„ArtChemia“ и гласот на музиката во „Аудиокултура“ - Europe House

23 Апр

BACK

„ArtChemia“ и гласот на музиката во „Аудиокултура“

„ArtChemia“ и гласот на музиката во „Аудиокултура“

Оваа пролет во пријатниот простор на „Аудиокултура“ почнува проектот „ArtChemia и Audiokultura“ – годишен циклус на музички настани што ќе бидат одбележани преку серија на критички осврти испишани и издадени во рамките на програмата. Името го најавува токму тоа што е – хемија меѓу различни уметности, гласови, генерации и формати на музички изведби што ќе се распределат во текот на неколку месеци. Почнувајќи од 12 април 2025 година, оваа културна авантура ќе донесе по еден настан месечно (со пауза во јули и август) до март 2026 година. Настаните ќе се одржуваат во просторот на „Аудиокултура“, што одамна е етаблиран како дом за автентична музика и културен експериментализам. Публиката како главен соучесник во ова искуство ќе биде поканета да присуствува на настаните во топла и интимна атмосфера, каде што секој концерт ќе воспостави дијалог помеѓу уметникот и слушателот. Токму затоа, текстот што го читате е наменет и за вас, потенцијални посетители, да ве повика да бидете дел од оваа приказна, да ја доживеете, да ја поддржите и да ја понесете со себе во текот на целата година. Во рамките на проектот, ќе се реализираат десет главни музички настани, кои ќе вклучуваат реномирани домашни, но и меѓународни уметници.

По првпат кај нас се креира музичка програма што не само што ќе се слуша туку и ќе се чита. Mузичкиот новинар Ненад Георгиевски ќе стои зад текстуалниот дел на проектот – рецензии и интервјуа со изведувачите, кои ќе му дадат дополнителна критичка длабочина на секој настан. Уметничката атмосфера ќе биде одбележана и со фотографии од Татјана Ранташа, Стефан Рајхл и Маја Аргакиева, кои ќе ја доловат магијата на секој момент од настанот. Идејата зад настанот е да се поттикне културната музичка сцена во земјата и токму преку овој автентичен проект „ArtChemia“ да се промовира музичкиот израз на талентираните уметници. Сето ова ќе биде обединето во две печатени и звучни изданија – книга и винил плоча, со тираж од по 200 примероци, подготвени со врвен аудиомастеринг од „Теохаров Аудио“. На овој начин се создава трајна културна архива во којашто ќе бидат документирани најзначајните моменти од секој музички настан. Во текот на 2025 и почетокот на 2026 година, „Аудиокултура“ ќе стане сцена на културен ангажман. Програмата е внимателно темпирана, со најмалку три недели помеѓу два настана, за да се овозможи квалитетна организација и публиката да може да ја впие секоја нова доза од „ArtChemia“. На крајот од овој проект, во јуни 2026 година, ќе се организира завршен настан на кој ќе бидат промовирани винилот и книгата како резултат на една одлично завршена година на културна алхемија.

Матине на младите музичари

Еден од клучните сегменти на „ArtChemia“ е поддршката на младите уметници. Во рамките на иницијативата „Students play @ Audiokultura“, млади музичари и бендови од Музичката академија во Штип ќе имаат можност да настапат на проектот, пред публика и во професионални услови. Во периодот од мај 2025 до март 2026 година, ќе се реализираат минимум три, а максимум пет матине настапи (во саботите), посветени токму на младите музички изведувачи. Овие настапи ќе бидат документирани и вклучени во финалната публикација заедно со преостанатите изведби со цел да се поттикнат новите генерации музичари да настапуваат и да се развиваат во професионален контекст. Преку овие настапи, студентите добиваат можност да се претстават пред публика во сериозен продукциски амбиент, рамноправно со афирмирани уметници. Ова искуство е од исклучително значење за нивната лична и уметничка изградба, а истовремено и ја нагласува важноста на континуираната поддршка за младиот креативен потенцијал во нашата држава.

Јуроп хаус секогаш поддржува вредни иницијативи

Како партнери во овој проект, Јуроп хаус ја прават оваа соработка за новиот музички проект „ArtChemia и Audiokultura“ со цел да ја поддржат и да ја промовираат квалитетната музичка сцена во земјата (и блискиот регион) со тоа што ќе им дадат културно влијание на музичарите во јавниот простор. Особено внимание е посветено и на младите таленти, чие вклучување во програмата им обезбедува простор за практично искуство и развој на нивните музички вештини. Всушност, така се подготвува следната генерација музичари за активно учество на современата музичка сцена и се развива нивната понатамошна уметничка кариера. Ваквиот модел на работа поставува пример за општествено одговорно дејствување и претставува мотивација за другите организации да вложуваат повеќе во културата на нашата држава. Дополнително, проектот придонесува и за збогатување на домашниот книжевно-критички фонд преку објавување текстови што се занимаваат со музика, како и за проширување на македонската музичка и дискографска архива со висококвалитетни аудиовизуелни записи – нешто што трајно ќе остане за идните генерации.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!