаат на прес-конференцијата за прогласување на добитникот и на свеченото врачување на наградата, така што досега сè било многу коректно и среќни сме поради тоа.

Можеби кубуриме со финансиите, ама па од друга страна навистина наидуваме на разбирање од сите. Имаме соработки со Градската библиотека, со НУБ, ни отстапуваат простор и ни помагаат кога ќе ни притреба, исто и МАНУ, а и Општина Центар, која ни ги отстапува просториите на Читалната „Славко Јаневски“ за жирирањето. И секаде правилно ја гледаат наградата, не ја толкуваат ни преку мојот ангажман, ни преку моите колумни или политички ставови. Гледам дека луѓето од културата навистина ја сакаат оваа награда.

Апсолутно е така. Имате ли идеи за активности со кои може да се збогатува и проширува наградата, кои ви стојат во фиока заради немање финансии?

Ѕ.Г.: Уште одамна имаме размислувано наградениот роман да го преведеме на друг јазик, на англиски, на пример, но тоа е скапо. Сме сакале во таа недела од март кога ќе се знаат романите во најтесен избор, да направиме барем седумдневна резиденција за преведувачи од македонски на некој друг јазик, па да доаѓаат преведувачите и да ги видат романите, да се запознаат со авторите. После тоа, сме размислувале да влеземе во комуникација со некои слични награди во регионов, да направиме некоја размена со нив и да се зближиме, ама да бидам искрен, сега во март одам во пензија и мене ентузијазмот полека ми спласнува.

К.Б.: Ама убаво е да се спомнат и работите што сме ги направиле досега. Фондацијата за првпат го реобјави романот „Село зад седумте јасени / „Стебла“ на Славко Јаневски, издадовме мала едиција со неговите сценарија за филмови „Македонскиот дел од пеоколот“, „Јазол“ и „Деветтиот задгробник“, ги реиздадовме „Тврдоглави“ и „Депонија“, го издадовме стрипот/графичка новела „Улица“ од Матеј Богдановски, направивме изложба со неговите дела во Музеј на Град Скопје, објавуваме на сајтот електронски книги, правевме и еден перформанс за Славко Јаневски, имавме соработка со Кинотека, каде што се пуштаа филмовите снимани по негови сценарија, организиравме поетско читање… Дополнително, ги промовираме наградените романи и во други градови низ државата во текот на целата година, со што ги доближуваме и до другите жители на нашата земја не само до оние од главниот град.

Наградата е навистина престижна и имам впечаток дека многумина пишуваат романи за да се видат на списокот во конкуренција за Роман на годината. На писатели кои ја добиле наградата, таа им има многу придонесено за пораст на самодовербата, а од друга страна, на писатели кои ја немаат добиено им претставува голема болка и им ја подрива вербата во сопствениот квалитет. Дали има уште нешто што не спомнавте, а на што се должи овој престиж што го има Роман на годината?

К.Б.: Тоа што последниве години извадоците од романите во конкуренција за Роман на годината излегуваат на „Окно“, кој е влијателен медиум во културата, е многу важно и за нас, и за авторите, на кои верувам дека им е битно да се појават таму во контекст на наградата. Среќни сме што Коља е отворен за соработка и што таму веќе се создава една архива која е значајна за историјата на нашата книжевност.

Ѕ.Г.: Ние немаме многу медиуми што се занимаваат сериозно со културата. Но, кога станува збор за Роман на годината, добивањето на наградата повлекува многу интервјуа со авторот, романот се продава повеќе, тиражите на македонските автори се кренати генерално гледано, луѓето следат и читаат, а еве ти имаш и повеќе контакти од нас со авторите и знаеш каков е пулсот за наградата.

Кога во 1986 година бев на Струшките вечери на поезијата и се славеа 25 години од постоењето, сите се чувствувавме како сведоци на нешто многу големо. Тогаш некој рече дека ако нешто во Македонија трае повеќе од 20 години, тогаш вреди, така што јас често го користам тоа за Роман на годината, која годинава се доделува по 26-ти пат. И уште нешто ќе кажам пак: Роман на годината е како престарена рок-ѕвезда, како Миг Џегер. За него можеш што сакаш да кажеш, ама нема да му го нарушиш реномето. Тоа е награда поголема од мене и од сите нас, која покажува дека сме цивилизирана држава која оди во чекор барем со она што се случува на светската книжевна сцена. И верувам дека Роман на годината има направено повеќе за македонскиот роман отколку што направила македонската држава.

Науката нема пол: Истражувајте, прашувајте, менувајте го светот!

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет

Не постои некој што не слушнал за Марија Кири, првата жена која освои Нобелова награда и единствената што ја доби двапати — за физика во 1903 година и за хемија во 1911 година. И за нејзината ќерка Ирен Жолио-Кири, која ја доби Нобеловата награда за хемија во 1935 година за синтеза на нови радиоактивни елементи. Нивниот придонес е од огромно значење и продолжува да инспирира многу генерации. Но, застапеноста на жените меѓу нобеловите лауреати е далеку помала во споредба со мажите, особено во научните дисциплини. Од 1901 година до денес, околу 60 жени се добитнички на Нобелова награда во различни категории. Околу 30 жени биле наградени во последните две децении – податок што укажува на зголемено признавање на придонесот на жените во различни области. Сепак, и покрај овој позитивен тренд, потребно е да се вложат напори во промовирање на родовата еднаквост во научните и културните сфери.

