Европска недела на малите и средните претпријатија: Три локални бизнис-приказни за иновации и одржливост - Europe House

19 Ное

BACK

Европска недела на малите и средните претпријатија: Три локални бизнис-приказни за иновации и одржливост

Европска недела на малите и средните претпријатија: Три локални бизнис-приказни за иновации и одржливост

Како една локална идеја станува производ што стигнува до широк број потрошувачи? Што е потребно за да се започне сопствен бизнис и како претприемништвото може да придонесе за поодржлива економија? Овие прашања ги истражувавме во рамки на Европската недела на малите и средните претпријатија (European SME Week).

Преку средби со локални компании, практични примери и презентации, организирани од Europe House центрите во Велес, Битола и Тетово, младите имаа можност одблиску да ги запознаат малите бизниси, да разменат идеи и да размислуваат за сопствени претприемачки иницијативи.

Велес: Од семеен деликатес до пласман на пазарот

Од маслиновите насади на југот на земјата до трпезите на вистинските љубители. Како изгледа патот на еден локален производ – од развојот на идејата, преку производството, па сè до крајните потрошувачи? Во Europe House Велес, учениците од гимназијата „Кочо Рацин“ се запознаа со приказната на Gunollo Foods, локален производител на премиум маслинки, и дознаа повеќе за можностите и предизвиците со кои се соочуваат малите претпријатија. Како што велат од Gunollo, секоја тегла е резултат на долгогодишна посветеност, напорна работа и почит кон земјата, која е дел од нивното семејство со генерации.

По претставувањето на овој автентичен семеен бизнис, учениците ги презентираа своите идеи за иновативни производи од маслинки во рамки на натпреварот „Pitch & Win“. Нивните предлози беа смели и креативни, покажувајќи дека претприемачкиот дух може да започне со една добра идеја. Кој знае – можеби една од тие идеи еден ден ќе стигне и до вашата трпеза.

Битола: Како една пасија станува крафт пиво со карактер

Од изборот на состојките и организацијата на производството, до дизајнот на етикетата, пакувањето и пласманот на пазарот – зад секој производ стојат низа одлуки и процеси. Тимот на Europe House Битола, им овозможи на група млади ентузијасти да ѕирнат зад сцената на еден мал производствен бизнис – локалната крафт пивара БАК.

Од раѓањето на идејата до готовиот производ – младите се запознаа со процесот на создавање на БАК. Како зрната јачмен се претвораат во сладовина, кога се додава хмељ, колку време траат ферментацијата и карбонизацијата и што е тајната на доброто пиво? Одговорите ги дознаа од прва рака, при обиколката на производствените капацитети на пиварницата. Преку практични примери и разговор, слушнаа и со какви предизвици се соочува еден мал бизнис во процесот на развој и позиционирање на пазарот.

Младите учесници имаа можност да споделат и свои бизнис-идеи, но и да чујат искрени совети кои ќе им помогнат на патот кон нивната реализација.

Тетово: Кога циркуларната економија отвора нови бизнис-можности

Може ли градежниот отпад да стане вреден ресурс? На средбата со студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), организирана од Europe House Тетово, локалната компанија Besa Shop го претстави својот пример за зелено претприемништво и одржливи деловни практики.

Во фокусот беше нивната инвестиција во линија за рециклирање бетон и цврст градежен отпад, со која материјалите добиваат можност за повторна употреба, воедно намалувајќи го количеството на отпад. Овој инспиративен пример отвори разговор за важноста да се поврзат академското знаење и практичното бизнис искуство, но и за тоа како иновативните деловни одлуки можат истовремено да создаваат економска вредност и да придонесуваат за заштита на животната средина.

Создавањето поволна клима за развој на малите и средните претпријатија и поттикнувањето на циркуларните бизнис-модели се важен дел од градењето поконкурентна и поодговорна економија. Затоа што одржливиот развој започнува со добри идеи, иновативни пристапи и одговорни деловни одлуки.

#EUSMEWeek

Subscribe To our newsletter!