Станислав Лем (1921-2006) е најпреведуваниот полски писател, сатиричар, философ и футуролог, како и најпреведуваниот автор на научна фантастика од неанглиско говорно подрачје. Тој е меѓу најпознатите писатели и теоретичари на научната фантастика. Добитник е на многу престижни награди и одличија, а бил и почесен доктор на повеќе универзитети во Полска и во светот. Неговите книги се продадени во над 45 милиони примероци. „Соларис“ е едно од најпознатите научнофантастични дела во историјата на светската книжевност.
Category: Culture Matters Series
Europe House supports culture and paves the way for initiatives and individuals to express their worldviews. Culture Matters Series is a column that follows the pulls of contemporary topics. Through our podcast and blog content, we open a series of questions and conversations that deal with many creative art forms as we strive to contribute to the overall cultural spectrum..because #CultureMatters
Разбиваме митови: Најчести заблуди за купувањето облека од втора рака
Одржливата мода не е ограничена само на купување облека од еколошки свесни брендови, туку голем дел од целата философија подразбира учење како да го продолжите животот на парчињата облека кои веќе ги поседувате и да придонесете кон намалување на прекумерното производство на нова облека што никој нема да ја облече. 73% од произведената облека во моментов патува кон депонија или ќе биде спалена, а 95% од таа облека може да биде реуптребена или рециклирана. Што може да направиме за да се смени ова?
Сосема е природно да сакате да се подновите или да внесете нешто ново и возбудливо во вашата гардероба. Тоа не мора да значи поход кон продавниците за нова облека каде најчесто ќе најдете брендови за брза мода. Разменувањето облека, купувањето облека од втора рака (second-hand) и поправањето на облеката што веќе ја имаме се основните начини да си ја исполните желбата за нешто ново, без да „предизвикате“ повеќе отпад. Процесот на барање низ вашиот плакар за да одлучите што сакате да размените исто така помага да се направи увид во работите што ги сакате да ги чувате и носите.
Купувањето од втора рака ја пренасочува облеката да не заврши на депонија и ја намалува потребата за нова облека – со купувањето на едно веќе сакано (носено) парче облека се намалува неговиот јаглероден, отпаден и воден отпечаток за 82%!
Промените не се секогаш лесни за прифаќање и многу е веројатно дека модните ентузијасти меѓу вас верувале дека да се изгледа стилски значи да се биде тренди – да се купуваат нови парчиња облека со секој нов тренд. Повеќето од вас можеби и никогаш не купиле нешто од втора рака, ниту пак биле во некаква second hand продавница. Но, никогаш не е доцна да се усвојат нови добри навики, па со оглед на тоа дека септември е месецот на (кревање свесност за) облека од втора рака, придружете ми се во разбивањето на најчестите митови за купувањето облека од втора рака. Да се биде еколошки свесен и да се поддржува одржливата мода пред сѐ значи да се биде едуциран и информиран, па внимателно прибирајте ги информациите.
Станува збор за нашите потрошувачки навики и раскинување на кругот на импулсивно купување на парче веднаш штом пристигне новата колекција во продавниците на брендовите за брза мода (а прават по 52 колекции годишно!) Откако ќе го сфатите влијанието што го имате, откако ќе сфатите како некако сте престанале да ја цените убавата, добро изработена облека што била веќе сакана (pre-loved), била поправена или подарена, промената можеби нема да биде најлесна, но ќе биде добра – и за вас, и за планетата Земја.
МИТ#1 Нема да најдам ништо добро во продавница за облека од втора рака
Купувањето од втора рака е уметност сама за себе и целосно разбирам дека на прв поглед може да ви се чини како ништо да не е „добро“. Реалноста е дека повеќето продавници од втора рака не изгледаат како бутиците и продавниците на веќе познатите големи синџири за брза мода. Додека некои продавници за облека од втора рака може да изгледаат како магацини, има продавници и платформи каде внимателно се избираат парчињата по разни категории и посебно се изложуваат парчиња што се винтиџ или со исклучително добар квалитет. Надминете ги предрасудите и нурнете се во нешто ново! Се сеќавам кога првпат сум однела некого во продавница за облека од втора рака и најчесто ми кажувале: „Па ти ги наоѓаш веднаш убавите парчиња!“. Прашање е само кога ќе го изострите окото и ќе почнете да ги откривате скриените богатства. Треба само да „набилдате“ истрајност да ги најдете парчињата што ќе одговараат на вашиот стил.