Оваа година се одбележува 10-годишнина од Меѓународниот ден на жените и девојките во науката (IDWGS) и 30-годишнина од Пекиншката декларација и платформата за акција, два особено значајни датума за промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жените. 11 Февруари, Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, беше одбележан со организирање Глобален женски појадок 2025 (GWB2025). На иницијативата на IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија) се придружија 78 држави со организирање 449 настани, со единствена цел: вмрежување со инспиративни жени за надминување на бариерите за родовата еднаквост во науката. На мапата на Глобалниот женски појадок 2025 се најде и Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а го организира СХТМ.

Жените сè повеќе ја подобруваат својата положба во светската наука, но и понатаму се соочуваат со предизвици. И покрај одреден напредок во последнава деценија, родовата еднаквост во науката останува мисловна именка имајќи предвид дека процентот на жени во научните истражувања е околу 33 отсто на глобално ниво, според податоците на УНЕСКО. Недостигот на родова еднаквост во науката не е проблем што ги засега само жените, туку го ограничува напредокот на научната мисла и влијае врз економскиот развој на земјата и градењето мирно општество.

Имајќи предвид дека жените и девојките на глобално ниво и понатаму се соочуваат со бариери и предрасуди кога е во прашање нивната научна кариера, се наметнува прашањето: Каква е положбата на жените во науката, технологијата и општеството на овие простори?

Во земјите на Западен Балкан родовиот јаз опстојува низ годините на сите нивоа на природните науки, технологијата, инженерството и математичките дисциплини (STEM). Иако постои евидентен напредок во зголемување на учеството на жените во високото образование, тие сè уште се недоволно застапени. Жените сè уште се соочуваат со родови предрасуди во текот на образованието и професионалното напредување во научните области, особено оние во кои традиционално доминираат мажи, како инженерството и технологијата. Жените се недоволно застапени во улога на лидери и на високи истражувачки позиции, а често пати се соочуваат со тешкотии во пристапот до финансиски средства за истражување. Традиционалните општествени очекувања во врска со планирањето на семејството и тешкотиите за воспоставање рамнотежа помеѓу работата и личниот живот може сериозно да влијаат врз одлуката да престанат да се занимаваат со научноистражувачка работа. Каков е одговорот на научната заедница во Северна Македонија за постигнување родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените и девојките како најголем предизвик за човековите права?

Позитивно може да се оцени сѐ поголемото учество на жените во високото образование на студиските програми по природни науки, технологија, инженерство и математика. За илустрација, пред 10 години во наставно-научно звање на ПМФ биле избрани 45,3 отсто жени, во академската 2022/2023 застапеноста е 48,8 отсто, а моментално наставно-научниот кадар го сочинуваат 52,2 отсто жени, што претставува позитивен пример за застапеност на жените во високото образование и природните науки. Почетоците на студиите по хемија ги одбележале мажи, а првата асистентка Јованка Матвеева била избрана во 1951 година. Првите докторски дисертации од жени-научници на Институтот за хемија се одбранети во 1965, од Радмила Ставриќ-Хрисохо и Мира Јанчевска. Бавно се надминувал јазот на родовата еднаквост во високото образование. Во 2014/2015 година во наставно-научно звање биле избрани 32 отсто жени, денес 38,8 отсто од редот на редовни професори се жени, односно жените и девојките сочинуваат 46,2 отсто од наставно-научниот кадар на Институтот.

Моите колешки се раководителки на научноистражувачки лаборатории, раководители и учеснички во национални и меѓународни проекти, а резултатите од својата научноистражувачка работа ги презентираат на конгреси, објавуваат научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание. Тие учествуваат во едукацијата на високомотивирани студенти од областа на хемијата и други сродни дисциплини. Тие се успешни ментори на магистранди и докторанди. Вклучени се во работата на национални тела кои придонесуваат за подобра концепција на образованието во Македонија и поквалитетна животна средина. Претставуваат модел на успешни жени во науката и инспирација за идните студенти.

Позитивно може да се оцени и застапеноста на жените во раководните позиции на факултетот и институтите. Во актуелниот мандат на факултетската управа учествуваат две продеканки и шест раководителки од седум институти. Од основањето, па сѐ до 2000 година раководители на Институтот за хемија биле мажи. Оттогаш досега раководната функција ја извршувале професорките Орхидеја Групче, Слоботка Алексовска, Марина Стефова и јас, Наташа Ристовска.

Извонреден е интересот за изучување на природните науки од страна на девојките. На студиските програми на прв циклус студии на ПМФ се запишале 73 отсто студентки и овој тренд се забележува и при изборот на студиските програми по хемија. Понатамошното образование на втор циклус студии го продолжуваат околу 75 отсто студентки, а на докторски студии во последните пет години овој процент се движи од 60 до 64 отсто. Оваа академска година од вкупно запишани 15 докторанди 11 се жени!

Како може да придонесеме за зајакнување на улогата на жената во науката и поместувањето на границите? Премостувањето на родовиот јаз во науката бара отфрлање на стереотипите за супериорноста на мажите, промовирање на инспиративни жени во науката, поддршка на унапредувањето на жените и поттикнување политики и акции кои промовираат инклузија, различност и еднаквост. Жените од науката и покрај тоа што се соочуваат со предизвици, треба да продолжат да ги поместуваат границите, да ги инспирираат идните генерации и да имаат сѐ посилно влијание во науката. Жените-научници во оваа земја можат да дадат значителен придонес во природните науки и хемијата со поттикнување регионална соработка преку различни програми и иницијативи насочени кон зајакнување на улогата на жените во областите STEM, што ќе придонесе кон остварување на целите на Агендата на ОН за одржлив развој 2030.

