Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Разговара: Наташа Атанасова
На годинешното издание на еден од најмилите фестивали кај нас, „Македокс“, имав можност да изгледам неколку филмови. Од нив, документарниот филм „Планината не оди никаде“ ме остави со подзинат ум. Приказната за четворицата браќа овчари кои живеат сами на бачило со своите овци на врвот Солунска Глава, во исклучителен однос со кучињата и со планината – ме фасцинираше. Со оглед на тоа што периодов односот човек-природа ми стана важна тема за размислување, некако природно работите доведоа до ова интервју со режисерката на „Планината не оди никаде“, Петра Селишкар.
Неодамна ги читав книгите на Капка Касабова, а за време на „Македокс“ имав можност да направам интервју со неа, во кое таа зборуваше и за нејзината последна книга, „Анима“, во која се занимава со пасторализмот. Веднаш по интервјуто, на „Македокс“ го гледав Вашиот филм „Планината не оди никаде“ и некако имав чувство како работите да се надоврзуваат по некој судбински тек. Како Ви се јави интересот за снимањето на овој филм?
Интересно е што многу луѓе гледаат врска помеѓу „Планината не оди никаде“ и „Анима“ на Капка Касабова. Сега конечно ќе ја прочитам книгата, а Капка конечно ќе го гледа мојот филм. Многу беше интересно што оваа година се сретнавме на „Македокс“ и мислам дека се препознавме – како што понекогаш се случува со креативните души. Како што би рекле пастирите од мојот филм: „си мирисаме исто“.
Долг беше патот кон планината – во секоја смисла. Финската продуцентка Кристина Первила, која пред многу години беше на „Македокс“ во жири, имаше желба да ги види шарпланинците кои работат со стока на планините. Така Марјан, кој во филмот се појавува како одгледувач на кучиња, ја однесе на планина и под една смрека спиеше малиот Зариф. Ми донесоа фотографија што беше клучна – и оттаму почнавме со идејата за филм и ја пронајдовме фамилијата.
Филмот е сниман во екстремни услови – во дивина, во бачило под Солунска Глава каде што се пристапува само со теренски возила, во опкружување со многу животни како овчарски кучиња, овци, крави, коњи.., на место каде што нема струја и интернет… и тоа долг период. Колку пати требаше да се качите и симнете од горе и како живеевте и работевте и Вие лично и останатите членови на екипата додека се снимаше?
Престанав да бројам колку пати сме биле… На почеток, првите години одевме само јас и Бранд Ферро, а последните три со екипа, снимавме пет години, претежно во летниот период. Немаше струја, а и водата беше далеку. Условите беа планински – како што сите знаат во Македонија, каде што има овци, таму има и кучиња. До Солунска Глава има многу лош пат – не знам дали може воопшто да се каже дека постои пат. Дури и војската оди со хеликоптер на работа, а ние одевме со коњи и специјални џипови за такви терени. Водата, нормално, преку зима и пролет прави свои патишта, така што патот никогаш не е ист.
Бевме доста голема екипа за документарен филм, со огромна логистика за вода, храна, опрема, шатори за спиење, агрегати за полнење на техниката… Секој ден беше предизвик – качување со тешка опрема, невреме, кучињата што на почеток не ни дозволуваа слободно движење, нема тоалет, нема дрво за да се скриеш од сонцето, па едноставно треба да го прифатиш животот на отворено.
Снимавме кај Зекир, Зариф, Басри и Бесир, во нивното горно бачило каде што се овците, а и во второто долно бачило, со Зани и Зарифе, каде што беа кравите – таму има шума и многу волци. Децата ме прифатија како втора мајка, а изгледа и кучињата го разбраа тоа. Инаку, имаше околу 20 кучиња – многу големи (шарпланинци, карабаши, кангали, мешанци). Прекрасни животни – нежни и посветени на човекот и на работата со овците.
Филмот за мене беше како едно патување во времето, кога човекот живеел во тесна и самоодржлива врска со природата и „дишел“ во просторот. А, во суштина, патувањето е само во просторот – на 40 км воздушно од Скопје, најгусто населеното место за живеење во земјава. Како гледате на нашиот денешен „цивилизиран“ однос кон природата?
Природата има моќ да те излечи, ако ѝ дадеш време и можност. Современиот, градски човек најчесто не е свесен за нејзината исцелителна моќ. Брзиот живот – или подобро речено, лошо потрошениот живот во градовите резултира со немоќ и апатија поради недостиг на допир со чист воздух и физичка работа, со постојано движење во природа.
