21 НОЕМВРИ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФИЛОЗОФИЈАТА - Europe House

22 Ное

BACK

21 НОЕМВРИ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФИЛОЗОФИЈАТА

21 НОЕМВРИ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФИЛОЗОФИЈАТА

Светскиот ден на филозофијата се слави секоја трета среда во ноември. Овој ден е воспоставен од УНЕСКО во 2005 година, а оваа година ќе се одбележи на 24 ноември за да ја нагласи улогата на филозофијата во развојот на човековата мисла, како и нејзиното значење во културолошкиот, научниот и духовниот развој на секој поединец. Филозофијата ни помага да развиеме критичка свест и независно размислување, вештини што се клучни за личниот и за општествениот развој. Филозофијата го поттикнува критичкото размислување и со тоа поттикнува да се постават вистинските прашања, да се разгледаат различни перспективи и да се дојде до добро аргументиран заклучок.

Филозофијата ги охрабрува луѓето да поставуваат прашања – и тоа не какви било прашања, туку оние што навлегуваат длабоко во срцевината на постоењето: што е добро, што е вистина, а што е лага? Зошто сме тука? Како треба да живееме? Тие прашања ги поставувале античките филозофи, но остануваат исто толку релевантни и денес, во време кога технологијата и општествените промени носат нови предизвици и нови етички дилеми. Зад секое прашање стои интерпункциски знак – „?“. Токму и прашалникот е главниот симбол на филозофијата зашто претставува симбол на сомнеж и поттикнува на критичко размислување. Покрај тоа, прашалникот ја претставува суштината на филозофското размислување, кое почнува со поставување прашања. Дури и најдлабоките и најсложени филозофски идеи почнуваат со едноставно прашање: „Што ако?“ или, пак, „Зошто?“ Прашањата ни помагаат да дојдеме до критичко разбирање на реалноста, да размислиме за етиката и моралот, за вистината и убавината, како и за смислата на животот. Филозофите низ историјата ги користеле прашањата за да го (пре)испитаат светот. Преку поставувањето прашања, тие всушност ја предизвикуваат секоја догма и традиција и отвораат дискусии за најсложените концепти на животот.

На овој ден, да се потсетиме на најинтересните филозофски идеи, кои низ историјата оставиле длабок отпечаток и продолжуваат да влијаат на нашето разбирање за светот и во денешницата:

  1. Сократ и Сократовиот метод на поставувања прашања

Грчкиот филозоф Сократ (469 – 399 п.н.е.) бил роден во Атина и бил познат како еден од основачите на западната филозофска мисла. Не оставил пишани дела, но неговата филозофија е „зачувана“ преку дијалозите на неговиот ученик Платон. Сократ ги охрабрувал луѓето да го доведуваат во прашање секое знаење и да бараат вистински одговори преку логика и дијалог. Тој го развил методот на испитување, познат како „Сократов метод“, заснован на поставување прашања за да се поттикне критичко размислување и самоспознание. Преку „Сократовото испитување“, тој предизвикувал луѓето да ги преиспитуваат своите ставови и да ги изведуваат заклучоците преку логичка анализа.

  1. Платон и светот на идеите

Платон (427 – 347 п.н.е.) бил ученик на Сократ и основач на Академијата, првиот институт за високо образование во западниот свет. Неговата теорија за светот на идеите тврди дека постојат две реалности: светот на сетилата (реалниот свет) и светот на идеите. Платон верувал дека идеалните форми се постојани и совршени, додека материјалниот свет е само одраз на овие форми – или реалноста е копија на идеите. Неговото најпознато дело „Држава“ (или „Република“) е еден од највлијателните текстови во историјата на западната филозофија.

  1. Аристотел и етиката

Аристотел (384 – 322 п.н.е.) бил ученик на Платон, а потоа и учител на Александар Велики. Неговите дела опфаќаат широк спектар на научни гранки, меѓу кои биологијата, етиката, книжевноста и политичката филозофија. Аристотел ја развил теоријата на етиката, според која човекот треба да живее етички добар живот, односно живот во умереност и рамнотежа. Неговото дело „Никомахова етика“ претставува основа за западната етика и се фокусира на постигнување на εὐδαιμονία или целосно блаженство. Аристотеловата етика е основа на идејата дека секој треба да се стреми кон „средниот пат“ – умереност и рамнотежа во сè.

  1. Рене Декарт и „Cogito, ergo sum“

Рене Декарт (1596 – 1650) бил француски филозоф и математичар, често нарекуван „Татко на модерната филозофија“. Тој ја истражувал природата на сознанието и постоењето, верувајќи дека мислата е најосновната сигурност што ја има секој човек. Како основач на рационализмот, односно филозофски систем што тврди дека разумот е основа за знаење, неговата изјава „Cogito, ergo sum“ („Мислам, значи постојам“) го означува почетокот на модерната филозофија и ја истакнува важноста на самосвесноста и разумот како единствени докази за постоењето.

