https://europehouse.mkblog/ Archives - Page 5 of 7 - Europe House

ЗМИИТЕ И НИВНАТА УЛОГА ВО ЕКОСИСТЕМОТ

Во овие жешки денови, на порталите излегуваат различни статии за тоа како да се заштитиме од каснување од змии или да внимаваме каде газиме, за да не наидеме на заспана змија. На планетата Земја познати се 3.500 видови змии, од кои околу 600, односно осмина од змиите се отровни. Сепак, според Светската здравствена организација, само околу 200 од нив претставуваат значителен ризик за човечкиот живот. Светскиот ден на змијата е прогласен на 16 јули и денот повикува на зголемување на свеста за широкиот спектар видови змии ширум светот. 

Историски антагонисти – змиите во митовите и приказните

Иако змиите генерално имаат лоша репутација и се восприемаат како малициозни суштества на мистерија и страв, тие играат клучна улога во одржувањето на рамнотежата на нашите екосистеми. Низ историјата, змиите биле прикажани како симболи на опасност и измама. Во Библијата, змијата ја искушува Ева да го проба јаболкото во рајската градина и да го направи првиот грев што ќе доведе до протерување на човештвото од рајот. Слично на тоа, во грчката митологија, познат е митот за Медуза и нејзината коса од отровни змии, што го претвора во камен секој што ќе ја погледне. Во древната приказна за бесмртноста, Епот на Гилгамеш, на херојот Гилгамеш му е украдена тревката на бесмртноста од водна змија, која му оневозможува да стане бог. Симболиката на митовите и приказните варира од цивилизација до цивилизација, така што сите змии не се лош знак, туку за некои народи и култури змиите претставуваат симбол на надеж и богатство. Во кинеската култура, змијата е едно од 12-те хороскопски животни и е поврзана со мудроста, убавината и просперитетот. Старите Египќани ја почитувале кобрата и често ја прикажувале на круните на нивните фараони како заштитен знак. Во хиндуизмот, богот на змијата Шеша се смета за симбол на вечноста и космичката рамнотежа. Сите овие приказни за змиите, без разлика дали се добри или лоши, ја истакнуваат повеќеслојната симболика, притоа одразувајќи ја нивната улога во различните културни наративи. Дури и во модерната култура, змиите често се прикажани како заканувачки суштества кои демнат во сенките, подготвувајќи се да ја нападнат својата следна жртва. Оваа негативна претстава на змиите ја поттикна фобијата од змии и луѓето сè почесто гледаат на нив како на опасност, отколку како на составен дел од природниот свет.

Зошто змиите се важни за нашите екосистеми?

Змиите се големи чувари на нашиот екосистем. Најмалата змија на светот е змијата од Барбадос од видот tetracheilostoma carlae. Оваа змија е голема колку една монета. За споредба, најдолгата змија е бурманскиот питон (python bivittatus), а најтешката е зелената анаконда (eunectes murinus). Некои змии имаат живописни шари на нивната кожа во црвени, жолти, сини и портокалови бои. Спротивно на нивната застрашувачка репутација, змиите се од витално значење за одржување на функционален екосистем. Тие прават природни контрола на глодари и инсекти кои би можеле да станат штетни за земјоделските посеви и да шират болести меѓу луѓето. Без постоењето на змиите, овие популации на плен би се зголемиле значително, што би довело до прекумерно оштетување и дебаланс во синџирот на исхрана. Покрај тоа, тие играат клучна улога во мрежата на исхрана, затоа што служат и како предатори и како плен, обезбедувајќи храна за птици грабливки, цицачи, па дури и поголеми змии. Оттука, оваа меѓусебна поврзаност овозможува екосистемот да функционира, каде што секој вид придонесува за целокупната стабилност на нивното живеалиште. Надвор од нивниот еколошки придонес, змиите исто така имаат значително влијание врз здравјето на луѓето, преку искористување на змискиот отров за медицински цели.

Разбирањето на важноста на змиите за нашите екосистеми е првиот чекор што можеме да го направиме за да ги заштитиме од нивното истребување. Уништувањето на живеалиштата, климатските промени и човекот се закана за змиската популација ширум светот. Преку различни образовни иницијативи или програми, како и документарни видеа, можеме да се запознаеме со природата на змиите и да се здобиеме со обострани придобивки од заедничкиот соживот. Змиите, често, се погрешно разбрани како малигни суштества поради нивниот изглед и отровноста. Со разоткривање на митовите и истакнување на придобивките од постоењето на змиите во нашата средина, можеме да го трансформираме стравот во почит и разбирање кон овие суштества. Улогата на змиите во контрола на прехранбената мрежа и одржување на биодиверзитетот на живиот свет ја нагласува нивната голема важност во природата. Доколку се истребат змиите, еколошката рамнотежа би била изместена, бидејќи една змија може да консумира десетици глодари годишно и со тоа помага да се заштитат посевите и да се намали потребата за хемиска контрола на штетниците. Дополнително, се намалува ризикот од проширување инфекции и заболувања кај човекот од истите овие штетници.

12 интересни факти за змиите:

  1. Нивната горна и долна вилица се одвојува за да може да им овозможи да консумираат плен до трипати поголем од дијаметарот на нивната глава.
  2. Змиите се ладнокрвни, односно ектотермни суштества и поради тоа мораат да се сончаат за да ја регулираат температурата на телото. Без топлина, змиите немаат доволно енергија да ја сварат храната или да се движат наоколу.
  3. Повеќето змии се активни навечер.
  4. Змиите можат да се најдат низ поголемиот дел од светот, освен на Антарктикот, Исланд, Гренланд, Ирска и Нов Зеланд.
  5. Змиите не се агресивни суштества. Тие не касаат, освен ако не бидат нападнати или за време на лов.
  6. Змиите не живеат во семејни групи, туку имаат самотнички живот. Се собираат за време на сезоната на парење откако ќе се разбудат од долгиот зимски сон (хибернација) напролет.
  7. Змиите не се територијални, имаат домашен опсег во кој се движат во зависност од годишните времиња. Во рамките на нивниот простор тие знаат каде да најдат храна, вода и засолниште.
  8. И покрај тоа што се неверојатно флексибилни, змиите се ’рбетници и имаат коски. ’Рбетот на змиите се состои од повеќе прешлени прикачени на ребрата. Возрасните луѓе имаат 24 ребра, вкупно 206 коски. Змиите можат да имаат до 33 ребра, вкупно до 1.200 коски.
  9. Сите змии се грабливи суштества (предатори), односно месојади, но нивната специфична исхрана обично варира во зависност од нивниот вид и од живеалиштата. Некои змии јадат неколкупати неделно, додека други јадат само неколкупати годишно.
  10. Тие ловат различни живи животни. Отровните змии го убиваат пленот со вбризгување отров низ нивните заби кога ќе каснат, со што ги имобилизираат своите жртви. Неотровните змии убиваат со тоа што ги стегаат животните со нивните тела или јадат живи животни.
  11. Освен што ги користат очите и носот, змиите го користат и својот јазик за да ги соберат важните стимулации од околината. Нивниот јазик ги толкува сигналите и посредува важни однесувања како лов и пронаоѓање партнер.
  12. Околу 70% од змиите несат јајца, додека преостанатите 30% ги раѓаат своите млади живи.

Змиите и нивното значење за човекот

Змиите во нашата земја се во поголемиот број безопасни и неотровни. Во државата има 4 фамилии со вкупно 16 вида регистрирани змии, од кои само три се отровни, а две се полуотровни. Најпознати се: фамилијата црвовидни змии (typhlopidae), фамилијата удави (boidae), фамилијата смокови (solubridae) има 11 претставници: шумски смок, жолт смок, медена змија, белоушка, рибарка, стрелец, леопардов смок, балкански смок, ждрепка, длабочелен смок и мачја змија, како и фамилијата отровници (viperidae). Во последната фамилија спаѓа поскокот, кој е познат уште и како змија камењарка и е најотровната змија не само во нашата земја туку и во Европа. Отровот на поскокот може да биде многу токсичен, но се разликува според временскиот период и кај различни популации и се користи за производство на противотров од каснувања на други европски змии и за таа цел постојат посебни одгледувалишта. Генерално, отровот на змиите се проучува за медицински цели со години наназад, а денес поради антибактериските својства на отровот актуелни се и антиканцерогени третмани. Истражувачите развиле лекови за спасување од змиски отров, вклучувајќи третмани за висок крвен притисок, срцеви напади и нарушување на интерклеточните процеси, меѓу кои и згрутчување на крвта. Овие медицински достигнувања го истакнуваат непроценливиот придонес на змиите во науката и здравството.

Голем Град – македонскиот остров на змиите

Голем Град е најголемиот природен остров што се наоѓа во нашата земја. Островот се наоѓа во Преспанското Езеро и уште е наречен и Змиски Остров поради големата застапеност на змиската фауна. Денес, островот е ненаселен со луѓе и таму живеат два вида змии: неотровната белоушка и отровната змија поскок. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна, додека во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок.

