EUROPE HOUSE Скопје, Битола, Крива Паланка и Струмица ви најавуваат серија настани со кои ќе се одбележува EUROPE DAY 2023 под мотото „Иднината нè поврзува!“
Серијата настани почнува на 6 мај со отворањето на EUROPE HOUSE Битола, ден полн со разновидни активности, работилници, едукативни програми и музички изведби. Во текот на денот присутните ќе имаат можност да ги посетат изложбите „Зрно – кон сонцето!“ и „Шуќур, изложба на млади дизајнери!“ и да уживаат во енергијата на локалните бендови Bad Juju, Corrosion, Heart on Sleeve, Дина Јашари и другари, како и во диџеј-сетот на Herzel.
На 11 мај, настанот во Струмица ќе содржи разновидни активности што ќе го прикажат богатото културно наследство на Струмица, како и современите случувања во градот. Членовите на Младинскиот совет ќе дебатираат за предизвиците и очекувањата на локалната младина, а планирани се и уникатни перформанси на градскиот плоштад. Интересна активност што ќе го обележи овој ден ќе биде и посетата на последната преостаната продавница за часовници во Струмица, како и изложбата под мотото „Time to Act“.
Следниот настан е на 12 мај, во Крива Паланка, каде што се планирани серија активности, почнувајќи од тематските дискусии „YOUth“, кои нудат можност за вмрежување на младите професионалци од различни области. Денот продолжува со „The New Faces of Skills: YOUth Perspectives“, изложба направена од млади панелисти кои се истакнуваат со својата улога во Европската година на вештините. По изложбата, присутните ќе можат да уживаат во „YOUthFEST Fusion“, музички перформанс со алтернативни музички бендови, на чело на Smoke Shakers.
Серијата настани за означување на EUROPE DAY 2023 ќе биде крунисана на 13 мај во Скопје, со пикник-настан во паркот Гази Баба, настан што ќе ги зближи луѓето преку спортски, едукативни и забавни активности под мотото „Иднината нè поврзува!“ Денот вклучува симболичен маратон, информативни изложби, прошетки со водич со прикажување на уникатната флора и фауна на паркот, забавно/детско катче и концерти со атрактивни бендови и богата музичка програма.
Настаните во Скопје, Битола, Крива Паланка и Струмица ќе бидат исполнети со инспирација, возбуда и прослава. Не пропуштајте ја можноста и вие да бидете дел од некој од овие незаборавни настани. За да бидете во тек со сите случувања, следете ја нашата страница на „Фејсбук“, на која секојдневно објавуваме информации за секој настан и за сите активности на EUROPE HOUSE.