МИТ #2 – Купувањето од втора рака е комплицирано
Купувањето од втора рака не е толку тешко и комплицирано како што можеби изгледа. Откако ќе ја сфатите идејата и ќе направите јасен план, всушност е прилично лесно. Првото нешто што треба да направите е да пронајдете неколку добри места и да се држите до нив некое време. Познавањето на видовите парчиња и квалитетот на облеката што ја добиваат продавниците е добар показател дека сте почнале да го откривате вашиот талент за купување од втора рака.
Друг совет е да се ослободите од фрустрацијата кога не наоѓате нешто: пазарењето од втора рака е уметност, а наоѓањето парче е вистинска награда. Толку сме навикнати постојано да купуваме, потоа премногу се фрустрираме кога заминуваме со празни раце. Реалноста е: подобро е внимателно да ја избираме нашата гардероба, отколку да се задоволиме со „можеби“ парчиња.
МИТ #3 – Нема да најдам интересни парчиња
Продавниците за винтиџ и облека од втора рака се веројатно најдобрите места за да најдете навистина уникатни парчиња. Парчиња од друга ера, од друга земја, од друга приказна, кои ќе дојдат и ќе додадат малку je ne sais quoi во вашата сегашна гардероба. Овие уникатни парчиња не само што ќе додадат „зачин“ во вашата гардероба, туку може да најдете и ретки парчиња што тешко се наоѓаат, а кои нивните претходни сопственици едноставно повеќе не ги носат. Тоа е веројатно една од најголемите награди при купување од втора рака: пронаоѓање на уникатно парче што ќе се истакне во нашата гардероба и поради кое ќе чувствуваме гордост што сме откриле такво богатство.
МИТ #4 – Нехигиенски е да се купува од втора рака
Некои луѓе не ја сакаат идејата за купување од втора рака, само затоа што облеката претходно била нечија. Реалноста е дека кога купувате нова облека, парчињата доаѓаат од производствените единици, а потоа поминуваат низ многу раце пред да стигнат до нас. Кога купувате од втора рака, облеката не само што била испрана, туку најчесто поминува и низ процес на дезинфекција. Освен ако не мислите дека јадеме во нови, штотуку отпакувани чинии секојпат кога одиме во ресторан, купувањето од втора рака не е понехигиенско од сите други активности кои редовно ги правиме.
МИТ #5 – Тешко е да ја направиш гардеробата навистина твоја
Купувањето облека што била претходно нечија не значи дека купувате гардероба на други луѓе. Всушност, ви помага подобро да го дефинирате вашиот вкус и да го направите секое парче ваше. Веќе саканата облека раскажува приказни, а давањето уште една шанса и втор живот само ќе ја направат нивната приказна уште поуникатна.
Вклучувајќи ги во вашата гардероба, им нудите на вашите second-hand парчиња нова средина, нова шанса да бидат во хармонија со вашиот стил и сегашните парчиња. Ќе научите да ја совладате уметноста на комбинирање старо и ново, винтиџ и модерно. Ќе научите да ја прифатите уникатната, персонализирана гардероба.
МИТ #7 – Можеби ќе заштедам, но нема да изгледам стилски
Уште не сум запзнала некој што ја совладал уметноста на купување од втора рака и не изгледал стилски. Има нешто во винтиџ парчињата што ќе привлече внимание и ќе ги натера луѓето да прашаат „Каде го најде тоа?“, на што со гордост ќе можете да одговорите „Винтиџ е“. Така, го добивате најдоброто од двата света: и стил, и заштеда!