Мошне интересно е тоа што на островот имало два обида за уништување на змиите во минатото со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но и двата обида биле неуспешни, бидејќи змиите повторно се размножиле. Покрај змиите, островот изобилува со интересна архитектура, остатоци на населби од неолитот и средновековието. Покрај римската некропола, останати се шест цркви од вкупно дванаесет, а најкарактеристична е црквата подигната во XVI век, што е изградена врз римската цистерна за вода. Зачувани се средновековните цркви „Свети Петар“ и „Свети Димитрија“ и ранохристијанската базилика, каде што се откриени остатоци од поден мозаик. Иако ненаселен и притаен во Преспанското Езеро, Голем Град е скриена оаза на природен спокој и планинарски авантури.

Доротеа Огненовска

ЕВРОПСКА ГОДИНА НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ – ГИ ВРТИМЕ ПЕДАЛИТЕ КОН ПОЗЕЛЕНА ИДНИНА!

Возењето велосипед отсекогаш било многу повеќе од само превозно средство што го носи патникот од една точка до друга. Во денешен контекст, велосипедот претставува симбол на три клучни аспекти од современото живеење: слобода, здравје и еколошка одржливост. Парламентот на Европа ја нагласи важноста на велосипедите со тоа што ја издвои 2024 година како „година на велосипедизмот“, повикувајќи на стратегија за удвојување на растојанието што го поминуваат велосипедистите до 2030 година. Европратениците ја повикаа Комисијата и земјите-членки да го поддржат производството на велосипеди со знакчето: „произведени во Европа“. Исто така, ги охрабруваат земјите-членки да ги намалат стапките на ДДВ за набавка, лизинг и поправка на велосипеди и електрични велосипеди. Според членовите на Европскиот парламент, велосипедскиот екосистем веќе опфаќа повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија и генерира еден милион работни места во ЕУ. Овие бројки би можеле да се удвојат до 2030 година.[1]

Зошто е важно возењето велосипед?

Секој пат, во раните утрински часови, кога ќе одлучите да одите со велосипед на работа, наместо со автомобил, вие донесувате свесна одлука да го намалите загадувањето, а истовремено и утрински да го размрдате телото. Сведоци сме на замаглени градови што се задушуваат од загадувањето додека нашата планета бавно го губи својот здив поради климатските промени. Изборот на возење велосипед може да биде одличен прв чекор за подобрување на планетата. Европските градови долго време се во првите редови во промовирањето на велосипедот како примарен начин на транспорт. Градовите како Амстердам и Копенхаген се добар пример за тоа како урбанистичкото планирање може да им даде приоритет на велосипедистите, што резултира со почист воздух, помал сообраќаен метеж и посреќни граѓани. Покрај еколошките придобивки, возењето велосипед носи здравствени предности. Со вртење на педалите се зајакнува кардиоваскуларниот систем и позитивно влијае врз менталната благосостојба на возачот, а воопшто возењето го тонира и го одржува телото во здрава форма.

Здравствените придобивки од возењето велосипед

Физичките и менталните придобивки од возењето велосипед се огромни. Не само што целиот телесен систем се активира и се зајакнува туку и возењето велосипед има позитивно влијание врз нашата психичка состојба. Прво, возењето е активна физичка активност што помага во подобрување на циркулацијата, правилното и ритмично срцебиење и има удел во општата кондиција на организмот. Кога станува збор за менталните придобивки, возењето велосипед може да придонесе кон намалување на стресот, подобрување на концентрацијата и фокусот, а на невролошко рамниште ги стимулира лачењето на хормоните серотонин и ендорфин. Потем, редовното возење велосипед може да ги подобри когнитивните способности и функционирањето на мозокот, да го забави неговото стареењето и да му помогне да стане поефикасен во градењето на невроните. Секое возење се претвора во терапија на отворено во природа, да го отстраниме секојдневниот стрес и да уживаме во моментот на слобода. Затоа, не дозволувајте велосипедот да ви се полни со прашина во подрумот, туку искористете го секој сончев зрак за да ги завртите педалите и да уживате во денот.

Велосипедска револуција управувана од педали

Оваа година, приклучете се на велосипедската револуција управувана од педалите и повозете на кејот на Вардар или на некои од долгите велосипедски патеки низ градот. Во последните години, Скопје и другите градови во земјата почнаа да ја препознаваат важноста на инфраструктурата за велосипеди, што резултираше со изградба на нови велосипедски патеки. Изборот за возење велосипед стана не само опција за рекреација туку и превозно средство што заштедува време, особено во утринските и попладневните часови, кога во градот се формираат хаотични метежи. Целта е да се поттикне широката јавност да го искористи велосипедот како средство за општествена и еколошка промена. Во свет што се бори со климатските промени, Европската недела на велосипедот служи како навремен потсетник за намалувањето на загадувањето на воздухот. Кога сите би возеле велосипед, тогаш светските емисии на јаглероден диоксид би се намалиле за речиси 700 милиони тони годишно.[2] Избирајќи велосипеди наместо автомобили, ние всушност свесно одбираме заеднички да работиме кон позелена и поодржлива иднина.

#VeloMai

Секоја година, во почетните летни денови, делегацијата на Европска унија е дел од глобалната иницијатива #Velomai и може да се пофали со прво место во светот во број на регистрирани возења на велосипед. Во текот на оваа година се организираат различни настани и активности поврзани со велосипедизмот – од организирани градски тури и работилници за безбедно возење, сѐ до спортски натпревари и изложби на нови модели велосипеди. Без разлика дали сте искусен велосипедист или возите велосипед рекреативно, оваа година нурнете се во предизвикот да бидете повеќе на велосипед отколку во автомобил. Организирајте возења во група, со пријатели или со семејството или, едноставно, одете со велосипед на работа. Возењето велосипеди е своевиден повик за заедничко дејствување во општеството. Повик да се прифати и да се надградува одржливоста на околината и да му се даде приоритет на човековото здравје. Затоа, облечете ја кацигата, надувајте ги гумите и придружете ни се!

Среќно возење велосипед!

Бисера Бендевска: Имав среќа да учам од најдобрите уредници

Разговара: Наташа Атанасова

Уредничката професија е најважната професија во издаваштвото. Изборот на делата што се преведуваат и изгледот на книгите како финален производ, формирањето едиции, работата со домашните автори за нивните дела да добијат што е можно подобра форма и содржина, но и обемната административна работа за аплицирање на домашни и странски конкурси – сето тоа влегува во работните обврски на уредниците.

Бисера Бендевска со години работи како уредничка во „Арс Ламина“, најголемата издавачка куќа кај нас. Питома и нежна, професионална и со истенчен книжевен вкус, таа е пример за посветеност на работата и одличен соговорник на ретко опфаќаната тема во медиумите: уредништвото.

Како почна твојата уредничка приказна? Како влезе во издаваштвото и како (о)стана уредничка?

Кога одлучував за својата факултетска наобразба по средното образование, не размислував многу што би можела да работам со квалификациите што ќе ги стекнам – едноставно сакав да студирам на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Но, ако добро се сеќавам, во рамките на програмата на катедрата беа наведени и работни места за кои би биле квалификувани дипломираните студенти од ОКК. Меѓу другите беше и професијата уредник, што ми се чинеше најпримамлива и предизвикувачка. Две години по дипломирањето, наидов на огласот за работната позиција „уредник“ во издавачката куќа „Магор“ (за чиешто реноме знаев посредно преку стручните книги од некои наши професори објавени таму, а кои ги користевме за време на студиите) и ја пратив својата професионална биографија. Добив повик за интервју и за практичен тест, а набргу и станав дел од нивниот тим. Тоа беше воедно и моето прво вистинско работно искуство, по многуте практикантски и волонтерски ангажмани. Во „Магор“ се задржав една година, но не потраја долго кога ми се обратија од издавачката куќа „Арс Ламина“. Отидов на разговор, си се допаднавме и станав дел од издавачкиот сектор во куќата. Во „Арс Ламина“ наидов на прекрасен прием од колегите и адаптацијата на новата работна средина ми беше брза и ефикасна. Еве веќе осма година ја извршувам работата како уредник, со истиот ентузијазам, несмалена љубов кон оваа професија и со целосна посветеност.

Сметаш ли дека за оваа работа е неопходно да имаш добри учители? И дали ти ги имаш(е)?

И за оваа и за која било друга работа е пожелно и неопходно да се има добри учители и ментори. Имав среќа да учам од најдобрите во оваа дејност. Првиот учител и човек кој препозна потенцијал во мене е Владимир Јанковски, со кого работев заедно во „Магор“. Втората учителка е мојата сегашна колешка Оливера Ќорвезироска, која има повеќедецениско искуство во издаваштвото, уште во оние минати времиња кога се поставувале стандардите на професијата, кога уредници биле луѓето што станаа канон во македонската книжевност. Им благодарам што ми овозможија и ми овозможуваат и понатаму да пијам од кладенците на нивните знаења.

Што значи денес да се биде уредник? Кои се твоите обврски на дневно ниво, а кои на месечно?

