Разговара: Наташа Атанасова
Минатиот месец издавачката куќа „Илика“ ја објави збирката поезија „Надвор од единиците мерки“ на Љубица Шопова. Тоа е поезија произлезена од офкањата на телото кои не ги слуша никој освен умот, од списокот неостварени желби многу подолг од списокот за пазарување, од потребата да се крикне гласно дека човекот не е создаден за да се вкалапува.
Стиховите на Шопова на секоја страница нè соочуваат со нашата кревкост, ранливост, минливост и ни се врежуваат како тетоважи на душата, која и покрај сè, во себе крие и храброст, и тивок бунт, и нескротлив копнеж за живот.
Бубе, најпрвин сакам да ти се извинам што моето праќање на прашањата за ова интервју доцнеше со недели. Но, едноставно, трагедијата што се случи во Кочани целосно ме измести и уште не знам колку и како (ќе) ми влијае. Како се носиш ти со тоа периодов, психички, емоционално, секако…?
Најпрво, сакам да изразам сочувство до семејствата на сите оние кои ги загубија животите во оваа огромна трагедија, како и поддршка до сите оние кои сѐ уште закрепнуваат. Како што велиш и ти, трагедијата во Кочани навистина нè измести сите. Лично, исто така не знам колку и како ќе ми влијае оваа ситуација. Како се носам… Многу сум револтирана, лута, иритирана бидејќи не само оваа туку и останатите трагедии во изминатите децении можеа да бидат избегнати со почитување на законите и нивно доследно применување. Отсекогаш страшно ме вадело од кожа тоа што на овие простори секогаш оние што ги посочуваат грешките и пропустите завршуваат казнети, а се глорифицираат и на некој начин се наградени оние што премолчуваат и едноставно работите продолжуваат да си тераат како ништо да не се случило. Крајно време е на сите нивоа: индивидуално, колективно, институционално да почне да се преобмислува и редефинира оваа „култура“ на профитерство и неодговорност најблаго кажано, за да нè биде и да нè има.
Минатата недела се одржа промоцијата на твојата нова, втора збирка поезија, насловена „Надвор од единиците мерки“. Колкав период на подготовка на збирката ѝ претходеше?
Да, на моја огромна радост и задоволство, се одржа промоцијата на „Надвор од единиците мерки“ во КСЦ „Јадро“. Збирката се подготвуваше околу четири години и за разлика од првата збирка „Форми во создавање“, која ја пишував на еден структуриран начин, оваа збирка се создаваше прилично спонтано и несвесно. Можеби затоа што околностите во кои се пишуваше беа многу специфични. Се соочувавме со ковид-пандемијата и тоа некако сите нè фати неподготвени и ни наметна на некој начин да бараме алтернативни места и простори да излеземе од тоа.
Од друга страна, тоа придонесе и многу нешта што претходно биле потиснувани да излезат на површина и така беше во мојот случај додека ги пишував песните. Значи, периодот во кој се пишуваше збирката беше по издавањето на првата книга, време на ковид-пандемија и излегување од кризата, што се поклопи и со некои мои лични кризи и така со спонтано излегување на површина на нештата се создаде ракописот. Потоа, на моја огромна радост и задоволство се случи соработката со Катерина Шекутковска и издавачката куќа „Илика“ и ракописот се заокружи во обликот како што беше промовиран минатата недела.
Збирката е поделена на три циклуси. Крикот на телото од првиот („Телото ти бара повеќе“) и молкот во телото во вториот („Каде молкот добива ново име“) апокалиптично се судираат во третиот („Надвор од единиците мерки“) за на крај да го дочекаат „инсталирањето“ на „Новата верзија на светот“. Каква ти беше соработката со уредничката и како дојдовте до оваа структура?
Соработката со уредничката беше вистинско уживање, едноставно како што би посакал секој автор. Во однос на структурата… Иако овие нишки провејуваа низ песните уште пред да се подели збирката во циклуси, Кате мајсторски им даде тек за да се најдат на вистинското место. Барањето на своето место во светот, еве да кажам така во смисла на физичките ограничувања, но и припадност, потребата да се биде дел од нешто, потребата да се излезе од наметнатите калапи, да се крикне во тие внатрешни и надворешни борби, да се биде слушнат, да се наметне и создаде нешто свое, се на некој начин нештата што ја создадоа ваквата структура на збирката.