МИТ #8 – Купувањето од втора рака е за оние кои не можат да си дозволат нова облека
Ова е можеби најчестиот мит што го слушам кај нас – впечатокот дека да се купува од втора рака значи дека лицето не може да се дозволи да купува нова облека. Покрај фактот дека се заштедува финансиски да купуваме од втора рака, тука би сакала да ја парафразирам коосновачката на Fashion Revlution, Орсола де Кастро, дека „кога купуваме од втора рака, не значи дека не можеме да си дозволиме (финансиски) да купиме нова, туку дека не можеме да си дозволиме (еко-свесно) да ја фрламе таа што веќе постои.
Автор: Александра Спасеска (https://www.instagram.com/aleksandrina_vezilka/)
Илустрација: Моника Стојановска (https://www.instagram.com/_moooki/)
#11 Tamara Ristovska invites Sandra Gjorgjieva



#9 Esports Generation – Предрасуди за видео игрите
#8 Esports Generation – Споредба на различни жанрови на еспорт дисциплини
Дејан Дуковски: Пишувам ТВ серија во која Југославија сè уште постои
Разговара: Наташа Атанасова
Да се чита Дејан Дуковски значи да се осети моќта на зборовите во форма на реплики со сета сила по своја кожа. Да се гледа Дејан Дуковски значи да се навлезе во читањето на една драма која на сите им е пред врата ама низ клучалката успеал да ја (у)види само тој. Да се разговара со Дејан Дуковски значи едноставно да се разговара. Со сета леснотија на непосредноста и со сета убавина на мислите што одлетуваат и некогаш се враќаат, а некогаш залутуваат.
Една реплика од „Друга страна“ вели: Имам дилема. Дилемата ми е дали треба да имам дилема. Како стоиш со дилемите? Која е најголемата дилема што те мачи денес?
Да, дилеми, стално имам многу дилеми. Тоа е оној хамлетовски момент, неодлучноста. Се може и вака и така. Некој период живеев во Хамбург и во Копенхаген, па Париз и цело време имав дилема што би правел, што би било ако бев тука. Што ќе беше да беше… Ако тргнев по улицата десно, а не лево… Генерално, преку глава од дилеми… Оваа последнава година ако некоја дилема ми беше во глава, тоа беше што правиме сега – ако преживееме, театриве не работат, нема претстави, нема ангажмани, хонорари… Така што, почнав да работам една телевизиска серија, со продукција во Белград, на една стара идеја што многу години ми се врти низ глава… тоа е дека Југославија не се распаднала и дека денеска е многу моќна, многу богата и клучно влијателна земја во ЕУ. Сè е реалистично, сè се случува денес, ама не е моментот дека се случува во една земја која што веќе не постои… Сценариото го почнавме со мојот пријател и талентиран млад режисер Георги Унковски и се надевам, иако сè уште не е сосема извесна продукцијата, дека овој проект ќе го истуркаме до крај…
Зборот ми беше, минатава година ја реши таа моја дилема во врска со театрите, и иако имам пишувано сценарија за филм, пишувам и за телевизија. Тоа е она… кога се затвораат театрите во Англија во време на Шекспир, тој почнува да пишува сонети… Ма, имам јас и многу други дилеми…
Ја разреши ли конечно дилемата за останувањето во Македонија?
Да, тука сум и идејата ми е да останам. Ама се разбира дека сакам често да работам и наваму-натаму. Сакам да работам со луѓе што ги знам и знам дека сакам да работам. Еве сега договараме еден проект во Нови Сад. „Дух“ го пишував за СНП во Нови Сад и претставата во режија на Александар Поповски, уште се игра таму. Сега пак договараме со Ацо еден нов проект со овој театар… Нови Сад следната година ќе биде европска престолнина на културата и се радувам на оваа можност. Со Ацо имавме одлично искуство со СНП и… добро е да работиме пак заедно. Разговараме за некаква нова мутација на стари вампиризми…
Пишуваше многу за насилството и војните. На површината на светот, како на лице на тинејџер туку некаде ќе се воспали и ќе пукне некоја нова „бубулица“, од која ќе тече гној, ќе тече крв… Ќе пораснеме ли некогаш, ќе созрееме ли?
