Europe House EUH, Author at Europe House - Page 5 of 5

Алпинизам – страст, професија и хоби

Можеби не се сметаме за алпинисти или планинари, но барем еднаш во животот (макар случајно) сме посетиле некој алпинистички локалитет, како Матка, Демир Капија, Пелистер, Солунска Глава, Кораб, Титов Врв, Крчин, Дешат… Нашата земја, во поглед на своите релјефно-географски одлики, е претежно планинско-котлинска земја. Тоа значи дека околу 80% од територијата на државата се планини. Овој тип земјиште предизвикал алпинизмот да почне да се развива како спортска дисциплина, а со тоа подоцна и да се основа првата алпинистичка федерација во земјата. [1]

Најпрвин, што претставува алпинизмот? Алпинизмот е спортска активност на искачување на стрмни и високи планински врвови. Покрај оваа куса дефиниција, алпинизмот опфаќа различни техники на издржливост и изучување вештини за искачување, а истовремено се остварува длабока релација со природниот и животинскиот свет. Еден алпинист може да се соочи со многу предизвици. Патеките што се изодуваат не се секогаш едноставни, туку можат да се појават скалести и нерамни терени на големи надморски височини.

Алпинизмот кај нас – авантури на голема надморска височина

Во нашата земја, најпозната алпинистичка организација е Македонската алпинистичка федерација, во чија структура влегуваат сите друштва, клубови и членови кои се занимаваат со алпинизмот како физичка активност. Во Република Северна Македонија постојат повеќе алпинистички клубови што често организираат алпинистички активности на различни локации во земјата. Првите алпинистички искачувања во земјата, поконкретно во Демир Капија, се направени кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Денес, Демир Капија е дел од светската мапа на алпинистички локалитети и секоја година се зголемува бројот на посетители од целиот свет. Алпинизмот е одличен пример за запознавање со културното, спортското и природното наследство на една земја. На македонската алпинистичка сцена се издвојуваат неколку познати имиња на алпинисти: Димитар Илиевски-Мурато, Владимир Андреевски, Борче Јовчевски, Слободан Јованоски, Иван Жежовски, кои успеале да остават долготраен печат и да останат пример за многу нови генерации алпинисти.

Група на македонски алпинисти пред тргнување на алпинистичка експедиција на Матерхорн во 1975 година, фотографирани на Железничката станица во Скопје (фото: Петар Митров)

Оние што никогаш не се искачиле на планина или не биле дел од некоја алпинистичка тура, а сакаат да го сторат тоа, се соочуваат со прашањето: „Сакам да планинарам, но не знам од каде да почнам?“ Одговорот е многу едноставен – за да почнете да планинарите треба да сте информирани за тоа што навистина претставува алпинизмот. Дали тоа е само обична спортска активност или хоби? Или, пак, можеби алпинизмот ќе разбуди нешто многу повеќе во вас и, доколку навлезете подетално, целосно ќе го преобликува вашиот животен стил.

Неколку совети за првото планинарење

Секој почеток си носи свои предизвици. Така и во алпинизмот, треба да сме свесни дека физичката подготвеност игра главна улога во целиот процес, а покрај тоа, важно е да се има ментална и психолошка подготвеност за тоа што ве очекува на патот кон високите надморски височини.

Без разлика дали сакате да го трансформирате алпинизмот како ново хоби или, пак, можеби ваша голема желба е да почнете професионално да се занимавате со алпинизмот, треба да се има предвид дека од особена важност е да се негува физичката активност во текот на целата година. Заминувањето на алпинистички патување може да биде возбудливо и мошне наградувачко искуство, но оние што се нови во светот на алпинизмот можат да се почувствуваат исплашено. Ако сте желни за планинарење, но не знаете од каде да почнете, алпинизмот можеби е совршен избор за вас. Накратко, можеме да се потсетиме за главните препораки и правила на алпинизмот, кои ќе ви помогнат да ги направите вашите први чекори во оваа возбудлива дисциплина:

Првиот чекор

Можете да почнете со читање книги, гледање на документарни филмови („Бунтот во долината“) и истражувања онлајн, со други зборови да почнете да ги разбирате основите на планинарењето, вклучувајќи ја опремата, безбедносните протоколи и физичките неопходни потреби за планинарењето на големи височини. Потоа, следниот чекор е да се информирате и да истражите дали во ваша близина постои локален алпинистички клуб. Придружете му се на клубот и станете дел од планинарската заедница во која многу често се организираат групни активности, планинарења, кампувања, обуки и работилници. Дружбата за време на планинарењето или заедничките средби во планинарските клубови можат да бидат одличен начин да се сознаат многу практични совети од искусни планинари, а истовремено овие средби стануваат сигурен простор каде што алпинистите можат да дискутираат и да споделуваат свои лични искуства со други истомисленици.

Вториот чекор

Она што го предлагаат искусните алпинисти е почетниците секогаш да почнуваат со лесни патеки. Сите почетоци се тешки. Затоа, не избрзувајте со предизвикувачки и напорни патеки, туку почнете со полесни патеки за пешачење или планинарење, особено патеки што одговараат на вашето моментално фитнес-ниво. Како ќе напредувате, ќе стекнувате искуство и самодоверба и ќе станувате поиздржливи, така и „тежината“ на планинарењето ќе се зголемува. Полека ќе имате можност да ги совладате техничките познавања што ви се неопходни за движење низ опасен терен: работа со јаже, поставување на безбедни алатки во (замрзната) карпа, спуштање со јаже, системи за извлекување, симнување со повреден искачувач, прва помош итн. Овие вештини се неопходни за секој што сака да влезе во посериозна планинарска авантура.

Третиот чекор

Инвестирајте во квалитетна опрема за планинарење, како што се чизми, облека, ранци и опрема за кампување. Облеката што ја носите за време на планинарењето треба да биде мека, топла и удобна. Тоа значи дека треба да облечете патики што ќе бидат разгазени и ќе ви ги заштитуваат стапалата, како и ветровка или јакна што ќе ве штити од непредвидливото време. Понатаму, проверете дали знаете како правилно да ја користите и да ја одржувате вашата опрема и за таа цел консултирајте се со искусни планинари или специјалисти кои ќе можат да ви помогнат да го направите вистинскиот избор во одбирањето на соодветната опрема.

