Кристина Е. Крамер: Книгите за превод ме наоѓаат мене - Europe House

26 Сеп

BACK

Кристина Е. Крамер: Книгите за превод ме наоѓаат мене

Кристина Е. Крамер: Книгите за превод ме наоѓаат мене

Разговара: Наташа Атанасова

Кристина Е. Крамер е славистка и македонистка, универзитетска професорка од Торонто, Канада, која веќе неколку години е во пензија. Меѓутоа, нејзината неуморна работа на превод на дела од македонската книжевност со годините само како да се засилува. Крамер досега има преведено многу книги од македонски автори, меѓу кои се делата на Луан Старова, Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Петар Андоновски, Влада Урошевиќ…

За препевот на обемниот избор од поезијата на Ацо Шопов, пред две недели Крамер, заедно со Ролу Грау, ја доби меѓународната награда за превод „Драги“, што ја доделува издавачката куќа „Антолог“. По тој повод, а во име на денешниот Европски ден на јазиците, го подготвивме ова интервју со неа.

Кон македонскиот јазик во младоста Ве има привлечено македонската народна песна. А што е тоа што Ве задржа повеќе од три децении да се занимавате со нашиот јазик и култура?

Кога бев студентка студирав и лингвистика и компаративна литература. Јазикот и литературата секогаш беа споени за мене. Бев во Ленинград во 1974 г., во Софија во 1977-ма, а во 1978-ма пристигнав првпат на бреговите на Охридското Езеро. Бев одушевена. Охрид тогаш беше потивок. Во дворот на Хотел Палас секоја вечер – македонска музика и играње. На семинарот тогаш, се сеќавам дека учествуваа врвни професори: Оливера Јашар-Настева, Лилјана Минова-Ѓуркова, Божо Видоески, Франтишек Мареш, Зузана Тополињска, Збигнев Голаб, Ерик Хемп… Кога немаше предавања шетав низ уличките, се сретнав со една стара баба па со неа пиев чај секој ден во нејзината бавча, се запознав со еден бакарџија кој, со жена му, ме поканија дома на селска кајгана, се сретнав со келнерка која работеше во рибен ресторан и се дружев со неа и нејзините млади пријатели. Значи, од моите први денови овде се среќавав со секакви луѓе кои ми покажаа дека овде има жива култура, дека овде би можела да најдам секакви интересни теми за истражување и да бидам во средината на една култура која беше сè уште полна со специфичност, со своја посебна атмосфера. И повеќе од 4 децении сум имала поддршка и во Македонија и во Торонто, и со оваа поддршка и доверба во мене, се трудев да им вратам нешто значајно на Македонија и на Македонците.

Каков е Вашиот однос кон македонската книжевност, земено општо, а каков кон прозата, драмата и поезијата, гледано поединечно?

Јас почнав да се интересирам за македонската литература уште од самиот почеток на моите докторски студии. Како студентка знаев многу македонски народни песни. А кога бев во Скопје на специјализација цела една година со Фулбрајтова стипендија во почетокот на осумдесеттите години, работев во Институтот за македонски јазик. Собирав материјал за мојата докторска работа на модалноста во македонскиот книжевен јазик и работев со картотека што имаше примери земени од секаква македонска литература, весници, списанија… Oва ми беше првата средба со имињата на македонските автори: Цепенков, Миладиновци, Јаневски, Конески, Малески, Андреевски, Чинго, Фотев, Солев, итн. Потоа, добив книги од Матеја Матевски преку Комисијата за културни врски со странство – Ѓорѓи Абаџиев, Стале Попов, Кочо Рацин и други. Овие книги беа jaтката на мојата лична библиотека на македонска литература (а сега се во нашата универзитетска библиотека). И ова знаење за историјата и на јазикот, и на литературата ми даде многу широк поглед на развивањето на македонскиот јазик и литература. Значи, ме интересираше како јазикот се развивал во сите негови политички, јазични и книжевни процеси.

Првите книги што сум ги читала? „Децата од нашата улица“ од Зекерија, „Зоки Поки“ од Оливера Николова, потоа, барем „Крпен живот“, „Големата вода“, „Пиреј“, куси раскази од Мето Јовановски, збирката „Лозје“ од Блаже Конески, „Табакерата“ од Абаџиев. Со моите студенти читавме и некои чинови од драмите на Антон Панов, Васил Иљоски, Горан Стефановски и поезија од Блаже Конески, Катица Ќулавкова, Константин Миладинов, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска и други.

Значи, мојот однос кон македонска литература од самиот почеток беше поврзан со моите лингвистички студии за кодификацијата на јазикот, а потоа со предавање македонски јазик во странство. Не беше поврзано со книжевноста како академско поле. Не беше систематично.

Кога почнав да преведувам пред петнаесет години, размислував само за проза, романи и куси раскази. Во 2000-та ги читав „Татковите книги“ и си мислев, ако еден ден преведувам, оваа книга ќе ми биде првата.

Има многу интересни современи автори и купувам повеќе отколку што можам да читам, но литературната сцена е многу жива и активна и не можам да читам или да преведувам колку што би сакала.