За крај, би сакала да упатам порака: Науката нема пол, вашата љубопитност, труд и знаење ја одредуваат вашата способност! Охрабрете се да истражувате, прашувате и да го менувате светот. Време е да ги поддржиме жените-научници, да им дадеме еднакви можности!

Елин Кулхед: Еуфоријата има и темна страна, исто како и женскоста

Интервјуто го подготвивме во соработка со блогот за култура Блен.мк, како дел од рубриката #CultureMatters.
Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Романот „Еуфорија“ (со поднаслов „Роман за Силвија Плат“) од шведската писателка Елин Кулхед е една обземачка книга. Кога ќе почнете да ја читате, гласот на Силвија Плат толку длабоко почнува да навлегува во вас што се чувствувате запоседнати.

Опсесивно голтате страници и страници од приказната што еуфорично во прво лице ви ја раскажува самата Силвија Плат. Читате за тоа што ѝ се случува, како се чувствува и како се справува со сè во текот на последната година од нејзиниот живот и итате да стигнете до крајот – трагичниот крај кој сите го знаеме, но кој во книгата нема да го најдете. Затоа што ова е роман за талентираната, плодната, креативната, љубовната, екстатичната, борбената, депресивната, скршената… роман за живата жена Силвија Плат, која како Атлас го носи целото бреме на патријархатот врз своите плеќи.

Авторката на овој роман, шведската писателка Елин Кулхед, на покана на нејзината издавачка куќа „Илика“, во јануари гостуваше во Скопје. Успеав да ја запознаам за време на промоцијата на книгата во „Europe House“, каде што го договоривме ова дописно интервју.

Верувам дека на секое интервју и на секоја промоција, сите те прашуваат: Зошто токму Силвија Плат? Откако промотерката Калина Малеска го постави како прво на промоцијата во Скопје, си реков дека ќе го заобиколам ова прашање. Ама потоа сфатив дека интервјуто нема да биде комплетно без него, па затоа еве го пак. Елин, зошто одлучи да пишуваш роман токму за Силвија Плат?

Отсекогаш ме фасцинирале пишувањето и гласот на Плат. Кога имав дваесет години и ја открив нејзината литература преку дневниците и песните, можев да се поистоветам со неа како со амбициозна млада авторка и со реалноста што сакала да ја портретира со толку остра психолошка прецизност. Подоцна, пак, кон неа ме привлече тоа што можев да се поистоветам со неа како мајка на мали деца, како авторка што веќе има издадено свои дела и како сопруга на поет. Плат е симбол на некој што создава во рамки на патријархалната логика каде што не може, не смее и не ѝ е дозволено да ја стави нејзината уметност пред мајчинството или пред бракот. Последната година од нејзиниот живот, која била една од нејзините најпродуктивни книжевни години, таа раѓа второ дете, оставена е да се грижи сама за децата и ѝ се рушат соништата врз коишто го граделе заедничкиот живот со Тед Хјуз. Сфатив дека Плат тогаш била неверојатно осамена и почнав да се интересирам за тоа како изгледала последната година од нејзиниот живот. Додека пишував, неколку нејзини писма од 1962 и 1963 година беа објавени за првпат; во овие писма Плат ѝ ја опишува ситуацијата во којашто се наоѓа на нејзината психијатарка, на кристално јасен, компетентен и самосвесен начин – целосно спротивно од фабрикуваната слика за Плат како ментално болна, пред сè. Ме погоди тоа што сфатив дека Плат пишувала и друга проза во текот на оваа последна година од нејзиниот живот, и роман, и дневнички записи, но ништо од тоа не е зачувано за следните генерации. „Еуфорија“ е роман кој се обидува да ја пополни празнината меѓу текстовите што ги пишувала секојдневно и да се држи до животот каков што можел да биде.

Пред да го читам романот, никогаш не сум помислила да ги поврзам депресијата и еуфоријата. Но, по „Еуфорија“, особено кога станува збор за Силвија Плат, никогаш нема да можам да ги раздвојам. Како дојде до тоа на еуфоријата да ѝ дадеш централно место во романот?

За време на моето пишување сфатив дека Плат на крајот од својот живот, всушност, првично била преморена мајка на мали деца, а не ментално болна или луда. Била оставена сама во една многу кревка ситуација. Можам да се поистоветам со оваа ситуација и со внатрешната осаменост на мајчинството на повеќе начини. Па така, на некој начин, почнав да ја препрочитувам митологијата за Плат, да создавам нови нишки низ кои може да се гледа таа. Низ овие нови нишки видов личност којашто, всушност, била многу моќна и силна, и посветена на љубовта, уметноста, среќата и на оние што ги сакала. Таа сериозно го сфаќала животот и сè правела со цело срце. Исто така, наѕирнав нова светлина околу неа, онаму каде што претходно гледав темнина и вина. Сакав да ја именувам оваа силна волја за живот на оваа многу силна и способна жена и уметница како „еуфорија“. Затоа што еуфоријата исто така во себе има и темна страна. Како и женскоста.

Од промоцијата на „Еуфорија“ во Скопје (Елин Кулхед и Калина Малеска)

На промоцијата на книгата кажа дека првата асоцијација на луѓето за Силвија Плат е депресивна поетеса што завршила трагично и дека со романот ти си сакала да ја претставиш како толку многу жива во таа уметнички најплодна година, кога таа и го нашла својот глас. Како успеа ти да го најдеш во себе твојот глас, кој воедно ќе биде и нејзиниот?

