ОД ГРАДСКИ ПАРК СКОПЈЕ ДО ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ НИЗ ЗЕМЈАТА, ЕУ ГО СЛАВИ “ДЕНОТ НА ЕВРОПА 2026”
Од музика под отворено небо и младински активизам, до кино проекции, велосипедска тура околу Охридското Езеро и садење 2.500 дрвја, мај ќе се обележи во боите на ЕУ низ целата земја. По повод Денот на Европа, Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус, заедно со амбасадите на земјите членки на Европската Унија, локалните младински совети и граѓански организации, подготвија програма која прославата ќе ја носи низ паркови, плоштади, културни простори. Од Скопје, Битола и Охрид, до Кочани, Штип, Тетово, Велес и Гевгелија, граѓаните во текот на мај ќе можат да бидат дел од настани кои ќе спојуваат музика, култура, солидарност, природа и младинска активност.
Одбележувањето започнува на 4 мај во Битола со концертот на „Кино класици“ на оркестарот ФЕЈМС, на кој млади музичари ќе изведуваат филмска музика во рамки на проектот „Креативна Европа“, а програмата продолжува на 7 мај во Охрид со хуманитарна трка што ги обединува младите околу спортот и солидарноста.
Централното одбележување на Денот на Европа, ќе се одржи во Градски Парк Скопје, токму на 9 мај, со почеток во 11 часот и ќе трае до 18 часот. Во текот на денот паркот ќе се претвори во простор со зони за локална храна, зелени иницијативи, одржливи идеи и игри на отворено организирани од амбасадите на земјите членки на Европската Унија, проследени со целодневна музичка програма на „Школка“, каде ќе настапат Еурека Денс Компани, Дина Јашари, Звада, Конкеринг Лајон, Дафанк и Дабл Џи, како и диџејките Емили Нас и Мартина Пенева.
На 9 и 10 мај активности ќе има и во Кочани, каде под мотото „Обои го Кочани“ ќе се реализира младинска акција за создавање мурал во јавен простор, додека од 15 до 17 мај Кочани ќе биде домаќин на „Кино на отворено“, серија филмски проекции што ќе ја доближат филмската уметност до младата публика во Кочани.
На 12 мај кај езерото Младост во Велес ќе се одржи акцијата „Растеме заедно“, во рамки на која волонтери, ученици, граѓани и амбасадори ќе засадат 2.500 садници во подрачје погодено од пожари.
На 14 мај во Битола, Фанк Шуи ќе одржат концерт на отворено, кој платото пред Јуроп хаус ќе го претворат во простор за музика, дружење и фестивалска атмосфера.
На 16 мај ќе се организира прекугранична велосипедска тура околу Охридското Езеро, која ќе ги поврзе Струга, Охрид и Поградец во симболична тура што ги спојува природата, младите и прекуграничната соработка.
На 19 мај Јуроп хаус Тетово ќе биде домаќин на саемот „Уживај ја Европа со книга“, со учество на издавачки куќи, разговори со автори, размена на книги, музичка програма и содржини за најмладите.
На 21 мај во Штип ќе се одржи „Откриј ги можностите“, младински настан што отвора простор за нови можности, студирање, мобилност и иновации.
Програмата ќе заврши на 23 мај во Гевгелија со „Младински бран 2026“, еднодневен настан каде ќе има форум за младински вештини, локален саем за претприемништво, стартап лабораторија и креативна младинска сцена.
Од музика и книги, до еко акции, филм и младински иницијативи, програмата годинава го претвора Денот на Европа во прослава што ќе се доживее низ целата земја. Сите настани ќе бидат отворени за јавноста, а повеќе информации за програмата ќе бидат објавувани секојдневно на социјалните медиуми на мрежата на Јуроп хаус.

