Blog Archives - Page 7 of 7 - Europe House

Ангела Стојановска од „Самоглас“: Нашиот следен предизвик се аудиодрамите

Разговараше: Наташа Атанасова, Блен.мк

Пред околу две-три години тројца млади актери, Ангела Стојановска, Христијан Поп-Симонов и Васко Костовски прават анкета меѓу младите средношколци за да ги видат причините за намалениот просек на нивните оценки на државно ниво. Резултатите до кои доаѓаат покажуваат дека средношколците имаат проблем со читањето и желба за користење на аудиокниги.

„Хм… не читаат книги, а велат дека би ги слушале? Па ние можеме да им ги снимиме!“ – вака некако грубо може да се сумира нивната еурека, која ги фрла во акција и бидејќи ги имаат школуваните гласови за интерпретација и потребната опрема за снимање, за неколку месеци ја креираат веб-платформата за аудиокниги „Самоглас“.

Денес „Самоглас“ има околу 9.000 регистрирани членови, архива од над 80 аудиокниги и многу планови за во иднина. За сето ова разговаравме со Ангела.

Ти, Христијан и Васко сте основачи и столбови на „Самоглас“. Како ви се поделени обврските и дали се менуваа со текот на времето?

Ние тројца сме колеги од иста класа на ФДУ и се знаеме веќе 10 години. Знаевме дека сите ќе читаме активно, но отприлика ни беше јасно и кој во што е подобар на други полиња. На почетокот Кико беше најмногу фокусиран на снимањето, Васко помагаше со монтирањето, а јас бев задолжена за остварување на комуникацијата со издавачките куќи и со авторите. Кога влеговме во приказната ние имавме искуство само од независната театарска сцена, така што низ целиот процес учевме. Денес дојдовме до степен да имаме три мобилни функционални студија, опрема за да се сместиме во кој било физички простор, а и јас научив да снимам. И така некако си ги додефиниравме задачите, ама не сме некоја група која хиерархиски носи одлуки, сите сме вклучени во сè што се случува… имаме глас во сè :D.

Веќе година и пол, секоја среда објавувате нова аудиокнига. Како го правите изборот на книгите што ги читате и за колку време однапред имате план?

Минатата година сè беше во движење, планот се правеше месец за месец, затоа што тогаш ги воспоставуваме комуникациите со издавачките куќи, а и на почетокот добивавме само книги со истечени авторски права, па и нашиот избор зависеше од тоа. Едни од првите автори кои безрезервно влегоа во приказната беа Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска и Жарко Кујунџиски; потоа обработивме дела и од Горан Стефановски и со тоа го направивме првиот месец на македонски автори.

На крајот на минатата година отворивме конкурс за сите автори што пишуваат на македонски. Идејата беше преку конкурсот да се промовира и мобилната апликација која ја правевме во таа фаза. Ни се пријавија стотина автори со стотина дела и со тоа ни се укажа шанса оваа година да обработуваме повеќе домашни автори. За селекцијата се грижи комисија од стручни луѓе што ја формиравме за таа намена, бидејќи сметаме дека ние не сме компетентни за тоа.

Годинава работите се поразлични, имаме поголемо искуство и правиме планови за 6 месеци. Само што завршивме со првиот шестмесечен план и почнавме со фиксирање на идните 6 месеци до декември.

А дали тоа искуство ви го забрза и процесот на снимање? Колку се усовршивте со текот на времето?

Како и со сите работи во животот – што почесто и што подолго правиш нешто, побрз си и подобар во тоа. На почетокот земавме светски примери за аудиокниги за да ни стане работата поопиплива, а тука ни беа и примерите на македонски јазик од Националниот сојуз на слепи, кој има база од аудиокниги читани со гласови на старите безвременски имиња од радио и телевизија. Меѓутоа, ние сакавме да направиме нешто поразлично, поинтерактивно од аспект на интерпретацијата. И ако на почетокот во рамки од еден снимачки час снимавме од 5 до 10 страници, сега таа бројка во најмала рака е дуплирана. Така што, сме побрзи и сме подобри во тоа што го правиме, а ни треба пократко време и да ја изанализираме книгата, да го најдеме гласовно нараторот. И, да, не се фрустрираме како на почетокот кога секоја грешка ни беше траума 😊.

Како оди соработката со издавачите – дали секаде наидувате на отворени врати или има и такви што не сакаат да соработуваат со вас?

Конкурсот за дела од македонски автори ни овозможи директно да соработуваме со авторите. За другите книги што не се од македонски автори, соработката е првенствено со издавачките куќи. Во некои случаи кога тие немаат авторски права за аудио на конкретното дело, комуницираме со агенти од странство. Кај нас книгите не се за продажба и имаме соработка со целни групи кои имаат директна корист од нив, како Националниот сојуз за слепи и здружението за дислексија „Ајнштајн“, така што многу често тоа знае да биде предност.

Првата издавачка куќа која ни даде дела беше „Херои“, подружница на „Икона“, а и многу други издавачи го препознаа потенцијалот на аудиоформатот и ни даваа книги бесплатно имајќи ја предвид и целата наша финансиска ситуација, за што сме им неизмерно благодарни. Но, има и такви кои го гледаат аудиоформатот како закана за продажбата и не сакаат да соработуваат. А аудиоформатот иако е невозможно да го убие книжниот формат, сепак тој е најбрзорастечки формат во дигиталната ера на издаваштвото во светски рамки. Така што, само прашање на време е кога ќе стане комерцијален и издавачите тоа го знаеја. Кога ги прашувавме зошто досега никој од нив не инвестирал во аудиоформат, велеа дека е премногу скапо за изработка и веројатно затоа го немаа направено чекорот што го направивме ние. А ние бевме тројца невработени актери со школувани гласови и со опрема и требаше да вложиме само време за да го спроведеме целиот процес од глас до аудиокнига. Финансии вложивме единствено во градењето на веб-платформата.

Ние тргнавме со идејата дека треба да има бесплатни книги, иако ни е јасно дека тоа не е возможно со сите книги, затоа што дури ние и да работиме бесплатно, за некои книги мора да се купат правата. Сепак, идејата никогаш не ни беше заработка. Бевме разочарани особено од независниот театар и само сакавме да си креираме простор во кој ќе можеме да работиме и да живееме.

Дали сметаш дека со работата во „Самоглас“ се имате усовршено како актери и дали имате професионални придобивки од проектот?

Да, без никаков сомнеж. Ние не размислувавме дека ова директно ќе влијае врз нашата актерска игра, а несомнено влијае. Во целата пандемија, кога голем број актери долго време немаа можност за работа, ние активно работевме. Ни требаше месец-два за да се најдеме себеси, па и тогаш направивме цела едиција со снимање со мобилен уред, чисто за да не прекинеме со работа. Пред неколку недели ми пристапи една наша многу повозрасна и поискусна колешка актерка, со 30 години работно искуство во театар и ми кажа дека и таа увидела оти читањето за аудиокниги би ја одржувало и неа во кондиција. А тоа е многу, многу важна работа, особено за нас кои немаме постојан репертоар, така што ова нè има направено сите нас многу подобри актери.

Од друга страна, „Самоглас“ ни отвори врата за некои работи кои ги немавме ни замислено пред тоа: од реклами до едукативни видеа, емисии за радио, а Кико дури учествуваше и во создавањето на првиот македонски електронски читач – „Кико“. Затоа, сакаме да вклучиме што поголем број колеги во работата. Ние го правиме ова од една себична причина – да имаме што да работиме, а тоа да не е продавач или келнер, затоа што сме дипломирани актери. Ама го гледаме и како нешто што треба да го преземаат нови и нови генерации и со сите сили се трудиме да вклучиме што поголем број луѓе во целата приказна.

Сте размислувале ли да продолжите во насока на позајмување глас за анимирани филмови, за нахсинхронизација?

Јас и Кико имавме такво искуство баш во периодот кога ја правевме платформата, за еден анимиран македонски филм, „Џон Вардар против галаксијата“. Тоа е еден прекрасен процес кој е близок до аудиокнигата, ама и многу далечен. Само мислам дека кај нас има малку шанси за такво нешто, затоа што сме мала продукција и се немаме фокусирано на тој дел, на анимираните филмови. Ама да имаме шанса, ние би го правеле тоа засекогаш!

Почнавте како веб платформа, па развивте мобилна апликација и од 5-6 аудиокниги стигнавте до архива од над 80. Во која насока најмногу сакате да ја развивате „Самоглас“?