Го најдов додека пишував. Го најдов додека ја читав Плат и другите кои пишувале за неа или кои биле во нејзините кругови (како на пример, Ен Секстон, Роберт Лоуел, Елизабет Сигмунд, Алан Силитоу, Тед Хјуз). Во тоа време голтав сè што имаше некаква врска со нејзиното време, гледав филмови од педесеттите и шеесеттите… Бев како сунѓер, го впивав секој грам од универзумот на Плат. А потоа, морав да погледнам длабоко во себе и да го најдам внатре, така што тоа беше совршен спој на нејзината поетска оставштина и на моето пишување во моето време. Навистина сакав да стигнам до глас и темперамент кои би можеле да бидат како да се нејзини, без реално да бидат нејзините.

Трагичното во животот и смртта на Плат е што не успеала да ги дочека големите промени што ќе ги донесе сексуалната револуција во поглед на правата на жените. Колку сметаш дека нејзината приказна е инспиративна од феминистичка гледна точка и денес, за таа борба да продолжи?

Плат е трагичната хероина на феминизмот, нашата загубена душа. Сите ние сме биле Плат во нашите најтешки периоди. Тешко е да се биде жена во општеството и во моментов не се чини дека работите се подобруваат.

Мислам дека сакав да покажам дека животот на Плат има нишки кои се провлекуваат и во материјалот на нашите животи. Дури и сега, како жени, ние сме растргнати меѓу креативноста и грижата, уште сме посилно поврзани за нашите деца отколку што се нашите партнери, а мајчинството ништо не ни простува.

Уште ми е многу голем предизвик да бидам мајка и да работам во исто време. Децата едноставно ме сакаат дома, ако може така да се каже – тие се конзервативни, си сакаат целосен пристап до мајка им. И не можам да ги обвинувам, исто и јас се имам чувствувано во врска со мајка ми и ја осудував кога немаше да биде покрај мене, многу повеќе отколку што сум го осудувала татко ми.

Имаше ли етички дилеми во однос на претставувањето на Силвија Плат како лик?

Романот е една форма на извор на знаење, каде што можете да се нурнете во мотивите што сакате да ги откриете и да ги истражувате. Моето пишување е литерарно и фикционално, а јазикот може да поврзе мисли, идеи, време и глас на совршен начин ако го користите како што треба. Преку приказната, можете да откриете нешто што било скриено или што дотогаш не било увидено. Мислам дека во тоа се состои етиката. Мојата етика, исто така, вклучува и големо количество љубов и почит кон мојот лик и длабоко и промислено разбирање на нејзината ситуација.

Колкав ти беше периодот на подготовка за пишувањето на романот и што сѐ опфаќаше?

Ми требаа 13 месеци за да го напишам романот во целост, а потоа уште една година за уредување. Сите истражувања, вклучително и патувањето до куќата на Плат и Хјуз во Девон во јужна Англија, ги правев паралелно со пишувањето. Кога почнав да пишувам, син ми немаше ниту една година. И ако размислам подобро, тоа што ја имав откриено Плат толку млада и што веднаш се вљубив во нејзиното пишување, можеби беше и долгогодишно подготвување за овој роман и без да бидам свесна за тоа.

Какво искуство беше за тебе доаѓањето во Скопје, личното запознавање со издавачот, промоцијата на романот, кој е преведен на повеќе од 20 јазици, и разговорите со читателите и нивните реакции?

Прекрасно ми беше Скопје и мојата посета на Северна Македонија се покажа како патување за паметење. Ми се чини како многу топла и гостопримлива земја. Сите што ги запознав беа толку пријатни. Во исто време, сериозно посветени на книжевноста и особено заинтересирани за моето пишување. Прашањата што ги добив беа длабоки и добро обмислени. Ја обожавав храната! И, најдобро од сè е што напишав неколку многу важни поглавја од мојот нов роман во хотелот. 😊

Светскиот ден на антропологијата: Науката што нè учи што значи да се биде човек

Светскиот ден на антропологијата се прославува секоја година, но оваа 2025 година се одбележува на 16 февруари. Антрополозите ширум светот целат да го разберат нашето човечко потекло и да одговорат на прашањето што го чини човекот посебен и уникатен од другите животински видови. Иако постојат многу причини за проучување на антропологијата, една од најважните е нејзината способност да ни помогне подобро да го разбереме човештвото во неговата целост – човечкиот микро- и макро-космос. Тука се подразбираат историските корени на концептите, потоа разбирањето и разграничувањето на културните разлики што влијаат врз социопсихолошкиот развој на една индивидуа во општеството и надвор од него. Антропологијата нè учи како луѓето ги создаваат своите заедници, како комуницираат, како се приспособуваат на различни околности и како нивните верувања и практики се менуваат низ времето. Проучувањето на минатото е првиот чекор за разбирање на сегашноста. Затоа и антрополошките науки даваат продлабочен увид во културните, социјалните и биолошките аспекти на човечкото постоење и нивната дијахрониска еволуција низ времето.

Историја на Светскиот ден на антропологијата 

Американската антрополошка асоцијација (ААА) го прогласила Националниот ден на антропологијата во 2015 година. Веќе следната година, празникот бил преименуван во Светскиот ден на антропологијата, со цел подобро да ја одрази глобалната важност на оваа наука, која не се ограничува само на една нација туку има и значење за целиот свет. Денот отсекогаш се одржувал на третиот четврток во февруари и оваа традиција е задржана сѐ до денес. Светскиот ден на антропологијата е време кога наставата е во тек, така што многу универзитети на полето на општествените науки земаат учество преку организирани предавања, дискусии и други настани за да ја истакнат значајната улога на антропологијата во разбирањето на човештвото и глобалните култури.

