Culture Matters Series Archives - Europe House

Новата поезија: меѓу каноните, современоста и слободата

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Јосип Коцев, поет

Од оние сум што веруваат дека поезијата има вонвременски својства, па пишувањето за „млада поезија“ малку ги распаметува сказалките на мојот книжевен часовник. Не е тајна дека во нашата средина, поетите, дури и оние на средни години со неколку објавени книги зад себе, со децении влегуваат во категоријата „млади и надежни“, па можеби оваа моја временска дезориентираност е и оправдана. Сите поети се млади, gau de amus igitur. Затоа, наместо за младата, би прифатил еден терминолошки компромис и би пишувал за новата поезија, иако не сум наклонет кон преголеми поетски декларации и апстрактни дефиниции бидејќи за мене поезијата е конкретен миг на доживување, пресек на чувството и мислата, а расправите за неа честопати се бескрајни, самодоволни и затрупани со субјективни флоскули. И сепак, еве, свесно паѓам во таа замка одговарајќи на прашањето: Како ја гледам новата, млада поезија?

Социјална ангажираност – секако, но зошто не и поглед навнатре?

Изминативе две години имав можност да соработувам со една издавачка куќа што се занимава со препеви и преводи на автори од помалку застапените источноевропски јазици – бугарски, хрватски, украински, летонски – на огромниот шпански книжевен пазар. Повеќето од овие поети и писатели се млади луѓе, родени по падот на железната завеса и она што веднаш го забележав кај нив беше ослободеноста од диктатот на социјалната ангажираност како задолжителна книжевна легитимација. Наместо да зборуваат од позиција на колективна судбина или историска неправда, тие се насочени кон интимното, личното, експерименталното. Во нивните песни урбаните пејзажи се слеваат со дигиталните простори, а јазикот слободно се движи меѓу локалниот колорит и глобалните културни кодови. Ова враќање кон искреноста, кон суптилната човечка чувствителност без задолжителна обврска кон „големите“ наративи е можеби најсуштествената одлика на новата поезија. Таа покажува дека интимниот, личниот глас може да биде исто толку моќен и релевантен колку и оној што држи политички говор од сцената.

„Поетската генерација“ – коинциденција и чиста статистика

Термините „поетска генерација“ или „писателска генерација“ отсекогаш ми звучеле редуктивно. Зошто би го подредувале поетскиот израз на еден автор во иста кошница со група туѓи поетски изрази само според годината на раѓање, како да станува збор за административна статистика? Имаме автори родени во првата деценија на 21 век чии песни носат далечен призвук на традиција и архаичност, и обратно – поети родени во 70-тите што пишуваат со современ јазик и им припаѓаат на најактуелните културни регистри. Новата поезија треба да ја одразува вистината за творењето – тоа е длабоко самотнички, сурово индивидуален процес. Секое дело треба да стои само за себе – со свој сопствен ризик, своја сопствена боја и глас. Време е поезијата да се ослободи од тој вкотвен став на редење „поетски генерации“ – како да се работи за воена регрутација во која сите мора да носат исто оружје и униформа. Наместо да се бара еден генерален „поетски призвук“ за цела група автори родени во иста декада кои фаќаат фреквенции во тие рамки, сакам да верувам дека секој млад автор ќе најде сила да застане сам зад своето дело и слободно и надгенерациски ќе го збогатува хоризонтот на различности.

Отворена покана за замолчаните

Историјата на литературата е истовремено историја на објавените гласови, но и на замолчаните, одмолчаните, премолчаните, избришани од видното поле или истиснати на маргините. Неодамна се прашував колку ли само замолчани и маргинализирани луѓе заминале од овој свет со креативна имплозија во себе? Долги децении книжевните друштва функционирале како затворени клубови. Луѓе со слични биографии, интереси и идеолошки погледи се собирале, се читале меѓусебно и си ги обезбедувале видливоста и местото во „колективниот портрет на литературата“. Критиката често се заменувала со колегијална потврда, а надворешните – особено жените и припадниците на маргинализираните групи или оние без пристап до тој круг – останувале невидливи. Новата, млада поезија, а и литературата воопшто, ми се чини дека сè појасно претчувствува и признава една проста, но радикална вистина: каноните не се ниту вечни ниту неутрални. Тие се производ на историски околности, културни хиерархии и префинети (или понекогаш брутални) механизми на одредување чиј глас е подобен на моменталните општествени услови и „вреди“ да преживее. Таа е и свесна дека преиспитувањето на канонот не значи бришење на ничие име или гонење од салонот на книжевноста, туку отворање на вратите за оние што никогаш не биле поканети да влезат.

Нова шанса за автентичност

Денес, автор кој никогаш не би бил поканет во тесните книжевни друштва може да допре до широк број читатели ако неговото дело ја пронајде својата публика онлајн. Алгоритмите, иако каприциозни, понекогаш се пофер од човечките порти – не прашуваат во кој круг седиш или каде циркулираш, туку дали твоите зборови предизвикуваат реакција кај читателот. Новата поезија денес има историска шанса да го одмине патот на старите клубови, да остане љубопитна и да ѝ одолее на опасноста повторно да се затвори во нови, уште потесни виртуелни кругови и групи на интерес. Социјалните мрежи, блоговите, поткастите, независните списанија и дигиталните платформи ѝ даваат можност да излезе пред светот без посредници, без чекање формално „влегување“ во канонот. Ова носи и креативна слобода – поетите можат да експериментираат со форма, да мешаат медиуми (текст, слика, звук, видео), да објавуваат интерактивно, да градат публика без филтри. Сепак, и ваквото големо расејување во дигиталниот простор како неограничена сцена не е без ризик. Тука е секогаш присутната книжевна хиперпродукција што е доволно луда и самоуверена да галопира неконтролирано, без потребниот сигнал од критиката (а во голем дел и без реакција од читателската публика). Но тоа е друга тема за размисла.

Верба

На крајот, верувам дека новата поезија ќе се избори за својата слобода. Таа има шанса да биде таква каква што сака да биде, и поангажирана и поперсонална, да ја прифати различноста како норма, а не како исклучок, да се ослободи од генерацискиот норматив и да зборува со јазикот што ѝ прилега, без да се плаши. И, се разбира, да остане верна на својата огромна поврзувачка моќ иако доаѓа од најосамените предели на човечката душа.

Зошто оваа приказна сега?

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Ангела Несторовска, филмски продуцент, „Сектор филм продукција“

Понекогаш знаците не се светлечки билборди. Не се ниту гласни аплаузи. Понекогаш, тие се тивки, едноставни и ненаметливи, но клучни. За мене, „надредниот знак“ се појави кога бев дете. Еден исклучително жежок летен ден, тетка ми ме одведе во киното „Бамби“. Го гледавме „Три бои: Сино“, во празна сала, во 16 часот, кога сонцето ги претопуваше улиците на градот. Можеби некој друг би го заборавил тој миг како обичен спомен. Но, јас знаев: тоа беше знак.
Оттаму почна сè. Љубовта кон филмот, приказната, сенката, тишината. Почна нешто што не можев тогаш да го именувам, но тоа подоцна стана мојот живот.

Години подоцна, одам по тој пат со истата љубопитност. Работам како филмски продуцент („Сектор филм“), постојано во движење меѓу сопствените и туѓите граници – географски, уметнички и ментални. Соработувам со различни тимови, менталитети и земји. Домашни проекти, меѓународни копродукции, работам и како продуцент на странски продукции. Меѓу секој филм и секој пат си го поставувам истото прашање: „Зошто оваа приказна сега?“ И секогаш има одговор. Некогаш нежен. Некогаш тежок. Но, секогаш присутен.