Работиме на неколку аспекти симултано. Сакаме да направиме стопроцентна оптимизација на веб-страницата за користење од страна на слепите и слабовидните лица. Сакаме целата аудиобиблиотека што ја има Националниот сојуз на слепите полека да ја префрлиме на „Самоглас“ и во исто време да ја дигитализираме нивната огромна архива на стари снимки на касети и ленти. Тој дел од платформата, на почеток, би бил достапен само за лицата што имаат проблеми со видот.

Понатаму, во оваа половина од годината сакаме да почнеме со работа на аудиодрами – тоа е нешто што досега немавме можност да го направиме, во најголем дел поради пандемијата. Во план ни е да посветиме и цел месец на Блаже Конески во чест на стогодишнината од неговото раѓање, а и да почнеме со креирање поткасти. Тоа е една форма што е понова, е многу актуелна и интересна. Сето ова сакаме да го направиме до крајот на годинава :).

За малку подлечна иднина – ќе се трудиме да развиеме и некој комерцијален модел. Се разбира, бесплатната аудиобиблиотека што ја градиме нема да почне одеднаш да се наплаќа, воопшто нема да почне да се наплаќа. Ние целиот пат што го одиме и со платформата, и со мобилната апликација за сите корисници на ајфон, андроид и хјуавеи-уреди е за тие аудиокниги да стигнат до што поголем број луѓе. Но, сметаме дека аудиокнигите имаат и комерцијален потенцијал.

Како стоите финансиски? На почетокот бевте во мал дел поддржани од Министерство за култура – дали во изминатиов период се приклучи уште некој во финансиската поддршка?

Ние сме здружение на граѓани и аплицираме на сите повици за финансирање кои се блиску до она што го правиме. Во поддршката се вклучија Италијанската и Холандската амбасада, па Град Скопје, Националниот младински сојуз на Македонија преку еден натпревар… иако годинава Министерството за култура не нè поддржа за да направиме серија лектири од основно кон средно со образложение дека премногу бил застапен образовниот наместо уметничкиот и интердисциплинарниот аспект.

Во моментов, нашиот веб-девелопер Мартин Тасевски работи на креирање систем за донации. Една од македонските банки ни даде да го користиме нивниот електронски систем како систем за донации. Тоа ќе им овозможи на слушателите директно да донираат одредена сума, се разбира, доколку сакаат. Паралелно, Петар Антевски е човекот кој е задолжен за изгледот на Самоглас на социјалните мрежи и без нив двајца „Самоглас“ немаше да биде тоа што е сега.

За средношколци имавте повик за наратори, а ти беше и предавач на работилници за правилно говорење во рамки на Europe House, повторно за средношколци. Од нив тргнавте и цело време тие ви се главна целна група?

Во Europe House правеа серија работилници за креативно пишување за средношколци кои требаше да завршат со пишување раскази од страна на учениците. Нè контактираа за да ги поставиме расказите на „Самоглас“ и оттука дојдовме до идеја да ги едуцираме средношколците да можат и сами да си ги исчитаат и снимат расказите што ги напишале. Идејата им се допадна и тргнавме во процес на креативни работилници во кои зборувавме за техниката на говор и интерпретација.

Во средно учениците, освен ако не се дел од некоја драмска секција, имаат еден начин на читање кој е типично средношколски и препознатлив и го користат за сè. И често мислат дека има само еден начин на интерпретација на одреден текст. А да го земеме едно обично „добар ден“ – можеме да го изговориме на милион начини! Така што, работилницата се состоеше повеќе од „tips and tricks“ за тоа како да најдат начин да ги интерпретираат гласовно своите раскази. Иако, тоа знаење верувам дека ќе им помогне и во приватната комуникација, затоа што живееме во време во кое луѓето повеќе „типкаат“ отколку што зборуваат. А тој период на крајот на средното образование е многу важен – за многу деца тоа беше последна можност да научат нешто од овој тип пред да се запишат на некој факултет што во најголем дел од случаите нема да биде ФДУ.

За крај, едно лично прашање: дали повеќе сакаш да читаш или да слушаш книга?

Кај мене и двете работи се одвиваат симултано – додека читам и се слушам. Но, да се разбереме, ништо не може да го замени читањето книга. Сепак, многу често немам концентрација за читање оти тоа бара посебна концентрација и тогаш единственото нешто што ме спасува е аудиото. Но, кога читам драмски текст, не би се потпрела на аудиодрама – ако немам концентрација, го оставам и продолжувам кога ќе имам, затоа што целта за која ги читам драмите е или за на сцена или за вадење монолог. Сè останато ми е некако многу полесно за слушање.

И, уште едно: кој ти е омилен наш драмски писател?

Леле, јас немам омилена боја, омилена храна, омилен актер… немам 😊. Ама бидејќи решивме да работиме аудиодрами, морам да го спомнам тој од кого ќе почнеме: Горан Стефановски. Периодов се навратив на неговите драми и некако се освестив колку сме богати. Тоа ме потсети и колку аудиоформатот на некој начин е близок до театарот – секоја изведба на одредена драма е различна, како што и секое читање на една фиксирана книга е различно… Така што, ете, не знам дали најомилен, ама најактуелен драмски автор во моментов ми е Горан Стефановски.

Одржлив плакар: Како да составите капсулна гардероба што ќе ја обожавате?

Денешното општество нè повикува да консумираме со сè побрзо темпо и инстантно да ги добиваме производите кои ни се потребни. Благодарение на масовното производство, можеме да си дозволиме едноставно да ги фрлиме производите што веќе не ги сакаме и да ги замениме веднаш со минимално влијание врз нашиот буџет. Резултатот на ваквиот консумеристички пристап се производи дизајнирани со пократок животен век и со послаб квалитет. Модната индустрија е една од најлошите во овој поглед, со масовно производство што се случува во размери што повеќе не се одржливи. Но, сето тоа веќе се менува, а Модната Револуција придонесува за едукација на потрошувачите во тој поглед.

Бавната мода еден од аспектите кои ги промовира Модната Револуција, а подразбира движење насочено кон подобрување на одржливоста, на тој начин што ги поттикнува сите чинители и култури што ја опкружуваат индустријата да ја преиспитаат истата во секоја алка од синџирот, додека истовремено ги охрабрува и трговците и потрошувачите да преземат поетички пристап кон модата. Се чини дека сега е најдоброто време да ги преиспитаме нашите навики на купување.

Фактите и бројките за потрошувачката на мода можеби не се најомиленото четиво за многумина, но следен пат кога ќе помислите да тргнете во шопинг, само сетете се дека:

  • 16 килограми е просечната количина на облека што еден човек ја купува годишно во Европа и САД
  • 35% е процентот на микропластики во океанот кои доаѓаат од облека и текстил
  • 1,7 милијарди тони јаглерод диоксид во атмосферата годишно доаѓаат од индустријата за облека и текстил

Брзата мода се „протна“ во нашите животи бидејќи цената на облеката што ја нуди е толку мала, што потрошувачите се во искушение да купуваат нова облека со секој нов тренд, а во меѓувреме ја фрлаат без многу размислување старата облека која не им значи веќе ништо. Бавната мода е алтернатива на брзата мода и промовира побавен, одржлив пристап. Охрабрува купување винтиџ или облека од втора рака, редизајн на старaта облека, купување од помали, локални производители и дизајнери, и купување квалитетна облека со подолг век на траење. Тука стапува на сцена концептот на одржлив плакар.

Што значи да се изгради одржлив плакар?

За да стигнеме до одржливиот плакар, треба прво да разговараме за концептот на капсулна гардероба, за кој сигурна сум дека веќе сте слушнале. Ако веднаш помислувате „Дали е можно да се направи капсулна гардероба со одржливи парчиња?“, одговорот е многу лесен – ДА – бидејќи самиот концепт се води по принципите на одржливоста. Но, да почнеме полека.

Концептот на капсулната гардероба подразбира ограничен избор на парчиња облека што се надополнуваат едни со други, може да се ротираат и да сочинуваат една идејно-естетска целина  – вашиот стил. Тоа се најчесто класични парчиња кои не излегуваат од мода и првенствено се составени од неутрални бои. Капсулната гардероба ви овозможува да креирате различни сетови (аутфити) со мал избор на облека. Може да ја изгради секој, без разлика на нивото на одржливост што го применува.

Капсулната гардероба обично содржи триесетина квалитетни, основни парчиња облека што може да се надополнуваат со сезонски парчиња. На оние со минималистичките стил може полесно да им оди процесот на селекција, но и ако сте индивидуи со страст за впечатливи бои и дезени, капсулната гардероба е нешто кон кое можете да се стремите и да го реализирате. Сè додека парчињата се навистина безвременски и што е најважно, направени за да траат, вие веќе имате одличен старт.