Па не знам… Насилно беше времето…. Кога ја пишував „Буре“ на почетокот на 90-тите, тоа беше оној период пред да почне војната во Југославија, ама беше јасно дека нешто ќе се случи. Постоеше некаква тензија, се осеќаше, во воздух лебдеше тоа дека ќе пукне. Како ќе пукне, што ќе пукне, кај ќе пукне, кој… – не му беше јасно на никој, ама имаше тензија и јас тоа го регистрирав како потенцијално добра драмска материја. Иако драмата не зборува конкретно за војна, таа тензија ја има во секоја сцена од текстот, нешто се распаѓа, некаков систем на вредности се распаѓа. Текстот го носи тој набој на моментот и очигледно го фати духот на тоа време. „ММЕ“ е текст кој го пишував после, откако почна да се случува тоа од што се плашевме. Иако и овој текст не е текст кој директно се занимава со ужасите на војната, има во него некаква апокалиптична визија. Во таа смисла и „Друга страна“ е текст со некаква постапокалиптична атмосфера. „Празен град“ на еден друг духовит начин исто така се занимава со апсурдот на балканските воени конфликти… Мислам дека ниеден автор не може да остане имун на времето во коешто живее и на она што се случува, дури и во најбуквална политичка смисла. Уметноста, генерално, не може да остане имуна на светот во кој што живееме и она што го детерминира нашиот контекст на постоење, на размислување, на дилеми, стравови, надежи…
Кога нешто работам или пишувам, се обидувам точно да го регистрирам контекстот на стварноста која ја живееме. Очигледно е дека нашава стварност изобилува со разни неразрешени конфликти… Многу идеи и сфаќања се недозреани или недоволно изживеани и уште не се поставени сите работи на свое место. Драмата како жанр, во принцип, се базира на конфликт, бара некаква криза. Така што, ние сме добро тло за драма.
Уште нешто од твоите драми што е сè уште силно присутно, тоа е политичката параноја. Големата брзина на стоење. Таа параноја кај нас никако да намали, политичарите само додаваат на гаста на поделбите и ние никако да мрднеме напред…
Кај нас, да речам на Балканот, прилично многу работи од минатото не се затворени како што треба, не се прележани некои детски болести што мора да се прележат. Сè уште нè оптоваруваат проблеми коишто требало одамна да се решат и да бидат и останат само дел од историјата. Системот на вредности што требало да се воспостави пред многу години, уште се обидуваме да го поставиме. Место по рецепт, мериме некако од око… Од друга страна, луѓето овде имаат свои специфични карактеристики и менталитет, можеби одредена доза на патријархалност и тврдокорност или примитивност и необразованост, ама се и полни со животна страст и радост, непосредност, топлина и разни други бакрачи… Автентични нешта што нè прават посебни и ако ме прашаш мене, прекрасни на еден наш начин…
Сите ние коишто живееме тука на Балканот, а ги знаеме неговите болести и ги трпиме болките од нив, како да сме во еден садомазохистички однос со него.
Да, ама па од друга страна тука има и многу работи во коишто човек може да се заљуби, што може да ги сака. Кога го читам Андриќ или кога ги гледам филмовите на Кустурица… точно го гледаш тој дух којшто во суштина е непокорен и див, и ваков и таков, ама слободен. Кога пишувам, јас никогаш не бегам од тоа што сме – напротив, секогаш ги барам заедничките именители на автентичното, нашето. Не пијам чај во пет попладне, ама после многу пиење, шкембе чорба добро ми доаѓа во пет… или шест, ако работи или да работеше Бристол…
Ние сме прилично дружељубиви, прилично зависиме еден од друг, сакаме луѓе. Има тука некаква топлина кај луѓето, некоја потреба да се комуницира, да се помогне, да се споделат разни чувства. Има една непосредност во таа смисла, па и широко срце за многу работи. Еве, овде во Галичник, галичкиве куќи кога ќе ги видиш се големи, правени се за голема фамилија… за тој момент на заедништво. И тоа е автентична архитектура што се изучува на многу факултети. Ретко во што си сам овде… и во добро и во лошо. А, има цел овој регион, и една природна бистрост, виспреност, луцидност и смисла за хумор, како нешто што е најдобар лек против еден куп проблеми, да не речам, сра*а.