Нашите Зариф, Зани и Зекир секој ден пешачат најмалку 30 километри со овците, молзат, прават сирење, готват, одат 3 км за да наполнат вода. Замислете – тоа е како цел ден да вежбаш јога, пилатес, фитнес и плус џогинг во планина. Денешниот свет нуди многу можности, но токму поради тоа најчесто немаме фокус и јасна цел. Затоа планината на човекот му го враќа „украденото време“ – времето потребно за рефлексија. Природата дава можност за медитација, дури и без да бидеш свесен дека медитираш.
Соочени со проблемите околу нас, често сме растргнати со прашањето „should I stay or should I go“, кое го мачи и еден од браќата овчари, кој веројатно ќе замине од семејството и од планината. Што е потребно за масовното бегство да почне да се врти во обратна насока – кон природата?
Мислам дека тоа прашање „дали да останам или да си одам“ се појавува кај секој човек во одреден период од животот, бидејќи промената не доаѓа лесно. Сепак, Зариф се врати назад кај своите браќа – на некој начин тој знае дека е одговорен за своите овци и за браќата, кои без него не би можеле да се снајдат. Се работи за традиција што постои со векови и ако се прекине, тоа страшно ќе влијае врз начинот на живот.
Во Македонија сè уште има многу знаење, некое „племенско“ разбирање, за во големите фамилии да може да се задржи поврзаноста со земјата и планината. Нашите деца се свесни дека на Запад не е подобро – таму исто така би работеле без одмор секој ден. Но, исто така се свесни дека овде работат за себе, за своите овци и семејство. Тоа е одговорност, но и еден вид слобода. Се надевам дека ќе издржат, а во меѓувреме условите за сточарство ќе се подобрат. Само така може да има вистинско враќање кон природата – не преку туризам.
Од филозофско-медитативните разговори на браќата за смислата на животот и живеењето (таму) е произлезен и насловот „Планината не оди никаде“, кој сосема разбирливо го заменил првичниот наслов на филмот („Долината на Шарко“). Дали овие разговори се поттикнаа и засилија со вашето присуство таму или, едноставно природно е природата да го поттикнува размислувањето за тие вечни теми, за смислата на животот?
Да, тие се доста филозофски настроени. Така зборуваат, тоа им се врти низ глава – имаат поширок поглед на светот и повеќе време, бидејќи немаат интернет и не се „трујат“ со телефон по цели денови. Само на врвовите има мрежа. Нормално дека разговорите се случуваа и во интеракција со мене – никој порано не ги прашувал што размислуваат. Мене токму тоа ме интересираше – како размислуваат и чувствуваат во таа широка планинска димензија, како им течат мислите на млади момчиња од 6 до 21 година.
Како жена-мајка добивав сигурно поинаков одговор од нив. Не ме интересираше антропологија или политика, туку како растат деца сами на планина, заедно со кучињата и каков е нивниот однос. Мислам дека токму кучињата ги држат на планината. Во село не би можеле да живеат со толку кучиња, а единствениот слободен простор е токму планината. Истото важи и за нашите јунаци.
По македонската премиера на филмот овациите беа долги и меѓу публиката беше забележлив голем восхит. Какви беа реакциите што стигнаа до Вас?
Реакциите беа фантастични. Изгледа дека на луѓето многу им се допадна филмот. Имавме прекрасна публика, покрај голем дел од екипата која е незаменлива, предводена од Сара Ферро. Филмот ги воодушеви особено визуелно, а тоа е заслуга на Бранд Ферро, и нормално поради присуството на Зекир, Басри и Бесам, кои се симнаа од планината специјално за проекцијата. За мене, и покрај Vision du Réel и наградите во Мексико и Црна Гора, вистинската премиера секогаш ќе биде „Македокс“. Благодарна сум на екипата која одгледа таква публика – единствена.
Кога да ја очекуваме проекцијата на филмот во Кинотеката на Северна Македонија, којашто ја најавивте, а можеби и низ други киносали низ земјава?
Проекцијата во Кинотеката на Северна Македонија ќе ја организираме наскоро, а се надевам и во други киносали низ земјата. Дистрибуцијата започнува на почетокот на октомври и се надевам дека ќе направиме проекции низ цела земја со тоа што ќе успееме да ја финансираме промоцијата, за да може македонскиот документарен филм да допре до публиката и во малите градови.
Насловна фотографија: фотографскиот тим на фестивалот „Македокс“