Имате преведено многу прозни дела од македонски на англиски, а за преводот на романот „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски се закитивте и со наградата за превод на Британскиот ПЕН Центар. Колку се консултирате со самите автори во врска со преводот на нивните дела?

Краток одговор? Многу! Не знам зошто, но најмногу сум работела со живи автори и имам со нив многу активно допишување. Прашувам кога нешто не ми е јасно, кога има збор што никако не можам да го најдам во речници или онлајн, тие ми даваат совет и поправки. Еден превод е секогаш соработка – сакам преводот да биде точен и затоа, работам директно со авторите, со редакторите, зборувам со Македонци во Торонто, прашувам лингвисти и таму и овде коишто знаат и англиски и македонски. На песните на Шопов имавме посебна чест да работиме многу тесно со ќерка му, Јасмина Шопова. И, доаѓам во Скопје барем еднаш годишно за разни истражувања и да го освежувам моето знаење на современиот македонски јазик. Кога сум овде се сретнувам со авторите со кои соработувам. Знам дека во преводите секогаш ќе има грешки, но сакам да бидат колку што е можно помалку.

Во едно убаво интервју токму со Јасмина Шопова, зборувавте за одлуката за препев на поезијата на Ацо Шопов во соработка со Роли Грау и за целиот комплексен процес на преводот. Дали имате информации од издавачот каква е рецепцијата на поезијата на Шопов во САД?

Имавме преубави рецензии, на Инстаграм имаше 225 лајкови и линк до песните на онлајн-списанието „Asymptote“, на самата книга има рецензија од Борис Драљук и Шон Котер. Други рецензии беа објавени од американските професори Денис Ферхатовиќ и Сибелан Форестер и книгата беше на списокот на „EuropeNow’s 2023 Favorite Books in Translation“. Тешко е да знае повеќе за рецепцијата, но сега книгата ќе има нови читатели, нови обожаватели на негова поезија.

Од доделувањето на наградата „Драги“

За овој превод, заедно со Грау, месецов ја добивте меѓународната награда „Драги“. Кога се видовме накратко во живо во Охрид, ми кажавте дека наградата Ви е многу важна и значајна. Зошто?

Ние кои преведувамe не работиме за награди, работиме бидејќи нешто нè повикува да наоѓаме зборови, фрази и изрази за едно книжевно дело да живее во друг јазик. Работата не е лесна, има стотици начини да се греши и нема начин вашиот текст да биде ист како оригиналот. Затоа, чувството на успех тешко се достигнува. Со оваа награда ние можеме да почувствуваме дека Македонците мислат дека ние до некој степен успеавме нивен поет да се реализира на англиски, дека неговиот дух ќе инспирира читатели на англиски. Многу бевме трогнати кога ги рецитиравме двете песни на македонски и англиски на доделувањето на наградата во Охрид и луѓето многу емоционално реагираа.

Ми спомнавте и дека во „фиока“ Ви стојат три преводи од македонски на англиски, меѓу кои и „Не кажувам“ од Петар Андоновски и „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, кои ги преведовте минатата година на барање на Македонската асоцијација на издавачи за претставувањето на Саемот на книгата во Франкфурт и дека активно барате издавачи за нив. Колку ваквите „агентски“ активности се дел од Вашата работа?

Многу македонски автори немаат агенти, а без агент многу е тешко да најдат издавач. Пред неколку дена зборував со една мала издавачка куќа во Торонто. Секој ден им стигнуваат најмалку тринаесет ракописи. Како да ги прочитаат сите? Како да ги изберат добрите? Станува сè потешко и потешко дури и да најдат луѓе за да ги читаат ракописите. За „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски од „Пингвин“ ме прашаа мене, и за „Страв од варвари“ од Петар Андоновски, ме прашаа од „Партиан“. А за другите, јас сама требаше да го испраќам секој ракопис до многу издавачки куќи, а однапред знам дека речиси сите од разни причини ќе одбијат да го земат бидејќи имаат премногу ракописи, не знаат многу за македонска литература и нема финансиски средства за непознати автори. Со агент е полесно и се има повеќе избор. Поддршката од Министерството за култура е критично. А без никаква поддршка станува и потешко. Јас имам доверба во квалитетот на романите и на мојата работа и упорна сум. Па и „Хари Потер“ беше одбиен 12 пати пред да биде објавен.

Што е последно од македонската книжевност што Ве има фасцинирано и што би сакале да го преведувате?

Добро прашање! Освен двата романа што веќе ги споменавте, имам превод и на „Маџун“ од Влада Урошевиќ и барам издавач за овој роман. Почнав да го преведувам и „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“Живееме во несигурни времиња и овој роман е многу интересен, тежок и забавен за преведување. Инаку, прво сакам да најдам издавачи за преводите коишто ги имам, а потоа да продолжам да читам понатаму. Можеби некои куси раскази од разни автори, не знам… Се вратив од Охрид со куп нови романи. Ќе видиме. Не знам како, но книгите ме наоѓаат мене.

Фотографии: (1) Дијана Тишко (2) Ричард Франз и (3) фото тимот на наградата „Драги“.

*Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Subscribe To our newsletter!