Europe House EUH, Author at Europe House - Page 3 of 5

19 август – Светски ден на фотографијата

Зад секој настан стои објективот на вешт уметник-фотограф, кој со својата умешност успева да долови момент од времето што останува врежан во нашите сеќавања. Една фотографија може да раскаже илјада приказни, да долови различни емоции и да оживее спомени од минатото. Фотографиите играат клучна улога во документирањето на историјата, културата и личниот живот и затоа нивната вредност е непроценлива. Без разлика дали станува збор за воена зона, раздвижена градска улица, автентичен портрет или тивок момент во природа, зад секоја слика стои скриена приказна. Фотографијата е една од помладите уметнички гранки и како таква многу брзо се развила во моќно средство за меморирање на минатото, но и средство за креативно изразување. Иако навидум едноставен медиум што секој може да го користи, фотографијата, пред сѐ, е уметност што бара сериозна вештина за да се долови суштината на моментот. Умешниот фотограф може да го замагли просторот меѓу реалноста и имагинацијата и да понуди нови перспективи и гледишта кон светот, што инаку би останале невидени и незабележани.

Фотографијата има уникатна моќ да ги надмине границите на јазикот и културата, отворајќи нова визура кон светот, што овозможува да видиме и да почувствуваме различни аспекти на човековата егзистенција. 19 август е прогласен за светски ден на фотографијата, ден посветен на естетиката, занаетот и историјата на фотографската уметност. Овој специфичен датум влече корени речиси два века наназад, кога француската влада го купила патентот за процесот на дагеротипија во 1839 година, правејќи го достапен за целиот свет, откако Луј Дагер, пионерот на модерната фотографија, една година претходно успешно фотографирал човек во градски екстериер.

„Фотографијата е уметност што го претвора минливото во трајно, создавајќи визуелен наратив што го надминува времето. Во неа, светлината и сенката стануваат алатки за естетска и емотивна експресија, а секој кадар е огледало на човековите искуства, испишан преку моменти што не можат да се повторуваат. Вистинскиот момент го препознавам кога чувствувам дека сум ја разоткрил скриената тензија помеѓу реалноста и уметноста – оној краток миг кога композицијата, светлината и субјектот добиваат сопствен живот. Во тој момент фотографијата станува средство на контемплација и длабока комуникација, тогаш фотографијата ја наоѓа својата вистинска сила – да ни покаже не само како изгледа светот туку и како го чувствуваме“, Томислав Георгиев, фотограф.

„За мене, фотографијата претставува раскажување приказна што не може целосно да се долови со зборови. Камерата ми дозволува да ги фатам минливите моменти и да ги зачувам спомените. Ми помага да се поврзам со моето окружување и да најдам убавина во секојдневниот живот, особено аналогната фотографија, што носи опиплива носталгична атмосфера во моите фотографии. Уживањето во процесот на фотографирање и развивање на филмот ме потсетува на убавината на несовршеноста и вредноста на трпението, бидејќи секој кадар од филмот се чувствува како ценет спомен што чека допрва да биде откриен“, Стефан Самандов, фотограф.

Историја на фотографијата

На почетокот, фотографијата била споредувана со сликарството, затоа што не постоеле други стандарди за правење слики. Иако фотографијата, всушност, настанала дури на почетокот на 19 век, раните фази се видливи повеќе од два века наназад. Претходник на камерата бил принципот на камера опскура (camera obscura), каде што се проектираат слики од предмети надвор од темна просторија. Подоцна, кон крајот на 16 век, италијанскиот научник и писател Џамбатиста дела Порта демонстрирал и детално ја опишал употребата на камера опскура со леќа во 1727 година, додека германскиот професор по анатомија Јохан Хајнрих Шулце експериментирал со сончева светлина преку феноменот на затемнети соли.

Раните експерименти со хелиографија и литографија во 17 век го инспирирале францускиот пронаоѓач Нисефор Ниепс, во 1877 година да ја направи првата успешна фотографија од природата – поглед кон дворот на неговиот селски имот. Ниепс смислил посебен метод со светлината и процесот на креирање слики го нарекол хелиографија („цртеж на сонцето“). Процедурата одела така што прво ја премачкувал гравурата со масло за да стане проѕирна, а потоа ја ставал на чинија обложена со раствор од битумен (вид асфалт) и масло од лаванда и, на крајот, ја изложувал на сончева светлина. По неколку часа, растворот под светлите области на гравирањето се стврднувал, додека оној под темните наслаги останувал мек и можел да се измие, оставајќи трајна, точна копија од гравирањето. Мошне брзо професионалниот сценски сликар Луј Дагер направил скици со следење на сликите произведени од камерата опскура и камерата луцида. Дагер соработувал со Ниепс, но неговиот интерес останал на тоа да пронајде начин како да го скрати времето на експозицијата, додека Ниепс останал заинтересиран за производство на репродуктивните платна. Во 1839 година, синот на Ниепс и Дагер ги продале целосните права на дагеротипот и хелиографот на француската влада, во замена за доживотни ануитети.

Веќе до крајот на 19 век и почетокот на 20 век, фотографијата се проширила во популарната култура и особено станала влијателна со развојот на филмот. Во 1884 година, Џорџ Истман го составил првиот филм во ролна, кој направил вистинска револуција во индустријата и подоцна ја основал компанијата „Кодак“. Пионерите како: Алфред Штиглиц, Анзел Адамс, Доротеа Ланг, Хенри Бресона, Ани Лебовиц, Стив Мекјури, Роберт Капа, Дијана Арбус, Хелмут Њутон, Синди Шерман, оставија печат во фотографската уметност и ја дефинираа фотографската естетика на дваесеттиот век. Првиот полароид на Едвин Ленд се појавил во 1948 година и овозможил опција сликите веднаш да можат да се развиваат по сликањето. Набрзо, филмската фотографија се трансформирала во дигитален формат и во 1975 година бил измислен првиот дигитален фотоапарат од страна на Стивен Сасон.

Како што продолжувала да се развива технологијата, така се развивала и уметноста на фотографијата. Денешните социјални мрежи се вистинско гнездо на фотографии и кратки видеа, а со порастот на платформите како „Инстаграм“, многу професионални фотографи како аматери, љубители на оваа уметност, почнаа да ги изложуваат своите виртуелни портфолија, правејќи ја фотографијата подостапна од кога било досега.

Фотографите можат да скаменат миг од реалниот живот и да ја овековечат реалноста. 19 август е добра можност да се потсетиме на историското значење на фотографијата, како и на нејзината еволуција низ вековите: од првата camera obscura до дигиталната револуција, што, иако еволуирала низ времето, нејзината суштина останува иста – да овековечи еден момент од реалноста и да ја раскаже неговата приказна. Овој ден е посветен на сите фотографи, аматери и професионалци, кои со своите фотографии придонесуваат за зачувување на колективната меморија и имаат непроценлива вредност затоа што тие не само што документираат настани туку и го обликуваат сензибилитетот на општеството, создавајќи врска меѓу минатото, сегашноста и иднината. Овој ден нека биде потсетник дека фотографијата е многу повеќе од обична слика, тоа е уметност што има моќ да го трансформира начинот на кој го гледаме светот. Europe House често организира фотографски работилници, во кои можат да земат учество сите љубители на фотографската уметност.

Доротеа Огненовска

ЕКСПРЕСИВНАТА УМЕТНОСТ НА ГРАФИТИТЕ – НОВО ВИЗУЕЛНО ДВИЖЕЊЕ (МЕЃУ МЛАДИТЕ)

Уметноста постојано се менува и се надградува, а чувството за естетика е мошне силно присутна емоција кај секој човек. Таа константна еволуција на стилови и движења што го одразуваат духот на времето остава простор сите интермедијални уметности да го пронајдат своето место на уметничката сцена. Графитите или уметноста на графити е една од најновите гранки на визуелната уметност – динамично движење што се појавило во последните декади на дваесеттиот век. Графити уметниците веќе не се кријат во сенките на напуштените улички, туку постепено влегуваат во мејнстрим културата, преобликувајќи го изразот на модерната култура. Графитите што некогаш се толкуваа како чин на бунт и пркос, денес еволуираа во почитувана и влијателна уметничка форма што е препознаена на глобално ниво. Оваа искачување на графитите од маргинализирана уметност, сѐ до галериска поставка означува промена во човековата перцепција за тоа што може да биде протолкувано како уметност.