Моментално си во Галичник. Забележуваш ли кај тебе разлика во размислувањето, во мислите, кога си во град и кога си таму, во планина?
Па, нормално. Тука има нешто што го нема во град – имаш мир и воздух. Не само што нема толку закрчени улици и ѓубре, хаос и гужва, самава природа ти дава една поразлична позитивна енергија. Стално сум се прашувал како толку уметници низ векови се инспирираа од природата? Има нешто, си викам. Ние во Скопје заборавивме како изгледа плаво небо. Зелени бои скоро и да нема. Воздух, има делумно. Паркинг и време ни случајно… Тука го има тој луксуз, има и простор и време… Едноставно, има нешто, природата инспирира, дава една друга медитативност. Да не спомнам дека Галичник е сепак град, пред градот…
Во Галичник втора година по ред има филмски фестивал. Ќе бидне ли и театарски?
Да, фестивалот беше прилично добар годинава. Непретенциозно, ама многу убаво. Имаше и убави луѓе и убави журки. Мислам дека овој фестивал ќе се развива позитивно и убаво ќе порасне. Има тука една стара кино сала, со оние стари балкони, ложи, ама не е функционална затоа што треба да се реконструира. Како деца по неколку пати ги гледавме сите филмови што доаѓаа… Мораме да ја реконструираме. И ако најдеме средства да се спаси тоа старо кино во Галичник, може ќе има и театар. Некогаш и Народно позориште гостувало во Галичник…
Доаѓаат ли таму млади луѓе?
За жал, многу помалку од кога растев јас, кога имаше многу повеќе живи, активни куќи.
Колку често се дружиш со помлади од тебе, колку разговараш со нив? Има ли разлики во тоа како размислуваат денес младите, а како твојата генерација во времето кога почнуваше да пишуваш?
Колку јас да се осеќам или доживувам млад, нормално дека времето ги менува работите. Кога си млад, ти лета паметот, мислиш дека од тебе почнува светот, ама не е баш така. Ама па тоа е убавината на младоста. Иначе, волим све што воле млади… Сакам да се дружам со млади луѓе. Млади, без обѕир на годините… Мене, додуша, отсекогаш ми биле интересни постарите. А денес некако, како поминуваат годините, жал ми е оти имам чувство дека се изгуби линкот меѓу генерациите. Како некои генерациски мудрости да останаа непренесени… Изгубени во транзиција. Во Скопје кога бев клинец, кога почнавме да излегуваме на некои места како Зизи Топ, Ван Гог, Мондријан… таму одеа и по десетина, дваесет години постари луѓе. Тој меѓугенерациски спој мислам дека е доста важен, а кај нас како да се направи рез, се изгуби шармот на пренесување на искуство на помладите. Низ разни градови имам по едно или две места кои се прилично мои, како што во Скопје ми е „Лајка“, и денеска кога ќе отидам во некое од нив, многу луѓе ќе ги видиш на истите столови, па дошле и некои нови деца ама битно има повеќе генерации на луѓе излезени на исто место.
Многу сакам и стално кога имам шанса ги слушам приказните, гачките на постарите луѓе, сеќавањата што ги памтат. Дури ги бркам тие што мислам дека памтат некои работи, што мене ме интересираат… Сенките на заборавените предци… Многу работи се забораваат, остануваат во воздух, како приказни, а тоа се убави искуства од кои најмногу може и треба да научиш. Луѓето не се многу различни од деновиве и пред години… Чувствата од стара Грција па до денес, не се многу променети… формата се менува, а емоциите, надежите, соништата се останати истите.
Во едно интервју велеше дека планираш, па многу ме интересира дали успеа да го реализираш планот: дали си купи коњ 😊?
Не, ама треба. А може и едно магаре вака за постари години 😊.
#10 Tamara Ristoska invites Dina Jashari






Книжевни рецензии и разговори со Читачот. Гостин: Ѓоко Здравески
Amok x Europe House Record Talks (Diah & NastasyaKish)
Продолжуваме со уште една епизода од серијалот Record Talks. Овој пат во малку поинаков амбиент, емисијата ја преселивме пред Amok Radio