Лидија Танушевска: Фасцинацијата од делата ми е мотивација за книжевните преводи - Europe House

16 Окт

BACK

Лидија Танушевска: Фасцинацијата од делата ми е мотивација за книжевните преводи

Лидија Танушевска: Фасцинацијата од делата ми е мотивација за книжевните преводи

Разговара: Наташа Атанасова

Лидија Танушевска е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и врвна книжевна преведувачка од полски на македонски јазик. Преку нејзините преводи ги запознав делата на Олга Токарчук, но и полската репортерско-документаристичка проза, кои се подароци од посебен вид за читателите на македонски јазик. На 2 октомври таа беше прогласена за добитничка на наградата за книжевен превод „Драги“, па ете ни го, го зграпчивме, поводот за овој разговор.

Лидија, како си? Те држи ли уште еуфоријата од добивањето на наградата за книжевен превод „Драги“?

Одлично сум, фала! По наградата се чувствувам многу релаксирано. Се олабавив и ги оставив на страна сите работни обврски, рокови, планови. Бидејќи, нели, сум добитничка на наградата „Драги“ и сега ми е сè дозволено😊. Се шегувам, но мислам дека заслужив мал одмор, бидејќи периодов беше напорен, па, и самото исчекување и доделување на наградата беше стресно, бидејќи речиси до крај не се знаеше дали ќе ја добијам, нема да ја добијам, што да кажам ако ја добијам, вообичаениот стрес пред јавен настап итн.

Од доделувањето на наградата „Драги“ за 2025 г.

По толку години преведување и по толку преведени книги, какво е чувството по завршување на еден превод и при почнување нов?

Кога завршувам еден превод чувствувам големо олеснување и ослободување од товарот на делото. Додека преведувам, чувствувам како да ме зграпчило и само на тоа мислам, ми се провлекуваат прашања и зборови што би можеле да бидат подобар еквивалент со денови откако веќе сум го превела тоа. Потоа, живеам со тоа дело уште кусо време, до лектурата, кога повторно треба да го гледам, а кога ќе биде дадено во печатница, веднаш сакам да заборавам на него и да правам други работи, професионално и приватно. Обично следува долг период од еден до друг превод бидејќи не се занимавам исклучиво со книжевен превод. Но, таа друга работа, исто така, ме заморува, па, едвај чекам да фатам да преведувам, бидејќи тоа ми дава задоволство, иако и ме исцрпува.

Деновиве го читам романот „Емпусион“ од Олга Токарчук, во твојот превод за кој ја доби наградата. Уживам во леснотијата со која раскажува таа и се восхитувам на твојата лексика, на големиот фонд (енциклопедиски, стручни) зборови, нешто што ме врати на доживувањето и на нејзините „Бизарни раскази“. Со оглед на тоа што имаш преведено 7 книги од неа, што значи за тебе да ја преведуваш Токарчук на македонски?

На некој од Конгресите на преведувачите на Олга Токарчук кои се одржуваа на две години од нејзиното добивање на Нобеловата награда, некој од нејзините преведувачи рече дека Олга Токарчук го направила познат и славен. Се разбира, преведувачот не е никогаш толку познат и славен како писателот, но и во мојот случај, може да се каже дека е донекаде така: со преводот на „Правек и другите времиња“ на Токарчук го добив првото „Златно перо“, а со нејзиниот „Емпусион“ наградата „Драги“ и мислам дека некои луѓе од книжевниот свет кај нас веќе ме препознаваат како „преведувачката на Олга Токарчук“, со што тотално се идентификувам. Долго пред 2007 година, кога беше објавен првиот превод на Олга Токарчук на македонски јазик, но и долго пред да бидам свесна дека ќе станам книжевен преведувач, сакав да преведам нешто нејзино, бидејќи бев фасцинирана од неа уште на самиот нејзин почеток, во деведесеттите години од минатиот век и немав со кого да ги споделам тие доживувања од читањето на нејзините дела. Всушност, поради неа станав книжевен преведувач, тогаш се роди мојата желба да преведувам, во 1998 г., кога се вратив од Полска во Македонија и немав со кого да ја споделам фасцинацијата со Токарчук. И тоа остана мотивацијата за секој превод што досега сум го направила, споделувањето со македонскојазична публика.

Друг твој преведувачки „фах“ е прочуената полска репортерско-документаристичка проза. Имаш преведено повеќе дела од легендарниот Капушќињски, потоа од Шчигел, Балук, Јагелски, Шабловски, Стурис… што го гледам како твоја мисија да го внесеш во нашиот јазик и култура ова важно полско и светско културно наследство. Има ли таа мисија и други димензии?