Од сите земји во кои сум работела, една ми останува особено блиска: Грција. Таму не само што снимавме, таму раскажувавме заеднички приказни. Таму, филмот „Зад стоговите сено“ (Piso apo tis thimonies / Behind the Haystacks) на режисерката Асимина Проедру, во грчко-германско-македонска копродукција доби рекорден број награди на Грчката филмска академија во 2023 година, вклучувајќи и награда за најдобар филм (награда за продуцентите).
Тоа беше повеќе од успех. Тоа беше знак. Надреден. Потврда дека нешто вистинито, нешто наше, нешто балканско – може да биде разбрано, примено и прославено и надвор од нашите граници. Македонски и грчки кастинг. Локации од двете земји. Заедничка екипа. Заеднички сензибилитет. Филм што зборува едно исто. И највредното што го научив од таа соработка е токму тоа дека кога еднаш ќе те препознаат надвор од границите, нема враќање назад. Не поради суетата, туку поради одговорноста. Стануваш амбасадор на сето она што можеме да го направиме — со малку пари, но со многу срце.

Работата во Грција ме донесе и до една сосема нова реалност: американската продукција “Tin Soldier”, каде што ѕвезди како Роберт де Ниро, Џејми Фокс, Скот Иствуд, Џон Легуизамо и Рита Ора работеа рамо до рамо со локални екипи. Еден ден бев во Скопје со домашен тим, веќе другиот ден — на сет во Грција, со холивудски режисер, троен буџет, различни култури и бројни недоразбирања на ден… Но, функционираше.

Во тој свет каде што сè е прецизно, навреме, испланирано до последниот детаљ — нè сакаат затоа што знаеме да импровизираме. Затоа што сме израснати да се снаоѓаме во незгодни ситуации, да преговараме со локални институции, да најдеме начин да снимиме сцена без да затвориме цела улица. Тоа е нашиот таен адут. Балканската упорност. Балканската снаодливост.

Во нашата професија малите победи се најважните. Не зборувам за црвени теписи. Зборувам за моментот кога некој, далеку од твојата земја, ја гледа твојата работа и вели: „Ова вреди.“ Тоа не е само признание за еден филм. Тоа е признание за сите борби, сите чекања по фондови, сите ноќи без сон, сите „не“ што те научиле да го чекаш вистинското „да“.

Патот на македонскиот филм е пат на европскиот филм. Во филмската индустрија ние одамна сме Европа, особено кога станува збор за реализирани копродукции. Имаме професионалци што знаат да создаваат филм, но потребна ни е  поддршката, и тоа континуирана.
Филмската индустрија не ни дава ништо однапред. Но ни дава знаци. Понекогаш тивки. Понекогаш длабоки. Од нас зависи дали ќе ги препознаеме.
Јас избрав да ги следам.

Ивица Баковиќ: Преведувањето на македонските современици и класици е насушна потреба

Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Со Ивица Баковиќ се запознавме во мај, за време на Саемот на книгата, кога беше во Скопје на двонеделен престој во рамки на мрежата „Традуки“, а во организација на издавачката куќа „Готен“. Ми остави впечаток на љубопитен трагач по највозбудливото во современата македонска книжевност, добар познавач на македонските класици и посветен преведувач од македонски на хрватски, кој искрено и ентузијастично се грижи за пробив на македонските автори во Хрватска.

Ивица е професор на Филозофскиот факултет во Загреб и неговата перспектива во поглед на тоа кои дела треба да се преведуваат и на кој начин можеме да работиме на уште поголема видливост на македонската книжевност надвор, е особено важна.

Ивица, од каде љубовта кон македонскиот јазик и македонската книжевност?

Со македонската книжевност прв пат дојдов во контакт во куќната библиотека каде што го имавме сараевското издание („Веселин Маслеша“) на романот „Две Марии“ од Славко Јаневски, но интересот за македонската книжевност доаѓа од мојот интерес за словенските книжевности, култури. Дури кога се запишав на славистика и кроатистика на Филозофскиот факултет во Загреб почнав подетално да се запознавам со македонската книжевност, особено на предавањата на професорот Борислав Павловски, а и со македонскиот јазик на лекторските вежби кај професорката Борјана Прошев-Оливер.

Некако во текот на студирањето веројатно се родило тоа што би можело да се нарече љубов. Секако, улога во тоа имаат и моите први патувања во Македонија кога како студент учествував на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (првите лекторски вежби кај Лидија Танушевска, потоа разговорите за книжевноста во секцијата кај Весна Мојсова-Чепишевска). И така, полека ги продлабочував своите сознанија за јазикот и литературата, а со тоа и онаа субјективна врска.

Во текот на мај преку мрежата „Традуки“ беше на двонеделен престој во Скопје. Колку често доаѓаш во земјава и колку ти значи тоа за твојата преведувачка работа?

Во врска со тоа можам да кажам дека сум привилегиран, бидејќи во Македонија сум еднаш до два пати годишно и тоа многу ми значи за преведувањето. Привилегиран сум затоа што моите престои во Македонија се поврзани со работа на Филозофскиот факултет на Универзитет во Загреб (најчесто доаѓам на конференции, а понекогаш и како наставник на стипендии и размени). Секогаш кога сум во Македонија се обидувам да се информирам што има ново од книжевната продукција, обавезно одам во скопските книжарници, разгледувам и купувам нови наслови.

Но, овој пат, на резиденцијата имав прилика да ѝ се посветам исклучиво на преведувачката работа, на талкање низ книжарниците. Имав среќа и што во тој период се одржуваше Саемот на книга, па имав прилика на едно место да најдам нови, ама и некои постари наслови, но и да се запознам со некои од авторите, да се сретнам со издавачите и со луѓето активни на тоа поле, да бидам на неколку промоции и книжевни разговори што е од големо значење бидејќи така се воспоставуваат врски кои се важни во оваа работа.

На саемот добив и неколку извонредни препораки за нови наслови со коишто пријатно бев изненаден. Освен тоа, бидејќи во текот на тие две недели немав толку обврски како вообичаено кога доаѓам, можев и да шетам низ Скопје, да се качувам на Водно, да откривам некои за мене нови места. Преведувањето за мене сепак не е само седење со глава закопана во книгите и речниците.

Книги од македонски автори преведени на хрватски од Ивица Баковиќ

Од македонски на хрватски ги имаш преведувано Живко Чинго, Владимир Јанковски, Петар Андоновски, Румена Бужаровска, Симона Јованоска… Што од она што го имаш преведувано најмногу ти има легнато, а што најмногу те има измачено?

Тешко ми е да одговорам на ова прашање затоа што, кога некој превод е готов, објавен и конечно зад мене, ми се чини дека го заборавам интензитетот на сите фрустрации и маки со коишто сум се соочувал во текот на преведувањето. Во преведувањето секогаш уживам, тоа ми доаѓа како некое бегство од секојдневието, од некои рутини, па дури и кога искрснуваат навидум ненадминливи проблеми, тие ми претставуваат предизвик во позитивна смисла. Сепак, еве, можам да кажам дека најмногу ми има легнато преведувањето на Депонија од Славко Јаневски, бидејќи од порано многу го сакам неговиот стил, а и Невестата на змејот од Влада Урошевиќ беше едно возбудливо патување во сите можности на јазикот.

Каква е рецепцијата на делата што ги имаш преведувано во Хрватска и од што најмногу зависи тоа?

Во Хрватска имаме нешто што се вика ЗАМП, а станува збор за Стручна служба за заштита на авторски музички права при Хрватското друштво на композитори. Од таа служба секоја година преведувачите добиваат податоци за тоа колку пати е некоја книга позајмена од народните библиотеки (значи, сите библиотеки во Хрватска).