Почетоците на графити културата

Графити уметноста ги следи своите почетоци на улиците на Њујорк во доцните шеесетти и раните седумдесетти години на 20 век. Графитите се тесно поврзани со хип-хоп и рап културата на американската сцена. Со идејата да се вратат јавните простори каде што поединците ќе можат слободно да се изразуваат, графити уметниците почнаа да го користат градот како нивно платно за самоекспресија. Оттука и првобитно нивниот уметнички активизам беше критикуван како вандализам, но со текот на времето се здоби со признание за својата креативност и социјално-општествени коментари. Под графити може да се подразбере широка палета на уметнички техники и стилови. Разновидноста во стиловите може да се забележи преку креативноста на авторот на графитите: почнувајќи од живописни и колоритни букви/цртежи сѐ до сложени и детални мурали. Уметноста на графитите не е ограничена само на еден стил туку е динамична и постојано се развива.

Жан Мишел Баскија (1960 – 1988)
Кит Херинг (1958 – 1990)
Бенкси

Графити артистите експериментираат со мноштво материјали и методи и така го обелоденуваат колективниот став на општеството и ја реанимираат идејата за сѐ што може да се постигне на јавните простори. Покрај својата естетска димензија, графитите служат како активистичка платформа за социјален коментар и поради тоа многу уметници ги користат своите дела за покажување став по некои важни општествени прашања. На овој начин, тие го привлекуваат вниманието за овие теми на неконвенционален начин и со тоа предизвикуваат дијалог и различни мислења.

Еден од најважните аспекти на графитите е способноста да ги надминува културните, географските и јазичните бариери. Јазикот на графитите е универзален јазик што можат да го разберат и да го толкуваат луѓе од сите културни и географски сфери на животот. Графити уметници од различни делови на светот оставија траги, а нивните дела станаа дел од глобалниот уметнички дијалог. Графитите се длабоко вкоренети во заедницата. Многу графити артисти работат на проекти што вклучуваат локални уметници и со ова чувство за ангажман во заедницата се поттикнува посилна релација помеѓу уметноста и луѓето, трансформирајќи ги урбаните простори во динамични, креативни центри. Уличната култура е домот на графити уметничката сцена.

(Фото: Вито Валентинети)

Дополнително, графити артистите поместуваат граници со нивните пораки што најчесто се тесно поврзани со мејнстрим културата или културата на мим (memes) дискурсот. Ова препознавање е она што предизвикува „катарзично“ ослободување кај луѓето кои доаѓаат лице в лице со графити пораките. Понекогаш средбата со графитите може да се појави на некое чудно и неочекувано место во градот и во поголемиот дел графитите се насликани во маргинализираниот простор на градскиот пејзаж: напуштени фабрики и згради, мостови, железнички и автобуски станици, болници, затвори, студентски домови, кампуси и сл. Меѓутоа, покрај сите овие хронотопии, денес може да се каже дека графитите полека го наоѓаат своето место во галериите и музеите, а сѐ повеќе артисти слободно се изразуваат и сликаат графити и мурали во урбаните делови на градовите и со тоа ја збогатуваат естетската слика на градот. Ова признание не само што го подигнува статусот на графити уметниците туку и поттикнува низа позитивни ставови за ширењето на границите на современата уметност. 

Домашната графити сцена

Графити уметноста во нашата држава, како и во многу делови од светот, се толкува како динамична и експресивна форма на креативно самоизразување. Во текот на изминатите неколку децении, улиците на градовите станаа шарени платна за прикажување на разновидна палета од уметнички стилови и пораки. Скопскиот кеј е таков пример, каде што големите камени плочи се украсени со различни уметнички цртежи или потписи на повеќе графити автори. Во нашата држава, еден дел од графити цртежите служат како средство за пренесување на социјални и политички коментари, одразувајќи ги ставовите и желбите на уметниците-автори. Тие можат да тангираат теми и прашања како што се: културниот идентитет, актуелните политички и општествени прашања, на тој начин давајќи уникатен објектив преку кој доаѓа до израз локалната перспектива на народот. Меѓутоа, важно е да се напомене дека понекогаш графитите немаат одредена тема, односно за некои креативци цртањето претставува релаксирачки чин преку кој доаѓа до израз желбата за креирање уметност. Покрај тоа, одредени артисти, едноставно, сакаат само да остават свој украсен печат на градот или да покријат непристојни натписи, празни валкани и сиви ѕидови со колоритни графити цртежи.

Графити сцената во нашата земја не е ограничена само на градските улици; таа исто така најде дом во галерии и изложби, дозволувајќи им на уметниците да допрат до пошироката публика и да добијат уметничко и општествено признание за нивниот талент. Во Скопје и низ целата земја, има мноштво примери на впечатливи графити и мурали што се своевиден печат за македонската уметност. Оттука може да се каже дека графитите се пример за моќта на уметноста да ги надмине границите на општествените норми и правила и да ги доближи луѓето едни до други. Тоа придонесува за културното богатство на земјата и служи како платформа за индивидуално и за колективно изразување. Движењето продолжува да се развива, нудејќи визуелен наратив што истовремено е енергичен и провоцирачки за неговата публика.

На фотографиите можеме да ги забележиме муралите во Струмица по повод заштитата на водните ресурси, потоа познатата клупа пред зградата на Europe House Скопје, фамозните графити во ГТЦ што ги освоија срцата на граѓаните, муралот под Железничката станица Скопје, простор што истовремено е и Велоштад (плоштад за велосипеди), графитите во Europe House Велес и Europe House Струмица. Денес, македонската графити сцена сѐ повеќе расте. Се организираат графити фестивали што стануваат сѐ помасовни. Такви примери се Графити фестивалот „Куманово графити фест“ и „On The Blok“ (МКЦ).

Уметниците Ване Костуранов, Марјан Димиќ, Блаже Атанасов, Драган Китановски-Драш и Филип Конески ги насликаа бетонските површини на станицата во Струмица со идејата дека водата треба да се заштити.

Графити уметноста е многу повеќе од само форма на креативно изразување и експресивност. Таа е ново визуелно движење што ги предизвикува конвенционалните норми и нуди нова и модерна перспектива за улогата на уметноста во општеството. Како што продолжува да се развива и да се приспособува на променливиот пејзаж на нашите градови, уметноста на графитите стана моќен доказ за долготрајната креативност и уметничкиот порив на младиот уметнички дух кај секој од овие графити артисти.

Графити уметноста е многу повеќе од само форма на креативно изразување и експресивност. Таа е ново визуелно движење што ги предизвикува конвенционалните норми и нуди нова и модерна перспектива за улогата на уметноста во општеството. Како што продолжува да се развива и да се приспособува на променливиот пејзаж на нашите градови, уметноста на графитите стана моќен доказ за долготрајната креативност и уметничкиот порив на младиот уметнички дух кај секој од овие графити артисти.

ФОТОСТОРИЈА НА ЛАЗАРОПОЛЕ

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје успешно ја заврши втората сесија на летната школа „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“. Летната школа се одржа во населеното место Лазарополе, мало село во Општина Маврово и Ростуше, сместено во областа Мијачија. Последната недела од јуни (21-30.6.2024) беше испланирана за втората сесија од проектот „NEW ART FOR(U)M“. Целта на школата е да истражува и да развива алтернативни уметнички практики во дискурзивен и интердисциплинарен контекст, што се разликува од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Предавањата ги држеа професорите м-р Роберт Јанкулоски и м-р Гоце Наневски, дипломираниот електроинженер Дориан Јовановиќ, во соработка со интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски. Оваа сесија на летната школа се сосредоточи на звукот како основа за креативно создавање и толкување на едно интердисциплинарно уметничко дело.