Бидејќи концептот на капсулната гардероба се фокусира на квалитетот, а не квантитетот, за кратко ќе забележите дека имањето одржлив плакар не само што ќе ви го олесни одлучувањето што да облечете и ќе го реши нередот, туку и ќе ви помогне да го намалите вашиот „придонес“ кон загадувањето како конзумент на модната индустрија и нејзиното штетно влијание на средината (помислете само на намалениот јаглероден отпечаток!)

Првиот чекор е најтежок. Ова се останатите

Како да составите одржлив плакар што ќе го обожавате? Низ неколку лесни чекори, секако!

Градењето капсулна гардероба значи логичен избор на облека што не само што сакате да ја носите, туку е практична и разноврсна. Првиот чекор е да направите ревизија на плакарот. Поминете го секое парче што го поседувате и проценете што редовно носите, а што никогаш не сте допреле или облекле.

Неколку прашања што можете да си ги поставите за секое парче се:

Кога последен пат го носев ова? Дали го носев изминатава година? (океј, пандемиската година можеби и не е најдобар критерум, но го сфаќате принципот, нели?

Дали одговара на мојот секојдневен начин на живот?

Дали се вклопува со мојата останата облека?

Дали го сакам ова парче облека?

Овие прашања ќе ви помогнат да донесувате одлуки за тоа што треба да остане, а од што може да се збогувате. Содржината на вашата капсулна гардероба ќе варира во зависност од сезоната и вашиот индивидуален стил. Но, важно е дека сакате да имате баланс на горни и долни парчиња, парчиња за слоеви, и додатоци.

Одржливите прашања кои треба да си ги поставите се:

Од каков материјал е направено ова парче облека?

Дали со секое следно перење испушта микропластика што завршува во водите и ја загадува животната средина?

(Уште) Колку време ќе (можам да) го носам?

Дали е доволно квалитетно и одржливо за да можам да го планирам во мојата капсулна гардероба?

Дали е од бренд/производител/дизајнер со чии вредности се согласувам и за чии практики сум информиран/а и ги поддржувам?

Следниот чекор е да одлучите со колкав број на парчиња сакате да ја изградите вашата одржлива капсулна гардероба. Овие бројки ќе зависат од климата каде живеете, од вашиот животен стил и од тоа колку често ги перете алиштата. Не мора да следите никакви правила, правете го она што најдобро одговара за вас. Изберете палета на бои што ќе ги комбинирате со неутрални бои, како што се бела, црна, сива, темносина (морнарска сина) или крем. Овие бои работат добро една со друга, како и со која било друга боја. Потоа можете да додадете неколку „акцент“ бои што ги сакате и кои одговараат на тонот на вашата кожа. Исто така, препорачувам паметно да ги изберете влакната на облеката. Јас лично, претпочитам природни влакна како лен и органски памук, бидејќи тие се поодржливи и ѝ дозволуваат на кожата да „дише“.

Откако ќе го направите изборот, ослободете се од вишокот облека преку: размена, донација, подарување, рециклирање…

Вашата капсулна гардероба ќе почнете да ја градите од она што веќе го имате и во тој момент е носливо и ви е точно. Ова е делот кој сакам посебно да го нагласам. Точниот фит на облеката е она што најмногу придонесува да го сакаме и носиме некое парче. Тоа значи дека можеби причината зошто не носите одреден модел на панталони или фустан почесто, е бидејќи не ја носите точната величина и/или фит за вас во моментов. Размислете за ова кога ја правите селекцијата на облека. Потоа постепено додавајте ги парчињата кои ви недостигаат. Добри основни парчиња облека што сигурно веќе ги имате во вашата капсулна гардероба се маици во неутрална боја, пар црни панталони, еден или два пара фармерки, две-три здолништа, кардиган/кимоно за слоеви и црн фустан што лесно може да го носите и во лежерна и во посвечена варијанта. Препорачувам да купите висококвалитетни парчиња, по можност од втора рака или од одржливи брендови, а бидејќи почесто ќе ја носите облеката, тие треба да траат подолго. Откако ќе ја имате целата облека што ви треба, не заборавајте ги јакните, обувките и додатоците! И воала! Сега имате одржлива капсулна гардероба!

Со оглед на тоа дека живееме во поднебје со јасно изразени четири годишни времиња, ви препорачувам да ја чувате вонсезонската гардероба спакувана далеку од видното поле. На овој начин, ќе имате 4 различни сезонски капсулни гардероби, со неколку парчиња што ќе ги користите во текот на целата година. Се надевам сега е појасно зошто треба да купувате квалитетни парчиња што ќе „издржат“ многу перења, но и ќе се перат поретко (квалитетен џинс, на пример), нема да ја изгубат формата и нема да ја загадуваат животната средина со секое следно перење.

Јутјуберката Џесика Харуми покажува еден едноставен начин како да направите капсулна гардероба за една сезона од 10 парчиња што се носат во 10 различни стајлинзи. Одличен почеток!

Зошто ќе изгледате подобро и ќе се чувствувате подобро?

Создавањето капсулната гардероба можеби ќе биде малку подолг процес и можеби на почетокот ќе се чувствувате дека е „преголем залак“, но не се обесхрабувајте. Ќе ви треба малку време да го исчистите плакарот од облеката што никогаш не ја носите. Исто така, треба да бидете подготвени да инвестирате малку во нови парчиња, бидејќи тие неизбежно ќе бидат поскапи од она што го нуди брзата мода.

Да ве охрабрам со набројување на сите бенефити од составувањето на одржлива капсулна гардероба:

Полесни одлуки – Нашиот мозок е програмиран да носи одреден број одлуки во текот на денот. После тоа, се заморува, и ние се мачиме да донесеме повеќе одлуки. Со капсулната гардероба ќе ви биде многу полесно да одлучите што да носите, а со тек на време, изборите сами ќе ви се презентираат. И ќе знаете дека секојпат носите нешто што го сакате и во кое се чувствувате удобно.

Повеќе време – Со внимателно избраната капсулна гардероба ќе си заштедите многу скапоцено време, особено наутро, кога можете да го искористите времето поминато зјапајќи во отворен плакар на подобар начин – да испиете на раат шолја кафе или чај, да медитирате, да вежбате, да прочитате неколку страни од книгата за која се правдате дека немате време да ја прочитате, или едноставно да се фокусирате на денот што ви претстои и да ги запишете дневните обврски и цели. Да не зборуваме за времето поминато во пребарување облека во физичка продавница или онлајн, само бидејќи има „распродажба“.

Поголема одржливост – Со капсулната гардероба ќе поседувате безвременски парчиња што ќе ги носите со години и кои нема да излезат од мода. Бидејќи немате многу облека, го носите секое парче што го поседувате, а тоа значи дека го сакате и добро се грижите за него. Луѓето кои избираат да состават одржлива капсулна гардероба често инвестираат во квалитетни парчиња кои траат долго и избегнуваат брза мода која неретко се произведува со експлоатација на човечки труд.

Подобро планирање на буџетот – Кога имате капсулна гардероба, не мора често да одите на шопинг бидејќи парчињата облека се меѓусебно заменливи и разноврсни. Ова значи дека ги носите повеќе пати, и не купувате парчиња кои нема редовно да ги носите. Исто така нема да паѓате на импулсивно купување и трошење бидејќи точно знаете што се вклопува во вашиот плакар, а што не.

Подобар стил – Да, стилот се гради, а капсулната гардероба сама ќе ви покаже која е облеката што најчесто ја носите, најмногу ја сакате и во која се чувствувате удобно, самоуверено, моќно, заводливо… СВОИ!

 

Текст: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

 

Злото е многу поудобно од добрината

Разговараше: Наташа Атанасова

Месецов во издание на „Или-или“ излезе најновата, седма збирка поезија на Лидија Димковска, „Гранична состојба“. Со Лидија успеавме да поразговараме кратко по излегувањето на збирката и малку пред нејзиното доаѓање во Скопје за промоцијата на книгата.

Концептот на интервјуто се засноваше на седум зборови кои ми се наметнаа како најподатливи за разговор читајќи ја „Гранична состојба“. Тргнавме од ДЕНЕС, продолживме со ПРАЗНИНА и РАСПАЃАЊЕ, преку ЗЕМЈАТА, ГРАНИЦАТА и ЗЛОТО и стигнавме до УТРЕ. На крај, има уште еден „бонус“ збор додаден од Лидија, но ќе треба да стигнете до таму за да го дознаете 😊

ДЕНЕС. Ова денес, растргнато „Помеѓу утре и вчера“, како што гласи насловот на првиот дел од збирката, е денес во кое е присутна отсутноста, исполнето е со празнини, со товарот на животот и леснотијата на смртта. Научивме ли нешто ние луѓето во ова наше пост-2020-то-денес по пандемиската година што ја поминавме?