Каква наука е всушност антропологијата? Антропологијата е мошне комплексна наука што ги истражува луѓето од повеќе различни аспекти. Антропологијата е проучување на луѓето и нивните релации и однесувања во општествата, гледано низ призмата на минатото и сегашноста. Таа опфаќа четири главни гранки: (1) културната антропологија е дел од антропологијата што ги проучува традициите, обичаите и секојдневниот живот на различни народи, потоа, (2) археолошката антропологија ги истражува материјалните остатоци од минатото за да ги разбере древните култури, (3) лингвистичката антропологија го анализира јазикот и неговата улога во општеството, додека (4) физичката (биолошка) антропологија го проучува биолошкиот развој на човекот и неговата еволуција. Сите овие гранки имаат нешто заедничко во себе, а тоа е човекот.

Антрополозите на 20 и 21 век

Може да се заклучи дека антрополозите користат посебен метод во својот пристап за разбирање и истражување на различните аспекти од човечкото искуство. Еден од нив, Франц Боас (1858 – 1942), уште познат и како татко на модерната антропологија и основоположник на културниот релативизам, во своето дело Раса, јазик и култура (Race, Language, and Culture) (1940) тврди дека културите треба да се проучуваат во нивниот сопствен контекст, без да се судат според западните стандарди. Тој ја критикувал биолошката детерминираност и истакнал дека културата има поголемо влијание врз човечкото однесување отколку расните или генетските фактори. Понатаму, структуралистичката антропологија на Клод Леви-Строс (1908 – 2009) ги истражува универзалните структури што ја обликуваат културата, особено во митологијата и јазикот. Во своето дело Дивиот ум (The Savage Mind) (1962), тој сугерира дека луѓето размислуваат во бинарни спротивности (на пример, природа-култура, машко-женско, живот-смрт), кои се рефлектираат во нивните општествени сфаќања за светот.

Во контекст на културната антропологија и половите улоги, Маргарет Мид (1901 – 1978) е позната по своето истражување на културите на Полинезија, особено во книгата Полнолетство во Самоа (Coming of Age in Samoa) (1928). Нејзините студии покажале дека многу од карактеристиките што се сметаат за природни или за биолошки (како што се половиот идентитет и адолесцентното однесување), всушност, се обликувани од културни фактори. Од друга страна, полскиот антрополог Борислав Малиновски (1884 – 1942) во своето дело Аргонаутите од западниот Пацифик (Argonauts of the Western Pacific) (1922) ги документира системите на размена кај домородните народи на Тробријандските Острови. Неговата теорија на функционализмот тврди дека сите елементи на културата имаат одредена функција што помага за одржување на стабилен социјален поредок. Во слична насока, францускиот антрополог и социолог Пјер Бурдје (1930 – 2002) во своето дело Дистинкција: Социјална критика на судот на вкусот (Distinction: A Social Critique of the Judgment of Taste) (1979) ја развива теоријата на хабитусот, задржувајќи се на позицијата дека индивидуите стекнуваат одредени навики и преференции преку својата социјална средина, што потоа влијае на нивните избори и можности во општеството.

Меѓутоа, една од најзаслужните во полето на културната теорија е британската теоретичарка Мери Даглас (1921 – 2007), која го развила концептот на „нечистотијата“. Таа истражува во своето дело Чистота и опасност (Purity and Danger) (1966) како различни култури ги дефинираат концептите на чистота и нечистотија. Таа тврди дека нечистотијата не е објективна категорија, туку културолошка конструкција што ги одразува социјалните граници и ред. Според неа, табуата и правилата за храна, како оние во старозаветната книга Левит (Трета книга Мојсеева), не се архаични или ирационални, туку се дел од логичкиот систем што ја одржува социјалната кохезија. Даглас исто така придонела во економската антропологија со воведувањето на концептот „Културна теорија на ризик“, каде што објаснува како различни општества ги перципираат ризикот и неизвесноста врз основа на нивните социјални структури.

Зошто токму денот на антропологијата?

Антропологијата, како дисциплина што ги проучува луѓето низ времето и просторот, ни помага да разбереме како сме се развивале и како сме изградиле цивилизации, обичаи и верувања што го обликуваат и го дефинираат денешниот свет. Антрополозите играат клучна улога во разбирањето на глобалните прашања, како што се: културната разновидност, миграцијата, социјалната неправда, идентитетот, глобализацијата, климатските промени, нееднаквоста и влијанието на технологијата врз културите. Овој ден е и можност да им се оддаде признание на сите антрополози кои посветено работат за да ги откријат тајните на човештвото. Нивните истражувања ни помагаат да најдеме решенија за предизвиците со кои се соочуваме секојдневно, како и да ја зачуваме културната традиција за идните генерации. Антропологијата нè учи дека, иако луѓето потекнуваат од различни земји и култури, сите, всушност, сме дел од истата приказна.

Доротеа Огненовска

Што ќе одбереш на Денот на вљубените? Swipe right или swipe left?