Изборот на географскиот простор беше од особена важност за Летната школа, бидејќи на практикантите им беше потребно одново да се запознаат со тишината. Надвор од градскиот метеж, звуците на сообраќајот и вревата на урбаниот живот, руралната средина е одличен избор за целите на проектот. Од овие причини, хармоничната убавина на Лазарополе беше соодветен избор и дестинација за реализација на школата. Имено, живеењето и работењето во град си носи свои последици. Современата урбана средина ги менува сензорните дразби на човекот, правејќи го почувствителен на надворешните стимулации. Престојот во тивка рурална средина може да биде освежувачки и да овозможи повторно пронаоѓање на внатрешниот мир и развивање на контемплативна концентрација.

Летната школа на преден план ги запозна учениците со воведни поими и содржини од психоакустиката со цел подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина. При запознавањето со одредени поими од физиката на звукот, учениците ги проучија карактерните особини на шумот и звукот со цел посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови што се пронаоѓаат во секојдневниот свет. Човековото акустичко сфаќање за светот значително се менува според начинот на живот и според географската одредница. Така, од голема важност е да го разбереме вистинското значење на „звучното загадување“, за коешто сме помалку или повеќе несвесни дека е навлезено во нашата невропсихолошка состојба. Непрекинатото изложување на вештачки звуци може да доведе до зголемена анксиозност и намалена способност за концентрација, што е причината зошто тивките рурални средини се толку значајни за менталното здравје и благосостојбата. Оттука, учесниците имаа можност не само теориски да се запознаат со материјата туку и практично да ги испробаат уредите за снимање звук, микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас. Користејќи се со основните техники на обработка – миксање и монтирање звук – тие почнаа да размислуваат за звукот и за звучните феномени како на елементи во создавањето звучни слики и амбиентални звучни пејзажи. Овие звучни слики потоа функционираа како самостојни уметнички дела, но и како комплексни уметнички инсталации.

Природната убавина на Лазарополе

Лазарополе е опкружено со бујни шуми, високи планини и чисти извори што го прават идеално место за љубителите на природата. Од овие причини, неслучајно втората сесија на летната школа „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ беше одржана токму на овие простори. Прошетките низ околината откриваат живописни пејзажи, а поради чистиот воздух се слушаат сите звуци на природата, животните, како и тишината во ноќните часови. Планинските патеки се идеални за планинарење, а блиските реки и водопади нудат освежувачко бегство од летните горештини. Лазарополе е родниот крај на видни личности од македонскиот културен свет. Меѓу нив, архимандритот Анатолиј Зографски, преродбениците Ѓурчин Кокалески и Васил Апостолов Икономов, писателите Анте Поповски и Симон Дракул.

Селото е накитено со традиционална македонска архитектура. Црквата „Св. Ѓорѓи“, изградена во 1841 година, е еден од најзначајните објекти во селото. Нејзиниот ктитор, кнезот и општественикот од Лазарополе, Ѓурчин Кокалески (1775 – 1863), изградил престол внатре, а по смртта бил погребан во дворот на црквата. Во црквата е насликана фреската „Св. Стилијан Пафлагониски“ со уникатна репрезентација на светецот кој држи дете во раката. Во 1997 година црквата „Св. Ѓорѓи“ е прогласена за споменик на културата од страна на Министерството за култура. Покрај главната црква, селото има уште четири помали цркви, меѓу која е и малата црква блиску до селото, „Св. Петка“, затскриена во дабовата шума. Оваа помала црква била изградена од лазарополецот Јосиф Аврамов Куноски во 1908 година. Покрај црквата тече чешма преку целата година, за која селаните веруваат дека водата е лековита за очите. Наспроти религиозните градби, селото е исполнето со камени куќи, чии дрвени прозорци и покриви од ќерамиди оставаат волшебно чувство дека времето запира.

Скриено меѓу зелените планини и миризливите ливади, селото Лазарополе има богата историја и е познато по својата легенда за потеклото на името. Имено, станува збор за легендата на селаните од Главино Село, кои, бегајќи од Турците, се скриле во пештерата Калина Дупка. Таму „луда Калина“ ги издала, па Турците ги задушиле со чад од запален оган. Само еден од нив, селанецот Лазар, успеал да побегне и потоа основал ново село. Од неговото име настанало името Лазарополе. Етимолошкото значење на селото се поврзува со старословенскиот збор „лазор“, што значи „голем простор, оголен и истребен од шуми“. Се верува дека селаните ја исекле дабовата шума за да ги изградат своите куќи, па оттаму и на месниот мијачки говор селото се нарекува Лазарополе.

Лазарополе е совршено место за одмор. Поголемиот дел од жителите денес се отселени во поголемите градови или во странство, но тие редовно се враќаат назад за време на пролетта и летото. Лазарополе е познато по своето гостопримство. Локалното население секогаш е подготвено да ги пречека посетителите со топла насмевка и традиционални македонски специјалитети. Тука посетители доаѓаат за да се препуштат на вкусовите од локалната кујна, како што се: тавче гравче, ајвар и ракија додека уживаат во идиличната глетка од зеленило и чист воздух. Впрочем, селото е познато како место каде што воздухот е најчист на Балканот, а во нашата земја е единственото место каде што резултатите на мерната станица укажуваат на чист воздух во текот на целата година. Природната убавина нуди шанса за планински велосипедизам, јавање коњи, планинарење, собирање билки, параглајдерство и многу други (рекре)активности. Магијата на Лазарополе не го остава рамнодушен ниту еден негов посетител.

На фотографиите можат да се погледнат фрагменти од успешно завршената сесија на летната школа „Обмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ на ФЛУ Скопје во Лазарополе.

Доротеа Огненовска

20 ЈУЛИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ШАХОТ

Меѓународниот ден на шахот се слави секој година на 20 јули во чест на основањето на Интернационалната шаховска федерација – ФИДЕ (Fédération Internationale des Échecs) во 1924 година во Париз. Шахот е спортска игра на квадратна табла соодветна за двајца играчи. Шаховската табла е поделена на осум реда и осум колони со вкупно 64 полиња обоени во црна и бела боја. Во играта, двајцата противници се натпреваруваат со своите 16 фигури (од вкупно 32) и нивната цел е да го фатат противничкиот крал преку серија на различни стратешки потези. Секој играч почнува со крал (1 фигура), кралица (1 фигура), топ (2 фигури), коњ (2 фигури), ловец (2 фигури) и пион/пешак (8 фигури). Иако се класифицира како спорт, шахот бара стратешко размислување, трпение и вештина. УНЕСКО во 1966 година првпат го предложи 20 јули за денот на шахот за сите љубители на оваа игра и оттогаш на светско ниво се слави како меѓународен ден на шахот.

Шахот не е игра на среќа, туку ментална стратешка игра што зависи исклучиво од вештината на играчот. Играчот со белите фигури се движи прв и ја отвора играта, по што двајцата се менуваат наизменично. Секоја фигура има свој уникатен начин на движење. Сите фигури, освен пионот, можат да ја земат фигурата на противникот ако е на поле до коешто би можел да се движи. Целта на играта е да се доведе противникот во позиција на шах-мат кога кралот е нападнат и нема како да се заштити или да се придвижи кон полето коешто не е нападнато. Противникот е поразен кога ќе се најде во оваа позиција. Должина на еден шаховски натпревар зависи од вештината на играчите, како и од правилата за време на играта. Во 1989 година во Белград била прогласена најдолгата официјална шаховска игра помеѓу Иван Николиќ и Горан Арсовиќ, што броела 269 потези изиграни во 20 часа со нерешен резултат.

Раководното тело на шаховската игра, ФИДЕ, е основано во 1924 година и е одговорно за официјалната стандардизација на шаховски правила. Во шахот се користеле различни системи на запишување, односно нотирање на потезите во играта уште наречени шаховски запис или шаховска нотација. Денес се користи т.н. алгебарски запис за бележење на шаховски партии и позиции што е официјално прифатен за стандард од ФИДЕ.