Според податоците за 2023 година (уште не ми се достапни податоци за 2024), најмногу се позајмуваат книгите на Румена Бужаровска и Петар Андоновски. Бужаровска е веќе препознатливо име кај хрватските читатели, но и кај книжевните критичари, нејзините книги се читаат масовно, па и промоциите и книжевните вечери со неа се посетени и мислам дека таа е најпопуларен и најпрепознатлив македонски автор во Хрватска. На пример, преводот на нејзиниот нов роман е објавен пред неколку месеци и во каталогот на загрепските библиотеки може да се види дека речиси педесетина примероци се позајмени. Петар Андоновски пред две години има гостувано во Загреб на промоцијата на неговиот роман Страв од варвари, во хрватските весници и портали имаше неколку интересни книжевни критики за романот и мислам дека нашите читатели го препознаа. Значи, и книжевната критика игра голема улога во рецепцијата. Третиот пример е книжевниот класик Влада Урошевиќ. Во февруари годинава на Хрватската телевизија имаше емисија Клубот на читателите и темата беше опусот на Влада Урошевиќ. По емисијата забележав дека повеќе достапни примероци во градските библиотеки беа позајмени. И уште еден пример, по објавувањето на преводот на Големата вода, на романот му беше посветена една радио-емисија, имаше и добри критики, а во овој случај ми беше важно и издавачот да биде препознатлив (издавачката куќа „Диспут“ е позната по изданија на современите и помалку познати класици), што значи дека и профилот на издавачот игра улога во рецепцијата. Се разбира, и осмислената реклама (па и дизајнот на корицата) игра важна улога и мислам дека тоа најмногу зависи од издавачот, особено кога писателите не се однапред познати, како оние од таканаречените големи литератури.

Како решаваш што следно ќе преведуваш? Колку е тоа твоја лична одлука, а колку на барање/во договор со издавачите?

Најчесто издавачите ме контактираат со веќе готови предлози бидејќи тие имаат некои свои канали и методи на избор што ќе објавуваат. Јас во тие случаи прифаќам или не прифаќам, зависно од тоа колку слободно време имам, бидејќи сепак мојата примарна работа е на факултет. Во последните две години имаше и примери кога издавачите ме прашаа што можам да им препорачам, па во тој случај мојата лична одлука е да ги пласирам македонските класици кога можам, бидејќи некои автори воопшто не се преведени ниту достапни на хрватски (ниту од времето на Југославија).

Така, Чинго го преведов без претходен договор и потоа му го понудив на издавачот, а така направив и со преводот на романот Депонија на Јаневски, којшто ќе биде објавен до крајот на годината. Иако, сметам дека со книжевните класици би требало да постои и некоја иницијатива од страна на Македонија, бидејќи не сите издавачи се заинтересирани за такви проекти.

Бенјамин Лангер, истакнат преведувач од македонски на германски, вели дека неговата работа подразбира да биде и агент. Дали би можел истото да го кажеш и за твојата работа во врска со преведувањето од македонски на хрватски?

Да, се сложувам со тоа мислење, иако мислам дека во споредба со Германија можеби во Хрватска тоа е малце полесно, бидејќи постојат и добри врски помеѓу издавачите (често лични врски, познанства). Освен тоа, сепак Македонија и Хрватска, односно македонската и хрватската книжевност учествуваат во она што се нарекува постјугословенска книжевност, го сочинуваат она што Борис Постников го нарече Книжевната република Југославија. Во мојот случај, јас решив да бидам некој вид агент на класиците од веќе споменати причини.

Со оглед на тоа што многу време од својот живот имаш поминато во друштво на дела од современата македонска книжевност, за крај, можеш ли да ми кажеш како ја доживуваш? Дали наоѓаш нешто што ги поврзува овие дела – имаат ли тие differentia specifica?

Искрено, тешко можам да опишам како ја доживувам македонската книжевност, веројатно поради професионалната деформација – што и да кажам, ќе бидам премногу скептичен во сопственото мислење. А некаков краток одговор постои опасност да стане клише, па дури и пететичен. Има многу теми во македонската книжевност во коишто уживам и како „обичен“ и како „професионален“ читател, а и како предавач. Постои и таа differentia specifica којашто функционира во овие дела и во дијахронија и во синхронија, бидејќи сите автори коишто ги преведував се вклопуваат во некои доминантни појави во македонската книжевност, иако понекогаш некому може да му се чини дека не е така. Но, конкретно овие автори го имаат и своето место во пошироките рамки – пост/југо- и јужнословенски, балкански, па се разбира и европски, тоа го препознаваат и читателите и затоа македонската книжевност треба да се преведува. Без патетика, навистина мислам дека на македонската култура преведувањето на современите автори и класици ѝ е насушна потреба.

 

Насловна фотографија: Наташа Атанасова

Александар Маџаровски: Читањето нѐ прави почовечни и покултурни

Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Александар Маџаровски a.k.a. Читачот е еден од непоправливите ентузијасти кои веруваат дека со својот мал придонес можат да го менуваат светот на подобро. Но, со оглед на тоа што овој човек досега пет години неуморно снима видеа за книжевни дела и писатели, за неговите размислувања во врска со книжевноста, а најново и за филозофски дела – придонесот веќе и не е толку мал.

Напротив, неговите препораки се споделуваат, се читаат, се коментираат меѓу луѓето и годинава на Саемот на книгата, целосно заслужено, го доби признанието од Македонската асоцијација на издавачи за промотор на читачката култура. Токму тоа и беше повод за овој разговор.

Со каква замисла го почна твојот Јутуб-канал и дали и како со текот на времето ти се менуваше претставата за тоа што сакаш да правиш и да постигнеш со него?

Каналот го почнав со идејата да зборувам за книги. Сосема нормално човечко искуство е да сакаш да го споделиш со другите она што е добро. На пример, ако гледаш некој добар филм или серија сакаш да им кажеш на другите, да прокоментирате, да споделите впечатоци. На сличен начин, јас сакам да го споделам со другите моето читачко искуство и да се осврнам на романите што ги читам со идејата дека ќе поттикнам некого да ги прочита, а потоа можеби да го сподели своето искуство со други.

Моја желба беше и сѐ уште е да ги популаризирам читањето и добрата литература, затоа што сметам дека за добрите нешта треба да се зборува. Во основа, идејата е сѐ уште иста, со тоа што со текот на времето по малку го проширував интересот и почнав да зборувам и за концепти од областа на филозофијата и теоријата на литературата, за некои филозофи што сметам дека се интересни и слично, со цел да си поставуваме важни прашања и да размислуваме.

Бидејќи живееме во време кога секој човек, благодарение на социјалните мрежи, стана медиум, дали сметаш дека постојат некои основни критериуми што треба да ги има некој за да препорачува книги на поширока публика?

Да, точно е дека денес секој може да ги користи социјалните мрежи и да промовира секакви содржини, меѓу другото и да препорачува книги. Сепак, за јас лично некого да го сфатам сериозно и да ги прифатам неговите или нејзините препораки сметам дека треба, пред сѐ, и самиот да биде читател и да биде писмен. Дури и да зборува само за конкретен жанр, на пример, трилер или научна фантастика, да знае кои се Достоевски, Дикенс, Хемингвеј и веројатно да има прочитано нешто од нив. Не верувам во книжевен елитизам и дека само „познавачите“ на литературата имаат право да зборуваат за неа, меѓутоа треба да се има основно познавање.

Досега имаш објавено околу 150 видеа. Како го правиш изборот на автори и дела за кои решаваш да снимаш видеа?

Она што по правило го правам е да зборувам само за книги што сум ги прочитал или препрочитал неодамна и за кои впечатоците ми се свежи. Не би сакал да снимам видео за некој роман што сум го читал пред 20 години и кој во голема мера сум го заборавил. Исто така, гледам романот или збирката раскази за кои зборувам да го задоволат мојот минимум критериум за тоа што е добра литература. Најчесто читам по препорака, а следам колку што можам и што се случува во светот на литературата, особено во книжевната фикција, па оттаму добивам инспирација што да читам, а читам и класици и современи класици. Затоа, повеќето од романите што ги читам си добиваат видео осврт.