Да, фасцинирана сум од полската книжевна репортажа. Навистина е ова моја мисија, да ја внесам на нашата книжевна сцена полската школа на пишувањето книжевни репортажи. Неверојатно е што Ришард Капушќињски не беше преведен на македонски јазик сè до 2014 година, кога излезе мојот превод на неговата „Империја“, додека тој во светот беше познат многу порано, уште во осумдесеттите години на минатиот век – дури и големиот Габриел Гарсија Маркез го поканил да води работилница за пишување репортажи на неговите семинари во Мексико. Маркез, кој го сметал Капушќињски за „мајстор“ на репортажата, честопати велел: Клучот до знаењето е самиот живот. Според него, новинарството е книжевен жанр, така треба да се мисли за него и во тој правец да се развива. И тоа е дел од мојата „мисија“ со полската книжевна репортажа, да ги убедам македонските читатели дека тоа не е само документаристичка проза, во која се содржани факти, туку дека во неа се применуваат книжевни средства, кои ги прават тие дела многуслојни и сложени, исто како и романите и расказите, дека овие писатели внесуваат емоции во своето пишување, ја набиваат приказната со неизвесност, ги градат и развиваат ликовите, исто како што тоа се прави во другите прозни книжевни жанрови. Се обидувам во секоја пригода кај нас да ја популаризирам оваа полска школа, па, еве, и овде најавувам настан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на 4 и 5 ноември оваа година, кога ќе ни бидат гости тројца репортажисти од Полска: Мариуш Шчигел кој ќе одржи мастерклас за тоа зошто и како пишуваат овие автори и малку повеќе ќе ја објасни таа мистерија околу книжевната репортажа, како и Камил Балук и Марго Рејмер кои ќе водат работилници за студентите на факултетот, поврзани со пишувањето книжевна репортажа. Тие денови ќе биде и промоцијата на книгата на Марго Рејмер „Калта послатка од медот. Гласовите на комунистичка Албанија“.

Преведувачката работа е самотна работа. И напорна – како за умот, така и за телото. Пријатели кои се преведувачи саркастично се фалат со сите нивни дијагностицирани „ози“ (кифоза, лордоза, сколиоза…). Како се носат твојот ум и твоето тело со твојата преведувачка работа?

Имам и јас дијагноза: дископатија на четвртиот и петтиот десен прешлен, но тоа се решава со вежби, удобен стол, поставеност на телото и сл. Но, летово, кога преведував почнаа многу да ме болат зглобовите на прстите на рацете и тоа малку ме загрижува. Умот уште ме држи, а тоа што го заборавам – се наоѓа на интернет. Напредокот на технологијата влева надеж и за подобрување на овие состојби – еден мој постар колега преведувач од Холандија раскажуваше дека веќе не пишува, туку користи алатка што го пренесува неговиот говор во пишан збор на компјутерот.

Во време кога Chat GPT стана алатка за сè, па и за брз и прилично точен превод, се плашиш ли за иднината на преведувачката професија?

Брзиот и точниот превод не се составни елементи на уметничкиот превод, во кој спаѓа книжевниот превод, па, според тоа – не би требало да ме загрижува иднината на книжевните преведувачи. Но, сепак, ме загрижува тоа што луѓето стануваат сè позависни од технологијата и полесно им е да го вклучат електронскиот уред отколку сопствениот мозок. Доволно е да снема струја неколку часа, не дај боже неколку дена, и луѓето се однесуваат како муви без глави. Што ако тоа се случи еден ден – се исцрпат енергетските извори, а гледаме дека сè оди кон уништување на природните богатства на планетата Земја. Тогаш нема да биде загрозена само преведувачката професија, туку и опстанокот на луѓето. Немам многу оптимистички визии за иднината на Земјата, за жал. И досега, во историјата на човештвото, книжевноста и уметноста, воопшто, многу пати биле во загрозена ситуација и секогаш тоа било малцинство ентузијасти кои не работат за пари, туку од ентузијазам. И сега, книжевниот превод се прави повеќе од ентузијазам, отколку за егзистенција.

За крај, дали, како што вети при врачувањето на наградата „Драги“, на Олга Токарчук веднаш ѝ беше соопштено за наградата? 😊

Да, ѝ беше. Одговори вака:

Има две грешки во овој краток текст – таа не се снаоѓа многу добро со пишување на телефон, но, зарем е тоа важно кога знае да напише прекрасни книги! Текстот гласи: „Лидија, честитки! Прекрасна си!“ И во преписката со Драги Михајловски, која ја препрочитував деновиве, Драги започнува еден мејл со: „Лидија, прекрасна Лидија!“ Мене ова „прекрасна“ од вакви двајца великани ме издигнува до небеса! Нема што друго да барам!

*Содржината на интервјуто е единствена одговорност на интервјуираниот/та и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Subscribe To our newsletter!