Четвртиот чекор

Научете ги вештините за навигација. Умешноста во читањето мапи, користењето компас и навигацијата со помош на ГПС-уреди или на ѕвездите е од клучно значење за алпинизмот. Вештините за навигација ќе ви помогнат да не се изгубите во дивината.

Петтиот чекор

Планинарењето бара добра физичка подготвеност и секое дополнително вежбање, вклучувајќи и кардиоваскуларни тренинзи, вежби за сила и флексибилност, може да помогне во градењето издржливост што ќе помогне алпинистот да се справи при планинарењето на големи височини. Вклучете кардиоваскуларни тренинзи, вежби за сила и вежби за флексибилност во вашата рутина. Фокусирајте се на градење издржливост и сила за да се соочите со безмилосноста на планинарењето на голема височина.

Шестиот чекор

Бидете безбедни. Секогаш кога планинарите или се впуштате во некоја алпинистичка авантура, дајте ѝ приоритет на безбедноста. Тоа значи дека секој алпинист треба да биде свесен за временските услови, потенцијалните опасности и ризикот со секое искачување. Затоа, научете како да ги препознаете и навремено да реагирате на немилосрдните ситуации, како болест, лизгачки терени, снег, дожд и слично.

Седмиот чекор

Сивилото и брзината на градовите знаат да создадат чувство на анксиозност и фрустрација. А алпинизмот е одлична шанса за бегство од градската средина и наоѓање прибежиште во природата. Затоа, почитувајте ги природата и околината. Не оставајте траги, отпадоци, ѓубре, не уништувајте ги тревата, дрвјата и не загадувајте ги реките и живеалиштата на животните. Со други зборови, бидете свесни за екосистемот.

Осмиот чекор

И како за крај – слушајте го вашиот водич! Секогаш бидете во близина на водичот и почитувајте ги неговите препораки. Да се најде вистински ментор кој има големо искуство и познавање од алпинизмот може да биде од непроценлива важност за вашите алпинистички почетоци.

Можеме да заклучиме дека алпинизмот е напорна, но благородна физичка дисциплина. Денес може да се потврди дека алпинизмот станува сè попривлечен и поатрактивен за луѓето. Интересот расте затоа што здравиот начин на живот и физичката подготвеност што ја бара алпинизмот се примамливи за луѓето. Без разлика дали на алпинизмот се гледа како на спорт, професија или хоби, забележливи се придобивките од оваа дисциплина, бидејќи истовремено е комбинација од авантуризам, зголемување самодоверба и развој на емпатија кон природата и околината. Исто така, докажано е дека редовното планинарење позитивно влијае врз психофизичката состојба кај практикантите.

Europe House Скопје, во соработка со членовите на Алпинистичкиот клуб Скопје[2], минатиот месец организираше алпинистичка авантура на Матка по повод Европската недела на спортот (BeActive – Sport week) со цел запознавање со алпинистичките активности и планинарењето на карпи. Алпинизмот е волшебно патешествие што нуди средба со неверојатни видици, физички предизвици, запознавање со луѓе кои делат исти или слични интереси, а го враќа и човекот назад кон природата. Почетокот може да изгледа застрашувачки, но со правилно водство, подготовка и трпение, можете безбедно и самоуверено да се впуштите во оваа возбудлива авантура. Затоа, облечете ги планинарските чизми и почнете го вашето алпинистичко патување уште денеска!

 

[1]Фотографиите се преземени од профилот на Македонската алпинистичка федерација, како и од профилот на Europe House.

[2] Алпинистичкиот клуб Скопје е оформен во февруари 2019 година и има визија да вроди интерес во алпинизмот кај нови вљубеници во планините, како и да ги воведе во активниот здрав и спортски начин на живот без разлика на возраста.

#EuropeanWeekOfSport #BeActive

Доротеа Огненовска

Европска недела на мобилност раздвижи илјадници граѓани низ земјата

Kачи се на велосипед и намали го загадувањето!

Oваа година, Europe House, ја одбележа Европската недела на мобилност, повикувајќи илјадници луѓе од сите возрасти да учествуваат во активности што придонесуваат за алтернативни транспортни решенија. Почнувајќи од 16, па сѐ до 22 септември, агендата што ја подготви Europe House за оваа кампања актуализираше интересни настани и различни спортски активности во повеќе градови низ нашата земја. Истовремено, кампањата вклучуваше работилници, панел-дискусии и изложби од повеќе сфери на културниот и интелектуалниот живот.

Што претставува Европската недела на мобилност?

Европската недела на мобилност е водечка кампања иницирана од Европската комисија со главна цел – подигнување на свеста за одржлива урбана средина и поттикнување на здрав начин на живот. Кампањата промовира користење на алтернативни превозни средства, како што се велосипедите, јавниот превоз и други транспортни решенија што интелигентно ќе придонесат кон заштита на животната средина и ќе го намалат загадувањето во градовите. Впрочем, со оваа недела на мобилност се поттикнува едно поинакво однесување кон сиот транспортен систем. Примарната цел на кампањата е да се даде приоритет на алтернативниот превоз, односно да се охрабрат луѓето повеќе да пешачат и да возат велосипеди и притоа да го одбегнуваат пасивниот транспорт со автомобили, што има штетно влијание врз градскиот пејзаж и животната средина.

Зошто треба да се користи алтернативен транспорт?

Активниот алтернативен транспорт (пешачење, возење велосипед и користење на јавен превоз) нуди мноштво придобивки, како за животната средина, така и за општата благосостојба кај луѓето. Прво, ги намалува емисиите на стакленички гасови, придонесувајќи за почист воздух и поздрава планета; дополнително, го ублажува сообраќајниот метеж и загадувањето на воздухот што произлегува од издувните гасови на автомобилите. Покрај тоа, овие начини на патување поттикнуваат физичка активност, што резултира со зголемена кондиција, намален стрес и подобрено ментално здравје кај поединците. Истовремено, со практикувањето на алтернативен транспорт се воспоставува силно чувство на заедништво, луѓето почнуваат да се социјализираат едни со други, а едно обично возење до работа или училиште може да прерасне во прекрасна дружба. Во суштината, одбирањето на активен транспорт не само што ја заштитува нашата животна средина и природата туку и го подигнува квалитетот на животот на поединците и ја зацврстува заедницата.