Александар како промотор на романот „Тирза“ од Арнон Грунберг

Дали соработуваш со нашите издавачки куќи и за каков вид соработки најчесто станува збор?

Не соработувам редовно и организирано, меѓутоа, соработувам на еднократни и повремени проекти како што се, на пример, рецензија за конкретен роман од некоја издавачка куќа која сака да ме ангажира за мислење. На таков начин имам соработувано со неколку издавачки куќи. На пример, веројатно првата издавачка куќа што го забележа тоа што го правам е „Антолог“, со кои соработката е во облик на модерирање настани на книжевниот фестивал „Букстар“. Неколку години соработував и со „Europe House Skopje“ за кои редовно снимав месечни видеа, некогаш во облик на осврт, некогаш како интервју или видео со осврт на некоја од европските литератури. Сум соработувал и со „Три“, „Артконект“ и „Чудна шума“.

Во врска со добивањето на специјалното признание за Промотор на читачката култура од страна на МАИ сними и видео (погоре), во кое објасни што претставува тоа за тебе. Како ја гледаш улогата на поединците кои го промовираат читањето во однос на улогата што (треба да) ја има државата преку нејзините институции?

Да, веќе реков во видеото дека ми значи што оваа награда е за целокупниот труд и промовирањето на читачката култура, а не само за конкретен проект или видео. Претпоставувам дека трудот на поединци што го промовираат читањето треба да служи како надополнување на она што го прави државата и да допринесува за разновидност, за лично мислење, за критика. Државата треба да има систем за промовирање на читачка култура и сериозно образование, зашто образованието е клучно, меѓутоа државата треба да има и да прави многу работи ама…

Од каде црпиш упорност за да го правиш ова што го правиш?

Не знам, веројатно сум идеалист и оптимист, освен кога не сум, и сметам дека литературата и читањето имаат сила да нѐ направат почовечни, покултурни, почувствителни. А тоа се нешта што очајно ни требаат во нашава сегашност.

Дали размислуваш однапред и долгорочно за тоа како сакаш да се развива твојата „мисија“ на промотор на читачка култура?        

Размислувам, но не толку детално и долгорочно, затоа што ова го правам во моето „слободно“ време. Иако досега одам чекор по чекор, сепак, имам некои идеи, всушност многу идеи за тоа што сѐ би можел да направам, но тоа ќе зависи од тоа колку ќе имам време и енергија. Но, без оглед на сѐ, едно е сигурно, не планирам да престанам да го правам ова што го правам.

Каков читачки план имаш за летово? 😊

Иако најчесто читам спонтано и не се држам строго до читачки листи и планови, сепак, имам некои книги што планирам да ги прочитам. Летото ќе го почнам со „Кон езерото“ од Капка Касабова, ќе ја завршам „Историја на читањето“ од Алберто Мангел, а ќе прочитам и неколку романи од американската литература, како „Невидлив човек“ од Ралф Елисон и „Авесалом, Авесалом“ од Вилијам Фокнер.

 

Фотографии: Наташа Гелева

Елиза Копети: Би сакала балканската книжевност да стане моден феномен во Италија

Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Елиза Копети е уредничка од Италија, која своите студентски денови ги поминала во Хрватска и Србија и добро го познава српско-хрватскиот јазик, од кој и самата преведува. Пред десет години, таа била една од основачите на издавачката куќа „Ботега еранте едициони“, чија издавачка политика е насочена кон издавање дела од просторите на Источна Европа.

За време на Саемот на книгата, Елиза беше гостинка во Скопје, во рамки на Фелоушип-програмата на МАИ, каде што имаше можност одблиску да ја види издавачката сцена и да се запознае со повеќе издавачи и автори.

Елиза, како си? Успеа ли да си дојдеш на себе по враќањето од Скопје и да се приспособиш на „досадната“ канцеларија? 😊

Добро сум, благодарам. И покрај исполнетата програма, патувањата и концентрацијата, морам да признаам дека во Скопје ми беше толку опуштено што сè уште не сум успеала да се вратам на северноиталијанската брзина и стресот. И подобро!

Твојата издавачка куќа „Ботега еранте едициони“ е создадена со желба да издавате и поинаква литература, литература од Источна Европа. Можеш ли да ни раскажеш повеќе за идејата и сонот што беа во основата и за тоа што успеавте да реализирате од 2015 година наваму?

На почетокот од нашата приказна имавме силна желба на читателите на нашиот јазик да им отвориме нов прозорец кон соседната книжевност, затоа што таа беше многу малку позната. Кога велам соседна книжевност, мислам на Словенија и Австрија, но и на целиот простор што се простира до Романија, Бугарија, Албанија и Грција, вклучувајќи ја секако и Македонија. Што се однесува до Словенија, ситуацијата е апсурдна. Ние живееме близу границата, ги знаеме цените на нафтата и на месото во Словенија, но немаме поим што пишуваат Словенците, кои се нивните модели, кои се нивните најголеми автори и зошто воопшто пишуваат и читаат толку поезија?!? Пред десет години јасно увидовме дека на пазарот нема издавачка куќа која го покрива ова соседно подрачје, па имаше простор за нас. На почетокот имавме сè што требаше (освен буџет…): уредник, преведувач, графички дизајнер, администратор, ПР. Почнавме со првите книги на италијански и со преводи, а наш прв автор беше Иво Андриќ со збирка необјавени раскази за патувањето. Можете да замислите колку емотивно беше тоа!

Во текот на овие 10 години многу работи се променија: прво, моравме да научиме како се тргува со книгите, да станеме вистинска фирма, да се организираме и да осмислиме план за комуникација, да основаме сопствен бренд (овцата е нашата маскота и лого, затоа што акронимот од „Ботега еранте едициони“ е БЕЕ, точно звукот што го прави овцата „бееее!“ – барем кај нас!). Дојде пандемијата, но преживеавме, отворивме нови патишта и морам да признаам дека никогаш не ни е досадно!

Бидејќи се наоѓате во Удине, мал град на периферијата во Италија, каков предизвик беше за вас дистрибуцијата на книгите низ земјата и како ви е денес решена?

На почетокот тоа беше вистински проблем: одлучивме да ја отвориме издавачката куќа во Удине, а не во Милано или во Рим, затоа што сите се вративме дома од разни делови на Европа за да живееме и да работиме тука. Овој крај има нешто посебно – повеќејазичноста е нормална, секој од нас има мешан идентитет и во последните 20 години тоа веќе не е срамота, туку вистински противотров за национализмот и централизацијата. Но, работејќи од Удине, веднаш сфативме дека не сме во центарот на вниманието, дека никој нема да ни се обрати, дека книгите тешко оти ќе ни бидат изложени во книжарниците надвор од нашиот контекст и дека никој нема ни да ги рецензира. Зошто? Затоа што вистинскиот центар за северна Италија, барем што се однесува до книгите, е Милано, потоа Рим, па Болоња, особено за книжевност за деца. Полека, менувајќи ги дистрибутерите на секои две години и наоѓајќи го патот до читателот, успеавме да дојдеме до вистинска дистрибуција, до синџирите на книжарници и до самостојните книжарници, така што сега можеме да кажеме дека нашите книги можат да се најдат на целото подрачје на Италија, а ако ги нема, секако можат да се нарачаат на различни начини. „Ботега еранте едициони“ повеќе не е локален бренд, туку национално позната издавачка куќа, иако сè уште мала.

Кои современи балкански автори се ваши „ѕвезди“ и колку сте задоволни од интересот на италијанската публика за нив?

