Приказна за земјата, паметењето и заедништвото: филмот „Земјиште“ премиерно во Прилеп и Битола - Europe House

28 Авг

BACK

Приказна за земјата, паметењето и заедништвото: филмот „Земјиште“ премиерно во Прилеп и Битола

Приказна за земјата, паметењето и заедништвото: филмот „Земјиште“ премиерно во Прилеп и Битола

Со поддршка од Europe House Bitola, а во соработка со Атриум, пред битолската и прилепската публика премиерно беше прикажан партиципативниот филм „Земјиште“, создаден преку колективен авторски процес. Премиерните проекции, одржани на Камената бина во Прилеп на 26 август и на малото плато пред Офицерскиот дом во Битола на 27 август, на присутните им понудија едно поинакво филмско доживување.

Филмот отвора размислувања за земјата – како концепт, симбол и простор надвор од јасно определено време – но и за човекот, како привремен дел од нејзиниот континуитет.

По проекциите следеа отворени и инспиративни разговори меѓу колективот што стои зад филмот и публиката. Се разговараше за идејните рамки од кои тргнал процесот на создавање, начинот на кој филмот бил сниман и приказните и одлуките што стојат зад она што го гледаме на екранот. Дискусијата ги отвори и прашањата што произлегуваат од самото филмско дело – од сцените и постапките на ликовите до начинот на кој визуелниот јазик ја гради приказната.

За филмот

Едно наследено, исцрпено парче земја ја носи тивката меморија на пет жени кои со години се враќаат за да копаат, да јадат и да си заминат, повторувајќи ритуал што одамна ја загубил смислата, но не и формата.

Рутината се урива кога една од нив го продава својот дел од имотот, верувајќи дека на тој начин се ослободува, а всушност тивко го поместува темелот врз кој се потпира нивното заедништво.

Авторски тим

Играат: Јасна Весиќ, Татјана Јовановска, Христина Србиноска, Софија Кутлешовска, Ана Тамбура

Асистенти на сет: Андреа Гроздановска и Михаил Спасевски

Режија и монтажа: Ивана Мирчевска
Сценарио: Калија Киселички
Камера: Исток Чаповски
Анимација: Ивана Мирчевска
Дизајн на звук: Марко Рикалоски
Продуцент: Дино Чупевски

Subscribe To our newsletter!