Од каде потекнува шахот?

Денес, постојат над 2.000 различни варијанти на играта шах низ земјите во светот. Во минатото, трговците, занаетчиите и амбасадорите патувале по патот на свилата, споделувајќи и пренесувајќи различни игри слични на модерниот шах. Во тоа време, шахот го играле само високите класи, зашто имале слободно време да ѝ се посветат на долгата предизвикувачка игра. Сепак, благодарение на трговијата, остатокот од населението се запознало со играта, без разлика на класата. Има различни теории за тоа како шахот еволуирал во денешната современа форма. Меѓу нив е теоријата за раната игра наречена „чатуранга“, слична на шахот со потекло од северноиндиските предели во периодот на четвртиот и шестиот век, што потоа се проширила преку патот на свилата до Персија. Името на играта потекнува од истоимениот персискиот збор шах (شاه‎) што значи крал, а терминот „шах мат“, што во превод значи „кралот е мртов“, е исто така персиска фраза што е останата до ден-денес во правилникот на играта.

Од Персија, а подоцна и во исламскиот свет, играта ги добила своите варијации и станала позната како „шатрањ“. Археолозите откриле фигури од слонова коска и шаховски артефакти во Узбекистан што датираат од 760 година од нашата ера. Кон крајот на дванаесеттиот век шахот пристигнал и во Европа преку Андалузија од исламските територии. Таблата за играње првпат се појавила во Европа во 1090 година. Правилата полека се класифицирале, а се заклучиле и движењата на фигурите. Во 1749 година, францускиот шахист и композитор Франсоа-Андре Даникан Филидор го составил првиот стандарден шаховски прирачник. Неговата книга „Анализа на шаховската игра“ (Analyse du jeu des Échecs) се сметала за стандардно шаховско помагало во следните сто години. Првиот модерен шаховски турнир се одржал во Лондон во 1851 година. Првото официјално светско првенство во шах се одржало во 1886 година. Во последните две децении, шахот почна полека да навлегува и во онлајн-светот, каде што расте сѐ повеќе со милиони играчи кои учествуваат на глобално ниво.

Највисоката титула со којашто можат да се стекнат играчите е титулата велемајстор. По првпат титулата велемајстор била употребена во 1838 година во рубриката посветена на шахот во списанието „Белс лајф“ (Bell’s Life) и се однесувала на Вилијам Луис. Во пантеонот на шаховски великани се издвојуваат неколку имиња меѓу кои: прочуениот американски мајстор Пол Марфи, кубанскиот првак Хозе Раул Капабланка, литванскиот шахист Михаил Таљ, американскиот шампион Боби Фишер, препознатлив по неговиот придонес во теоријата на шаховските отворања, рускиот велемајстор Анатолиј Карапов, унгарската шахистка рангирана во првите десет на светската ранг-листа Џудит Полгар, светскиот шампион од Норвешка Магнус Карлсен и многу други.

Осум интересни факти за шахот:

  1. Секои две години се одржува шаховска олимпијада, важен настан за сите шахисти, каде што тимови од целиот свет се натпреваруваат во формат сличен на оној од Олимпијадата.
  2. Првата компјутерска програма за играње шах била создадена од Ален Тјуринг во 1951 година.
  3. Некои велемајстори можат да играат повеќе игри истовремено без да ги гледаат своите табли, потпирајќи се само на меморијата.
  4. Според последните истражувања на темата, се покажало дека играњето шах може да ги подобри когнитивните способности, како и вештините за решавање проблеми, а може да ги усоврши и академските перформанси.
  5. Постои хибридна дисциплина во спортот што се вика шаховски бокс, каде што се комбинираат двата спорта – шах и бокс наизменично во секоја нова рунда.
  6. Во 1997 година, Дип Блу на Ај-би-ем го победи светскиот шампион Гари Каспаров и ја означи првата победа на компјутер против актуелен светски шампион.
  7. Постои секвенција на движење на фигурите наречена Fool’s Mate, каде што играчот поради невнимателноста на противникот може да го матира соиграчот во само два потега.
  8. Во 1970 година се одигра првата шаховска игра преку радио во вселената што завршила нерешено помеѓу советските астронаути на мисијата „Сојуз 9“ и нивниот контролен центар на Земјата.

Европа има богата шаховска историја и е дом на многу легендарни играчи, како и домаќин на многубројни престижни турнири. Европската шаховска унија (ECU) е независна асоцијација за интересите на европскиот шах. Преку неа се надгледуваат различни државни настани, вклучувајќи го и Европското индивидуално првенство во шах и Европското екипно првенство во шах. Овие натпревари придонесуваат за развојот на шахот низ целиот континент. Секоја година на 20 јули, на Меѓународниот ден на шахот, се одржуваат турнири, изложби и едукативни настани на глобално ниво, промовирајќи ги придобивките од шахот во подобрувањето на когнитивните способности, вештините за решавање проблеми и критичко размислување. Без разлика дали се игра во шаховски арени или во секојдневни услови, шахот ги зближува луѓето, охрабрувајќи ги да го почувствуваат натпреварувачкиот дух. Препознатливо е и од огромна важност влијанието на шахот во образованието и културата, како и влијанието на играчите-велемајстори и сите оние ентузијасти кои рекреативно ја практикуваат оваа дисциплина и придонесуваат за енергичниот и универзален свет на шахот да ги надмине културните и географските граници.

Доротеа Огненовска

ЗМИИТЕ И НИВНАТА УЛОГА ВО ЕКОСИСТЕМОТ

Во овие жешки денови, на порталите излегуваат различни статии за тоа како да се заштитиме од каснување од змии или да внимаваме каде газиме, за да не наидеме на заспана змија. На планетата Земја познати се 3.500 видови змии, од кои околу 600, односно осмина од змиите се отровни. Сепак, според Светската здравствена организација, само околу 200 од нив претставуваат значителен ризик за човечкиот живот. Светскиот ден на змијата е прогласен на 16 јули и денот повикува на зголемување на свеста за широкиот спектар видови змии ширум светот. 

Историски антагонисти – змиите во митовите и приказните

Иако змиите генерално имаат лоша репутација и се восприемаат како малициозни суштества на мистерија и страв, тие играат клучна улога во одржувањето на рамнотежата на нашите екосистеми. Низ историјата, змиите биле прикажани како симболи на опасност и измама. Во Библијата, змијата ја искушува Ева да го проба јаболкото во рајската градина и да го направи првиот грев што ќе доведе до протерување на човештвото од рајот. Слично на тоа, во грчката митологија, познат е митот за Медуза и нејзината коса од отровни змии, што го претвора во камен секој што ќе ја погледне. Во древната приказна за бесмртноста, Епот на Гилгамеш, на херојот Гилгамеш му е украдена тревката на бесмртноста од водна змија, која му оневозможува да стане бог. Симболиката на митовите и приказните варира од цивилизација до цивилизација, така што сите змии не се лош знак, туку за некои народи и култури змиите претставуваат симбол на надеж и богатство. Во кинеската култура, змијата е едно од 12-те хороскопски животни и е поврзана со мудроста, убавината и просперитетот. Старите Египќани ја почитувале кобрата и често ја прикажувале на круните на нивните фараони како заштитен знак. Во хиндуизмот, богот на змијата Шеша се смета за симбол на вечноста и космичката рамнотежа. Сите овие приказни за змиите, без разлика дали се добри или лоши, ја истакнуваат повеќеслојната симболика, притоа одразувајќи ја нивната улога во различните културни наративи. Дури и во модерната култура, змиите често се прикажани како заканувачки суштества кои демнат во сенките, подготвувајќи се да ја нападнат својата следна жртва. Оваа негативна претстава на змиите ја поттикна фобијата од змии и луѓето сè почесто гледаат на нив како на опасност, отколку како на составен дел од природниот свет.

Зошто змиите се важни за нашите екосистеми?