Тука треба да се издвојат старите и познати писатели и новите појави. Иво Андриќ сигурно е автор кој сите читателите го познаваат или барем го слушнале неговото име; покрај него би го споменала и Меша Селимовиќ. Но, современи ѕвезди се секако Славенка Дракулиќ и Миленко Јерговиќ, кои публиката веќе долго ги познава. Во последните неколку години кај нас многу добар прием имаат книгите на Роберт Перишиќ (наскоро излегува и преводот на неговиот нов хит-роман Брод за Исa) и Марина Вујчиќ (Прашање на анатомија и Соседот), како и првите книги на автори како Горан Марковиќ (Белградско трио) и Дина Пешута (Татин син). Во нашиот каталог имаме разни први романи на автори од новата генерација, кои потешко се пробиваат кај нас, ама продолжуваме со работата на промовирање на новите генерации и новите стилови на пишување.

Колку е важна меѓународната активност, вмрежувањето и поврзувањето со луѓе за откривање на значајни автори и дела кои стануваат дел од вашите издавачки планови?

Многу е важна – не само лично, колку можам да патувам на странските саеми, фелоушипи и фестивали и да ги запознавам директно издавачите, авторите, агентите, туку и колку нашите преведувачи ги следат новите изданија, награди и ги познаваат авторите и авторките, па можат да ни понудат романи кои се вклопуваат во нашиот каталог. Верувам во соработка и во „фер плеј“ и мислам дека можеме да градиме добри мрежи меѓу професионалците кои имаат иста цел: добра книжевност до читателите!

На Саемот на книгата во Скопје, за време на Фелоушип-програмата на МАИ (9-11 мај 2025 г.)

 

Дали при посетата на Саемот на книгата во Скопје откри нови автори што ти се видоа интересни за италијанската публика?

Тоа е многу тешко да се каже за толку кратко време, но препознав дека Румена Бужаровска е сигурно женскиот глас што може да има добар одек кај нас, Лидија Димковска во срцето на сите нејзини романи има теми како што се повеќејазичност и повеќеидентитетност кои ни се драги; Петар Андоновски веќе е познат во Италија кај голем издавач. Ми беше интересно и да разговарам со издавачите кои имаат мала или воопшто немаат меѓународна соработка, но издаваат квалитетни книги. Добив еден куп материјали кои морам да ги проучам!

Кои се твоите следни предизвици – и на личен и на професионален план?

Бидејќи италијанскиот пазар се менува и публиката сè повеќе ја интересира книжевноста од Азија и особено од Кореја, лично ме интересира да откријам кои се предизвиците на тој вид литература; продолжувам со проучување на драмската книжевност (иако во „Ботега“ немаме ниедна драмска книга) од Балканот.

Најмногу би сакала балканската книжевност да стане моден феномен во Италија, бидејќи знаете, тоа би значело дека нашите книги барем еднаш би се нашле во центарот на вниманието. Можеби само за кратко време, но би било добредојдено!

Кога срцето слуша преку стетоскоп

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Ана Ќупева, студентка по медицина, волонтерка во Европскиот волонтерски корпус на солидарноста

Секој млад човек пишува своја приказна. Независно колку сме успешни во тоа што го правиме, колку многу вложуваме на нашиот пат – вредноста на создавањето некакво дело е бесценета. Тоа е суштината, смислата на нештата која најтешко се разбира.

Мојата генерација живее во време на огромни можности, отворени ресурси, вклученост во глобална мрежа, слобода − да учи, да стекнува вештини, да избира. 

Токму тие можности создаваат огромен притисок врз секој од нас – да го направиме вистинскиот избор, да бидеме свои, да бидеме различни и истовремено да бидеме дел од заедницата која и самите ја создаваме. 

Ние сме нова генерација која не сака да го носи товарот на минатото, која е слободна и која е дел од пошироката заедница која нема географски граници.

Пишувам како млада европска амбасадорка од нашата земја и како студентка по медицина. Го носам гласот на мојата генерација која сака да создава поинакви вредности. Патот на волонтерството, престојот во други земји и култури, запознавањето различни социјални групи ми овозможи да го збогатам мојот свет и да ја видам земјата во центарот на тој свет. Моите искуства ми потврдуваат дека не сме помалку вредни, ниту „помали“ од другите. Но, имаме силен комплекс дека не можеме и не знаеме. Тој комплекс сме го наследиле од минатото, но и го создаваме сите заедно, со нашиот личен пример, образование, култура, однесување. Со нашиот однос кон сѐ што правиме.

Како волонтерка во Европскиот волонтерски корпус на солидарноста (ESC) и како студентка по медицина, сфатив дека луѓето се исти, независно каде живеат и од која земја доаѓаат. Сите споделуваат еднакви човечки потреби, чувства и вредности. И младите луѓе од Европа и моите другари и другарки. И децата од домот за деца без родители од ужасната војна во Украина, сместени во Полска, и младите луѓе и семејствата од Кочани. Не постои граница, ниту разлика, која може да ги подреди болката, загубата и потребата од сочувство, надеж и мотивација за живот. Од споделување чувства дека не се сами во тагата и давање поддршка дека треба и мора да се продолжи понатаму.

Тоа е мојот најголем мотив за изборот да бидам идна докторка. Како студентка, сега веќе сум сигурна дека медицината е најблагородната и можеби единствена професија во која се учи за животот, од него самиот. Моето секојдневие во болничките ходници најмногу ме доближува до реалноста, до луѓето во болка, до беспомошните кои само сакаат да бидат сигурни дека некој се грижи за нив. Таму, пред болничките кревети, исчезнуваат сите животни трки, признанија, титули, општествени позиции, припадности. Таму е најголемата и најважната борба − борбата за здравје и за живот! Во сите тие измешани емоции од моите искуства − на страв, неизвесност, одговорност, тага, но и радост, секогаш на крајот останува само едно прашање: Дали си човек?

Во овој брз свет на интензивни случувања, многу тешко можеме да го разбереме ова. 

Затоа, мојот глас навистина сакам да биде гласот на мојата генерација. Генерација која бара еднакви права, услови за развој и поддршка. Да станеме конечно свесни дека сѐ зависи од нас и дека само со лична одговорност и посветеност на нашите поставени цели, со учење, работа, соживот, прифаќање, помагање, разбирање, сочувство и отвореност кон другите, ќе создадеме земја од која нема да си заминуваме. 

Јас одбрав да го слушам срцето на човекот и да бидам дел од таа животна и професионална мисија. Како идна докторка, како млада европска амбасадорка и како активен глас на мојата генерација која сака да живее тука! До последната шанса и со надеж дека тоа навистина ќе се случи.

Билјана Црвенковска: Најголем предизвик за малите издавачи е да се опстане

Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Разговара: Наташа Атанасова

Пишува книги за деца и книги за возрасни, издава книги за деца и за возрасни, постојано е актуелна со тоа што го работи и веќе со години го длаби патот за промоција на македонската книжевност надвор од границите на нашата земја.

Во пресрет на Саемот на книгата, настанот кој на една недела ги спојува љубителите на книгите, Билјана Црвенковска ни се чинеше како вистински избор на соговорник на тема писателство, издаваштво и саеми.

Најпрвин и најискрено, фала ти за тоа што најде време и за ова интервју, во сред претсаемска гужва. До каде сте со подготовките за Саем?

Како опасни дедлајнери, работиме буквално до 5 до 12, хахаха! Се шегувам, речиси сите изданија се веќе отпечатени, уште неколку се во печат. Последното, една интересна поетска збирка, ќе се печати во последните денови пред саемот на книга, но ќе стигне навреме. Оваа година планираме и помалку настани на нашиот штанд, пофокусирани сме и не се расплинуваме, па верувам дека сѐ ќе оди по план.

Бидејќи годиниве имаш одено по толку многу саеми во светот, кој (и со што) ти оставил најголем впечаток и како го доживуваш нашиот?

