ЕУ ГО СЛАВИ ДЕНОТ НА ЕВРОПА 2026 - Europe House

28 Апр

BACK

ЕУ ГО СЛАВИ ДЕНОТ НА ЕВРОПА 2026

ЕУ ГО СЛАВИ ДЕНОТ НА ЕВРОПА 2026

ОД ГРАДСКИ ПАРК СКОПЈЕ ДО ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ НИЗ ЗЕМЈАТА, ЕУ ГО СЛАВИ ДЕНОТ НА ЕВРОПА 2026

Под слоганот „Наша Европа“, Денот на Европа 2026 во текот на мај ќе се слави низ целата земја преку активности кои ги поврзува културата, природата, мобилноста и играта. Главниот настан ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, а програмата ќе продолжува со прекугранична велосипедска тура околу Охридското Езеро, саем на книга во Тетово, еко акција во Велес, како и низа други заеднички настани во повеќе градови низ земјата. Во текот на мај, Европа ќе се ужива во повеќе градови, од Скопје, Битола и Охрид, до Кочани, Штип, Тетово, Велес и Гевгелија.

Централното одбележување на 9 мај ќе се одржи под концептот „Уживај ја Европа во Градскиот парк“, со целодневна програма од 11 до 18 часот во Градскиот парк во Скопје. Настанот ќе биде организиран низ повеќе тематски зони: зона на локални вкусови со “Slow Food Vodno”, зона на цвеќиња и зелени идеи со “Цветко”, зона на маалски бувљак со “Комбо”, зона на одржлива економија со “Yes for Less”, зона на европски игри со “Team Europe”, како и зона на храна. Музичката програма на „Школка“ ќе ја одбележат настапи на Дина Јашари, Звада, Конкеринг Лајон, Емили Нас и Мартина Пенева, како дел од поширока целодневна програма со уште многу музички и сценски изненадувања.

Меѓу носечките настани во програмата е и акцијата „Растеме заедно“ на 12 мај кај езерото Младост во Велес, каде волонтери, студенти, граѓани и амбасадори ќе засадат 2.500 садници во подрачје погодено од пожари. На 14 мај во Битола, платото пред Јуроп хаус ќе биде сцена за концерт на Фанк Шуи, како дел од програмата „Уживај ја Европа со музика“. На 16 мај ќе се организира прекугранична велосипедска тура околу Охридското Езеро, со рута низ Струга, Охрид и Поградец, посветена на одржлива мобилност и соработка меѓу млади од Северна Македонија и Албанија. На 19 мај во Јуроп хаус Тетово ќе се одржи саемот „Уживај ја Европа со книга“, со учество на издавачки куќи, панел-дискусии со македонски и албански автори, размена на книги, музика во живо и детска програма. На 21 мај во Штип следува „Откриј ги можностите“, младински настан што обединува саем за студирање и мобилност, разговори за можности за младите и музички концерт.

Преку мотото „Уживај ја Европа во својот град“, идејата на организаторите, Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус, е Денот на Европа годинава преку настани во повеќе градови да ги вклучи граѓаните во програмата, токму таму каде што живеат и создаваат. Сите настани годинава ќе бидат отворени за јавноста, а повеќе информации за програмата и дневните најави ќе бидат објавувани на каналите на Јуроп хаус.

Subscribe To our newsletter!