Обврските и работните задачи на уредникот веројатно не се драстично променети низ времето, што е добар показател дека оваа професија одолева на трансформацијата на светот под влијанието на дигиталната ера. Веројатно придобивките, како што се интернетот и компјутеризацијата, само го забрзаа процесот на прибавување информации и достапноста до нив. И некогаш и денес, уредникот е одговорното лице за целокупниот изглед на изданието. Уредникот е и идеен творец и имплицитен читател и Хермес. Неговата улога се протега од креирање издавачка програма, преку суштинска обработка на текстовите, до контрола на печатеното издание. Во овие рамки се движат и моите обврски и одговорности. Со нашиот уреднички тим предводен од главната уредничка Бранка Бугариска, правиме редовни состаноци на кои ги распределуваме работните задачи за претстојниот месец или подолго, во зависност од обемноста на задачата. Потоа, секоја уредничка (во нашата куќа сите сме жени-уредници) се грижи за својата обврска. Па така, на дневно ниво ја администрирам мојата службена е-пошта и извршувам некои поситни задачи што произлегуваат од покрупните – уредување текст и процесирање на уредениот текст во следните фази од продукцијата на изданието.

Од друга страна, што значи да се биде уредник на преводна книжевност, а што уредник кој работи со домашни автори? И колку од твојата работа ја посветуваш на едната, а колку на другата уредничка работа?

Пристапот и предизвикот од работата на преведен текст и на оригинален текст се разликуваат. Во првиот случај, авторот ја завршил својата работа, неговото дело е затворено и уредникот се занимава со автентичното пренесување на содржината во македонскиот јазичен контекст. Се разбира, уредникот се потпира на професионалноста на преведувачот и неговата работа е „финосување“ на текстот, на неговата читливост и точност. Постојат и случаи кога уредникот му „посредува“ на странскиот автор да се приближи до читателите, кога неговиот текст е „заклучен“, херметичен или е анахрон. Тогаш уредникот пишува наменски придружни текстови или го анотира изданието, со цел да ја олесни комуникацијата помеѓу авторот и читателите.

Работата со домашните автори, пак, е вистинско уживање и практикување на уредничката професија. Уредникот има директен удел во текстот на авторот, активно учествува во обликувањето и во подобрувањето на содржината, грижејќи се да не ги наруши автономијата и сувереноста на авторот.

И на двете работи им се посветувам еднакво, затоа што двете работи на свој начин ја подобруваат мојата работа со предизвиците што ми ги поставуваат.

Каков ти е односот со писателите чиишто книги ги уредуваш, а каков е на писателите кон тебе? И колку и дали се самоцензурираш во поглед на забелешките кон ракописите во зависност од тоа чиј е ракописот?

Од мој аспект, мислам дека успевам да изградам коректен и отворен однос со писателите со кои соработуваме како издавачка куќа. Сите, без исклучок, ми пристапуваат со максимална доверба, отворени се за сите мои сугестии и конструктивните забелешки, а најголема полза од ваквиот однос имаат нивните дела. Јас, пак, им возвраќам со својата одговорност кон доверените текстови и барем засега тоа се покажува како успешен спој. Од веќе споменатото, сметам дека се насетува оти немам потреба да се „самоцензурирам“, а и да било поинаку, убедена сум дека повлекувањето или воздржувањето да се сподели мислењето е погрешно и единствено на штета на писателот и на неговото дело, а и воопшто, на целиот книжевен и културен контекст.

Често слушаме дека кај нас нема вистински уредници во издаваштвото, кои би давале забелешки за подобрување на едно дело и уредничката професија, како и многу други (особено во културата) не се цени доволно. Какви се твоето искуство и твоето мислење на оваа тема?

Имам впечаток дека широката јавност, нестручната, не прави разлика помеѓу уредник и лектор, и честопати кога се коментираат веќе издадени книги, особено во негативна конотација, критиките се слеваат на сметка на лекторот, а не се мисли само на правописните грешки, туку и на синтаксичките недоследности и на лошиот превод. Нешта што се задача на уредникот како координатор на целиот издавачки процес. Па така, се чини дека уредникот е невидлива фигура во едно издание, иако неговото учество е регулирано со закон и неговата улога во изданијата е најодговорна. Затоа, сакам да ти се заблагодарам што ја актуелизираш оваа тема и што се обидуваш да ја промениш нотираната ситуација преку овој разговор, а и преку сите идни заложби што ти се во план.

Колкав дел од твојата работа е читање ракописи на книги што потенцијално би се објавиле? И дали и колку се изненадуваш од нивниот (не)квалитет?

Голем дел од работата на целиот уреднички тим во „Арс Ламина“ е читање ракописи што ги добиваме на нашата наменски отворена е-пошта за оваа цел. Нашиот принцип на работа е таков што сите ги читаме пристигнатите ракописи и потоа ги дискутираме и носиме заедничка одлука за нивното евентуално објавување. Евидентна е појавата на скрибоманија во нашата средина и, за жал, бисерите меѓу ракописите се многу ретки. Со резигнираност ќе кажам дека претежнува чувството од соочувањето со неквалитетот, отколку со квалитетот. Потребна е огромна селективност во изборот на ракописите што „конкурираат“ за објавување, во спротивен случај ќе нè затрупаат шундот и кичот, а тие нема да останат само во книгите, туку ќе се пресликаат и во секој аспект од општественото живеење.

Затоа, пред шест години ја востановивме наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. Целта на „Пегаз“ е потрага по квалитетно прозно писмо и скаутирање на нови писателски гласови кои ќе ја унапредат оваа прозна форма и ќе придонесат во промената на курсот во македонската книжевност во иднина.

Од свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2023 година за романот „Риба во(н) мрежа“ од Јована Атанасова Матевска, уредена од Бисера Бендевска

Како се надградуваш како уредник? Дали е доволно само искуството да си го направи своето или има и други начини да се учи?

Уредничката работа подразбира постојано надградување. Стекнатото искуство само помага во совладувањето на препреката што ја поставува секој следен текст, и на тој начин тоа се проширува. Затоа оваа работа никогаш не е здодевна и еднолична. Знаеме да се израдуваме кога ќе примениме некој трик што ќе го онеобичи изданието, правејќи да се чувствуваме како магионичари. Всушност, уредувањето ме надградува и како уредник и како човек.

Колку чита еден уредник? 😊 Колку и што сè читаш ти – и за работата и за себеси?

Уредникот е „осуден“ на читање, и тоа е најпосакуваната „казна“ што некој што е привлечен од книжевноста би можел да ја посака. А сепак, тоа не е доволно и затоа „факултативно“ сакам да читам книги кои ќе ме обработат како тесто што се остава да нарасне, пред да добие нова форма на постоење и на цел. Во последно време, под влијание и на работата, повеќе сум изложена на литература за деца и со фасцинација им пристапувам на овие книги. Ако треба да издвојам некој наслов, тогаш еве кои книги ме апсорбираа целосно: седумте сликовници на Маја Мишевска, „Рико, Оскар и таинствените сенки“ од Андреас Штајнхефел, „Аги и Ема“ од Игор Коларов, „Окото на волкот“ од Даниел Пенак, „Кога светот беше млад“ од Јирг Шубигер и други. Кога сакам да се „одморам“ од читање, посегнувам по стрипови и графички новели, конкретно „Дилан Дог“ и „Марти Мистерија“.

И, за крај, дали преферираш да те нарекувам уредник или уредничка и зошто?

Немам преференции и нема да бидам повредена ако ме наречеш и уредник. Јазикот е влезна врата до свеста на колективниот говорител и е поинертен на промените. Во конкретниов случај, феминативот „уредничка“ може побезболно да се смести до својот „маскулинистички“ пандан, затоа што во перцепцијата на луѓето веројатно е полесно да ја замислат оваа професија како „женска“. Сметам дека е поважно родовите стереотипи да ги рушиме со нетипичните избори на професии. Јазикот сам ќе се „нагоди“.

Јована Матевска Атанасова: Авторите треба да ја снижат самоувереноста која граничи со ароганција

Разговара: Наташа Атанасова

Јована Матевска Атанасова е писателка која со текот на годините полека но убедливо се наметнува на нашата сцена како некој што умее да пишува. За време на Саемот на книгата годинава, ми паднаа в очи нејзините две сликовници, кои беа наградени со наградите на МАИ за најдобри остварувања во издаваштвото помеѓу два саема, а знаејќи дека годинава и нејзиниот роман за млади „Риба во(н) мрежа“ ја доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, освен фикцискиот, посакав да го истражам и нејзиниот писателски свет.

По професија е психолог, што се огледува во способноста да изгради ликови чиј внатрешен свет и психолошки развој делуваат убедливо. А нејзината фантазија и решеноста да ја пушти, барем во изминатиот период, да создава возбудливи книги за деца и млади, даваат одлични резултати.

Јована, изминатата година ти беше навистина плодна во поглед на објавувањето – сликовница, роман за млади и уште една сликовница. Сепак, ова претставува своевиден пресврт во поглед на твоите творечки интереси. Што ја разбуди во тебе писателката за деца и младинци?