Што се случуваше во Битола?

Европската недела на мобилност во Битола почна со планинарска прошетка низ Националниот парк „Пелистер“, а потоа продолжи заедно со Здружението на граѓани за заштита и унапредување на животната средина „Еко-логик“ во паркот на шеталиштето во Битола. Таму беше организирана работилница за бојадисување и механичко поправање велосипеди, каде што учесниците научија како да ги поправаат и да ги декорираат своите велосипеди.

Што се случуваше во Велес?

Велес беше домаќин на неколку настани по повод одбележувањето на Eвропската недела на мобилност. Во соработка со Европската недела на спортот (од 23 до 30 септември) се организираше турнир во пинг-понг. Потоа, Денот без автомобили во Велес беше одлична шанса да се популаризира велосипедизмот како алтернативно превозно средство, а младите ученици од основното училиште „Маца Овчарова“ имаа можност да се приклучат на вело-трката и да се забавуваат со различни игри во рамките на настанот. Неделата на мобилност ја збогати и уште еден настан, панел-дискусијата „Заедно за подобро утре“, која ја организираше Општина Велес заедно со Здружението на лица со церебрална парализа – Велес. Во Europe House Велес, во организација на Здружението на граѓани „Велес Бајкинг“, се одржа уметничка поставка каде што беа изложени велосипедска опрема и голем број велосипедски достигнувања за време на една декада од нивното постоење.

Што се случуваше Скопје?

Во главниот град се одржа велосипедската трка на скејтерскиот полигон кај Олимпискиот базен, во соработка со „Еко-логик“, а по повод Европската недела на мобилност. Истовремено, голем број дечиња беа дел од уште едно прекрасно случување во Градскиот парк исполнет со многу авантури, интересни спортски активности и уметност. Овој културно-уметнички спој во комбинација со традиционалниот вело-родео натпревар беше успешен настан исполнет со голем број предизвици и на кој присуствуваа љубопитни граѓани од најразлични возрасти.

Што се случуваше во Крива Паланка?

Во просториите на Europe House Крива Паланка се одржа панел-дискусија, каде што младите разговараа за еколошки теми и се запознаа со начините на кои можат да дејствуваат во подобрувањето на животната средина преку алтернативните форми на мобилност. На овој настан се надоврза уште една панел-дискусија во организација на КК Крива Паланка, со професорката Џенифер Хофман од Центарот за лидерство во спортот при Универзитетот во Вашингтон, и Надица Јовановиќ, за важноста на тимската работа и лидерските вештини стекнати преку спортот. Европската недела на мобилност во Крива Паланка се затвори со Фамилијарната авантуристичка зелена прошетка во шумата Стара Вада.

Што се случуваше во Кратово?

 Нема нешто помедитативно од истражување на градот преку велосипед. Во сончевото септемвриско утро, кратовската младина ја одбележа Европската недела на мобилност, возејќи велосипеди низ улиците на градот, низ тесните сокачиња на калдрмата. Уште еднаш се докажа дека не постои посигурна и позелена алтернатива за транспорт за извршување на основните потреби: одење на училиште, работа, средби со друштвото и прошетки низ градот.

Што се случуваше во Струмица?

Струмица, по третпат, и оваа година прослави прекрасен настан: Ден без автомобили – Парада за нулта емисија на штетни гасови, по повод Европската недела на мобилност. Струмичани, а особено младите од Струмица се доказ дека алтернативниот транспорт во голем дел може да го замени превозот со автомобили и со тоа да се поттикне поголема свесност за крупните климатски прашања – одржување на чиста и зелена околина.

Што се слулуваше во Дојран?

По првпат оваа година Дојран беше дел од Европската недела на мобилност и заедно со уште 43 земји во Европа и светот стана дел од глобалната недела на урбана мобилност. Младите од Дојран се вклучија во промоција на велосипедот како алтернативно средство за превоз, со цел да се подигне свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.

Големиот одѕив за сите овие активности покажа дека луѓето навистина се интересираат да пронајдат алтернативен превоз, односно да најдат превоз што нема да има трајни негативни последици на животната средина. Европската недела на мобилност продолжува во Европска недела на спортот, каде што ќе се стави акцент на физичкото и психичкото здравје на младите, преку различни активности, забава, рекреативни спортски настани, како и панел-дискусии, чија главна цел е подобрување и продуховување на менталниот и физичкиот состав на луѓето.

Оваа кампања беше вистинска шанса да се испробаат алтернативните сообраќајни мерки во урбаниот простор на градот и да се истражат новите можности за нивно користење во подобрувањето на квалитетот на животната средина. Секогаш можат да се пронајдат практични решенија што ќе придонесат за решавањето на клучните прашања за градската инфраструктура; меѓу кои најбитниот проблем на денешницата – загадувањето на воздухот. Со учеството во овие настани се подигнува свеста за еколошките предизвици со кои се соочува светот денес, а граѓаните ќе можат самите да заклучат дека, навистина, со изборот на алтернативен превоз значително може да се подобри состојбата на сообраќајот и околината.

Доротеа Огненовска

ВЕЛЕС – ГРАД НА АРХИТЕКТУРНА ЕЛЕГАНЦИЈА И ПРОСТОРНА УНИКАТНОСТ

Велес – вистинскa дестинација за сите љубители на архитектурата и културата. Секој агол на Велес, секоја улица, сокаче или зграда е последица на умешна градителска вештина и уметнички споj, каде што се остварува хармонична синергија помеѓу старото, традиционално и новото, модерно време. Стариот дел на градот дава одеци на древните времиња со своите камени куќи, дрвени балкони и автентични улички. Овие градби го креираат раскажувачкиот наратив на градот и се задолжителен елемент од неговата културна традиција.

