По повод осумнаесеттото издание на Италијанскиот ден на современата уметност ( 8 октомври 2022), Амбасадата на Италија во Скопје и Италијанскиот Институт за култура во Белград Istituto Italiano di Cultura in Belgrado, во соработка со Музејот за современа уметност во Скопје, организираат уметничка изложба под наслов „Современи екосистеми – потрага помеѓу уметноста и екологијата во Северна Македонија“.
Изложбата на овој иновативен уметнички проект на италијанските уметници Antonio Massarutto Антонио Масаруто и Roberto Ghezzi Роберто Геци, во курaторство на Bojana Janeva и Davide Silvioli, претставува еден вид на заокружување на нивното современо уметничко истражување реализирано во месец април 2022 година, на падините на новосоздадениот Национален парк Шар Планина, проследено исто така и од локалните студенти од катедрата за уметност и дизајн при универзитетот во Тетово.
Проектот исклучиво третира прашања поврзани со животната средина, имајќи за цел да ја стимулира јавната свест за важноста на природното наследство на Северна Македонија како и да ја истакне уметничката вредност на нејзиниот биодиверзитет, особено по формирањето на овој нов национален парк, кој патем ја зголемува целосната површина на заштитено подрачје до 14 отсто.
Инаугурацијата на оваа уникатна уметничка колекција ќе се одржи во сабота, 8 октомври 2022 година, во 12.00 часот, во просториите на Музеј на современата уметност Скопје / Museum of Contemporary Art Skopje.
Уметничките дела ќе бидат изложени до 26 октомври 2022 година, во првата изложбена сала, а потоа некои од нив ќе бидат донирани на Музејот (кој веќе вбројува значајна донација на италијански современи уметнички дела) како и на институциите вклучени во проектот. Некои од инсталациите ќе бидат оставени на самиот терен каде што биле создадени (Шар планина), како симбол на логичко затворање на природниот круг.
Изложбата е организирана со поддршка на Министерство за култура / Ministria e Kulturës и Министерство за Животна Средина и Просторно Планирање на Република Северна Македонија, а во соработка исто така и со Националниот парк Шар Планина, Планинарскиот клуб Љуботен и Македонското еколошко друштво.