Саемите што ги посетувам се мошне различни, на пример саемите во Франкфурт и Болоња се повеќе ориентирани на продажба и купување на авторски права, тоа се класични бизнис-саеми што се отвораат за посетители само последниот ден, или последните два дена. Но, тие се пак многу интересни од аспект што се гледаат моментните трендови во светската книжевност и, во Болоња, на илустрацијата. Саемот во Болоња е исклучително богат и корисен за сите писатели и илустратори на книги за деца и млади, таму се изложени книгите што ги добиле најпознатите меѓународни награди, таму се соопштуваат добитниците на наградите „Ханс Кристијан Андерсен“ и „АЛМА“ (Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“). Има одлични изложби на наградувани илустратори, земји во фокус со одлична програма, гостувања на автори, илустратори и преведувачи, одлични панел-дискусии. Болоња е местото каде што се обединуваат, поврзуваат и дружат сите што се занимаваат со книжевност за деца и млади. Ако не си во Болоња, како да пропушташ цел еден свет(оглед).

Сепак, по гостувањето на саемот во Лајпциг годинава, каде што имав промоции и настани поврзани со излегувањето на германското издание на мојот прв роман „Девет приказни за госпоѓица Сит“, морам да кажам дека за еден автор на книжевни дела, тоа е најзначајниот саем. Промоциите во Лајпциг ги отвораат вратите за авторите за различни настани, фестивали, за нови преводи на други јазици, а секако се важни и за поврзување со други автори, издавачи и агенти. Она што се случува таму е навистина посебно. На книжевната вечер во театарот „Лофт“, каде што гостувавме неколку автори од регионот и централна и источна Европа и бевме претставени преку разговори со нас и читања на извадоци од нашите дела на германски, присуствуваа околу 250 луѓе. Сите имаа платено карта. Има настани, како познатата „Балканска вечер“ во Лајпциг, каде што гостуваат и по 500-600-700 луѓе.

Е сега, нашиот саем е локален саем чија намена е претежно да биде продажен, а мал фокус е ставен на промоции на авторите и делата. Сличен саем на нашиот, но многу поголем и побогат е Белградскиот саем на книга и тоа е, да речам, моделот по кој треба да се водиме за да имаме успешен саем. Многу сме далеку од него, посебно затоа што имаме саем што се одржува во спортска сала, но се надевам дека работите ќе се менуваат. Минатата година конечно имавме распоред на штандовите со кои повеќето бевме задоволни, имавме и прва фелоушип програма во рамки на саемот како дел од активностите на „Македонската асоцијација на издавачи“, значи нешто се придвижува. J

Каква ќе биде понудата и програмата на „Чудна шума“ годинава на Саем? Крчкате ли нешто чудно?

Имаме многу нови книги што беа објавени последниве месеци, а не успеавме да ги промовираме како што треба, па мислам дека саемот ќе биде одлична прилика да го направиме тоа. Ќе имаме неколку потпишувања на книги на нашиот штанд од домашни автори (на сликовниците „Боите на виножитото“, „Потрага по храброст“, на илустрираниот роман „Приказни од Sунливото Море“ и други), а ќе ги претставиме и новите книги од две едиции фокусирани на превод на дела. Во едицијата „YES – Млади европски приказни“, каде што преведуваме книги за деца и млади од реномирани европски автори, ќе ги претставиме најновите изданија, книгите за млади „За младоста“, „Да се биде јас“ и „Денови на Блуграс-љубов“, но и останатите изданија за деца што излегоа минатата година. Во рамки на едицијата „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ наменета за читатели од сите возрасти, за возрасните читатели ќе ги презентираме романот „Трофеј“ – дело на фламанската авторка Хеа Схутерс и графичкиот роман „Адна“ на Самира Кентриќ, а за децата – романот „Мишка“. Овие две одлични едиции се кофинансирани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и поддржани и од Министерството за култура и туризам. Имаме и неколку нови сликовници: „Најмалиот остров на светот“, сликовница што ја направивме заедно со хрватската илустраторка Хана Тинтор, една прекрасна литванска сликовница – „Соништата на камелеонот“, потоа хрватската „Кики, ние те сакаме“ и некои други интересни изданија. И само да напоменам, кај нас речиси сѐ е чудно, бидејќи повеќето од овие изданија се занимаваат со славењето на „чудноста“ и различностите, со инклузија, индивидуалност и слобода.

Изминативе години многу Ваши изданија беа наградени со наградите на МАИ за најдобри издавачки достигнувања во периодот меѓу два саема. Какви ви се очекувањата годинава?

Наградите на МАИ се едни од ретките награди воопшто кај нас и секако се значајни токму поради тој аспект, па секоја награда ни значи. Сепак, нашиот фокус е претежно на меѓународните награди како „White Ravens” или „BRAW“ (Bologna Ragazzi Awards), бидејќи тие се клучот за отворање на вратите кон меѓународните пазари и превод на нашите книги за деца и млади во други земји. Овие награди ги доделуваат експертски жири-комисии кои ја работат таа работа години и години, кои имаат членови што го зборуваат/разбираат и јазикот на кој е напишано одредено дело и можат да го оценат текстот. Тие знаат точно да го препознаат квалитетот, иновативноста и уникатноста на делата.

Твојата најнова сликовница, „Најмалиот остров на светот“ е илустрирана од врвната хрватска илустраторка Хана Тинтор, нешто што е вистински настан во нашето издаваштво. Како се случи оваа соработка?

Ова не е прва меѓународна соработка од овој тип, на пример Ване Костуранов илустрираше сликовници на српски и хрватски автори, додека Бистра Георгиева има две книги за деца илустрирани од шпанската илустраторка Моника Каретеро. Секако да не ја заборавиме и „Бушава азбука“ на Горан Стефановски и Душан Петричиќ, иако таа е создадена во едно друго време, кога не постоеја граници и живеевме во една земја, Југославија.

Но, начинот на кој настана соработката со Хана е многу интересен, бидејќи се работеше за еден поголем проект кој никогаш не се реализираше, а идејата беше да се спојат автори и илустратори од неколку европски земји. Сите издавачи во проектот „конкурираа“ со два автори и два илустратори и сите потоа заедно гласавме кои автори (текстови) односно илустратори ќе се изберат и кој со кого ќе биде ставен „во пар“. И така за мојот текст, кој беше изгласан со најмногу гласови од сите, што за мене беше огромна чест, беше избрана да го илустрира Хана Тинтор. Јас веќе бев влезена во преговори за издавање на македонски на две сликовници што ги илустрираше Хана, сега веќе објавени во „Чудна шума“ – „Мојата бабичка не знае која сум“ и „Каде се крие Ведран“ и знаев како работи. Таа е исклучително талентирана илустраторка, а нејзините илустрации се длабоки, уметнички и навистина уникатни во секој поглед. Тоа е тој храбар пристап во илустрацијата што се бара „таму“, во Европа. И бев пресреќна што ќе работам со неа.

За жал, проектот не се реализираше, но јас ја контактирав Хана и ја прашав дали сепак сака да ја направиме сликовницата. Иако беше презафатена и во тој период веќе имаше одбиено пет или шест проекти, со радост се согласи. Ѝ се допаѓаше текстот и се пронајде во него. И така настана „Најмалиот остров на светот“, книгата која е „хајлајт“ на нашиот саемски каталог, на нашиот каталог за продажба на права и, се надевам, книгата што ќе ја одбележи оваа година.

Веќе не се добројуваат книгите што ги имаш напишано изминатите 10-15 години. Од каде црпеш инспирација за нови и нови – и приказни, и теми?

Ах, не секогаш имам инспирација, посебно не за приказните што ги пишувам „по нарачка“ и кои не секогаш се според моите желби, критериуми и стандарди, хаха. Но, баш поради тоа што пишувам многу различни работи, во моментот кога имам блокада за една работа, се префрлам на друга што ја пишувам паралелно и така се мотивирам.