Змиите се големи чувари на нашиот екосистем. Најмалата змија на светот е змијата од Барбадос од видот tetracheilostoma carlae. Оваа змија е голема колку една монета. За споредба, најдолгата змија е бурманскиот питон (python bivittatus), а најтешката е зелената анаконда (eunectes murinus). Некои змии имаат живописни шари на нивната кожа во црвени, жолти, сини и портокалови бои. Спротивно на нивната застрашувачка репутација, змиите се од витално значење за одржување на функционален екосистем. Тие прават природни контрола на глодари и инсекти кои би можеле да станат штетни за земјоделските посеви и да шират болести меѓу луѓето. Без постоењето на змиите, овие популации на плен би се зголемиле значително, што би довело до прекумерно оштетување и дебаланс во синџирот на исхрана. Покрај тоа, тие играат клучна улога во мрежата на исхрана, затоа што служат и како предатори и како плен, обезбедувајќи храна за птици грабливки, цицачи, па дури и поголеми змии. Оттука, оваа меѓусебна поврзаност овозможува екосистемот да функционира, каде што секој вид придонесува за целокупната стабилност на нивното живеалиште. Надвор од нивниот еколошки придонес, змиите исто така имаат значително влијание врз здравјето на луѓето, преку искористување на змискиот отров за медицински цели.

Разбирањето на важноста на змиите за нашите екосистеми е првиот чекор што можеме да го направиме за да ги заштитиме од нивното истребување. Уништувањето на живеалиштата, климатските промени и човекот се закана за змиската популација ширум светот. Преку различни образовни иницијативи или програми, како и документарни видеа, можеме да се запознаеме со природата на змиите и да се здобиеме со обострани придобивки од заедничкиот соживот. Змиите, често, се погрешно разбрани како малигни суштества поради нивниот изглед и отровноста. Со разоткривање на митовите и истакнување на придобивките од постоењето на змиите во нашата средина, можеме да го трансформираме стравот во почит и разбирање кон овие суштества. Улогата на змиите во контрола на прехранбената мрежа и одржување на биодиверзитетот на живиот свет ја нагласува нивната голема важност во природата. Доколку се истребат змиите, еколошката рамнотежа би била изместена, бидејќи една змија може да консумира десетици глодари годишно и со тоа помага да се заштитат посевите и да се намали потребата за хемиска контрола на штетниците. Дополнително, се намалува ризикот од проширување инфекции и заболувања кај човекот од истите овие штетници.

12 интересни факти за змиите:

  1. Нивната горна и долна вилица се одвојува за да може да им овозможи да консумираат плен до трипати поголем од дијаметарот на нивната глава.
  2. Змиите се ладнокрвни, односно ектотермни суштества и поради тоа мораат да се сончаат за да ја регулираат температурата на телото. Без топлина, змиите немаат доволно енергија да ја сварат храната или да се движат наоколу.
  3. Повеќето змии се активни навечер.
  4. Змиите можат да се најдат низ поголемиот дел од светот, освен на Антарктикот, Исланд, Гренланд, Ирска и Нов Зеланд.
  5. Змиите не се агресивни суштества. Тие не касаат, освен ако не бидат нападнати или за време на лов.
  6. Змиите не живеат во семејни групи, туку имаат самотнички живот. Се собираат за време на сезоната на парење откако ќе се разбудат од долгиот зимски сон (хибернација) напролет.
  7. Змиите не се територијални, имаат домашен опсег во кој се движат во зависност од годишните времиња. Во рамките на нивниот простор тие знаат каде да најдат храна, вода и засолниште.
  8. И покрај тоа што се неверојатно флексибилни, змиите се ’рбетници и имаат коски. ’Рбетот на змиите се состои од повеќе прешлени прикачени на ребрата. Возрасните луѓе имаат 24 ребра, вкупно 206 коски. Змиите можат да имаат до 33 ребра, вкупно до 1.200 коски.
  9. Сите змии се грабливи суштества (предатори), односно месојади, но нивната специфична исхрана обично варира во зависност од нивниот вид и од живеалиштата. Некои змии јадат неколкупати неделно, додека други јадат само неколкупати годишно.
  10. Тие ловат различни живи животни. Отровните змии го убиваат пленот со вбризгување отров низ нивните заби кога ќе каснат, со што ги имобилизираат своите жртви. Неотровните змии убиваат со тоа што ги стегаат животните со нивните тела или јадат живи животни.
  11. Освен што ги користат очите и носот, змиите го користат и својот јазик за да ги соберат важните стимулации од околината. Нивниот јазик ги толкува сигналите и посредува важни однесувања како лов и пронаоѓање партнер.
  12. Околу 70% од змиите несат јајца, додека преостанатите 30% ги раѓаат своите млади живи.

Змиите и нивното значење за човекот

Змиите во нашата земја се во поголемиот број безопасни и неотровни. Во државата има 4 фамилии со вкупно 16 вида регистрирани змии, од кои само три се отровни, а две се полуотровни. Најпознати се: фамилијата црвовидни змии (typhlopidae), фамилијата удави (boidae), фамилијата смокови (solubridae) има 11 претставници: шумски смок, жолт смок, медена змија, белоушка, рибарка, стрелец, леопардов смок, балкански смок, ждрепка, длабочелен смок и мачја змија, како и фамилијата отровници (viperidae). Во последната фамилија спаѓа поскокот, кој е познат уште и како змија камењарка и е најотровната змија не само во нашата земја туку и во Европа. Отровот на поскокот може да биде многу токсичен, но се разликува според временскиот период и кај различни популации и се користи за производство на противотров од каснувања на други европски змии и за таа цел постојат посебни одгледувалишта. Генерално, отровот на змиите се проучува за медицински цели со години наназад, а денес поради антибактериските својства на отровот актуелни се и антиканцерогени третмани. Истражувачите развиле лекови за спасување од змиски отров, вклучувајќи третмани за висок крвен притисок, срцеви напади и нарушување на интерклеточните процеси, меѓу кои и згрутчување на крвта. Овие медицински достигнувања го истакнуваат непроценливиот придонес на змиите во науката и здравството.

Голем Град – македонскиот остров на змиите

Голем Град е најголемиот природен остров што се наоѓа во нашата земја. Островот се наоѓа во Преспанското Езеро и уште е наречен и Змиски Остров поради големата застапеност на змиската фауна. Денес, островот е ненаселен со луѓе и таму живеат два вида змии: неотровната белоушка и отровната змија поскок. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна, додека во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок.

Мошне интересно е тоа што на островот имало два обида за уништување на змиите во минатото со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но и двата обида биле неуспешни, бидејќи змиите повторно се размножиле. Покрај змиите, островот изобилува со интересна архитектура, остатоци на населби од неолитот и средновековието. Покрај римската некропола, останати се шест цркви од вкупно дванаесет, а најкарактеристична е црквата подигната во XVI век, што е изградена врз римската цистерна за вода. Зачувани се средновековните цркви „Свети Петар“ и „Свети Димитрија“ и ранохристијанската базилика, каде што се откриени остатоци од поден мозаик. Иако ненаселен и притаен во Преспанското Езеро, Голем Град е скриена оаза на природен спокој и планинарски авантури.

Доротеа Огненовска

ЕВРОПСКА ГОДИНА НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ – ГИ ВРТИМЕ ПЕДАЛИТЕ КОН ПОЗЕЛЕНА ИДНИНА!

Возењето велосипед отсекогаш било многу повеќе од само превозно средство што го носи патникот од една точка до друга. Во денешен контекст, велосипедот претставува симбол на три клучни аспекти од современото живеење: слобода, здравје и еколошка одржливост. Парламентот на Европа ја нагласи важноста на велосипедите со тоа што ја издвои 2024 година како „година на велосипедизмот“, повикувајќи на стратегија за удвојување на растојанието што го поминуваат велосипедистите до 2030 година. Европратениците ја повикаа Комисијата и земјите-членки да го поддржат производството на велосипеди со знакчето: „произведени во Европа“. Исто така, ги охрабруваат земјите-членки да ги намалат стапките на ДДВ за набавка, лизинг и поправка на велосипеди и електрични велосипеди. Според членовите на Европскиот парламент, велосипедскиот екосистем веќе опфаќа повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија и генерира еден милион работни места во ЕУ. Овие бројки би можеле да се удвојат до 2030 година.[1]

Зошто е важно возењето велосипед?