Градот се распространува по долината на реката Вардар во Велешката Клисура на одлична географска положба, што е причина Велес да биде крстопат на меѓународни и железнички патишта, односно еден од поглавните наши транзитни центри со светот. Постоењето на градот Велес го детектираме уште во вториот век пр.н.е., кога градот функционирал како античка населба источно од она што денес претставува современ и модерен Велес. Велес добива повеќе имиња низ текот на историјата. Некогаш бил познат како Вила Зора, некогаш како Ќупурли, меѓу кои е и најпознатото име „Титов Велес“[1], а за време на преселбата на Словените на Балканот градот го добива името „В лес“, со значење „в шума“, поради густите шуми што се наоѓале во околината на градот. Според славистичките антрополози, ридовите по текот на Вардар биле населени од сточари, кои верувале во богот на стадата Велес и оттука можеме да претпоставиме дека и македонскиот град добива именување според еден од боговите на словенската митологија.[2]

Шетајќи низ улиците на Велес, ќе се запознаеме со богатството на архитектурното наследство на градот – од величествените цркви и манастири, како Свети Пантелејмон и Богородица, до живописните градби зачинети со неоренесансни и неокласични елементи. Уличките, сите тесни и широки, си носат своја специфична убавина и забележливо е дека се изградени со однапред испланирана инфраструктура и дизајн. Градот го почитува своето историско наследство и го восприема како извор на инспирација за новите генерации. Секој камен и секоја линија на архитектурата во Велес сведочи за векови на преоди и интересни приказни што го сочинуваат наративното ткиво на градскиот етос.

Уште од античкиот период се забележува архитектурниот потенцијал на градот Велес. Територијата на Велес и околината влегувале во составот на пајонската држава и тука бил сместен најголемиот пајонски град Вила Зора[3]. Исто така, не можеме а да не го споменеме древниот римско-пајонски град Стоби, за кој ни е познато дека заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период, поради неговата географска поставеност, каде што минувале главните патишта што ги сврзувале областите Дунав со средоземните земји од античкиот период. Подоцна, во периодот на 18 век била изградена Саат-кулата и со својата специфична архитектура и камена градба станала амблемот на градот Велес.

Фотографија на Велес од раниот дваесетти век

Во минатиот век, Велес бил дом на многу први почетоци, меѓу кои и првиот македонски театар, изградена била првата гимназија и првото музичко училиште, како и првиот музеј. Сепак, Велес со својата архитектура не му капитулира на минатото, туку доживува модернистичка трансформација и во последната декада градот добива нова урбанистичка димензија со уникатните и модерни архитектонски градби. Новите згради и куќи, со својата современа елеганција и авангарден дизајн, го обележуваат преминот во 21 век, а оваа синтеза на старото и новото, на класичното и модерното, го прави Велес еден од најинтересните и најуникатните градови во регионот.

Уште неколку интересни градби што го спојуваат традиционалното и новото време

Спомен-костурница на загинатите борци во НОВ од Велес и од велешката околина

Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ – интересна и мошне современа градба за љубителите на театарот и културата

Народниот музеј – објект со специфична градска архитектура што го чини градот Велес поинаков од сите други градови. Во центарот на градот, музејот е седиште на велешката историја и култура. Музејот располага со вредни експонати од историско, археолошко и етнолошко значење. Во музејот може да се погледне етнолошкото одделение во кое се изложени раскошни градски и селски носии, како и ентериери преуредени да ѝ прилегаат на старата велешка архитектура.

Велес е познат и како Градот на Рацин. Денес, во негова чест е реставрирана и отворена како музеј за посета „Спомен-куќата на Кочо Рацин“ со оригинални ракописи и други спомени од неговиот живот и неговото дело.

Старите бисери на Велес

Специфичната градска архитектура најмногу може да се долови преку комплексот на куќи, т.н. „Варналиите“. Комплексот „Варналиите“ претставува комплекс на архитектонски градби градени кон крајот на 19 век и поради нивното културно и историско наследство тие се третираат како куќи-споменици и се под заштита на државата.

Тука спаѓаат куќите на Паунови, Тренчови и Прнарови (фото горе), изградени во 1868 година, потоа куќата на Шукареви изградена во 1927 година и куќата на Ѓоргови (фото долу) изградени во 1930 година во центарот на Велес според европскиот модел на градска куќа од тој временски период.

Како што потврдивме, градот е карактеристичен по својата типична велешка и староградска архитектура за која сведочи неколкувековната историска традиција. Велес, градот на архитектурна елеганција и уникатност, покажува дека минатото и иднината можат да се испреплетат и да добијат автентичен изглед. Од една страна, ги имаме црквите, античкиот Стоби, комплексот куќи со специфична модерна архитектура, а од друга страна, топлата атмосфера, полните кафулињата и рестораните, каде што се слуша џагорот на велешани, кои уживаат во дружење и разговори, го исполнуваат духот на градот. Не пропуштајте ја можноста да го истражите овој прекрасен град и да се изгубите во неговата архитектурна прегратка!

Доротеа Огненовска 

[1] Македонската режисерка Теона Стругар Митевска ќе направи филм именуван според овој град – „Јас сум од Титов Велес“ (2008).

[2] Едно од поважните божества од словенската митологија. Велес бил бог на земјата, облаците, водите и подземниот свет.

[4] Во овој театар настапила првата глумица, учителката Тенка А. Коларова, со популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“ во 1875 година.

БИТОЛА НИЗ КУЛТУРЕН И ИСТОРИСКИ ОБЈЕКТИВ

Градот со многу имиња: Манастирски град, Градот на клавирите, Градот на конзулите, Градот на Широк сокак, Хераклеја…
Постојат повеќе приказни и легенди околу настанувањето на зборот Битола и консеквентното именување на градот. Етимолошкото потекло на зборот Битола доаѓа од старословенскиот збор обител[1], чие значење упатува на средновековниот назив на монашки заедници и манастири. Градот под планината Пелистер изобилува со богато културно и историско наследство, имајќи предвид дека претставува административен, културен, индустриски и образовно-научен центар.


Османлиска разгледница на Битола од 1902 година на која е прикажана реката Драгор.

Секое мало сокаче, уличка, секое скриено дуќанче на Битола исцртува величествен мозаик на една историска приказна. Градот е поставен на најславниот римски пат, Вија Игнација, а патописните записи од 15 век на Евлија Челебија говорат за богатата цивилизација и космополитскиот дух на градот Битола уште векови наназад пред неговата модернизација. Гледано историски наназад, голем дел од конзуларните претставништва во земјата се наоѓале токму во овој град, додека денес Битола располага со тринаесет конзуларни претставништва со чија помош ги придобива европскиот дух и културата. Оттука, Битола го добива својот дипломатскиот атрибут „Градот на конзулите“ – уште еден од неколкуте називи на градот.