А за инспирацијата, таа ја наоѓам насекаде, особено ми е предизвик да пишувам на теми за кои кај нас не се пишува… или да пишувам за нив на поинаков начин. Веќе одамна не ми се интересни приказните што се само смешни и забавни, а немаат нешто подлабоко. Или приказните што буквално раскажуваат сѐ и не оставаат простор за слоевитост и интерпретација на повеќе нивоа. Или приказните што реално се напишани само за возрасни, а се спакувани во „руво“ како да се за деца (обично замката во која паѓаат „големите“ писатели на „големи“ дела, хаха). Се шегувам, секако, но сакам да пишувам приказни што знам дека ќе бидат читани и надвор од Македонија. За мене тоа е најголемиот успех, кога ќе видам дека таа приказна допрела до читателот (без разлика дали тој е дете или возрасен) во некоја друга земја. И токму тоа ме мотивира, ме инспирира, ме тера да читам и да истражувам и да пишувам различни и различни нешта за различни луѓе од сите возрасти.

Кои ти се најголеми предизвици, кога станува збор за пишувањето, а кои кога станува збор за издаваштвото?

Во моментов ми е најголем предизвик мојот трет роман кој никако да го завршам, хаха… Но, се надевам дека конечно ќе го имаме некаде до крајот на септември. Паралелно работам и на една збирка раскази, исто така за возрасни читатели. И да, најголемиот предизвик ми е да им објаснам на читателите дека не сум САМО автор за деца и дека моите романи „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“ не треба да стојат на полиците каде што стојат книгите за деца во книжарниците (нешто што редовно се случува!). Ова, секако, важи само за Македонија, во Германија, на пример, го немам тој проблем.

А за издаваштвото, најголемиот предизвик – не само мој, туку и на секој помал, независен и некомерцијален издавач во Македонија – е да опстане. Во време кога сѐ помалку се читаат и се купуваат книги (последно нешто на листата на купување се книгите, за жал), во време кога поддршката за културата се крати од сите можни страни (културата е секогаш на последно место), најголемиот предизвик е да изнајдеш различни модели на преживување. Верувам дека успешно жонглираме со „Чудна шума“, барем сега засега, благодарение на тоа што се занимаваме со неколку дејности. Мојот партнер Кире Галевски е фотограф и тој инсистираше да додадеме неколку „гранки“, па сега „Чудна шума“ се занимава и со издаваштво, и со книжарство, и со уметност, и со фотографија, и со дизајн, и со таканареченo „FineArt“ печатење на фотографии и репродукции, и со продажба на уметнички материјали… Сите чуда и чудесии на едно место.

Фотографии: Наташа Атанасова

„ArtChemia“ и гласот на музиката во „Аудиокултура“

Оваа пролет во пријатниот простор на „Аудиокултура“ почнува проектот „ArtChemia и Audiokultura“ – годишен циклус на музички настани што ќе бидат одбележани преку серија на критички осврти испишани и издадени во рамките на програмата. Името го најавува токму тоа што е – хемија меѓу различни уметности, гласови, генерации и формати на музички изведби што ќе се распределат во текот на неколку месеци. Почнувајќи од 12 април 2025 година, оваа културна авантура ќе донесе по еден настан месечно (со пауза во јули и август) до март 2026 година. Настаните ќе се одржуваат во просторот на „Аудиокултура“, што одамна е етаблиран како дом за автентична музика и културен експериментализам. Публиката како главен соучесник во ова искуство ќе биде поканета да присуствува на настаните во топла и интимна атмосфера, каде што секој концерт ќе воспостави дијалог помеѓу уметникот и слушателот. Токму затоа, текстот што го читате е наменет и за вас, потенцијални посетители, да ве повика да бидете дел од оваа приказна, да ја доживеете, да ја поддржите и да ја понесете со себе во текот на целата година. Во рамките на проектот, ќе се реализираат десет главни музички настани, кои ќе вклучуваат реномирани домашни, но и меѓународни уметници.

По првпат кај нас се креира музичка програма што не само што ќе се слуша туку и ќе се чита. Mузичкиот новинар Ненад Георгиевски ќе стои зад текстуалниот дел на проектот – рецензии и интервјуа со изведувачите, кои ќе му дадат дополнителна критичка длабочина на секој настан. Уметничката атмосфера ќе биде одбележана и со фотографии од Татјана Ранташа, Стефан Рајхл и Маја Аргакиева, кои ќе ја доловат магијата на секој момент од настанот. Идејата зад настанот е да се поттикне културната музичка сцена во земјата и токму преку овој автентичен проект „ArtChemia“ да се промовира музичкиот израз на талентираните уметници. Сето ова ќе биде обединето во две печатени и звучни изданија – книга и винил плоча, со тираж од по 200 примероци, подготвени со врвен аудиомастеринг од „Теохаров Аудио“. На овој начин се создава трајна културна архива во којашто ќе бидат документирани најзначајните моменти од секој музички настан. Во текот на 2025 и почетокот на 2026 година, „Аудиокултура“ ќе стане сцена на културен ангажман. Програмата е внимателно темпирана, со најмалку три недели помеѓу два настана, за да се овозможи квалитетна организација и публиката да може да ја впие секоја нова доза од „ArtChemia“. На крајот од овој проект, во јуни 2026 година, ќе се организира завршен настан на кој ќе бидат промовирани винилот и книгата како резултат на една одлично завршена година на културна алхемија.

Матине на младите музичари

Еден од клучните сегменти на „ArtChemia“ е поддршката на младите уметници. Во рамките на иницијативата „Students play @ Audiokultura“, млади музичари и бендови од Музичката академија во Штип ќе имаат можност да настапат на проектот, пред публика и во професионални услови. Во периодот од мај 2025 до март 2026 година, ќе се реализираат минимум три, а максимум пет матине настапи (во саботите), посветени токму на младите музички изведувачи. Овие настапи ќе бидат документирани и вклучени во финалната публикација заедно со преостанатите изведби со цел да се поттикнат новите генерации музичари да настапуваат и да се развиваат во професионален контекст. Преку овие настапи, студентите добиваат можност да се претстават пред публика во сериозен продукциски амбиент, рамноправно со афирмирани уметници. Ова искуство е од исклучително значење за нивната лична и уметничка изградба, а истовремено и ја нагласува важноста на континуираната поддршка за младиот креативен потенцијал во нашата држава.

Јуроп хаус секогаш поддржува вредни иницијативи

Како партнери во овој проект, Јуроп хаус ја прават оваа соработка за новиот музички проект „ArtChemia и Audiokultura“ со цел да ја поддржат и да ја промовираат квалитетната музичка сцена во земјата (и блискиот регион) со тоа што ќе им дадат културно влијание на музичарите во јавниот простор. Особено внимание е посветено и на младите таленти, чие вклучување во програмата им обезбедува простор за практично искуство и развој на нивните музички вештини. Всушност, така се подготвува следната генерација музичари за активно учество на современата музичка сцена и се развива нивната понатамошна уметничка кариера. Ваквиот модел на работа поставува пример за општествено одговорно дејствување и претставува мотивација за другите организации да вложуваат повеќе во културата на нашата држава. Дополнително, проектот придонесува и за збогатување на домашниот книжевно-критички фонд преку објавување текстови што се занимаваат со музика, како и за проширување на македонската музичка и дискографска архива со висококвалитетни аудиовизуелни записи – нешто што трајно ќе остане за идните генерации.

Доротеа Огненовска

Љубица Шопова: Им пркосам на егзактностите со нивната терминологија

Разговара: Наташа Атанасова

Минатиот месец издавачката куќа „Илика“ ја објави збирката поезија „Надвор од единиците мерки“ на Љубица Шопова. Тоа е поезија произлезена од офкањата на телото кои не ги слуша никој освен умот, од списокот неостварени желби многу подолг од списокот за пазарување, од потребата да се крикне гласно дека човекот не е создаден за да се вкалапува.