Секој пат, во раните утрински часови, кога ќе одлучите да одите со велосипед на работа, наместо со автомобил, вие донесувате свесна одлука да го намалите загадувањето, а истовремено и утрински да го размрдате телото. Сведоци сме на замаглени градови што се задушуваат од загадувањето додека нашата планета бавно го губи својот здив поради климатските промени. Изборот на возење велосипед може да биде одличен прв чекор за подобрување на планетата. Европските градови долго време се во првите редови во промовирањето на велосипедот како примарен начин на транспорт. Градовите како Амстердам и Копенхаген се добар пример за тоа како урбанистичкото планирање може да им даде приоритет на велосипедистите, што резултира со почист воздух, помал сообраќаен метеж и посреќни граѓани. Покрај еколошките придобивки, возењето велосипед носи здравствени предности. Со вртење на педалите се зајакнува кардиоваскуларниот систем и позитивно влијае врз менталната благосостојба на возачот, а воопшто возењето го тонира и го одржува телото во здрава форма.

Здравствените придобивки од возењето велосипед

Физичките и менталните придобивки од возењето велосипед се огромни. Не само што целиот телесен систем се активира и се зајакнува туку и возењето велосипед има позитивно влијание врз нашата психичка состојба. Прво, возењето е активна физичка активност што помага во подобрување на циркулацијата, правилното и ритмично срцебиење и има удел во општата кондиција на организмот. Кога станува збор за менталните придобивки, возењето велосипед може да придонесе кон намалување на стресот, подобрување на концентрацијата и фокусот, а на невролошко рамниште ги стимулира лачењето на хормоните серотонин и ендорфин. Потем, редовното возење велосипед може да ги подобри когнитивните способности и функционирањето на мозокот, да го забави неговото стареењето и да му помогне да стане поефикасен во градењето на невроните. Секое возење се претвора во терапија на отворено во природа, да го отстраниме секојдневниот стрес и да уживаме во моментот на слобода. Затоа, не дозволувајте велосипедот да ви се полни со прашина во подрумот, туку искористете го секој сончев зрак за да ги завртите педалите и да уживате во денот.

Велосипедска револуција управувана од педали

Оваа година, приклучете се на велосипедската револуција управувана од педалите и повозете на кејот на Вардар или на некои од долгите велосипедски патеки низ градот. Во последните години, Скопје и другите градови во земјата почнаа да ја препознаваат важноста на инфраструктурата за велосипеди, што резултираше со изградба на нови велосипедски патеки. Изборот за возење велосипед стана не само опција за рекреација туку и превозно средство што заштедува време, особено во утринските и попладневните часови, кога во градот се формираат хаотични метежи. Целта е да се поттикне широката јавност да го искористи велосипедот како средство за општествена и еколошка промена. Во свет што се бори со климатските промени, Европската недела на велосипедот служи како навремен потсетник за намалувањето на загадувањето на воздухот. Кога сите би возеле велосипед, тогаш светските емисии на јаглероден диоксид би се намалиле за речиси 700 милиони тони годишно.[2] Избирајќи велосипеди наместо автомобили, ние всушност свесно одбираме заеднички да работиме кон позелена и поодржлива иднина.

#VeloMai

Секоја година, во почетните летни денови, делегацијата на Европска унија е дел од глобалната иницијатива #Velomai и може да се пофали со прво место во светот во број на регистрирани возења на велосипед. Во текот на оваа година се организираат различни настани и активности поврзани со велосипедизмот – од организирани градски тури и работилници за безбедно возење, сѐ до спортски натпревари и изложби на нови модели велосипеди. Без разлика дали сте искусен велосипедист или возите велосипед рекреативно, оваа година нурнете се во предизвикот да бидете повеќе на велосипед отколку во автомобил. Организирајте возења во група, со пријатели или со семејството или, едноставно, одете со велосипед на работа. Возењето велосипеди е своевиден повик за заедничко дејствување во општеството. Повик да се прифати и да се надградува одржливоста на околината и да му се даде приоритет на човековото здравје. Затоа, облечете ја кацигата, надувајте ги гумите и придружете ни се!

Среќно возење велосипед!

20 МАЈ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ПЧЕЛИТЕ

Верувам дека сите некогаш низ животот сме ја слушнале изреката: „Вреден или вредна си како пчелка“; и токму оваа поговорка неслучајно произлегува од доминантната функција на пчелите во природата. Нивната вредна работа преку опрашување го поттикнува репродуктивниот процес на цветните растенија и придонесува за производството на овошје, зеленчук и јатки – што им се од огромно нутритивно значење на човекот и животните. На овој начин, пчелите обезбедуваат природен начин на еколошко опстанување помеѓу видовите. Секоја година на 20 мај се слави Светскиот ден на пчелите, ден посветен на важната улога на пчелите како главни опрашувачи во глобалниот екосистем.

Датумот се совпаѓа со роденденот на Антон Јанша (1734 – 1773), пионер на модерната апикултура, односно пчеларската наука во својата родна Словенија. Неговата заслуга на ова поле е од огромно значење затоа што се грижел за пчелите во царскиот двор и ги проучувал од научен аспект. Под иницијатива на Република Словенија, во чест на Антон Јанша и неговиот придонес на полето на пчеларството, Обединетите нации го прогласиле 20 мај за Светскиот ден на пчелата во 2018 година со цел да се поттикнат владите и организациите, граѓанското општество и загрижените граѓани да ги заштитат опрашувачите и нивните живеалишта.

Главната цел на Меѓународниот ден на пчелите и причината зошто неуморно се слави веќе седум години овој „природен празник“, пред сѐ е за подигнување на свеста за улогата на пчелите, кои, иако мали, се најмоќните суштества на планетата Земја. Без пчелите, глобалното снабдување со храна би било, во најмала рака, загрозено, бидејќи приближно третина од произведената храна ширум светот директно и посредно зависи токму од опрашувањето. Функцијата на пчелите не се разгранува само во доменот на земјоделските науки туку се појавува и како основа при одржувањето на биодиверзитетот. Со опрашувањето на различни растенија, пчелите помагаат во одржувањето на екосистемот и го поддржуваат растот на живеалиштата. Нивното присуство е од клучно значење за опстанокот на многу растителни видови, кои, пак, обезбедуваат храна и засолниште за безброј други организми. А опрашувачите директно придонесуваат за безбедноста на храната. Според експертите за пчели во Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, третина од светското производство на храна зависи директно од пчелите.

Кога животните и инсектите го собираат поленот од цвеќињата, тие и го шират, дозволувајќи на растенијата, како и на многу прехранбени култури, да се репродуцираат. Птиците, глодарите, мајмуните, па дури и луѓето (несвесно) опрашуваат, но најчести опрашувачи се инсектите, а особено најдоминантни се пчелите. Заедничкиот соживот помеѓу пчелите и другите растителни и животински видови (вклучувајќи го и човекот) овозможува оваа симбиоза да опстане со години. Меѓутоа, во последните неколку децении, особено со зголемената светска популација, уништувањето на природните ресурси, сечењето на шумите и зеленилото, зголемувањето на отпадот и загадувањето на воздухот и водата доведува до загрозување на пчелите и нивната симбиотска дејност во екосистемот. Ова е лоша вест за човекот, кој колку и да се обидува да го подобри светот за живеење во технолошка смисла, не смее да си дозволи да ги исклучи пчелите и другите опрашувачи од природниот циклус.