Градот располагал со многу школи, меѓу кои и познатата воена академија, која ја посетувал славниот основач на Турската Република, Кемал Ататурк. Во историскиот период на крајот од 19 век населението на Битола непрестајно се зголемувало и паралелно се проширувала индустриската дејност со отворање на различни фабрики, дуќани и занаетчиски работилници. Истовремено, во овој период се развива фотографската дејност благодарение на првите снимени фотографии и филмови на браќата Манаки, основоположниците на балканската кинематографска дејност. Колоритноста на Битола најмногу доаѓа до израз за време на престижниот меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки“, кој се одржува секоја година и истовремено е првиот светски фестивал посветен на визуелното уметничко творештво на кинематографите.


Центарот на Битола

Град како никој друг

Многу градови, села пројдов,
Како тебе Битола, нигде не најдов.
 – Ајри Демировски (1927 – 2009), Битола, мој роден крај

Хронотопот на Битола го среќаваме во многу песни, раскази, стории, во модерната музика и уметност, а најмногу впечаток ни остава битолската архитектура, која предизвикува безвремено чувство на естетски вознес кај посетителите и туристите ширум светот. Покрај архитектурата, во Битола се наоѓаат многу музеи, галерии, театри, што го претставуваат културниот пулс на градот. Еден интересен податок за градот е тоа дека во повоениот период во Битола биле избројани 1.500 клавири во сопствеништво на битолските семејства, што подоцна ќе стане инспирација за ново именување на градот како „Градот на клавирите“. Поседување клавир во овој временски период значело поседување богатство, бидејќи клавирот бил симбол за имашливост и висок статус.

Ако направиме една прошетка низ Битола…

 Ритамот на градот најмногу може да се почувствува при амбиенталните прошетки на Широк сокак, некогашно корзо, а сега една од најпрометните улици кај нас. Оваа улица ја красат колоритни дуќани, бутици, некогашни занаетчиски продавници, пекарници, а сега и кафулиња и ресторани налепени во приземјата на старите архитектонски градби останати од предвоениот период. Живописните куќи, камените мостови и цветните балкони совршено се спојуваат со современите кафетерии, галерии и ресторани. Широк сокак неслучајно е најпозната амбиентална улица во Битола, која романтично го доловува духот на градскиот етос.

 
Широк сокак некогаш…


…и денес.

Повеќе од 130 објекти во Битола се под заштита на државата и се сметаат за историско и (мулти)културно наследство на градот. Покрај Широк сокак, во Битола можат да се посетат и други знаменитости, меѓу кои и битолската Саат-кула, зад која се крие фантастична легенда за нејзиното создавање. Имено, станува збор за процесот на градење на кулата во периодот помеѓу 16 и 17 век, кога со доаѓањето на османлиските власти во градот, Турците собрале над 60.000 јајца од околните села и направиле смеса од малтер со којашто ги ѕидале ѕидовите на кулата.

Потем, во градот изобилуваат и голем број цркви и џамии (Јени џамија, Исак џамија, Ајдар-кади џамија) поради различните верски припадности на населението. Тука е и безистенот, односно покриениот пазар во центарот на градот во кој изобилуваат најразлични дуќани и продавници, како и Старата битолска чаршија, која се смета за дамарот на градот и вклучува околу 900 дуќани.

Кога правиме прошетка во Битола не можеме да го заборавиме античкиот локалитет Хераклеја, некогашниот антички град посветен на грчкиот херој Херкул, основан во четвртиот век пр.н.е. од страна на Филип Втори. Со секој изминат чекор во Хераклеја Линкестис можеме да почувствуваме како историјата станува жива, да го почувствуваме нејзиното дишење кога ги оживува спомениците на минатото, амфитеатарот, термалните бањи и уникатните мозаици. Можеме да ја проследиме историјата на археолошкото наоѓалиште – од древна грчка колонија, римска провинција до византиска културна грамада и да ја потврдиме дека Хераклеја ги носи митските остатоци од времето. Некогашните тесни улички денес се божествен печат за историјата на еден народ и историјата на една цивилизација. Сите овие прекрасни знаменитости го одразуваат многувековниот процес на развој и изградба на она што денес претставува модерна Битола.

Археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис

Битола ја краси и познатата градба-споменик на Офицерскиот дом или уште позната како Сарајот на Абдулах Керим-паша од турско време – како едно од најголемите архитектонски обележја на битолската и македонската архитектура воопшто. Неодамна, просторот на Офицерскиот дом стана домаќин на Europe House и отвори многубројни перспективи и услови за младите поединци, кои отсега ќе имаат можност да го развијат својот креативен потенцијал и да бидат дел од дискусијата за клучните теми и прашања на Европската унија. Во следна прилика, посетете го просторот на Europe House Битола и запознајте го младиот тим на Europe House, со кој ќе можете да се инспирирате за мултикултурните теми на денешницата и да продискутирате за актуелните настани во нашата земја и во светот – или, накратко, дојдете да уживате во креативната енергија што ја нуди просторот на Europe House Битола. 

Europe House Битола

Универзалната раскрсница на времето

Градот Битола низ времето бил сведок на големи историски пресврти, војни, поделби и реставрации, но никогаш не престанал да биде исполнет со културни и историски сокровишта на многувековната традиција. Битола е дом на различни религии, култури и јазици, на голем број културни настани, дом на првата жена-фармацевтка на овие простори, Рајна Алексова (1882 – 1959), на првиот Македонец-алпинист кој се искачил на Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато (1953 – 1989), дом на браќата Влатко и Горан Стефановски, дом на Кирил Македонски, Јонче Христовски, Драги Михајловски, дом на многу креативни луѓе кои оставиле траен печат во македонската културна и научна традиција.