Возбудливи се твоите постојани обиди да го уловиш со јазикот „тоа што не се гледа со голо око“ и „тоа што се гледа со затворени очи“, притоа служејќи се со терминологијата на егзактните науки. Колку само мерки, калапи и сигнали; точки, отсечки и кругови; ротација, сметање на времето и темна материја… се потребни да се земат и остават во обидот да се (с)фати немерливото?!
Во еден момент, кога се собраа песните, сфатив колку нешта сум потиснувала и слепо сум ги прифаќала без да ги преиспитам. И во тој период на подготовка некако природно се наметна потребата да се излезе од мерките, да им се даде квалитативен аспект на бројките, структура и да се види што и колку слепо прифаќаме, колку сме доследни на себе и против себе. На некој начин сакав да пркосам на егзатностите токму со таа нивна терминологија и притоа да се обидам да им фрлам ново светло, да ги ставам во друг контекст, па повторно да ги извадам за да дојдам до некое сознание или одговор. Некогаш се потребни нови мерки, нови нешта, а некогаш само да освестиме дека доволно е она постојното што го имаме. Безброј комбинации од овие работи треба да се земат за да се создаде и допре немерливото. Веројатно тоа води и до автентичност на она што го создаваме.
Кревките лирски субјекти од твоите песни се деформираат, ги бројат своите бели влакна и си го кажуваат името со безгласни букви. Полни копнежи и соништа, со „пеперутки во стомакот и мајски бумбари во главата“, ни даваат грст од нивната сегашност и ѕирки во смислата на постоењето. Колку многу одење по патеките на менливоста и минливоста на физичкото и психичкото е потребно во потрагата по метафизичкото?
Ах… не би можела да кажам со квантитативни мерки 😊Но, мислам дека тоа би било некако како да тргнеш на Кораб после зимски сон и на патот кон врвот да се соочиш со сите свои ограничувања, но и нови можности. И додека одмараш на планинските патеки и гледаш кон небото ќе дојдат одговорите за каде понатаму. Би рекла дека на ваквите патеки се сите формирања и деформирања за повисоката смисла на работите.
Во песната „Лет“ птицата што летајќи на небото ја менува формата на облаците се споредува со „хипнотизирана болка“. Ако можеш засекогаш да хипнотизираш една болка, која би била таа?
Мислам дека тоа би била болката од површни и еднонасочни релации, болката од отуѓеност и осаменост. Од друга страна секогаш би сакала да ја држам будна болката од раскрварени колена од падовите во детството бидејќи таа ме тера да се исправам и да продолжам понатаму.
Поетесата Александра Спасеска во нејзиниот поговор кон збирката влече паралели на твојата поезија со онаа на Силвија Плат, Емили Дикинсон и Вислава Шимборска. Дали некоја од нив е дел од твојата лектира? Колку читаш поезија и кои се твоите омилени поетеси и поети?
Секако дека наведените авторки се дел од опусот на автори кои ги читам и почестена сум што Александра извлекла паралели токму со нив. Читам поезија и имам многу автори кои ми се омилени. Сепак, кога станува збор за инспирација, во последно време се фаќам и се навраќам на некои автори кои можеби не се толку експонирани, но според мене се малку поразлични од стандардното. Тука би сакала да ги истакнам Хари Ман и Ким Симонсен кои мене ми оставија посебен впечаток во смисла на форматот, мотивот и нетипичноста на лирскиот субјект во нивните стихови. Исто така, ја сакам поезијата на Милена Марковиќ која на моменти е брутална и кога ја читам се чувствувам како некој да ме разбудил со протресување после дремка. И, секако, тука се македонските поети и секогаш со радост ја читам поезијата на Гане Тодоровски, Радован Павловски, Лилјана Дирјан… И уште само да истакнам дека освен од поезија, многу инспирација за пишувањето црпам и од бихејвиоралната економија која по вокација ми е поле на интерес и, секако, од она што го доживувам како лично искуство, како и интерпретацијата и рефлексијата на она што го набљудувам во другите и опкружувањето околу мене.