Новата поезија: меѓу каноните, современоста и слободата - Europe House

26 Авг

BACK

Новата поезија: меѓу каноните, современоста и слободата

Новата поезија: меѓу каноните, современоста и слободата

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Јосип Коцев, поет

Од оние сум што веруваат дека поезијата има вонвременски својства, па пишувањето за „млада поезија“ малку ги распаметува сказалките на мојот книжевен часовник. Не е тајна дека во нашата средина, поетите, дури и оние на средни години со неколку објавени книги зад себе, со децении влегуваат во категоријата „млади и надежни“, па можеби оваа моја временска дезориентираност е и оправдана. Сите поети се млади, gau de amus igitur. Затоа, наместо за младата, би прифатил еден терминолошки компромис и би пишувал за новата поезија, иако не сум наклонет кон преголеми поетски декларации и апстрактни дефиниции бидејќи за мене поезијата е конкретен миг на доживување, пресек на чувството и мислата, а расправите за неа честопати се бескрајни, самодоволни и затрупани со субјективни флоскули. И сепак, еве, свесно паѓам во таа замка одговарајќи на прашањето: Како ја гледам новата, млада поезија?

Социјална ангажираност – секако, но зошто не и поглед навнатре?

Изминативе две години имав можност да соработувам со една издавачка куќа што се занимава со препеви и преводи на автори од помалку застапените источноевропски јазици – бугарски, хрватски, украински, летонски – на огромниот шпански книжевен пазар. Повеќето од овие поети и писатели се млади луѓе, родени по падот на железната завеса и она што веднаш го забележав кај нив беше ослободеноста од диктатот на социјалната ангажираност како задолжителна книжевна легитимација. Наместо да зборуваат од позиција на колективна судбина или историска неправда, тие се насочени кон интимното, личното, експерименталното. Во нивните песни урбаните пејзажи се слеваат со дигиталните простори, а јазикот слободно се движи меѓу локалниот колорит и глобалните културни кодови. Ова враќање кон искреноста, кон суптилната човечка чувствителност без задолжителна обврска кон „големите“ наративи е можеби најсуштествената одлика на новата поезија. Таа покажува дека интимниот, личниот глас може да биде исто толку моќен и релевантен колку и оној што држи политички говор од сцената.

„Поетската генерација“ – коинциденција и чиста статистика

Термините „поетска генерација“ или „писателска генерација“ отсекогаш ми звучеле редуктивно. Зошто би го подредувале поетскиот израз на еден автор во иста кошница со група туѓи поетски изрази само според годината на раѓање, како да станува збор за административна статистика? Имаме автори родени во првата деценија на 21 век чии песни носат далечен призвук на традиција и архаичност, и обратно – поети родени во 70-тите што пишуваат со современ јазик и им припаѓаат на најактуелните културни регистри. Новата поезија треба да ја одразува вистината за творењето – тоа е длабоко самотнички, сурово индивидуален процес. Секое дело треба да стои само за себе – со свој сопствен ризик, своја сопствена боја и глас. Време е поезијата да се ослободи од тој вкотвен став на редење „поетски генерации“ – како да се работи за воена регрутација во која сите мора да носат исто оружје и униформа. Наместо да се бара еден генерален „поетски призвук“ за цела група автори родени во иста декада кои фаќаат фреквенции во тие рамки, сакам да верувам дека секој млад автор ќе најде сила да застане сам зад своето дело и слободно и надгенерациски ќе го збогатува хоризонтот на различности.

Отворена покана за замолчаните

Историјата на литературата е истовремено историја на објавените гласови, но и на замолчаните, одмолчаните, премолчаните, избришани од видното поле или истиснати на маргините. Неодамна се прашував колку ли само замолчани и маргинализирани луѓе заминале од овој свет со креативна имплозија во себе? Долги децении книжевните друштва функционирале како затворени клубови. Луѓе со слични биографии, интереси и идеолошки погледи се собирале, се читале меѓусебно и си ги обезбедувале видливоста и местото во „колективниот портрет на литературата“. Критиката често се заменувала со колегијална потврда, а надворешните – особено жените и припадниците на маргинализираните групи или оние без пристап до тој круг – останувале невидливи. Новата, млада поезија, а и литературата воопшто, ми се чини дека сè појасно претчувствува и признава една проста, но радикална вистина: каноните не се ниту вечни ниту неутрални. Тие се производ на историски околности, културни хиерархии и префинети (или понекогаш брутални) механизми на одредување чиј глас е подобен на моменталните општествени услови и „вреди“ да преживее. Таа е и свесна дека преиспитувањето на канонот не значи бришење на ничие име или гонење од салонот на книжевноста, туку отворање на вратите за оние што никогаш не биле поканети да влезат.

Нова шанса за автентичност

Денес, автор кој никогаш не би бил поканет во тесните книжевни друштва може да допре до широк број читатели ако неговото дело ја пронајде својата публика онлајн. Алгоритмите, иако каприциозни, понекогаш се пофер од човечките порти – не прашуваат во кој круг седиш или каде циркулираш, туку дали твоите зборови предизвикуваат реакција кај читателот. Новата поезија денес има историска шанса да го одмине патот на старите клубови, да остане љубопитна и да ѝ одолее на опасноста повторно да се затвори во нови, уште потесни виртуелни кругови и групи на интерес. Социјалните мрежи, блоговите, поткастите, независните списанија и дигиталните платформи ѝ даваат можност да излезе пред светот без посредници, без чекање формално „влегување“ во канонот. Ова носи и креативна слобода – поетите можат да експериментираат со форма, да мешаат медиуми (текст, слика, звук, видео), да објавуваат интерактивно, да градат публика без филтри. Сепак, и ваквото големо расејување во дигиталниот простор како неограничена сцена не е без ризик. Тука е секогаш присутната книжевна хиперпродукција што е доволно луда и самоуверена да галопира неконтролирано, без потребниот сигнал од критиката (а во голем дел и без реакција од читателската публика). Но тоа е друга тема за размисла.

Верба

На крајот, верувам дека новата поезија ќе се избори за својата слобода. Таа има шанса да биде таква каква што сака да биде, и поангажирана и поперсонална, да ја прифати различноста како норма, а не како исклучок, да се ослободи од генерацискиот норматив и да зборува со јазикот што ѝ прилега, без да се плаши. И, се разбира, да остане верна на својата огромна поврзувачка моќ иако доаѓа од најосамените предели на човечката душа.

Subscribe To our newsletter!