За жал, пчелите се соочуваат со многубројни закани, пред сѐ поради човечките активности и дејствувања на планетата. Уништувањето на живеалиштата, прекумерната употреба на агрохемикалии, како што се пестицидите и климатските промени, се неколку од низата причини, т.е. фактори што придонесуваат за намалување на популацијата на пчелите во светот. Ако продолжиме да ја занемаруваме благосостојбата на пчелите и другите опрашувачи, последиците би можеле да бидат ужасни. Без пчелите, деликатната рамнотежа на екосистемот би била нарушена и ова може да доведе до пад на биолошката разновидност и пад на мрежите за исхрана. Загубата на опрашувачите има двојно негативен ефект поради тоа што ќе ја загрози безбедноста на храната и ќе има далекосежни влијанија врз здравјето на луѓето и економијата. Покрај директните ефекти врз земјоделството, падот на пчелите може да доведе до губење на лековити растенија и други екосистемски релации што често се занемаруваат.

Како да постапиме?

Пчелите се дел од биодиверзитетот од којшто зависи нашиот опстанок. Тие обезбедуваат висококвалитетна храна – мед, матичен млеч и полен – и производи како што се: пчелин восок, прополис и отров од пчели. Пчеларството, исто така, е важен, ако не и основен извор на приход на многу рурални делови од светот. Според IPBES (Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистемски услуги), западната пчела е најраспространет управуван опрашувач на глобално ниво, а повеќе од 80 милиони улишта, односно кошници со пчели, произведуваат околу 1,6 милиони тони мед годишно.

За да се обезбеди здрав и квалитетен опстанок на пчелите и притоа да се заштити животната средина, потребен е ангажман и од наша страна. Овој меѓународен ден на пчелите нека биде повод да се заложиме да ги заштитиме и да ги поддржиме овие опрашувачи, чија улога нѐ одржува во живот. Можеме да почнеме со промовирање на здрави практики соодветни за пчелите, како што се: купување мед и други производи од кошницата на најблискиот локален пчелар, потоа садење на украсни цвеќиња што носат нектар (сончоглед, невен) на балкон или во двор и сечење трева само откако растенијата што носат нектар ќе завршат со цветањето. Покрај тоа, од голема важност е намалувањето на употребата на пестициди што имаат штетно влијание врз животната средина или ако веќе користите пестициди што не им штетат на пчелите, тогаш прскајте ги во време без ветар рано наутро или доцна навечер, кога пчелите се повлекуваат од цветот. Со подигнувањето на свеста кај децата и адолесцентите за важноста на пчелите и поддршката за локалните пчелари, се зачувуваат природните живеалишта и можеме да создадеме поодржлива иднина за пчелите и сите живи суштества.

Меѓународниот ден на пчелите нека служи како потсетник за непроценливиот придонес на пчелите за нашата планета и итната потреба да се одговори на заканите со кои се соочуваат. Во мај 2018 година, Европската унија ја поддржа забраната за три инсектициди познати како неоникотиноиди, за да се ублажи смртоносната закана што тие ја претставуваат за пчелите и нивниот ефект на намалување на опрашувањето во целина. Светскиот ден на пчелите ја подига свеста за суштинската улога на пчелите и другите опрашувачи во одржувањето на здравјето на луѓето и планетата. На крајот на краиштата, судбината на пчелите е сложено поврзана и со нашата судбина. Чувајќи ја нивната, обезбедуваме подобар живот и за нас и за генерациите што доаѓаат.

 

Доротеа Огненовска

МАЈ – МЕСЕЦ НА ЕВРОПА

И оваа пролет, повторно во нов сјај, го славиме месецот на Европа во креативен и енергичен амбиент. Впрочем, во овие пријатни и топли пролетни денови, низ неколку градови во нашата земја се организираат серија настани посветени на културата, уметноста и биодиверзитетот. „Месецот на Европа“, пред сѐ, е прослава на нашето заедничко културно наследство. Секој град, со својата уникатност, придонесува во комплетирањето на мозаикот од новите искуства. Без разлика дали сте љубител на визуелната уметност, музиката, поезијата или, пак, ве интересираат дискусиите од различни технолошки и еколошки теми, овој мај е одлична можност да се запознаете со богатата програма на Europe House.

Концерт на музичка временска машина

Годинешниот „Месец на Европа“ е исполнет со возбудлива низа настани, секој креиран да ја разгори креативноста и да ја поттикне културната размена на различни перспективи и идеи. На овој начин може да се поттикне и да се инспирира духот на заедницата, сплотувајќи ги сите посетители во една прекрасна синергична атмосфера. Помеѓу многубројните настани од опсежната програма на „Месец на Европа“, најистакнат е „Концертот на музичка временска машина“, носталгично музичко патување што ќе ја маѓепса публиката од сите возрасти.


Пред платото на УКИМ ќе можеме да го слушнеме богатиот репертоар на домашни артист(к)и и бендови: „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, „Сетстат“ и Марија Каева, „Ретро кабаре“. Музиката на којашто ќе играме и ќе се забавуваме е всушност комбинација од старото и новото време. Користејќи ја звучната временска машина, артистите ќе се обидат да нѐ вратат назад во енергичната рок-ера и истовремено да ја претопат во современиот звук. Оваа уникатна фузија ќе нѐ врати наназад во времето и ќе евоцира многу стари спомени, а истовремено ќе воведе свежи звуци што резонираат кај денешните музички слушатели.
Сигурни сме дека оваа мајска сесија ќе можете да се опуштите со одлична музика и да ги заборавите за миг обврските од денот. Музичкото патување во временска машина нека нѐ однесе во светот на нотите и тоновите, телепортирајќи нѐ во едно ново доживување. Ве повикуваме заедно да ги пееме старите добри рефрени, но овој пат во нови аранжмани на бендовите од современата музичка сцена. Зад воланот на временската машина управува Драган Б. Костиќ, кој ќе се погрижи патувањето да биде нежно и беспрекорно. Покрај музичката авантура, ќе можете да го ѕирнете малиот саем на книга, совршен за книжевните љубители кои сакаат да откријат нови книги за читање. Потем, отворена ќе биде и винил поп-ап продавницата, што е одлична шанса за музичките фанови да ги прошират своите колекции со ретки плочи. Ако останете гладни додека танцувате, пред платото ќе има избор на вкусната храна што ќе се продава на штандовите. Комбинацијата од музика, книжевност и храна ќе создаде енергична и привлечна атмосфера, правејќи го „Концертот на временската машина“ настан што не треба да се пропушти.

Што ќе се случува во другите градови низ земјата?

Europe House Крива Паланка

Europe House Крива Паланка стана центар на младешка креативност со своите интерактивни иницијативи за младински развој. Прославувањето на месецот на Европа почна на 10 мај во Кратово со панел-дискусија, каде што се разговараше со Маја од „Перкалус дизајн“ и Бојан од „Бојан дизајн“ за иднината во креативно-дигиталните професии во полето на графичкиот дизајн, притоа нагласувајќи ги иновативните решенија на пазарот за UX/UI дизајнот. Една недела подоцна, на 17 мај, Куманово беше домаќин на мултилингвално поетско матине на коешто се прославија лирските таленти на младите од регионот. На мултилингвално поетското матине посветено на Денот на Европа во Куманово ги слушавме преработките и авторските песни на „Номад бенд“, преточени во стихови од младите поети од Книжевниот клуб Куманово. Пиксел по пиксел, патот нѐ донесе назад во Europe House Крива Паланка, каде што сликавме на жив мурал, а вечерта заврши со концерт на талентираниот бенд „Фолтин“.

Europe House Струмица и Europe House Велес

Велес и Струмица за овој европски месец се облекуваат во зелено руво. На 27 мај, Велес ќе биде домаќин на Саемот за вино во Europe House на 27 мај, каде што ќе се слават локалните лозари и нивниот придонес во полето на земјоделството. Идејата на овој настан е да ги привлече енофилите, односно љубителите на виното, и да го нагласи пресекот на традицијата и културата. Посветеноста на Струмица на зелената култура е очигледна во нејзината поставка на еколошкиот настан на 28 мај – изложба на биодиверзитетот на Дојранското Езеро, која ќе ги едуцира и ќе ги инспирира посетителите за важноста на зачувување на нашето природно наследство. Вечерта на 20 мај уживаме во звуците на симфонискиот рок-концерт во Гевгелија.