Битола денес не ги крие своите млади таленти, чии интереси се движат во насока на визуелните уметности (веб и класични), моден дизајн, внатрешен дизајн, архитектура, книжевност, филм итн. Уметничкиот порив не замира во новите генерации на младите битолчани, кои мошне умешно знаат да го доловат духот на својот град во нивните инвентивни креации. Битолската авангарда е исполнета со свежи идеи на млади и креативни умови, чии аспирации и имагинации го сочинуваат мозаикот на новата, модерна слика на Битола.

Од античкиот период до современоста, Битола претставува вистинска универзална раскрсница на времето. Тука, на едно место, можат да се најдат слоеви од различни идентитети и цивилизации што заемно се испреплетуваат во еден безвремен амалгам на историја, уметност и култура.

Доротеа Огненовска

[1] Зборот обител со текот на времето го губи гласот „о“ и станува она што денес го нарекуваме Битола. Овој збор сѐ уште можеме да го сретнеме во хрватскиот јазик, но со друго значење. Според приказните на Марко Цепенков, како и оние на старото население околу битолскиот крај, се раскажува за постоењето на голем број цркви во околината на Битолското Поле, што подоцна станува причина градот да биде нарекуван Манастир. За сите овие трансформации на топонимскиот назив постојат физички докази (Битолската плоча од 1015 година) од средниот век што упатуваат на постоењето на името на градот.

Музиката е моќна алатка на уметничката експресија

Младите го држат клучот за нашата иднина, а нивниот ангажман со уметноста, вклучувајќи ги музиката и книжевноста, игра главна улога во обликувањето на нивните сознанија и перспективи за реалниот свет и истовремено во обликувањето на судбината на Европа. Уметничката експресија е моќна алатка преку која младите ги изразуваат своите ставови за светот што е во постојано движење. Уметничките изрази веќе долго време се медиум за општествено размислување, а врската на актуелната генерација со уметноста, книжевноста и музиката обезбедува нишка преку која тие љубопитно ги откриваат универзалните прашања.

Младите и современите уметнички медиуми

Денешната младина сè повеќе се поврзува со различни форми на уметност и музика поради широката достапност на дигиталните платформи и социјалните медиуми. Тие ги користат овие медиуми за да ги изразат своите ставови, знаења, чувства и грижи за светот што ги опкружува. Нивниот допир со светот е динамичен, брз и променлив. Книжевноста, музиката и визуелната уметност служат како моќни алатки за пренесување пораки, стимулирање на критичкото размислување, поттикнувајќи интелектуални разговори како што се сегашните актуелни теми за иднината и промените на животната средина. Со вклучувањето во овие уметнички медиуми, младите поединци стануваат активни учесници во обликувањето на интелектуалното ткиво што подоцна ќе прерасне во критички извор на новата генерација.

„Музичари или Концерт на младите“ (1595) од Караваџо

Интересот на младите длабоко понира во различни уметнички медиуми, создавајќи длабока врска што ги обликува нивните идентитети, перспективи и аспирации. Од визуелна уметност и литература до музика и филм, уметничките изрази служат како ескапизам за младите да ја истражуваат својата креативност, да ги изразат своите мисли и со тоа да им се овозможи слободно придвижување и маневрирање со светот. Преку уметничките медиуми, младите наоѓаат патишта за самоизразување, како и платформи за предизвикување на општествени норми, критичко размислување и застапување за општествени промени. Имајќи предвид дека се наоѓаме во епоха на невиден технолошки напредок, дигиталниот пејзаж дополнително го засилува ангажманот на младите со различните уметнички медиуми, овозможувајќи им да се поврзат и да ги споделат своите идеи и мислења на глобално ниво. Со искористувањето на моќта на уметничките медиуми, младите продолжуваат да ги обликуваат сопствените наративи, да ја редефинираат сликата на културата и да поттикнуваат чувство на обединување што го засилува нивниот стремеж за поинклузивна и поавтентична иднина.

Музика: безвременски израз на младешки дух

Иако музиката и уметноста ја делат заедничката цел на уметничко изразување, тие сепак нудат различни гледишта за креативна експресија. Музиката, преку својата аудитивна природа, поседува моќ да предизвикува емоции и да создаде заедничко афективно искуство помеѓу слушателите. Може да послужи како катализатор за колективна акција, обединувајќи различни поединци под една заедничка кауза. Низ историјата, особено во 20 и 21 век, музиката видно се издвојува од другите уметности и се покажува како моќна сила способна да изврши големо влијание врз промените во светот.

Така, можеме да ја земеме џез-музиката, со своите живописни ритми и импровизирачката природа и да ја поврземе со енергијата и динамичниот дух на младите. Вкоренет во афроамериканската култура, џезот како жанр влегува во новите модерни хибридни жанрови што стануваат сѐ повеќе дел од креативниот идентитет на младите генерации. Способноста на жанрот да се адаптира и да иновира ја одразува суштината на младоста, односно го одразува тој аспект на поместување на границите и прифаќање на промените. Имагинацијата на младите слушатели оди чекор подалеку кога нивните интереси во музиката почнуваат да надминуваат какви било жанровски определби и не се плашат да експериментираат со музичкиот репертоар што е моментално понуден на сцената. Уметноста, но поконкретно музиката отсекогаш била стожерната алатка за експресија кај младите и токму со експериментирањето денешните музички автори стануваат сѐ поблиски до својата публика и отвораат теми што тангираат лични или колективни идеолошки ставови. За разлика од музиката во минатото, современата музика е во постојан чекор со модерните трендови и служи како средство за емоционално ослободување, поттикнувајќи чувство на припадност и емпатија кај младите кои наоѓаат утеха во стиховите и мелодиите на песните.

Музиката надминува секакви возрасни, родови, идеолошки и етнички граници, а нејзиното влијание најмногу може да се следи низ објективот на помладите генерации. Таков пример имаме со најпознатиот англиски рок-бенд, „Битлс“, кој се појави како културен феномен во шеесеттите години на минатиот век, оставајќи неизбришлива трага во општеството. „Битлс“[1] и другите влијателни уметници од нивното време ја искористија својата платформа за да ги предизвикаат општествените норми и да ја подигнат свеста за важни прашања, како што се граѓанските права, војната и зачувувањето на животната средина. Меѓутоа, ефектот на „Битлс“ не престана да се шири и во поновите музички форми и во музиките на младите артисти. Кога ќе се споредат денешните актуелни песни со оние од минатото, ќе се увиди дека денешната музика алудира на аспектите од современото општество, односно е креирана во контекст и во постојан флукс. Музиката, денес, негува едно прекрасно чувство на заедништво, нуди медиум за самоизразување и служи како водич за младите поединци додека се обидуваат да го најдат своето место во модерната доба.