Најверојатно писателот за деца и млади во мене се разбуди со мајчинството. Искрена да бидам, Јована од „прво-три“ во мене никогаш не порасна и не престана да си ја развива фантазијата. Пред да се родат моите деца не знаев дека најинтересна за набљудување и разработка е детската наивност и колку таа му овозможува на авторот да креира и расте, а паралелно и го ограничува. Има поуки што сакам да ги предадам и да бидат разбрани, такви што од малечка сум ги повторувала и осмислувала. Сѐ уште се случува да го здогледаме штрбавиот штрк кој е главен лик во наша и ничија друга приказна, или да прокоментираме за последиците од лошото поведение на Славка Палавка која никој не ја познава освен јас и ќерка ми. Се случува и да ме затресе анксиозноста дека залудно пишувам, ако со мојата вибрација не допрам најпрво до нив, до ќерките.

Со романот „Риба во(н) мрежа“ ја доби наградата „Пегаз“ на издавачката куќа „Арс ламина“ за најдобар необјавен роман за 2023 година. Интересно е што првпат со оваа награда се закити роман за тинејџери – возраст на која најмногу се губат читатели меѓу децата што сакале да читаат од мали. Според тебе, која е причината за тоа?

Точно е дека пубертетот од читателите создава нечитатели. Делумно, тоа се должи на сите промени кои се случуваат со детето во транзиција. Тогаш тинејџерот ја добива желбата за слобода (и идејата дека едукацијата е наметната од родителите), да си го пронајде своето место под сонцето, а честопати оваа потрага е помешана со прикриена бунтовност кон опкружувањето, иако вистината е дека несвесно ја насочува кон себе. Сепак, трендот (несоодветно е да се изедначи читањето со тренд!) да се чита е во пораст, сѐ почесто книгата е „моден додаток“ и го пробива фронтот на „урбана легенда“ помеѓу најмладите. Веќе не живееме заробени под лупата „бубалици“, така што книгата го добива приматот на извор на знаење, па дури и постоње.

Што се однесува до „Риба вон(н) мрежа“ сакав да им подарам на младите читатели книга што ќе го спои светот во стотина страници, оној нивниот, овој нашиот, електронскиот и книжевниот, носталгијата и ликвидноста на „сега и овде“, но, најважно од сѐ, таа да биде македонски производ по сите мерила и прописи. Свесно се втурнав во ризикот да пишувам за публика која се брои на прсти. Ниту една промена не настанала без влог.

Внатрешни страници од романот „Риба во(н) мрежа“

Во „Риба во(н) мрежа“ правиш спој на современите теми кои ги засегаат тинејџерите и родителите (како потребата/зависноста од екран, разидувањето на дигиталниот и реалниот живот…) со традицијата и културно-историското богатство на нашиот народ (историјата и убавините на Охрид, македонскиот јазик…). Дали првото е само „мамка“ за читателот да загриза во она што е вистински важно за размислување и правење во животот?

Дали би читале книга која е напишана на јазик за нас неразбирлив? Можеби и тоа беше стартната линија за „Риба во(н) мрежа“, покрај самата инспирација: како да се напише роман со актуелниот, емоционален жаргон на денешната „генерација З“? Македонската младина е доволно збунета, тргнувајќи од идентитет, преку историја, до јазик, што едноставно крева раце и сака побрзо да се слее низ ситото на глобалното село, да го избрише зацртаното од предците за поколенијата. Не можеме да читаме без да го спознаеме коренот. Покрај тоа што „Риба во(н) мрежа“ е роман, таа е и мала историска читанка, интерактивен водич, толковен речник на дијалектизми и фразеологизми, изобилува со хумор и досетливи забелешки кои на забавен начин поттикнуваат сочувство, а истовремено учат на добро однесување и почит кон повозрасните. Не можам да излезам од улогата на психолог додека пишувам 😊.

Неофицијално,  визуелноста најефективно го заловува вниманието на младата публика, што ми е и омилениот дел од пишувањето – да не се придржувам до строгата и дефинирана прозна форма. Овој роман го прошарав со екрански снимки, со рачно изработени патокази, со табели и исечоци од хороскоп, едноставно дозволив да се подмладам и да зборувам со речникот на тинејџерите, нивната емоџи-комуникација и електронска писменост. Кога бев малечка ги „крадев“ книгите на мајка ми, а сега напишав книга која родителите ќе сакаат да ја украдат. Фузијата на две генерации во една книга, поточно три генерации, е продлабочување на меѓусебните врски на читателите. Она што со зборот се разделува, книгата го обединува.

Мислам дека Вернер Херцог еднаш кажа дека во денешно време, невозможно е ликот да западне во неволји и авантури сè додека со себе го има својот мобилен телефон и дека современа класична постапка за заплет е останувањето без телефон, нешто што и ти го правиш со Ника 😊.  Како гледаш ти на темата?

Од една страна технологијата ни го доближува светот што веројатно никогаш не би го доживеале без неа. Лично, не се потпирам исклучиво врз удопствата понудени од технолошките пронајдоци. Потекнувам од времето на „прашај, па стигни“. Патеките нацртани од алгоритмите умеат да нѐ однесат во провалија, доколку будно не ги следиме знаците. Сите авантури кои нам поединечно и групно ни се случиле, во последната деценија, се поврзани со неменливата сила на невидливото: безжични врски и  испразнети телефони. Почнуваме да живееме штом снема интернет, колку бизарно да звучи, сепак таква е равенката на денешницата. Како што и Ника во романот кажува „Денес јас бев риба вон мрежа, слободна, пливав низ уличките и спомените, видов повеќе од цела година, покрај Tik Tok, Youtube, Snapchat, Facebook, Instаgram, Twitter… а и побитно од сѐ што видов беше дека осетив.“

Ми пречи кога за одредени книги се набива етикетата дека тие не се „доволно добри“ затоа што обработуваат „површни“ теми. Со ваквиот став се удира и врз дел од читателската публика, а тоа во случајот би била тинејџерската. Стереотипите растат сѐ додека во очите на засегнатите не достигнат статус на обележување. Ние не ја создаваме само нарацијата во книгата, туку сме општествено одговорни и за наративот на младината.

Внатрешни страници од сликовницата „Бунтот на бројките“, со илустрации на Љупка Стојкова

Сликовницата „Бунтот на бројките“ е весело и шармантно четиво за децата, кое поттикнува на широко размислување за работите околу нас, додека „Шарени ириси“ е сликовница која нè турнува да размислуваме во длабочина за посериозни теми. Како психолог, кога би им ја читала едната, кога другата сликовница на твоите деца и зошто?

И двете сликовници го обработуваат прифаќањето, иако секоја уникатно и до различна длабочина. „Бунтот на бројките“ е суптилна проповед за стигматизирањето преку примерот на математиката и бројките, детската одбивност кон градителите на науката. Текстот цели кон школските деца, па оттаму и произлегуваат мултидисциплинарни игри кои не само што ја опфаќаат математиката, туку и географијата и македонскиот јазик. Мислам дека успешно го доловивме исчезнувањето на бројките така што по нивното заминување во приказната тие целосно исчезнуваат и од текстот. Нема да сретнете именка, придавка, прилог или предлог (единствена, двете, двајца, триаголник, четириножник) што во коренот содржи број сѐ додека тие повторно не се вратат на Земјата, а со самото тоа и во сликовницата. Сепак „Бунтот на бројките“ е за бунтовните деца кои сметаат дека бегањето од часови или ненапишаната домашна задача ги прави „кул“, па би им ја „подметнала“ ним.

„Шарени ириси“ е посериозна сликовница раскажана од дете, а свртена кон возрасните. Оваа интергенерациска симетрала е добар пример за социјалните трансакции, кој, како, од кого и што учи, дали е неблагородно да се спореди со „жртва“ човекот/детето кое живее во семејство со попреченост или правилната споредба би била „безусловна љубов“. Таткото и ќерката живеат во синхроницитет како ирисот и зеницата, едниот го регулира проширувањето и стеснувањето на другиот, а овде е скриена и метафората за минливоста. Поради ткивото што сликовницата го зафаќа, мислам дека би имала најсилен ефект кај преадолесцентите, да ги спреми и одврати од она што следува, а ќе го почувствуваат: срам од родителите, оладување кон блиските, колизија со животната езотерија. Едноставно, се залагам за емпатијата. Сакам да ја ширам како што умеам, пишувајќи и поттикнувајќи.

Внатрешни страници од сликовницата „Шарени ириси“, со илустрации на „Симонида Филипова Китановска

Се чини дека ти тргна соработката со издавачката куќа „Арс ламина“. Кај нив ги издаде последните три книги, а твои рецензии за книги се објавуваат редовно на нивниот блог под рубриката „Книжевно сокаче“. Колку односот писател-издавач е значаен за развојот на писателите, на издавачите и на книжевната сцена?

Дури сега разбрав што значи да се има едро во книжевните води. Имав среќа да ја искусам пловидбата со посветени професионалци што уживаат во тоа што го работат. Двете уреднички со кои досега соработував во „Арс Ламина“, Бисера Бендевска и Оливера Ќорвезироска, си имаат принципи на работа по кои се разликуваат и се препознатливи, но нивната главна цел е да го изделкаат делото до совршенство. Ако писателот живее помеѓу страниците, уредникот без сомнеж е ʼрбетникот на книгата. Ми се допаѓа кога постојат предлози, макар биле брутално искрени. Авторите треба да ја снижат самоувереноста која граничи со ароганција и да размислуваат за својот ракопис како родител за дете.