Корисниците на онлајн-платформите за запознавање, како „Тиндер“, „Бамбл“, „Хинџ“, „Метч“ и сл., постојано растат. Не е тајна дека технологијата сè повеќе ја обликува секојдневната реалност и сериозно влијае врз начинот на комуникација, врските, социјалните интеракции и процесот на пронаоѓање партнер. Приватноста на корисниците станува клучно прашање во делот на дигиталната безбедност. Онлајн-платформите за запознавање имаат цел да ги поврзат луѓето во потрага по љубов и пријателство, но во последните неколку години многу повеќе се соочуваат со критика поради користењето, т.е. злоупотребата на личните податоци на нивните корисници. Платформите често бараат од корисниците да внесат лични податоци, како што се: локација, фотографии, информации специфични за персоналните интереси на корисникот, што потоа можат да бидат искористени од трети страни без нивно знаење. Со оглед на тоа што многу од овие апликации ги продаваат податоците на рекламни агенции или компании за профит, еден дел од информациите за корисникот можат да залутаат во мрачната мрежа на онлајн-продажбата на идентитети. Овие загрижувачки практики се особено релевантни во периодот околу Денот на вљубените, кога милиони луѓе се поактивни на дејтинг платформите за запознавање. Наместо да биде празник на романтиката, Денот на вљубените – Свети Валентин може да прерасне во измамнички чин на злоупотреба на личните податоци од корисниците, кои несвесно ги споделуваат своите најранливи информации, доколку не се постапува со претпазливост.

Купување и продавање на кориснички профили на дејтинг апликации

Во 2017 година, уметницата Џоана Мол и организацијата „Тактикал тек“ (Tactical Tech) открија дека корисничките профили од онлајн-платформите за запознавање можат да се купат за минимална сума пари, при што потоа добиваат пристап до милиони профили со лични податоци и фотографии без знаење или согласност од сопствениците. Џоана и нејзиниот тим купиле еден милиони профили од онлајн дејтинг апликации за 136 евра од „Ју-Ес дејт“[1]. Профилите вклучувале пет милиони фотографии, кориснички имиња, електронска пошта, националности, пол, возраст и детални лични информации за сите луѓе кои ги создале профилите, потоа информации за нивната сексуална ориентација, интереси, професија, преференции во изборот на партнерот, темелни описи за физичкиот изглед и особини на личноста. Ова истражување открило огромна мрежа компании што тргуваат со податоци од корисниците без нивна свесност и согласност. Оттаму, користењето на некакви дејтинг платформи станува загрижувачката практика зашто не се знае на кој начин профитираат компаниите зад платформите. Овој проект ја открива оригиналната серија податоци за профилите што Џоана и нејзиниот тим ги добиле од „Ју-ес дејт“ по купувањето. За да ги заштитат идентитетите на лицата прикажани во профилите, тие ги отстраниле или ги замаглиле сите податоци што можат да доведат до нивна идентификација, како што се е-поштенски адреси, телефонски броеви и нивните имиња, додека сите други информации останале непроменети. Иако се обиделе да ги анонимизираат сите пет милиони фотографии од профилите, поради технички ограничувања, некои фотографии можеби останале неанонимизирани. За да го решат овој проблем, додале копче на секоја фотографија, кое им овозможува на гледачите да пријават фотографија што не е анонимизирана.

Сите овие искористувања на профилите можат да резултираат со манипулации или измами, а во најлошиот случај, приватни детали од животот на корисникот можат да бидат злоупотребени за создавање на лажни профили или вршење на финансиски и емоционални искористувања. Слично на тоа, неодамнешните извештаи посочиле дека платформата „Бамбл“ (Bumble), која, иако се рекламира како безбедна и етички легитимна апликација за запознавање, не е доволно транспарентна во однос на тоа дали ги продава или ги споделува податоците на своите корисници. И покрај тоа што постојат механизми за одбивање (opt-out), очигледно е дека тоа не е доволно, бидејќи заштитата на личните податоци треба да биде стандард, а не избор што корисниците мораат да го направат самостојно. Запознаени со овие практики, Фондацијата за електронски граници (Electronic Frontier Foundation – EFF) и Фондацијата „Моѕила“ (Mozilla Foundation), заедно со уште 11 други организации, строго му укажале на тимот зад „Бамбл“ да воведе јасни правила за заштита на податоците и да ги информира корисниците дали нивните податоци се продаваат на трети страни. Писмото до „Бамбл“ јавно ги повикува да го зајакнат механизмот за согласност на корисниците со тоа што ќе ги направат споделувањето или продажбата на податоци „опт-ин“, наместо „опт-аут“. И покрај повеќекратните барања, „Бамбл“ сѐ уште нема потврдено дали ги продава или ги споделува податоците на корисниците, а нивната политика е нејасна во однос на тоа дали сите корисници можат да ги избришат своите податоци без разлика каде живеат. Компанијата треба да ја почитува приватноста на своите корисници и да гарантира дека нивните податоци нема да бидат споделени без изречна согласност. Потенцијалната закана за приватност не смее да биде компромис што корисниците се принудени да го прифатат. Заштитата на личните информации треба да биде нешто основно, прв чекор, особено за платформи што се промовираат како безбедни и етички.

Апликациите за онлајн дејтинг собираат огромни количества на интимни информации за своите клиенти – од сексуални преференции до прецизна локација на живеење и движење. Овие информации можат многу лесно да паднат во погрешни раце, особено за оние што бараат репродуктивна здравствена заштита, преживеани од насилство во врска или брак и припадниците на ЛГБТК+ заедницата. Поради ова, компаниите што собираат, продаваат или пренесуваат лични податоци мораат да одржуваат високи стандарди и да обезбедат целосна транспарентност во своите практики за зачувување на приватноста. Оттаму, и претходноспоменатите истражувања и проекти имаат цел да ги обелоденат скриените, мрачни, но суштински стравови во глобалниот свет на онлајн-состанувањето. Притоа, практиките отвораат сериозни етички, морални, а според податоците од Џоана и нејзиниот тим, забележуваме и правни дилеми, бидејќи злоупотребата на интимните податоци од профилите може да има далекосежни последици врз животите на корисниците.