На почетокот мислев дека ќе научиме нешто од тоа денес за да ни биде полесно и подобро утре, односно тоа постојано континуирано денес, кое е нашиот живот. Бев меѓу тие наивни поединци коишто веруваа дека ова е за нешто добро и дека кога ќе излеземе од оваа состојба ќе бидеме подобри и посолидарни луѓе, дека ќе запре колцето на неолиберализмот што без престан се врти, искористувањето на работната сила, на природните ресурси и сè што всушност ни го отежнува животот, иако ние мислиме дека ни го олеснува.

Пишувајќи ја збирката, лично се соочив со проблемите на светот во којшто денес живееме, додека сите ние колективно се соочивме со сопствените потреби, желби и мислења дали е правилно сега и овде да живееме како што живееме или би можеле нешто да смениме. Секако дека секој може нешто да промени на подобро, меѓутоа не верувам дека човекот е посилен од тоа тркало на човештвото коешто го врти многу забрзано и во кое човекот се губи себеси како единка.

ПРАЗНИНА. Ова е и наслов на една од песните во збирката, во која петелот не си ја чувствува повеќе сопствената глава, иако сопственикот не ни стигнал да го обезглави. Од каде доаѓа тоа чувство на празнина во луѓето?

Најверојатно тоа е поради овој консумеризам во кој живееме. На човекот му се потребни внатрешната стабилност и среќа, исполнетоста со љубов, љубовта кон ближните, поврзаноста, а ние денес живееме отуѓено, задоволувајќи ги претежно надворешните потреби како храна, облека, патувања што е сосема неприродно за човековото битие.

И сега пандемијата уште повеќе ја продлабочува таа отуѓеност, која е апсолутно празнина. Метафората дека петелот веќе не си ја чувствува својата глава, се однесува на нас: да, ние сè уште не сме обезглавени, меѓутоа ја чувствуваме празнината, ни недостасуваат меѓучовечките односи и блискоста што ја чувствувавме со поширок круг на луѓе. Тоа се моменти пред кои јас како поетеса и писателка застанувам и не ми е јасно каква е смислата на човековото постоење во еден таков вакуум на меѓучовечка празнина.

Празнината се поврзува и со ред други работи, меѓутоа пред сè со човекот и со неговата душа. Празнината што ние ја чувствуваме по умрени луѓе, по луѓе кои не ни се во близина, по луѓе кои отпатувале, заминале, луѓе со кои повеќе не сме во контакт, па дури и по себеси – таа празнина се јавува меѓу нас како философско битие, меѓу нашите внатрешни координати, односно меѓу духот, душата и телото и кога ќе настане еден таков вакуум од празнина, човекот не знае како понатаму. Всушност, во Гранична состојба јас, пред сè, се занимавам со тие „гранични состојби“, како што ги нарекува Карл Јасперс, на смртта, на разделбата и на вината која човек ја чувствува дури и без да сака.

РАСПАЃАЊЕ. Хераклитовото Panta rei – Сè тече, сè се менува денес како да станува: Сè гние, сè се распаѓа. Во твојот циклус „Распаѓање“ се распаѓаат куќата, меморијата, земјата, љубовта, историјата, животот, иднината, светот… Како човек да не се распадне при овој сеопшт распад?

Распаѓањето е циклус кој во мојата поетска имагинација и размисла се појави веднаш откако почна пандемијата. Почувствував дека нашиот свет се распаѓа, што апсолутно е и добро и лошо. Мораше да му се случи тоа, зашто претеравме во сè, ја изгубивме мерката за сè и дојдовме до апсолутна инфлација и на материјалните добра, и на желбата по материјални добра.

Истовремено сфатив дека се распаѓаат и нашите мали светови. А тие светови, пак, не мора да бидат во согласност со светот во којшто живееме, зашто ние како луѓе можеме да бидеме и бунтовници, отпадници и практично ние уметниците тоа и го правиме создавајќи уметност: имаме критичко мислење, се бунтуваме, не сакаме да го прифатиме светот таков каков што е. Прво помислив дека би била потребна една цела поетска збирка за распаѓањето, затоа што сè може да се распаѓа – и природата, и градот, селото, детството, староста… сè што е нашиот живот може да се распадне. Меѓутоа, запрев на осмата песна и мислам дека добро направив бидејќи ќе имаше тука и доста совпаѓања и повторувања.

Се надевам дека тоа распаѓање сепак еден ден ќе доведе до некоја поголема размисла и подлабоко сфаќање на тоа што сакаме од животот, како сакаме да го живееме и како да го изградиме за да не се распадне пред наши очи. Мислам дека со оваа пандемија сфативме што се распаѓа, меѓутоа и што може да се изгради на темелите на тоа распаѓање, затоа што распаѓањето на некој начин е двостран процес. Иако пишувам многу песимистички, многу црногледо, јас понекогаш сум и непоправлив оптимист дека сепак нешто ќе произлезе и од тоа распаѓање еден ден, дека барем нашите деца ќе живеат во поинаков, подобар свет.

ЗЕМЈА. Ќе ја напуштиш земјата што се распаѓа без око да ти трепне, дури душата ти трепка и ти завива, велиш во песната „Земјата што се распаѓа“. Кај нас постојано се зборува за распад на сите вредности, а луѓето сè почесто креваат раце и заминуваат од земјата. Ја гледаш ли Македонија, денес Северна Македонија, како земја што се распаѓа? И дали во свет што се распаѓа постои земја што не се распаѓа?

Не, апсолутно не. Понекогаш дури ми е и смешно што не само во Македонија, туку и во секоја земја се мисли дека само таа се распаѓа, дека нема добар систем, сите се незадоволни итн. И овде во Словенија ние сме крајно незадоволни од сè што се прави на политички, економски и културен план, а познавам многу луѓе од Македонија кои ја идеализираат Словенија. Всушност, тоа е она што се случува: идеализација на туѓото. Секогаш мислиме дека некаде на друго место е подобро од таму каде што сме.

Но, секако, факт е и дека во светот има земји кои повеќе се распаѓаат и земји кои помалку се распаѓаат. И Македонија за жал е сè уште во оние првите. Во триесегодишново постоење на независна Македонија ми се чини дека земјата се распаѓа постојано по малку, ама тоа е најболното распаѓање, тоа е онаа смрт која никако не доаѓа, а постојано е присутна. Наместо како феникс да се крене и да направи нешто од себе и навистина да почне да живее како што треба или симболично да умре па да воскресне на поинаков начин, Македонија тоне полека, полека и тоа тонење ги измори веќе сите.

Во Македонија животот не го крои ниту културата, ниту економијата, туку само политиката, односно две политички партии кои веќе триесет години ја водат државата од еден амбис во друг и народот го префрлаат како пинг-понг топче. Јас сум крајно разочарана од она што се случува во Македонија, и сама бев против власта пред оваа, меѓутоа и оваа ги прави истите грешки на владеење и сосема е разбирливо она што и ти го кажа дека сè повеќе луѓе заминуваат, иако земјата е навистина прекрасна и има толку многу потенцијал. Во последниве децении, на пример, Македонија има толку добра уметност, толку добра книжевност и штета е што поради овие големи политички алчности уметноста не може да дојде до израз, да биде на прво место. На меѓународен план земјата може да дојде до израз само преку културата и преку спортот. Кај нас спортот понекогаш доаѓа до израз, меѓутоа културата речиси никогаш во оној обем којшто го заслужува.

Во песната Земјата што се распаѓа, пред сè мислев на Македонија, иако во неа ги собрав и сите мои горчини и согледувања за луѓето коишто ги губат своите земји како бегалци, а мора да напоменеме дека во ова време на пандемија ние заборавивме на бегалците. Луѓето се селат, и јас заминав од Македонија но доброволно, се радував знаејќи дека одам кон љубовта на мојот живот, меѓутоа тие што заминуваат од други причини, за нив бремето на заминувањето а со тоа и чувствувањето на распаѓањето на нивната земја е далеку пострашно и потрагично.

ГРАНИЦА. Со границата тесно е поврзана темата на другоста, која се провлекува низ сите твои дела што ги имам читано. А што е другоста ако не издвоеност, ограденост, ограниченост. Кои се најстрашните граници што ние луѓето си ги поставуваме едни на други, но и самите себеси, а кои треба да ги надминеме за да ни биде подобро?