Многу е важно да добиеш одобрение од издавач кој се стреми кон разноликост, кон шаренила, доближува светски преводи и е еластичен кон создавањето нови домашни стандарди. Конкретно, да не беше соработката со „Арс Ламина“, „Шарени ириси“ ќе останеше текст без боја, без тридимензионалноста што се роди од скромни две странички.

Ќе си земам за право да зборувам во нивно име, како издавачки колектив тие не ги апострофираат афинитетите на грото читатели, туку во унијата ги вклучуваат и групите за кои поретко се размислува, а едни од нив се и лицата со попреченост. „Книжевно сокаче“ е продолжување на катетата – книжевни рецензии. И тука соработката не изостанува, дел од книгите кои ги обработувам се мој избор, а дел се предлог на издавачот. Прочитав романи и збирки како „Време на преправање“, „Почитувани бубачки“, „Повик за спас“, мали книжевни бисери што живееле во сенката на интернационалните бестселери, а се матката на европскиот постмодернизам.

Ти си од и живееш во Битола, град кој гордо ја дише културата. Но, дали живеењето на страна од книжевно-културното јадро, кое за жал мораме да признаеме дека е во Скопје, те прави да се чувствуваш како да пропушташ нешто?

Битола ми е вечна инспирација и не би ја сменила за ништо на светот. Со архитектурата и природата, според чии мерки учев како да раскажувам и опишувам до подробности, Битола го изгради мојот авторски сензибилитет. Но, мојот роден град сѐ повеќе се смалува во однос на културните случувања. Речиси и да нема книжевни фестивали или настани што би негувале традиција, како на пример во Охрид, Струга, Велес или Скопје. Зошто е тоа така, не знам. За жал, навистина пропуштам многу бидејќи не живеам во Скопје. Особено дружбата и контактот со пријателите од книжевната фела, или гостувањето на светски книжевник. Тоа не ме спречува да го искористам капацитетот на социјалните мрежи и медиуми за да останам помеѓу актуелноста. Тешко е да се одржува чекор кога професијата и хобито се два приклучоци во еден разделник.

Насловна фотографија: Димитар Атанасов

20 МАЈ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ПЧЕЛИТЕ

Верувам дека сите некогаш низ животот сме ја слушнале изреката: „Вреден или вредна си како пчелка“; и токму оваа поговорка неслучајно произлегува од доминантната функција на пчелите во природата. Нивната вредна работа преку опрашување го поттикнува репродуктивниот процес на цветните растенија и придонесува за производството на овошје, зеленчук и јатки – што им се од огромно нутритивно значење на човекот и животните. На овој начин, пчелите обезбедуваат природен начин на еколошко опстанување помеѓу видовите. Секоја година на 20 мај се слави Светскиот ден на пчелите, ден посветен на важната улога на пчелите како главни опрашувачи во глобалниот екосистем.

Датумот се совпаѓа со роденденот на Антон Јанша (1734 – 1773), пионер на модерната апикултура, односно пчеларската наука во својата родна Словенија. Неговата заслуга на ова поле е од огромно значење затоа што се грижел за пчелите во царскиот двор и ги проучувал од научен аспект. Под иницијатива на Република Словенија, во чест на Антон Јанша и неговиот придонес на полето на пчеларството, Обединетите нации го прогласиле 20 мај за Светскиот ден на пчелата во 2018 година со цел да се поттикнат владите и организациите, граѓанското општество и загрижените граѓани да ги заштитат опрашувачите и нивните живеалишта.

Главната цел на Меѓународниот ден на пчелите и причината зошто неуморно се слави веќе седум години овој „природен празник“, пред сѐ е за подигнување на свеста за улогата на пчелите, кои, иако мали, се најмоќните суштества на планетата Земја. Без пчелите, глобалното снабдување со храна би било, во најмала рака, загрозено, бидејќи приближно третина од произведената храна ширум светот директно и посредно зависи токму од опрашувањето. Функцијата на пчелите не се разгранува само во доменот на земјоделските науки туку се појавува и како основа при одржувањето на биодиверзитетот. Со опрашувањето на различни растенија, пчелите помагаат во одржувањето на екосистемот и го поддржуваат растот на живеалиштата. Нивното присуство е од клучно значење за опстанокот на многу растителни видови, кои, пак, обезбедуваат храна и засолниште за безброј други организми. А опрашувачите директно придонесуваат за безбедноста на храната. Според експертите за пчели во Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, третина од светското производство на храна зависи директно од пчелите.

Кога животните и инсектите го собираат поленот од цвеќињата, тие и го шират, дозволувајќи на растенијата, како и на многу прехранбени култури, да се репродуцираат. Птиците, глодарите, мајмуните, па дури и луѓето (несвесно) опрашуваат, но најчести опрашувачи се инсектите, а особено најдоминантни се пчелите. Заедничкиот соживот помеѓу пчелите и другите растителни и животински видови (вклучувајќи го и човекот) овозможува оваа симбиоза да опстане со години. Меѓутоа, во последните неколку децении, особено со зголемената светска популација, уништувањето на природните ресурси, сечењето на шумите и зеленилото, зголемувањето на отпадот и загадувањето на воздухот и водата доведува до загрозување на пчелите и нивната симбиотска дејност во екосистемот. Ова е лоша вест за човекот, кој колку и да се обидува да го подобри светот за живеење во технолошка смисла, не смее да си дозволи да ги исклучи пчелите и другите опрашувачи од природниот циклус.

За жал, пчелите се соочуваат со многубројни закани, пред сѐ поради човечките активности и дејствувања на планетата. Уништувањето на живеалиштата, прекумерната употреба на агрохемикалии, како што се пестицидите и климатските промени, се неколку од низата причини, т.е. фактори што придонесуваат за намалување на популацијата на пчелите во светот. Ако продолжиме да ја занемаруваме благосостојбата на пчелите и другите опрашувачи, последиците би можеле да бидат ужасни. Без пчелите, деликатната рамнотежа на екосистемот би била нарушена и ова може да доведе до пад на биолошката разновидност и пад на мрежите за исхрана. Загубата на опрашувачите има двојно негативен ефект поради тоа што ќе ја загрози безбедноста на храната и ќе има далекосежни влијанија врз здравјето на луѓето и економијата. Покрај директните ефекти врз земјоделството, падот на пчелите може да доведе до губење на лековити растенија и други екосистемски релации што често се занемаруваат.

Како да постапиме?

Пчелите се дел од биодиверзитетот од којшто зависи нашиот опстанок. Тие обезбедуваат висококвалитетна храна – мед, матичен млеч и полен – и производи како што се: пчелин восок, прополис и отров од пчели. Пчеларството, исто така, е важен, ако не и основен извор на приход на многу рурални делови од светот. Според IPBES (Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистемски услуги), западната пчела е најраспространет управуван опрашувач на глобално ниво, а повеќе од 80 милиони улишта, односно кошници со пчели, произведуваат околу 1,6 милиони тони мед годишно.

За да се обезбеди здрав и квалитетен опстанок на пчелите и притоа да се заштити животната средина, потребен е ангажман и од наша страна. Овој меѓународен ден на пчелите нека биде повод да се заложиме да ги заштитиме и да ги поддржиме овие опрашувачи, чија улога нѐ одржува во живот. Можеме да почнеме со промовирање на здрави практики соодветни за пчелите, како што се: купување мед и други производи од кошницата на најблискиот локален пчелар, потоа садење на украсни цвеќиња што носат нектар (сончоглед, невен) на балкон или во двор и сечење трева само откако растенијата што носат нектар ќе завршат со цветањето. Покрај тоа, од голема важност е намалувањето на употребата на пестициди што имаат штетно влијание врз животната средина или ако веќе користите пестициди што не им штетат на пчелите, тогаш прскајте ги во време без ветар рано наутро или доцна навечер, кога пчелите се повлекуваат од цветот. Со подигнувањето на свеста кај децата и адолесцентите за важноста на пчелите и поддршката за локалните пчелари, се зачувуваат природните живеалишта и можеме да создадеме поодржлива иднина за пчелите и сите живи суштества.

Меѓународниот ден на пчелите нека служи како потсетник за непроценливиот придонес на пчелите за нашата планета и итната потреба да се одговори на заканите со кои се соочуваат. Во мај 2018 година, Европската унија ја поддржа забраната за три инсектициди познати како неоникотиноиди, за да се ублажи смртоносната закана што тие ја претставуваат за пчелите и нивниот ефект на намалување на опрашувањето во целина. Светскиот ден на пчелите ја подига свеста за суштинската улога на пчелите и другите опрашувачи во одржувањето на здравјето на луѓето и планетата. На крајот на краиштата, судбината на пчелите е сложено поврзана и со нашата судбина. Чувајќи ја нивната, обезбедуваме подобар живот и за нас и за генерациите што доаѓаат.

 

Доротеа Огненовска

МАЈ – МЕСЕЦ НА ЕВРОПА

И оваа пролет, повторно во нов сјај, го славиме месецот на Европа во креативен и енергичен амбиент. Впрочем, во овие пријатни и топли пролетни денови, низ неколку градови во нашата земја се организираат серија настани посветени на културата, уметноста и биодиверзитетот. „Месецот на Европа“, пред сѐ, е прослава на нашето заедничко културно наследство. Секој град, со својата уникатност, придонесува во комплетирањето на мозаикот од новите искуства. Без разлика дали сте љубител на визуелната уметност, музиката, поезијата или, пак, ве интересираат дискусиите од различни технолошки и еколошки теми, овој мај е одлична можност да се запознаете со богатата програма на Europe House.