Приватноста во дигиталната ера е клучно прашање. Компаниите што работат со лични информации мораат да бидат транспарентни и одговорни за нивната употреба. Сите овие вознемирувачки случаи ја отсликуваат пошироката проблематика на злоупотребата на личните податоци во севкупната сфера на дигиталната економија. Платформите за запознавање собираат лични и интимни информации што можат да станат средство на измама доколку овие податоци завршат во „погрешни“ раце. Така, од морален, овој проблем прераснува во етички, бидејќи носи сериозни последици за безбедноста и менталната благосостојбата на корисникот. Затоа, swipe smart! за да се спречи оваа колку виртуелна, толку и физичка експлоатација и да се загарантира дека личните податоци ќе бидат заштитени според највисоките стандарди.

[1] USDate е американска компанија што тргува со профили за состаноци од целиот свет.

Доротеа Огненовска

Магијата на Вевчански карневал

Јануари за Вевчанци е најубавиот месец. Како и секоја година, така и оваа, 2025 година, малото, но гордо село Вевчани се трансформира во сцена излезена од некоја бајковита приказна, каде што фолклорот и традицијата се спојуваат во магичниот Вевчански карневал. Влечејќи корени од старите традиции, карневалот постои повеќе од 1400 години и се повикува на паганските обичаи за одбележување на старата Нова година според Јулијанскиот календар. Главниот концепт на карневалот е да се одбележат циклусите на животот и да се оддаде почит кон природата – типично за многу древни празнувања на балканските територии. Практично, карневалот е театарска претстава под отворено небо, во која учествуваат жителите на селото Вевчани, како и гости од цела Македонија (но, и од светот!). Преку маски и костуми ги „коментираат“ актуелните случувања – од политички гафови и економски апсурди до културни и општествени парадокси. Во центарот на карневалскиот татнеж е хуморот што ја прави целата атмосфера „болно смешна“ и лудо незаборавна. Карневалот е дел од културното наследство на нашата земја, како и препознатлив симбол на селото Вевчани.

Вевчани, село со вековна душа

Вевчани, едно од најживописните села во Македонија. Се наоѓа во подножјето на планината Јабланица, на петнаесетина километри оддалеченост од Струга. Селото е препознатливо по својата автентична архитектура: и тоа камените куќи и тесните, калдрмисани улички што се распространети низ целото село. Една од главните атракции на Вевчани се Вевчанските извори. Изворите се природниот хидролошки систем што го напојува селото, всушност станува збор за неколку извори со чиста вода, опкружени со бујна вегетација. Изворите низ текот на времето станале туристичка атракција во Вевчани. Познато како културен и уметнички центар, Вевчани е дом на многубројни фолклорни приказни и легенди и неслучајно карневалот е главниот настан што ја одбележува годината. Иако во Вевчани живеат околу 2.500 жители, селото особено се истакнува со својот Вевчански карневал, кој секоја година ги слави хуморот и сатирата. Освен природната убавина и културната динамика, Вевчани е познато и по својата независна и горда заедница, која успева да ја зачува автентичноста помеѓу сите други македонски села. Да се посети Вевчани значи да се направи времеплов низ историјата и традицијата на земјата.

Вевчанскиот карневал – долговековна традиција

 Карневалот, уште наречен и „Свети Васиља“ (Василица), е посветен на св. Василиј Велики и се одржува на 13 и 14 јануари, а кулминацијата е на Стара Нова година (14 јануари). На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Секоја година учесниците создаваат рачно изработени маски, најчесто инспирирани од митологијата или од некои актуелни случувања во светот – и секоја година маските се сѐ поиновативни и покреативни. Како пагански обичај, карневалот се зачувал сѐ до денес и благодарение на Василичарите продолжува да го оживува духот на традицијата.

Главната атракција е маскираната парада, каде што учесниците ги презентираат своите долгоподготвувани креации. Всушност, маските се вистинско уметничко дело. На крајот на карневалот, тие традиционално треба да се запалат, што би го симболизирало крајот на старата и почетокот на новата година. Клучната карактеристика на карневалот е хумористичната и сатирична интерпретација на политичките и културните случувања во земјата. Карневалот е целосно организиран од жителите на селото, што го прави мошне уникатен, а останува и недопрен од комерцијализација, што го прави посебен меѓу другите карневали во светот. Секоја година, креативните маски изненадуваат и всушност костумите претставуваат само алатка за себеекспресија, но истовремено и критика на општествените проблеми. Таа пародизација, односно карневализација е типична за паганските ритуали, нешто што останало од старите времиња на територијата на земјата. Оваа своевидна театарска претстава на отворено го рефлектира духот на времето, додека хуморот и сатирата служат како огледало на суровата реалност со којашто се соочуваме везден. Во центарот на целата вечер е необузданиот, нескротлив дух на карневалската магија.

Иако Вевчани е мало место, карневалот привлекува илјадници луѓе од земјата и пошироко. Публиката учествува во карневалот со огромен ентузијазам: каде што многумина се маскираат и стануваат дел од парадата, додека други уживаат како набљудувачи на целата лакрдија. Карневалот го трансформира Вевчани во жив театар, каде што улиците пулсираат со енергија и веселба. Смеата ечи од куќите и од тесните улички, додека мирисот на традиционални јадења и топол греаник се шири низ воздухот. Оваа интеракција меѓу учесниците и публиката ја прави манифестацијата навистина посебна, најмногу поради тоа што ги зближува сите луѓе во духот на заедничката прослава. Во овие два дена, Вевчани станува културен центар каде што хуморот е универзалниот јазик.

