Кога срцето слуша преку стетоскоп - Europe House

28 Мај

BACK

Кога срцето слуша преку стетоскоп

Кога срцето слуша преку стетоскоп

Europe Housе во соработка со Умно.мк ја реализира рубриката „Надреден знак“, во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумни на теми што нè засегаат.

Содржината на колумната е единствена одговорност на колумнистот/ката и не ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

Пишува: Ана Ќупева, студентка по медицина, волонтерка во Европскиот волонтерски корпус на солидарноста

Секој млад човек пишува своја приказна. Независно колку сме успешни во тоа што го правиме, колку многу вложуваме на нашиот пат – вредноста на создавањето некакво дело е бесценета. Тоа е суштината, смислата на нештата која најтешко се разбира.

Мојата генерација живее во време на огромни можности, отворени ресурси, вклученост во глобална мрежа, слобода − да учи, да стекнува вештини, да избира. 

Токму тие можности создаваат огромен притисок врз секој од нас – да го направиме вистинскиот избор, да бидеме свои, да бидеме различни и истовремено да бидеме дел од заедницата која и самите ја создаваме. 

Ние сме нова генерација која не сака да го носи товарот на минатото, која е слободна и која е дел од пошироката заедница која нема географски граници.

Пишувам како млада европска амбасадорка од нашата земја и како студентка по медицина. Го носам гласот на мојата генерација која сака да создава поинакви вредности. Патот на волонтерството, престојот во други земји и култури, запознавањето различни социјални групи ми овозможи да го збогатам мојот свет и да ја видам земјата во центарот на тој свет. Моите искуства ми потврдуваат дека не сме помалку вредни, ниту „помали“ од другите. Но, имаме силен комплекс дека не можеме и не знаеме. Тој комплекс сме го наследиле од минатото, но и го создаваме сите заедно, со нашиот личен пример, образование, култура, однесување. Со нашиот однос кон сѐ што правиме.

Како волонтерка во Европскиот волонтерски корпус на солидарноста (ESC) и како студентка по медицина, сфатив дека луѓето се исти, независно каде живеат и од која земја доаѓаат. Сите споделуваат еднакви човечки потреби, чувства и вредности. И младите луѓе од Европа и моите другари и другарки. И децата од домот за деца без родители од ужасната војна во Украина, сместени во Полска, и младите луѓе и семејствата од Кочани. Не постои граница, ниту разлика, која може да ги подреди болката, загубата и потребата од сочувство, надеж и мотивација за живот. Од споделување чувства дека не се сами во тагата и давање поддршка дека треба и мора да се продолжи понатаму.

Тоа е мојот најголем мотив за изборот да бидам идна докторка. Како студентка, сега веќе сум сигурна дека медицината е најблагородната и можеби единствена професија во која се учи за животот, од него самиот. Моето секојдневие во болничките ходници најмногу ме доближува до реалноста, до луѓето во болка, до беспомошните кои само сакаат да бидат сигурни дека некој се грижи за нив. Таму, пред болничките кревети, исчезнуваат сите животни трки, признанија, титули, општествени позиции, припадности. Таму е најголемата и најважната борба − борбата за здравје и за живот! Во сите тие измешани емоции од моите искуства − на страв, неизвесност, одговорност, тага, но и радост, секогаш на крајот останува само едно прашање: Дали си човек?

Во овој брз свет на интензивни случувања, многу тешко можеме да го разбереме ова. 

Затоа, мојот глас навистина сакам да биде гласот на мојата генерација. Генерација која бара еднакви права, услови за развој и поддршка. Да станеме конечно свесни дека сѐ зависи од нас и дека само со лична одговорност и посветеност на нашите поставени цели, со учење, работа, соживот, прифаќање, помагање, разбирање, сочувство и отвореност кон другите, ќе создадеме земја од која нема да си заминуваме. 

Јас одбрав да го слушам срцето на човекот и да бидам дел од таа животна и професионална мисија. Како идна докторка, како млада европска амбасадорка и како активен глас на мојата генерација која сака да живее тука! До последната шанса и со надеж дека тоа навистина ќе се случи.

Subscribe To our newsletter!