Концерт на музичка временска машина

Годинешниот „Месец на Европа“ е исполнет со возбудлива низа настани, секој креиран да ја разгори креативноста и да ја поттикне културната размена на различни перспективи и идеи. На овој начин може да се поттикне и да се инспирира духот на заедницата, сплотувајќи ги сите посетители во една прекрасна синергична атмосфера. Помеѓу многубројните настани од опсежната програма на „Месец на Европа“, најистакнат е „Концертот на музичка временска машина“, носталгично музичко патување што ќе ја маѓепса публиката од сите возрасти.


Пред платото на УКИМ ќе можеме да го слушнеме богатиот репертоар на домашни артист(к)и и бендови: „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, „Сетстат“ и Марија Каева, „Ретро кабаре“. Музиката на којашто ќе играме и ќе се забавуваме е всушност комбинација од старото и новото време. Користејќи ја звучната временска машина, артистите ќе се обидат да нѐ вратат назад во енергичната рок-ера и истовремено да ја претопат во современиот звук. Оваа уникатна фузија ќе нѐ врати наназад во времето и ќе евоцира многу стари спомени, а истовремено ќе воведе свежи звуци што резонираат кај денешните музички слушатели.
Сигурни сме дека оваа мајска сесија ќе можете да се опуштите со одлична музика и да ги заборавите за миг обврските од денот. Музичкото патување во временска машина нека нѐ однесе во светот на нотите и тоновите, телепортирајќи нѐ во едно ново доживување. Ве повикуваме заедно да ги пееме старите добри рефрени, но овој пат во нови аранжмани на бендовите од современата музичка сцена. Зад воланот на временската машина управува Драган Б. Костиќ, кој ќе се погрижи патувањето да биде нежно и беспрекорно. Покрај музичката авантура, ќе можете да го ѕирнете малиот саем на книга, совршен за книжевните љубители кои сакаат да откријат нови книги за читање. Потем, отворена ќе биде и винил поп-ап продавницата, што е одлична шанса за музичките фанови да ги прошират своите колекции со ретки плочи. Ако останете гладни додека танцувате, пред платото ќе има избор на вкусната храна што ќе се продава на штандовите. Комбинацијата од музика, книжевност и храна ќе создаде енергична и привлечна атмосфера, правејќи го „Концертот на временската машина“ настан што не треба да се пропушти.

Што ќе се случува во другите градови низ земјата?

Europe House Крива Паланка

Europe House Крива Паланка стана центар на младешка креативност со своите интерактивни иницијативи за младински развој. Прославувањето на месецот на Европа почна на 10 мај во Кратово со панел-дискусија, каде што се разговараше со Маја од „Перкалус дизајн“ и Бојан од „Бојан дизајн“ за иднината во креативно-дигиталните професии во полето на графичкиот дизајн, притоа нагласувајќи ги иновативните решенија на пазарот за UX/UI дизајнот. Една недела подоцна, на 17 мај, Куманово беше домаќин на мултилингвално поетско матине на коешто се прославија лирските таленти на младите од регионот. На мултилингвално поетското матине посветено на Денот на Европа во Куманово ги слушавме преработките и авторските песни на „Номад бенд“, преточени во стихови од младите поети од Книжевниот клуб Куманово. Пиксел по пиксел, патот нѐ донесе назад во Europe House Крива Паланка, каде што сликавме на жив мурал, а вечерта заврши со концерт на талентираниот бенд „Фолтин“.

Europe House Струмица и Europe House Велес

Велес и Струмица за овој европски месец се облекуваат во зелено руво. На 27 мај, Велес ќе биде домаќин на Саемот за вино во Europe House на 27 мај, каде што ќе се слават локалните лозари и нивниот придонес во полето на земјоделството. Идејата на овој настан е да ги привлече енофилите, односно љубителите на виното, и да го нагласи пресекот на традицијата и културата. Посветеноста на Струмица на зелената култура е очигледна во нејзината поставка на еколошкиот настан на 28 мај – изложба на биодиверзитетот на Дојранското Езеро, која ќе ги едуцира и ќе ги инспирира посетителите за важноста на зачувување на нашето природно наследство. Вечерта на 20 мај уживаме во звуците на симфонискиот рок-концерт во Гевгелија.

Europe House Битола

Битола е препознатлива по својата посветеност да ја негува новоафирмираната културна сцена на младите. На 15 мај, настанот посветен на театарот ќе ги заинтересира сите љубителите на книжевноста, оставајќи им простор новите писатели да ги покажат своите таленти. Културната гозба продолжува на 17 мај со класичен концерт во историската Офицерска сала, по што, следниот ден, на 18 мај, ќе следува изложба на отворено и диџеј-сетови во паркот на Офицерската сала. Музејот Битола ќе послужи како заднина за овој спој на историјата и модерните звуци на новото време, создавајќи уникатно културно искуство за сите постели.

Europe House Струга

Europe House Струга ги покани младите поети да учествуваат на отворениот повик за наградата „Млади поети“ на 9 мај, поттикнувајќи ја следната генерација книжевни таленти. На 22 мај, додека во Скопје ечи музичката временска машина, во Струга ќе го сведочиме сликањето на муралот за биодиверзитет, симболизирајќи ја хармонијата помеѓу човечката креативност и природата. Потем, на 30 мај е официјалното и свечено отворање на Паркот на поезијата-Струга придружен со визуелен и музички перформанс. Ова културно обележје послужи како доказ за трајната љубов на Струга кон поезијата и уметноста.

 

Доротеа Огненовска

ГО СЛАВИМЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЏЕЗОТ

Секој 30 април во годината е посветен на џез-музиката и се слави насекаде низ светот. Во енергичната синергија на глобалната музика, џезот се издвојува како звучен доказ за човечката креативност и истовремено како феномен на културната фузија. На овој ден, музичките обожаватели и музичари ширум светот се собираат за да го прослават Светскиот ден на џезот – најдинамичниот жанр во историјата на музиката.

Вкоренет во афроамериканската историја, џезот се појавува кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Инспириран од разновидните музички традиции на Њу Орлеанс, неговите рани музички манифестации се карактеризираат со синкопиран, односно скратен ритам и бараат значителна и постојана импровизација за време на музичкиот перформанс. Талентираниот џез-артист треба да умее да влегува во различни ритмички игри и импровизации за да создаде џез-песна.

Џезот е карактеристичен, пред сѐ, најмногу за афроамериканската историја, зашто им дал глас на маргинализираните заедници и предизвикал културна револуција на територијата на САД. Пионерите како Луис Армстронг, Дјук Елингтон и Џели Рол Мортон ги поставиле основите на џез-музиката, додека нивните иновативни композиции и виртуозни изведби не престануваат да ја воодушевуваат светската публика денес, повеќе од половина век подоцна од нивниот прв јавен перформанс.

Средината на дваесеттиот век е период познат како златната доба на џезот. Џез-фигурите како Мајлс Дејвис, Џон Колтрејн и Ела Фицџералд се заслужни за поместување на границите на жанрот. Џезот добивал свои варијации. Тука спаѓа и бибоп-револуцијата од четириесеттите, како и експерименталниот џез од шеесеттите, кога продолжил да се развива, инспирирајќи се од влијанијата од латино-музиката и африканската и азиската музика. Албумите како „Kind of Blue“ на Дејвис и „A Love Supreme“ на Колтрејн се дефинираат како синоним за уметничката експресија на модерното време. Нивната музика ги надминала културните бариери и послужила како инспирација за идната музичка џез-сцена.

Џезот во Европа 

Проширувањето на џезот околу 1900 година на територијата на САД кај афроамериканската заедница за време на културните миграции довело до мошне брзо ширење и на други места во светот. Од 1918 до крајот на 1920 година во Европа зборот „џез“ бил непознат термин што означувал микстура, односно мешавина на различни видови музика. Подоцна, џезот станал вистинска мода во повеќето западноевропски земји. Еден од најважните аспекти на оваа „нова мода“ било тоа што допрела и до музичари од академските музички кругови, како што се Игор Стравински, Морис Равел и Жорж Орик во Франција, кои гледале на џезот како на инспиративен извор за нивната композиторска практика. Друг сличен пример со џез-експериментација доаѓа од австрискиот композитор Ернст Кренек и неговата композиција на „џез-опера“, со наслов „Jonny spielt auf“ од 1927 година.

Низ целиот свет, џез-музиката полека почнува да станува еден од најинтересните музички жанрови. Во Европа, градовите како Париз и Лондон станале културно жариште за развој на џез-музиката, привлекувајќи музичари од Америка, а истовремено негувајќи ја магијата на локалното творештво. Во меѓувоениот период, т.н. „џез-доба“ ја зафатила Европа, населувајќи се на сцените од ноќниот живот со заразниот џез-ритам. Фигури како Џанго Рајнхард и Стефан Грапели биле пионери на жанрот познат како џипси џез. Тие го основале Квинтетот на жешкиот клуб на Франција (Quintette du Hot Club de France) во 1934 година и групата опстанала сè до 1948 година. Нивниот експеримент ја комбинира традиционалната ромска музика со различни форми на џез-импровизација за да создаде уникатен европски звук.