Europe House Битола

Битола е препознатлива по својата посветеност да ја негува новоафирмираната културна сцена на младите. На 15 мај, настанот посветен на театарот ќе ги заинтересира сите љубителите на книжевноста, оставајќи им простор новите писатели да ги покажат своите таленти. Културната гозба продолжува на 17 мај со класичен концерт во историската Офицерска сала, по што, следниот ден, на 18 мај, ќе следува изложба на отворено и диџеј-сетови во паркот на Офицерската сала. Музејот Битола ќе послужи како заднина за овој спој на историјата и модерните звуци на новото време, создавајќи уникатно културно искуство за сите постели.

Europe House Струга

Europe House Струга ги покани младите поети да учествуваат на отворениот повик за наградата „Млади поети“ на 9 мај, поттикнувајќи ја следната генерација книжевни таленти. На 22 мај, додека во Скопје ечи музичката временска машина, во Струга ќе го сведочиме сликањето на муралот за биодиверзитет, симболизирајќи ја хармонијата помеѓу човечката креативност и природата. Потем, на 30 мај е официјалното и свечено отворање на Паркот на поезијата-Струга придружен со визуелен и музички перформанс. Ова културно обележје послужи како доказ за трајната љубов на Струга кон поезијата и уметноста.

 

Доротеа Огненовска

ГО СЛАВИМЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЏЕЗОТ

Секој 30 април во годината е посветен на џез-музиката и се слави насекаде низ светот. Во енергичната синергија на глобалната музика, џезот се издвојува како звучен доказ за човечката креативност и истовремено како феномен на културната фузија. На овој ден, музичките обожаватели и музичари ширум светот се собираат за да го прослават Светскиот ден на џезот – најдинамичниот жанр во историјата на музиката.

Вкоренет во афроамериканската историја, џезот се појавува кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Инспириран од разновидните музички традиции на Њу Орлеанс, неговите рани музички манифестации се карактеризираат со синкопиран, односно скратен ритам и бараат значителна и постојана импровизација за време на музичкиот перформанс. Талентираниот џез-артист треба да умее да влегува во различни ритмички игри и импровизации за да создаде џез-песна.

Џезот е карактеристичен, пред сѐ, најмногу за афроамериканската историја, зашто им дал глас на маргинализираните заедници и предизвикал културна револуција на територијата на САД. Пионерите како Луис Армстронг, Дјук Елингтон и Џели Рол Мортон ги поставиле основите на џез-музиката, додека нивните иновативни композиции и виртуозни изведби не престануваат да ја воодушевуваат светската публика денес, повеќе од половина век подоцна од нивниот прв јавен перформанс.

Средината на дваесеттиот век е период познат како златната доба на џезот. Џез-фигурите како Мајлс Дејвис, Џон Колтрејн и Ела Фицџералд се заслужни за поместување на границите на жанрот. Џезот добивал свои варијации. Тука спаѓа и бибоп-револуцијата од четириесеттите, како и експерименталниот џез од шеесеттите, кога продолжил да се развива, инспирирајќи се од влијанијата од латино-музиката и африканската и азиската музика. Албумите како „Kind of Blue“ на Дејвис и „A Love Supreme“ на Колтрејн се дефинираат како синоним за уметничката експресија на модерното време. Нивната музика ги надминала културните бариери и послужила како инспирација за идната музичка џез-сцена.

Џезот во Европа 

Проширувањето на џезот околу 1900 година на територијата на САД кај афроамериканската заедница за време на културните миграции довело до мошне брзо ширење и на други места во светот. Од 1918 до крајот на 1920 година во Европа зборот „џез“ бил непознат термин што означувал микстура, односно мешавина на различни видови музика. Подоцна, џезот станал вистинска мода во повеќето западноевропски земји. Еден од најважните аспекти на оваа „нова мода“ било тоа што допрела и до музичари од академските музички кругови, како што се Игор Стравински, Морис Равел и Жорж Орик во Франција, кои гледале на џезот како на инспиративен извор за нивната композиторска практика. Друг сличен пример со џез-експериментација доаѓа од австрискиот композитор Ернст Кренек и неговата композиција на „џез-опера“, со наслов „Jonny spielt auf“ од 1927 година.

Низ целиот свет, џез-музиката полека почнува да станува еден од најинтересните музички жанрови. Во Европа, градовите како Париз и Лондон станале културно жариште за развој на џез-музиката, привлекувајќи музичари од Америка, а истовремено негувајќи ја магијата на локалното творештво. Во меѓувоениот период, т.н. „џез-доба“ ја зафатила Европа, населувајќи се на сцените од ноќниот живот со заразниот џез-ритам. Фигури како Џанго Рајнхард и Стефан Грапели биле пионери на жанрот познат како џипси џез. Тие го основале Квинтетот на жешкиот клуб на Франција (Quintette du Hot Club de France) во 1934 година и групата опстанала сè до 1948 година. Нивниот експеримент ја комбинира традиционалната ромска музика со различни форми на џез-импровизација за да создаде уникатен европски звук.

Денес, џезот продолжува да се навраќа на глобалната сцена, во дослух со новите технологии. Од раздвижените улици на Рио де Жанеиро до интимните џез-клубови во Токио, љубителите на џезот се собираат за да го прослават Светскиот ден на џезот, потврдувајќи ја трајната привлечност на жанрот и универзалниот јазик на ритамот и мелодијата. Така и во нашата земја, Светскиот ден на џезот го прославуваме низ повеќе градови со низа работилници и интерактивни курсеви.

Студентска уметничка пролет

Последниот настан на Студентска уметничка пролет беше посветен токму на интернационалниот ден на џезот. Младите уметници читаа поезија додека во заднината свиреше традиционална џез-музика од посветени музичари на различна возраст. Оваа поетско-музичка вечер претставуваше интермедијална соработка помеѓу два факултета во Скопје – Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмски уметности. На Академска сцена на ФДУ бевме сведоци на џез-ентузијасти чии мелодии и импровизации одличнo се вклопија со поезијата на младите талентирани книжевни творци.

Велес во џезерска атмосфера

Europe House Велес го прослави Светскиот ден на џезот заедно со „Art Generator“, уникатен настан што секоја година продолжува да ги инспирира и да ги поврзува љубителите на музиката. Настанот побуди интересен преглед на историјата и развојот на музичките стилови преку изложба на џез-плочи на најголемите колекционери во Велес, а се организираше и интерактивна обука за нагодувањето грамофони предводена од Марјан Стојнев со акцент на аналогниот звук. Подоцна бевме сведоци на неверојатен соло-пијано концерт на Гордан Спасовски, чија изведба уште еднаш го потенцираше длабокото емотивно влијание на џез-музиката врз публиката.

Вечерта ја заокруживме со винил-забава со Бојан Петков-Шамба. Неговиот избор на плочи создаде прекрасна атмосфера, каде што настана хармонично испреплетување меѓу старото и новото. Видеомапингот, пак, овозможен од „Edit points“, го претвори просторот во посебно доживување, илустрирајќи го џезот не само како звук туку и како визуелна репрезентација.

Џез-работилница во Струмица

Europe House Струмица организираше интерактивна работилница со Филип Динев, кој беше придружен од младите гитаристи на професорот Васко Пиличев – „Ависта“. Учениците се запознаа со различни музички инструменти, особено со инструменти што најмногу се користат при џез-импровизации. Светскиот ден на џезот го прославивме во убава атмосфера преку гитарски курс, разменувајќи искуства, знаења и совети меѓу младите гитаристи.

Во Струга се слуша ЏЕЗ!

Во вторникот, на 30 април, Europe House Струга го одбележа интернационалниот ден на џезот на многу креативен начин. На повеќе локации во градот, учениците од средното музичко училиште „Тодор Скаловски“ од Струга и професионални музичари под водство на професорот Гоце Стојаноски свиреа џез-музика. Напладне, во зенитот на сонцето, пред мезе-барот „Кингстон“, машката плажа кај хотелот „Дрим“ и на шеталиштето спроти хотелот „Фреја“ одекнуваа звуците на препознатливите џез-песни.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!