  1. Имануел Кант и категоричниот императив

Имануел Кант (1724 – 1804) е заслужен за обликување на модерната етика и епистемологијата. Тој ја развил етичката теорија базирана на „категоричниот императив“. Според него, моралот треба да се базира на категоричниот императив, што значи дека секој треба да дејствува според принципите што би сакале да бидат универзални. Тој нагласува дека моралот не зависи од резултатите, туку од принципите. Неговите истражувања во доменот на филозофијата ги продлабочуваат границите на човечкото знаење и тврдел дека не можеме да го познаеме светот онаков каков што навистина е.

  1. Фридрих Ниче и „Натчовекот“

Фридрих Ниче (1844 – 1900) бил германски филозоф и културен критичар, често поврзуван со идеите на индивидуализмот и надминувањето на традиционалниот морал. Ниче го вовел концептот на „Натчовек“ (Übermensch), што за него претставува личност која ги надминува моралните и општествените ограничувања. Неговата филозофија ги критикува догмите и го слави индивидуализмот. Оттаму, бил и препознатлив по критиката на западната религија и моралот, нарекувајќи ги „ропски морали“, и според своите верувања целел кон развој на индивидуалните вредности.

  1. Жан-Пол Сартр и егзистенцијализмот

Жан-Пол Сартр (1905 – 1980) бил француски филозоф, писател, политички активист и водечка фигура на егзистенцијалистичкиот правец во филозофијата. Неговата теорија се заснова на тоа дека „егзистенцијата ѝ претходи на есенцијата“. Сартр тврдел дека луѓето прво постојат, а потоа сами ја дефинираат својата суштина преку изборите што ги прават низ животот. Неговото дело „Битие и ништо“ ја истражува слободата и одговорноста што секој поединец ја има во формирањето на својот живот. Сартр верувал дека луѓето се слободни да ги избираат своите дела и сами се одговорни за својот живот.

  1. Алберт Ками и апсурдот

Францускиот писател и филозоф Алберт Ками (1913 – 1960) го истражувал концептот на „апсурдот“. Според Ками, животот е апсурден и нема вродена смисла, но ние треба да се соочиме со тоа и да го прифатиме. Неговото дело „Митот за Сизиф“ го толкува човечкиот стремеж за значење во еден бесмислен свет, при што Ками најчесто се повикува на храбро живеење наспроти живеење во апсурд.

  1. Лудвиг Витгенштајн и границите на јазикот

Австрискиот филозоф Лудвиг Витгенштајн (1889 – 1951) е еден од најпознатите филозофи во полето на современата лингвистика. Според него, многу филозофски проблеми произлегуваат од јазикот, односно нејасни изрази или, пак, погрешни толкувања во јазичниот систем, а со разбирањето на јазикот се прави првиот чекор кон интерпретација на текстот. Во делата „Логичко-филозофски трактат“ и „Филозофски истражувања“ е застапена неговата идеја дека „границите на нашиот јазик се границите на нашиот свет“. Со овој цитат, тој укажува на важноста на јазикот во обликувањето на нашето разбирање на реалноста.

  1. Мишел Фуко и моќта и знаењето

Мишел Фуко (1926 – 1984) бил француски филозоф, кој истражувал како знаењето и моќта се меѓусебно поврзани и како тие се манифестираат во институциите (на пример, во училиштата, болниците и затворите) што ги контролираат и ги дисциплинираат луѓето. Неговите дела ја истражуваат историјата на затворите, психијатријата и теоријата на сексуалноста, при што покажуваат како општеството го контролира индивидуалното однесување. Притоа, Фуко го истражувал концептот на моќта како стратегија, како нешто што е централизирано и фиксно, посочувајќи дека моќта циркулира низ општествените мрежи и е присутна во секојдневните односи меѓу луѓето. Неговите идеи се значајни за социологијата, политичката теорија и културолошките студии.

  1. Хана Арент и „баналноста на злото“

 Германско-американската филозофка и теоретичарка од полето на политичките науки Хана Арент (1906 – 1975) во своите студии детално се занимава со феноменот на злото. Нејзиниот концепт „баналност на злото“ објаснува како обичните луѓе можат да прават страшни и злобни дела кога не размислуваат критички и само слепо ги следат наредбите на надредените. Оваа идеја предизвикала многу етички дебати за одговорноста и моралот, при што Арент истакнува дека злото понекогаш произлегува не толку од екстремна злоба, колку од обична незаинтересираност и недостаток на самосвест.

Со одбележување на овој ден, УНЕСКО ги потсетува луѓето дека, иако филозофијата се раѓа како теориска мисла, таа сепак има силно влијание врз нашите секојдневни избори и одлуки. Филозофијата е водич за критичко преиспитување на светот околу нас. Алатка со која можеме да го разбереме не само тоа што е туку и тоа што би можело да биде. Филозофијата ни помага да размислуваме длабоко и да ја разбереме нашата улога во општеството, поттикнувајќи самоспознание и константно истражување на светот околу нас, како и на вредностите и одлуките што ги носиме.

Доротеа Огненовска 

Subscribe To our newsletter!