16 дена активизам: Борба против родово базирано насилство во Скопје - Europe House

9 Јан

BACK

16 дена активизам: Борба против родово базирано насилство во Скопје

16 дена активизам: Борба против родово базирано насилство во Скопје

Според податоците на Обединетите нации, во текот на животот секоја трета жена во светот е жртва на физичко или сексуално насилство. Оваа мрачна статистика ја истакнува важноста на глобалните и локалните иницијативи за подигнување на свеста и треба да послужи како алармантен потсетник за итната потреба од колективна акција. Родовото насилство претставува сериозен глобален проблем кој продолжува да ја загрозува безбедноста на милиони жени и девојки во светот и со тоа да ги разнишува основните човекови права. Оттука и кампањата што се одржа овој декември во Скопје под насловот: „16 дена активизам против родово базирано насилство“ е, пред сѐ, повик за мобилизација на заедниците и институциите во нашата земја. Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како посветен партнер во борбата за родова еднаквост, оваа година организираше многубројни активности кои поттикнуваат промени и придонесуваат кон создавање општество без насилство.

Борба за еднаквост и правда

Во текот на тие две недели се организира широк спектар на активности за подигнување на свеста за родово поврзани теми, едукација и заштита на правата на жените. Од 24 ноември до 11 декември во серија работилници се истражија темите поврзани со различни аспекти на родово базираното насилство, вклучувајќи сексуално вознемирување, демнење, контролирачко однесување и трговија со луѓе. Работилниците вклучуваа практични алатки и ресурси за справување со овие предизвици, а истовремено поттикнаа дискусии за долгорочните последици од насилството врз жените и девојките, врз нивната благосостојба и личен развој. Со учество на експерти, активисти, институционални претставници, но и самите жртви, овие настани создадоа простор за размена на искуства и препораки за системско решавање на проблемите. Се поставија конкретни мерки, како што се подобрување на законодавството, зајакнување на институционалната поддршка и иницирање јавни кампањи кои би се спровеле во 2025 година со поддршка од национални и меѓународни организации. Централниот настан, организиран од ОБСЕ, го истакнува проблемот на сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување – форми на насилство кои имаат длабоки последици врз младите жени и девојки. На настанот беше потпишана Декларацијата на намери и учествуваа македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и министерката за образование Весна Јаневска. Притоа, беше прикажан видеоматеријал создаден во соработка со Факултетот за драмски уметности (ФДУ) со цел да ја нагласи моќта на уметноста во подигнувањето на свеста за оваа важна тема.

Мисијата на ОБСЕ во акција  

Организирана од Обединети нации и поддржана од Мисијата на ОБСЕ, кампањата: „16 дена активизам против родово базирано насилство“ е глобална инцијатива чија главна цел е да ја подигне свеста за сериозноста на родово базираното насилство и да ги поттикне заедниците, институциите и индивидуите да преземат акција. Во оваа насока, за време на кампањата во Скопје, краткиот документарен филм и уметничката инсталација „Прегрнати лузни“ на Мартина Спасовска ги истакнаа емоциите и последиците од насилството врз жените. Панел-дискусиите со младинските активисти и претставници на невладини организации развија дијалог за финансиската поддршка и институционалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат. Дополнително, работилниците и обуките од 27 ноември до 4 декември се фокусираа на специфични прашања, вклучувајќи превенција на трговијата со луѓе, зајакнување на социјалните работници и поддршка за адвокатите кои застапуваат жртви на насилство. Настаните продолжија во насока на создавање институционална поддршка и зајакнување на локалните заедници. Работилницата на 10 декември, организирана во соработка со Мрежата на здруженија на жени во полицијата, претставуваше значаен исчекор за родова еднаквост и заштита од насилство. Последниот настан на 11 декември, посветен на „Femicide Watch“, ги истакна напорите за следење и превенција на фемицидот преку соработка помеѓу граѓанските организации, полицијата и социјалните служби.

Соработка со Europe House

Овие настани ја истакнуваат важноста на мултисекторската соработка за борба против родово базираното насилство. Сепак, предизвиците сѐ уште остануваат да го демнат нашето општество. Успешната борба против родово базираното насилство бара постојана посветеност од сите сектори на земјата. Нашата земја, преку поддршката на ОБСЕ и другите институции, покажува заложба за промовирање на правдата, еднаквоста и заштитата на најранливите категории, затоа, важно е сите – од владата до граѓаните – да се вклучат во кампањата на родовата еднаквост. Борбата против насилството врз жените и девојките не е само национална, туку и глобална задача која бара ангажираност од сите нас.

Клучен партнер во оваа иницијатива беше Europe House Скопје, која даде значаен придонес во организирањето на настаните и обезбедувањето простор за дијалог и креативно изразување. Europe House Скопје беше домаќин на серија панел-дискусии и креативни работилници, каде што младите дискутираа за важноста на родовата еднаквост и улогата на новите генерации во борбата против насилството. Покрај тоа, преку организирање културни настани, како филмски проекции и уметнички перформанси, Europe House дополнително ја поттикна свеста за ова прашање. Со својата поддршка, Europe House ја нагласува важноста на партнерствата во градењето инклузивно и праведно општество.

Доротеа Огненовска

Subscribe To our newsletter!