Доротеа Огненовска

Кореографијата е начин да разбереме како се движат телата и како комуницираат со околината

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Филип Петковски, танцов историчар и теоретичар

Кога луѓето ќе го слушаат зборот кореографија, тие често помислуваат на танчари што настапуваат на сцена, па веднаш се дистанцираат од помислата дека кореографија е нешто што игра улога и во нивните животи. Иако танцот е неоспорно врзан со кореографијата, кореографијата не е само тоа. Кореографијата е концепт кој се користи и надвор од танцовите студија и театарските сцени, всушност, многу почесто отколку што мислиме. Кореографијата е начин на организирање движење во простор, но и медиум за разбирање на пошироките општествени и политички феномени. Светот го одбележува 9 јануари како Меѓународен ден на кореографијата.

 

Етимолошки, зборот кореографија потекнува од грчките зборови horos (танц) и graphie (пишување). Историски гледано, зборот кореографија, во неговата првична употреба, се употребува стриктно за танцови нотации кои настанале во периодот на барокот. Во ова време, оние луѓе што креирале некакви танци морале да најдат начин да ги запишат и документираат танцовите движења како текстови што треба да се читаат и репродуцираат, за да можат да бидат изведувани и во иднина. Оттука, запишувањето на човечкото движење со симболи и на лист хартија е главниот мотив да се роди терминот кореографија. Оваа традиција ја нагласува идејата дека кореографија не е само физичкиот чин на танцување, туку и осмислувањето и структурирањето на движењето кое треба да биде изведено. Како што еволуирал танцот, така се развивал и поимот кореографија. Кон почетокот на 20 век терминот почнува да се користи и за други намени, односно како креативен процес кој опфаќа повеќе од само нотација. Кореографијата станува синоним за селектирање и распоредување некакво движење, односно уметничка форма која сама по себе станува различна од концептот за изведба. Со развојот на модерниот танц, концептот за кореографија дополнително го проширува својот опсег благодарение на кореографи како Марта Греам, која ја нагласува моќта на движењето и танцот да резонираат со човечката емоција.

 

Ако мислите дека не се занимавате со кореографија, се лажете. Секој од нас кореографира одредени работи и ситуации во нашите секојдневни животи, па затоа денес поимот „кореографија“ алудира на организирање на нештата во просторот и времето. На пример, доколку утрово заглавивте во сообраќајот во градот, учествувате во оркестрирано движење на луѓе од страна на некаква алатка (семафор) која го регулира протокот на возила и креира ред. Понатаму, ниедна парада не би го добила истиот тој ефект кој има цел да побуди чувства на гордост или почит доколку не е внимателно искореографирана, иако не се работи за танцување. Кореографијата, исто така, е доста присутна во различни области, како што се спортот, архитектурата и урбаното планирање. На пример, стратегијата и планот кој го смислува тренерот за успешен и победнички меч се, во суштина, кореографии кои диктираат како да се движат играчите на теренот за да постигнат победа. Слично на тоа, архитектите го кореографираат протокот на луѓе низ јавните простори, дизајнирајќи згради и патеки за да го направаат движењето ефикасно и лесно.

 

За разлика од минатото, терминот кореографија денес се користи за да опише буквално сè − од дресура на кучиња до комплексни операции во болниците. На пример, за успешен исход на некаква операција, потребно е планирано и организирано движење на луѓето во салата, односно кој каде стои, како и каде се движи, вклучувајќи и како, со која рака и од која страна сестрите му ги подаваат инструментите на хирургот. Ваквите примери потенцираат како структурирањето на движењето е секогаш оркестрирано со цел да се создаде ред или да се постигне специфичен исход. Во оваа смисла, кореографијата станува начин да разбереме како се движат телата и како комуницираат со околината.

 

Кога зборуваме за кореографија, не зборуваме само за анализа на некакво движење, туку како таа е подложна на општествени и политички влијанија. Движењето на маса луѓе во одреден простор никогаш не е неутрално, а често функционира во воспоставените режими на дисциплина, па нè тера да се запрашаме кој го контролира движењето и зошто. Кога станува збор за војна, на пример, прецизните движења на трупите во однапред замислена формација не служат само за да симболизираат дисциплина и моќ, туку имаат и практична цел. Протестните движења и маршови укажуваат на поврзаноста на кореографијата со политичките случувања во дадено општество. Без разлика дали се работи за синхронизиран марш, човечки синџир или дури и парадирање со банери и знаци, тоа се примери како кореографијата и како оркестрирањето на колективното тело на заедницата можат да се користат за манипулирање или нарушување на системите на моќ. Затоа, кореографијата е неделив дел од нашиот секојдневен живот и влијае врз тоа како го доживуваме светот.

 

Едноставно кажано, кореографијата бара од нас да се одлучиме за некаков избор: што се движи, кога, каде и како, па така никој не е изземен од кореографирање на сопствениот или нечиј друг живот. Во свет кој сè повеќе функционира во движење – на луѓе, стоки, информации и идеи – кореографијата ни нуди начин да ја маневрираме сложеноста на одредени ситуации, да наметнеме ред и да размислиме за некакви алтернативи. Кореографијата, исто така, поттикнува слога, заедништво и чувство на припаѓање на заедницата. Во тимските спортови, синхронизираното движење гради доверба и единство. Во изведувачките уметности таа создава споделени искуства кои ги надминуваат јазикот и културата. Така што, следниот пат кога ќе го слушнете зборот „кореографија“, помислете на семафорите, на протестите и на војните што се случуваат. Како и на начините на кои се движиме низ просторот и времето, заедно и одделно.

Subscribe To our newsletter!