Премногу граници си поставуваме себеси, премногу граници поставуваат властите и политиката, така што ние сме опкружени со граници што се гледаат и граници што не се гледаат. Конкретна граница која мене апсолутно ме боли и потресува е границата од бодлива жива меѓу Словенија и Хрватска по целото течение на реката Купа за да не можат бегалците преку Хрватска да влезат во Словенија. Тука е и ѕидот меѓу Мексико и САД, ѕидот меѓу Палестинците и Израелците, а потоа и ѕидовите што мислевме дека паднаа, а сè уште стојат некаде во нечии глави. Пред сè, во главите на десничарите, но и во главите на обичните луѓе. Кога станува збор за тоа дали треба малцинствата да имаат повеќе права, дали треба да се примат бегалци во државата, дали да се изгради камп за одвикнување од наркоманија, дом за деца без родители итн., обичните луѓе веднаш стануваат и се бунтуваат… никој не сака различни луѓе во својата близина, што мене страшно ме иритира и ме повредува како човек.

ЗЛОТО. Хана Арент пишуваше за баналноста на злото и ти во оваа збирка во неколку песни се навраќаш на холокаустот – злото над злата. Злото му е иманентно на човекот и колку и да го опишуваме, дефинираме, колку и да се трудиме да го разбереме, се чини дека историјата постојано се повторува и дека никогаш нема да успееме да го искорениме.

На некој начин, демократијата постои за да го победи злото, да не се случуваат повеќе такви стравотии како холокаустот или како ова што денес се случува со палестинскиот народ… Злото не може да се искорени туку-така, но може да се ублажи и со една нормална политика која се води во државата, и индивидуално секој човек може да се одлучи да не биде лош човек.

Злото е многу поудобна ситуација отколку добрината. Добрината бара напор, посветеност, отвореност, будност. Злото е многу лесно за правење и затоа историјата ни се повторува. Мене ми е несфатливо во 21 век да треба да протестираме, на пример, за правата на жената да абортира. Тоа е злото на мачистичката власт која сака повторно да ја подреди жената да живее како во средниот век. И еден куп други такви работи се случуваат околу нас во светот. Злото е многу лесно да се раководи и да се поткрепува, зашто народот се пали на злото, тоа е една еросно-танатосна димензија која кај луѓето предизвикува чувство на еуфорија, на сила, на моќ, на лекување на личните фрустрации, а добрината како што реков бара многу повеќе напор, поголема смиреност, поголемо соочување со себеси и едноставно треба да работиш на тоа да бидеш добар човек.

УТРЕ. Чие ќе биде утрето што е пред нас – на човекот или на човештвото?

Во песните од циклусот Човекот или човештвото дојдов до сознание дека човештвото е навистина многу полесно за сакање и за идентификација отколку човекот. Не секој човек за друг човек е ближен, а човештвото е една генерална категорија каде што нема добри и лоши луѓе, туку една синергија и хармонија во која црното се претвора во бело, белото во црно, па добиваме едно сивило кое не е толку опасно како црнилото на човекот како единка. Така што, не знам чие ќе биде утрето… се надевам дека сепак ќе биде на оној човек којшто е Човек, човекот во неговата човечка димензија, која е апсолутно етична, морална и посветена на другиот човек. Откако се случи оваа епидемија, во која животот и смртта станаа толку релативни, можеби би требало сепак да се запрашаме каде оди човекот, каде оди човештвото. Дали можеби тоа се два сосема спротивни правца или треба да се усогласиме и хармонично да станеме човештво од добри луѓе. Звучи утопистички, но сепак верувам дека еднаш ќе си го поставиме и тоа прашање.

Ова интервју е резултат на соработката со Europe House, каде што ти одржуваш работилница за креативно пишување на проза. Какво искуство беше за тебе работата со младите луѓе и со кој збор би го опишала?

Тоа можеме да го сместиме во еден збор што го нема во мојата книга, но во кој многу длабоко верувам, а тоа е: ОПТИМИЗАМ. Кога работев со тие млади луѓе, 16-17-годишни девојчиња, сфатив дека сепак имаме иднина. Тие настапија толку самоуверено и човечки, беа многу подготвени и имаа навистина прекрасни замисли за приказни што сакаа односно ги напишаа како раскази. Сите луѓе кои сакаат да се занимаваат со уметност, со книжевност, имаат нешто посебно во себе коешто ги влече кон тоа; дали е тоа нивниот талент, нивната начитаност, поврзаноста со културата и со уметноста или можеби некои длабоки трауми коишто ги водат кон тоа да се занимаваат со нешто поразлично од нивните врсници.

Исто така, ми беше многу симпатично тоа што во своите раскази користеа американизми или американски имиња. Нивната лектира за жал сè уште не е доволно и македонска, но кога човек ќе созрее сфаќа дека и сопствената книжевност ти нуди многу нешта и верувам дека ќе дојдат и до тој стадиум на интелектуален развој и дека ќе имаме од нив многу што да прочитаме. И сега еве ги очекувам нивните финални раскази коишто ќе одат и на „Самоглас“ и се радувам однапред затоа што знам дека ќе бидат многу добри.

 

Насловна фотографија: Наташа Купљеник

Одржлива мода: Кога облеката навистина го прави човекот

Да бидеме искрени, се одмеруваме од глава до пети кога сретнуваме некого за првпат или се гледаме со луѓето во различни средини и во различни функции, а облеката игра огромен удел во впечатокот што го оставаме и ни го оставаат другите луѓе. И тоа не е и не мора да биде плитко размислување. Тука нема да зборувам за тоа колку „скапо“ или „соодветно“ е некој облечен, туку за тоа како изборот на облека кажува многу за нас уште пред да отвориме уста, дури и кога не сме свесни за тоа.

Сите сме ја слушнале изреката дека „облеката не го прави човекот“ и добро знаеме што стои зад овие зборови. Но, денес секој наш избор и став јасно става до знаење кои сме ние – нашите потрошувачки навики поддржуваат не само компании и економии, туку и животни филозофии и ставови, особено во поглед на општествената одговорност и зачувувањето на животната средина. Она што го носиме, освен што го одразува нашиот стил, исто така покажува и кој е нашиот однос кон општеството и природата, како моќен гласник без зборови за нашите животни вредности. Во денешниот текст ќе зборувам за тоа како облеката навистина го прави човекот – го прави непогрешливо транспарентен за неговите избори.

Стилот како дел од индивидуалноста

Самиот збор „стил“ често може да биде погрешно сфатен. За некого има тесна конотација со модната индустрија, дизајнерски ревии и насловни страници на модни списанија, за други е силен израз на креативноста и индивидуалноста, за трети едноставна функционалност на живеењето… Да се има личен стил што соодветствува на вашиот „бренд“ и она што вие есенцијално сте, може да придонесе многу кон тоа другите да ве доживуваат како некој кој знае што прави и го прави она што го „проповеда“. 

Што е личен стил? Дефиницијата за тоа е исто толку различна колку што е и личниот, индивидуален стил за секој од нас. Сите имаме свој личен стил и дискутабилно е дали е тој добар или лош. Облеката што ја носиме и начинот на кој ја носиме е силен одраз на нашата индивидуалност, карактер, расположение, став, енергија и многу повеќе. 

Какво и да е вашето поимање за стилот, на некое базично ниво, сите ние ја сфаќаме моќта на облеката – знаеме дека е важно како сме облечени бидејќи тоа кажува многу за нас, додека истовремено имаме на ум дека облеката што ја носиме има практичен, психолошки, социјален, но и емоционален контекст.

Облеката испраќа моќна порака

Иако стилот навидум е многу поврзан со надворешното (облеката), во основа тој е длабоко внатрешен процес. Она што го носиме има моќ да го каже она што не можеме (и не секогаш и секаде треба) да го искажеме вербално, а истовремено позитивно влијае на начинот на кој се перцепираме самите себе. Личниот стил открива кои сме ние на начин што е исклучително уникатен за нас и нѐ охрабрува да бидеме најдобрата верзија на себе. Личниот стил е метод, техника која сме ја избрале лично ние за да можеме најдобро да се претставиме кои сме ние како личности.

И научните истражувања го поткрепуваат когнитивното влијание на тоа како се облекуваме. „Формалноста на облекувањето може да влијае не само на начинот на кој другите гледаат некого, туку и како луѓето се гледаат себе си, но може да влијае врз донесувањето одлуки на важи начини преку влијанието на начинот на кој го процесираме стилот“, стои во извештајот на The Association for Psychological Science.

Психијатарот Саманта Бордман за списанието Marie Claire истакна: „Кога носите нешто што прави да се чувствувате одлично, ефектите може да бидат суптилни – начинот на кој се вртите, вашите фацијални експресии – но тоа е важно. Вистинскиот избор на облека може да направи да се чувствувате посамоуверени баш кога тоа ви е најпотребно – аутфитот може да послужи како заштитен оклоп и како инспирација истовремено“.