Денес, џезот продолжува да се навраќа на глобалната сцена, во дослух со новите технологии. Од раздвижените улици на Рио де Жанеиро до интимните џез-клубови во Токио, љубителите на џезот се собираат за да го прослават Светскиот ден на џезот, потврдувајќи ја трајната привлечност на жанрот и универзалниот јазик на ритамот и мелодијата. Така и во нашата земја, Светскиот ден на џезот го прославуваме низ повеќе градови со низа работилници и интерактивни курсеви.

Студентска уметничка пролет

Последниот настан на Студентска уметничка пролет беше посветен токму на интернационалниот ден на џезот. Младите уметници читаа поезија додека во заднината свиреше традиционална џез-музика од посветени музичари на различна возраст. Оваа поетско-музичка вечер претставуваше интермедијална соработка помеѓу два факултета во Скопје – Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмски уметности. На Академска сцена на ФДУ бевме сведоци на џез-ентузијасти чии мелодии и импровизации одличнo се вклопија со поезијата на младите талентирани книжевни творци.

Велес во џезерска атмосфера

Europe House Велес го прослави Светскиот ден на џезот заедно со „Art Generator“, уникатен настан што секоја година продолжува да ги инспирира и да ги поврзува љубителите на музиката. Настанот побуди интересен преглед на историјата и развојот на музичките стилови преку изложба на џез-плочи на најголемите колекционери во Велес, а се организираше и интерактивна обука за нагодувањето грамофони предводена од Марјан Стојнев со акцент на аналогниот звук. Подоцна бевме сведоци на неверојатен соло-пијано концерт на Гордан Спасовски, чија изведба уште еднаш го потенцираше длабокото емотивно влијание на џез-музиката врз публиката.

Вечерта ја заокруживме со винил-забава со Бојан Петков-Шамба. Неговиот избор на плочи создаде прекрасна атмосфера, каде што настана хармонично испреплетување меѓу старото и новото. Видеомапингот, пак, овозможен од „Edit points“, го претвори просторот во посебно доживување, илустрирајќи го џезот не само како звук туку и како визуелна репрезентација.

Џез-работилница во Струмица

Europe House Струмица организираше интерактивна работилница со Филип Динев, кој беше придружен од младите гитаристи на професорот Васко Пиличев – „Ависта“. Учениците се запознаа со различни музички инструменти, особено со инструменти што најмногу се користат при џез-импровизации. Светскиот ден на џезот го прославивме во убава атмосфера преку гитарски курс, разменувајќи искуства, знаења и совети меѓу младите гитаристи.

Во Струга се слуша ЏЕЗ!

Во вторникот, на 30 април, Europe House Струга го одбележа интернационалниот ден на џезот на многу креативен начин. На повеќе локации во градот, учениците од средното музичко училиште „Тодор Скаловски“ од Струга и професионални музичари под водство на професорот Гоце Стојаноски свиреа џез-музика. Напладне, во зенитот на сонцето, пред мезе-барот „Кингстон“, машката плажа кај хотелот „Дрим“ и на шеталиштето спроти хотелот „Фреја“ одекнуваа звуците на препознатливите џез-песни.

Доротеа Огненовска

Фотосторија на Радожда

Изгрејсонце

Дали се сеќавате каде сте го виделе најубавото изгрејсонце на светот? Без разлика каде сте ги посведочиле првите зраци на зората, живописните улици на големите метрополи не се споредуваат со жолто-портокаловите нијанси што фрлаат топол сјај врз малото село Радожда. Скриено зад планината Јабланица, на брегот на Охридското Езеро се наоѓа најубавото село во нашата земја. Овде, додека утрото полека се буди над езерото и чуновите нежно се нишаат на тивкото ветре, се доживуваат вистински мистични мигови. Изгрејсонцето во Радожда е вистински спектакл за гледање.

Историја и геопозиција

Селото е сместено во близина на Струга и излегува директно на западниот брег на Охридското Езеро. Во летните периоди селото е посетено од туристи и се чувствува раздвижена енергија низ малите сокачиња и ресторанчињата. Меѓутоа, вистинската идила на Радожда најмногу може да се почувствува во преостанатиот дел од годината. Мирниот пејзаж на брегот на езерото повикува на спокојно бегство од секојдневието. Затоа, за посета, нема да згрешите ако одберете и период од годината што не влегува во туристичката сезона.

Селото Радожда е историско село. Според записите на свештениците од охридската околина, се верува дека селото постоело малку пред средновековниот период, некаде во десеттиот век од нашата ера. Според изворите, селото се споменува под името Радобужда. Добрата местоположба и близината на езерото биле важен извор на храна и тоа ги натерало селаните да се преселат покрај него и тука да ја формираат новата населба, што подоцна ќе стане Радожда.

Жителите на Радожда се занимавале со второстепени и третостепени стопански гранки, како туризмот и занаетчиството. Селото има и свое основно училиште во кои учат околу стотина ученици. Во Радожда се говори на посебен дијалект со свои одлики, што во македонската дијалектологија е познат како вевчанско-радошки дијалект, што спаѓа во подгрупата на западни периферни говори на западното наречје на македонскиот јазик. Вевчанско-радошкиот дијалект е многу сличен со струшкиот и со охридскиот дијалект.

Мирен ден покрај езерото

Како што веќе заклучивме, една од главните карактеристики на Радожда е нејзината неверојатна местоположба покрај брегот на едно од најстарите и најдлабоките природни езера во Европа. Активностите што можете да ги истражувате додека сте во Радожда се во голем број. Без разлика дали ќе се сончате на каменестите плажи или, пак, ќе кајакувате по мирните води на езерото, спокојниот амбиент на Радожда може да се вкуси и преку нивната уникатна храна, особено традиционалното охридско макало и пастрмката.

Вкусен локален појадок

Она што навистина ја издвојува Радожда се топлината и гостопримството на нејзините жители. Храната е подготвена од вредните раце на селаните. Риболовот е примарното занимање на жителите. Децата уште од мали нозе ги учат техниките и вештините за ловење риба и помагаат во подготвувањето на храната.

Ниту една посета на Радожда не би била целосна без да се пробаат вкусните кулинарски понуди: од свежо уловена риба сервирана во традиционалните ресторанчиња покрај езерото сѐ до домашни колачи со локална арома. Тука задолжително спаѓа познатата охридска пастрмка, регионален специјалитет познат по својот препознатлив вкус и текстура, како и традиционалното охридско макало, чија рецепта е генерациски зачувана.

Покрај вкусната риба, во Радожда расте и овошката оскоруша или попозната меѓу народот како скоруша. Непозната за многумина, оскоруша често се поистоветува со мушмула, дива круша или смоква, токму поради тоа што плодот може да се јаде откако убаво ќе презрее. На нашата прошетка во Радожда, бабите ни раскажаа како прават чај од билката оскоруша, што ја наоѓаат во планинските предели на Охридско-струшкиот регион. Оскорушта има вкус на суво грозје и  служи за јакнење на имунитетот.

Авантури на отворено и истражување на природата

За љубителите на природата, Радожда служи како одличен избор за ескапизам од рутината на секојдневието. Панорамскиот поглед на езерото и околните планини отвораат простор за препознатливото охридско-струшко параглајдерство. Оние што тргаат по душевен мир можат медитативно да го практикуваат планинскиот велосипедизам и искачувањето по карпи – сето тоа во заднината на прекрасните природни пејзажи на Радожда и погледот кон Националниот парк Галичица.

Културни и историски богатства – тесните улици и сокачиња

И покрај маленкоста, Радожда може да се пофали со богато културно наследство што датира векови наназад. Додека талкате низ селските улици ќе наидете на необични камени куќи украсени со шарени цвеќиња, низ чии прозорци ѕиркаат љубопитните очи на домаќините.

Пештерна црква „Св. Архангел Михаил“

Скриена меѓу карпите во селото Радожда, пештерската црква „Св. Архангел Михаил“ е една од најпознатите цркви во регионот. Со поглед кон живописниот брег на Охридското Езеро, малата небаре маскирана црква во карпите датира од тринаесеттиот век и претставува богато културно и религиозно наследство на земјата. Православната црква е насликана со иконографски фрески што го преживеале забот на времето и се доказ за средновековна уметност во македонскиот регион, како и на верските традиции во земјата. Истрошените фрески прикажуваат сцени од Библијата, вклучувајќи ги ликовите на Исус Христос и Богородица, како и разни други светци. Најголемиот дел од откриените фрески потекнуваат од четиринаесеттиот век, а особено се истакнува единствената зачувана композиција од тринаесеттиот век, „Чудото во Хона“, насликана во чест на патронот кому е посветена црквата. Скриена подалеку од главниот пат, пештерата „Св. Архангел“ не е само историски локалитет туку и свет простор каде што времето се чини дека запира и нуди светилиште за тивко размислување и интроспекција. Од фреските можат да се чујат звуците на минатото што се одгласуваат со тивок шепот. Ветерот од езерото го стишува сјајот на свеќите, притоа фрлајќи етерични сенки на ѕидовите. Црквите ги конзервираат приказните од минатите векови. Овде, во студените ѕидови на црквите, посетителите не можат а да не почувствуваат чувство на поврзаност со нешто што е поголемо од себе. Покрај карпестата црква, во Радожда има уште неколку цркви: „Св. Никола“, „Св. Петка“, „Св. Илија“, „Св. Богородица“ и „Св. Недела“.

