Што се случува кога музиката на Морис Равел ќе биде интерпретирана од перспектива на артист кој работи во областа на современата електронска музика?
Токму такво доживување ни понуди Александар Гроздановски – Herzel кој во Паркот на поезијата во Струга, го претстави „RAVEL: Unravel“, несекојдневен музички перформанс што ја смести музиката на еден од највлијателните композитори на 20 век во современ контекст.
Музиката на Равел повеќе од еден век ги надминува границите на класичната музика. Неговите композиции се препознатливи по прецизноста, богатата звучна палета и смелите идеи што и денес инспирираат музичари од различни жанрови ширум светот. Токму овие карактеристики беа појдовна точка за новото читање на неговото дело.
„RAVEL: Unravel“ не беше ниту класичен концерт, ниту електронски сет. Поврзувајќи ја композицијата на Равел со современата електронска продукција, Herzel создаде ново звучно искуство, отворајќи нов простор за слушање и доживување на Равел.
Настанот се реализираше во соработка со Drim Short Film Festival, а беше поддржан од Францускиот институт Скопје, Аgence Consulaire Bitola и почесната конзулка Калиопа Стилиновиќ, и Alliance Française de Bitola.
Перформансот беше дел од заедничката заложба француското културно наследство да се претстави пред нова публика преку современи уметнички форми – овозможувајќи музиката на Равел, создадена пред повеќе од еден век, повторно да прозвучи од една поинаква и свежа перспектива.