Вашиот личен стил може да отиде чекор понатаму и подлабоко во покажувањето кои сте вие навистина кога ќе се земе предвид изборот на материјали и техники за изработка на облеката што ја носите – ако сте еколошки освестени, вашиот личен стил јасно ги пренесува вашите вредности кога носите облека направена од природни или рециклирани материјали, со одржливи техники и/или рачни доработки кои бараат традиционални вештини, облека од втора рака, винтиџ облека… Понекогаш самиот факт дека „рециклирате“ аутфити, односно ја носите облеката одново и одново и таа изгледа подеднакво добро како и кога сте ја купиле, покажува дека инвестирате во облека што е трајна, квалитетно изработена, облека за која добро се грижите и најважно – ја сакате.

Зошто секој избор е важен?

Кога сте свесни за вашиот личен стил, многу е лесно да одлучите што ќе се вклопи во вашиот плакар, а што нема, кога избирате ново парче облека, обувки или моден додадок. И не само тоа, кога купувате нешто за специјална прилика, понатаму ќе имате можност да го инкорпорирате тоа парче во вашата гардероба и да му најдете место, примена и значење во поширок контекст од „специјалниот настан“. Исто така, кога имате јасно изграден личен стил, многу полесно можете да воочите што ви недостига, што треба да биде заменето или надополнето. На тој начин нема да паднете во замката на безумното трошење или купување парчиња само затоа што се на попуст или ви се допаѓаат естетски, но не припаѓаат во вашата капсулна гардероба.

Облеката што ја имате не треба „чудесно“ да се појави во вашиот плакар. Треба да има свесност и причина зад тоа зошто сте го купиле/размениле/примиле на подарок парчето облека, обувки или моден додаток. Нештата кои ги поседувате, а тука спаѓаат и модните парчиња, треба да прават да се чувствувате убаво, исполнето и да сакате да се грижите за нив и да ви траат подолго.

Вашите модни избори се нераскинлив дел од вашите животни избори. Ако сакате вашиот личен стил да стане поодржлив, еколошки освестен и етички, поддржувајте брендови кои се однесуваат кон природата и своите вработени со почит и внимание. Свесното трошење е своевидна модна изјава кога носите облека на бренд што е општествено одговорен и ги поддржува каузите во кои верувате и вие лично.

На тој начин покажувате дека се грижите за облеката што ја имате. Кога ја одржувате конзистентноста на она што го поседувате/носите, останувате и доследни на пораката што сакате да ја испратите. 

Како да станеш дел од промената?

Знам дека повеќето луѓе не се големи љубители на факти и статистики, но имајте на ум дека:

  • Сега, на светско ниво, купуваме 60% повеќе облека отколку во 2000 година, но секое парче облека се носи двојно помалку време во споредба со порано.
  • Од милијардите парчиња облека што се произведуваат секоја година (најголем дел од нив од брендовите за брза мода) повеќе од половина завршуваат на отпад, некои без воопшто да стигнат до потрошувачите.
  • Во модната индустрија се вработени милиони луѓе, но само околу 2% од нив заработуваат пристојна плата со која можат да ги покријат основните трошоци за живот.
  • Производството на текстил стана една од индустриите кои најмногу загадуваат и трошат енергија – одговорна е за речиси 1,2 милијарди тони CO2 годишно, што е повеќе од авионската и бродската индустрија.

Имајќи ги овие факти на ум, сфаќаме колку е потребно да вложиме заеднички напори за да го извршиме притисокот што е неопходен за промена. А секоја промена почнува од нас самите.

Кога 25% од луѓето ќе почнат да купуваат одржливо, преминуваме од специфична група во норма. И кога одржливата мода ќе стане нормата, „супернегативците“ од брзата мода веќе нема да можат да нѐ спречуваат во напорите да го смениме светот на подобро.

Како да почнеш? Најди нови начини да ја носиш облеката што веќе ја имаш и како одржливо да се грижиш за неа. Секогаш кога сакаш да купиш ново парче облека, посоветувај се со „пирамидата” на одржливоста. Гледана од долу нагоре, таа не учи: да го користиме она што го поседуваме (квалитетната и негувана облека трае подолго) и да го пренамениме кога веќе нема да го носиме (upcycle), да позајмиме, да размениме, да купиме од втора рака или винтиџ, да го направиме (сами или со помош) и на крај дури да купиме ново парче кое ќе биде етички и еколошки произведено и одржливо.

За крај, ве повикувам заедно со мене и тимот на Fashion Revolution да ни се приклучите на ветувањето дека нема да купуваме нова облека во период од 90 дена! 

Текст: Александра Спасеска

Илустрација: Моника Стојановска

Иднината почнува сега: Што знам за одржливата мода?

Ја сакам модата, затоа и се грижам за секој нејзин аспект во мојот живот. Ако стигнавте до овој прилог, сигурно и вие ја сакате модата и сакате да научите како таа да продолжи да биде сѐ она што претставува за вас – индивидуалност, убавина, креативност без грижа на совест.

Се надевам дека не само што ќе се информираме за проблематичниот статус што модната индустрија го има моментално, туку исто така ќе ви понудам начини за збогатување на знаењето што е потребно за да процените дали една модна компанија или бренд навистина работи одржливо и етички.

Веројатно некогаш досега сте го слушнале или користеле терминот одржлива мода, но што значи тоа? Одржливата мода се однесува на облека што е дизајнирана, произведена, дистрибуирана и користена на начини што се еколошки.

Етичката мода, сроден поим, кој е исто така распространет во светот на освестените потрошувачи, се однесува на облеката направена на начини што ги ценат и вреднуваат социјалната заштита и работничките права. (Забелешка: За веганите, етичката мода може да се однесува и на избегнување кожа, влакна и други животински материјали во облеката.)

Бидејќи екологијата оди рака под рака со социјално правичните практики, сепак, етичката и одржливата мода се сложено поврзани.

Ако сте слушнале за одржлива и етичка мода, тогаш сигурно знаете и за движењето Fashion Revolution, во кое учествуваат повеќе од 80 земји од целиот свет, меѓу кои и нашата. Јас сум дел од македонскиот тим на Fashion Revolution кој се приклучува кон движењето што верува во модна индустрија што ги вреднува подеднакво луѓето, околината, креативноста и профитот. Модната револуција почна, придружете ѝ се!

Се менува пејзажот на модниот свет

Непопустливата желба за економски раст во модната индустрија е огромен фактор. Капитализмот го одржува моторот „во живот“. Од гледна точка на производството, модната индустрија им дава работа на многу луѓе ширум светот (квалитетот на работното место е она што е дискутабилно). На потрошувачите, пак, им се продава мотото „купувај, си заслужи“. И ние купуваме, ли купуваме.

На глобално ниво, купуваме 80 милијарди парчиња облека секоја година (400% повеќе од пред две децении). Ова е делумно пропорционално со експлозијата на растот на населението (повеќе луѓе =

повеќе облека). Но, тоа во голема мера се должи и на прекумерната потрошувачка и неодржливите навики за купување култивирани со брзата мода. Луѓето низ целиот свет се стремат кон нивоа на потрошувачка на развиените земји. Во просек, купувачите купуваат 60% повеќе облека секоја година, што трае само половина отколку што траеше пред 15 години. И овој бизнис модел за раст оперира без оглед на социјалните и еколошките импликации.

Проблемот со брзата мода е што стигнавме до таа точка кога едно тренди кафе чини повеќе од маичка купена од бренд за брза мода. А тоа е голем проблем. Брзата мода во суштина ги претвори четирите сезони во 52, по една за секоја недела од годината. И тие се толку евтино направени, што не треба да ве изненади ако ви се појави дупче на парчето облека по само едно перење.

Иако намалувањето на потрошувачката апсолутно е едно од солидните решенија, менувањето на шопинг навиките не се доволни за да се елиминира негламурозната мрачна страна на модата, која се крие под целиот сатен и светки. Потребно е да развиеме подлабока свест за одржливоста, а најдобар начин за тоа е да се едуцираме.

Одржливоста како начин на живот

Одржливото живеење е практика на намалување на побарувачката за природни ресурси со тоа што ќе го замените она што го користите најдобро што можете. Понекогаш тоа може да значи да не изберете да консумирате производ што е направен со практики што не промовираат одржливост, а понекогаш значи да промените како ги правите работите за да започнете да станувате повеќе активен дел од циклусот на живот.

Сите знаеме дека климатските промени, глобалното затоплување, осиромашувањето на озонската обвивка и намалувањето на ресурсите се вистински и нивното влијание врз животот на луѓето и животните може да биде поразително. Тоа е можност за луѓето да усвојат активности за одржливо живеење што може да им помогне да го намалат влијанието врз животната средина со промена на нивниот животен стил. Одржливо живеење значи да разбереме како нашите избори влијаат на светот околу нас и да придонесеме кон наоѓање начини сите да живеат подобро и полесно.

