Како чин на поддршка и солидарност со граѓаните на Кочани и другите општини погодени од трагичниот настан во ноќниот клуб „Пулс“, 7-члена делегација од Гетеборг, Шведска ќе го сподели своето искуство од слична трагедија во текот на 3-дневната посета на Кочани (16 – 18 јуни 2025). Пожарот во клубот во Гетеборг што се случи пред 27 години е мотив да се пренесат искуствата, процесите на закрепнување и градењето на отпорноста низ кои минало нивното општество.
На официјалното отворање на мисијата, на 16 јуни, официјално ќе биде предаден преводот на книгата во која се преиспитуваат настаните во Гетеборг, и која е преведена како дел од мисијата со цел да се поддржат засегнатите читатели во нивниот процес на закрепнување. (Линк до книгата)
Посетата на делегацијата од Гетеборг на Кочани е иницијатива на #ТeamЕurope организирана од Амбасадата на Кралството Шведска, Делегацијата на Европската Унија, Јуроп хаус и Центарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА) – Малинска, во соработка со Општина Кочани и локалната иницијатива „Поддржи го Кочани“.