Виа Игнација

Во близина на Радожда сѐ уште може да се види помошниот патен правец, Виа Игнација, граден во 146 година н.е. Денес, радожданци „газат“ на познатиот историски пат што некогаш ги поврзувал западниот и источниот свет, од Рим до Истанбул. Опкружен со бујно зеленило и вегетација, патот опстанува сѐ до денес и може да се посети.

Вавилон

Годинешната резиденција за книжевен превод – „Вавилон“ се одржа во Радожда, од 17 до 21 април, каде што 14 студенти и 4 ментори дискутираа и решаваа различни јазични и преведувачки ситуации. Убавото време и атмосферата им послужи на студентите да се инспирираат и да навлезат подлабоко во тајните на преведувањето.

Доротеа Огненовска

СТУДЕНТСКА УМЕТНИЧКА ПРОЛЕТ

Оваа година, Студентската уметничка пролет, во организација на Europe House, ги сплоти уметничките факултети за да ја прослават уметноста заеднички. Студентската уметничка пролет се организира по повод Интернационалниот ден на уметноста – 15 април. Europe House го прославува светскиот ден на уметноста со низа културно-уметнички настани. На тој начин, преку овие настани, се потенцира големото влијание што го има оставено уметничкиот израз врз нашата земја. Ова беше одличен повод за студентите да ги покажат своите таленти и да истражат подлабоко во нивните соодветни области на интерес и така да поттикнат креативно чувство во уметничката заедница.

Студентска уметничка пролет

Што претставува Студентската уметничка пролет? Накратко кажано, Студентската уметничка пролет е уникатна прослава на младешката енергија преку универзалниот јазик на уметноста. Студенти од различни уметнички факултети се сплотија и ги претставија своите креации преку многуте облици на уметничката форма. Овој интердисциплинарен пристап го поддржа Europe House и за таа цел организираше четиринаесет настани што временски и просторно се распространија низ градот Скопје во текот на две недели во периодот од 11 до 26 април. Универзитетското студентско собрание при УКИМ учествуваше во организацијата на настаните за Студентската уметничка пролет. Студентската уметничка пролет ги спои Факултетот за драмска уметност, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Преиспитувајќи ги границите на уметничката креација, студентите ги истражуваа полињата на музиката, книжевноста, филмот, сликарството и театарот. Сите учесници беа дел од едно прекрасно патување низ институциите, каде што студентите и професорите ги доближија различните видови на уметничко творештво на интересен и на заемно интегриран начин. Овие сесии служеа како „уметнички катализатор“ за понатамошни дискусии, инспирирајќи ги студентите да истражуваат нови начини на креативност и критички развој, препуштајќи се на убавината и уметноста како главен двигател што не познава граници.

Ретроспектива на настани

За време на сите овие настани се почувствува синергија помеѓу различните уметнички форми, збогатувајќи го искуството на публиката и нагласувајќи ја меѓусебната поврзаност на студентите и уметностите. Во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје се одржа првото предавање на професорот д-р Ристо Солунчев под наслов „Уметничкото дело како празник“. Со ова предавање официјално почна серијалот настани во рамките на Студентската уметничка пролет. Потоа продолжија серија предавања чии тематски дискусии го тангираат прашањето на музиката, визуелните уметности и новите медиуми.

Следниот настан беше отворање на изложбата со ликовни дела на студентите од Факултетот за ликовни уметности, кои, заедно со студентите од Факултетот за музичка уметност, во прекрасниот амбиент на Сули ан ги изложија своите уникатни творби што беа отворени за посетителите од јавноста. Звучната инсталација, заедно со насликаните дела, создадоа уникатна уметничка хармонија и го збогатија амбиентот за оваа пригода. Преку сиот тој збир на слики, графики, цртежи, инсталации и дигитални дела, публиката се запозна со естетскиот и уметничкиот печат на новата генерација уметници. Опкружувањето дозволи подетално да се искусат авторските дела работени во повеќе техники, оставајќи простор да се пренесе креативниот глас на младите уметници.

На 15 април се одржаа неколку предавања. Предавачите ги изложија своите тези во предавалните на факултетите што не им се матични по нивната струка и на тој начин направија „интердискурзивна“ академска прошетка. Во салата за седници на ФлФ се одржа предавање на Јулијана Деспотовска на тема „Музикотерапија“, која говореше за начинот на кој музиката терапевтски може да влијае врз нервниот систем на човекот. Предавањето што следуваше во галеријата на ФЛУ го одржа професорката д-р Мира Беќар на тема „Музичките жанрови и општествените класи“, нудејќи интересна перспектива на социолошкото значење, односно интерпретација на музиката. Во концертната сала на ФМУ, последното предавање на денот на професорот д-р Вангел Ноневски ги истражуваше актуелните теми на денешницата со наслов „Ремикс култура, уметност и нови медиуми“.

На 18 април, во аулата на ФлФ, се отвори инсталацијата „Скриени дела и спомени – откривање“ на студентите од Факултетот за ликовни уметности.

Следниот ден, на 19 април, богатата програма почна со концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност, каде што настапија студенти по гитара од класата на професорот м-р Дарко Багески и студенти по хармоника од класата на вонредниот професор м-р Златко Мадевски. Вечерта продолжи со испитот по предметот актерска игра 4 на студентите од Катедрата за актерска игра во класата на професорката д-р Сузана Киранџиска и вонредната професорка д-р Кристина Леловац. Впрочем, на сцената на ФДУ се одиграа еклектични настапи, каде што студентите ја проследија изведбата на „Требаше да имаме текст“. Големата публика ја поддржа младата изведувачка сцена со својот громогласен аплауз. Вечерта заврши со несекојдневниот диџеј-сет на талентираниот Јован Вуковиќ.

На 23 април, врнежливото време не ја спречи прославата за Светскиот ден на книгата и авторското право, каде што се одржа заедно со предавањето за Шекспир на Дејвид Гир, шефот на делегацијата на Европската унија, во аулата на ФлФ. На истото место, амбасадорот на кралството Шпанија, Хозе Луис Гарсија, нѐ воведе во светот на шпанската книжевност со акцент на Сервантес и неговата улога во ренесансниот развој на светската литература.

Оваа студентска уметничка пролет организираше и две филмски проекции на Техничкиот кампус на УКИМ на т.н. Кино на отворено, каде што се емитуваа филмовите „Тага“ во режија на Тина Величковиќ и „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов.

Последниот ден, на 26 април, во салата за седници на ФлФ го ислушавме предавањето на д-р Гоце Наумов – „Стратиграфија на музиката: предисториски основи на ритамот“.

Студентската уметничка пролет се затвори со поетско-музичка вечер по повод Светскиот ден на џезот во бифето на ФДУ. На убавиот настан бевме сведоци на џез-ентузијасти чии мелодии и импровизации се вклопија со поезијата на младите талентирани книжевни творци. Комбинацијата на читање поезија и свирењето џез-музика во заднината се покажа како одлична комбинација.

Во текот на овие две недели кампусот стана центар на интердисциплинарни средби и изведби. Театарските претстави ги сплотија театарот, музиката и книжевноста. Серијата интердисциплинарни предавања овозможија подлабок увид во темите на академските истражувачи. Професорите ги споделија своите знаења, давајќи интересни перспективи за пресекот на уметноста, културата и општеството. Почнувајќи од драмските поставки, сѐ до музичките концерти, секоја уметничка (ре)презентација на сцената понуди уникатен поглед во безбројните аспекти на уметноста и нејзината општествена примена.

Соработката меѓу факултетите ја потврди трансформативната моќ на уметноста да ги сплотува и да ги надминува границите, притоа користејќи ги најмоќните алатки на денешницата: уметноста и јазикот. Овие алатки се важни за нашата култура, пред сѐ за откривање нови светски визури и стекнување заемна почит меѓу уметностите. Надвор од сцената и предавалните вриеше од убава енергија додека студентите ги покажуваа своите уметнички потфати гордо пред публиката, а гледачите и слушателите уживаа во секој споделен миг. Настаните на Студентската уметничка пролет уште еднаш докажаа дека во нашата земја младите умеат да го пренесат сензитивниот дух на креативноста, љубопитно истражувајќи го непресушниот извор на уметничкиот чин.

Во академскиот пејзаж, каде што креативниот импулс не познава граници, комбинацијата на различни дисциплини резултираше во уште една поинтересна комбинација на уметнички перспективи: Студентска уметничка пролет. Без разлика дали станува збор за музичко-поетска изведба или за книжевно предавање на уметнички теми, студентите ја искористија можноста да ги прошират своите хоризонти и да го ослободат својот креативен потенцијал.

 

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!