Стиховите на Шопова на секоја страница нè соочуваат со нашата кревкост, ранливост, минливост и ни се врежуваат како тетоважи на душата, која и покрај сè, во себе крие и храброст, и тивок бунт, и нескротлив копнеж за живот.

Бубе, најпрвин сакам да ти се извинам што моето праќање на прашањата за ова интервју доцнеше со недели. Но, едноставно, трагедијата што се случи во Кочани целосно ме измести и уште не знам колку и како (ќе) ми влијае. Како се носиш ти со тоа периодов, психички, емоционално, секако…?

Најпрво, сакам да изразам сочувство до семејствата на сите оние кои ги загубија животите во оваа огромна трагедија, како и поддршка до сите оние кои сѐ уште закрепнуваат. Како што велиш и ти, трагедијата во Кочани навистина нè измести сите. Лично, исто така не знам колку и како ќе ми влијае оваа ситуација. Како се носам… Многу сум револтирана, лута, иритирана бидејќи не само оваа туку и останатите трагедии во изминатите децении можеа да бидат избегнати со почитување на законите и нивно доследно применување. Отсекогаш страшно ме вадело од кожа тоа што на овие простори секогаш оние што ги посочуваат грешките и пропустите завршуваат казнети, а се глорифицираат и на некој начин се наградени оние што премолчуваат и едноставно работите продолжуваат да си тераат како ништо да не се случило. Крајно време е на сите нивоа: индивидуално, колективно, институционално да почне да се преобмислува и редефинира оваа „култура“ на профитерство и неодговорност најблаго кажано, за да нè биде и да нè има.

Минатата недела се одржа промоцијата на твојата нова, втора збирка поезија, насловена „Надвор од единиците мерки“. Колкав период на подготовка на збирката ѝ претходеше?

Да, на моја огромна радост и задоволство, се одржа промоцијата на „Надвор од единиците мерки“ во КСЦ „Јадро“. Збирката се подготвуваше околу четири години и за разлика од првата збирка „Форми во создавање“, која ја пишував на еден структуриран начин, оваа збирка се создаваше прилично спонтано и несвесно. Можеби затоа што околностите во кои се пишуваше беа многу специфични. Се соочувавме со ковид-пандемијата и тоа некако сите нè фати неподготвени и ни наметна на некој начин да бараме алтернативни места и простори да излеземе од тоа.

Од друга страна, тоа придонесе и многу нешта што претходно биле потиснувани да излезат на површина и така беше во мојот случај додека ги пишував песните. Значи, периодот во кој се пишуваше збирката беше по издавањето на првата книга, време на ковид-пандемија и излегување од кризата, што се поклопи и со некои мои лични кризи и така со спонтано излегување на површина на нештата се создаде ракописот. Потоа, на моја огромна радост и задоволство се случи соработката со Катерина Шекутковска и издавачката куќа „Илика“ и ракописот се заокружи во обликот како што беше промовиран минатата недела.

Збирката е поделена на три циклуси. Крикот на телото од првиот („Телото ти бара повеќе“) и молкот во телото во вториот („Каде молкот добива ново име“) апокалиптично се судираат во третиот („Надвор од единиците мерки“) за на крај да го дочекаат „инсталирањето“ на „Новата верзија на светот“. Каква ти беше соработката со уредничката и како дојдовте до оваа структура?

Соработката со уредничката беше вистинско уживање, едноставно како што би посакал секој автор. Во однос на структурата… Иако овие нишки провејуваа низ песните уште пред да се подели збирката во циклуси, Кате мајсторски им даде тек за да се најдат на вистинското место. Барањето на своето место во светот, еве да кажам така во смисла на физичките ограничувања, но и припадност, потребата да се биде дел од нешто, потребата да се излезе од наметнатите калапи, да се крикне во тие внатрешни и надворешни борби, да се биде слушнат, да се наметне и создаде нешто свое, се на некој начин нештата што ја создадоа ваквата структура на збирката.

Возбудливи се твоите постојани обиди да го уловиш со јазикот „тоа што не се гледа со голо око“ и „тоа што се гледа со затворени очи“, притоа служејќи се со терминологијата на егзактните науки. Колку само мерки, калапи и сигнали; точки, отсечки и кругови; ротација, сметање на времето и темна материја… се потребни да се земат и остават во обидот да се (с)фати немерливото?!

Во еден момент, кога се собраа песните, сфатив колку нешта сум потиснувала и слепо сум ги прифаќала без да ги преиспитам. И во тој период на подготовка некако природно се наметна потребата да се излезе од мерките, да им се даде квалитативен аспект на бројките, структура и да се види што и колку слепо прифаќаме, колку сме доследни на себе и против себе. На некој начин сакав да пркосам на егзатностите токму со таа нивна терминологија и притоа да се обидам да им фрлам ново светло, да ги ставам во друг контекст, па повторно да ги извадам за да дојдам до некое сознание или одговор. Некогаш се потребни нови мерки, нови нешта, а некогаш само да освестиме дека доволно е она постојното што го имаме. Безброј комбинации од овие работи треба да се земат за да се создаде и допре немерливото. Веројатно тоа води и до автентичност на она што го создаваме.

Кревките лирски субјекти од твоите песни се деформираат, ги бројат своите бели влакна и си го кажуваат името со безгласни букви. Полни копнежи и соништа, со „пеперутки во стомакот и мајски бумбари во главата“, ни даваат грст од нивната сегашност и ѕирки во смислата на постоењето. Колку многу одење по патеките на менливоста и минливоста на физичкото и психичкото е потребно во потрагата по метафизичкото?

Ах… не би можела да кажам со квантитативни мерки 😊Но, мислам дека тоа би било некако како да тргнеш на Кораб после зимски сон и на патот кон врвот да се соочиш со сите свои ограничувања, но и нови можности. И додека одмараш на планинските патеки и гледаш кон небото ќе дојдат одговорите за каде понатаму. Би рекла дека на ваквите патеки се сите формирања и деформирања за повисоката смисла на работите.

Во песната „Лет“ птицата што летајќи на небото ја менува формата на облаците се споредува со „хипнотизирана болка“. Ако можеш засекогаш да хипнотизираш една болка, која би била таа?

Мислам дека тоа би била болката од површни и еднонасочни релации, болката од отуѓеност и осаменост. Од друга страна секогаш би сакала да ја држам будна болката од раскрварени колена од падовите во детството бидејќи таа ме тера да се исправам и да продолжам понатаму.

Поетесата Александра Спасеска во нејзиниот поговор кон збирката влече паралели на твојата поезија со онаа на Силвија Плат, Емили Дикинсон и Вислава Шимборска. Дали некоја од нив е дел од твојата лектира? Колку читаш поезија и кои се твоите омилени поетеси и поети?

Секако дека наведените авторки се дел од опусот на автори кои ги читам и почестена сум што Александра извлекла паралели токму со нив. Читам поезија и имам многу автори кои ми се омилени. Сепак, кога станува збор за инспирација, во последно време се фаќам и се навраќам на некои автори кои можеби не се толку експонирани, но според мене се малку поразлични од стандардното. Тука би сакала да ги истакнам Хари Ман и Ким Симонсен кои мене ми оставија посебен впечаток во смисла на форматот, мотивот и нетипичноста на лирскиот субјект во нивните стихови. Исто така, ја сакам поезијата на Милена Марковиќ која на моменти е брутална и кога ја читам се чувствувам како некој да ме разбудил со протресување после дремка. И, секако, тука се македонските поети и секогаш со радост ја читам поезијата на Гане Тодоровски, Радован Павловски, Лилјана Дирјан… И уште само да истакнам дека освен од поезија, многу инспирација за пишувањето црпам и од бихејвиоралната економија која по вокација ми е поле на интерес и, секако, од она што го доживувам како лично искуство, како и интерпретацијата и рефлексијата на она што го набљудувам во другите и опкружувањето околу мене.

Subscribe To our newsletter!