Денешната младина, преку нивниот ангажман со музиката, книжевноста и уметноста, активно го обликуваат своето разбирање за светот и влијаат во обликувањето на иднината. Динамичноста на музиката се идентификува со младешкиот дух на новите генерации и на тој начин ја доловува суштината на нивната креативна енергија и го поттикнува индивидуалното изразување без никакви ограничувања. Понатаму, спротивставените патишта на изразување обезбедени од музиката и уметноста им овозможуваат на младите поединци да се вклучат во еколошките прашања од различни перспективи. Како чувари на иднината, од големо значење е младите да продолжат да го истражуваат безвременото знаење што го нуди уметноста и да не престанат да експериментираат користејќи ја својата креативност за да инспирираат позитивни промени во светот. Со тоа, тие ја имаат моќта да ја трансформираат нашата колективна иднина и да изградат одржлив свет за генерациите што доаѓаат.

Доротеа Огненовска

[1] Нивната музика не само што ги освои срцата на милиони луѓе туку стана и средство за општествени и политички промени. Песните како „Imagine“ од Џон Ленон станаа химни на мирот, залагајќи се за свет ослободен од сите поделби и (воени) конфликти. Нивната музика стана собирен крик за една генерација, која копнее за промени, истовремено инспирирајќи активизам за обликување на колективната свест на младите.

Сите возрасни некогаш биле деца

80 години од публикацијата на романот „Малиот принц“

Сите се сеќаваме на нашата прва средба со магичниот роман, Малиот принц[1], една од најраните лектири во основно училиште во која го запознавме мистичниот свет на Антоан де Сент Егзипери полн со енигми и скриени значења. Се сеќаваме на илустрациите од романот: Малиот принц застанат над својата планета, потоа змијата која го јаде слонот, осамената роза и раскошните баобаб дрвја. Се сеќаваме на сите таинствени пораки што можеби тогаш ни се чинеле нејасни и комплицирани, но сега со одново читање се сеќаваме на безвременото чувство што ни го оживува приказната на Малиот принц. Така, по повод Светскиот ден на книгата, го прославуваме и одбележуваме овој важен ден за историјата на книжевноста токму со волшебното дело на Егзипери.

Навистина, делото може да биде мошне комплексно за младите читатели, особено поради тоа што отвора прашања кои им се поблиски на возрасната публика, меѓутоа тоа не значи дека не може да биде читано како бајка односно фантастична приказна во која главниот лик е еден млад човек што трага по суштината на животот. Алегориските слики за љубовта, желбите, пријателството и вербата циркулираат низ романот и преку гласовите на нараторот и Малиот принц, додека читателот е во постојан дијалог со фабулата на текстот и се идентификува со емоциите на главниот јунак. Станува збор за езотерична книга што треба да се чита низ контекст на метафори и алегории. Приказната е кондензирана во помалку од стотина страници, а чувството што се добива читајќи го делото го впива вниманието на читателот и го носи на едно незаборавно патување низ имагинарното.

     

Сите ние трагаме по некоја далечна планета

Осамениот наратор е случајно заглавен во бескрајната Сахара каде и го среќава Малиот принц. Слично како и нараторот, Малиот принц чувствува огромна тага и самотија – чувства кои остануваат сеприсутни низ текот на романот кои го следат на неговите патувања. Тој патува на неколку различни планети, секоја со своја специфична историја во која се испреплетуваат колаж на уникатни ликови со индивидуални карактеристики. Кога ќе го погледнеме денешното општество, можеме да воочиме дека ликовите од планетите на Малиот принц не се толку различни од нашиот, реален свет особено што тие претставуваат различни аспекти на човековата природа и можат да се направат паралели со денешното општество. На патот кон себепронаоѓањето тој се запознава со останатите ликови, кои самите се борат за да си го потврдат своето место во светот.

Така, преку приказните на Малиот принц го следиме неговото патување на планети во кои владеат прототипи за различни материјалистички опсесии, а потоа страв и алчност за моќ и поседување, карактеристики што тој не може да ги разбере. Малиот принц им дава на читателите нова перспектива за светот и ги охрабрува да размислуваат критички за општеството во кое живеат. Од друга страна Малиот принц го инспирира нараторот, кој и самиот се соочува со друг внатрешен конфликт, се чувствува осамен и отфрлен од светот и во овие моменти може да се потпре само на мистичната фигура на Малиот принц кој го чувствува поблизок отколку некој возрасен.

Малиот принц тргнува на пат да го истражи универзумот и се обидува да пронајде одговори на егзистенцијалните прашања што му се чинат нејасни и далечни. Сите од нас сме се нашле во иста ситуација како протагонистот на ова дело, кога многу од нештата ни се чинеле прекомплицирани или туѓи, а можеби дури и сме почувствувале фрустрација или отфрленост во некои моменти од нашиот живот. За да можеме да стигнеме до универзалната човечка вистина, потребно е да пропатуваме различни планети, да искусиме сѐ што ќе ни понуди животот и да запознаеме многу луѓе, луѓе со кои ќе оствариме значајни релации, но и луѓе кои нема да ни се допаднат. Сите овие патувања, сите средби и животни ситуации на крајот ја обликуваат перспективата на младиот човек за светот и придонесуваат за личниот интелектуален и емотивен развој. Романот илустрира како нашите искуства и интеракции со другите можат да влијаат на нашите вредности, верувања и однесувања. Во таа смисла нашето патување низ животот не е само обична дестинација, туку е еден вид искуство врз кое ги испреплетуваме сите мигови и настани што на крајот можат да нѐ обликуваат и дефинираат.