Зошто е важно да се биде дел од промената?

Повеќето луѓе не стануваат наутро со намера да ѝ наштетат на животната средина – ниту да ѝ помогнат. Луѓето стануваат и си го живеат животот, ги задоволуваат нивните потреби и аспирации. Количината на работи што луѓето ги поседуваат (голем дел од тоа отпаѓа на облека) се зголеми во некои делови од светот, додека во други области многумина се мачат да ги задоволат основните потреби. Нашата иднина сега зависи од нашето однесување и како ќе избереме да живееме, работиме и играме како глобални потрошувачи – како ги менаџираме нашите домови, каква храна јадеме, како се дружиме, како се релаксираме, што купуваме и како се грижиме за нашата планета.

Луѓето не го менуваат однесувањето врз основа на она што треба да го направат. Не реагираат на податоци и статистички факти, ниту на негативни идни сценарија. Луѓето дејствуваат за да ги задоволат своите потреби и аспирации. Носат одлуки засновани врз цената, пристапноста, ефективноста и дополнителните критериуми како благосостојба или трендови. Одржливоста често не е одлучувачки критериум. Дури и луѓето кои сакаат да живеат поодржливо често немаат информации и пристап до достапни и пожелни производи и услуги. Но, не смееме да заборавиме дека за да се постигне одржливост подобро е милиони луѓе да го прават тоа несовршено, отколку далеку помал број да го прават тоа 100% совршено.

Од суштинско значење е да придонесуваме кон модна индустрија која функционира на одржлив начин. Нема едно решение за сите проблеми во модната индустрија. Како индустрија и култура, која се протега низ целиот свет, ќе треба да гледаме на намалувањето на потрошувачката како на првиот чекор кон одржливост. А за тоа, повеќе во следниот прилог.

Автор: Александра Спасеска

Илустрации: Моника Стојановска

Владимир Мартиновски: Дури има луѓе ќе има и книжевност

Владимир Мартиновски. Кога го спомнувам името на мојот професор од факултетските денови, не чувствувам потреба од дополнително претставување. Верувам дека сите што треба – го знаат добро. На моја голема радост, со него ја почнувам серијата интервјуа во соработка со Europe House и Blen.mk .

Ден пред да замине за Софија, каде што ќе ја промовира збирката „Преобразби“ (во оригинал на бугарски „Преображения“, приредена и во превод на Роман Кисјов) и ќе учествува на десеттото издание на манифестацијата „Европска ноќ на литературата”, на Зум, онака како што налага ситуацијата во исчекување на вакцинација за имунизација, со професорот разврзавме муабет и отворивме многу теми – за неговото творештво, за неговата образовна работа, за книжевната сцена кај нас, за културните политики и за иднината на уметноста.

„Вистинска вода“, „Внатрешни планини“, „Ехо од бранови“, „Небо без ѕвезди“, „101 сонет за една чудна пролет“… Дури и кога ја нема природата во насловите на вашите книги, таа е силно присутна внатре. Вашата блискост со неа е очигледна, но што претставува природата за вас?

Не сум размислувал за тоа, но така е: во насловите сум оставил траги дека природата ми е неразделна од творештвото. Уште од дете најубаво се чувствувам во природа, а да бидам искрен и сега во природа сум дома. Ја сакам природата затоа што е во постојана промена и интересни ми се сите форми на живот. Уживам во сите нејзини облици и ги сакам сите пејзажи и звуци.  Можеби и затоа во поезијата почнав токму со хаикуто, жанрот кој е најтесно поврзан со вечните промени во природата. Многу ми е жал што иако сме дел од природата, од неа толку се отуѓивме, што станавме најголемата закана за неа. Дијалогот со природата сакам да го водам и кога сум во природа и кога сум дома.

Дали повеќе време поминувате во читање или во пишување? Што читате и дали нешто од тоа што читате ве инспирира да пишувате?

Далеку повеќе време поминувам во читање. Има периоди кога интензивно читам и воопшто не чувствувам потреба да пишувам. Возбудата што ми ја нуди некоја книга може да биде слична како и творечкото искуство. Периодов сум насочен кон современата индиска поезија, бидејќи подготвувам избор и препев на дела од сјајни индиски поети, кој ќе биде објавен во следниот број на списанието „Културен живот”. Некогаш читам книги поврзани со тоа што го истражувам, а се случува и да се навратам на класиците или на книги што сум ги читал стопати. Сакам да ја следам и актуелната сцена – и кај нас, и во соседните литератури, а и француската, иако е огромна и тешко е да се следи. Има и периоди кога сум заситен од читање и кога многу повеќе сакам да слушам музика, да гледам филмови заедно со моите. За жал немам навика секој ден да пишувам по еден ред, како што обично се советува. Можеби затоа, многу им се радувам на периодите во кои интензивно пишувам, понесен од тоа што Блаже Конески го нарекува „порив, кој за смисла не прашува”.

Некогаш пишуваме понесени од нешто што сме го прочитале, но кај мене тоа се случува ако тоа на некој начин се проникнува и со мојот живот. Ми се случува дури и по неколку години нешто што сум доживеал од некоја книга, кое не е цитат или некоја директна врска, туку како некое чувство или слика да ме понесе и да напишам нешто што е на некој начин поврзано со тоа. Некогаш и музиката знае да ме понесе, па слушајќи или преживувајќи некоја мелодија да почнат да ми се ројат стихови или приказни.

2021 година е посветена на Блаже Конески, кого често јавно го цитирате. Колку често ги отворате неговите книги и кое негово дело Ви е омилено?

Блаже Конески не сум го запознал лично, но сум слушал многу анегдоти од драги пријатели и професори и сите имале многу убави зборови за него. Моето вистинско запознавање со Конески ми е преку неговите книги. Тој е еден од авторите на кои со радост им се навраќам. Многу му ја сакам поезијата, често ги читам со радост неговите собрани песни, а особено ми е драг неговиот „Дневник по многу години“. Драги ми се и разговорите што Цане Андреевски ги води со него, кои ми се некој вид компензација што не сум го запознал лично и затоа многу го почитувам жанрот интервју. Често знам да прочитам по некое парче од таа книга, чисто за да влезам во тој разговор, во тие теми, кои ми се многу блиски и на кои и самиот размислувам.

Годинава сосема спонтано дојдов до идеја да проверам во компјутерот што сè сум пишувал за Конески и почнав да ги собирам тие есеи, студии, записи, скици. Може да се каже дека има материјал кој има потенцијал да се претвори еден ден и во книга, во која би се видело како го читам Конески, но и како го споредувам со други автори, кои исто така ми се предизвик.

Што се случува периодов на факултетот што го носи името на Конески? Каков е интересот за изучување на македонскиот јазики и на книжевноста?

За жал, последниве години бројот на запишани студенти на факултетот е намален, но за среќа, кај нашите студенти квалитетот воопшто не изостанува: покрај наставата во која покажуваат одлични резултати, студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” редовно одржуваат одлична научна конференција „Како си ми?“, која резултира со прекрасни зборници, имаат свој портал http://inmediasres.flf.ukim.edu.mk, комуницираат со колегите филолози од светот, а и одлично напредуваат во студиите. И покрај пандемиските околности, наставата успешно се изведува преку интернет. Мислам дека не треба да се плашиме за иднината на проучувањето на јазикот и на книжевноста. Верувам дека хуманистиката секогаш ќе биде многу значаен сегмент од образованието и дека нашето општество има и секогаш ќе има потреба од филолози, лектори, уредници, преведувачи, проучувачи на јазикот и книжевноста, компаратисти…

Инаку, на факултетот оваа година ни е во знакот на јубилеите: 75 години од основањето на факултетот и на првите катедри, 100 години од раѓањето на Конески, па затоа во тек се интензивни подготовки на научни собири, монографии, публикации…

А каква е ситуацијата со катедрата за Општа и компаративна книжевност и со студентите?

Нашата катедра оваа година одбележува 40 години од своето постоење и наесен планираме меѓународна научна конференција и некои други настани во кои сакаме да се собереме 40 генерации. Некои активности ќе бидат онлајн, а ако има можност би сакале да се видиме и во живо.

