ЈАЗИКОТ Е НАШАТА ДУШЕВНА ПИТОМИНА - Europe House

25 Јун

BACK

ЈАЗИКОТ Е НАШАТА ДУШЕВНА ПИТОМИНА

ЈАЗИКОТ Е НАШАТА ДУШЕВНА ПИТОМИНА

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошки факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Си го припомнувам денот кога одеднаш ветрот ми донесе трепетлив глас на тажачка од старица во црно. Одек од моето детство. Присет, дур баба ми ги хранеше тукушто испилените пилиња во дворот, си зборуваше сама со себе, а по белите образи ѝ се сливаа солзи. Зборот и плачот слеани во едно нешто неразбирливо, како кога мало дете зборува и неутешно плаче по изгубената играчка. Сепната дека сум до неа, а таа не го сетила моето доаѓање, плачот го претвора во благослов. Гледајќи ме со стаклените очи, утешно глаголи и започнува да ми ја раскажува приказната за тоа како Бог му ја дал тагата на човекот, откако претходно каменот и гората не ја издржале. И навистина, на кој јазик тажеше баба?! На кој јазик раскажуваше и благословуваше, оти да колне, не знаеше!

Јазикот е нашата душевна питомина. Нашиот јазик е нашата највисоко издигната брана што ги спастри силните и бујни водотеци и брзаците на народната мисла на Македонецот. Со векови ги длабел засеците за да не сетат жедост и оние што под  небесниот вршник на житар, со пот и со песна го собирале лебот од нивјето. Мислата и речта на народниот ни мудрец се воздигнаа во јазик кој постојано се раѓаше, растеше и буеше низ песните, приказните, поговорките, благословите… Извираше од срцето на народот, длабеше свое корито по кое низ вековите течеше, за да дотече до денот во кој се случи да стане официјален литературен јазик на македонскиот народ. Кога водата од понорните извори на народниот јазик издлаби своја патека во земјата, тогаш започна незапирливиот тек на јазикот по недогледните полиња на книжевноста. Јазикот ја вдомува книжевноста, јазикот ѕида нови домови врз темелите, кои меморијата на еден народ ги вкопала длабоко.

Народниот јазик е нашиот сетворечки демијург. Во ковачницата на македонскиот јазик со векови се калел зборот. Се топел, претопувал, се вжештувал и ладел, се ковал и оформувал, за да стане збор-копач, збор-чекан, но и збор-сечило.  Во народниот јазик се сочувани нијансите на нашите интуитивни доживувања, на нашите интимни општења, шепотења. Македонскиот јазик е природна творба создадена од жив извор, чија издашност не се намалила до денес. Тој природно се храни од традицијата, од живиот говор на говорителите. Ако се загледаме во историскиот воздиг на македонскиот јазик, ќе ги препознаеме отпечатоците од времето Кирилометодиево, Светиклиментово, Миладиновско и Прличево, Рациново, Блажеконеско… Сета литература создадена на македонски јазик е, всушност, нашиот отпечаток преку кој сме препознаени како посебен народ на Балканот, во Европа и во светот. Македонскиот јазик е архивот на македонската духовна и материјална култура, тој е трезорот на вредното наследство, на архетипските слики вградени во нашата колективна меморија. „Нема  мали и големи мемории“, вели Хегел. „Малите народи и малите јазици се како скриените птици од дрвјата: и невидливи пеат. Ние не знаеме дали нивната песна ќе стане чујна и разбирлива за цел свет, но знаеме дека духовната вредносна мерка е единствена, иста за сите“, вели Митко Маџунков. Во големата крошна на светот, секоја птица нашла своја гранка за дом. И пее ли пее! Така започнува нашиот разговор со светот во кој, покрај големите камења, во потпорните ѕидови стојат и оние помалите ситни зрна, кои цврсто ја држат задужбината. Јазиците не се разликуваат според тоа колку се распространети или колку милиони говорители имаат, туку тие се вреднуваат според тоа колку нивната лингвистичка ДНК е способна да се умножува и пренесува.

Како генерација ја имаме честа да ги сведочиме осумте децении од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Таквата чест значи и одговорност кон оставнината на нашите претходници, кои себеси се вградиле во остварување на големата идеја, што нѐ направи рамноправни жители на светот. Конески ни ја остави најголемата опомена:Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не“. Наша е должноста како интелектуалци, преку личниот пример да покажеме дека ги заслужуваме и јазикот и татковината, најголемите македонски извишувања. Стандардниот македонски јазик задолжително треба да се говори во претшколските установи, во основните и средните училишта и универзитетите. Нормата недвосмислено мора да ја почитуваат државните институции, издавачите, медиумите. Грижата за јазикот е нашата заедничка мисија и врв на родољубието, на почитта кон татковината.

 „Треба да го изнајдеме и да го искористиме секое здраво и животворно зрно од нашето веќе натрупано речничко богатство“, велеше Конески. Тој искрено веруваше дека  „тоа е јазик на една млада полетна литература, што со секој ден сè поплодотворно се разгранува“. Писателите и преведувачите се најголемите и неуморни копачи по македонското јазично богатство. Низ книжевниот превод јазикот расте до несогледливи височини, а заедно со него растат земјата и народот. Преводот ги дестилира јазичните симболи како отпечатоци од меморијата, им ја очистува патината, ги носи до лингвистичките пасажи на јазикот, во кои се сокриени прекрасни и чисти јазични форми. По еден неодамнешен прочит на романот „Кон Езерото“ на Капка Касабова (Бугарка која живее во Нов Зеланд), преведен од Бранислав Мирчевски, напишав: „Со широки познавања на македонската дијалектна лексика, особено на архаизмите како јазично богатство, но и на социо-културните нијанси на македонскиот јазик, преведувачот создава дело на кое му вдахнува топла човечка димензија. Оти јазикот не постои надвор од човекот.“

Од моментот кога пристигнав во манастирот и се пријавив за една седмица, се почувствував поинаку, како да бев испила некаков одвар. Планините отспротива изгледаа нематеријални, а авата беше полесна. Околу мене бескрајно пространство.  Манастирот и земјата околу него, и воопшто целиот јужен дел од брегот има поинаква атмосфера од остатокот на крајбрежјето. Тука се чувствуваш стивнат, небаре од нечија рака.

(Извадок од романот „Кон Езерото“)

Полнотата на преведениот книжевен текст ја прават зборовите, кои преведувачот ги преместува од просторите на заумната тишина. Симнувајќи се удолу кон пластовите јазично богатство, авторите и преведувачите не ископуваат само зборови, туку допираат до крвотокот на јазикот, до корените од кои тој се храни. Таму од бистрите кајнаци, мислата се напојува и храни. Чувајќи ги живи, ќе ги довардиме и големите раскрилени крошни на столетните дрвја кои, пркосејќи му на времето, не престанале да се извишуваат кон својот златоврв. Секоја семенка сронета и падната на мократа почва, раѓа нов живот, нова надеж.

Нашиот јазик е нашето узреано македонско утро, нашата македонска биднина!

Subscribe To our newsletter!