Митот за вечното дете – puer aeternus

Егзипери му го посветил романот на својот најдобар пријател, Леон Верт потенцирајќи дека „сите возрасни некогаш биле деца, но малкумина од нив се сеќаваат на тоа“. Романот непосредно го обработува митот за вечното дете. Митот за вечното дете е моќна идеја која се слави во многу култури низ историјата и се гледа како симбол на чистота и невиност. Нараторот започнува со сеќавања и ретроспекции кон минатото и кон своите детски моменти кои останале длабоко притиснати во неговата меморија. Швајцарскиот психијатар и психоаналитичар, Карл Јунг, верувал дека искуствата од детството играат значајна улога во обликувањето на личноста како и психолошкиот развој на поединецот. Оттука и детството е најважната фаза во животот на еден човек.

Во контекст на јунговата (психо)философија, puer aeternus е пример за архетип односно исконски образец според кој можат да се најдат слики во митолошките фигури на грчките богови и херои. Според илустрациите во романот, исцртани од самиот автор, фигурата на Малиот принц е претставена како мало момче со руса коса облечен во зелени облеки и жолт шал. Најчесто е илустриран врз некоја малечка планета или како лебди во воздухот. Самите планети, според големината, одат во прилог да ја обележат сликата за маленкоста на вечното дете кое непрестајно трага по интергалактички авантури.

Иако протагонистот на книгата е младо момче кое има детска невиност и се чуди на материјалните пориви на луѓето од светот, сепак, може да се заклучи дека неговото патување е коментар за начинот на кој општеството се однесува кон децата. Малиот принц го оспорува ова покажувајќи дека децата можат да имаат длабоко разбирање за светот околу нив. Во многу случаи, на децата не им се дава почит или внимание, а нивните перспективи често се занемаруваат. Романот воспоставува силен контраст помеѓу невиноста и чистотата на децата и далечниот, материјалистички поглед на светот на возрасните. Авторот ги користи средбите на Малиот принц со возрасните, кои ги среќава на своето патување, за да ја покаже ограничената перцепција и себичноста и да потенцира колку се тие оддалечени од детството и бидувањето дете. Возрасните во романот се опседнати со сопствениот успех, богатство и имот и не ги ценат едноставните животни задоволства. Децата, отелотворени преку ликот на Малиот принц, ги интересираат едноставните животни задоволства како што се играта, љубопитноста и имагинацијата. Младите стануваат многу поотворени, потолерантни и поемпатични на средината и светот околу нив. Така и Малиот принц е претставен како помудар и поемпатичен наспроти возрасните ликови во романот.

Потрага по автентичноста 

Потрагата по автентичниот начин на живот е клучното животно патување што треба да го помине секој човек. Сите луѓе на светот поседуваат различни квалитети, таленти, покажуваат интереси и афинитети кон различни теми и прашања. Убавината на животот е токму во способноста на впивање на тие меѓучовечки разлики кои треба да ги прифатиме со отворено срце. Главниот интроспективен конфликт на Малиот принц произлегува од неговата неспособност да ја разбере розата, поради која заминува на долго патување за да научи повеќе за животот и за себеси.  Во една дискусија со лисицата, Малиот принц дознава дека всушност неговата љубов кон розата е толку голема бидејќи е рефлексија на неговата голема грижа и внимание посветено на неа. Оттука и заклучува дека најважните работи во животот се оние што можат да се најдат во срцето, наспроти материјалните објекти и ограничености кои го заслепуваат човекот.

Минливите задоволства и бескорисните нешта што ги трошат минутите на нашите денови заземаат толку многу простор во нашите животи, а ние им придаваме толку големо значеше што понекогаш станува тешко да се направи разлика помеѓу духовното или материјалното исполнување. Затоа Малиот принц наоѓа задоволство и ги цени едноставните работи во животот како што се гледањето на зајдисонцето или грижата за цвеќето – и ја разбира тежината на овие секојдневни ритуали, навидум мали, но сепак со огромна длабочина.

Во таа смисла, романот нѐ потсетува дека треба да ја прифатиме нашата индивидуалност и да останеме верни на себеси во свет кој често се обидува да нѐ усогласи со општествените очекувања и да нѐ оддалечи од сопствената уникатност. Чувствата се единствени. Тие се нашиот компас кон подобро разбирање на светот. Понекогаш не е погрешно да се вратиме еден чекор наназад, да го слушнеме сопствениот глас и да го погледнеме светот од призмата на децата. А уште подобро, ако успееме да го негуваме детето во нас, ако успееме да ги негуваме нашите идеи, да не ги оградуваме емоциите што ни надоаѓаат, тогаш нема потреба од враќање наназад, тогаш потрагата кон себеси станува една прекрасна игра и планетарно патување.

Книгата Малиот принц е многу повеќе од обична книга за деца – тоа е еден светски феномен најпреведувана книга што достигна превод во повеќе од неколку стотици јазици и истовремено делото не престанува да биде предмет на обработка во многу училишни програми насекаде во светот. Книжевно-културното наследство што го остави зад себе романот, Малиот Принц, но и самиот книжевен лик на Малиот принц, се потврди во испитувањето на неговата трајна привлечност кај младите читатели низ генерациите. Книга која говори за губењето на близок, чувствата, значењето на животот и смртта, меѓучовечки релации, но и релациите што ги имаме самите со себе, Малиот принц продолжува да биде едно од највпечатливите дела напишани во историјата на книжевноста.

Влезот на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, го обележува скулптурата на Малиот принц. Го гледаме малиот принц како стои исправен врз неговaта планета. Неговиот шал е во постојана борба со ветрот, а на неколку чекори од него проникнува фамозната роза од приказната. Симболот кој го краси влезот на младинскиот објект е неслучајно фигурата на Младиот принц кој секогаш ќе ги надгледува младите и ќе ги потсетува повозрасните дека детството не треба да биде заборавено.

Доротеа Огненовска

[1] Оваа година славиме јубилејни 80 години од првата публикација на романот во 1943 година во Франција и иако на растојание од еден век, темите што се истражуваат во делото се сè уште релевантни денес кај читателите од сите возрасти. Книгата обработува универзални прашања како што се важноста на пријателството, потрагата по среќа и борбата да се најде смисла за животот. Авторот преку делото ја капсулира квинтесенцијата на неговите искуства на земјата како и животната философија со која се соочувал низ текот на својот живот. Антоан де Сент-Егзипери објавил многу малку за време на неговиот живот – шест книги, а исто толкав број дела биле постхумно публикувани во период од 70 години.
Subscribe To our newsletter!