Катедрата за ОКК е во постојан контакт и дослух со тоа што се случува во компаративната книжевност во светот. Внимателно работиме на промени на наставните планови и програми, во кои на студентите се обидуваме да им понудиме широка палета на можности на проучување не само на книжевноста, туку и на нејзините релации со другите уметности, на другите полиња на уметноста и на културата воопшто. Акцентот е ставен врз предизвикот литературните феномени да се третираат атрактивно, креативно и во дослух со најсовремените достигнувања на полето на компаративната книжевна наука. Од основањето катедрата остварува врвни наставни и истражувачки активности во кои студиите реализирани преку компарирањето како дисциплина колку што го нагласуваат односот меѓу националната книжевност и другите книжевности, толку ги истражуваат одговорите на прашањата за поврзаноста на книжевноста со сите други уметности, театарот, сликарството, филмот, фотографијата, како и современите дигитални технологии. Затоа, квалитетот на студентите кои дипломираат, магистрираат или докторираат на нашата катедра, а и на ФЛФ воопшто, е навистина висок.

Пред некое време во рамки на работилницата за поезија на „Europe House“ имавте можност да работите и со средношколци…

Да, тоа беше едно толку убаво искуство. Зборувавме за кусите поетски форми и учесниците од гимназијата „Никола Карев” беа сјајни. Втора година средно, многу талентирани и веднаш мошне сериозно се фатија за работа. Навистина бев пријатно изненаден колку зрело пристапија – ем одлични текстови напишаа, ем убави дискусии се отворија. Посебно ми беше драго што и критички ги дискутиравме текстовите и што целото време беа мотивирани, љубопитни и многу расположени за работа. Според тоа што го напишаа на работилницата, се надевам дека идните години ќе читаме нивни творби во книги.

Светот постојано се менува, а во изминатава пандемиска година тоа се случи со вртоглава брзина. За мене, една од најголемите е промената на перцепцијата на времето и просторот – што значи да се има/нема време и што значи да се биде блиску/далеку…

Па, и јас би се согласил со тоа. Сите се најдовме во позиција да ги преобмислуваме овие категории. При целото лошо што се случи, при сите тие жртви, сиот тој страв, ако имаме право да бараме нешто добро, веројатно тоа е што сите сме ставени во ситуација да се преиспитаме и да направиме селекција и хиерархизација на тоа што ни е навистина битно.

Исто така, ете, се отвораат и некои теми околу екологијата и иднината на човештвото. Луѓето почнаа да размислуваат дека не е сеедно што правиме и поединечно и сите заедно. Се покажа дека ако во некои земји помалку се користат автомобилите, луѓето ќе можат да го видат и сонцето. Видовме и дека сите сме покревки од она што мислиме, а и дека сме поврзани и во ваква ситуација е потребна солидарност. Особено кога има голема диспропорција во материјалните добра, па некои земји побргу доаѓаат до вакцини, а во некои, како Индија, во моментов, луѓе масовно умираат.

Исто така, и самата дигитализацијата за многу кратко време направи многу навики да ни се променат и да нè променат.

Кога сме кај дигитализацијата и иднината, каква е иднината на книжевноста? Фаќа ли таа чекор со некои откачени форми/канали или мултимедијалноста е последната новина?

Дури има луѓе ќе има и книжевност. Мултимедијалноста е тенденција од постар датум, но тоа во дигиталнава доба сè повеќе се случува. Сè до печатницата, книгата била луксуз и во светски размери само одбрана елита на луѓе можеле да ги читаат книгите. Денес книгите, музиката, филмовите се далеку подостапни, но таа можност не ни го зголемува и времето коешто ние може да го посветиме, условно кажано, на рецепција на уметничките дела. Мислам дека по пандемијава уште повеќе ќе ги цениме работите што се случуваат во живо, повеќе ќе го цениме тој перформативен момент на театарските претстави, на музицирање или рецитирање поезија во живо.

Не знам, има и други работи… Како на пример вештачката интелигенција која преку апликациите влегува и во светот на уметноста, па се зборува како би изгледале музички или книжевни дела направени од компјутер. Јас не сум некој голем ентузијаст за тоа, бидејќи во суштина мислам дека уметноста ја прават луѓе за луѓе, но ќе биде интересно да се види што ќе ни донесе иднината. Сепак, сметам дека главната и драматична промена во рецепцијата е можноста тоа што се создава во уметноста бргу да стигне до другите.

Нашата книжевност, опишувана како книжевност на „мал јазик“, јас ја доживувам повеќе како книжевност со „мала критика“. Може ли да има голема иднина книжевност со мала критика?

Нашиот јазик воопшто не би го нарекол мал. Можеби има мал бројот на говорители, меѓутоа штом македонскиот јазик е алатка за книжевно изразување, не е помал од ниеден друг јазик. Мал е пазарот. Знам дека овој збор звучи грубо кога ќе се стави во контекст на уметност и книжевност, но горе-долу тоа говори дека тиражите на книгите се мали. Мала е и средината: сите, горе-долу, се познаваме, па не се случуваат големи поместувања во хоризонтите на очекувањата. Ми се допаѓа што ја отворате темата на критиката – таа е многу битен фактор за развој на секој уметнички облик. Општо земено, имаме сериозен дефицит на критика и во книжевноста, и во сите други области.

Задачата на критика ја гледам во тоа како да едуцира и да регрутира поголема читателска публика, како да ги заинтригира читателите да го свртат своето внимание кон современата книжевна сцена. Кај нас има многу читатели кои будно следат што се издава, имаат изградени ставови, свој вредносен систем, вкус итн. Од друга страна, имаме и квалитетни писатели. Улогата на критиката треба да биде да направи врски меѓу овие две категории. Мислам дека ни е потребна што повеќе афирмативна критика, но и критика која можеби ќе направи едно малку посериозно филтрирање, едно малку посериозно разлачување на дострелите на тоа што се создава кај нас.

Што е највозбудливото и најдоброто, најинтересното нешто на нашата книжевна сцена? Мене, на пример, ми се допаѓа како се развива литературата за деца, навистина гледам скок во тој дел.

Да, во литературата за деца има одлични изданија и во смисла на книжевни дострели, и во смисла на целосно обликување на книгите – еден многу пријатен скок, баш тој збор одговара. Мислам дека има добри појави, добри книги во сите жанрови, особено ме радуваат сјајните книги во доменот на расказот и микрофикцијата. Се обидувам да ги следам сите жанрови, освен драмската литература, која ми е најмалку позната. Ги следам романите, расказите и поезијата и можам да кажам дека од сите има многу убави дела. Но, да, можеби најзабележителен исчекор има токму во сферата на литературата за деца.

Политиката и културата се тесно поврзани. Изминатата година добивме нова влада и нова министерка за култура. Како би ја оцениле нејзината досегашна работа, дали мислите дека културните политики се на добар пат и дали имате некои препораки?

Периодот е релативно краток за да може да се оценува, особено ако се има предвид и пандемискиот контекст. Она што многу ме израдува кај нас е акцентот на заштитата на културното наследство, на црквите во Курбиново и Матејче, на пример, објекти кои се навистина многу значајни, а кои практично претходно беа заборавени да се заштитат. Би го поздравил и чествувањето на делото на Блаже Конески. Исто така, на последниот конкурс за проекти од национален интерес беше истакната посебна поддршка на младите творци. Не сум проверил колку тоа беше остварено, но како културна политика го поздравувам, затоа што мислам дека е сериозен влог да се работи со и да им се даде шанса на младите автори во сите уметности. Во текот на оваа година би требало да ги видиме резултатите од тој потег, па да можеме да кажеме повеќе. Општо земено, мислам дека во културата и во уметноста, како и во науката и во образованието, државата долгорочно треба да вложува многу повеќе.

Во резултатите од конкурсот видовме дека годинава треба да излезе Ваша нова книга „Хор во задниот двор“ во издание на „Чудна шума“. Дали подготвувате уште нешто ново?

Таа книга настана минатата година, во карантинските месеци. Пред две години, првпат објавив книга за деца, „Дур дишам се надевам“, во издание на Арс Ламина. Лани во карантинот излезе книгата „Шах со Бах“ во издание со „Чудна шума“ и со илустрации на Зоран Кардула, така што ракописот „Хор во задниот двор“ е еден вид нејзино продолжение. Во неа сакав феноменот на музиката, на звукот, на песната да го доближам до младите читатели, да им ја доловам таа страст, пред сè преку песни во кои има и куси приказни, еден вид мини басни. Тоа е главната разлика во однос со „Шах со Бах“, каде што во преден план беа децата кои музицираат, големите композитори или плочите кои јас сум ги слушал како дете или младинец. Зоран Кардула веќе работи на илустрациите, така што се надевам дека наесен ќе ја имаме книгата в раце.

Насловна фотографија: Филип Кондовски
Фото 2: Данило Коцевски
Фото 1: Наташа Атанасова

Subscribe To our newsletter!